Достапни линкови

Вести

Приведена соработничка на Навални

Љубов Собол

Љубов Собол, адвокатката на Фондацијата за борба против корупција на Алексеј Навални, е приведена од полицијата од засега непознати причини на само неколку часа пред планираните протести на национално ниво, со барање за итно ослободување на затворениот опозициски политичар.

"Полицијата спроведе план за "пресретнување ", извлекувајќи ја Љубов Собол од такси во близина на метро-станицата Автозаводскаја. Според неа, многу полицајци во униформи биле вклучени во нејзиното приведување. Не е јасно каде ја водат", напиша на Твитер, нејзиниот адвокат, Владимир Воронин.

Минатата недела, на Собол и беше изречена условна казна од една година за незаконско присилно влегување во станот на офицерот на Федералната служба за безбедност, Константин Кудријавцев во декември, неколку часа откако Навални објави снимка од, како што рече, телефонски разговор со Кудријавцев.

За време на 49-минутниот телефонски повик, во кој Навални се претставил како службеник на службата, Кудријавцев опишува детали за операцијата за труење на критичарот на Кремљ во август. Собол, која отишла во станбената зграда на Кудријацев да го испраша, го отфрли обвинението велејќи дека случајот е покренат за да ја замолчи.

Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, кадесе лекуваше по то со нервен агенс во Сибир. Состојбата на Навални нагло се влоши по штрајкот со глад од две и пол недели, што ги натера приврзаниците да кажат дека тој би можел да умре за неколку дена и повикаа на протест низ целата земја.

види ги сите денешни вести

Фон дер Лајен: модернизацијата на пругата до С. Македонија важна пресвртница во односите

Урсула фон дер Лајен и Александар Вучиќ, Брисел, 26 април 2021 година

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен му испратила писмо на српскиот претседател Александар Вучиќ во кое му се заблагодарила за „продуктивната средба во Брисел на 26 април“ и во кое посочува дека особено се радувала на соработката за големиот проект за модернизација на пругата Белград-Ниш-Прешево на границата на Србија со Северна Македонија.

Еурактив: Вучиќ ги покри критиките од ЕУ во медиумите со сторија за инфраструктурата

Фон дер Лајен посочила дека проектот е „огромен чекор напред и важна пресвртница во нашите идни односи“ и додала дека е среќна што овој проект се наоѓа во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, кој беше усвоен од страна на Европската комисија минатата есен. Вучиќ потврди дека добил писмо од фон дер Лајен и изрази верување дека изградбата на пругата Белград – Ниш – Табановце, со поддршка на ЕУ, може да започне на пролет следната година.

Германија укинува голем број ограничувања за вакцинираните граѓани

Германскиот Бундестаг денеска ќе гласа за предлогот за укинување на голем број ограничувања, вклучително и обврската за негативно тестирање за влез во продавници или ограничувања на приватни собири, за вакцинирани против ковид-19. Според одлуката усвоена од владата вакцинираните граѓани ќе можат да се „состанат без ограничувања“. Неодамна воведениот полициски час во траење од 22 часа, исто така, повеќе нема да важи за луѓето кои примиле две дози на вакцина.

Меркел ја прими вакцината на АстраЗенека

Доколку одлуката биде донесена и во двата дома на германскиот парламент, олеснувањето на ограничувањата може да стапи на сила претстојниот викенд. Повеќе од 6,7 милиони германски граѓани до понеделникот примиле две дози вакцина, а скоро 24 милиони примиле една доза, соопшти институтот Роберт Кох. Во Германија досега се регистрирани 3.433.516 заразени со коронавирусот, додека 83.590 лица починале.

СЗО ја поздрави одлуката на Вашингтон да поддржи привремено одземање на патентот за вакцина

илустрација

Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус ја поздрави „историската одлука“ на САД да поддржат привремено укинување на патентите за вакцини против коронавирусот. „Им честитам на Соединетите Држави за оваа историска одлука во корист на вакцината, која фаворизира благосостојба на сите во ова клучно време. Ајде, да одиме сите напред брзо, солидарно, со генијалноста и посветеноста на научникот кој произведува спасувачки вакцини против короната“, твитна генералниот директор на Светската здравствена организација. Шефот на СЗО лобира со месеци во корист на оваа мерка, предложена од СЗО во Индија и Јужна Африка. Поддршката на Белата куќа за привремено укинување на правата на интелектуална сопственост „ги рефлектира мудроста и моралното раководство на Соединетите држави да работат на ставање крај на оваа пандемија“, оцени Гебрејезус.

Како до повеќе вакцини против ковид-19?

Претходно, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека Соединетите држави поддржуваат укинување на заштитата на интелектуалната сопственост за вакцината против коронавирусот, со цел да се забрза нивното производство и дистрибуција. Американската трговска претставничка Кетрин Тај сепак предупреди дека е потребен глобален „консензус“ и дека одлуката нема да има брз ефект врз глобалното снабдување со вакцината.

Состанок на министрите за одбрана на ЕУ

Високиот претставник за надворешна политика на Европската унија Жозеп Борел

Високиот претставник за надворешна политика на Европската унија Жозеп Борел на денешниот состанок со министрите за одбрана на ЕУ ќе ги информира за тековните работи во врска со неодамнешни случувања во Украина. На состанокот, како што е најавено ќе бидат разменети мислења за управувањето со кризи. Европската унија предложи да им дозволи на Соединетите Држави, Норвешка и Канада да се приклучат на проектот за надминување на одложувањата во преместувањето на трупите низ Европа што НАТО ги смета за витални во случај на судир со Русија.

Русија може да има корист од кризата во Црна Гора

Додека НАТО ги предводеше напорите за намалување на спротивставените регулативи во 27 земји на ЕУ за трансфер на американски трупи, ЕУ најавува буџет за поддршка на реконструкцијата на мостовите кои се премногу слаби за тенкови. „Тоа е многу важно за трансатлантската соработка, добрата соработка меѓу членките на ЕУ и сојузниците на НАТО“, оценуваат во ЕУ. За време на неформалниот работен ручек, министрите ќе разменат мислења и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Иницијаторите на бојкот на наставата ќе имаат средба во МОН

Ученик на компјутер

Претставници на неформалната фејсбук-група граѓани „Учебници и настава мора да има“, која повикува на бојкот на наставата, денеска ќе има средба со претставници на Министерството за образование и наука за да ги презентираат своите барања. Драгана Спасевска од фејсбук-групата изјави за МИА дека се поканети денеска да имаат средба со претставници на МОН, на која поради обврски нема да присуствува министерката Мила Царовска. Спасевска тврди дека бојкотот во училиштата, кој го почнаа минатиот четврток, е помасовен и имаат се поголема поддршка за нивното барање да се стопира постапката за донесување на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

МОН- нема бојкот на наставата туку изолирани случаи на отсуство на ученици

Нивните барања и најавата за бојкот беа соопштени минатата среда пред МОН. Бараат да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции. Според нив, предлог-законот не ги решава проблемите што постојат во образованието и генерира нови, има и недоследности и импликации во останатите закони што се однесуваат на образованието во земјава.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Дневната температура ќе биде од 17 до 29 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 26 степени.

Прекинато лансирањето американска интерконтинентална балистичка ракета

Американската интерконтинетнална балистичка ракета Минутмен III

Американската армија соопшти дека тестирањето на невооружена интерконтинетнална балистичка ракета било прекинато пред лансирањето.

Американското воено воздухопловство денеска објави дека ракетата Минутмен III требало да биде лансирана од базата Ванденберг во Калифорнија.

„Причината за прекинот во моментов се истражува, а Воздухопловната команда за глобални напади ја проценува можноста за презакажување на лансирањето“, се наведува во соопштението.

„Воздухопловните сили се придржуваат до строги протоколи при изведувањето на оперативни тест-лансирања, се лансира само кога се исполнети сите безбедносни параметри за опсегот на тестот и ракетата.“

Во соопштението се наведува дека програмата треба да ѝ помогне на Командата да ја оцени Минутмен III и да собере податоци за да го одржи системот ефикасен.

Не се соопштени други детали.

Ракетите Минутмен III се единствени копнени интерконтинентални балистички ракети во нуклеарниот арсенал на САД и се сместени во три воени бази во Вајоминг, Северна Дакота и Монтана.

Вархеји за „нон пејпер“ документите - Овие вести се невистинити

Архивска фотографија: Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и албанскиот премиер Еди Рама

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на новинарско прашање при денешната посета на Тирана за „нон пејперот“ за промена на границата меѓу Србија и Косово рече дека „овие вести не се вистинити“.

„Ова е како годишно време во кое гледаме како цутат вакви документи. Интересно е кога ги слушаме овие вести, иако сме убедени дека тоа се лажни вести. Но, доколку беа вистинити ќе беа вознемирувачки зашто повторното обележување на границите сите знаме кон што не води. Не се согласуваме со ниту еден дел од тоа и не мислам дека се вистински и реални овие идеи. Ангажирани сме како ова годишно време да го направиме да биде за Западен Балкан, како да работиме за да ја аплицираме новата методологија во врска со Србија и Црна Гора и како да постигнеме успех меѓу Белград и Приштина“, изјави Вархеји, пренесува Топ чанел.

На истата тема премиерот Еди Рама рекол дека третиот мандат на неговата влада ќе биде фокусиран „на намалување на историското производство и раст на економијата“.

Додал дека негова визија и уверување е „регионалниот Шенген“.

„Што се однесува до Балканот мојата визија е објавена, регионалниот Шенген е единствениот пат по кој треба да одиме секојдневно, да дискутираме на цивилизиран начин за сите наши недоразбирања. Конфликтите ни донесоа уназадување, а не напредок. Шенген е поддржан и од ЕУ“, рекол меѓу другото Рама.

Канада ја одобри вакцината на Фајзер/БиоНТек и за деца од 12 до 15 години

Илустрација: Вакцинација на деца

Канадското Министерство за здравство денеска соопшти дека ќе дозволи примена на вакцината против коронавирус од производителот Фајзер/БиоНТек за деца над 12 години.

Канада со тоа стана првата држава која ја одобри употребата на вакцината за таа старосна група.

Министерството заклучи дека вакцината е „сигурна и ефикасна“ во превенција на коронавирусот кај деца од 12 до 15 години и оти одлуката е донесена по „ригорозен и независен преглед на научните докази“.

Канадските власти претходно одобрија употреба на вакцината за постари од 16 години.

Фејсбук ја потврди забраната за Доналд Трамп на таа социјална мрежа

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Надзорниот одбор на Фејсбук денеска одлучи да ја поддржи одлуката на управата за забраната на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да објавува пораки на друштвените мрежи Фејсбук и Инстаграм.

Одборот додаде дека не е прикладно Фејсбук трајно да го санкционира Трамп и дека управата би требало да ја преиспита одлуката за забраната донесена на 7 јануари.

Надзорниот одбор, чии одлуки се задолжителни, наведе дека Трамп, со своите коментари на 6 јануари на денот на упадот во Капитол хил во Вашингтон „создал опкружување со можен сериозен ризик за избивање насилство“.

„Во моментот на објавување на пораките на Трамп постоеше јасен и непосреден ризик од нанесување штета и неговите зборови за поддршка за оние кои се вмешани во нередите ја легитимираа нивната насилна акција“, наведува надзорниот одбор на Фејсбук.

Насилни демонстранти кои го поддржуваат американскиот претседател Доналд Трамп на 6 јануари упаднаа во зградата на Капитол Хил во САД со што го одложија официјалното верификување на победата на сегашниот претседател Џо Бајден на претседателските избори во ноември. Четири лица починаа во насилството што изби откако Трамп ги поттикна приврзаниците на митингот пред Белата куќа и ги оспори изборните резултати.

Фејсбук на 7 јануари го суспендираше налогот на Трамп.

Укинат задолжителниот карантин за лицата кои од Македонија и Грција влегуваат во Албанија

Плажа во Драч

Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата попладнево ја укина одлуката за задолжителен двонеделен карантин за сите лица кои од Македонија и од Грција влегуваат во Албанија.

Задолжителниот карантин беше воведен на 20 април.

Врз основа на барањето на Министерството за образование, млади и спорт Комитетот дозволи отворање на универзитетите, но само за консултации и сезоната за испити, но со строга примена на протоколите и мерките за заштита, изјави Огерта Манастирлиу, министерка за здравство и член на комитетот.

Според неа, сите други ограничувачки мерки остануваат во сила, како што е и забраната за групирање на повеќе од десет лица, како и полицискиот час кој и понатаму ќе трае од 22 до 6 часот.

Таа рече дека досега во земјата се пристигнати 748.400 дози вакцини од „АстраЗенека“, „Фајзер“, „Синофарм“ и „Спутник В“.

Со вакцинација се опфатени 537 илјади лица, при што над 100 илјади ги примиле и двете дози.

Манастирлиу ја оцени епидемиолошката состојба како стабилна.

Бројот на починати од ковид-19 во Македонија надмина 5000

Илустрација

Со новопријавените 24 починати како последица на ковид-19, бројот на починати во земјава од оваа болест се искачи на 5016 лица. Најмладиот починат имал 32, а највозрасниот 87 години.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 323 нови случаи на коронавирус од направени 2.928 тестирања, соопшти Министерството за здравство. Најмногу нови случаи има во Скопје - 96, во Куманово 35, Прилеп 20, Струмица 17, Битола 16, Кочани 13, Велес 12, Тетово и Гостивар по 11, Охрид и Кичево по 10, Кавадарци и Неготино по 8, Штип и Радовиш по 7, Ресен 6, Свети Николе и Виница по 5, Делчево 4, Струга, Берово и Крушево по 3, Крива Паланка, Пробиштип, Демир Хисар и Кратово по 2, и Гевгелија, Валандово, Богданци, Пехчево и Македонска Каменица по еден нови случај.

Регистрирани се 714 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153.137, бројката на оздравени пациенти е 135.367, на починати е 5.016, а бројот на активни случаи изнесува 12.754.

Црвенковски без коментар за шпекулациите дека ќе формира нова партија

Архивска фотографија: Зоран Заев и Бранко Црвенковски во 2018

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски останува на ставот да не дава изјави во јавноста по било кои прашања, изјавиле за МИА од неговиот кабинет во врска со шпекулациите во јавноста дека тој планира да формира политичка партија.

Премиерот Зоран Заев денеска на прашање за шпекулациите дека поранешниот претседател на СДСМ, премиерот и претседател на државата ќе формира нова партија, изјави дека не верува во тие приказни.

„Тоа треба дефинитивно да го прашате него, а јас го кажувам заради тоа што тој е еден од основачите на СДСМ и претседател на партијата долг период. Бил премиер, а преку честа да го води СДСМ бил претседател на државата и е наш општественик. Верувам дека шпекулациите се присутни заради тоа што во Охрид се најавува нова листа од наши докажани социјалдемократи“, рече премиерот Зоран Заев во одговор на прашање при денешното пуштање во работа на реконструираната полициска станица во Ресен.

Тој рече дека верува оти низ телата и органите на партијата ќе се најдат решенија за амбициите за кандидати за градоначалници и советници. Од СДСМ негираат дека ваквите случаи се одраз на поделби на партијата на повеќе крила и уверуваат дека партијата е обединета.

Изречени првите пресуди за случајот „Двојник“

Илустрација - Пасоши

Една условна и четири затворски казни добија денеска петтемина обвинети што признаа вина во случајот со издавање лажни пасоши „Двојник“. Од нив, четворица се вработени во МВР и судот ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба и овластувања, а другиот првостепено осуден е посредникот Раиф Мифатари, кој се товари за поттикнување.

Мифтари доби 2 години и 3 месеци затвор, додека останатите затворски казни за тројца од вработените во МВР се во висина од: 2 години и 7 месеци, 2 години и 3 месеци, 2 години. Условната казна е за еден вработен во МВР и таа изнесува 6 месеци затвор, кои нема да се извршат ако во рок од 2 години тој не направи ново кривично дело.

Покрај казните, вработените во МВР добија и забрана за вршење на професијата во наредните 10 години.

Шестмина од обвинетите за лажните пасоши признаа вина

Признание на вина најави уште една обвинета од МВР, која денеска од здравствени причини не дојде во судот, но преку нејзиниот адвокат доставила писмен поднесок дека ќе се изјасни за виновна. За неа предметот се раздвои и рочиште ќе се одржи кога ќе ѝ се подобри здравствената состојба. За останатите петмина вработени од МВР, кои се изјаснија за невини, судењето ќе продолжи в петок.

Во случајот обвинети се 11 лица, од кои десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат дека го сториле кривичното дело продолжена злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување. Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.

Талибанците зазедоа област во северен Авганистан

Авганистанците ги напуштаат своите села во провинцијата Хелманд поради честите напади на Талибанците

Талибанците зазедоа област во северната авганистанска провинција Баглан, соопштија денеска официјалните претставници на покраинскиот совет.

„Округот Бурка беше заземен од милитантите во вторникот вечерта по борбите меѓу безбедносните сили и Талибанците“, изјави членот на покраинскиот совет, Бизмила Аташ, пренесува Ројтерс.

Во меѓувреме, портпаролот на полицијата Џавид Башарат изјави дека безбедносните сили „тактички“ се повлекле од областа, но дека се во тек напорите за „повторно преземање“. Талибанците пак соопштија дека по заземањето на округот, милитантите заплениле голем број муниција и опрема од армијата.

Инцидентот се случи еден ден откако милитантите нападнаа воена база во друг округ во истата провинција, Баглан-е Маркази, при што биле убиени најмалку девет војници.

Во Авганистан убиени 15 војници во талибански напади

Долги години Баглан е една од најнестабилните провинции на северот на земјата, каде што Талибанците го зајакнаа своето присуство во последните неколку години.

Во изминатите неколку дена, Талибанците ги засилија нападите врз провинциските метрополи, обласните центри и поголемите безбедносни бази по повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан, што започна на 1-ви мај. Оттогаш, локалните власти пријавуваат тешки судири меѓу авганистанските сили и милитанти во главните градови на провинциите Хелманд, Газни и Забул.

Чавушоглу: Одбиваме да дискутираме за промена на границите на Балканот

Турскиот минситер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бисера Турковиќ

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска во Сараево изјави дека неговата земја одлучно одбива каква било дискусија за можни гранични промени на Балканот и сака да ја види зачувана стабилноста во регионот.

Шефот на турската дипломатија кој престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина, каде што пристигна од Словенија им изјави на новинарите дека во Љубљана добил уверување дека тамошните власти во никој случај не стојат зад нон-пејперот што се појави во медиумите и со кој се сугерира на потребата за промена на границите на регионот за да се формираат големи етнички држави, а БиХ да се подели.

„Словенија на кој било начин не ги поддржува ставовите изразени во нон-пејперот, ниту е нивен автор“, рече Чавушоглу, додавајќи дека оние што пишуваат и пласираат такви дела го прават тоа со крајни намери.

Значењето на Нон-пејперите

Во одделни интервјуа за некои дневни весници на Босна и Херцеговина, Чавушоглу изјавил дека дури и дебата за суверенитетот или територијалниот интегритет на БиХ или која било земја во регионот ја загрозува стабилноста не само на таа земја туку и на нејзините соседи, регионот и континентот.

Средба Пендаровски-Мицкоски в петок

Стево Пендаровски и Христијан Мицкоски

Претседателот Стево Пендаровски в петок ќе има средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пишуваат медиумите повикувајчи се на извори во партијата.

Средбата била договорена за време на денешниот телефонски разговор, на барање на Мицкоски.

Според најавите, на средбата ќе се разговара за актуелната политичко-економска ситуација во државата, но и за изјавата на Пендаровски за настаните од 27 април во која меѓудругото тој кажа дека луѓето кои влегле тогаш во Собранието не се терористи.

Пендаровски и ВМРО-ДПМНЕ за можно повторно судење за „27 април“, за СДСМ е завршена процедура

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ пред неколку месеци ја прекинаа комуникацијата со шефот на државата Пендаровски. Мицкоски минатата година соопшти дека партијата ќе ги замрзне односите со претседателот на државата откако Пендаровски одлучи да му го додели мандатот на Зоран Заев по парламентарните избори.

Тогаш ВМРО-ДПМНЕ донесе заклучок дека од тој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со шефот на државата и ќе ги преиспита политиките што ќе ги води во однос на кабинетот на Стево Пендаровски.

Поднесена тужба за тортура против Лукашенко

Александар Лукашенко

Десет противници на режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко поднесоа тужба до Германија поради наводни дела на тортура извршени од тој режим, објави денеска Германското федерално обвинителство.

Како што пренесува агенцијата Франс прес, тужбата е поднесена поради полициската репресија иницирана од белорускиот режим во летото 2020 година, односно по реизборот на Лукашенко.

Постапувајќи во име на „жртви на тортура“, адвокатите изјавија дека поднеле тужба до Федералното обвинителство во германскиот град Карлсруе против Лукашенко и „други белоруски службеници за безбедност“, пренесува белорускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Лукашенко ги обвинува САД за заговор за атентат

Адвокатите истакнаа дека ниту Лукашенко, ниту други официјални лица не се соочуваат со правни последици во Белорусија поради прекумерна употреба на сила и тортура врз граѓани уапсени во таа земја.

„Генерално, потезите на властите можат да се наречат само брутални“, наведоа адвокатите во изјавата пренесена од белорускиот сервис на РСЕ.

Како што е наведено во тужбата, делата на наводната тортура се однесуваат на „неосновано апсење, тортура и лошо постапување при притвор, физичко насилство, понижување, закани и навреди“. Во жалбата се наведуваат и случаи на лишување од сон, храна, медицинска нега, па дури и тепање.

Шестмина од обвинетите за лажните пасоши признаа вина

Основен кривичен суд - Скопје

Шестмина од единаесетте обвинети за нелегално издавање пасоши на странски државјани за случајот „Двојник“ признаа вина, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје.

Судот, на почетокот на денешното рочиште, ја раздвои постапката против обвинетата Наздрие Зековиќ, која од здравствени причини не беше присутна, а која преку својот бранител предјави признание на вина.

Обвинетите Денис Баруфи, Ален Личина, Ѓорѓе Велков, Фарук Биља и Раиф Мифтари, денеска пред судот рекоа дека се чувствуваат виновни за делото и доброволно ја признаваат вината.

Јавната обвинителка Спасенка Андонова, информира дека, заедно со обезбедените докази и ПИ мерки, е направен и албум со фотографии и податоци за 215 патни исправи, каде се покажува чиј идентитет е искористен за кое лице, и јасна визуелизација на тоа што е содржано во обвинението.

Безбедноста на документите е репер за спроведувањето безвизниот режим

Обвинетите Фарук Буки, Весна Колевска, Оливера Софрониевска, Бранислава Владичевска и Шемседин Јашари, рекоа дека не се чувствуваат виновни за делото кое им се става на товар, по што постапката за нив беше раздвоена и продолжува на 7 мај годинава.

Во случајот обвинети се 11 лица, од кои десетмина вработени во Одделението за управни работи во МВР се товарат дека го сториле кривичното дело продолжена злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување. Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.

Во болниците во земјава се лекуваат 1.012 ковид пациенти

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.012 и има околу 750 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 43 нови пациенти, а вкупно се лекуваат 435 лица. Во Скопје дома се пуштени 50 оздравени пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови во Скопје се намалува и утрово до 8 часот имало 311 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, соопшти МЗ.

Пет поенти за третиот ковид бран

Од министерството додаваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.

Вакцинираните граѓани во Србија ќе добијат парична помош

Сите граѓани во Србија кои се вакцинирале ќе добијат дополнителни 3.000 динари помош, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој нагласи дека и покрај претходно предвидената помош, сите оние кои се вакцинирани на возраст над 16 години, или кои биле вакцинирани со една или две дози, и сите кои ќе бидат вакцинирани со најмалку една доза до 31 мај, ќе добијат дополнителни 3.000 динари (околу 25 евра) од државата. Вучиќ изјави дека за дополнителната помош се консултирал со премиерката Ана Брнабиќ.

„Не можеме да донесеме негативни дискриминаторски мерки за оние кои не сакаат да се вакцинираат, иако сметам дека е неодговорно и себично да не се вакцинираат. Размислувавме како да ги наградиме луѓето кои покажаа одговорност и решивме да дадеме дополнителни финансиски средства за луѓето кои се вакцинирани“, истакна Вучиќ.

Во Србија најавени електронски потврди за вакцинирани граѓани

Според него, проценките се дека до крајот на мај приближно три милиони луѓе да бидат вакцинирани во Србија со најмалку една доза, со цел да се постигне колективен имунитет.

БСП го врати мандатот за состав на влада

Корнелија Нинова

Претседателката на бугарската социјалистичка партија Корнелија Нинова го врати мандатот за формирање влада на Бугарија, на претседателот на Бугарија Румен Радев, јави дописникот на МИА од Софија.

Радев рече дека на Бугарија и е потребна влада со силна волја и ги повика партиите на следното Национално собрание на Бугарија да ги прегледаат своите приоритети и да можат да изберат влада, бидејќи во спротивно земјата може да премине од политичка во институционална криза.

Бугарија пред нови избори, не успеа последниот обид за формирање влада

Претседателот на Бугарија денеска треба да почне консултации со парламентарните партии за нова Централна изборна комисија. Како што најави и Радев, тој ќе го распушти 45-то Национално собрание следната недела по назначувањето на новата ЦИК. Предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат на 11 јули.

Заев: Не е точно дека Црвенковски ќе формира партија

Зоран Заев и Бранко Црвенковски

Премиерот Зоран Заев не верува дека поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, би можел да формира нова политичка партија за настап на локалните избори во втората половина во октомври.

„Бранко Црвенковски не може да биде ништо друго освен СДСМ. Тоа не е точно, но дефинитивно него треба да го прашате. Тој е еден од основачите и бил премиер и претседател на државата. Шпекулациите се присутни поради новата листа во Охрид од наши докажани социјалдемократи. СДСМ покажа сериозно единство и за време на опозиција и за време на власта. Убавината кај нас е што сме многу различни низ своите сфаќања, изјави денеска премиерот Заев.

„Метлата“ на Заев во сопствениот двор

Деновиве во медиумите се појавија шпекулации Бранко Црвенковски ќе формира партија заедно со незадоволните од СДСМ. Гласините се засилија откако веќе се појавија независни листи во неколку општини, а во истовреме Радмила Шекеринска најави дека по осум години се повлекува од функцијата како потпретседател на владеачката партија.

Радев: предвремени избори во Бугарија на 11 јули

претседателот на Бугарија Румен Радев

Бугарија ќе одржи парламентарни избори на 11 јули, откако не успеа третиот и последен обид за формирање влада по анкетите на 4 април, кои доведоа до расцепкан парламент, изјави денеска претседателот Румен Радев.

Бугарија пред нови избори, не успеа последниот обид за формирање влада


Тој додаде дека очекува назначувањето на новата изборна комисија да биде финализирано на 11 мај, кога тој ќе ги распише изборите, ќе го распушти парламентот и ќе назначи привремена влада.

Конзервативците победија на изборите во Мадрид

Конзервативната народна партија, предводена од Изабел Дијаз Ајузо победи на предвремените локални избори во регионот Мадрид.

„Денес започнува ново поглавје во историјата на Шпанија“, изјави Дијаз Ајузо пред приврзаниците во седиштето на партијата.

Народната партија освои 65 места, а потребни се 69 пратеници за независно формирање на локалната власт.

Народната партија најверојатно ќе се потпре на формирање коалиција со крајнодесничарската партија Вокс, со која би имала 78 места од вкупно 136 во регионалниот парламент, пренесува агенцијата Франс-прес.

Предвремените локални избори беа распишани по оставката на претседателката на регионот Мадрид, Изабел Дијаз Ајузо во март и прекинувањето на сојузот на Народната партија со малата десноцентристичка партија Сиудаданос.

Одлуката на Дијаз Ајузо да се повлече од функцијата регионална премиерка ги изненади политичките кругови, пренесува Франс прес, додавајќи дека потегот уследи откако Сиудаданос ја смени страната во источниот регион Мурсија, каде што е на власт со Народната партија и го поддржа предлогот на социјалистите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG