Достапни линкови

Темков со боите на водите и воздухот во Тиквешијата во Кавадарци


Дело на уметникот Владимир Темков од циклусот „Боите на водите и небото на Тиквешијата“

„Големи и мали“ е насловена претстојната изложба на уметникот Владимир Темков, што од петок напладне на 12 февруари се одржува во Галеријата на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во неговото родно Кавадарци. Тој во новиот циклус тематски се бави со бојата на небото и водите во Тиквешијата.

Ако за некого важи онаа народната „водата стои, тој не“ тогаш тоа мора да биде Владимир Темков. Уметник и двигател на добар дел од културниот живот во градот и човекот кого во Кавадарци многу повеќе го идентификуваат со прекарот „Шефе“. Ете, тој и таквиот Темков во годината на светска пандемија, онаков каков што Господ го дал, притеснет како и сите од пропишаните мерки за заштита и превенција од вирусот Ковид – 19, наместо да и се предаде на новонастанатата состојба решил со сите сили да му се сврти на сопственото, на индивидуалното творештво. И, во едни такви услови без да падне со духот сликал, ли сликал во своето ателје. Како да ништо друго на светот и не било важно во тој миг освен немирниот потез со четката кој се обидувал да ја следи играта на мислите во главата. И, затоа сега дури и самиот се чуди на својата „пандемиска“ продукција во која се запишани бројни дела со различни формати. Ете, од нив за претстојната изложба одбрал 14 големи и четири мали, акрил на платно, за да им ги прикаже на љубителите на ликовната уметност во Градот ателје на изложбата во пресрет на празникот Свети Трипун, на Денот на лозарите. И, згора на поставката која тематски се бави со бојата на небото и водите во Тиквешијата решил да го сврти вниманието и на сликите со помал формат за кои знае да каже дека се „подеднакво важни во неговото творештво“.

Тиквешијата, Кавадаречкиот регион е познат по две убави реки – Црна река и Луда Мара, и Тиквешкото езеро кое во последниве 50 години му дава живот на Кавадарци. Инспириран од сите овие работи, а имајќи време повеќе отколку порано во таа „нормалност“, се одлучив за еден нов циклус. На само мој начин да ги прикажам тие бои на тиквешката вода, на небото, на тиквешкото поднебје.

Од друга страна, Темков не заборава да спомене дека во основа на целиот циклус лежи пораката за свесност за очувување на водите, на воздухот, на нашата животна средина.

Народот самиот се повлече во сопственото дувло и екстериерот, воздухот надвор остана малку почист. Значи, помалку се загадува воздухот, помалку се загадуваат водите... Всушност пандемијата не натера да си посветиме повеќе на околината, на себе си, на своите најблиски...и конечно на личното творештво. Имајќи повеќе време затворен во просторот во којшто живееш или во оној простор којшто работиш и твориш, просторот којшто е својствен само за тебе како автор, почнуваш да размислуваш и тоа размислување гласно да го поставуваш на платното, на хартијата... не свесен дека тоа е тоа што како автор го сакаш или тоа е тоа што ти дава енергија и живот. Во таа состојба токму водата мене како на автор ми ја даде толку потребната енергија да создавам нови дела, вели уметникот.

Говорејќи за своето творештво Темков појаснува дека кај него како уметник интересно е тоа што тој како автор додека не ги исцрпи сите ликовни елементи коишто даваат белег не го завршува циклусот. Дека тие периоди кај него траат по неколку години и дека се состојат во повеќе од 100 дела, па затоа е убеден дека започнатиот или ако сакате „актуелниот“ со водите и воздухот ќе има простор да се развива во претстојниот период во кој би сакал да направи со него и неколку изложби во Европа.

Една од грдите работи што лани ми ја направи светската пандемија е моето не одење во Москва со една голема изложба посветена на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Изложбата во организација на Македонската амбасада во Русија и Министерство за култура на руската република требаше да се одржи на 24 мај, но од познатите причини таа беше одложена за една година. Сега, под претпоставка дека ќе се сменат условите и протоколите за патувања, постои идеална можност сепак да се случи и таа моја голема поставка со комбинација на дела од претходните со овој нов циклус тематски врзан со боите на тиквешките води и воздух. Потајно се надевам и посакувам тоа да се реализира бидејќи, како што е познато, Москва е еден од ликовните центри каде секој еден автор мечтае и си пожелува да му бидат прикажани делата, смета сликарот.

Од друга страна, тој не заборава да спомене дека сепак пандемиската 2020 за него била плодна година во однос на виртуелните поставки по светот. Имал претставувања во Пакистан, во Индија, во Њујорк – САД, Албанија, Турција... а покрај нив успеал да реализира изложби со физичко присуство во Неготино, Радовиш и родното Кавадарци.

Доаѓа време кога ќе треба да ги прифатиме како реалност виртуелните претставувања. Едноставно тоа е неминовност и ние авторите ќе мора да се прилагодуваме на новите прилики. Инаку би останале затворени во себе и без неопходната комуникација со уметноста и светот околу нас, забележува Владимир Темков.

И, колку за потсетување само неколку цртички од неговата досегашна творечка присутност.

Роден 1959 година, Владимир Темков завршил Педагошка академија и Факултет за ликовни уметности, отсек графика, а од 2001 година е член на ДЛУМ. Потписник е на 80-на самостојни изложби во земјава и во странство од кои посебно за издвојување се оние во македонската амбасада во Париз, Франција, и во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, САД. Згора на тоа бил учесник на бројни групни постановки и колонии, реализирал повеќе проекти и интервенции од областа на уметноста и има учествувано на повеќе меѓународни конференции. Во 2011 имаше студиски престој во парискиот Cite Internacionale Des Arts, а од 1996 е основоположник и организатор на Меѓународната ликовна колонија во Кавадарци.

За своето творештво Темков е добитник на повеќе награди и признанија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG