Достапни линкови

Вести

Брнабиќ: Покажавме дека сме солидарни во најтешките времиња

Премерката на Србија Ана Брнабиќ.

Покажавме дека сме солидарни во најтешките можни времиња – на Северна Македонија и испративме 8.000 вакцини на Фајзер и 40.000 вакцини Спутник В, што е за 24.000 граѓани, изјави српската премерка Ана Брнабиќ на ТВ Прва.

Таа додаде „дека ова нема никаква врска со политиката, но се надева дека ова "ќе не зближи во иднина“.

Владата размислува летово српските државјани да не плаќаат патарина

Денеска пак некои медиуми објавија вест дека за Велингденските празниците по враќањето од Црна Гора, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Унгарија, за српските граѓани задолжителен е ПЦР тест.

Ова го демантираше премиерката Ана Брнабиќ.

"Не е точно, не е сменето. Оние кои се ревакцинирани можат да влезат без ПЦР тест. За сите други на кои не им е потребен ПЦР тест, се државјани на Мини Шенген – Северна Македонија, Албанија, плус Унгарија и Бугарија" изјави Брнабиќ.

Инаку од утре во Србија малку се олеснуваат епидемиолошките мерки, а во меѓувреме 26 отсто од возрасните граѓани се вакцинирани со една доза, додека околу 19 отсто е ревакцинирани.

" Од утре угостителските објекти на отворено ќе работат до 22 часот. Се надевам дека ќе го вратиме животот во нормала до крајот на јуни", рече Брнабиќ.

Таa се осврна и антиваксерите и кажа дека, тие ја загрозуваат националната безбедност.

"Антиваксерите на социјалните мрежи ги загрозуваат безбедноста и животот на луѓето, шират паника, лажни вести и затоа ги уапсивме. Мислам дека тоа беше исклучително важна порака. Државата не може да апси луѓе кои размислуваат поинаку, а мирно се собираат на улиците", изјави Брнабиќ.

Како што кажа таа, од петте антиваксери што се приведени, едно лице било вакцинирано, а истовремено ширело лажни вести против вакцинацијата.

види ги сите денешни вести

Инстаграм ја одложи детската верзија на апликацијата по критиките за последици врз менталното здравје

социјални платформи, илустрација

Фејсбук денеска објави дека го прекинува развојот на детската верзија на апликацијата за споделување фотографии на Инстаграм, по широката критика и загриженост дека платформата може да му наштети на менталното здравје на младите луѓе.

Одлуката за одложување на апликацијата за деца под 13 -годишна возраст доаѓа кога Фејсбук се соочува со последиците од серијата „Волстрит Журнал“, која откри дека компанијата, според нивните сопствени истражувања, знаела за штетата што Инстаграм може да им ја нанесе на тинејџерките.

Објавата на Фејсбук следува само неколку дена пред сведочењето на еден од нивните директори на сослушувањето што го организираа американски сенатори за да ги испитаат „токсичните ефекти на Фејсбук и Инстаграм врз младите“.

Шефот на Инстаграм Адам Мосери изјави дека проектот кој е наменет за деца и има за цел да се создаде верзија на апликацијата под надзор на родителите, е погрешно разбран.

„Се уште цврсто верувам дека е добро да се изгради верзија на Инстаграм која е дизајнирана да биде безбедна за младите луѓе. Но, ние сакаме да одвоиме време за да разговараме со родители, истражувачи и експерти за безбедност и да постигнеме повеќе консензус за тоа како да одиме напред“, рече шефот на Инстаграм, Адам Мосери, за „NBC Today“.

Во писмената изјава, тој истакнува дека „подобро е родителите да можат да им овозможат на своите деца пристап до верзијата на Инстаграм што е наменета за нив“.

Иницијативата со неофицијалното име „Инстаграм деца“ предизвика критики од различни групи откако се појавија извештаи за нејзиниот развој на почетокот на оваа година.

Во мај, група американски сенатори побараа од Фејбук компанијата да ја прекине својата презентација, обвинувајќи ја фирмата „дека не ги заштитила децата на своите платформи“. Неколку американски пратеници одобрија да се стават проектите во мирување, но некои побараа целосна суспензија.

Израелскиот премиер во ОН: Иран е закана за светската безбедност

Израелскиот премиер во ОН, Нафтали Бенет

Новиот израелски премиер, Нафтали Бенет, денеска упати апел до Меѓународната заедница да се спротивстави на Иран, обвинувајќи го Техеран за унапредување на развојот на нуклеарно оружје и заканувајќи се дека неговата земја ќе преземе акција сама ако светот не го стори тоа.

Во својот прв говор на Генералното собрание на ОН, Бенет не го спомена деценискиот конфликт меѓу Израел и Палестинците, туку го означи Иран како закана за светската безбедност.

"Иранската нуклеарна програма достигна пресвртница, а исто така и нашата толеранција. Зборовите не ги запираат центрифугите", рече Бенет, кој го замени долгогодишниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху на изборите во јуни.

Бенет го претстави Израел како „светилник во турбулентното море“ на напнатиот Блиски Исток. Неговата порака, сепак, беше слична на онаа на Нетанјаху, бидејќи тој се фокусираше на најголемиот непријател на Израел, Иран.

„Големата цел на Иран е кристално јасна за секој што сака да ги отвори очите: Иран се обидува да доминира во регионот и се стреми да го стори тоа под нуклеарна заштита“, рече израелскиот лидер.

Тој меѓудругото го обвини Иран за вооружување, финансирање и обука на израелските непријатели низ целиот регион и додаде дека иранското мешање довело до катастрофи во Либан, Сирија и Јемен.

„Секое место што ќе го допре Иран пропаѓа“, рече израелскиот премиер, тврдејќи дека иранските активности му се закануваат на целиот свет, споменувајќи го развојот на беспилотни летала, за кои се тврди дека извршиле напади врз бродови во Персискиот Залив.

Иран ги негира ваквите обвинувања од Израел. Покрај тоа, израелските лидери тврдат дека договорот на големите сили со Иран од 2015 година не ја спречува таа земја да стане нуклеарна сила.

Шефот на црногорската полиција: Во Цетиње беше употребена пропорционална сила

илустрација, демонстрации против устоличувањето на митрополитот Јоаникије во Цетиње

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Сергеј Секуловиќ, изјави дека за време на демонстрациите во Цетиње поради устоличувањето на митрополитот на Српската православна црква, Јоаникиј, била употребена пропорционална сила.

„Употребата на сила беше пропорционална, секој поединечен случај ќе се испита сам за себе. Според мое мислење, настаните во Цетиње се последица на лошата политичка клима, недостаток на дијалог, брутален конфликт на повеќе фронтови што можеше да доведе до загуба на човечки животи. Тоа беше она од што се плашев тој ден “, рече Секуловиќ на расправата на собраниската комисија за безбедност .

Секуловиќ, исто така, изјави дека ова е една од најризичните ситуации од аспект на безбедноста и нагласи дека полицијата не ги пречекорила своите овластувања за време на интервенцијата.

Во меѓувреме владини претставници од безбедносниот сектор констатираа дека протестите во Цетиње на 4 и 5 септември против устоличувањето на митрополитот биле настан од висок ризик, но дека се поминало без сериозни последици.

Од друга страна, опозицијата ги обвинува властите дека користеле прекумерна сила во Цетиње, против демонстрантите, како што се употреба на солзавец, гумени куршуми и шок бомби.

Вицепремиерот Дритан Абазовиќ, обраќајќи им се на членовите на Комитетот за безбедност, изјави дека настаните во Цетиње поминале без жртви и сериозни повреди од двете страни. Абазовиќ процени дека секое друго сценарио тој ден ќе отворело огромни конфликти во Црна Гора.

Талибанците забранија бричење на брадата во Хелманд

илустрација

Талибанците им забранија на берберите во авганистанската провинција Хелманд да ги бричат или потстрижуваат брадите, велејќи дека тоа го крши нивното толкување на исламскиот закон.

„Секој што ќе го прекрши правилото ќе биде казнет“, соопшти талибанската верска полиција, а пренесува Би Би Си.

Некои бербери во главниот град Кабул изјавија дека добиле слични упатства.

Упатствата сугерираат враќање на строгите правила слични на оние што беа во сила за време на претходното владеење на Талибанците и покрај ветувањата за поблага форма на владеење.

Од преземањето на власта минатиот месец, Талибанците спроведоа остри казни. Во саботата, талибанските борци убија четворица наводни киднапери, а нивните тела беа обесени на улиците на западниот град Херат.

Во известувањето објавено во салони во јужната провинција Хелманд, талибанските власти предупредија дека фризерите мора да го почитуваат шеријатскиот закон за фризури и бради.

„Никој нема право да се жали. Борците постојано доаѓаат и ни наредуваат да престанеме да ги сечеме брадите“, рече бербер во Кабул.

Друг фризер, кој управува со еден од најголемите салони во градот, вели дека го повикал некој кој тврди дека е државен службеник и му било наложено да „престане да ги следи американските стилови“ и да не се бричи или бричи никоја брада.

За време на првото владеење на Талибанците од 1996 до 2001 година, тврдокорните исламисти забранија бричење брада и инсистираа мажите да ја пуштат брадата.

Нови 112 случаи на ковид 19, починале 13 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.726 тестирања, а регистрирани се 112 нови случаи на КОВИД-19. Најмногу новозаразени има во
Скопје – 82, Кавадарци – 8, Куманово – 6, Прилеп, Битола, Неготино и Крива Паланка – по 2, Тетово, Велес, Струмица, Кичево, Свети Николе, Ресен, Делчево и Македонска Каменица – по 1.

Регистрирани сe 419 оздравени пациенти.Во текот на изминатите 24 часа починале 12 лица, сите се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистерот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин, пријавено е уште едно лице, со датум на смрт 25.09.2021 година. Починатото лице е од Крива Паланка, на возраст од 77 години, починат во домашни услови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.279.154 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189.999 бројката на оздравени пациенти е 171.375, на починати е 6.607, а бројот на активни случаи изнесува 12.017

Вонредна состојба во регионот на Крит по земјотресот

Пожарникарите бараат луѓе по разурнувањето на црква на островот Крит кој беше погоден од земјотрес

Шатори со капацитет да згрижат 2.500 лица ќе бидат поставени во деловите погодени од земјотресот на Крит, а во поширокиот регион е прогласена вонредна состојба, соопшти министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис кој од утрово е на островот и додаде дека повредени се 12 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

„Заедно со градоначалникот, префектот и целиот тим на локалната самоуправа решивме да се постават шатори за сите семејства и сите луѓе кои не треба вечерва да се вратат во нивните домови. Можеме да згрижиме 2.500 лица“,изјави Стилијанидис и додаде дека за нив приоритет се човечките животи и да се избегне луѓето да ја поминат ноќта во објекти за кои постои сомнеж дека не се безбедни.

Во исто време, преку бројот за итни случаи 112 на Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, беше испратена порака до жителите на Крит да бидат претпазливи.

„Предупредувачка порака од Министерството за климатска криза и цивилна заштита. Силен земјотрес во вашиот регион, со континуирана сеизмичка активност. Не влегувајте во објекти што имаат било каква штета од земјотресот. Останете во состојба на готовност и следете ги упатствата на властите“, пишува во пораката.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на неговиот „Твитер“ профил напиша дека целиот државен механизам е во состојба на готовност за да помогне во справувањето со последиците од земјотресот на Крит, изрази сочувство до семејството на загинатиот, а на повредените им посака брзо закрепнување.

Земјотресот беше регистриран во 9 часот и 17 минути по локално време со епицентар на копно, 23 километри северозападно од градот Арви, што се наоѓа јужно од Ираклио, животот го загуби едно лице, а надлежните, на терен ја проценуваат материјалната штета. Во истиот епицентар, беа регистрирани низа други земјотреси, а за пет часа имаше осум земјотреси над 4 степени, од кои најсилниот беше со јачина од 4,8 степени.

Европол разби балкански картел кој ја снабдувал Европа со кокаин

илустрација, седиштето на Еуропол во Хаг, Холандија

По досега невидена меѓународна операција на агенциите за спроведување на законот од осум земји, обвинети се 61 член на балканскиот наркокартел, кој ја снабдува Европа со кокаин, објави хрватското Министерство за внатрешни работи .

Од тие 61, 23 биле уапсени (13 во Шпанија и 10 во Словенија), додека 2,6 тони кокаин, 324 килограми марихуана, 612.000 евра, девет луксузни возила и пет мотоцикли биле запленети.

Минатата година беа спроведени серија акции во рамките на работната група помеѓу Шпанија, Хрватска, Србија, Германија, Словенија, Босна и Херцеговина, САД и Колумбија, со координација на активностите предводени од Европскиот центар за сериозен и организиран криминал на Европол.

Оваа прилично мобилна криминална организација имала активни ограноци во неколку европски земји и главно се состоела од криминалци од Србија, Хрватска, Црна Гора и Словенија.

Европол ја формираше Работната група во јули 2020 година со цел да ги собере сите земји вклучени во координацијата на заедничката стратегија насочена кон распаѓање на целата мрежа. Оттогаш, Европол постојано ги обезбедува најновите разузнавачки податоци и анализи за да им помогне на теренските истражители.

Вучиќ на состанок со амбасадорите на Квинта: побарано смирување на кризата во Косово

граничен премин Јариње, септември 2021

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска ги прими амбасадорите на земјите членки на Квинта – САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и шефот на Делегацијата на Европската унија во Белград, кои побараа деескалација на кризата во северно Косово.

Како што соопштија од прес службата на српскиот претседател „во оваа прилика, претседателот Вучиќ ја објасни позицијата на Србија“.

„Посветени сме на зачувување на мирот и почитување на Бриселскиот договор, но никако нема да дозволиме понижување ниту на Србија, ниту на нејзините граѓани“, изјави претседателот Вучиќ.

Тема на состанокот беше кризата на северот на Косово. Откако Србите на Косово ги блокираа административните премини Јариње и Брњак, незадоволни што Приштина испрати специјални единици Росу на тие премини поради укинување на српските регистарски таблички, амбасадорите на Квинта минатата недела му понудија на претседателот на Србија предлог за решавање на ситуацијата, според која, како што тогаш кажа Вучиќ во обраќањето до јавноста, „ние малку ќе попуштиме, но ќе добиеме повеќе“.

Вучиќ тогаш изјави дека тој предлог го отфрлил бидејќи се работи за уцена и политика на свршен чин, на што не се согласува.

Стано: Ескобар во Брисел, за да се најде решение за кризата во северно Косово

Петер Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел

Главните преговарачи во дијалогот Белград-Приштина деновиве пристигнуваат во Брисел, потврди денес Петер Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел.

Тој индиректно потврди дека „како дел од општите дипломатски активности на ЕУ“, американскиот пратеник за Косово Габриел Ескобар ќе биде вклучен во напорите во Брисел да се најде решение за кризата во северно Косово, „што е корисен ангажман на САД во такви ситуации“.

„Треба двете страни да преземат чекори кои ќе водат до деескалација“, повтори Стано.

Стано рече дека тоа што се случува на северот на Косово во моментов не е добро за граѓаните на двете земји, ниту за граѓаните на регионот.

„Единствен начин да се постигне ЕУ иднина води преку дијалогот што го олеснува ЕУ, овој дијалог е тука да им помогне да ги изразат своите грижи и да стават крај на сите спорови на пријателски начин, што се однесува до последните тензии цело време велиме дека наместо унилатерални чекори треба да се искористи ЕУ дијалогот“, рече портпаролот.

Комисијата смета дека дијалогот не е неуспешен и дека е можно да се изнајде решение.

Унгарија потпиша договор со Газпром за испорака на гас

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто

Унгарија потпиша нов долгорочен договор за снабдување со гас со рускиот енергетски гигант „Газпром“, кој е под државна контрола. Будимпешта минатиот месец соопшти дека се договорила со Москва за сите услови за да стапи на сила новиот долгорочен договор за снабдување со гас од 1 октомври.

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, на крајот на август рече дека времетраењето на договорот со Газпром ќе биде 15 години, со клаузула за промена на купените количини по 10 години, додавајќи дека и цената е договорена.

„Газпром ќе испраќа 4,5 милијарди кубни метри природен гас во Унгарија годишно“, рече Сијарто.

Според него, ќе се се користат две рути, при што 3,5 милијарди кубни метри ќе доаѓаат преку Србија и 1 милијарда кубни метри преку Австрија.

Пендаровски: Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој

Претседателот Стево Пендаровски

Според моето длабоко уверување, нашите денешни главни предизвици се во најголем дел, структурно поинакви, меѓутоа, не се помали по тежина и по значење од оние во 1990-тите. Многу начелно, ги класификував во три групи, иако, се разбира, во стварниот живот, тие воопшто не се прецизно поделени. Во првата се старите предизвици кои за нас ќе бидат актуелни и по 50 години, имајќи ја во предвид внатрешната структура на нашето општество. Во втората се за нас сеуште нови, а за светот стари проблеми кои со нив се бави со децении, и во последната ги поставив новите појави и закани и за нас и за светот, иако и тука, за жал, светот оди понапред многу побрзо од нас.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на свечениот научен собир „Современата македонска држава- две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”, кој се одржува во организација на МАНУ под негово покровителство.

Надворешната интегрираност, според него, е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет. Во тој дел, како што рече, забележан е видлив напредок со Договорот од Преспа без да ги загрози виталните идентитетски маркери на македонската нација. Договорот со Бугарија од 2017-та, како што посочи, е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга.

Во втората група се економскиот развој и правната држава, кои според него, главните причини за брановите на иселување кои не стивнуваат 30 години.

Предизвиците во третата група се релативно нови и за светот и затоа тука, како што наведе Пендаровски, земјата има шанса со паметни политики да фати чекор побрзо отколку кај традиционалните предизвици во развојот на демократска политичка култура и систем, каде што назадување бележат дури и некои стари демократии.

„Реално, ништо од ова нема да биде можно ако не го намалиме нивото на политичка поларизација каде што изборниот победник ги алиментира своите членови, а свесно се лишува од придонесот на оние кои не гласале за него. Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме“, рече Пендаровски.

Поздравни обраќања на отворањето на научниот собир имаа и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.

Иванов: Пандорината кутија е отворена, постојат прашања за кои не се преговара

Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов

Денес на Република Македонија повеќе од кога и да е и се потребни луѓе, кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци. Дека се македонски народ. Сега ни се потребни луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината. Ова го порача во поздравното видео обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“, поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Тој порача и дека Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира, она што е наше стекнато право.

„Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував, ниту потпишав таков договор“, изјави Иванов.

Според него, невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.

„Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината“, изјави Иванов.

Поздравни обраќања на отворањето на научниот собир имаа и актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.


Рама: Косово е во право за реципроцитетот, Србија е театрална

Премиерот на Албанија, Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама за време на посетата на Косово изјави дека земјата има целосно право по прашањето на реципроциетот со Србија и воведувањето времени регистерски таблички за возилата кои влегуваат од таа држава. На зедничката прес конференција со косовскиот премиер Албин Курти, тој порача дека дијалогот е единственото решение за сите спорови. Според Рама, реакциите на Белград на испраќањето косовски специјалци на граничните премини заради спроведување на одлуката за времени таблички се „театрални“.

„Еден од приоритетите на Албанија, како полноправна членка на ООН, ќе биде поттикнувањето на формалното признавање од сите. Србија треба да ја прифати таа реалност и за жалење се театралните воени маневри на Србија на суверената граница на Косово. Тие маневри не ги штитат српските граѓани, северот на Косово, како што претендира раководството на официјален Белград или духовите на поразената војска во војната пред 20 години, небаре се кренале од гроб со претензијата дека се брани интегритетот и безбедноста на српските граѓани во Косово“, рече Рама.

Тој додаде дека ставот на Албанија останува непроменет и дека Косово е во право.

„Треба да се води сметка со специјалните единици, да не се предизвика проблем меѓу Косово и меѓународните пријатели. Албанија е убедена дека единствено решение е дијалогот. До премиерот (Кури) и до Владата е како ќе ја третираат оваа чувствителна ситуација, но ова е и можност да се каже дека е потребен рамноправен дијалог“, рече Рама.

Посетата на Рама следи по поканата што неодамна му ја упати Курти, кога му честиташе за неговиот трет избор за премиер на Албанија.

Црвенковски: Македонија е корумпирана држава

Бранко Црвенковски

Македонија е корумпирана држава, а во корумпирана држава нема еднаквост пред закони, нема фер пазарна економија, нема квалитетно образование, каде што дипломите се заслужуваат, а не се купуваат, нема ни квалитетно здравство, ниту доверба во институции, изјави поранешниот претседател Бранко Црвенковски на свечениот научен собир „Современата македонска држава- две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година во МАНУ.

„Во корумпирана држава нема доминантен систем на општествени вредности за да се исчекори напред. Второ, Македонија е внатрешно длабоко конфронтирана и поделена држава, во која партиите не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели што треба да се уништат меѓу себе и во која не може да се постигне консензус за ниту едно битно прашање. И трето, Македонија е држава која живее на кредити, а кој живее на кредит, умира на рати. А, каде завршија парите од тие кредити-дали во инфраструктура, во подигање на квалитетот на јавното здравство. Факт е дека голем дел од овие средства отидоа во апсолутно непродуктивни трошоци“, рече Црвеновски.

Според него, корупцијата, длабока поделеност на општеството и голема задолженост се основните проблеми на државата. Тој го повика актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше советник во претседателски кабинет на Црвеновски да покрене иницијатива за национална платформа, која ќе ги дефинира клучните проблеми и цели на државата, со прецизни рокови за нивно исполнување. До платформата, како што порача Црвенковски, би требало да се придржуваат сите политички субјекти, независно од тоа дали се на власт или во опозиција.

Црвенковски порача и дека треба да се направи разлика меѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој истакна дека Преспанскиот договор го смета за помало зло, кое затворило едно прашање, додека договорот со Бугарија ја отворил Пандорината кутија.

Брнабиќ: ЕУ не прави ништо по прашањето за Косово

Српската премиерка Ана Брнабиќ

ЕУ во моментов „не прави ништо, или прави многу малку“ по прашањето за Косово, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.

„Немам ништо добро да кажам за однесувањето на Европа, за однесувањето на ЕУ и пред се мислам дека тоа (договорот од Брисел) е прашање на ЕУ. Нивниот потпис е на бриселскиот договор“, изјави Брнабиќ за ТВ Пинк.

Според неа, договорот е јасно прекршен на Косово, бидејќи северот на Косово не смее да има специјални единици на РОСУ, а ниту девет години по тој договор не е формирана Заедницата на српски општини. Таа порача и дека Брисел молчи за кршењето на договорот.

„И тогаш (ЕУ) кажа на еден од состаноците во Њујорк каде што бев, „што би можеле да сториме за да дојде до деескалација? Па, можете да го почитувате својот збор, можете да го направите тоа. За почеток, по речиси девет години, да кажете ,,кога сте гарант на Бриселскиот договор, да ја гарантирате неговата имплементација, а она што во моментов го имаме ќе исчезне за пет минути“, рече Брнабиќ.

Брнабиќ оцени дека разговорот меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг не бил пријатен и дека косовскиот премиер Албин Курти „сонува“ да ги протера Србите од Косово. Според неа, ситуацијата треба да се врати на состојбата пред доаѓањето на специјалните косовски сили на Јариње и потоа да се седне и да се разговара.

Вархеји в среда во Скопје

Еврокомесарот Оливер Вархеји

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во среда ќе отпатува за Скопје, а информацијата ја потврдиле и службите на Европската Комисија.
Се уште не се знае неговата агенда, но, тој ќе се сретне со премиерот Зоран Заев.
Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ.

Ден пред Вархеји во Скопје ќе биде и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, таа исто така ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и ќе разговара за спорот со Бугарија и негово надминување.

Од денеска трета доза вакцина, без термин и на сите вакцинални пунктови

Вакцинација

Министерството за здравство информира дека почнувајќи од денеска, со трета доза вакцина може да се вакцинираат, здравствените работници, граѓаните над 60 години, и лицата кои имаат имунокомпромитирана здравствена сoстојба, а кај кои има поминато 6 месеци од примената ревакцина.

Во текот на минатата седмица, според соопштението, јавните здравствени организации биле информирани дека здравствените работници независно од возраста, може да примаат трета доза вакцина, во кој било од вакциналните пунктови во земјава.

Трета доза вакцина, како што се наведува, може да примат и граѓаните кои се вакцинирале во странство. Тие, задолжително на вакциналните пунктови, претходно ќе мора да приложат валиден документ од примените две дози вакцина, како би биле евидентирани во националниот систем Мој Термин.

Трета доза вакцина може да се прими без да се закажува термин, како што е и за првите две дози. Вакцинацијата со трета доза се спроведува на сите вакцинални пунктови во државата, каде во тек е вакцинација и ревакцинација.

Економијата на Авганистан пред колапс

Илустрација

Норвешкиот совет за бегалци предупреди дека економијата на Авганистан е пред колапс и земјата се соочува со хуманитарна катастрофа по преземање на власта која сега е предводена од Талибанците.

„Економијата на Авганистан излегува од контрола. Формалниот банкарски систем може да пропадне во секој момент поради недостаток на готовина. Разговарав со семејствата кои ми велат дека преживуваат со чај и мали остатоци од стар леб “, рече генералниот секретар на советот, Јан Егеланд, за време на денешната посета на Кабул.

По колапсот на владата поддржана од Западот минатиот месец во пресрет на офанзивата на Талибанците, многу влади ги замрзнаа имотите и помошта на Авганистан, за да донесат одлука што треба да се преземе кон новите владетели, што предизвика влошување на економската ситуација.

„Стотици илјади внатрешно раселени луѓе имаат очајна потреба од засолниште, облека и храна за да ја преживеат зимата што доаѓа. Ние сме во трка против времето за да спасиме животи пред да дојде суровата зима и температурите да се спуштат до -20 Целзиусови степени. Стотици илјади раселени луѓе итно имаат потреба од засолниште, топла облека и храна во наредните недели“, рече Егеланд.

Од јануари, повеќе од 664.000 луѓе низ Авганистан се раселени, со што вкупниот број на внатрешно раселени лица се искачи на 3,5 милиони, се вели во соопштението на советот.

Според соопштението, еден од секој трет граѓани во земјата е „акутно гладен“, а повеќе од 93 проценти од авганистанските домаќинства немале доволно храна во изминатата недела.

„Донаторите мора да се фокусираат на обезбедување брзи и ефикасни решенија за давање итна помош за деца, жени и мажи, кои едноставно не можат да чекаат повеќе“, се додава во соопштението.

Во него се наведува и дека повеќе од 18 милиони од проценетите 32 милиони жители на земјата се потпираат на хуманитарна помош за да преживеат.

Претходно овој месец, меѓународната заедница вети повеќе од 1,2 милијарди американски долари хуманитарна помош за Авганистан. Земјата беше во голема мера зависна од меѓународно финансирање во последните 20 години, при што три четвртини од целиот буџет за јавни трошоци доаѓаа од помош.

Претседателката на ЕК утре во посета на Скопје

Средба на премиерот Зоран Заев и на Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во Брисел

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утре е во посета на Македонија, а ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата.

Двете делегации, според агендата, е превидено да го посетат МКЦ, а во кино Фросина ќе се одржи заедничка прес-конференција на премиерот Заев и претседателката на ЕК фон дер Лајен.

Портпаролот на Европската Комисија, Ерик Мамер, претходно најави дека Урсула фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија.

„Претседателката оди на Западен Балкан да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот, ова се партнери на ЕУ со кои имаме многу силни врски и посетата ќе биде прилика да се разговара за овие односи вклучително и тоа билатерално прашање“, рече Ерик Мамер, зборувајќи за македонско-бугарскиот спор.

Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан почнувајќи од Албанија и Северна Македонија. Посетата на регионот е една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот.

Бугарија од крајот на 2019 година го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Двете земји во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но претставници на двете земји периодов меѓусебно се обвинуваат за прекршување на спогодбата.

Коцарев: Македонската држава, идентитет, јазик и култура ќе опстојат

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев

Одбележувањето на големиот јубилеј-м30 годишнината од независноста на државата и 80 години од македонската антифашистичката борба се повод, уште еднаш да се навратиме на цивилизациските придобивки на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската наука и на македонската уметност, коишто опстојуваат на овие простори, во и надвор од денешните граници повеќе од илјада години. Ова го порача во поздравното обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев.

„Во својата историја македонскиот народ бил главно под четири господари: над четири и пол века под Византијаа, близу еден век под Бугарија, близу еден век под Србија и пет и пол века под Отоманската Империја. Денес сите тие империи, царства и кралства се распаднати и исчезнати, а она што е останато во времето и просторот се македонското духовно и материјално наследство. Значи повеќе од илјада години ние Македонците сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето со она што најнеуништиво, со својот збор, со својот уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци“, порача Коцарев.

Според него, радоста, гордоста и спокојот за тридецениската независност не произлегуваат од политичките околности, кои како што рече, не се добри.

„Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не, на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме. Радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат“, изјави Коцарев.

На првиот ден од собирот, како што е најавено, ќе се обратат актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.

Свечениот научен собир, во организација на МАНУ е во рамки на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на државата. На настанот учество ќе земат повеќе академици, историчари и научни работници, на повеќе работни сесии поделени во два дена.

Една лице загина во земјотресот на грчкиот остров Крит

Островот Крит

Земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала го погоди пристанишниот град Ираклио на грчкиот остров Крит утрината, при што загина човек кој работел во црквата што се урнала, објавија властите. Земјотресот се почувствувал на целиот остров, како и на островот Санторини, популарна дестинација за одмор, северно од Крит. Според локалните медиуми, жителите на градот Ираклио ги напуштиле домовите и објектите.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар и Геолошкиот институт на САД прелиминарно соопштија дека земјотресот бил со јачина од 6,0 степени, со епицентар на седум километри северно од селото Трапсано. Вообичаено е различни сеизмолошки институти да даваат различни степени за земјотрес во првите часови и денови по настанот.

Преку Егејското Море во Турција, земјотресот бил почувствуван и долж крајбрежјето во округот Даца.

Попишани 1.619.857 лица

Илустрација

Државниот завод за статистика денеска информира дека вкупно 1.619.857 лица, 503.491 домаќинство и 711.695 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера. Можноста за самопопишување на лица во странство, досега ја искористиле 198.589 граѓани од дијаспората.

Денеска е 23-тиот ден од Пописот 2021 и до крајот остануваат уште три дена пописни активности. Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини што ги отвори Државниот завод за статистика. Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.

Албанскиот премиер Еди Рама во официјална посета на Косово

Албанскиот премиер Еди Рама зборува за време на дебатата во парламентот во Тирана, 16 септември 2021 година

Премиерот на Албанија Еди Рама денеска ќе престојува во официјална посета на Косово, објави Владата на Косово. По приемот со државни почести, делегацијата предводена ќе се сретне со делегацијата предводена од косовскиот премиер Албин Курти, по што ќе следи заедничка прес -конференција.

Самоопределување: може да разговараме со Рама за други теми, но не и за Отворен Балкан

Премиерот на Албанија ќе се сретне и со претседателот на Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Собранието на Косово, Гљаук Коњуфци и лидерите на политичките партии. Рама доаѓа во Косово откако го освои третиот мандат како шеф на албанската влада.

Ескобар доаѓа во Брисел на разговори поради ситуацијата на северот на Косово

Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар

Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар неделава ќе пристигне во Брисел за да разговара со европските партнери за актуелната ситуација во северно Косово. Соединетите држави работат со ЕУ, НАТО и владите во Белград и Приштина „да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата и избегнување дејствија што ги зголемуваат тензиите, го загрозуваат напредокот постигнат во дијалогот со посредство на ЕУ и негативно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните “, рече портпарол на Стејт департментот за РСЕ, додавајќи дека: „Соединетите држави продолжуваат да поддржуваат тесна регионална соработка со цел да се отстранат сите пречки за слободно движење, трговија и инвестиции од кои ќе имаат корист сите граѓани на Западен Балкан“.

Седми ден протести во северно Косово, надлетуваат српски воени авиони, војската ја зголеми борбената готовност

Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија во минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички. Бројни Срби од северно Косово оттогаш ги блокираа патиштата кон Јариње и Брњак, по кои може да се помине само пеш. Приштина ја усвои новата мерка откако истече петгодишниот договор на 15 септември, според кој Косово се согласи да ја продолжи валидноста на регистарските таблички издадени од српските власти за градовите на Косово.

Земјотрес со сила од 5,8 степени на грчкиот остров Крит

Земјотрес со сила од 5,8 степени беше регистриран денеска, јужно од градот Ираклио на грчкиот остров Крит, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија. Според локалните медиуми, жителите на градот Ираклио ги напуштиле домовите и објектите, а според првичните информации, земјотресот траел долго и бил почувствуван на целиот остров.

Земјотрес со сила од 5,8 степени според Рихтер го погоди Мелбурн

Земјотрес со сила од 5,8 степени според Рихтер го погоди Мелбурн
Земјотресот беше регистриран во 9 часот и 17 минути по локално време, епицентарот е на копно, а не во морскиот дел, 23 километри северозападно од градот Арви, што се наоѓа јужно од Ираклио. Засега, нема информации за повредени, жртви или материјална штета.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG