Достапни линкови

Вести

Поднесена интерпелација за Филипче, СДСМ реагира

Венко Филипче

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за министерот за здравство, Венко Филипче, во која, меѓу другото, како причини наведува „3340 починати од Ковид, катастрофално справување со последиците од кризата, немање вакцини, колапс на здраствениот систем и набавката на кинески вакцини“. Интерпелацијата ќе биде подржана од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Ова е трета интерпелација за владин функционер поднесена од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. Вицепремиерот Никола Димитров „ја преживеа“, а за интерпелациите за министерот за правда Бојан Маричиќ и за вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски, Собранието ќе одлучува на 23 март.

На интерпелацијата од опозицијата реагираше владејачкиот СДСМ, од каде, велат дека овој потег на ВМРО-ДПМНЕ е „врв на деструктивно и неодговорно однесување на опозициската партија во услови на пандемија“.

види ги сите денешни вести

МНР на Бугарија - Состанок со С.Македонија кога ќе се исполнат потребните услови

Знамиња на ЕУ и на Северна Македонија

Бугарија останува отворена за отворен дијалог и соработка со Република Северна Македонија, но сите состаноци мора да се одржат под одредени услови, се наведува во официјалната изјава на новиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, што ја пренесуваат бугарските медиуми.

Во изјавата се наведува дека властите во Македонија предложиле телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи и тоа ќе се реализира веднаш штом ќе дозволи распоредот на министерот Стоев.

„Одржување состанок во таков формат мора да биде полн со содржина. Во оваа смисла, потсетуваме дека годишниот извештај за работата на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања треба да биде усвоен на претстојниот меѓувладин состанок. Ја користиме приликата да потсетиме дека министерот Стоев при стапување на должност рече дека бугарската страна останува отворена за дијалог, а привремената влада не е овластена да ја менува рамковната позиција на Бугарија, што беше усвоено со консензус од сите политички сили во Парламентот“, се потенцира во изјавата на бугарското Министерство за надворешни работи.

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, е оптимист за решение со Бугарија, со што би се откочиле евроинтеграциите, но техничката Влада на Бугарија соопшти дека ќе го задржи ветото за Македонија.

Кризниот штаб во Србија предложи ублажување на анти-ковид мерките

Кризниот штаб во Србија предложи ублажување на анти-ковид мерките кои се однесуваат на фризерските салони и на организирање на семинари, бидејќи е оценето дека веќе не постои вонредна епидемиолошка ситуација, соопшти покраинскиот секретар за здравство Зоран Гојковиќ.
Тој рече дека ситуацијата и натаму е несигурна, бидејќи и понатаму има неколку стотини новозаразени дневно, но тенденцијата со приеми и отпусти во здравствените установи е добра.

Во последните 24 часа во Србија како последица на ковид-19 починале 17 луѓе, а има 787 нови заразени. А во болница се лечат 3047 пациенти.

За фризерските салони ќе важат помалку ригорозни мерки со кои ќе се дозволи повеќе присутно во салон, но да носат маски и да има до 2 метри оддалеченост од нив. А доколку бројот на заразени паѓа, а бројот на вакцинирани достигне 50 отсто од полнолетните граѓани ќе може да се организираат и симпозиуми и семинари до 100 луѓе, со носење маски и одржување дистанца. Во таков случај би се дозволиле и настаните за млади.


УНМИК- За измена на Мисијата на Косово одлучува Советот за безбедност на ОН

Сили на КФОР на Косово.

За измена и дополна на мандатот на Привремената цивилна администрација на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), потребна е одлука на Советот за бебедност на ОН, соопшти денеска портпаролката на Мисијата, Санам Долатшахи. Таа денеска ја коментираше изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој вечера рече дека има дојави оти една голема сила ќе побара повлекување на Мисијата УНМИК и на КФОР од Косово. Таа за РСЕ наведува дека за секое прилагодување на Мисијата е потребно одлука на Советот за безбедност.

Вучиќ вчера рече дека повлекувањето на УНМИК и КФОР би значело „апсолутна катастрофа“ за Србија.

Владата на Косово не ја коментираше изјавата на Вучиќ.

Мисијата на ОН на Косово е воспоставена во јуни 1999 година, а силите на КФОР на Косово се распоредени истиот месец.

Замрзната банкарската сметка на бирото на РСЕ во Москва

Руското биро на РСЕ.

Замрзната е банкарската сметка на РСЕ во Русија, откако бирото во Москва го посетиле судски извршители.

Овој потег уследи откако агентите на судската служба за извршители во Русија покренаа постапка за извршување против рускиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) за неплатени казни, настанати поради наводни прекршувања на контроверзниот руски закон за „странските агенти“.

Од руската Служба за извршители до РСЕ е пратена судска резолуција со која им се овозможува да бараат увид во банкарските сметки на организацијата и да ги замрзнува. Извршителите ја замрзнаа сметката на бирото во Москва за да може да обезбедат наплаќање на неплатените казни во износ од 68 илјади долари. Станува збор за 10 повреди на законот за странски агенти, за кои истече рокот од два месеци во кои требаше да се платат.

Претходно, денеска, извршителите поминаа околу два часа во бирото на РСЕ во Москва и правеа попис на опрема таму. Тие не се мешаа во работата во бирото и не приведоа никого.

Од почетокот на годината, државната агенција за набљудување на медиумите Роскомнадзор до судовите поднесе околу 520 приговори за кршење на законот од страна на осумте проекти на РСЕ кои се регистрирани во регистарот за масовни медиуми на Министерството за правда, за таканаречени странски агенти.

РСЕ ја отфрла ознаката „странски агент“ и одби да ги почитува барањата на Роскомнадзор, секоја објавена или емитувана сторија да содржи истакнато обележување. РСЕ е во процес на жалба на протоколите, но руските судови досега одбија повеќе од 250 жалби.


Вкупно, казните против радиодифузерот изнесуваат околу 950 илјади долари.

РСЕ побара од Европскиот суд за човекови права да ја спречи Русија во спроведувањето на казните, за кои компанијата вели дека имаат за цел да ги пригушат независните медиуми.

Во Хрватска в недела ќе се одржат локални избори

Загреб

Во Хрватска в недела ќе се одржат локални избори на кои најголемо внимание привлекува гласањето за градоначалници на Загреб, Сплит, Риека и Осиек.

Државната граница ќе биде отворена за сите со право на глас, и покрај пандемијата на коронавирусот. Граѓаните со право на глас ќе можат да влезат во Хрватска без тест за ПЦР, но исто така ќе мора да заминат во рок од 12 часа од државата.

На изборите за градоначалници на најголемите градови, Загреб, Сплит, Риека и Осиек, предизборните анкети предвидуваат неизвесна борба и втор круг избори.

Убедлив фаворит за влез во вториот круг во главниот град е кандидатот на зелено-левата коалиција „Можеме“, Томислав Томашевиќ, кој најавува „почеток на крајот на политичкиот октопод“ во Загреб, управуван од неодамна починатиот градоначалник Милан Бандиќ.

Израел го засилува бомбардирањето во Газа, убиени најмалку 13 Палестинци

Најмалку 13 Палестинци се убиени во 40-минутната офанзива во Појасот Газа, меѓу загинатите има мајка и нејзините три деца чии тела беа извлечени од урнатините на нивниот дом, соопштија здравствените власти во Газа. Израелски воени сили синоќа започнаа офанзива во Појасот Газа, а не запреа ниту ракетните истрели од страна на палестински милитанти од Газа, со што се зголеми бројот на загинати и покрај меѓународните повици да запрат со рамена на огнот.

Израел спроведе офанзива со 160 воени авиони, тенкови и артилерија која кон Појасот Газа стрелаше однадвор, изјави израелскиот воен портпарол потполковник Јонатан Конрикус.

Во петдневниот конфликт загинаа најмалку 119 лица на палестинска страна во Газа, вклучувајќи десетици деца и жени, според медицинските власти во енклавата под контрола на Хамас.

Израелските власти известија за осум смртни случаи како последица на ракетен напад на 10 мај, кога загинале војник, две деца и уште пет цивили.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел не планира да попушти во нападите против Хамас во Газа.

Портпаролот на војската на Хамас рече дека израелската копнена офанзива е можност во нивни раце да дојдат уште повеќе мртви војници и непријателски заробеници.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска разговараше со Нетанјаху и повика на враќање на мир во регионот. Во изјавата, Макрон ги осуди ракетните напади на Хамас и рече дека Израел има право да се брани. Тој исто така изрази загриженост за маките на цивилното население во Газа.

Египетските посредници побараат примирје. Египет честопати служи како посредник меѓу Израел и Хамас и беше клучен играч во завршувањето на минатите конфликти.

Николовски -  СДСМ ги штити сиромашните и ранливите и нема да ги руши дивоградбите

Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска изјави дека не смеат да остават 50 илјади семејства без покрив над глава. Тој даде изјава откако претходно претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за легализација на дивоградби, што претходно го изгласа Собранието. Николовски вели дека како Влада мора да носат одлуки и решенија за да решаваат проблеми кои се генерациски и оставени од претходните влади.

„Како што беше прашањето со името и многу други за кои влегуваме во нивно решавање и во овој поглед решенијата се или рушење на дивоградбите или соодветна правна законска рамка“, одговори вицепремиерот.

Тој додава дека СДСМ ги штити сиромашните и ранливите категории и во ниту еден случај нема да ги руши тие објекти.

Претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, оти законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот и нема општествена оправданост.

Со овој закон може да се легализира секаде, па и во национални паркови, освен на охридското крајбрежје, а не може да се легализираат згради.

За Законот во Собранието гласаа 72 пратеници, вклучително и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, пак, денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека „не се точни информациите дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сложно го донесоа законот за легализација на дивоградби и дека доколку некој смета дека законот е штетен можеше да поднесе амандмани“.

Коментирајќи за тоа што Пендаровски не стави потпис на Указот, Мицкоски рече дека Претседателот има право да го стори тоа, но дека досега Пендаровски ставил потписи на многу поштетни закони, како за економијата, така за граѓаните и за националните интереси.

Грција официјално дозволи влез за државјаните на Северна Македонија



Северна Македонија е меѓу земјите за кои, веќе и официјално постои исклучок од забраната за влез во Грција, согласно министерската одлука објавена во Службен весник.

За влез во Грција, за сите со наполнети пет години, задолжително е или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или потврда за прележан ковид-19.

Со потврда за вакцинација дозволен е влез доколку се поминати 14 дена од ревакцинацијата, а сертификатот треба да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Во случај да се патува со негативен ПЦР тест, треба да биде во рок од 72 часа пред пристигнувањето во Грција, да биде направен во одобрена приватна или државна лабораторија и да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Алтернативно, патниците кон Грција може да патуваат со потврда дека биле болни од ковид-19 или да покажат резултат од позитивна дијагноза со ПЦР или антиген тест, што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот.

Исто така, за сите патници, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), достапен преку интернет страницата https://travel.gov.gr, што треба да биде пополнет пред патувањето, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, може да бидат подложени на тестирања по случаен избор со брзи тестови при влезот. Доколку се тестираат, ќе треба да ги почекаат резултатите, а во случај на позитивен тест, ќе бидат во 14-дневен карантин.

Од копнените граници кон Северна Македонија, отворен е само Евзони (Богородица).

Утрово граѓани кои тргнале кон Грција наидоа на затворена граница, оти се чекаше и формална одлука од Владата на Грција за отворање на границата со Македонија.

Експлозија во џамија во Кабул, најмалку 12 загинати

Авганистанските сили ги чуваат џамиите.

При експлозија во џамија во северниот дел на Кабул загинале најмалку 12 луѓе, соопштија авганистанските власти. Нападот е извршен на вториот ден од договорот за прекин на огнот меѓу Владата и талибанците. При експлозијата се ранети 15 луѓе, соопшти полицијата.

Првичните информации од полициската истрага укажуваат дека цел на нападот бил имамот на џамијата, кој загинал при нападот. Засега никој не презеде одговорност за нападот во областа Шакар Дара, кој се случува во период кога муслиманските верници го славата празникот Курбан Бајрам на крајот на светиот месец Рамазан.

За многу претходни напади во Кабул, локалните власти ги обвинија припадниците на екстремистичката група Исламска држава, додека авганистанската влада за нападите ги обвинува талибанците.

Во последниве два дена откако е постигнат договорот за прекин на огнот се забележува намалување на нападите, иако на денот на договорот имаше четири одделни бомбашки напади при што загинаа најмалку 11 цивили.

Нови 30 случаи на заболени со ковид-19 и 16 починати пациенти

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во последните 24 часа регистрирани се 30 нови случаи на ковид-19 од направени 1.658 тестирања, соопшти Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје. Во Скопје има 14 нови случаи, Куманово – 4, Тетово и Кочани – по 2, Битола, Велес, Охрид, Струмица, Кичево, Радовиш, Виница и Пробиштип - по 1.

Регистрирани се 359 оздравени пациенти.

Пријавени се вкупно 16 починати лица: 8 од Скопје (61г,62г,69г,72г, 75г,80г, 82г и 82г), две лица Битола (65г,82г) и по едно лице од Куманово (80г), Струмица (76г), Охрид (68г), Гостивар (73г), Ресен (69г) и Струга (72г). Од пријавените, еден е починат во домашни, а останатите во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 154.524, бројката на оздравени пациенти е 143.427, на починати е 5.184, а бројот на активни случаи изнесува 5.913.

Над 600 илјади вакцинирани во Албанија

Вакцинацијата против ковид – 19 во Албанија се одвива непречено, до денеска се вакцинирани над 638 илјади луѓе од кои над 192 илјади примиле и втора доза, односно се ревакцинирани, изјави денеска албанската министерка за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу.

Таа вели дека целта на Владата е до средината на јуни, со процесот на вакцинација, која се одвива под мотото „Албанија се насмевнува“ да бидат вакцинирани милион лица.

Во земјата до сега се пристигнати над 760 илјади вакцини од Фајзер, Астра Зенека Синофарм и Спутник В. Според објавените податоци на ресорното Министерството, вчера, регистрирани се 45 нови случаи, оздравеле 1.050 додека починале три лица. Вкупната бројка на активни случаи е 8.342 од вкупно заразените 131.890 до сега. Битката со опасниот вирус ја изгубиле 2.426 лица.

Пендаровски не го аминуваше легализирањето на дивоградбите

Претседателот Стево Пендаровски ги потпишa Указите за прогласување на законите кои се однесуваат на т.н. петти пакет на економски мерки

Претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Тој за ова денеска го известил и претседателот на Собранието Талат Џафери. Во известувањето до Џафери е посочено дека одлуката ја донел основа на детална анализа на текстот на Законот.

„ При што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт“ вели Пендаровски во писмото до Џафери.

Тој посочува дека со овој закон се легализираат дигоградби закои може и кривично да се одговара, со што ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност и стимулира непочитување на правните прописи.

Сложни пратеници и во петок легализираат дивоградби

„Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напори нашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните“ вели Пендаровски.


Според него со овој закон се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба.

Закон за дивоградби- награда за криминалот, казна за легалистите

„Донесениот Закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење“. Ваквата можност е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, а дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита е, исто така, законска обврска на државата“ вели Пендаровски.

Тој апелира до сите пратеници уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот. Пред два дена пратениците од владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ здружно го донесоа новиот закон за легализација на дивоградби, со кој ќе може да се легализираат вакви објекти и во национални паркови.

Јапонија со нови мерки битката против ковид-19 во пресрет на Олимписките игри

Вонредната состојба во Јапонија се прошири во уште неколку региони покрај Токио поради зголеменото ширење на коронавирусот на само 10 недели пред земјата да биде домаќин на Олимписки игри. Три региони каде што бројот на населението е релативно голем, а бројот на новозаразени брзо расте, се приклучија на Токио и другите пет префектури кои веќе се под ограничувања како мерки за заштита. Овој потег доаѓа во период кога земјата се бори да го забави ширењето на вирусот пред Олимписките игри, ставајќи го по притисок медицинскиот систем.

До јапонските власти деновиве беше доставена петиција со потписи на 350 илјади граѓани кои бараат да се одложи стартот на Олимпските игри закажан за 23 јули, стравувајќи од зголемен раст на број на инфекции со ковид-19.
Олимписките игри во Токио требаше да се одржат во јуни 2020 година, не беа презакажани за 23 јули годинава, поради пандемијата со ковид-19.

Меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“ стартува од понеделник

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Криволак ја најави меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“

Од понеделник (17 мај) до втори јуни на армискиот полигон Криволак ќе се одржи меѓународната воена вежба „Одлучен удар 21“ во која ќе бидат вклучени над илјада припадници армиите на Репубика Северна Македонија, на САД, на Грција и на Бугарија. Министерската за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека периодов на европскиот континент се спроведува огромна вежба со над 20 илјади припадници на сојузничките сили, денеска на Криволак завршува една вежба од таа серија, а во понеделник веќе почнува нова вежба, „Одлучен удар 21”.

„Денеска може да видите дека нашата амбициозна цел да го модернизираме и унапредуваме Криволак била и оправдана и реална. Веќе денеска можете да видите дека полигонот навистина прераснува не само во национален и регионален, туку и вистински НАТО капацитет,“ истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска беше на Криволак.

Завршни активности на воените вежби во Криволак

Шекеринска нагласи дека и двете вежби, особено втората, кадешто повеќе од илјада припадници ќе бидат присутни на Криволак и ќе работат на зголемување на интероперабилноста и на нивните капацитети, се доказ дека и покрај пандемијата, Алијансата покажува и резултати и волја да соработува и да развива интероперабилност.

Одбранбено аташе на САД во РСМ, полковник Питер Ровел рече дека вежбата е дел од пошироката вежба која има за цел зголемување на стратешката подготвеност.

„Вежбата е силен пример како Северна Македонија е подготвена да работи заедно со САД и другите НАТО сојузници и нивните војски. Благодарност до министерката за посветеноста и лидерство во развивањето на Криволак во еден светски полигон“, додаде Ровел.

Директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски рече дека вежбата е извонредна можност за јакнење на интероперабилноста на македонската армија со останатите земји учеснички во неа и сојузници од НАТО алијансата, зголемување на борбената готовност и потврда на напорите за трансформација на Армијата.

Филипче: Рано е да се тргнат маските на отворено

Министерот за здравство Венко Филипче прими прва доза вакцина против ковид-19 од Синофарм

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сè уште е рано да се тргне препораката за носење маски на отворено и најави дека за тоа ќе се разговара на почетокот на следната недела на состанок на Комисијата за заразни болести.

Во однос на тоа дали овие правила треба да важат и за тие што се веќе вакцинирани до две дози тој рече дека прво треба да се тргне препораката за носење маски на отворено, па евентуално тогаш да се размислува за тоа вакцинираните со две дози да не носат маски на затворено. Притоа рече, треба да се слуша ставот на експертите.

„Еве реално е дека многу граѓани навистина и во парковите не се придржуваат до таа мерка. Лично сметам дека е рано се уште. Сепак е потребен поголем опфат со вакцинација, меѓутоа во исто време треба мерката да има логика, топло време итн“, изјави министерот Филипче.

Тој прашан за тоа кој е доминантен сој на коронавирусот во земјава истакна дека тоа е британскиот, иако, како што истакна имало и случаи на други соеви, но тие биле изолирани.

„Дефинитивно доминантен е британскиот сој на вирус. Очигледно е дека има други поединечни случаи, заради тоа што имаше детекција на јужноафрикански сој кај граѓанин од Делчево кој бил заразен во месец март. Тој бил човек патувал и во западноевропски земји, бил возач на камион. Но, тоа ни укажува дека поединечните случаи од очигледно други вируси што биле присутни, сепак се само поединечни и нема тенденција некој сој на вирсуот значајно да предоминира над британскиот. За да предоминира некој сој како што британскиот збриша се претходно кога се појави, треба да биде многу полесно пренослив од тој што е актуелен. Очигледно е нема таква тенденција“ изјави министерот за здравство.

Осуден руски новинар кој истражуваше за кражба на нафта од државните ресурси

Кражба на нафта со црева дирекно приклучени во нафтоводот

Рускиот новинар Едуард Шмонин е осуден на казна затвор на осум години затвор, по обвинение за уцена и порнографија. Станува збор за новинар за ко ј се верува дека бил мета на истражители поради објавената истражувачка сторија со која се разоткрива масовна кражба на нафта во западен Сибир. Истражувачката сторија и материјали собрани од Шмонин и објавен на неговата веб страница во себе содржеле компромитирачки информации за локалните и централните службеници и претприемачи. Тоа беше централен столб на независната истрага на Радио Свобода која ја води за кражба на нафта од индустриски размери од нафтовод во Русија.

Истражувачката сторија која беше објавена на Радио Слободна Европа во март годинава ја покажува улогата на руските локални функционери и полицајци во шемите за кражба на нафта. Шмонин во ноември 2016 година објави документарен филм „Криминална нафта“ во кој се прикажува вмешаноста на руските полицајци и службеници од Федералната служба за безбедност во кражбата на нафта. Тој неколку месеци подоцна беше осомничен и обвинет за неколку големи обвиненија, меѓу кои и клевета на поранешни службеници спомнати во документарецот.

Во ковид центрите хоспитализирани 586 лица ковид пациенти

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Во македонските ковид центрите се лекуваат вкупно 344 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, со тоа вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 586 и има околу 860 празни болнички кревети во ковид центрите.

„Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“ се вели во писменото соопштение од Министерството за здравство.

Вчера се вакцинирале над 14.500 граѓани

До денеска се вакцинирани околу 150 илјади граѓани од кои околу 30 илјади се ревакцинирани. Утре пристигнуваат уште 100 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“.

Македонскиот офицер нема јужноафрикански сој на вирусот, туку нигерски

Османи: Не е формална одлуката на Грција за отворање на границите

Граничен премин Македонија - Грција, архивска фотографија

Сè уште нема формална одлука на грчката Влада за отворање на границите, затоа е направен тој застој на македонско- грчката граница, вели македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Тој на новинарско прашање денеска одговори дека македонските граѓани кои чекаат на граничниот премин нема на можат за ја поминат границата без формална одлука на Владата во Грција.

„Ние сме во очекување да се формализира намерата на Грција за отворање на границите и да можат да минуваат граѓаните“ вели Османи кој ги повика граѓаните да се информираат преку официјалните соопштенија.

Граничниот премин „Богородица“ на грчко-македонската граница сè уште е затворен и не се пропуштаат возилата накај Грција, иако беше најавено и од грчка и од македонската страна дека денеска ќе биде отворен. Стотина возила, според локалните медиуми, чекаат на македонско грчкиот премин да се отвори границата и да заминат во Грција.

Грција излегува од шестмесечниот карантин

На 14 мај почнува и туристичката сезона и ќе се дозволи влез и на странски туристи. Грција ги признава сите вакцини против ковид-19, а не само оние одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија.

Мази:Одложувањето преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија не прави сите губитници

Илустрација

Одложувањето на меѓувладината конферениција со која треба да стартуваат преговорите со ЕУ за Северна Македонија и Албанија го нарушува кредибилитетот на ЕУ и не прави сите губитници. Ова го изјави главниот преговарач со ЕУ на Албанија Зеф Мази кој денеска беше во посета на Скопје. Тој по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека двете земји заслужуваат да седнат на преговарачката маса на правата меѓувладина конференција со ЕУ и тоа во текот на ова полугодие, односно во јуни. Мази вели дека зачленувањето на нашите земји во ЕУ не треба да се прекине, туку да се забрза.

“Како за Албанија, така и за Северна Македонија, да нема повеќе задоцнувања, затоа што одложувањето не прават сите губитници. Тоа ќе биде на штета на Албанија и на довербата на граѓаните во европскиот процес на проширување, и ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ“ вели Мази.
Тој истакна дека очекува процесот на проширување дека ќе продолжи според стариот принцип на Унијата, според заслугите на земјите преговарачи. Албанија ги исполни сите барања и услови на Комисијата уште во март минатата година за одржување на првата меѓувладина конференција.

Министерот Османи вели дека на средбата со Мази констатирале дека и двете земји ги исполниле барањата и дека заслужуваат да ги почнат преговорите без некаково одложување.

„ Едно до најексплоатираните прашања деновиве е прашањето за евентуално одвојување за што сакам со задоволство да констатирам дека ги реафирмиравме нашите позиции како блиски соседи и искрени пријатели дека Северна Македонија и Албанија се поддржуваат меѓусебе на патот на европските интеграции и дека на тој пат може само да си помогнат и никако нема да си попречуваат“
Мази денеска ќе се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Индија: за 24 часа 4 илјади починати од ковид-19

Илустрација, болница во Њу Делхи

Премиерот на Индија Нарендра Модиги предупреди граѓаните да ги преземат сите мерки за заштитат и превентива, затоа што пандемијата зазема сериозни размери и корона вирусот со огромна брзина се шири низ индиското население, особено во руралните области, каде што живеат околу 1,4 милијарди жители. Моди ги повика жителите на руралните области да се обединат и солидаризираат со цел полесно справување со предизвиците.

“Изгубивме многу од своите најблиски, чуствувам болка, затоа што гледам дека народот пати“ изјави Моди на прес конферениција.

СЗО: индиската варијанта на коронавирус - глобална загриженост

Индиското министерство за здравство соопшти дека во изминативе 24 часа се евидентирани 343.144 нови случаи на заразени со ковид-19 и над 4 илјади луѓе кои починале од компликации од вирусот со што вкупниот број ан починати од почетокот на пандемијата изнесува 262.317.

МОН: Потпишан колективен договор со кој се зголемуваат платите во високото образование

Министерство за образование и наука

Министерството за образование соопшти дека вработените од високото образование од септември ќе добијат за 10 проценти повисоки плати, во основната компонента на платата, според МОН, ќе се исплаќа и минат стаж. Во соопштението е наведено дека до ова доаѓа откако со Самостојниот синдикат за образование потпишале колективен договор. Кон овој договор се приклучиле и Независниот академски синдикат.

Од МОН посочуваат дека во колективниот договор за првпат во 30 години независна држава, професорите директно преговарале за своите права со Министерството, без посредство на раководните структури на државните универзитети. Дополнително, Колективниот договор го утврдува и горниот праг на оптовареност на наставниот кадар со задолжителна настава и прекувремен број на часови, како и исплаќање на преекувремената работа.

Средба меѓу премиерите на Британија и на Ирска за Северна Ирска

Договорот за Брегзит ефективно ја остави Северна Ирска во трговската сфера на ЕУ

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ќе се сретне со својот ирски колега Мајкл Мартин за да разговара за ситуацијата во Северна Ирска и за Брегзитот. Членката на Европската унија, Ирска, одигра важна улога во преговорите за условите за излегување на Британија од ЕУ и е вклучена во напорите за олеснување на трговските потреси по Брегзит помеѓу Северна Ирска и остатокот од Британија.

Лидерите на Британија и ЕУ за Северна Ирска

Разговорите меѓу Лондон и Брисел за ова прашање се во тек, но британската влада во вторникот предупреди дека начинот на работа на правилата можеби нема да биде одржлив долго. Договорот за Брегзит ефективно ја остави Северна Ирска во трговската сфера на ЕУ, избегнувајќи потреба од царински проверки меѓу Северна Ирска и Ирска, но создавајќи нови меѓу Северна Ирска и остатокот од Британија.

Виртуелен состанок на Советот за безбедност на ОН за израелско-палестинскиот конфликт

Судирите ескалираа оваа недела по ракетните напади на Хамас врз Израел, кој возврати со напади на Појасот Газа.

Советот за безбедност на ОН закажа виртуелен јавен состанок за израелско-палестинскиот конфликт в недела. Оваа седницата беше закажана за денеска, но беше откажана. Според дипломатски извори, САД се против одржувањето на сесијата. Претходно, Тунис, Норвешка и Кина повикаа на нов итен состанок на Советот за безбедност на ОН за израелско-палестинскиот конфликт. Тоа ќе биде трета итна седница на Советот за безбедност од понеделникот, посветена на ова прашање.

Страв од војна поради ескалацијата на насилството меѓу израелската војска и Хамас

На двата состанока на Советот за безбедност, САД се спротивставија на усвојувањето на заедничката изјава, нарекувајќи ја „контрапродуктивна“ во оваа фаза, рекоа дипломатите. Кина изрази „длабока загриженост“ за ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и вооружените исламистички групи во Газа и ги повика ООН да ја потврдат својата поддршка за решение на две држави. На Блискиот исток се забележува најголема ескалација на насилството во последните неколку години. Судирите ескалираа оваа недела по ракетните напади на Хамас врз Израел, кој возврати со напади на Појасот Газа.

Целосно рестартиран нафтоводот во САД кој беше цел на сајбер напад

дел од нафтоводот во САД кој беше цел на сајбер напад

Сопственикот на најголемиот нафтовод во Соединетите Држави соопшти дека го рестартирал целиот систем и повторно започнал со испорака на гориво откако по сајбер нападот за кој Вашингтон вели дека потекнува од Русија го принуди да биде запрен и предизвика загриженост за снабдувањето со гориво. Ќе бидат потребни неколку дена за испораките на гориво да се вратат во нормала по должината на нафтоводот долг 8.850 километри, а некои пазари може да имаат наизменични прекини на услугите. На 8 мај беше објавено дека нафтоводот бил цел на сајбер напад за откуп. Претседателот Џо Бајден на 13 мај ги увери американските возачи дека снабдувањето со гориво треба да започне да се враќа во нормала овој викенд.

Бајден: Русија има „одредена одговорност“ во сајбер нападот на гасоводот во САД

ФБИ ја идентификуваше групата која стои зад нападот како криминална банда позната како DarkSide, хакерска мрежа за која експертите за сајбер безбедност велат дека е со седиште во Русија или Источна Европа. Бајден рече дека американските власти не веруваат дека руската влада била вмешана во нападот, но додаде: „Имаме силна причина да веруваме дека криминалците кои го извршија нападот живеат во Русија. Оттаму потекнува“. Вашингтон е во директна комуникација со Москва за потребата од преземање мерки против мрежите за откуп, рече Бајден. Не е откриено колку пари барале хакерите и не е јасно дали бил платен откуп.

Вакцинираните Американци можат без маска на затворено

илустрација

Американците вакцинирани против коронавирус повеќе не мора да носат заштитни маски на затворено, соопштија американските здравствени власти. „Секој што ги примил сите дози на вакцина, може да учествува во мали или големи активности на затворено и на отворено, без да носи маска или да ја почитува физичката оддалеченост“, соопшти Центарот за спречување и контрола на болести на САД. Исто така, се додава дека препораките за борба против епидемијата на коронавирусот редовно ќе се ажурираат.

Во САД дозволена вакцината на Фајзер за деца од 12 до 15 години

Новото упатство сè уште повикува на носење маски во преполни затворени простории, како автобуси, авиони, возови и на аеродроми и други транзитни центри, и на места како болници, лекарски ординации и засолништа за бездомници. Новото упатство се заснова врз нагло намалување на случаите, проширување на вакцините кај помлади лица и ефикасност на вакцините против варијантите на коронавирусот. Претседателот Џо Бајден ја поздрави веста, прогласувајќи голема победа во битката против коронавирусот кој зарази повеќе од 32 милиони луѓе во САД и остави повеќе од 580.000 починати.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG