Достапни линкови

Притисоци и напуштање на системот „по малку за сите“


Илистрација.
Илистрација.

Со благо задоцнување и по прв пат да не се превземаат обврски повисоки од буџетските средства, наспроти „огромните притисоци“ и „практикувањето досетки“, Министерството за култура ги објави резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на програми од национален интерес во културата за 2021 година.

Културните работници и уметниците во земјава конечно ќе можат да здивнат. Или, пак, можеби да го разбудат гневот. Кому како ќе му дојде. И, ќе мора да ја голтне реалноста. Каква и да е. Стимулативна. Или, за други, разочарувачка наспроти плановите и амбициите на некои од културните работници и уметниците. Дури и на дел од националните установи чии очи сепак се вперени во оваа институција Конкурс и нејзината, во случајов, излитена и през годините наназад многупати крпена вреќа.

Имено, со благо (некако му доаѓа едномесечно) задоцнување, од „објективни причини“ кои практично значат работа во ковид услови, намален буџет од три милиони евра поради поранешни нерегуларности со кои се занимаваат надлежните институции...“, Министерството за култура ги објави резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на програми од национален интерес во културата за 2021 година. И, тоа на прес конференцијата на која Министерката за култура Ирена Стефоска најпрво ќе забележи дека се „доделени онолку средства со колку што располага Министерството, односно дека за првпат не се превземаат обврски, повисоки од буџетските средства“. Дека притоа за распределба на 11 милиони евра, парина даночните обврзници, пристигнале рекордни 6352 апликации.

„Во оваа прилика, изразувам голема благодарност на стручните комисии, за нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои беа изложени. Благодарност за професионалниот пристап, за истрајноста и посветеноста да направат правична и фер селекција од огромниот број на пријави. Им благодарам и на вработените во Министерството за култура кои успеаја да обработат 6352 апликации. Од овој момент, одговорноста за Годишната програма веќе е моја“, ќе рече на прес конференцијата министерката Ирена Стефоска.

Во продолжение таа со појаснување дека сака да сподели со јавноста и неколку заклучоци од она што заедно го согледале. Притоа наведува дека добар дел од другите корисници, но и од националните институции имале не адекватно и нецелосно пополнети апликации и дека треба во иднина да се работи на високата свест за взаемна отчетност за трошење на секој денар.

„Би сакала да ја истакнам и „вештината“ на дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш не, се извештиле низ годините како да го надмудруваат Конкурсот. Па така, на разни начини се протнуваат низ дупките на „системот“. Еднаш се појавуваат како автори, друг пат како уредници, трет пат како консултанти, четврти пат како учесници на манифестацијата, потоа како членови на жири комисии, шести пат во групен проект... Едноставно кажано – исти лица си конкурираат самите на себе. И така конкурсот ја изгубил смислата на натпревар. Неретки се и оние кои аплицираат со „копи пејст проекти“, односно со проекти за кои во изминатите години веќе биле поддржани. Во еден ваков сложен и крајно проблематичен контекст, и комисиите и јас како Министерка, зазедовме став за една суштинска позиција: Да се обезбеди одговорна, транспарентна и праведна дистрибуција на парите на даночните обврзници за културата. Убедена сум дека во резултатите од Програмата културната јавност ќе го препознае напорот за напуштање на принципот „по малку за сите“ затоа што таквиот „принцип“ ја обесмислува културата и ја убива креативноста“, смета Стефоска.

Mинистерката за култура, Ирена Стефоска
Mинистерката за култура, Ирена Стефоска

Кон ова, таа и со дополна дека е многу разочарана од фактот што дел од апликантите, вклучително и националните установи, побарале непристојно големи суми, а дел и средства за проекти кои заради ковид рестрикциите, и кај нас, и во светот не можат да се реализираат.

Над 4 илјади нови вработувања во администрацијата што требаше да се намали

При соопштувањето на резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на програми од национален интерес во културата за 2021 година Стефоска и со информација за критериумите врз основа на кои работеле стручните комисии. Дека притоа акцентот бил ставен врз квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во живото на граѓаните, подршката на авторите од различни етнички заедници, стимулирање на креативните млади творци, на ранливите и маргинализирани групи, се труделе реално да биде вреднуван трудот за да се заштити достоинството на авторот... и дека за прв пат после повеќе децении одобрени се „солидни средства“ за заштита на културното наследство.

„Не може и не смее да се очекува овој конкурс да ги реши сите, децениски наталожени проблеми. Оттука, промените направени во овој конкурс, уште од самата негова објава, се само првиот, би рекла, пионерски чекор кон усовршување на целиот систем. Во оваа смисла, ја користам и оваа прилика, уште еднаш да апелирам до Собранието што побрзо да го донесе новиот Закон за јавен интерес во културата кој со нетрпение го очекуваат 3.500 културни работници“, заклучува Стефоска.

Инаку, колку за потсетување, претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се Весна Димовска за литература и издавачка дејност, Фирдаус Неби за драмска дејност, Емин Гаџа за фолклор и сценско-уметничка дејност, Бранка Костиќ Марковиќ за музичка и музичко-сценска дејност, Соња Абаџиева за визуелни уметности, архитектура и дизајн, Зоран Петровски за интердисциплинарни проекти, Јане Бакевски за меѓународна дејност, Љуљета Абази за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра, Фросина Зафировска за музејска дејност и Славица Србиновска за библиотечна дејност.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG