Достапни линкови

Вести

Столтенберг ќе го претстави годишниот извештај на НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ќе го објави својот Годишен извештај за 2020 година. Генералниот секретар ќе одржи прес-конференција за работата на НАТО во текот на минатата година, како и иницијативата за НАТО 2030 за да ја направи Алијансата посилна за во иднина, како и наодите на нови анкети ширум Алијансата. Столтенберг деновиве предупреди на обиди за „поделба на Европа од Северна Америка“ и рече дека Европската унија „не може да го брани“ Континентот сама во услови на закана од тероризам и „дестабилизирачко однесување“ на Русија.

Столтенберг: НАТО ќе го напушти Авганистан кога за тоа ќе дојде време

„Секој обид за поделба на Европа од Северна Америка не само што ќе го ослабне НАТО, туку и ќе ја подели Европа“, рече тој во говорот на Колеџот на Европа во Бриж, Белгија. Во својот говор, тој рече дека силната трансатлантска врска е „основата“ на безбедноста на Европа. „Повеќе од 70 години, НАТО го отелотворуваше овој уникатен однос. Нашиот сојуз е единственото место што ги собира Северна Америка и Европа секој ден за да разговараат за заедничките безбедносни предизвици “, рече тој.

види ги сите денешни вести

НАТО останува претпазлив и по најавите за повлекување на руските сили

рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу

НАТО соопшти дека останува буден и по објавувањето на повлекувањето на руските трупи распоредени во близина на украинската граница и на Крим и ја повика Москва да ги повлече сите свои сили од територијата на Украина.
„Секоја мерка за ублажување на тензиите од Русија е важна и требаше да се спроведе одамна. НАТО останува буден. Ние ја повикуваме Русија да ги повлече сите свои сили од територијата на Украина", изјави неименуван претставник на Алијансата. Според него, НАТО ќе продолжи да ја следи „неоправданата“ акумулација на руски сили во и околу Украина. Руската армија објави дека од денеска ќе ги повлече своите сили во близина на границата со Украина и Крим, кој беше припоен кон Русија во 2014 година.

Путин е подготвен да го угости украинскиот претседател

„Силите покажаа можност да обезбедат сигурна одбрана на земјата. Затоа решив да ги завршам активности за инспекција во воените области на југ и запад, на границата со Украина“, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Со оглед на тоа што целите на воените вежби се „целосно постигнати“, Шојгу нареди „повлекување на силите“ од денеска, додека армијата од Крим ќе се повлече во своите бази до 1 мај. Според Министерството за одбрана, во маневрите учествувале 10.000 војници, воздухопловните сили, околу 40 воени бродови, ПВО и воздушните сили. Киев, кој се бори против проруските сепаратисти на истокот, стравува од инвазија насочена кон „уништување“. Москва, сепак, уверува дека „никому не му се заканува“, а во исто време ги осудува „провокациите“ и „заканувачките“ активности на Киев.

Времето денеска: облачно и посвежо

Ќе биде облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Повеќе врнежи ќе има во западните и југозападните делови од земјава. Дневната температура ќе биде од 7 до 17 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 15 степени.

Путин е подготвен да го угости украинскиот претседател

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да биде домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски на разговори во Москва во кое било погодно време за него.

Неговата изјава следува откако Зеленски пред два дена го покани Путин да се состане со него во регионот Донбас за да разговара за крај на конфликтот во источна Украина.

Украина на 20 април рече дека е постигнат „значителен напредок“ во разговорите за повторно воспоставување примирје со проруските сепаратисти на истокот на земјата, каде конфликтите и тензиите со Русија се интензивираат во последните неколку недели.

„Има значителен напредок“, изјави Олексиј Арестович, портпарол на украинската делегација, која учествува во преговорите организирани во врска со примирјето.

Сепак, тензиите не се намалуваат на фронтот и цивилите се плашат дека ќе продолжат тешки конфликти, пишува АФП.

Русија најави повлекување на војската од границата со Украина

Примирјето во голема мера се почитуваше во втората половина на 2020 година, но од почетокот на годината тој повторно започна да се распаѓа и започнаа конфликтите меѓу силите во Киев и сепаратистите, за кои се верува дека Русија воено и финансиски ги помага. Во исто време, тензиите се зголемија со Москва, која во последните неколку недели собра десетици илјади војници на границата со Украина, зголемувајќи го стравот во Киев дека се подготвува голема воена операција.

Украина ја обвинува Русија дека се обидува да ја уништи, додека Москва нагласува дека не се заканува никому, но ги осудува и украинските „провокации“.

Мас: Разговорите за промена на границите на Балканот се опасни

Хајко Мас, министер за надворешни работи на Германија

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека прекројувањето на границите на Балканот е опасна тема која според него, не е реална. На прес-конференцијата во Приштина, по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи, Мас посочи дека проблемите не можат да се решат со цртање нови мапи и подвлече дека разговорите на таа тема се опасни.

„Среќен сум што ова брзо беше ставено во фиока“, изјави Мас.

Посетата на германскиот министер за надворешни работи на Косово доаѓа откако во медиумите се појавија обвинувања за наводниот предлог на словенечкиот премиер Јанез Јанеша за прекројување на границите на Западен Балкан, како начин за решавање на хроничниот проблем меѓу шест држави од регионот.

Јанша одбива да го коментира „нон-пејперот“ за Западен Балкан

Деновиве медиумите објавија дека словенечкиот премиер Јанез Јанша наводно му предал т.н. нон-пејпер на официјален Брисел, во кој се оценува дека процесот на распаѓање на поранешна Југославија не е завршен. Сепак, министерот за надворешни работи на Германија вели дека не е запознаен со ваков проект и додаде дека терминот „нон-пејпер“ кажува сè.

Вучиќ: Постигнат договор за набавка на вакцини на Модерна

илустрација

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денеска дека е постигнат договор за набавка на вакцини со американскиот производител Модерна и дека очекува овие вакцини да пристигнат во Србија до крајот на октомври.

Во серијата дискусии на американската организација Атлантски совет, што се емитува во живо, Вучиќ како одговор на шпекулациите и критиките за процесот на вакцинирање, истакна дека Србија не учествувала во третата или четвртата фаза на тестирање на кинеските и руските вакцини и дека „само се купени кога тестирањето е завршено“.

Граѓаните кои примија прва доза АстраЗенека, може да се ревакцинираат во Србија

„Треба да истрпите остри критики кога правите нешто, нив ги нема кога не правите ништо, и јас сум горд што сум дел од тимот што направи нешто. Ние ја завршивме нашата работа и добивме повеќе вакцини од другите“, изјави Вучиќ .

Русија најави повлекување на војската од границата со Украина

Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија

Русија најави дека утре ќе започне со повлекување на своите трупи од границата со Украина и Крим, по завршувањето на воените вежби, соопшти руското министерство за одбрана.

„Верувам дека целите за брз преглед на состојбата на воените сили се целосно постигнати. Војниците ја покажаа својата способност да обезбедат кредибилна одбрана за земјата“, изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.

Според Министерството за одбрана, во маневрите учествувале 10.000 војници, воздухопловните сили, околу 40 воени бродови, ПВО и воздушните сили.

Киев, кој се бори против проруските сепаратисти на истокот, стравува од инвазија насочена кон „уништување“. Москва, сепак, уверува дека „никому не му се заканува“, а во исто време ги осудува „провокациите“ и „заканувачките“ активности на Киев.

Путин се закани со одговор на странските провокации

Шојгу рече дека војниците ќе се вратат во своите бази до 1 мај. Тој додаде дека армијата мора да биде подготвена брзо да одговори во случај на „неповолен“ развој на ситуацијата во рамките на воената вежба на НАТО „Бранител на Европа“, пренесе агенцијата „Интерфакс“.

Мултинационалната воена вежба „Бранител на Европа“ е годишна воена вежба предводена од американската војска, а нејзината цел е да изгради подготвеност и интероперабилност помеѓу американските и другите војници на НАТО, како и другите партнери.

ДКСК бара Обвинителството да покрене истрага за „Голем ринг“

Седница на членовите на ДКСК

Антикорупциската комисија, со иницијатива до Јавното обвинителство, бара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, како и раководителите на секторите за урбанизам од општината, градот Скопје и Министертсвото за транспорт од 2012 година.

Според ДКСК, овие лица, заедно со планерите и планерската компанија „Билт“, го прекршиле Законот за урбанизам при носењето на Деталниот урбанистички план „Голем ринг“, кој го опфаќа и земјиштето спроти хотелот „Холидеј ин“.

„Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од КЗ, ДКСК до Јавното обвинителство доставува иницијатива за поведување постапка за кривично гонење службени лица кои со своето постапување, односно непостапување придонеле во 2012 година да се донесе ДУП неусогласен со Генералниот урбанистички план и да се резлизира имотна корист кај сегашните сопственици на парцелата која е дел од од ДУП-от,“ изјави претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.

Законски опции за спречување на градбата на парцелата кај Холидеј Ин

Основата за оваа иницијатива за кривично гонење е битката кои дел од граѓаните ја водат со локалните и државните моќници години наназад, истакна Ивановска, и додаде дека на истиот начин се донесени и бројни планови во Општина Центар . Таа најави дека ДКСК понатаму ќе истражува и за останатите планови кои на многу сличен начин биле донесени во тој период односно не биле усогласени со Генералниот план од 2002 година, ниту со тој од 2012 година.

Нури Бајрами, член на ДКСК ги повика сите институции и вработените во јавниот сектор да укажуваат на вакви случаи и да станат заштитници за животната средина.

603 нови случаи на Ковид 19, 39 починале

илустрација

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2.596 тестирања, а регистрирани се 603 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје –209 случаи, Куманово – 62, Струмица – 39, Битола – 38, Охрид – 36, Прилеп – 31, Тетово – 27, Кочани – 21, Велес и Штип – по 19, Кичево – 14, Гостивар – 13, Кавадарци – 11, Радовиш – 8, Струга – 7, Виница – 6, Крива Паланка и Ресен – по 5, Гевгелија, Валандово и Демир Хисар – по 4, Неготино, Свети Николе, Пробиштип и Пехчево – по 3, Берово, Делчево и Крушево – по 2, Дебар, Богданци и Македонски Брод – по 1.

Регистрирани се 641 оздравени пациенти. Пријавени се вкупно 39 починати лица: Сите починати пациенти се починати во болнички услови.

КОВИД-19 и општествените пукнатини

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 149.221, бројката на оздравени пациенти е 126.234, на починати е 4.595, а бројот на активни случаи изнесува 18.392.

Почина академик Богомил Ѓузел

Академик Богомил Ѓузел.

На 82-годишна возраст почина академик Богомил Ѓузел - поет, раскажувач, драмски писател, есеист кој беше припадник на третата повоена генерација македонски писатели што се појавува во втората половина на педесетите години на дваесетиот век, која со своето дејствување изврши модернизација на македонската литература и ја внесе македонската култура во Европа и светот.

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде Ѓузел беше редовен член, со жалење ја извести јавноста за смртта на академикот. МАНУ ќе одржи Комеморативна седница преку видеоконференциска врска, за што јавноста дополнително ќе биде информирана.

Академик Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Чачак, Србија. Тој дипломирал во 1963 година на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Творечкиот опус на академик Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл.

85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на академик Ѓузел се напишани голем број на критики и осврти, како од домашни, така и од странски автори.

Бајден - Ова е одлучувачка деценија за климатските промени

Американскиот претседател Џо Бајден.

Американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис денеска на Денот на планетата Земја ја отворија првата сесија на дводневниот самит, на кој 40 светски лидери ќе разговараат за предизвиците со кои се соочуваат нивните земји и за новите чекори за решавање на прашањата предизвикани од климатските промени.

„Ова е одлучувачка деценија. Чекорите што нашите земји ќе ги прават од сега до Глазгов ќе го постават нашиот свет кон успех“, рече Бајден на отворањето на самитот.

Самитот на ОН за климата ќе се одржи во номеври оваа година во Глазгов.

„Цената од неактивноста се зголемува. САД не чекаат. Одлучуваме да преземеме акција“, рече Бајден.

Тој додаде дека на борбата против климатските промени гледа како на важен начин за создавање на работни места, што е политичко ветување на неговата администрација.

„Со насочувањето на овие луѓе кон вакви работни места, САД имаат намера да ги преполоват емисиите на стакленичките гасови до крајот на оваа деценија“, рече тој.

САД се обврзаа дека до крајот на оваа деценија ќе ги намалат емисиите на јаглерод диоксид од 50 до 52 проценти под нивото од 2005 година, според Би-Би-Си.

Новото ветување ќе биде презентирано на виртуеленот самит на кој ќе учствуваат 40 глобални лидери, што е двојно погололемо учество за разлика од претходните.

Соединетите држави се надеваат дека нивниот нов амбициозен план ќе ги охрабри Кина, Индија и другите земји да одат понатаму, пред Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (COP26), што треба да се одржи во Глазгов.

Според Асошиејтед Прес, Бајден пречекува 40 лидери да учествуваат на дводневни состаноци, вклучително и претседателите на Кина и Русија, во големиот дипломатски потфат за тримесечната администрација.

Меѓу политичките лидери на денешниот виртуелен самит, ќе биде и папата Франциско. Климатските промени се главната тема на неговото папство, чија важност тој ја изнесе во својата енциклика Лаудато Си од 2015 година.

Избрани јавни обвинители во неколку обвинителства

Обвинителката Фатиме Фетаи е избрана за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје.

Советот на јавни обвинители на денешна седница ги избра Фатиме Фетаи, Бурим Јустеми, Сашо Рајчев, Наум Пановски и Снежана Бундалевска – Георгиевска за обвинители во Вишото јавно обвинителство – Скопје.

Четворица од кандидатите беа избрани едногласно со 11 гласа „за“, додека еден од кандидатите со 10 гласа „за.“

Исто така денеска Советот ги избра за обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје Лиле Стефанова, Артан Арјо, Трајче Пеливанов, Наташа Поп Трајкова и Катерина Коларевиќ.

Обвинителите Фетаи и Рустеми работеа во поранешното Специјално јавно обвинителство, исто како и Стефанова, Арјо и Пеливанов. Пановски беше во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, додека, Колариќ, Рајчев и Бундалевска – Георгиевска во Јавното обвинителство – Скопје. Наташа Поп Трајова доаѓа од Основното јавно обвинителство во Струмица

На огласот за избор на пет обвинители, во Обвинителството каде шефица е Вилма Русковска, беа пријавени 14 кандидати.

На денешната седница Советот на јавни обвинители го избра Стојанчо Арнаудовски за основен јавен обвинител на Обвинителството во Струга.

Состанок на македонско-бугарската комисија за историски прашања

Архива - Скопје- состанок на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, 16.10.2020

Историчарите од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија денеска го одржуваат 13-от состанок, на кој ќе разговараат за учебниците од седмо одделение и за прашањата за ликот и делото на Гоце Делчев.

Последниот состанок на комисијата беше во февруари, во услови на затегнати односи меѓу двете земји по бугарската блоката за почеток на македонските преговори со ЕУ.

На 12-тата средба не беше постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, а немаше ниту согласност за прашањата поврзани со Средниот век, како што соопшти Министерството за надворешни работи.

Во соопштението на МНР беше наведено дека на предвидениот дневен ред биле прашања поврзани со содржината на записникот од 10-тата средба, како и изготвување на препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст-препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев. Комисијата тогаш не го отвори прашањето за Гоце Делчев и за неговото евентуално заедничко чествување, се вели во соопштението.

Бугарскиот копретседател на Комисијата Ангел Димитров изјави дека 12. состанок завршил без напредок и дека сѐ уште не е решен спорот околу Цар Самоил и случувањата од периодот на крајот на Првото бугарско царство, бидејќи како што рече, кај македонската страна постоела „целосна воздржаност да се спомне дека заедничката историја започнала во Средниот век“, како и поради „двоен стандард во проценката за Самоил.“

Македонските членови на Комисијата тогаш брифираа дека понудиле неколку предлози за Цар Самоил кои претставувале чекор напред од нивните досегашни позиции, но дека бугарските колеги ги одбиле и останале на своите стари ставови кои како што рекоа „се во основата на спорот меѓу двете историографии.“

Тие рекоа дека нивните колеги од Софија инсистираат да се наметне еднозначно решение кое е туѓо за начинот на кој се надминуваат спорови што произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото.

Денешниот 13. состанок на Комисијата се одржува онлајн.

Унгарија ги олеснува рестриктивните мерки

Унгарија за време на кризата со Ковид-19.

Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека очекува повторно отворање на терасите во рестораните и скратување на полицискиот час од 24 април, бидејќи кампањата за вакцинација на земјата овозможила натамошно отворање на економијата.

Гергели Гулјас на брифинг одржан денеска рече дека до 23 април е можно да бидат вакцинирани 3,5 милиони Унгарци против коронавирусот, а бројкаа до следната недела би можела да се искачи на 4 милиони или околу 40 проценти од популацијата на Унгарија.

Унгарија, чија економија беше погодена од пандемијата на Ковид-19, постепено започна да ги отвора продавниците и другите услужни дејности претходно овој месец, во услови кога една четвртина од населението е вакцинирано - потег што Унгарската медицинска комора го нарече предвремен.

И покрај успехот во кампањата за вакцинација, Унгарија до неодамна се бореше со висока стапка на инфекции и смртност. Централноевропската земја со 9,8 милиони жители регистрираше скоро 761.000 инфекции и 26.000 смртни случаи.

Вучиќ - Не ми паѓа на памет да зборуваме за војна

Српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ и претседателот на претседателството на БХ, Милорад Додик.

Србија сака партнерски и пријателски односи со Босна и Херцеговина (БиХ) и нејзиниот ентитет Република Српска , изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ за време на неговата посета во Бања Лука.

„Не ми паѓа на памет да зборуваме за војна и за оние повици за војна. На било кој начин не ги сметам за одговорни изјавите што одат во таа насока, ниту навредите на сметка на другите народи“, рече Вучиќ.

Ваквите изјави српскиот претседател ги даде на новинарско прашање да ги коментира изјавите на одредени политичари за можностите за војна во БиХ по информациите за наводниот нон-пејпер документ кој предвидува прекројување на границите на Западен Балкан.

Официјалните лица на Република Србија и на Република Српска се обратија пред медиумите откако беше одржан состанок на Советот за соработка на Србија и Република Српска во Бања Лука.

Претседателот на Србија рече дека меѓу другото разговарале и за трговската соработка меѓу Србија и Република Српска, но и со БиХ како целина.

Вучиќ истакна дека БиХ е важен партнер за Србија и дека се надева дека „трговијата ќе биде значително зголемена во 2021 година отколку во 2020 година“.

„Внимателно слушав сè што мислат моите домаќини за политичката состојба во БиХ. За нас е важно да ги развиваме нашите економии, додека одржуваме мир и стабилност“, рече Вучиќ.

Претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик изјави дека соработката помеѓу РС и Србија во економски и друга смисла е досега најдобрата во историјата.

На новинарско прашање за „повиците за војна“, Додик рече дека војната е неприфатлива и дека РС нема да се бори „дури и за нејзината независност“.

„Секој што смета на тоа, не треба да смета на нас. Ние нема да водиме војна и ништо не може да се реши со војна. Ние повикуваме на разговори што ќе дадат решение за тоа како да се живее тука. Да се направат планови за развој“, рече тој.

ОБСЕ - Југоисточна Европа заеднички против климатските промени

Илустрација - шумски пожари во Хрватска.

Климатските промени се забрзуваат на глобално ниво, а ефектите се чувствуваат низ Југоисточна Европа со зголемена фреквенција и интензитет на топлотни бранови, суши, поплави и пожари, се вели во извештај на ОБСЕ и берлинскиот истражувачки и аналитички центар „Аделфи“ објавен денеска.

Во извештајот се идентификувани ризици, жаришта, заеднички предизвици и можности за соработка. Исто така наведени се седум групи на ризици во однос на регионалната безбедност и стабилност, земјоделството, туризмот, енергетиката, здравството и шумите, но и седум специфични географски жаришта, како што се заеднички речни сливови, планински екосистеми, загадувањето на воздухот и миграцијата.

„Климатските промени се едно од најважните прашања во нашето време во политиката, економската, социјалната и еколошката сфера. Исто така можат да се појават како безбедносно прашање кога се во интеракција со други притисоци како што се нееднаков економски развој, социјална нееднаквост и ограничувања на ресурсите. Овие предизвици можат да се решат само преку мултилатерален и кооперативен пристап“, изјави генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Марија Шмид.

Во извештајот се нагласени неколку можности за регионална соработка кои треба да се искористат за да се решат безбедносните ризици поврзани со климата. Марија Шмид додава дека во Југоисточна Европа веќе е постигнат напредок со мапирање на споделени потенцијални ризици и дефинирање на заеднички решенија.

Рекорден број на новозаразени во Индија

Илустративна фотографија - жители на Индија заразени од коронавирусот добиваат здравстена помош.

Индија во изминатите 24 часа регистрираше 314.835 нови случаи на коронавирус, што е најголем број за еден ден во една земја од избувнувањето на пандемијата, соопштија локалните здравствени власти. Со тоа бројот на заразени лица во земјата се искачи на 15,9 милиони од почетокот на епидемијата.

Индија е погодена од силен втор бран, а акутниот недостиг на кислород предизвикува зголемен страв поради преоптоварениот здравствен систем.

Тоа беше причина за највисокиот суд во Делхи јавно да ја критикува централната влада за нејзиното справување со кризата.

„Ова е смешно. Ние сакаме да знаеме што прави центарот во однос на снабдувањето со кислород низ Индија“, рекоа судиите.

На владата ѝ е наложено да обезбеди снабдување со кислород од фабриките до болниците низ Индија, пренесува Би-Би-Си.

Многумина починаа низ целата земја чекајќи кислород, иако не е возможно да се знае колкав е бројот. Индиските социјални медиуми исто така се исполнети и со апели за кислород.

Толпи луѓе се собираат пред болниците во поголемите градови каде капацитетите се исполнети. Здравствените служби се борат да се справат со сѐ поголемите предизвици.

Во меѓувреме, властите во најтешко погодената држава Махараштра најавија дополнителни ограничувања почнувајќи од четвртокот навечер. Областа веќе е делумно заклучена од 14 април.

Махараштра е најбогатата индиска држава и дом на нејзиниот финансиски центар Мумбаи. Таа е жариште на Ковид од почетокот на пандемијата, бидејќи една таму се пријавени една четвртина од вкупниот број случаи во Индија.

Индија, која има 1,4 милијарди жители, досега потврди повеќе од 180.000 смртни случаи од Ковид-19. Досега вакцинирани се 130 милиони луѓе.

Прага ѝ даде рок на Москва да ги врати протераните дипломати

Новоназначениот чешки министер за надворешни работи Јакуб Кулханек зборува за време на прес-конференција по состанокот со рускиот амбасадор во Прага, 21 април 2021 година.

Чешка ѝ даде рок на Русија до денеска напладне да дозволи враќање на 20 чешки дипломати, кои беа протерани како одговор на протерувањето на 18 руски дипломати од амбасадата во Прага.

„Му соопштив на рускиот амбасадор дека Руската Федерација има рок до утре до 12 часот да ги прими сите протерани дипломати назад во Москва. Ако не го стори тоа, ќе одлучам да го намалам бројот на руски дипломати во Прага, така што тоа да одговара на сегашната состојба на амбасадата на Чешка во Москва ", изјави пред новинарите новиот чешки министер за надворешни работи Јакуб Кулханек.

Рускиот амбасадор на 21 април беше поканет на состанок во чешкото Министерство за надворешни работи за да може Кулханек да изрази протест против „несоодветната реакција на Русија кога протера 20 Чеси како одговор на протерувањето на нејзините 18 дипломати“.

„Со оглед на разликата во големината на амбасадите, протерувањето на 18 руски агенти нема да го загрози функционирањето на руската амбасада во Прага, додека реакцијата на руската страна беше несоодветна и ја парализираше работата на нашата амбасада во Москва“, рече Кулханек.

Влошените односи меѓу Русија и Чешка влегоа во фаза на вистинска дипломатска војна, бидејќи Чешка на 17 април објави дека има докази за основано сомнение дека двајца агенти на руската служба ГРУ, истите кои се сомничат за обид за труење на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал, се вмешани во експлозии на муниција во јужна Бохемија во 2014 година во кои загинаа две лица.

„Сите знаете што се случи и ние реагиравме како суверена земја“, изјави новиот шеф на чешката дипломатија во Чешка.

Кулханек на 21 април разговараше со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а на 22 април детално ќе ги информира амбасадорите на земјите членки на НАТО за експлозијата во складиштето за муниција.

Ден на Планетата Земја

Идејата за Денот на планетата Земја првично се роди во 1969 година, кога американскиот сенатор Гејлорд Нелсон, беше сведок на ефектите од масивното излевање нафта во Санта Барбара, Калифорнија. Тој повика на акција сите Американци да заземат став за животната средина во 1970 година, а илјадници колеџи и универзитети низ САД организираа протести за здрава и одржлива Земја. Ова вклучува загадување на воздухот од фабриките и автопатите, како и губење на живеалиштата за животните и истребување на животните. Поради овие национални митинзи, првиот Ден на планетата Земја помогна во создавањето на Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите држави и чистиот воздух, чистата вода и загрозените видови стапуваат во закон.

Меѓу загадувањето на воздухот и корупцијата


Денес, како што наведуваат ОН, имаме слична загриженост и, за жал, тие се дури и поразителни од онаа оригинална истекување на масло. Зголемувањето на природните катастрофи, екстремните временски услови и зголемувањето на глобалните температури може да изгледа невозможно за еден човек, а камоли за милиони, па дури и милијарди луѓе, да забави или да запре. Објавено е дека корални гребени умираат, гледаме слики од животни на копно и во океан со ѓубре во стомакот или околу нивното тело, а корпоративните фабрики и големите компании ширум светот продолжуваат да го загадуваат нашиот воздух и простори за живеење. Но, мала акција, како собирање легло на тротоар што инаку може да заврши околу вратот на животно или во океанот, сепак прави влијание - чекор во вистинската насока и важна промена.

Лансирање на SpaceX со астронаути на НАСА

НАСА центарот

НАСА и SpaceX се подготвуваат денеска да ја испратат втората оперативна мисија со комерцијален екипаж до Меѓународната вселенска станица. Во екипажот-2 ќе бидат астронаутите на НАСА, Шејн Кимброу и Меган МекАртур, астронаутот на Јапонска агенција за вселенско истражување Акихико Хошиде и астронаутот на Европската вселенска агенција Томас Пескет.

Ракетата на „Спејс Икс“ на пат кон Меѓународната вселенска станица

Квартетот се очекува да остане во орбитилниот комплекс шест месеци. Во зависност од механичките и временските услови, ако сè оди според планот, вселенското летало Crew Dragon на SpaceX се очекува да се приклучи на лабораторијата што орбитира на 23 април.

Денеска средба Путин-Лукашенко

Рускиот претседател Владимир Путин на состанок со неговиот белоруски колега Александар Лукашенко во Сочи, 22 февруари 2021 година

Белорускиот претседател Александар Лукашенко и рускиот претседател Владимир Пуртин денеска во Москва, како што е најавено, треба да одржат разговори. Русија во минатата година застана зад својот сојузник Лукашенко, кога тој се спротивстави на демонстрантите кои излегоа на улиците по изборите за кои неговите противници велат дека се наместени. Во пресрет на нивниот состанок, американскиот амбасадор во Белорусија Џули Фишер се сретна со лидерот на опозицијата Свијатлана Циханускаја, кандидат на опозицијата на минатогодишните избори која е во самонаметнат егзил во соседна Литванија, каде што редовно ги прима западните претставници.

Лукашенко ги обвинува САД за заговор за атентат

„Важно е меѓународната заедница да зборува и да зборува за она што се случува, да посветиме големо внимание и да повикаме на итно ослободување на сите политички затвореници во Белорусија“, рече во средата Фишер по средбата со Циханускаја во Вилнус. Циханускаја пред новинарите изјави дека сака да ја види Белорусија „независна, слободна и создавајќи пријателски и заемно корисни односи со сите земји, пред сè со соседите, но и со другите“. Вашингтон ја именуваше Фишер за свој амбасадор во Белорусија во декември. Таа повеќепати се состана со Цихануаскаја и други опозициски фигури, но сè уште не ги предаде акредитивите во Минск. На протестите против Лукашенко илјадници луѓе беа уапсени, а скоро сите големи опозициски фигури се во затвор или во егзил.

Десетици светски лидери на самитот за климата чиј домаќин е Бајден

илустрација

На дводневниот климатски самит кој почнува денеска, а е организиран од американскиот претседател Џо Бајден, учеството го потврдиле скоро сите 40 светски лидери кои беа поканети. Коосновачот на Мајкрософт Корп Бил Гејтс ќе се обрати на вториот ден од самитот. Настанот во Белата куќа го отвора патот за уште еден глобален самит во ноември во шкотскиот град Глазгов, кој има за цел да обезбеди светот да ја исполни целта за ограничување на загревањето на планетата на 1,5 степени Целзиусови. На самитот ќе се обратат и францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон.

Членките на ЕУ согласни за намалување на 55 проценти на стакленичките гасови

Бајден ја направи борбата против климатските промени врвен домашен и меѓународен приоритет и самитот оваа недела е шанса да ги убеди своите колеги дека Соединетите држави се враќаат како лидер по ова прашање откако поранешниот претседател Доналд Трамп се повлече од Парискиот договор за намалување на глобални емисии. Бајден ги врати Соединетите држави во спогодбата на почетокот на неговата администрација во јануари и Белата куќа планира да ја претстави новата обврска за намалување на емисиите на стакленички гасови во САД до 2030 година наскоро. Извори запознаени со ова прашање очекуваат администрацијата да се заложи за намалување на емисиите во САД околу 50% во споредба со нивото од 2005 година.

НАТО ќе расправа за вмешаноста на Русија во експлозиите во Чешка

Рускиот амбасадор во Прага, Александар Змејевски го напушта Министерството за надворешни работи во Прага, Чешка, среда, 21 април 2021 година.

На барање на Чешка, НАТО денеска ќе расправа за аферата околу вмешаноста на Русија во експлозиите на магацините со муниција во Врбетице и можната акција за солидарност, објави амбасадорот на Чешка во НАТО. Претставничкиот дом на чешкиот парламент деновиве го осуди наводниот напад на руските агенти на ГРУ врз складиштата за муниција во Врбетице во 2014 година, го одобри протерувањето 18 руски дипломати и побара од владата да го повика НАТО да ги протера руските дипломати на координиран начин во знак на солидарност со Чешката Република.

Прага бара од сојузниците „солидарни протерувања“ во спорот со Русија

„Претставничкиот дом ги осудува терористичките напади на специјалните единици на руската воена разузнавачка служба, организирани на територијата на Чешка, што доведе до насилна смрт на чешки граѓани, масовно уништување на приватен имот, вклучително и уништување на муниција депо ", стои во резолуцијата усвоена од Долниот дом. Пратениците исто така побараа значително намалување на бројот на руски дипломати во Прага, бидејќи руската амбасада има најмногу дипломати и персонал во Чешка, двојно повеќе од САД.

Шефот на германската дипломатија во посета на Приштина и Белград

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска и утре ќе ги посети Приштина и Белград. Портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Адебар им изјави на новинарите во Берлин дека министерот Мас денеска ќе биде во Приштина, а еден ден подоцна ќе ја посети српската престолнина Белград, Според неа, тој, меѓу другото, ќе разговара со косовските и српските соговорници за процесот на дијалог за нормализирање на односите. Посетата на германскиот главен дипломат доаѓа по минатонеделните извештаи во регионалните медиуми за можноста за прекројување на границите меѓу земјите кои некогаш биле дел од поранешна Југославија.

Рот: фантазиите за промена на балканските граници припаѓаат на минатото

Наводно, според некои медиуми, словенечкиот премиер Јанез Јанша му ја предал таканаречената нон-пејпер на Брисел, каде што тој тврди дека процесот на распаѓање на Југославија не е завршен. Германската влада реагираше на извештаите во медиумите и ги отфрли ваквите идеи. „Германската влада ја отфрла идејата за промена на границата по етнички линии на Западен Балкан. Ваквите промени на границата многу веројатно ќе ја зголемат нестабилноста во регионот и ќе предизвикаат нови кризи. Според тоа, германската влада не ги смета за целисходно ваквите дискусии“, оцени германското Министерство за надворешни работи.

Руската полиција уапси 1.700 приврзаници на Навални на протестите низ целата земја

Руската полиција уапси околу 1.700 приврзаници на осудениот опозициски лидер Алексеј Навални

Руската полиција уапси околу 1.700 приврзаници на осудениот опозициски лидер Алексеј Навални на протестите со барање за негово ослободување. Илјадници демонстранти се собраа во центарот на Москва, на повик од соработниците на Навални, чија здравствена состојба е многу лоша, бидејќи тој штрајкува со глад повеќе од три недели. Групата ОВД-Инфо, што го следи апсењето на политички демонстранти и активисти, соопшти дека многу демонстранти биле уапсени пред да започнат протестите и дека меѓу нив има и двајца блиски соработници на Навални. Според последните податоци од таа група, во 82 града се уапсени 1.700 лица, а најмногу во Санкт Петербург, околу 600 лица. Соработниците на Навални ги повикаа граѓаните да излезат на протести, откако деновиве беше објавено дека неговата здравствена состојба одеднаш се влошила. Московската полиција соопшти дека 6.000 луѓе протестираа во главниот град, додека еден набљудувач за Јутјуб каналот на Алексеј Навални изјави дека имало 60.000 луѓе. Протестите беа закажани за денот на годишното обраќање на Путин до нацијата.

Путин се закани со одговор на странските провокации

Во своето обраќање, Путин ги обвини странските влади дека се обидуваат да ѝ ја наметнат својата волја на Русија. Путин, кој никогаш не го споменува јавно името на Навални, но познато е дека западните влади остро го критикуваа третманот на уапсениот опозиционер и повикаа на ослободување. 44 годишниот Навални почна штрајк со глад пред повеќе од три недели во знак на протест поради тоа што затворските власти не му дозволија да го прегледа приватен лекар, поради силна болка во грбот и губење на чувствителност на нозете.

Лекарите кои сакаат да го прегледаат Навални повторно не биле примени во затворот

Тој беше уапсен на 17 јануари, веднаш по враќањето во Русија од Германија, каде се пет месеци заздравуваше од труење од нервен отров, за што го обвинува Кремљ. Руските власти ги отфрлаат овие тврдења и го обвинуваат Навални за соработка со западните разузнавачки служби.Во февруари, судот во Москва го осуди Навални на две и пол години затвор, менувајќи ја условната казна од 2014 година во затвор, затоа што не се пријавил навреме до надлежниот орган, додека се опоравувал од труење во Германија. Апсењето на Навални доведе до бран протести на десетици илјади луѓе во јануари низ Русија, во повеќе од 100 градови. На тие протести, чии учесници побараа ослободување на Навални, полицијата уапси повеќе од 10.000 луѓе.

Времето денеска: променливо облачно со сончеви периоди

Ќе биде променливо облачно со сончеви периоди почести во источните делови. Во текот на денот облачноста ќе се зголемува и кон крајот на денот во западните делови ќе има врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Дневната температура ќе биде од 12 до 22 степена. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 20 степени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG