Вести
В понеделник консултации за новата бугарска Влада
Бугарскиот претседател Румен Радев во понеделник ги почнува консултациите за формирање на новата бугарска Влада и за таа цел во претседателството ги покани парламентарните партии кои влегоа во новиот состав на Националното собрание, наведува прес-службата на шефот на државата.
Според дописникот на МИА од Софија, тема на консултациите ќе биде доверувањето на мандатот за формирање на новата бугарска Влада. Политичките консултации ќе почнат во 9 часот утрото, а прва на разговор ќе биде победничката партија на парламентарните избори ГЕРБ-УДФ, по која ќе следи „Има таков народ“ на Слави Трифонов, трета БСП на Корнелија Нинова и потоа Движењето за права и Слободи.
Борисов: Јас сум најподготвен, ама нема да бидам премиер
ГЕРБ ќе предложи Влада, премиерската позиција се уште е енигма
Во втората половина на денот претседателот Радев ќе ги прими претставниците на партиите „Демократска Бугарија“ и „Стани! Излези!“
види ги сите денешни вести
Русија ќе ги почитува ограничувањата за нуклеарно оружје ако и САД го сторат тоа
Русија денеска, 11 февруари соопшти дека ќе се држи до ограничувањата за своето нуклеарно оружје утврдени во истечениот договор за контрола на оружјето со САД, сè додека Вашингтон го стори истото.
Новиот договор СТАРТ - последниот договор меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот - истече претходно овој месец, при што Вашингтон не одговори на понудата на рускиот претседател Владимир Путин за едногодишно продолжување на ограничувањето на големината на нуклеарниот арсенал на секоја страна.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Москва не брза да започне со развој и распоредување на повеќе оружје - отстапувајќи од коментарите на неговото министерство минатата недела во кои се вели дека Русија се смета себеси за повеќе необврзана од условите на договорот.
„Поаѓаме од фактот дека овој мораториум, кој го објави нашиот претседател, останува на сила, но само додека САД не ги надминат наведените ограничувања“, рече Лавров во обраќањето пред рускиот парламент.
Двете страни навестија дека сакаат да склучат нов договор за контрола на оружјето.
Вашингтон врши притисок Кина да биде вклучена во разговорите, посочувајќи го нејзиниот растечки нуклеарен арсенал.
Москва вели дека ако Кина биде вовлечена во нов договор, тогаш истото треба да го сторат и нуклеарните сојузници на Соединетите Држави, Велика Британија и Франција.
Истекувањето на Новиот СТАРТ, кој ги ограничи Соединетите Држави и Русија на 1550 распоредени нуклеарни боеви глави, означува прв пат по децении да не постои договор за ограничување на позиционирањето на најдеструктивното оружје на планетата, предизвикувајќи стравувања од нова трка во вооружување.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Новиот СТАРТ бил „лошо договорен“ и „грубо се прекршува“.
Русија во 2023 година ги отфрли инспекциите на своите нуклеарни локации според договорот, бидејќи тензиите со Соединетите Држави се зголемија поради конфликтот во Украина.
Но, таа рече дека останала посветена на утврдените квантитативни ограничувања.
Пезешкијан вели дека е отворен за нуклеарните инспектори
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека неговата земја е отворена да дозволи меѓународни инспектори да докажат дека нејзината нуклеарна програма е „мирна“. Неговите коментари беа дадени по повод 47-годишнината од Исламската револуција, додека американските поморски сили се подготвени во регионот за можни воени напади.
„Ние не се стремиме да стекнеме нуклеарно оружје. Ова го повторуваме постојано и сме подготвени за каква било верификација“, рече тој на 11 февруари, на прославите по повод годишнината што се одржаа во услови на смртоносна репресија во која безбедносните сили убија илјадници луѓе кои присуствуваа на масовните протести низ целата земја минатиот месец.
Таа репресија беше остро осудена од САД и нивните сојузници и доведе до зголемување на американската морнарица, при што американскиот претседател Доналд Трамп им рече на демонстрантите дека Вашингтон доаѓа да ги поддржи.
„Имаме армада што се упатува таму, а друга можеби оди“, рече Трамп во интервју за Аксиос на 10 февруари.
Сегашното распоредување на САД е едно од најголемите во последниве години.
По разговорите меѓу американските и иранските тимови во Оман на 6 февруари, Вашингтон воведе дополнителни санкции врз нафтениот сектор на Иран. Се очекуваат понатамошни разговори, но не е одреден датум.
САД и Израел ќе разговараат за Иран
Подоцна на 11 февруари, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да се сретне со Трамп во Вашингтон за да разговараат за ситуацијата. Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели дека тој сака разговорите со Иран да ја вклучат неговата програма за балистички ракети и поддршката за вооружени посредници и милитантни групи поддржани од Техеран во Либан, Ирак и Јемен.
Александар Греј, кој беше член на Советот за национална безбедност за време на првиот мандат на Трамп во Белата куќа, за Радио Слободна Европа изјави дека ова се прашањата што веројатно ќе одредат дали ќе бидат извршени напади - наместо напорите за помош на опозицијата во Иран.
„Тој не сака да ги види овие брутални мерки. Но, мислам дека претседателот е исто така реалист. Од фундаментална гледна точка на интересите на САД, колку и да ги осудуваме ужасните злоупотреби на човековите права, мислам дека најверојатно ќе бидеме ефикасни во застапувањето за промени во нивното посредничко однесување и нивните ракетни и нуклеарни програми“, вели Греј.
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс се појави да го потврди ова додека заминуваше од посетата на Азербејџан на 11 февруари.
„Ако иранскиот народ сака да го собори режимот, тоа зависи од иранскиот народ. Она на што сме фокусирани во моментов е фактот дека Иран не може да има нуклеарно оружје. Тоа беше фокусот на политиката на претседателот, дури и од времето на првата администрација“, рече Венс.
Десет мртви во пукотница во средно училиште во Канада
Десет лица, меѓу кои и напаѓачот, загинаа откако вооружено лице отвори оган во средно училиште во градот Тамблер Риџ, западна Канада, во едноа од најсмртоносните масовни пукотници во поновата канадска историја.
Шест лица беа пронајдени мртви во средното училиште во Тамблер Риџ, уште две беа пронајдени мртви во куќа за која се верува дека е поврзана со инцидентот, а едно лице почина на пат кон болница, соопшти полицијата.
Уште 25 лица беа однесени во локален медицински центар поради повреди, според полициското соопштение.
Осомничениот напаѓач беше пронајден мртов од повреда за која се чини дека сам си ја нанел, соопшти полицијата, додавајќи дека не верува дека има други осомничени или понатамошна закана за јавноста.
Убиецот можеби била жена, бидејќи предупредување за вооружен човек издадено во Британска Колумбија го опиша осомничениот како жена во фустан со кафеава коса.
„Имаше повеќекратни повреди и повеќекратни смртни случаи во училиштето додека полицајците го разгледуваа местото на настанот“, рече портпаролот на полицијата, Кен Флојд, на прес-конференција.
„Местото на настанот моментално е обезбедено. Истражителите се таму за да се обидат да го утврдат степенот на повредите и кое оружје можеби е употребено, а кое не“, рече Флојд.
Тамблер Риџ е оддалечена општина со околу 2.400 жители во северна Британска Колумбија, околу 1.155 км североисточно од Ванкувер.
„Нашите мисли се со луѓето од Тамблер Риџ. Разговарав со градоначалникот и локалниот советник... понудивме секаква дополнителна помош што можеби им е потребна“, изјави министерката за јавна безбедност на Британска Колумбија, Нина Кригер, пренесе Ројтерс.
Ванс во Азербејџан во продолжение на посетата на Кавказ за зацврстување на мировниот договор
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во вторникот пристигна во Баку, во продолжение на посетата на Кавказ, со цел да ја зацврсти поддршката за мировниот договор меѓу Азербејџан и Ерменија, постигнат со посредство на САД, како и да поттикне стратешки транзитен коридор кој Вашингтон го смета за клучен за преобликување на трговијата, енергетиката и влијанието во регионот.
Венс со авион пристигна во главниот град на Азербејџан, Баку, од Ереван, по два дена состаноци со ерменски официјални претставници.
Во Ереван тој потпиша договор за соработка во цивилниот нуклеарен сектор, кој ќе овозможи почетен извоз од САД во Ерменија во вредност до пет милијарди долари, како и дополнителни четири милијарди долари во долгорочни договори за гориво и одржување.
Венс, кој е првиот потпретседател на САД што ја посетил Ерменија, изјави дека посетата била „многу продуктивна“ и дека е „оптимист во однос на мировниот договор “.
Ерменија во јуни потпиша договор со Азербејџан со посредство на САД, со цел ставање крај на повеќе од 40 години конфликт околу регионот Карабах.
Централниот дел на договорот е предложениот патно-железнички коридор долг 43 километри, кој ќе се нарекува Трампова рута за меѓународен мир и просперитет (TRIPP), и кој би минувал низ Ерменија и би го поврзувал Азербејџан со неговата ексклава Нахчиван, отворајќи нова трговска артерија исток–запад, заобиколувајќи ги Русија и Иран.
Ерменија и Азербејџан беа во конфликт од крајот на 1980-тите години околу Нагорно-Карабах, регион кој е меѓународно признаен како дел од Азербејџан, но кој долго време беше под контрола на етнички ерменски сепаратисти.
Азербејџан во септември 2023 година ја врати целосната контрола врз Карабах по воена офанзива.
Минатото лето, лидерите на двете земји се согласија околу сеопфатен договор постигнат со посредство на Вашингтон со цел ставање крај на децениските конфликти, вклучувајќи и две поголеми војни.
Договорот им дава право на Соединетите Американски Држави на закуп за развој на транзитен коридор, кој би минувал низ јужната територија на Ерменија, долж границата со Иран.
Коридорот на крајот ќе вклучува железничка линија, нафтоводи и гасоводи, како и оптички линии, што ќе овозможи движење на стоки и луѓе.
Венс изјави дека „многу инвестиции ќе пристигнат во Ерменија благодарение на некои добри договори што ги постигнавме“.
Азербејџанските медиуми известија дека Венс одржал кратка средба со претседателот Илхам Алиев во Баку, на почетокот на посетата на азербејџанската престолнина.
Во пресрет на доаѓањето на Венс, Алиев изјави дека посетата е дел од „нова ера во билатералните односи, која е многу ветувачка“.
Мировниот договор ја зајакна позицијата на Вашингтон во регионот во време кога влијанието на Русија се соочува со опаѓање на влијанието во Баку и Ереван.
Доаѓањето на Венс се совпаѓа и со други регионални случувања како што се тензиите меѓу САД и Иран и новата иницијатива за критични минерали поддржана од САД, за која аналитичарите оценуваат дека неочекувано го поставила Јужниот Кавказ во фокусот на приоритетите на американската политика.
Конститутивната седница на Собранието на Косово закажана за среда
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, за среда, 11 февруари, ја свика конститутивната седница на Собранието на Косово.
„По консултациите со мнозинството парламентарни партии застапени во Собранието и имајќи ја предвид итноста за формирање на институциите, усвојувањето на буџетот и меѓународните договори, во согласност со Уставот и важечкото законодавство, претседателката одлучи да ја свика конститутивната седница“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
По свикувањето на седницата, заменик-претседателот на Движењето Самоопределување, Глаук Коњуфца изрази уверување дека Собранието ќе биде конституирано, а потоа ќе биде формирана и новата Влада на Косово.
На прашањето за изборот на потпретседател на Собранието од редовите на српската заедница, кој според одлука на Уставниот суд мора да биде предложен од мнозинството пратеници на таа заедница, во овој случај од Српската листа, која располага со девет од десетте загарантирани места, Коњуфца изјави дека неговата партија никогаш не ги отфрлала пресудите на највисокиот суд на Косово.
Во претходниот состав на Собранието, Самоопределување гласаше против кандидатот на Српската листа за потпретседател на Собранието, по што за потпретседател беше избран Ненад Рашиќ од партијата „За слобода, правда и опстанок“.
Според податоците на Централната изборна комисија на Косово, Движењето Самоопределување освои 51,10 отсто од гласовите, со што обезбеди 57 пратенички места во Собранието на Косово.
Демократската партија на Косово освои 22 мандата, Демократскиот сојуз на Косово 15 мандати, додека Алијансата за иднината на Косово освои шест мандати.
Процесот на потврдување на резултатите доцнеше поради повторното пребројување на сите гласови во овој изборен процес, бидејќи постоеја сомнежи за манипулации со гласовите за пратенички кандидати – поради што беа приведени десетици лица, а стотици беа испитани.
За време на конституирањето на претходниот состав на Собранието на Косово имаше многу неизвесности.
Поради тоа, партиите во неколку наврати се обраќаа до Уставниот суд, кој утврди дека седницата мора да биде завршена во рок од 30 дена и дека се смета за завршена со изборот на претседател и пет потпретседатели на Собранието – три од најголемите албански партии и двајца од немнозинските заедници, од кои еден од српската заедница и еден од другите немнозински заедници.
За избор на претседател и потпретседатели на Собранието потребни се 61 глас од вкупно 120 пратеници.
Врз основа на пресудите на Уставниот суд, едно лице може да биде кандидирано најмногу три пати за функцијата претседател или потпретседател на Собранието.
Меѓутоа, во случајот со српскиот потпретседател, Уставниот суд во пресуда објавена пред неколку дена утврди дека во претходниот состав биле направени повреди на Уставот кога Ненад Рашиќ беше избран по пат на ждрепка, откако кандидатите на Српската листа не успеаја да обезбедат 61 глас.
Уставниот суд пресуди дека мнозинството пратеници од српската заедница, што во овој состав ги вклучува и деветте пратеници на Српската листа, има право да предложи потпретседател на Собранието.
Одлуката беше критикувана од Движењето Самоопределување на Албин Курти, а останува нејасно како ќе се постапи по ова прашање за време на конститутивната седница.
По конституирањето на Собранието се отвора патот за формирање на новата Влада на Косово.
Претседателката мандатот за составување на Владата ѝ го доделува на победничката партија, во овој случај на Движењето Самоопределување, а мандатарот има рок од 15 дена пред Собранието да го претстави новиот состав на извршната власт и да побара поддршка од најмалку 61 пратеник.
Доколку пратениците сакаат да избегнат нови избори, ќе мора брзо да го конституираат Собранието и да формираат Влада за да го испочитуваат рокот до 4 март, крајниот датум за избор на нов претседател на Косово.
Мандатот на претседателката Османи трае до 4 април, но нов претседател мора да биде избран најдоцна 30 дена пред тој датум.
Самата Османи изрази желба да извршува уште еден петгодишен мандат како претседателка, но останува нејасно дали ќе ја обезбеди потребната поддршка.
Според Уставот, новиот претседател се избира со тајно гласање, а секој кандидат мора да обезбеди потписи од најмалку 30 пратеници.
Претседателот се избира со двотретинско мнозинство во првите два круга на гласање, а доколку во тие два круга не биде избран, во третиот круг се избира кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од пратениците.
Доколку изборот на претседател не успее, автоматски се распишуваат нови избори, кои мора да се одржат во рок од 45 дена.
Протест во Нови Сад поради правосудните закони
„Усвојувањето на измените на сетот правосудни закони ги загрозува темелите на демократското уредување на општеството“, беше порачано од протестот пред зградата на правосудните органи во Нови Сад.
Адвокатите во Војводина на 10 февруари беа во еднодневен прекин на работата поради усвојувањето на сетот закони кои ги критикува дел од стручната јавност, но и Европската комисија, оценувајќи дека тие можат да ја загрозат независноста на судството и обвинителството, како и тековните постапки и истраги.
На протестот во Нови Сад на демонстрантите им се приклучија и судии и јавни обвинители.
Адвокатот, Горан Попов оцени дека усвојувањето на правосудните закони ќе доведе до директно намалување на независноста на правосудството, а со тоа и до слабеење на капацитетот на општеството да се бори против најтешките облици на криминал.
„Нема добар адвокат во правен систем кој се прекројува преку ноќ, нема правда за клиентите во закони што не му служат на општиот интерес, нема ефикасна правна помош во систем во кој виновниците ги гонат уценети обвинители, а правдата ја делат заплашени судии“, оцени тој.
Судијката Мирјана Шпоња изјави дека владеењето на правото е загрозено со донесувањето закони во чија постапка на носење не била вклучена стручната јавност и при што биле заобиколени процедурите пропишани со закон.
Европската комисија побара од Србија да најде начини за спречување на примената на спорниот сет правосудни закони, како и „итно да ги ревидира“ усвоените измени.
Министерот за правда на Србија, Ненад Вујиќ, на 9 февруари изјави дека Србија е подготвена да влезе во „процес на корекција“ на законите само доколку Венецијанската комисија има суштински забелешки.
Законите беа усвоени во јануари во Собранието на Србија, без јавна расправа и без консултации со обвинителите, судиите, Венецијанската комисија и Европската унија.
Пратениците на власта во Собранието ги бранеа измените, тврдејќи дека тие ќе придонесат за ефикасност и правичност во работата на судските инстанци.
И покрај предупредувањата од Европската унија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги потпиша законите, што во Брисел беше оценето како „сериозен чекор наназад“ на европскиот пат на Србија.
ДЗР: Ризик од небезбедни козметика и детски играчки на македонскиот пазар
Постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанци за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава, предупредува Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за ревизија на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Причината за ваквата состојбата е тоа што листата на забранети супстанции во козметичките производи не е ажурирана ниту една еднаш од нејзиното донесување во 2010 година и не ја следи праксата на Европската Унија (ЕУ).
Како што посочуваат од ДЗР, согласно членот 5 од Законот за безбедност на козметичките производи, во 2010 година Министерството за здравство има донесено листа на супстанции што не смеат да бидат користени во овие производи.
Како забранети, делумно забранети или времено дозволени во листата се наведени околу 1 600 супстанции. Оттогаш до денот на ревизијата оваа листа ниту еднаш не е ажурирана, нотира државниот ревизор.
Според ДЗР, недостатоци има и при испитувањето на квалитетот и исправноста на козметичките производи.
„Согласно информациите добиени од Инспекторатот, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) врши само ограничен број анализи и тоа: микробиолошка исправност на производите, определување на содржина на само неколку тешки метали (кадмиум, олово, никел и хром), pH-вредност и определување на содржина на површинско активни материи“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Понатаму се посочува дека во рамки на државните лаборатории не се обезбедени услови и техничка опременост за испитување на сите забранети супстанци во козметичките производи, а ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци (фталати и бор) во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата.
„Имајќи го предвид наведеното, ревизијата истакнува дека е потребно Министерство за здравство, во соработка со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ) да преземат активности за опремување на лаборатории со соодветна опрема со која ќе се овозможи испитување на што поголем број забранети и штетни супстанци во производите и оневозможување истите да бидат пуштени во промет во државата“, се вели во извештајот.
Ревизорот нотира и други слабости во однос на инспекциските надзори што ги спроведува Државниот санитарен и здравствен инспекторат, поврзани со фактурите и здравствените сертификати.
Според ДЗР, овие документи се на повеќе странски јазици, што создава ризик инспекторите да не ја разберат во целост нивната содржина и да одобрат увоз на стоки без целосно потврдена веродостојност и здравствена безбедност.
Државниот ревизор утврдил и дека повеќе од 90 отсто од документацијата на субјектите што биле предмет на надзор од Инспекторатот не се архивски заверени и потпишани.
Инспекторатот веќе постапува по забелешките и препораките
По ваквиот извештај од Заводот за ревизија, Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираше дека веќе постапува по констатираните забелешки и препораки.
Имено во делот на забелешките кои се однесуваат на инспекциските надзори, кои се од техничка природа, дадени се насоки до сите подрачни одделенија овие забелешки во иднина да бидат корегирани – соопшти Инспекторатот.
Оттаму во денешното соопштение, додаваат и дека во однос за забелешките за одделението за човечки ресурси, во тек е комплетирање на документацијата.
Во делот на материјално сметковотствено работење, забелешките се од административно техничка природа и имајки во предвид дека ДСЗИ од 01.01.2025год. е орган во состав на Миниството за здравство, веќе се превземени мерки за отстранување на конститарините администрстивни забелешки, се посочува во соопштението.
Инспекторатот посочува и дека во однос на постапката за увоз на детски играчки, козметички производи и предемети за општа употреба и забелешката за сертификатите за безбедност кои се приложуваат при увоз, веќе се отпочнати иницијални преговори со релевантните чинители за изнаоѓање на „заедничко прифатливо решение со цел да се надмине овој проблем“.
Рубио во Минхен, Братислава и Будимпешта
Високиот американски дипломат, Марко Рубио, ќе отпатува во Германија подоцна оваа недела за да предводи делегација на високо ниво на годишната Минхенска безбедносна конференција пред да се упати кон Словачка и Унгарија, објави Стејт департментот.
Патувањето доаѓа во клучен момент, додека Вашингтон и неговите европски сојузници се борат со продлабочување на недовербата околу безбедноста, трговијата и фундаменталната иднина на трансатлантската алијанса - тензии за кои се очекува да бидат големи за време на дискусиите во Минхен.
Војната на Русија против Украина, која наскоро ќе влезе во својата петта година од почетокот на целосната инвазија во 2022 година, се очекува да биде главна тема на дискусија на конференцијата, како и тензиите околу Иран.
По присуството на Рубио на конференцијата од 13 до 15 февруари ќе следи дипломатски замав низ Братислава и Будимпешта на 15 и 16 февруари, нагласувајќи го фокусот на администрацијата на Централна Европа во време на стратешка неизвесност.
Во Словачка, се очекува тој да се сретне со високи претставници за да ја унапреди регионалната безбедносна соработка и проектите за нуклеарна енергија, соопшти Стејт департментот.
Во Унгарија, фокусот се префрла на билатералните врски и мировните напори насочени кон решавање на глобалните конфликти.
Централниот дел од патувањето на Рубио може да биде неговото закажано обраќање во Минхен на 14 февруари, за кое се очекува да биде под интензивна критика - особено во сенка на минатогодишната конференција, каде што говорот на потпретседателот Џ.Д. Венс предизвика бранувања.
Во тоа време, забелешките на Венс - во кои беа обвинети европските лидери за потиснување на слободата на говорот и неуспех во управувањето со миграцијата - оставија чувство на загриженост во Брисел и пошироко.
Таа вознемиреност е одразена во годишниот извештај на Минхенската безбедносна конференција, напишан од организаторите на форумот и објавен оваа недела, кој предупредува дека Европа се соочува со „продолжена ера на конфронтација“ предизвикана од руската агресија.
Трансатлантски тензии
Клучно е што извештајот тврди дека најголемиот предизвик за либералниот меѓународен поредок сега можеби „доаѓа одвнатре“, наведувајќи го она што го опишува како тектонска промена во размислувањето на САД за сојузите.
Нарекувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп „најмоќниот од оние што се откажуваат од постојните правила и институции“, неговите автори предвидуваат дека „трансакциските договори може да ја заменат принципиелната соработка, а регионите може да станат доминирани од големи сили, наместо да бидат управувани од меѓународни правила и норми“.
Амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, енергично ја отфрли таа проценка на „внатрешна закана“, велејќи дека Вашингтон се стреми да го ребалансира, а не да го демонтира повоениот поредок.
Зборувајќи со новинарите на 9 февруари, Витакер се спротивстави на идејата дека Соединетите Држави се оддалечуваат од своите долгогодишни сојузи.
„Се обидуваме да го направиме НАТО посилен“, рече тој, тврдејќи дека притисокот врз европските сојузници да трошат повеќе за одбрана е поврзан со способност, а не со напуштање.
Во врска со трговијата, тој ја окарактеризира позицијата на САД како одговор на она што го нарече неправедни нерамнотежи.
Во врска со Гренланд, за кој Трамп изјави дека сака САД да го преземат, Витакер го формулираше интересот на САД како безбедносна загриженост поврзана со Русија и Кина - додека се дистанцираше од позапаливата реторика на претседателот на оваа тема.
Таа разлика помеѓу ребалансирање и повлекување, стана централна за тоа како многу искусни дипломати го толкуваат сегашниот момент. Сепак, некои предупредуваат дека предизвикот за Рубио лежи во премостувањето на јазот помеѓу официјалната реторика и суровата политичка разузнавачка информација што ја собираат сојузниците на САД низ цела Европа.
Иран започнува репресии против реформистичките политичари по масовните протести
Иран уапси неколку истакнати реформистички политичари, додека властите ја продолжуваат репресијата врз неистомислениците по масовните антивладини протести кои претставуваа една од најголемите закани за клеричкиот естаблишмент во последниве години.
Иранските медиуми објавија за апсењата на Ебрахим Аскарзаде, Мохсен Аминзаде и Азар Мансури - членови на коалицијата „Реформистички фронт“ - на 8 февруари. Џавад Емам, портпаролот на коалицијата, бил уапсен на 9 февруари.
Властите употребија брутална сила за да ги задушат протестите што траеја неколку недели низ целата земја, кои избувнаа кон крајот на декември, при што загинаа неколку илјади луѓе, според групите за човекови права. Оттогаш, властите започнаа кампања на масовни апсења и ги таргетираа истакнати активисти и политички личности.
Техеран ги обвини немирите за „бунтовниците и вооружените терористи“ за кои рече дека биле поддржани од неговите заколнати непријатели, Израел и САД.
Не беше веднаш јасно за што се обвинети четворицата реформистички политичари.
Новинската агенција Мизан, која е поврзана со иранското судство, на 9 февруари соопшти дека се уапсени „елементи активни во интерес на ционистичкиот режим и САД“. Четири лица беа уапсени и обвинети, соопшти агенцијата, без да даде повеќе детали.
Мизан ги обвини четворицата дека работат на „уништување на националната кохезија со обвинувања и ширење неточни ставови против земјата“ за време на масовните протести.
Мансури го предводи Фронтот на реформистите од 2023 година. Таа беше советник на поранешниот реформист претседател Мохамед Хатами. Аскарзаде е поранешна членка на парламентот, а Аминзаде е поранешна заменик-министерка за надворешни работи која работеше под Хатами.
Политичкиот активист и поранешен политички затвореник Хосеин Разак изјави за Радио Фарда на РСЕ дека властите преземаат мерки против секаков вид несогласување. Тоа ги вклучува, рече тој, реформистите кои „се сметаат себеси за лојални на Исламската република“.
Фронтот на реформистите во минатото беше многу критичен кон властите.
Во соопштението издадено за време на државното задушување на масовните протести, коалицијата изјави дека „голем дел од иранските граѓани ја изгубиле довербата во сите институции и капацитети што требаше да ги штитат, претставуваат и остваруваат нивните барања“.
По 12-дневната војна против Израел во јуни 2025 година, Фронтот на реформистите предупреди дека земјата ја чека „постепен колапс“ доколку не усвои фундаментални реформи.
Апсењата на четворицата реформисти се случија веднаш откако добитничката на Нобелова награда за мир, Наргес Мохамади, која постојано беше затворана, беше осудена на нова затворска казна од 7 и пол години, соопшти нејзината фондација во соопштението на 7 февруари.
По масовните протести, затворените опозициски лидери побараа врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи да се повлече и побараа истрага за масовното убивање на демонстранти.
Групата за човекови права ХРАНА со седиште во САД вели дека потврдила 6961 смртни случаи, претежно демонстранти, и дека има уште 11 630 случаи под истрага.
Кина ги отфрла тврдењата на САД за тајни нуклеарни тестови
Кина во понеделник, 9 февруари ги негираше тврдењата на САД дека спровела тајни нуклеарни експлозивни тестови. Таа ги нарече „целосни лаги“ и го обвини Вашингтон дека наоѓа изговори за да започне свои сопствени испитувања.
На Конференцијата на ОН за разоружување во Женева во петокот, Томас Динано, заменик-државен секретар на САД за контрола на оружјето, ја обвини Кина за спроведување на тестовите, вклучително и еден на 22 јуни 2020 година, и за подготовка за повеќе тестови со огромни приноси.
„Тврдењата на САД се целосно неосновани и се целосни лаги. Кина цврсто се спротивставува на обидот на САД да измислува изговори за сопствено рестартирање на нуклеарните тестови“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи во соопштение за АФП.
Исто така, ги повика САД „веднаш да престанат со своите неодговорни постапки“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во октомври изјави дека Вашингтон ќе започне со тестирање на нуклеарно оружје „на рамноправна основа“ со Москва и Пекинг, но без да елаборира или објасни каков вид нуклеарни тестирања сака да продолжи.
Коментарите на Динано дојдоа додека тој го презентираше новиот американски план со кој се повикува на тристрани разговори со Русија и Кина за поставување нови ограничувања на нуклеарното оружје, по истекот на Новиот СТАРТ - последниот договор меѓу најголемите нуклеарни сили Вашингтон и Москва, кој истече минатиот четврток.
Кина веќе го отфрли приклучувањето кон преговорите за разоружување „во оваа фаза“.
НАТО повика на „одговорност и воздржаност“ откако истече договорот „Нов СТАРТ“, зголемувајќи ги стравувањата од нова трка во вооружување.