Достапни линкови

Вести

Нема нови рестрикции, во сила остануваат постоечките мерки

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Комисијата за заразни болести по увидот на епидемиолошката состојба денеска соопшти дека нема да има дополнување на мерките за заштита од коронавирусот и дека во сила остануваат веќе донесените мерки за заштита.

Мерката за забрана за движење во периодот од 22 часот навечер до 5 часот наутро ќе трае до 6 април.

Нови мерки не се предлагаат, а надлежните институции апелираат на почитување на мерките за заштита со носење маски и одржување дистанца, како и почитување на протоколите.

Граѓаните поделени за ковид вакцинацијата

Комисијата за заразни болести оваа одлука ја донесе по согледувањата на новозаразените во последните неколку дена. Нов состанок на Комисијата се најавува за во вторник.

види ги сите денешни вести

Инспекторите бараат прием кај Заев по најавата за разрешување на Пауновски

Инспектори на терен

Инспекторите од Пазарниот Инспекторат денеска се организираат да бараат прием кај претседателот на Владата Зоран Заев по неговата најава дека има основ за разрешување на директорот на државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски. Како што објави Телма, инспекторите од сите градови се на пат кон Скопје и собираат петиција за да спречат разрешување на нивниот директор, и не исклучуваат протести против разрешувањето.

„Недозволиво е секој ден преку медиумите да водите полемики со потпретседателот на Владата, а сега гледам и со претседателот на Владата. Тоа е пркос кој не е дозволен. Во Владата има хиерархија, се знае како тоа треба да функционира“, изјави денеска Заев.

Заев: Постои основа за разрешување на државниот инспектор Пауновски

Прераспределбата на рамковните адмнистративци доведе до отворен судир меѓу премиерот Заев и првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Пауновски. Откако тој одби да прими дел од административците поради несоодветно образование, премиерот денеска му порача дека „пркос“ не е дозволен и дека ќе биде побарано негово разрешување.

Во заедничкото соопштение на вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски по повод денешните случувања, се наведува дека спроведувањето на решението за вработените според К5 програмата е распределено хоризонтално и солидарно со вклученост на дури 237 институции и до сега ниту една не одбила да учествува во решението, туку се барале модалитети и начини истото да се спроведе.

„Согласно Законот за преземање административни службеници, 1.349 вработени според програмата за правична застапеност конечно се распределуваат на конкретни работни задачи во вкупно 237 институции. Тоа не се нови вработувања, туку станува збор за решение со кое државата конечно обезбеди конкретни ангажмани за вработени лица кои со години беа причина за незадоволство кај јавноста од една страна, а кои во исто време не добиваа никакви работни задачи од институциите“ се вели во заедичкото соопштение на двајцата функционери.

Жестока реакција на норвешко аташе по изјава на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Македонски контигент во Кабул

Потполковникот Егил Далтвејт од норвешкото одбранбено аташе денеска ги демантира информациите изнесени пред два дена од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во Собранието, дека норвешки воени експерти оцениле оти македонскиот главен хирург, предводник на македонскиот тим, не знае да изврши основни хируршки операции. Тој во писмената реакција посочува дека тоа што пратеникот Стојаноски тврдел дека поседува информации од норвешки воен извештај била наведена таква оценка е неточно.

„Има многу проблеми во неговата изјава. Прво, нема таков извештај, и ако го имаше, можам да ве уверам дека чувствителните воени извештаи во норвешката армија не се достапни на други, освен на оние кои треба да ги знаат“, вели во соопштението норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт.

Дополнително потполковникот прашува дали Стојаноски сам ги смислил овие информации или некритички ги прифатил од друг и пренесува во јавност .

„Ако обвинувањата беа точни, вашиот тим немаше да биде на должност во Кабул одговорен за спасување на животите на сојузничките и норвешките војници кога е потребно. Трето, изнесувањето обвиненија против некој што е во воена зона, кој и служи на својата земја и на нашата Алијанса од безбедна и привилегирана позиција, како пратеник во македонскиот Парламент, според мене како офицер и одбранбено аташе, е тотално неприфатливо“, се вели во писмената реакција на потполковникот Далтвејт.

Норвешкото аташе побарало и јавно извинување, но наместо тоа добиле маил од Стојаноски во кој ги обвинува медиумите за тоа што го кажал во Собранието, како да не е одговорен самиот за своите зборови.

„И тој само ми се извини што ги повредил моите чувства. Тој не им се извини јавно на членовите на службата што ги навреди, ниту на Норвешка и на норвешката војска. Затоа, ја давам оваа изјава за да ги изнесам фактите во јавноста“, истакнува норвешкиот потполковник.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, на 39 собраниска седница во својот говор истакна дека министерство за одбрана треба да внимава какви лица се испраќаат во овие мисии оти тие ја претставуваат нашата држава. Тој го посочи случајот со испраќањето на медицински тим во Кабул обучуван во Норвешка, чии припадници, како што рече, од норвешките стручни лица биле оценети дека не може да ја извршуваат работата самостојно.

Таквата дискусија следуваше по донесување на две одлуки за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации УНИФИЛ во Либан.

Прага и Москва со договор за намален број на дипломати во амбасадите

Рускиот амбасадор во Прага по состанокот во министерството за надворешни работи

Чешкиот министер за надворешни работи Јакуб Кулханек изјави дека бројот на персонал в амбасадите ќе биде ограничен на 32. Ова доаѓа во период кога растат тензиите меѓу Русија и Чешка околу наводната улога на Москва во смртоносната експлозија во Чешка во 2014 година во складиште за оружје.

„Чешката и руската амбасада ќе може да имаат седум дипломати и 25 административни и технички персонал,“ изјави тој за чешките медиуми.

Кулханек во интервјуто посочи дека на Русија и е даден рок до крајот на мај да го намали бројот на амбасадорски персонал од 63 вработени лица. Тој исто така изјави дека промените нема да влијаат на бројот на дипломати и административни службеници во руските конзулати во Брно и Карлови Вари, како и на чешките конзулати во неколку руски градови.

Прага ѝ даде рок на Москва да ги врати протераните дипломати

Претходно, чешките власти соопштија дека на Русија нема да им биде дозволено да имаат повеќе дипломати во Прага отколку Чеси во Москва. Разгорувањето на спорот дојде по протерувањето на 18 руски дипломати кои беа посочени како шпиони. Москва наредниот ден возврати со протерување на 20 чешки државјани вработени во чешката амбасада во Русија.

Чешките власти тврдат дека двајца руски разузнавачи кои се обвинети за труење со нервен гас во Велика Британија во 2018 година, стојат и зад експлозијата во склад со муниција во Чешка во 2014 година, при која загинаа две лица.
Русија остро ги демантираше таквите наводи.

Избодена до смрт полицска службеничка во Франција

Француските власти соопштија дека полицајка денеска е избодена до смрт во близина на Париз, по што напаѓачот бил застрелан од нејзините колеги. Според властите, мотивите на напаѓачот засега не се познати. Новинарските извештаи укажуваат дека жената била нападната и прободена во грлото.

Засега во истрагата за овој случај не е вклучено обвинителството за спречување на тероризам. Во изминативе неколку денови полицајците во Франција честопати беа жртви на смртоносни напади предизвикани од исламски екстремисти.

Нема напредок по средбата на македонско-бугарската комисија

Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија

Поради долгата и исцрпна дискусија за учебниците, темата за заедничко чествување на Гоце Делчев не беше воопшто дискутирана на македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Во соопштението од Министерството за надворешни работи е наведено дека по долгата дискусија која се водеше он лајн во текот на денешниот и вчерашниот ден остануваат големите разлики во пристапот и погледите како да се формулираат препораките за учебниците по историја.

„Од македонската страна беа предложени неколку идеи како да се надминат точките во учебниците кои имаат потенцијал да ја политизираат историјата и со тоа да поттикнуваат нови или ги одржуваат во живот политичките спорови. Македонската страна ќе продолжи да инсистира на почитување на принципите и препораките на УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни меѓународни и академски институции како најсоодветен начин за надминување на историските спорови и деполитизирање на историјата и историското образование и исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во 2017 година“ се вели во соопштението.

Технички состанок на македонско-бугарската историска комисија

На оваа средба се разговарало за забелешките на бугарските членови на комисијата за македонските учебници по историја за седмо одделение, откако на претходната средба се дискутирало за бугарските учебници за 6 одделение.
Следната средба е закажана за 10 и 11 јуни на која ќе треба да се се усвои и Вториот годишен извештај, кој е неопходен за да се одржи меѓувладината конференција.

„МГ Фешн“: Ќе тужиме ако има суспензија на ДУП-от за плацот спроти Холидеј Ин

Прес конференција за парцелата1.1 спроти хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје

Компанијата „МГ Фешн“ соопшти дека доколку Општина Центар донесе одлука за суспензија на деталниот урбанистички план со кој е засегната „МГ Фешн“ како инвеститор на проектот „Гранд Скопје, компанијата има основа за целосно легитимна правна постапка за претрпена штета.

Евентуалното прифаќање на иницијативата да се искористи законската можност за суспензија на планот за градење, од страна на Општина Центар, како што посочуваат, ќе предизвика огромна материјална штета по нив како инвеститор.

„Штетите кои ние како инвеститор ги трпиме од неуставно и незаконски попреченото право на градба кое произлегува од правото на сопственост, и тоа врз основа на важечки ДУП донесен во законита постапка, се проценети на десетици милиони евра и таа штета потенцијално ќе падне на товар на општината. Според законот, за урбанистичките планови од локално значење штетите ги сноси единицата на локалната самоуправа, односно Владата, за урбанистичките планови од државно значење“ се вели во соопштението на МГ „Фешн“.

Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темели иницијативата за суспензија, додаваат, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување.

„Не само што штетата не е докажана, туку и на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните“ се вели во соопштението.

Законски опции за спречување на градбата на парцелата кај Холидеј Ин

Бетонско чудовиште или урбан „зелен објект“ ќе никне спроти „Холидеј Ин“

Деталниот урбанистички план, посочуваат, е донесен во законита постапка, во која од страна на вклучените органи Град Скопје, Министерство за транспорт и врски била проверувана усогласеноста на планот со плановите од повисоко ниво, вклучително и Генералниот урбанистички план, по што по спроведена јавна анкета истиот план бил донесен, а сé до донесување на нов, додаваат, на важност е посточекиот детален урбанистички план. Идејното решение, кое е одобрено од Општина Центар, информираат, е со параметри кои се 55 проценти помали од предвидените со важечкиот ДУП .

Нови 33 починати од ковид-19 и 489 новозаразени со коронавирус

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминатото деноноќие се регистрирани 33 починати пациенти од последици од ковид-19 и евидентирани се 489 нови случаи на заболени со коронавирусот од направени 2.841 тестирања, соопштуваат од министерството за здравство. Од пријавените 33 починати пациенти, 15 се од Скопје од кои најмладиот имал 47 години додека најстариот починат пациент бил на 80 годишна возраст.

Најголем број на новозаразени со ковид -19 се забележани во Скопје 155, потоа во Битола – 52 и Куманово – 47. Вкупната бројка ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 149.710, бројката на оздравени пациенти е 127.139, на починати е 4.628, а бројот на активни случаи изнесува 17.943.

Бугарија во мај ги отвора границите

Плажа во Бугарија

Бугарија ќе ги отвори границите за странски државјани од 1-ви мај. Влезот во Бугарија ќе биде дозволен со потврда за вакцинација против Ковид-19; со негативен PCR или антиген тест; со документ за прележана инфекција со коронавирус не постар од шест месеци од датумот на влез во земјата. Ова денеска ги изјави бугарскиот министер за здравство во оставка Костадин Ангелов.

„Се обидуваме да ги направиме мерките слични на нашите соседни земји и скоро истите што ЕК најверојатно ќе ги воведе за целата ЕУ на крајот на мај со задолжителна регулатива“ изјави главниот државен инспектор за здравство Ангел Кунчев.

Грција се отвора на 14 мај – вакцина, ПЦР-тест или прележаност за влез во земјата

Претходно Грција соопшти дека од 14 мај ќе биде дозволен влез на странски државјани .

Kовид-пасоши во најава, интересот за вакцинација расте

Анкета на МЦМС: Најдобри се градоначалниците на Кавадарци, Гостивар и на Куманово.

Луѓе.Скопје.

Половина од граѓаните сметаат дека нивниот градоначалник не заслужува да биде реизбран.

Ова го покажуваат резултатите од последното истражување на МЦМС "Доверба во Владата и локалните избори" што го спровела агенцијата „М-проспект

Вкупно 57,0 отсто од етничките Албанци сметаат дека нивниот градоначалник заслужува да биде реизбран за разлика од 37,9 проценти од етничките Македонци.

Симпатизерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат спротивни ставови за реизборот на градоначалниците. 81,8 отсто од симпатизерите на СДСМ сметаат дека градоначалниците заслужуваат нов мандат, додека 87,0 проценти од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека тие не заслужуваат да бидат реизбрани.

Според резултатите од направеното истражување на МЦМС, најдобри градоначалници се Митко Јанчев, градоначалникот на Кавадарци, Арбен Таравари на Гостивар и Максим Димитриевски, на Куманово.

Анкетата покажала и дека мнозинство од граѓаните (56,6%) немаат доверба во Владата, односно 38% целосно, а 18,6% донекаде немаат доверба, додека извршната власт ја ужива довербата на 42% од граѓаните.

Навални го прекинува штрајкот со глад

RUSSIA -- Russian opposition leader Aleksei Navalny stands in a cage in the Babuskinsky District Court in Moscow, February 20, 2021

Затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални кажа дека ќе стави крај на штрајкот со глад што го започна минатиот месец поради неговото лекување во затворот велејќи дека „постигнал доволно“.

Критичарот на Кремаљ, кој го започна штрајкот со глад на 31 март, на објава на Инстаграм денеска потврди дека е во лоша здравствена состојба и дека продолжува да бара да биде прегледан од неговите лични лекари поради акутна болка во грбот и нозете.

Навални беше преместен од затворот во амбулантата во друг близок затвор минатиот викенд, откако Анастасија Василeева, личен лекар на Навални и шеф на синдикатот на руската алијанса на лекари, и уште тројца други лекари, вклучително и кардиолог во писмо испратено до Федералната казнено-поправна служба на Русија наведоа дека неговата состојба брзо се влошила и дека може да претрпи срцев удар „секоја минута“.

Вчера , тие го повикаа Навални да го прекине штрајкот со глад, велејќи дека ако тој „продолжи дури и малку подолго да штрајкува , едноставно нема да имаат пациент кој ќе треба да го лекуваат.

„Лекарите, на кои им верувам целосно, вчера издадоа изјава во која се вели дека тие и јас постигнавме доволно за да го запреме штрајкот со глад“, рече тој во објавата, повикувајќи се на изјава објавена на веб-страницата „Медијазона“ на 22 април од неговите лекари.

Навални пренесен во затворска болница во близина на сегашниот затвор

Навални беше уапсен во јануари при неговото пристигнување од Германија, каде се лекуваше откако му се слоши на лет во Сибир. Потоа во европските лаборатории беше дефинирано дека е отруен од нервен агенс Новичок. Навални го обвини рускиот претседател Путин дека го нарачал труењето. Кремљ тоа го негира.

На инфективните одделенија се лекуваат 1581 ковид пациенти

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство соопшти дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава е 1581, а оти има околу 440 празни болнички кревети

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 942 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а во Скопје на инфективните одделенија се лекуваат 639 лица, додека во ковид-центрите во Скопје за едно деноноќие се хоспитализирани 52 нови пациенти поради компликации од корона вирусот.

Здравствените власти, исто така, информираат дека во изминатите 24 часа дома се пуштени 57 оздравени пациенти. Тие посочуват дека во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваaт 263 пациенти.

Голем дел од пациентите во главниот град како што, истакнуваат од Министерство за здравство, се на кислородна поддршка.

"Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 113 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места", информираат од Министерството од каде е додават дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.

Заев: Постои основа за разрешување на државниот инспектор Пауновски

Премиерот Зоран Заев

Стојко Пауновски е мој личен пријател, но јас ќе барам од службите од Владата, од вицепремиерот Љупчо Николовски, доколку постои основа за негово разрешување, да биде покрената постапка за неково разрешување.

Ова го изјави премиерот Зоран Заев откако директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски кажа дека и по цена да биде разрешен, тој нема да ги прифати сите 35 рамковно вработени.

„Недозволиво е секој ден преку медиумите да водите полемики со потпретседателот на Владата, а сега гледам и со претседателот на Владата. Тоа е пркос кој не е дозволен. Во Владата има хиерархија, се знае како тоа треба да функционира“, рече Заев.

Заев смета дека постои основа за разрешување на Пауновски и очекува службите да покренат постапка.

Тој нагласи дека тоа се наши сограѓани, кои долго не работеа и земаа плата, а сега се прераспределени согласно нивните квалификации“, рече Заев.

Соопштувајќи ги актуелните бројки за „рамковните“ вработувања, премиерот рече дека 1349 луѓе беа дел од процесот, 1182 прифатиле распоредување во институциите, 38 одбиле и одат на трансфер листа, додека 13 сами дале отказ

Досега неколку институции реагираа дека наложените вработувања кои им ги испорача Министерството за политички систем, како дел од прераспределбите на вработените по Рамковен договор, не одговараат со потребите и систематизацијата

Пауновски ,пак, денеска во изјава за Слободен печат кажа дека ако премиерот Зоран Заев не го разбира, слободно може да го разреши на наредната владина седница.

"Ми даваат 35 луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а таму немаме потреба од нови вработување, туку имаме за во струмичкиот регион и во источна Македонија. Овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Нашата работа е на улица, на терен, а не во канцеларија, немаме потреба ние од администрација", изјави Пауновски

Шаќири – Ако два пати одбијат работа, рамковните вработени ќе бидат отпуштени

Лансирана ракетата „Space X“ во Меѓународната вселенска станица

Лансирање на ракетата „Space X"

Комерцијалната ракетна компанија „Space X“на милијардерот Илон Маск лансираше нов тим на НАСА со четири астронаути во Меѓународната вселенска станица(ИСС).

Лансирањето вчера беше одложено поради неповолните временски услови.

Во тимот "Crew 2" учествуваат двајца астронаути на НАСА - командантот на мисијата Шејн Кимброу (53) и 49 годишната пилотка Меган МекАртур, заедно со јапонскиот астронаут Акихико Хошиде (52) и 43-годишниот француски инженер Томас Пескет од Европската вселенска агенција.

Екипажот треба да стигне во Вселенската станица во сабота на 24 април, а ќе престојува шест месеци.

Русија ветува пат на Месечината по успехот на американски „Space X“

Ракетата „Space X“ се упати кон Вселенската станица во втора мисија, откако тим на НАСА беше испратен до ИСС со капсулата „Dragon Crew“ минатата година кога САД продолжија да летаат со астронаути во вселената од американско тло.

Вучиќ со Мас: Србија е за компромисно решение со Косово

Српскиот претседател Александар Вучиќ и германскиот министер за надворешни работи Хajко Мас во Белград, 23 април 2021 година

Србија е подготвена да го продолжи дијалогот со Приштина, и сака да се дојде до компромисно решение, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ по средбата со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во Белград.

"Србија е против замрзнат конфликт, затоа што некој може да го одмрзне. Суштината на напредокот на Албанците и Србите е мирот", кажа Вучиќ.

Хајко Мас порача дека неговата земја е свесна дека процесот на дијалог за нормализирање на односите со Приштина не е лесен, но смета дека тоа би бил придонес што ќе ги развие и економските предности.

Потсетувајќи дека Германија го признала Косово како независно, тој рече дека таа земја е „силно заинтересирана“ за продолжување на дијалогот под покровителство на ЕУ.

"Ние ја даваме секоја поддршка на тој процес и ги поддржуваме ЕУ и Мирослав Лајчак кои посредуваат во тој дијалог", кажа Мас.

Бајден - За договор меѓу Косово и Србија се потребни компромиси

Тој оцени рече дека „во двете земји се формирани влади со стабилно парламентарно мнозинство“ и дека сега е вистинското време да се продолжи со дијалогот за нормализација и да се постигнат резултати.

Мас додаде дека секоја земја на Западен Балкан ја одредува својата брзина за влез во ЕУ и затоа се потребни дополнителни напори за реформа во областите на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Османи во Приштина: Членството во НАТО и ЕУ е единствена алтернатива за регионот

Министерот за надворешни работи на  Македонија Бујар Османи

Министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи кој денеска е во еднодневна официјална посета на Приштина, претпаднето се сретна со шефицата на косовската дипломатија, Доника Грвала, како и со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Како што јави МИА од Приштина, шефовите на дипломтиите на двете земји, на заедничка прес-конференција ја отфрлија, како мошне опасна, секоја идеја за промени на границите во регионот и ја нагласија важноста на соработката меѓу соседите.

Прашан за наводниот словенечки нон пејпер за „конечно решавање“ на националните прашања во Западен Балкан преку промени на границите, Османи порача дека единствена алтернатива за регионот е неговото зачленување во НАТО и интегрирањето во Европската унија.

"Ние не смееме да упаднеме во таа стапица, бидејќи тој документ, за кој се тврдеше дека е изготвен од словенечкиот премиер, е демантиран од страна на Словенија и мислам дека не е во ред истиот да го поврзуваме со таа држава", изјави Османи.

Шефицата на косовската дипломатија Грвала изјави дека и самото споменување на тие тези претставува опасност за стабилноста на регионот.

"Затоа е сосема јасно дека за нас нема значење тој документ, но е мошне опасен, бидејќи поттикнува конфликти", оцени Грвала.

Вучиќ: не сме заинтересирани за Голема Србија

Двајцата министри ги оценија односите меѓу Северна Македонија и Косово како исклучително добри и најавија нивно натамошно продлабочување.

Русија и нареди на војската да се врати назад во базите по вежбите во Крим

Илустрација. Украина- Руски воени возила на маневрите во Крим, 22 април 2021 година

Москва соопшти дека им наредила на своите војници да започнат да се враќаат во своите постојани бази по обемните воени вежби во јужна Русија и во и околу окупираниот украински регион Крим, кој Москва го анектираше во март 2014 година.

Објавата доаѓа во време на зголемени тензии со Западот околу големото воено натрупување на Русија околу областите на источна Украина каде што во борбите меѓу украинските владини сили и сепаратистите поддржани од Русија загинаа повеќе од 13 000 луѓе од април 2014 година.

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека целите на предвремената инспекција „се целосно постигнати“ и дека трупите ќе се вратат во своите бази до 1 мај.

Сепак, од објавата на Шојгу беше нејасно дали наредбата за враќање ги опфаќа сите трупи вклучени во рускиот состав покрај јужната граница на Русија и во окупираниот Крим.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер објави дека „намалувањето на трупите на границата пропорционално ќе ги намали тензиите“.

"Украина е секогаш будна, но сепак ги поздравува сите чекори за намалување на военото присуство и деескалација на ситуацијата во Донбас. Украина бара мир. Благодарни сме на меѓународните партнери за нивната поддршка", се вели во твитот на Зеленски.

НАТО останува претпазлив и по најавите за повлекување на руските сили

Неименуван официјален претставник на НАТО во Брисел рече дека „сите чекори кон деескалација од Русија ќе бидат важни и долгоочекувани“, додавајќи дека западниот сојуз „останува буден“.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс изјави дека Соединетите држави ќе чекаат да видат дали Русија ќе го испочитува тоа што го најаваи Шојгу.

"Ги слушнавме зборовите. Мислам дека она што ќе го бараме е акција", изјави Прајс пред новинарите.

Филипче: Се намалува бројот на новозаразени од ковид 19

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека епидемиолошката состојба предизвикана од коронавирусот последните денови се подобрува, се бележат трендови на намалување бројот на новозаразени и на прегледите во ковид-центрите, како и дека попушта притисокот врз болниците.

Филипче посочи сега има хоспитализирани стотина пациенти помалку од минатата недела, а дека за 50 до 100 има помлаку новодијагностицирани случаи во изминатите денови.

Тој најави дека од денеска ќе се почне и со ослободување на дел од одделенијата кои беа дополнително ангажирани во овој период да третираат ковид-пациенти.

"Верувам дека овие трендови ќе продолжат, оти нема да има нешто што ќе не изненади, а на почетокот на следната недела ќе заборуваме понатаму и за типот на рестриктивни мерки кои ќе ги предложиме", рече министерот за здравство на прес-конференцијата одржана во пунктот за вакцинација во салата „Борис Трајковски“, изјави Филипче.

Филипче: Мерките даваат резултати, но да бидеме внимателни

Тој оцени дека процесот на имунизација против Ковид-19 на територијата на целата држава се одвива добро. Околу 150 илјади граѓани во овој момент се пријавени на на сајтот vakcinacija.mk

Mинистерот за здравство Венко Филипче најави дека по завршувањето на празничниот викенд за Велигден треба да започне имунизацијата со кинеската вакцина на „Синофарм“.

„ Целокупната количина од 200 000 дози на вакцината ’Синофарм‘, треба да стигне околу 28 април, а за што е спремен и планот и дистрибуцијата согласно бројот на пријавени граѓани. Веднаш по пристигнувањето, веројатно тоа ќе се преклопи со велигденските празници, ќе биде дистрибуирана ширум државата и вакцинацијата со оваа вакцина ќе започне во вторник непосредно по завршувањето на велигденските празници“, изјави Филипче.

Филипче ова го кажа на прес-конференцијата одржана во пунктот за вакцинација во салата „Борис Трајковски“ каде денеска се вакцинираат пратениците со руската вакцина Спутник.

Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека негова обврска било да достави список од сите 120 пратеници, а потоа секој од нив добил порака кога и каде ќе се вакцинира.

„Секој има право да одлучува или да негодува. Нивна одлука е дали некој ќе дојде или нема да дојде. Сите се предвидени и тоа е нивна работа“, изјави Џафери на новинарско прашање како ќе реагира ако некој од пратениците одбие да се вакцинира.

Пратениците се оценети како критична инфраструктура согласно Националниот план за имунизација, и како што рече Џафери, се надева дека со овој процес ќе се овозоможи посоодветна работа на Собранието и оти од втора половина на мај ќе се врати во нормално функционирање.

Борисов соопшти дека ГЕРБ ќе го врати мандатот за формирање влада

Бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов

Бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов, изутрината оддржа говор од неговиот дом во Банки, и кажа дека побарал од раководството на ГЕРБ да му го врати мандатот за формирање нова бугарска Влада на претседателот Румен Радев.

Како што јави МИА од Софија тој во јавувањето во живо бил во друштво на кандидатот за премиер на коалицијата ГЕРБ-СДС, Даниел Митов, Цвета Карајанчева, претседателка на парламентарната група Десислава Јатанка Атанаскова и градоначалничката на Софија, Јорданка Фандаков.

"Информирајте го претседателството дека е ова одлука на Извршниот комитет. Одете, вратете се и работете во парламентот. Бугарите се мудар народ и затоа не не оставија да управуваме сами" кажа Бојко Борисов.

Радев му го врачи мандатот на Даниел Митов од ГЕРБ

Според процедурите, по враќањето на мандатот, Радев ќе треба да го го додели мандатот на втората политичка сила во новиот парламентарен состав.

Борисов во говорот додаде дека новите партии кои произлегоа од протестите, заедно со бугарските социјалисти, имале огромно мнозинство од 165 пратеници од вкупно 240 во Националното собрание, но предвидува дека новото мнозинство нема да може да ги спроведе идните избори во Бугарија.

Тој кажа дека доколку целта е формирање на доживотна привремена влада, тогаш "станува збор за напад на демократијата".

На парламентарните избори во Бугарија, кои се одржаа на 4 април, ГЕРБ победи во 24 изборни единици, Движењето за права и слободи во три, „Демократска Бугарија“ во две и „Има таков народ“ и БСП по еден.

Строги мерки на затворање во Турција до понеделник

Истанбул, Турција

Турција објави дека, поради ненадејното зголемување на бројот на заразени со коронавирусот, строгите мерки на затворање што важат за време на викендите ќе бидат проширени на денешниот национален празник. Во соопштението од Министерството за полиција се вели дека „заклучувањето“ започнало синоќа во 19 часот и ќе трае до понеделник наутро. Турција забележа рекорден број на инфекции и смртни случаи од олеснувањето на ограничувањата поради „ковид-19“ на почетокот на март.

Турција може да загуби околу половина милион туристи


Претседателот Реџеп Таип Ердоган најави нови мерки за делумна блокада што се во сила од 13 април, вклучително и продолжен полициски час во текот на работната недела што сега започнува во 19 часот (претходно во 21 часот) и трае до 5 часот наутро и забрана за движење меѓу градовите, освен во итни случаи. Владата во Анкара смета дека новите соеви на вирусот, кои рапидно се шират, се одговорни за големото зголемување на бројот на заразени и починати.

За случајот „Моќник“ главната расправа презакажана на 17 мај

Основен кривичен суд - Скопје

Главната расправа за предметот „Моќник“ што требаше да се одржи денеска, се одложува поради смртен случај на еден од обвинетите, соопшти Основниот кривичен суд Скопје

Следното рочиште е закажано на 17 мај 2021 година во 11:00 часот.

Случај „Моќник“: Обвинет и Антонијо Милошоски

Скопското обвинителство лани во август поднесе обвинение против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, и уште две лица за предметот „Моќник“, во кој се поднесени и обвинителни предлози за уште 10 лица.

Според Обвинението, сите 13 лица се товарат за вмешаност во нелегална продажба на објект во село Ижишта, Општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница.

ВМРО-ДПМНЕ- Милошоски е цел на прогон од Заев

За „Моќник“, кој е еден од случаите отворени од поранешното СЈО, истрагата ја водеше обвинителката Фатиме Фетаи.

ЕУ и Швајцарија пред закана од замрзнати односи

Цирих, Швајцарија

Швајцарскиот претседател Гај Пармелин денеска во Брисел ќе има средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во врска со закочениот договор кој се заканува со длабоко замрзнување на врските меѓу Швајцарија и нејзиниот најголем трговски партнер. Многу швајцарски деловни лидери кои сакаат да продолжат непречен пристап до пазарот на ЕУ, сакаат договор, но политичкиот отпор на договорот му дава на Пармелин малку слобода за да склучи договор. Тоа може да го остави Пармелин, член на евроскептичната Швајцарска народна партија, најголемата во парламентот, во режим на контрола на штетата кога ќе се сретне со фон дер Лајен, кој го повика Берн конечно да го прифати нацрт-договорот за кој се преговара во 2018 година.

Министерот Османи во посета на Швајцарија, главна тема пописот


Швајцарскиот кабинет соопшти дека сака појаснување за некои отворени точки пред да го одобри пактот, а официјални лица во Брисел сакаат конкретни предлози од Пармелин, рече еден извор запознат со разговорите.
Пармелин рече дека ќе се обиде да ја придвижи дискусијата. „Нема да го играм Борис Џонсон“, рече тој, осврнувајќи се врз односот на британскиот лидер кон врските со ЕУ за време на излегувањето на Британија од блокот. Договорот со Швајцарија која не е членка на ЕУ, според критичарите ќе го наруши суверенитетот на земјата толку многу што никогаш не би преживеал некаков обврзувачки референдум.

Денеска се вакцинираат пратениците

Илустрација. Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Како дел од критичната инфраструктура опфатена во Националниот план за ковид имунизација во салата „Борис Трајковски“ денеска ќе се вакцинираат пратениците, во три групи од 10 до 18 часот.

Претходно на 14 април беа вакцинирани собраниските служби.

Вакцинацијата на пратениците е важна за нормално функцинирање на Парламентот со цел носење на законите кои се клучни во ова време на пандемија.

Од почетокот на имунизацијата во земјава таргетирани се три приоритетни групи со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт, и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.

Како што информира Министерството за здравство идната недела со доаѓањето на нови дози вакцини ќе има измена на приоретизацијата на вакцинација.

Филипче - Со стратешкиот договор со „Торлак“ обезбедуваме сигурен извор на вакцини во иднина

Во салата „Борис Трајковски“ во тек е вакцинација на возрасни лица од 73 и 74 години, а во здравствените домови низ државата се вакцинираат луѓе над 73 години.

Досега, 4.595 луѓе починале од коронавирус во Македонија, дијагностицирани се 149.221, а активни се 18.392 лица.

Вучиќ: не сме заинтересирани за Голема Србија

српскиот претседател Александар Вучиќ за време на онлајн конференција организирана од Атлантскиот совет

„Не сме заинтересирани за создавање на „Голема Србија“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ за време на онлајн конференција организирана од Атлантскиот совет на 22 април, повикувајќи се на наводен нон пејпер кој предвидува прецртување на границите на Западен Балкан „Никогаш не сте чуле од мене или од премиерот на Србија дека сакаме да создадеме голема Србија“, рече Вучиќ, потенцирајќи дека кога ќе го каже тоа, ги слуша луѓето како велат дека не му веруваат. На помалку од три месеци пред шестмесечното претседателство на Словенија со Европската унија, во медиумите се појавија обвинувања за наводен предлог за прекројување на границите на Западен Балкан, како начин да се реши хроничниот проблем меѓу шесте земји во регионот.

„Нoн-пејпери“ и глупости: Словенија и „распадот“ на Босна


Вучиќ изјави дека е горд на идејата за воспоставување мал Шенген, односно единствен пазар во регионот на Западен Балкан, кој, како што рече, сè уште го гледа како иднина на регионот. Сепак, Вучиќ вели дека постојат политички предизвици. Како што рече, дел од вината е и на Србија. „Не беше лесно да се продаде таа идеја политички на нашата домашна публика. Мислам дека беше најлесно за мене и за Зоран Заев, премиер на Северна Македонија. Не му беше лесно на Еди Рама, премиерот на Албанија, поради одбивањето на Косово да учествува во тоа“, рече Вучиќ, додавајќи: „И ако ги прашате зошто го прават тоа, нема рационален одговор на тоа прашање или тие едноставно не одговараат на ништо. И тогаш, тие потпишуваат во Вашингтон дека ќе го сменат својот став по тоа прашање. Досега тие не презедоа ништо. Искрено не знам што им е“.

Унгарија повторно ги отвори терасите во рестораните

медицинска сестра во болницата Сент Ласло, 2021.04.15.

Унгарија се очекува повторно да ги отвори терасите во рестораните и да го скрати ноќниот полициски час од утре, бидејќи кампањата за вакцинација дозволува натамошно повторно отворање на економијата, изјави Гергели Гулјас, шеф на кабинетот на премиерот Виктор Орбан. Тој додаде дека до петок, 3,5 милиони Унгарци ќе бидат вакцинирни против новиот коронавирус или околу 40% од населението, до почетокот на следната недела. Унгарските стапки на смртност беа меѓу највисоките во светот, бидејќи третиот бран на пандемијата особено ја погоди Централна Европа. Унгарските болници се уште се под тежок притисок, иако третиот бран достигна врв и инфекциите полека опаѓаат.


Унгарија ги олеснува рестриктивните мерки

Орбан, кому му претстојат избори во 2022 година, се обидува што побрзо да ја отвори економијата со цел да избегне нов шок по рецесијата од 5% минатата година. Унгарија се очекува да добие дополнителни милион дози од кинеската вакцина Синофарм во следната недела, како и понатамошни пратки на руската вакцина Спутник V, како и на Фајзер. Унгарија, со околу 10 милиони жители, досега има регистрирано 760.967 инфекции на ковид-19 и 26.000 смртни случаи. Околу 7.500 пациенти моментално се наоѓаат во болниците, од кои 876 се уште се на вентилатори.

Министерот Османи на средби со највисокото раководство на Косово

Бујар Османи

Актуелните состојби во регионот, прашањата значајни за продлабочување на билатералните односи, идните проекти и приоритети кои ќе бидат тема и на следната заедничка владина седница, како и перспективите за соработка во области од заемен интерес, посебно во економијата и трговската размена, ќе бидат во фокусот на денешната официјална посета на министерот за надворешни работи, Бујар Османи на Република Косово.

Косово се надева на признавање од Грција


Како што информираат од Министерството за надворешни работи, Османи, освен со својот домаќин, министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Грвала Шварц, ќе се сретне и со други високи претставници на државата, претседателот на Република Косово, Вјоса Османи, претседателот на Парламентот, Глаук Коњуфца, како и претседателот на Владата, Албин Курти. Се очекува да бидат разменети мислења во врска со регионалната соработка, безбедносните прашања, современите предизвици и перспективите на земјите од регионот од интерес за нивната интеграција во европските и евро-атлантските структури

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG