Достапни линкови

Вести

МВР: Доставивме извесување до ОЈО за софтверот што го набави Рашковски

Илустрација

Министерството за внатрешни работи изврши проверки во врска со набавениот софтвер од Генералниот секретаријат на Владата за определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни. За тоа е доставено известување со Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал од каде што очекуваат понатамошни насоки.

Ова е одговорот на МВР на прашањето кое Радио Слободна Европа го постави за тоа дали Јавното обвинителство од нив побарале да им достават наводи и дали е пристигната наредба или барање за отпочнување на предистражна постапка за овој софтвер.

Обвинителството за Рашковски ја „префрла топката“ на МВР и Финансиска полиција

Претходно Обвинителството за гонење на организиран криминал во писмен одговор до РСЕ истакна дека нивна задача по закон е да гонат сторители на кривични дела, додека откривање на кривичните дела било во надлежност на други институции.

„Но, доколку институциите во чиј делокруг на работа е откривање на кривични дела и нивни сторители, не постапат согласно нивните надлежности, тогаш обвинителството ќе постапи согласно член 41 став 2 од Законот за кривична постапка, односно јавниот обвинител сам ќе го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција“, се вели во одговорот.

Финансиска полиција за РСЕ: Будно ги следиме случувањата со набавката на софтверот

Од Управата за финансиска полиција, пак, велат дека тие секогаш постапуваат во координација со надлежен јавен обвинител.

Заев за Рашковски: Да не се избрзува со обвинувањата

Станува збор за софтвер за кој поранешниот генерален секретар Драги Рашковски го набавил пред 8 месеци од „Инвока груп“ за 81 илјада евра со цел да се инкорпорира во системот „ Безбеден град“ на МВР. Но, МВР децидно посочија дека нити го користат, ниту планираат да го користат затоа што работат на нов проект за таа цел.

види ги сите денешни вести

Нови 30 случаи на заболени со ковид-19 и 16 починати пациенти

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во последните 24 часа регистрирани се 30 нови случаи на ковид-19 од направени 1.658 тестирања, соопшти Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје. Во Скопје има 14 нови случаи, Куманово – 4, Тетово и Кочани – по 2, Битола, Велес, Охрид, Струмица, Кичево, Радовиш, Виница и Пробиштип - по 1.

Регистрирани се 359 оздравени пациенти.

Пријавени се вкупно 16 починати лица: 8 од Скопје (61г,62г,69г,72г, 75г,80г, 82г и 82г), две лица Битола (65г,82г) и по едно лице од Куманово (80г), Струмица (76г), Охрид (68г), Гостивар (73г), Ресен (69г) и Струга (72г). Од пријавените, еден е починат во домашни, а останатите во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 154.524, бројката на оздравени пациенти е 143.427, на починати е 5.184, а бројот на активни случаи изнесува 5.913.

Над 600 илјади вакцинирани во Албанија

Вакцинацијата против ковид – 19 во Албанија се одвива непречено, до денеска се вакцинирани над 638 илјади луѓе од кои над 192 илјади примиле и втора доза, односно се ревакцинирани, изјави денеска албанската министерка за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу.

Таа вели дека целта на Владата е до средината на јуни, со процесот на вакцинација, која се одвива под мотото „Албанија се насмевнува“ да бидат вакцинирани милион лица.

Во земјата до сега се пристигнати над 760 илјади вакцини од Фајзер, Астра Зенека Синофарм и Спутник В. Според објавените податоци на ресорното Министерството, вчера, регистрирани се 45 нови случаи, оздравеле 1.050 додека починале три лица. Вкупната бројка на активни случаи е 8.342 од вкупно заразените 131.890 до сега. Битката со опасниот вирус ја изгубиле 2.426 лица.

Пендаровски не го аминуваше легализирањето на дивоградбите

Претседателот Стево Пендаровски ги потпишa Указите за прогласување на законите кои се однесуваат на т.н. петти пакет на економски мерки

Претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Тој за ова денеска го известил и претседателот на Собранието Талат Џафери. Во известувањето до Џафери е посочено дека одлуката ја донел основа на детална анализа на текстот на Законот.

„ При што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт“ вели Пендаровски во писмото до Џафери.

Тој посочува дека со овој закон се легализираат дигоградби закои може и кривично да се одговара, со што ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност и стимулира непочитување на правните прописи.

Сложни пратеници и во петок легализираат дивоградби

„Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напори нашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните“ вели Пендаровски.


Според него со овој закон се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба.

Закон за дивоградби- награда за криминалот, казна за легалистите

„Донесениот Закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“. Ваквата можност е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, а дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита е, исто така, законска обврска на државата“ вели Пендаровски.

Тој апелира до сите пратеници уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот. Пред два дена пратениците од владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ здружно го донесоа новиот закон за легализација на дивоградби, со кој ќе може да се легализираат вакви објекти и во национални паркови.

Јапонија со нови мерки битката против ковид-19 во пресрет на Олимписките игри

Вонредната состојба во Јапонија се прошири во уште неколку региони покрај Токио поради зголеменото ширење на коронавирусот на само 10 недели пред земјата да биде домаќин на Олимписки игри. Три региони каде што бројот на населението е релативно голем, а бројот на новозаразени брзо расте, се приклучија на Токио и другите пет префектури кои веќе се под ограничувања како мерки за заштита. Овој потег доаѓа во период кога земјата се бори да го забави ширењето на вирусот пред Олимписките игри, ставајќи го по притисок медицинскиот систем.

До јапонските власти деновиве беше доставена петиција со потписи на 350 илјади граѓани кои бараат да се одложи стартот на Олимпските игри закажан за 23 јули, стравувајќи од зголемен раст на број на инфекции со ковид-19.
Олимписките игри во Токио требаше да се одржат во јуни 2020 година, не беа презакажани за 23 јули годинава, поради пандемијата со ковид-19.

Меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“ стартува од понеделник

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Криволак ја најави меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“

Од понеделник (17 мај) до втори јуни на армискиот полигон Криволак ќе се одржи меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“ во која ќе бидат вклучени над илјада припадници армиите на Репубика Северна Македонија, на САД, на Грција и на Бугарија. Министерската за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека периодов на европскиот континент се спроведува огромна вежба со над 20 илјади припадници на сојузничките сили, денеска на Криволак завршува една вежба од таа серија, а во понеделник веќе почнува нова вежба, „Одлучен удар 21”.

„Денеска може да видите дека нашата амбициозна цел да го модернизираме и унапредуваме Криволак била и оправдана и реална. Веќе денеска можете да видите дека полигонот навистина прераснува не само во национален и регионален, туку и вистински НАТО капацитет,“ истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска беше на Криволак.

Завршни активности на воените вежби во Криволак

Шекеринска нагласи дека и двете вежби, особено втората, кадешто повеќе од илјада припадници ќе бидат присутни на Криволак и ќе работат на зголемување на интероперабилноста и на нивните капацитети, се доказ дека и покрај пандемијата, Алијансата покажува и резултати и волја да соработува и да развива интероперабилност.

Одбранбено аташе на САД во РСМ, полковник Питер Ровел рече дека вежбата е дел од пошироката вежба која има за цел зголемување на стратешката подготвеност.

„Вежбата е силен пример како Северна Македонија е подготвена да работи заедно со САД и другите НАТО сојузници и нивните војски. Благодарност до министерката за посветеноста и лидерство во развивањето на Криволак во еден светски полигон“, додаде Ровел.

Директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски рече дека вежбата е извонредна можност за јакнење на интероперабилноста на македонската армија со останатите земји учеснички во неа и сојузници од НАТО алијансата, зголемување на борбената готовност и потврда на напорите за трансформација на Армијата.

Филипче: Рано е да се тргнат маските на отворено

Министерот за здравство Венко Филипче прими прва доза вакцина против ковид-19 од Синофарм

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сè уште е рано да се тргне препораката за носење маски на отворено и најави дека за тоа ќе се разговара на почетокот на следната недела на состанок на Комисијата за заразни болести.

Во однос на тоа дали овие правила треба да важат и за тие што се веќе вакцинирани до две дози тој рече дека прво треба да се тргне препораката за носење маски на отворено, па евентуално тогаш да се размислува за тоа вакцинираните со две дози да не носат маски на затворено. Притоа рече, треба да се слуша ставот на експертите.

„Еве реално е дека многу граѓани навистина и во парковите не се придржуваат до таа мерка. Лично сметам дека е рано се уште. Сепак е потребен поголем опфат со вакцинација, меѓутоа во исто време треба мерката да има логика, топло време итн“, изјави министерот Филипче.

Тој прашан за тоа кој е доминантен сој на коронавирусот во земјава истакна дека тоа е британскиот, иако, како што истакна имало и случаи на други соеви, но тие биле изолирани.

„Дефинитивно доминантен е британскиот сој на вирус. Очигледно е дека има други поединечни случаи, заради тоа што имаше детекција на јужноафрикански сој кај граѓанин од Делчево кој бил заразен во месец март. Тој бил човек патувал и во западноевропски земји, бил возач на камион. Но, тоа ни укажува дека поединечните случаи од очигледно други вируси што биле присутни, сепак се само поединечни и нема тенденција некој сој на вирсуот значајно да предоминира над британскиот. За да предоминира некој сој како што британскиот збриша се претходно кога се појави, треба да биде многу полесно пренослив од тој што е актуелен. Очигледно е нема таква тенденција“ изјави министерот за здравство.

Осуден руски новинар кој истражуваше за кражба на нафта од државните ресурси

Кражба на нафта со црева дирекно приклучени во нафтоводот

Рускиот новинар Едуард Шмонин е осуден на казна затвор на осум години затвор, по обвинение за уцена и порнографија. Станува збор за новинар за ко ј се верува дека бил мета на истражители поради објавената истражувачка сторија со која се разоткрива масовна кражба на нафта во западен Сибир. Истражувачката сторија и материјали собрани од Шмонин и објавен на неговата веб страница во себе содржеле компромитирачки информации за локалните и централните службеници и претприемачи. Тоа беше централен столб на независната истрага на Радио Свобода која ја води за кражба на нафта од индустриски размери од нафтовод во Русија.

Истражувачката сторија која беше објавена на Радио Слободна Европа во март годинава ја покажува улогата на руските локални функционери и полицајци во шемите за кражба на нафта. Шмонин во ноември 2016 година објави документарен филм „Криминална нафта“ во кој се прикажува вмешаноста на руските полицајци и службеници од Федералната служба за безбедност во кражбата на нафта. Тој неколку месеци подоцна беше осомничен и обвинет за неколку големи обвиненија, меѓу кои и клевета на поранешни службеници спомнати во документарецот.

Во ковид центрите хоспитализирани 586 лица ковид пациенти

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Во македонските ковид центрите се лекуваат вкупно 344 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, со тоа вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 586 и има околу 860 празни болнички кревети во ковид центрите.

„Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“ се вели во писменото соопштение од Министерството за здравство.

Вчера се вакцинирале над 14.500 граѓани

До денеска се вакцинирани околу 150 илјади граѓани од кои околу 30 илјади се ревакцинирани. Утре пристигнуваат уште 100 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“.

Македонскиот офицер нема јужноафрикански сој на вирусот, туку нигерски

Османи: Не е формална одлуката на Грција за отворање на границите

Граничен премин Македонија - Грција, архивска фотографија

Сè уште нема формална одлука на грчката Влада за отворање на границите, затоа е направен тој застој на македонско- грчката граница, вели македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Тој на новинарско прашање денеска одговори дека македонските граѓани кои чекаат на граничниот премин нема на можат за ја поминат границата без формална одлука на Владата во Грција.

„Ние сме во очекување да се формализира намерата на Грција за отворање на границите и да можат да минуваат граѓаните“ вели Османи кој ги повика граѓаните да се информираат преку официјалните соопштенија.

Граничниот премин „Богородица“ на грчко-македонската граница сè уште е затворен и не се пропуштаат возилата накај Грција, иако беше најавено и од грчка и од македонската страна дека денеска ќе биде отворен. Стотина возила, според локалните медиуми, чекаат на македонско грчкиот премин да се отвори границата и да заминат во Грција.

Грција излегува од шестмесечниот карантин

На 14 мај почнува и туристичката сезона и ќе се дозволи влез и на странски туристи. Грција ги признава сите вакцини против ковид-19, а не само оние одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија.

Мази:Одложувањето преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија не прави сите губитници

Илустрација

Одложувањето на меѓувладината конферениција со која треба да стартуваат преговорите со ЕУ за Северна Македонија и Албанија го нарушува кредибилитетот на ЕУ и не прави сите губитници. Ова го изјави главниот преговарач со ЕУ на Албанија Зеф Мази кој денеска беше во посета на Скопје. Тој по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека двете земји заслужуваат да седнат на преговарачката маса на правата меѓувладина конференција со ЕУ и тоа во текот на ова полугодие, односно во јуни. Мази вели дека зачленувањето на нашите земји во ЕУ не треба да се прекине, туку да се забрза.

“Како за Албанија, така и за Северна Македонија, да нема повеќе задоцнувања, затоа што одложувањето не прават сите губитници. Тоа ќе биде на штета на Албанија и на довербата на граѓаните во европскиот процес на проширување, и ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ“ вели Мази.
Тој истакна дека очекува процесот на проширување дека ќе продолжи според стариот принцип на Унијата, според заслугите на земјите преговарачи. Албанија ги исполни сите барања и услови на Комисијата уште во март минатата година за одржување на првата меѓувладина конференција.

Министерот Османи вели дека на средбата со Мази констатирале дека и двете земји ги исполниле барањата и дека заслужуваат да ги почнат преговорите без некаково одложување.

„ Едно до најексплоатираните прашања деновиве е прашањето за евентуално одвојување за што сакам со задоволство да констатирам дека ги реафирмиравме нашите позиции како блиски соседи и искрени пријатели дека Северна Македонија и Албанија се поддржуваат меѓусебе на патот на европските интеграции и дека на тој пат може само да си помогнат и никако нема да си попречуваат“
Мази денеска ќе се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Индија: за 24 часа 4 илјади починати од ковид-19

Илустрација, болница во Њу Делхи

Премиерот на Индија Нарендра Модиги предупреди граѓаните да ги преземат сите мерки за заштитат и превентива, затоа што пандемијата зазема сериозни размери и корона вирусот со огромна брзина се шири низ индиското население, особено во руралните области, каде што живеат околу 1,4 милијарди жители. Моди ги повика жителите на руралните области да се обединат и солидаризираат со цел полесно справување со предизвиците.

“Изгубивме многу од своите најблиски, чуствувам болка, затоа што гледам дека народот пати“ изјави Моди на прес конферениција.

СЗО: индиската варијанта на коронавирус - глобална загриженост

Индиското министерство за здравство соопшти дека во изминативе 24 часа се евидентирани 343.144 нови случаи на заразени со ковид-19 и над 4 илјади луѓе кои починале од компликации од вирусот со што вкупниот број ан починати од почетокот на пандемијата изнесува 262.317.

МОН: Потпишан колективен договор со кој се зголемуваат платите во високото образование

Министерство за образование и наука

Министерството за образование соопшти дека вработените од високото образование од септември ќе добијат за 10 проценти повисоки плати, во основната компонента на платата, според МОН, ќе се исплаќа и минат стаж. Во соопштението е наведено дека до ова доаѓа откако со Самостојниот синдикат за образование потпишале колективен договор. Кон овој договор се приклучиле и Независниот академски синдикат.

Од МОН посочуваат дека во колективниот договор за првпат во 30 години независна држава, професорите директно преговарале за своите права со Министерството, без посредство на раководните структури на државните универзитети. Дополнително, Колективниот договор го утврдува и горниот праг на оптовареност на наставниот кадар со задолжителна настава и прекувремен број на часови, како и исплаќање на преекувремената работа.

Средба меѓу премиерите на Британија и на Ирска за Северна Ирска

Договорот за Брегзит ефективно ја остави Северна Ирска во трговската сфера на ЕУ

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ќе се сретне со својот ирски колега Мајкл Мартин за да разговара за ситуацијата во Северна Ирска и за Брегзитот. Членката на Европската унија, Ирска, одигра важна улога во преговорите за условите за излегување на Британија од ЕУ и е вклучена во напорите за олеснување на трговските потреси по Брегзит помеѓу Северна Ирска и остатокот од Британија.

Лидерите на Британија и ЕУ за Северна Ирска

Разговорите меѓу Лондон и Брисел за ова прашање се во тек, но британската влада во вторникот предупреди дека начинот на работа на правилата можеби нема да биде одржлив долго. Договорот за Брегзит ефективно ја остави Северна Ирска во трговската сфера на ЕУ, избегнувајќи потреба од царински проверки меѓу Северна Ирска и Ирска, но создавајќи нови меѓу Северна Ирска и остатокот од Британија.

Виртуелен состанок на Советот за безбедност на ОН за израелско-палестинскиот конфликт

Судирите ескалираа оваа недела по ракетните напади на Хамас врз Израел, кој возврати со напади на Појасот Газа.

Советот за безбедност на ОН закажа виртуелен јавен состанок за израелско-палестинскиот конфликт в недела. Оваа седницата беше закажана за денеска, но беше откажана. Според дипломатски извори, САД се против одржувањето на сесијата. Претходно, Тунис, Норвешка и Кина повикаа на нов итен состанок на Советот за безбедност на ОН за израелско-палестинскиот конфликт. Тоа ќе биде трета итна седница на Советот за безбедност од понеделникот, посветена на ова прашање.

Страв од војна поради ескалацијата на насилството меѓу израелската војска и Хамас

На двата состанока на Советот за безбедност, САД се спротивставија на усвојувањето на заедничката изјава, нарекувајќи ја „контрапродуктивна“ во оваа фаза, рекоа дипломатите. Кина изрази „длабока загриженост“ за ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и вооружените исламистички групи во Газа и ги повика ООН да ја потврдат својата поддршка за решение на две држави. На Блискиот исток се забележува најголема ескалација на насилството во последните неколку години. Судирите ескалираа оваа недела по ракетните напади на Хамас врз Израел, кој возврати со напади на Појасот Газа.

Целосно рестартиран нафтоводот во САД кој беше цел на сајбер напад

дел од нафтоводот во САД кој беше цел на сајбер напад

Сопственикот на најголемиот нафтовод во Соединетите Држави соопшти дека го рестартирал целиот систем и повторно започнал со испорака на гориво откако по сајбер нападот за кој Вашингтон вели дека потекнува од Русија го принуди да биде запрен и предизвика загриженост за снабдувањето со гориво. Ќе бидат потребни неколку дена за испораките на гориво да се вратат во нормала по должината на нафтоводот долг 8.850 километри, а некои пазари може да имаат наизменични прекини на услугите. На 8 мај беше објавено дека нафтоводот бил цел на сајбер напад за откуп. Претседателот Џо Бајден на 13 мај ги увери американските возачи дека снабдувањето со гориво треба да започне да се враќа во нормала овој викенд.

Бајден: Русија има „одредена одговорност“ во сајбер нападот на гасоводот во САД

ФБИ ја идентификуваше групата која стои зад нападот како криминална банда позната како DarkSide, хакерска мрежа за која експертите за сајбер безбедност велат дека е со седиште во Русија или Источна Европа. Бајден рече дека американските власти не веруваат дека руската влада била вмешана во нападот, но додаде: „Имаме силна причина да веруваме дека криминалците кои го извршија нападот живеат во Русија. Оттаму потекнува“. Вашингтон е во директна комуникација со Москва за потребата од преземање мерки против мрежите за откуп, рече Бајден. Не е откриено колку пари барале хакерите и не е јасно дали бил платен откуп.

Вакцинираните Американци можат без маска на затворено

илустрација

Американците вакцинирани против коронавирус повеќе не мора да носат заштитни маски на затворено, соопштија американските здравствени власти. „Секој што ги примил сите дози на вакцина, може да учествува во мали или големи активности на затворено и на отворено, без да носи маска или да ја почитува физичката оддалеченост“, соопшти Центарот за спречување и контрола на болести на САД. Исто така, се додава дека препораките за борба против епидемијата на коронавирусот редовно ќе се ажурираат.

Во САД дозволена вакцината на Фајзер за деца од 12 до 15 години

Новото упатство сè уште повикува на носење маски во преполни затворени простории, како автобуси, авиони, возови и на аеродроми и други транзитни центри, и на места како болници, лекарски ординации и засолништа за бездомници. Новото упатство се заснова врз нагло намалување на случаите, проширување на вакцините кај помлади лица и ефикасност на вакцините против варијантите на коронавирусот. Претседателот Џо Бајден ја поздрави веста, прогласувајќи голема победа во битката против коронавирусот кој зарази повеќе од 32 милиони луѓе во САД и остави повеќе од 580.000 починати.

Макрон бара азербејџанските трупи да се повлечат од пограничните области на Ерменија

Азербејџанските сили, наводно, напредувале неколку километри во провинцијата Сјуник во Ерменија

Францускиот претседател Емануел Макрон побара Азербејџан веднаш да ги повлече своите војници од пограничните области на Ерменија, за кои рече дека се окупирани од нив. „Вооружените сили на Азербејџан ја нападнаа ерменската територија. Тие мора веднаш да бидат повлечени “, напиша Макрон откако телефонски разговараше со привремениот премиер на Ерменија, Никол Пашинијан.

Ерменскиот премиер поднесе оставка за да има избори во јуни

Азербејџанските сили, наводно, напредувале неколку километри во провинцијата Сјуник во Ерменија на 12 мај. Според Министерството за одбрана на Ерменија, тие на 13 мај исто така преминале и други два дела на ерменско-азербејџанската граница. Азербејџан инсистира дека неговите трупи не преминале на територијата на Ерменија, туку едноставно зазеле позиции на азербејџанската страна на границата, кои не биле достапни во зимските месеци.

ЕУ предупредува дека Русија се обидува да интегрира делови од источна Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Официјални претставници на Европската унија повикуваат на посилен одговор на Унијата на руската агресија кон Украина, предупредувајќи дека крајната цел на Москва е да апсорбира делови од источна Украина каде се води војна веќе седум години. Предупредувањата дојдоа во извештајот напишан од дипломатската канцеларија на ЕУ, кој беше распространет претходно оваа недела меѓу членките на ЕУ и во кој увид имаше и РСЕ. Од ерупцијата во 2014 година, во конфликтот во кој се наоѓаат милициите кои се поддржани од Русија и украинските владини трупи загинаа повеќе од 13.000 луѓе а се раселија повеќе од милион.

Блинкен: САД разгледуваат „дополнителна“ воена помош за Украина

Во минатиот месец Русија распореди повеќе од 100.000 војници и тешко вооружување во нејзините региони што се граничат со Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој беше избран на платформата дека ќе стави крај на конфликтот, бараше и доби гласна поддршка од Западот наспроти руските закани, а Москва на крајот повлече дел од своите сили. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, кој во минатата недела се состана со Зеленски во Киев, го критикуваше распоредувањето на Русија. Европската унија се бори да најде кохерентен пристап во справувањето со Русија, нејзиниот најголем трговски партнер.

Словенечкиот претседател Пахор во Белград

Словенечкиот претседател Борут Пахор

Словенечкиот претседател Борут Пахор денеска ќе престојува во Белград на разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ, како дел од подготовките за претстојниот Самит Брдо-Бриони. Пред самитот во понеделник во Брдо кај Крањ, Пахор планираше да се состане со претседателите на сите земји учеснички во Процесот, кој ги обединува земјите од Западен Балкан, Словенија и Хрватска. Тој вчера во Приштина разговараше со косовската претседателка Вјоса Османи, а во септември се состана со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во март со тричленото претседателство на БиХ, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ.

Пахор: Не сум случајно тука. Да не се одлага меѓувладината конференција

Во минатата недела тој разговараше одделно со претседателите на Црна Гора и на Албанија, Мило Ѓукановиќ и Илир Мета, а неговите одделни разговори со лидерите на земјите учеснички ќе ги заврши в недела во Блед со средба со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој исто така е ко-претседавач на процесот Брдо-Бриони. Самитот Брдо-Бриони требаше да се одржи минатата година на десетгодишнината од иницијативата, најпрво на пролет, а потоа на есен, но тој беше одложен двапати поради пандемијата на ковид-19.

Коронавирусот ја одложи средбата „Процес Брдо-Бриони“

Процесот Брдо-Бриони е заедничка словенечко-хрватска иницијатива започната во 2010 година од тогашниот словенечки премиер Борут Пахор за зајакнување на меѓусебната доверба и помош на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ. Од 2013 година, состаноците се одржуваат еднаш годишно, секоја година во различна земја. На самитот в понеделник, лидерите на земјите учеснички ќе ја одбележат 10-годишнината од започнувањето на Иницијативата и, како што е најавено, „ќе ја реафирмираат и зајакнат заложбата за продолжување на процесот на проширување на ЕУ“.

Израелската армија објави дека не влегла во појасот Газа

Израелската армија рано изутрината објави дека не влегла во појасот Газа, како што соопшти претходно, посочувајќи на погрешно разбраната „внатрешна комуникација“. Набргу по полноќ по локално време, израелската армија испрати порака до медиумите дека нејзините трупи влегле во таа палестинска енклава, а тоа го потврди и армискиот портпарол на АФП. Меѓутоа, два часа подоцна, војската издаде „појаснување“ во кое се наведува дека „нема војници“ во Газа. На прашање на агенцијата Франс Прес, портпарол на армијата рече дека станува збор за „проблем со внатрешната комуникација“.

Израелската војска влезе во Појасот Газа


Во претходната кратка изјава, израелската војска соопшти дека нејзините воздушни сили и копнените сили изведуваат напад во Појасот Газа како дел од операцијата против палестинското екстремистичко движење Хамас, кое управува со територијата.

Грција излегува од шестмесечниот карантин

Граничен премин Македонија - Грција

Од денеска во Грција се укинуваат голем дел од рестрикциите воведени на 7 ноември лани, односно задолжителното испраќање смс пораки за секое движење на граѓаните и забраната за патување меѓу региони, полицискиот час дополнително се скратува, а се воведуваат правила за внатрешните патувањата со брод или авион кон островите. Полицискиот час, наместо од 23 часот, ќе почнува половина час по полноќ, додека пак до крајот на месецов угостителските објекти и понатаму ќе работат без музика. Најавено е дека туризмот ќе се отвори со помош на потврда за вакцинација, за негативен тест или за прележан ковид-19.

Грција не прифаќа одвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ

Вчера премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил објави дека граничниот премин „Евзони“ кон Грција се отвора за сите граѓани на Република Северна Македонија, кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против Ковид-19 или позитивен резултат за антитела. Тој посочува дека за тоа бил информиран на неговата средба во Атина со грчкиот колега Киријакос Мицотакис. Заедно со туризмот, на 14 мај се отвораат и музеите, една седмица подоцна ќе почнат со работа и летните кина, на 28 мај дозволено е организирање претстави и концерти на отворено, а во текот на следниот месец ќе се укинат рестрикциите за свадби и крштевки, кои ќе може да се одржуваат само на отворено со најмногу 100 гости. Од почетокот на пандемијата во земјата има 369.554 потврдени случаи, а од ковид-19 починаа вкупно 11.211 лица.

Израелската војска влезе во Појасот Газа

Ескалираат судирите меѓу Израел и палестинскиот Хамас

Израелската армија објави дека нејзини припадници синоќа влегле во Појасот Газа, како дел од операцијата против палестинското екстремистичко движење Хамас, кое управува со таа територија. „Израелските воздушни и копнени сили изведуваат напад во Појасот Газа“, се вели во кратката порака на израелската армија. Израелската армија потврди за агенцијата Франс Прес дека нејзините војници влегле во палестинската енклава, но не го наведе нивниот број. Претходно, Хамас изврши силен ракетен напад врз Израел, додека еврејската држава ги интензивира воздушните напади врз Газа под контрола на Хамас во континуирана ескалација на непријателствата и покрај напорите на египетските преговарачи кои водеа лични разговори со двете страни.

Израел: "Ова е само почеток",Вашингтон се подготвува да испрати претставник во регионот

Додека некои ракети лансирани од милитантите стигнаа до областа на Тел Авив, израелските воздушни напади срушија три високи згради за кои се наведува дека биле објекти на Хамас, вклучително и разузнавачки комплекс, откако ги предупредија цивилите да се евакуираат. Борбите предизвикаа и насилни судири меѓу Арапите и Евреите во Израел, што го натера премиерот Бенјамин Нетанјаху да предупреди дека е подготвен да употреби „железна тупаница ако е потребно“ за да го смири насилството. Еврејски и арапски толпи се судрија во градот Лод, епицентарот на неволјите. Во блискиот Бат Јам, толпа еврејски националисти нападнаа арапски возач, го влечеа од неговиот автомобил и го тепаа сè додека не беше неподвижен. Арапските граѓани на Израел сочинуваат околу 20 проценти од населението од 9 милиони жители. Летовите се откажани или пренасочени од главниот аеродром во земјата. Околу 83 Палестинци се убиени, соопшти Министерството за здравство на енклавата под контрола на Хамас на 13 мај. Седум лица се убиени во Израел, соопштија медицинските власти. Египетска делегација отпатува за Тел Авив како дел од напорите за посредување што ги започна Каиро за постигнување на примирје. Египетските претставници се состанаа прво со лидерите на Хамас во Газа пред да отпатуваат за Тел Авив.

Бајден го поддржува Израел, Нетанјаху вети дека ќе продолжи да го напаѓа Хамас

На дипломатски фронт, францускиот претседател Емануел Макрон повика на „дефинитивно повторно започнување“ на преговорите за да се постигне, како што рече, „траен и фер“ мир меѓу Израелците и Палестинците. Во телефонскиот повик со американскиот претседател Џо Бајден, Нетанјаху најави дека „ќе продолжи да дејствува врз воените можности на Хамас“ и другите милитантни групи во Газат. Белата куќа соопшти дека Бајден пренел „непоколеблива поддршка за безбедноста на Израел и за легитимното право на Израел да се брани“.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за појава на локален краткотраен дожд во планинските региони. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец, поизразен во западните делови. Дневната температура ќе биде од 14 до 27 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 25 степени.

Тесла веќе не прима биткоини за плаќање, валутата падна за 10 отсто

Илустрација

Елон Маск соопшти дека неговата автомобилска компанија веќе нема да прима биткоини како средство за плаќање поради загриженост за влијанието врз животната средина при „ископувањето“ на дигиталната валута.

Маск денеска на Твитер напиша дека криптовалутата е добра идеја „на многу нивоа“, но оти може многу да ја чини животната средина.

„Ние сме загрижени поради рапидното зголемување на употребата на фосилни горива за ископување на биткоини и трансакции, особено јаглен, кој има најлоши емисии од кое било гориво“, напиша тој.

За „ископување“ биткоини е потребна голема компјутерска моќ и се троши многу струја.

Властите во некои земји рекоа дека прекинот на снабдување со струја и загадувањето на воздухот се поврзани со „ископување“ биткоини.
Маск ја популаризираше идејата за електрични возила кои треба да ја намалат емисијата на штетни гасови.

Во март, Тесла почна официјално да прима биткоини како платежно средство, со што ја зајакна оваа криптовалута. Компанијата во февруари инвестираше 1,5 милијарди долари во биткоини.

Маск сега вели дека сите планови околу валутата ќе бидат ставени во мирување – засега ниту ќе ги продава, ниту ќе ги користи за купување.
По оваа објава, биткоинот падна за 10 проценти на 50.900 долари.

Се судрија два мали авиони над Денвер, нема повредени

Илустрација: Остатоци од авион

Два мали авиони се судриле за време на лет над Денвер, во американската сојузна држава Колорадо, соопштија локалните власти, наведувајќи дека во инцидентот нема повредени.

Пилотот на авионот Ферчајлд метролајнер успеал да го спушти леталото.
Пилотот и патникот во другиот едномоторен авион безбедно се спуштиле со падобран.

Истрагата за причините за несреќата е во тек.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG