Достапни линкови

Вести

САД препорачуваат „пауза“ за вакцината на „Џонсон и Џонсон“

Илустрација

Соединетите држави препорачуваат „пауза“ во примената на еднократната доза на вакцината „Џонсон и Џонсон“ против КОВИД-19 за да се испитаат извештаите за потенцијално опасни тромби.

Центарот за контрола и превенција на болести и Администрацијата за храна и лекови во заедничкото соопштение велат дека истражуваат тромби кај шест жени во комбинација со намален број на тромбоцити во деновите по вакцинацијата, објави АП.

Официјални лица од овие институции изјавија дека сè додека не заврши процесот, тие препорачуваат „пауза“ на употребата на оваа вакцина како превентивна мерка.

Повеќе од 6,8 милиони дози од оваа вакцина се дадени во САД.

види ги сите денешни вести

Филипче - На 14 мај втора пратка вакцини Астра Зенека

Министерот за здравство, Венко Филипче

На 14 мај ќе стигне втора пратка од 38.400 вакцини Астра Зенека преку Ковакс механизмот, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

„Вакцини ќе продолжат да пристигнуваат во следниот период, апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинација на www.vakcinacija.mk“, напиша Филипче на Фејсбук.

Минатиот месец пристигнаа 24.000 дози од вакцините против Ковид-19 на компанијата Астра Зенека, но тие се аплицираат само на граѓани над 60-годишна возраст, откако властите донесоа таква одлука следејќи ги ваквите одлуки во неколку европски земји.

Инаку, досега вкупно се аплицирани над 145 илјади дози вакцини, а ревакцинирани се скоро 24 илјади граѓани, според податоците на Министерството за здравство.

Минатата недела пристигнаа 200.000 дози кинески вакцини на производителот Синофарм.

Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата е 303.574 граѓани.

Италијанскиот премиер Драги ги негира написите за запирање мигранти

ИТАЛИЈА - Мигрантит се одмораат на брод за пребарување и спасување откако стотици пристигнаа на јужниот остров Лампедуза на 9 мај 2021 година.

Канцеларијата на италијанскиот премиер Марио Драги денеска ги негираше извештаите во медиумите дека Италија предлага Европската унија да ѝ плати на Либија за африканската земја да ги запре мигрантите и бегалците кои со бродови се упатуваат кон Европа.

Од Кабинетот на италијанскиот премиер наведуваат дека Драги се залага ЕУ да им понуди финансиска поддршка на сите африкански земји чии граѓани заминуваат во миграција.

Сепак, кабинетот на италијанскиот премиер го демантираше извештајот на весникот „Република“ дека Драги на Самитот на 24 мај сака да предложи ЕУ да постигне договор сличен на оној со Турција од 2016 година, според кој Анкара треба да добива финансиска помош во замена за прием на мигранти кои се обидуваат да дојдат во Европа преку Балканот.

„Во моментов нема иницијатива за сличен договор како со Турција. Ставот на Владата е дека ЕУ мора да посвети поголемо внимание на ситуацијата во јужниот дел на Средоземното море и да биде подготвена да им понуди финансиска поддршка на африканските земји чии граѓани мигрираат“, се вели во соопштението.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Италија, околу 13.000 бегалци и мигранти пристигнале на италијанскиот брег од почетокот на годинава или три пати повеќе отколку во однос на истиот период минатата година.

За време на викендов повеќе од 2.000 пристигнаа на островот Лампедуза, што за многу бегалци и мигранти е прва точка на патот кон Европа.

Според договорот од 2016 година, Турција има право на финансиска помош од Брисел во замена за прифаќање бегалци главно од Сирија, кои се обидуваат да стигнат до Европската унија преку Балканот.

Завршни активности на воените вежби во Криволак

Војници на воената вежба „Trojan Footprint 21“ на Криволак во Северна Македонија.

На армискиот полигон „Криволак“ денеска беа прикажани дел од завршните активности од воената вежба „Trojan Footprint 21“ во која учествуваат припадниците на Батаљонот на специјалните сили и специјалните сили на армијата на САД за Европа, соопшти Министерството за одбрана.

На вежбата беа прикажани интероперабилности меѓу сојузниците при изведување на специјални операции на копно со поддршка на воени авиони.

„На денешната вежба за прв пат беа прикажани можностите на авионот АС-130, од составот на военото воздухопловство на САД“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Од Министерството посочуваат дека вежбата „Trojan Footprint 21“ се изведува од 4 до 14 мај во Северна Македонија, во Романија, Бугарија, Црна Гора и Грузија.

Исто така се наведува дека во издвоени активности учествуваат десет НАТО и партнерски армии, со цел подобрување на способностите на НАТО и партнерските нации за изведување на операции на специјалните сили во координација со конвенционалните сили.

Со тоа, велат тие, ја зголемува интероперабилноста, меѓусебните односи и довербата помеѓу сојузничките армии а со тоа се зголемува и безбедноста во Европа.

На настанот присуствуваа началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс.

Нови 171 позитивни на коронавирус, 26 починати

Ковид-19

Здравствените власти денеска објавија дека се регистрирани 171 нови случаи позитивни на коронавирус од направени 2.357 тестирања, со што вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се искачи на 151.122. Починати се 26 пациенти, а вкупната бројка на смртни случаи од Ковид-19 во земјава е 5.135 лица.

Во моментов во земјава има 10.308 активни случаи на коронавирус, од кои најмногу се во главниот град Скопје, соопшти Министерството за здравство.

Од новите позитивни на Ковид-19 најмногу се во Скопје 58, а потоа следуваат, Куманово 16, Битола и Радовиш по 9, Виница 8, Кочани и Кичево по 7...

Денеска Институот за јавно здравје регистрира 409 оздравени пациенти.

Досега во Северна Македонија направени се вкупно 743.378 тестирања на Ковид-19. Излекувани се 138.779 лица од почетокот на епидемијата.

Црна Гора ги олеснува рестриктивните мерки

Црна Гора - граѓани на Плоштадот на независноста во Поидгорица.

Поради поволниот тренд на епидемиолошка состојба во Црна Гора, од 12 мај ќе бидат укинати забраните за меѓуградски сообраќај за време на викендите и за движењата од полноќ до пет часот, соопшти Министерството за здравство.

И покрај олеснувањето на мерките, властите апелираат до граѓаните да продолжат да ги почитуваат правилата за спречување на ширење на коронавирусот.

Според податоците на Институтот за јавно здравје објавени на 11 мај, еден пациент починал како резултат на пандемијата, а за 84 лица било потврдено дека се заразени со коронавирусот.

Во моментов, има 1.688 активни случаи на КОВИД 19, а најголем број на заразени се уште има во Подгорица - 590.

До 11 мај во Црна Гора беа дадени повеќе од 120.000 дози вакцини против коронавирус. Од нив, по една доза ја примиле 88.965 граѓани, а 31.830 примиле две дози.

„Досега,против Ковид-19 се вакцинирани 19,5 проценти од возрасната популација, односно 14,3 проценти од вкупното население“, наведува ресорното Министерство.

Меѓу вакцинираните се околу 50 проценти од здравствените работници кои примиле прва доза, додека околу 40 проценти од нив биле имунизирани со две дози.

Масовната имунизација, која започна на 4 мај, се спроведува со вакцините на „Астра Зенека“, „Синофарм“ и „Фајзер.“

Нова тужба на ЕК против „Астра Зенека“

Вакцината на компанијата „Астра Зенека“.

Европската комисија (ЕК) започна уште една правна постапка против „Астра Зенека“ за да ја принуди компанијата да ги достави сите договорени дози на своите вакцини против ковид-19, соопшти Комисијата.

Според портпаролот на ЕК, со новата постапка се бара „Астра Зенека“ да биде принудена пред јули да испорача уште 90 милиони дози вакцини.

"Ние [Европската комисија] бараме од судиите да ја препознаат итноста на ситуацијата и да наредат испорака на вакцини. Тоа може да се нареди со воведување санкции, но нашата цел е да обезбедиме испорака, а не да дојдеме пари или други казнени мерки", изјави портпаролот на ЕК Стефан Де Кирсмакер.

Тој рече дека целта на оваа нова постапка е да се обезбеди испорака на сите дози договорени при склучување на договорот со „Астра Зенека.“

Според Де Кирсмакер, ЕК сака судот да и наложи на компанијата да испорача 90 милиони дополнителни дози, покрај 30-те милиони кои веќе се доставени во првиот квартал.

Де Кирсмикер прецизираше дека производителот на вакцини против Ковид-19 требало да ги достави овие дози во првиот квартал од оваа година.

Ова е втора тужба против „Астра Зенека“ за еден месец. Во април Комисијата исто така ја тужеше компанијата во белгиските судови за непочитување на договорот за снабдување со вакцини против Ковид-19.

Европската комисија по јуни не ги обнови нарачките за вакцини од „Астра Зенека.“

ЕУ неодамна потпиша нов договор со „Фајзер“ за дополнителни 1,8 милијарди дози вакцини кои ќе пристигнат во ЕУ до 2023 година.

Овој производител се смета за најсигурен партнер за ЕУ.

Украина - Некои НАТО членки се загрижени за провоцирање на Русија

Илустрација - знамиња на НАТО и Украина.

Украина соопшти дека не очекува на самитот на НАТО следниот месец да се донесе Акционен план за членство за земјата, бидејќи некои членки на воената алијанса се загрижени дека таквиот потег ќе ја предизвика Русија.

„Во однос на препреките, за жал, сè уште има неколку земји меѓу сојузниците кои се водени од логиката да не ја провоцираат Русија и веруваат дека седењето и не правењето ништо е најдобриот начин да се држи Русија мирна“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Приклучувањето на Украина во Алијансата, на која жестоко се спротивстави Москва е историски неизбежн, рече Кулеба, додавајќи: „Тоа ќе се случи. Јас сум апсолутно убеден во тоа“.

Акционен план за членство е програма на совет, помош и практична поддршка прилагодена на индивидуалните потреби на земјите кои сакаат да се приклучат во НАТО. Учеството не прејудицира каква било одлука на Алијансата за идно членство“, се вели на веб-страницата на Алијансата.

Коментарите на Кулеба доаѓаат откако Русија на почетокот на оваа година распореди повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина и во Крим, што претставува најголемата мобилизација откако Москва го зазеде украинскиот полуостров во март 2014 година и избувна војна во источна Украина.

Безбедноста и контрола на оружјето теми на самитот на Бајден и Путин

Aмериканскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

Американскиот амбасадор за разоружување Роберт Вуд изјави дека подготовките за можна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден се во тек. Двајцата претседатели, според него, се согласиле да ја разгледаат можноста за дискусии за стратешката стабилност, за низа контроли на оружјето и безбедносните проблеми.

„Тие се во фаза на подготовка за овие дискусии“, рече Вуд на прес-конференција во Обединетите нации.

Говорејќи за време на денешната посета на Баку, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги поддржа коментарите на Вуд, велејќи дека Москва предложила да се разговара за контролата на оружјето и безбедносните прашања доколку се одржи билатералниот самит. Тој исто така рече дека Москва сè уште чека на одговори од Вашингтон за деталите за која било предложена средба.

Бајден изјави дека се надева оти ќе се сретне со неговиот руски колега за време на планираното патување во Европа во јуни. Американскиот претседател во април понуди да се состане во трета земја за да разговара за зголемените тензии во врска со проблемите, вклучително и воените закани кон Украина, сајбер нападите, наводно, од руски хакери и третманот на Русија кон затворениот опозициски активист Алексеј Навални.

Бајден во повеќе наврати изјави дека иако ќе биде непопустлив кон Русија за каква било непријателска политика, тој исто така најави дека ќе се обидува да соработува таму каде што двете страни имаат заеднички интереси. Ова вклучува прашања како што се нуклеарното оружје, климатски промени, иранскиот нуклеарен договор, Северна Кореја и поттикнување мир и стабилност во Авганистан.

Во февруари, Русија и Соединетите држави официјално го продолжија договорот за контрола на нуклеарното оружје „Нов СТАРТ“ за уште пет години, само неколку дена пред истекот на истиот.

Заев: Европските лидери разбираат дека македонскиот идентитет не е за преговори

Премиерот Зоран Заев

Се осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во било која друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори, порача премиерот Зоран Заев по посетата на Брисел.


„Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош, сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција, додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме. Порачавме јасно и гласно и повторивме- тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел, после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина. Ние имаме и гордост и сопствен идентитет. Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту било која друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка.“, рече Заев.

Тој додава дека земјата многу сработила, испорачала реформи и правда и време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас. Неговата европска агенда, како што наведува, продолжува, од Брисел во Мадрид, а после тоа и на економскиот форум Делфи во Атина, Грција.

Владата ги олабави мерките, полициски час од полноќ до 4 часот наутро

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Владата на денешната седница донесе одлука за олабавување на рестриктивните мерки. Полициски час ќе започнува на полноќ, а ќе трае до 4 часот наутро. Угостителските објекти во отворените делови ќе може да работат до 23:30 часот. Со работа отпочнунуваат фитнес центрите и вежбалните. Сите настани може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор.

Новите мерки ќе важат од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица.

Народна банка проектира раст на БДП од 3,9 отсто и инфлација од 2,2 отсто

Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска - Бежовска.

Народната банка предвидува раст на бруто-домашниот производ од 3,9 отсто годинава и наредната година, а 4 отсто во 2023, во најновите макроекономски проекции. Инфлацијата за годинава е проектирана за 2,2 отсто, што е зголемување во однос на претходната проекција, што изнесуваше 1,5 отсто.

„Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9 отсто што претставува непроменета проекција во однос на октомври. Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9 проценти (мала нагорна корекција во однос на октомври), а во 2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4 отсто“, информира на денеска на прес-конференција гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска.

Според неа, се очекува растот на БДП да произлезе од домашната побарувачка.
Во врска со идните движења во надворешниот сектор, тие, според Народната банка, укажуваат на стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9 отсто од БДП во 2021 година, што, како што појаснуваат во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките, при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината.

Назначена привремена Влада во Бугарија, премиер Стефан Јанев

Членовите на привремената Влада на Бугарија.

Бугарскиот претседател Румен Радев со декрет назначи привремена Влада, која од утре ќе почне со работа, а вршителот на должноста премиер ќе биде Стефан Јанев, соопшти прес-службата на шефот на државата.

„Привремената влада има многу краток мандат, очекувањата се големи, одговорностите се високи и прашање на рамнотежа е да се најде најдобриот тим за комбинирање на оптимален начин за да се исполни оваа тешка задача“, истакна Радев.

61-годишниот Јанев исто така служеше како заменик-премиер и министер за одбрана во привремената влада на Радев во 2017 година. Главните задачи на привремениот кабинет ќе бидат да обезбедат фер избори и да управуваат со пандемијата на коронавирусот, додека најсиромашната земја-членка на Европската унија се подготвува да потроши милијарди евра од фондот за обновување на блокот.

Потезите на Радев доаѓаат по три неуспешни обиди на најголемите партии во земјата да формираат влада по изборите на 4 април. Десноцентристичката партија ГЕРБ на трикратниот премиер Бојко Борисов го зазема првото место на изборите, но освои само 26 проценти од гласовите.

Радев го потпиша и указот за одржување предвремени избори на 11 јули.
Ова ќе биде шестиот кабинет од падот на комунизмот во Бугарија есента 1989 година и втор за време на претседателството на Радев.

Претходно, дописникот на МИА од Софија јави дека новиот министер за надворешни работи на Бугарија ќе биде амбасадорот на земјата во Данска, Светлан Стоев, кој е искусен дипломат од кариера.

Метнар: Чешка ја поддржува С.Македонија, не ги споделува идеите за позицијата на Бугарија

Чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар

Чешкиот министер за одбрана, Лубомир Метнар на заедничка прес-конференција во Скопје со неговата колешка Радмила Шекеринска денеска изјави дека неговата земја ја поддржува евроинтеграцијата на Северна Македонија и би сакале процесот да се одвива со побрзо темпо.

„Со оглед на историските последици понудив помош во комуникација и доколку има интерес би можеле да и помогнеме на Северна Македонија со наши искуства. Што се однесува на историските аспекти, Чешка исто така имаше проблеми со тоа. Ние ја поддржуваме Северна Македонија, не ги споделуваме идеите за историската позиција на Бугарија. Посакувам што е можно побрз влез на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што членството во евроатлантските структури ќе обезбеди поширока безбедност на целиот регион“, рече Метнар на новинарско прашање за можното одвојување на Северна Македонија и Албанија во процесот на ЕУ интеграцијата.

Шекеринска пак истакна дека отсуството на политичка влада со целосен капацитет во Бугарија е фактор, кој ќе влијае на процесите. Но, според неа, тоа не треба да влијае на нашиот ангажман за постигнување на целта.

„Ниту Европа, нуту регионот, ниту ние не можеме да чекаме сите избори да поминат. Ние мора да ја работиме нашата задача. Посетата на премиерот и владиниот тим, сите средби кои што ги правиме е да покажеме уште еднаш и да акцентираме дека тоа што требаше да се сработи од наша страна е сработено, дека покажавме огромен капацитет да дискутираме со нашите соседи и да наоѓаме решенија кои се посакувани од двете страни и се можни. Никој не може да се сомнева во нашата намера да создаваме добри меѓусоседски односи и ние тие аргументи ќе ги повторуваме секој ден и во секоја прилика. И се надеваме дека и Бугарија ќе биде подготвена час поскоро да се најде решение и да тргнеме напред“, рече Шекеринска.

Чешка и Словачка, кон крајот на минатата година ги блокираа заклучоците на Советот на ЕУ во однос на проширувањето на Западен Балкан, поради несогласувањето со текстот во нацртот кој се однесуваше на Северна Македонија со референцата за „погрешно толкување на историјата“ и долгата форма на името на земјава, што беше побарано од Бугарија.

Приведен осомничениот напаѓач во Татарстан, Путин нареди засилена контрола на оружјето

Безбедносните сили на местото на нападот во Казан

Властите во руската република Татарстан соопштија дека по пукањето и експлозијата во училиште во главниот град на регионот, Казан во кое загинаа осум лица, рускиот претседател Владимир Путин наредил засилување на контролата на оружјето.

Прес-службата на претседателот на републиката, Рустам Миниханов, соопшти дека еден наставник и седум ученици биле убиени во нападот во училиштето број 175. Министерството за внатрешни работи на републиката додаде дека 21 лице е повредено во инцидентот, меѓу кои и шест деца кои биле однесени на оддели за интензивна нега.

Наставниците и учениците за РСЕ изјавија дека слушнале силна експлозија во зградата пред да слушнат пукотници. Според нив, дел од наставниците побегнале од зградата и некои ученици скокнале од прозорците на третиот кат за да избегаат од местото на настанот. Областа била оградена од органите на прогонот и учениците и наставниците во еден момент биле видени како се евакуираат низ прозорците.

Министерството за внатрешни работи во регионот соопшти дека нападот го извршило 19-годишно лице, кое е приведено. Медиумите го идентификуваа осомничениот како Илназ Галјавиев.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите во Москва дека Путин му изрекол специјална наредба на шефот на Руската национална гарда, Виктор Золотов „да се изготват нови регулативи за видовите оружја што се наменети за цивилна употреба и кое оружје може да биде во посед на граѓани, вклучувајќи ги и видовите на мало оружје што вооружениот напаѓач ги користел“.

"Факт е дека понекогаш, ловечкото оружје се регистрира како мало оружје, кое во некои земји се користи за напад, и така натаму. Ова исто така ќе биде брзо решено од Националната гарда", рече Песков.

Портпаролката на рускиот истражен комитет, Светлана Петренко изјави дека е покренато е кривично дело за нападот. Владата на Татарстан го објави 12 мај како ден на жалост.

Ќучук: Враќање на довербата и зајакнување на соработката меѓу Софија и Скопје

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук.

Бугарскиот европратеник и известител за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук по средбата со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук објави дека поврзаноста меѓу двете земји е клучот за добрососедските односи.

„Потребна ни е: Агенда заснована врз иднината; Поврзување – инфраструктура, дигитална, образовна и културна; Враќање на довербата и зајакнување на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“, наведува Ќучук.

Османи на социјалната мрежа напиша дека Северна Македонија претставува пример во регионот за тоа како се имплементираат европски реформи, но и како се промовираат европските вредности, што било нотирано и во Резолуцијата за земјава од страна на Европскиот парламент.

„Почеток на преговорите со ЕУ ќе значи евалуација на тоа признание како силен поттик за европските перспективи на целиот регион“, пишува Османи.

Заев и Османи во посета на Брисел се сретнаа со првите луѓе на ЕУ и се придружувани од заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска.

Репортери без граници со критика за Иран

Репортери без граници. Илустрација.

Репортери без граници го повикува иранскиот парламент да го отфрли предлог-законот кој, според организацијата, „дополнително ќе и помогне на се поранливата слобода на печатот на Иран“ пред претстојните претседателските избори следниот месец.

Надзорната организација за слобода на медиумите со седиште во Париз соопшти дека предложениот закон ќе забрани влез на американски и британски новинари во Иран и ќе им забрани на иранските медиуми да известуваат за што било објавено од американските и британските медиуми.

За прекршувања на предложениот закон ќе се предвидуваат казни затвор од пет до 10 години и парична казна од околу 14 илјади евра.

„Овој предлог закон е смешен и нема никаков легитимитет“ рече Реза Моини, шеф на бирото на организацијата за Иран-Авганистан.

Предложениот закон, поднесен од 41 парламентарец, според организацијата, наведува дека двете забрани се оправдани затоа што американските и британските медиуми и нивните новинари се одговорни за „многу активности против националните интереси и против Исламската република“.

Групата истакна дека меѓународното медиумско известување за претседателската трка во јуни „веројатно нема да му се допадне на режимот затоа што е јасно дека изборниот процес е само завеса за назначувањето на идниот претседател “од врховниот лидер Ајатолахот Али Хамнеи.

Иран е рангиран на 174-то место од 180 земји во Светскиот индекс за слобода на печатот на Репортери без граници во 2021 година.

Заев на средба со Тимерманс за поддршка за почеток на преговорите со ЕУ

Macedonia-Meeting of the prime minister Zoran Zaev and vice president of European commission, Frans Timermans in Brussels

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со извршниот потпретседател на Европската Комисија, Франс Тимерманс изразил благодарност за неговата поддршка за почеток на пристапните разговори со Северна Македонија и додал дека нашата земја, како и Западен Балкан, се дел од иднината на Европската Унија и дека тоа прашање не трпи одлагање.

Тимерманс, како што соопшти владината прес-служба, нагласил дека останува цврсто на неговата лична и институционална заложба за почеток на завршниот дел од процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ. Соговорниците на состанокот, според соопштението, се согласиле дека во овој процес не треба да има одвојување од Албанија, и дека и Северна Македонија ги исполнила сите услови да ги почне преговорите што беше потврдено и во извештаите на ЕК за безусловен старт на преговорите.

Тимерманс како посебен успех на Северна Македонија, како што се наведува, го издвоил лидерството во вложувањата во обновливи извори на енергија што претставува сериозен влог на државата во проектите кои од ЕУ ќе добијат финансиска помош преку Економско инвестицискиот план и ИПА програмата вредна девет милијарди евра грантова помош и дополнителни 20 милијарди поволни кредити за инфраструктурни и други проекти во регионот.

Заев во Брисел е придружуван од заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска.

Иран започна со регистрација на претседателските кандидати

Претседателот на Иран, Хасан Рохани

Иран денеска го започна процесот регистрацијата на потенцијалните кандидати за претседателските избори закажани за следниот месец во услови на континуирани високи тензии со западот и неизвесноста околу нарушениот нуклеарен договор на Техеран со светските сили.

Процесот на регистрација ќе трае пет дена, по што пријавените ќе бидат проверени за нивните квалификации од надлежниот совет кој во минатото дисквалификуваше многу умерени кандидати. Советот треба да го објави конечниот список на кандидати до 27 мај, по што ќе започне 20-дневната кампањата пред гласањето на 18 јуни.

Претседателот на Иран, Хасан Рохани чија влада учествува во разговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, не може да побара реизбор откако оствари два последователни четиригодишни мандати.

Излезноста на гласањето би можела да биде погодена од зголемено незадоволство од порастот на потрошувачките цени и големата невработеност бидејќи иранската економија е сериозно погодена од пандемијата на коронавирус и повторно воведени економски санкции на САД, откако Вашингтон во 2018 година се повлече од нуклеарниот договор, со кој беа укинати меѓународните санкции за Иран во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма.

Иран одговори на санкциите на САД со збогатување на ураниум до поголема чистота, складирање повеќе од дозволеното и воведување понапредни центрифуги. Неколку рунди разговори со светските сили во Виена за заживување на нуклеарниот договор допрва треба да постигнат голем напредок.

Досега аплицирани 145.043 дози вакцини во државата

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје на 5 април 2021

Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација, според министерството, секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 303.574 граѓани.

Прва доза вакцина вчера примиле 13.076 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.033 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 145.043 дози вакцини, од нив 121.181 граѓани се вакцинирани со прва доза, а ревакцинирани се 23.862 граѓани. Со последните бројки 35% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Во изминатите 24 часа, како што наведоа од министерството, во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 412 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 701 и има околу 1000 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, според соопштението, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во експлозија и пукање во училиште во Татарстан загинале најмалку 9 лица

Безбедносните сили во училиштето каде се случила експлозијата и пукањето во Казан

Во пукање и експлозија во училиште во Казан, главниот град на руската Република Татарстан загинале најмалку девет лица, вклучувајќи наставник и осум ученици.

Медиумите јавуваат најпрвин дека се случила експлозијата во училиштето пред најмалку две лица да отворат оган. Еден од напаѓачите, наводно, бил застрелан од полицијата, додека барем уште еден останал во училиштето, држејќи голем број заложници внатре. Некои извештаи велат дека еден напаѓач, опишан како тинејџер, бил приведен.

Областа била опколена од органите на прогонот, а учениците и наставниците евакуирани низ прозорците.Училиштето имало повеќе од 1.000 ученици.

Протести во светот против турското повлекување од Конвенцијата за спречување насилство врз жените

Активистите држат плакати за време на протестот против повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција, меѓународен договор дизајниран за заштита на жените, Истанбул, Турција на 20 март 2021 година.

За денеска се најавени протести низ целиот свет за да се изрази спротивставување на одлуката на Турција да се повлече од Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените. Акциите ги организираат групите за човекови права и главно ќе се одвиваат преку интернет и тоа на 10-годишнината од Истанбулската конвенција, се вели во соопштението на Амнести Интернешнл. „Точно десет години откако беше потпишан, жените зборуваат денес со еден глас и бараат турските власти да ја сменат одлуката со која ќе бидат загрозени безбедноста, па дури и животот на милиони жени и девојчиња“, наведува во соопштението генералниот секретар на Амнести Интернешнал Агнес Каламард.

ЕУ со критики до Турција за повлекувањето од Истанбулската конвенција

Таа рече дека до ова доаѓа по указот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 20 март со кој се поништува ратификувањето на Турција од Истанбулската конвенција. Формално позната како Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, таа наведува дека мажите и жените имаат еднакви права и ги обврзува државните органи да преземат чекори за спречување на родово насилство врз жените, заштита на жртвите и гонење на сторителите.

Бајден: Русија има „одредена одговорност“ во сајбер нападот на гасоводот во САД

дел од главниот американски гасовод Колонијал

Претседателот на САД Џо Бајден изјави дека Русија има „одредена одговорност“ да се справи со сајбер нападот кој го парализира најголемиот гасовод во САД, иако тој се воздржа од директно обвинување за Кремљ. Бајден рече дека „нема докази“ оти руската влада е вклучена во нападот врз „ Колонијал гасоводот“, но рече дека „има докази“ оти хакерите или софтверот што го користеле се „во Русија“. „Тие имаат одредена одговорност да се справат со ова“, рече Бајден, додавајќи дека тој најверојатно ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин во јуни. Одговарајќи на коментарите на Бајден, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, за новинската агенција ТАСС изјави дека „Русија нема никаква врска со ова“.

Главниот гасовод во САД два дена не работи поради напад на сајбер криминалци

Претходно, ФБИ ја идентификуваше групата која стоеше зад нападот врз гасоводот како криминална банда позната како „ДаркСајд“, хакерска мрежа што се појави минатата година за изнудување пари од жртвите. Сајбер експерти велат дека мрежата може да е со седиште во Русија или поранешните советски држави, каде што локалните безбедносни служби ги толерираат, а понекогаш дури и ги ангажираат овие сајбер криминалци. ДаркСајд во
минатата година започна да ги напаѓа компаниите претежно во Западна Европа, Канада и САД, барајќи откупот да се плати во биткоин. За возврат, ја снабдува компанијата со програма што ќе ги отклучи нејзините компјутерски системи.

Во САД дозволена вакцината на Фајзер за деца од 12 до 15 години

вакцината на Фајзер-Бионтек

Соединетите држави ја одобрија вакцината на Фајзер-Бионтек против ковид-19 за деца постари од 12 години, соопшти Управата за храна и лекови на САД (ФДА). „Ова е важен чекор во борбата против пандемијата, бидејќи овозможува помладата популација да биде заштитена од ковид-19“, изјави Џенет Вудкок, вршител на должноста шеф на ФДА.

ЕУ договорила можна набавка од 1,8 милијарди вакцини на Фајзер

Советникот на Белата куќа, имунологот Ентони Фаучи, на крајот на февруари објави дека децата во САД на возраст под 12 години најверојатно ќе бидат вакцинирани против коронавирусот во почетокот на 2022 година. Досега вакцината беше дозволена за лица над 16 години.

Романија бара од Бајден повеќе НАТО сили на источното крило

претседателите на Полска и на Романија Анджеј Дуда и Клаус Јоханис

Членките на НАТО од Источна Европа се залагаат за поголемо воено присуство на источното крило на блокот, изјави романскиот претседател Клаус Јоханис по виртуелниот самит на тие држави на кој му се придружи и американскиот претседател Џо Бајден. „Загрижувачката ситуација во Црното Море, за која детално разговаравме, докажа дека мора да бидеме будни“, рече Јоханис во Букурешт. На самитот на „Букурешт Девет“, група европски земји на источниот раб на НАТО, заеднички домаќини беа Јоханис и полскиот претседател Анджеј Дуда, кој лично отпатува за Букурешт.

САД, Канада и Норвешка се приклучуваат на проектот за воена мобилност на ЕУ

До ова доаѓа откако Русија во минатиот месец собра десетици илјади војници на украинските граници и на Крим, што е најголема мобилизација откако Москва го зазеде украинскиот полуостров Крим во 2014 година и започна војната во источна Украина, каде Русија ги поддржува сепаратистите.

Израелски воздушни напади врз Газа, Хамас истрела ракети врз Израел

Израел изврши воздушни напади во Газа

Израел изврши воздушни напади во Газа, а палестинските милитанти лансираа ракети од густо населената енклава во текот на ноќта, во ескалацијата предизвикана од тензиите во Ерусалим. Палестински здравствени власти во Газа известија за 24 смртни случаи, од кои девет деца и над 100 ранети. Израелската војска соопшти дека извршила 130 напади како одговор на околу 200 ракети истрелани од Газа од Хамас и другите милитантни групи. Голем дел од ракетите истрелани од Газа беа пресретнати од израелскиот систем за одбрана „Железна купола“, но шест лица беа ранети во јужниот израелски град Ашкелон откако ракетите погодија две станбени згради.

Продолжуваат насилствата во Ерусалим

До ова дојде по судирите меѓу палестинските демонстранти и израелската полиција во Ерусалим. Хамас истрела ракети кон Ерусалим рано вечерта на 10 мај, додека Евреите го одбележуваа Денот на Ерусалим, што го означува израелското заземање на источните делови на градот во 1967 година. Претходно, на 10 мај, израелската полиција испука солзавец, шок-рачни бомби и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите кај џамијата Ал-Акса, третото најсвето место во исламот. Во судирите беа повредени околу 700 Палестинци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG