Достапни линкови

Вести

Мијалков се појави, бил болен и немало да бега

Сашо Мијалков

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков попладнево се појави во Обвинителството за организиран криминал. Во изјава за телевизија 24 вести тој рече дека не побегнал туку дека бил болен и имал висока температура.

„Не бев во бегство, бев тука, но поради тоа што чувствував симптоми на корона, се изолирав. Кога разбрав за тоа што се случува, решив да дојдам денеска до Обвинителството за да го видам решението. Навистина ми е жал поради непријатностите, за што сакам да се извинам на јавноста, на министрите, на правосудните инстанци поради оваа ситуација“, изјави Мијалков.

Тој повтори дека нема да бега и дека не се чувствува виновен за делото за кое е обвинет во предметот „Таргет-тврдина“.

„Секој кој ме знае знае, знае дека јас кога ќе дадам збор, нема да го погазам. Јас јавно ветив дека нема да побегнам“, изјави Мијалков пред Обвинителството.

Претходно денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека сите моментални анализи и проценки укажувале дека Мијалков не ја напуштил државата.

Спасовски: Мијалков е во државата, вината е во системот, а има и кртови

Мијалков беше недостапен за органите за прогонот од неделата откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина" в петок. Тој е еден од 12-те обвинети во „Таргет-тврдина“. Според обвинителниот акт за Мијалков, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

види ги сите денешни вести

Заев: Разговарав со Георгиевски, предлогот е негов став, не на Владата

Архивска фотографија од Љубчо Георгиевски на предизборен митинг на ВМРО-Народна партија

Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а мислењето на нашиот коалициски партнер Љубчо Георгиевски е негово лично мислење, изјави денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи ги ставовите на коалицискиот партнер Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-НП, кој викендов на социјалните мрежи изнесе „план за решавање на спорот со Бугарија, што предизвика бројни реакции во јавноста.

Заев рече дека уште вчера разговарал со Георгиевски, при што „тој му потврдил дека тоа е негов личен став“, а премиерот му рекол дека „тоа не може да биде став ниту на Владата, ниту на коалицијата, заради тоа ставовите на Владата по тоа прашање се јасни“.

По бугарското вето лани во декември, дипломатската реторика меѓу Скопје и Софија е заострена. Официјална Софија бара Македонија да признае бугарски корени, а македонската Влада тврди дека нејзините црвени линии се току идентитетот, јазикот и националноста.

Денеска премиерот Заев не сакаше подетално да каже до каде се разговорите со Бугарија околу блокадата на преговарачката рамка на Македонија и Европската унија. Тој само рече оти верува дека ќе се најде решение.

„Сега не би давал длабински коментари, бидејќи сега во Бугарија има избори. А по изборите штом ќе се формира владата во Бугарија ние ќе продолжиме уште посуштински да навлеземе во преговорите, бидејќи сакаме час поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат и да ја одржиме првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

Ерменија - Упад во Владата, се бара оставка од премиерот

Фотографија од денешниот упад на демонстрантите во зградата на Ерменската влада

Ерменија падна подлабоко во политички превирања кога група ерменски демонстранти кои бараа оставка од премиерот Никол Пашинијан упаднаа во зградата на владата во главниот град Ереван. Десетици демонстранти скандираа „премиерот да се повлече од власта“ додека ја нападнаа зградата на 1 март, предупредувајќи дека нема зграда во земјата во која Пашинијан може да се скрие.

Засега нема извештаи за повредени или апсења. Пашинијан се соочи со сè поголеми протести и повици од опозицијата за оставка по шестнеделниот конфликт меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили во регионот на Нагорно Карабах минатата година. Многу Ерменци договорот го сметаат за понижувачка загуба.

Минатата недела, незадоволството се прелеа во војската откако Пашинијан го разреши Тиран Хачатријан, првиот заменик началник на генералштабот, кој ја исмејуваше анализата на премиерот за руското оружје користено во војната против Азербејџан. Како одговор, неколку десетици високи воени офицери потпишаа писмо во кое ги обвинуваат Пашинијан и неговата влада дека ја довеле земјата „на работ на колапс“ и велат дека „повеќе нема да може да донесува соодветни одлуки во оваа критична ситуација за ерменскиот народ“. Пашинијан рече дека овој потег претставува „обид за воен удар“ и веднаш го отпушти началникот на Генералштабот на армијата. Претседателот Армен Саркисијан, сепак, одби да го потпише наредбата, по што некои членови на сојузот„ Мој чекор “на Пашинијан повикаа на импичмент на претседателот.

Сајкоски: Имаме 100.000 потписи за поништување на законот за попис

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски

ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните за само 8 дена собра 100.000 потписи против политички попис во Македонија, соопшти денеска генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски.

„И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена 100.000 граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел. Граѓаните одлучија, не сакаат политички попис, сакаат попис како статистичка операција, што точно ќе може да ја насочи Република Македонија во која насока да се развива“, изјави Сајкоски на денешната партиска прес-конференција.

Сега, како што рече Сајкоски, ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници, поддржана од над 100.000 граѓани, ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на законот за попис.

Пописот на населението почна денеска со првата фаза во која се попишува дијаспората, изелениците, бездомниците и затворениците. Во Македонија пописот е закажан за во април. Опозицијата тврди дека власта сака да направи политичка наместо статистичка операција и затоа бара поништување на новодонесениот закон за попис. Власта, пак, тврди дека се е според правилата на Евростат и според методологијата на Европската унија.

Заев објаснуваше за кинеските вакцини и за повлечениот аванс

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува овие денови да има информација од Кина кога ќе почне утоварот на вакцините за Македонија и објаснуваше зошто е повлечен авансот за вакцините од Синофарм. Според него, никаде во светот никој не може со точност да каже кога кој тип на вакцина ќе пристигне, а за авансот за кинеските вакцини рече дека е повлечен затоа што се чекала потврда од Министерството за надворешни работи на Кина.

„Авансот е пуштен како дел од процедурата. Парите се тука, на истата сметка на Министерството за здравство. Денеска очекувам позитивна информација за постапката што е започната. Денови се во прашање кога ќе може да се потврди утовар за да дојдат вакцините во Северна Македонија“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на проектот за реконструкција на Универзалната сала во Скопје.

Заев додаде дека има и втора постапка за набавка на уште 200 илјади дози од кинеската вакцина, а, како што соопшти, формализирани се и документите за набавка на руската вакцина „Спутник“.

Во Македонија до сега се вакцинираат само здравствените работници кои се во првите редови во борбата со пандемијата, а кои примаат вакцини од Фајзер, кои Србија ѝ ги отстапи на Македонија по набавна цена.

Американска донација за македонската армија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и американската амбасадорка Кејт Брнс на предавањето на американската донација во Скопје

Американска донација од 1269 автоматски пушки М-4, во вредност од 1,2 милион американски долари, денеска ѝ беше предадена на нашата Армија, за поддршка на развојот на лесната пешадиска баталјонска група.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која ја прими донацијата од амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнс, во касарната во Ѓорче Петров, истакна дека станува збор за дел од поголем проект што го финансира владата на САД која ја помага модернизација и опремувањето на нашите армиски сили.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнс изјави дека со оваа донација се докажува ширината на американската соработка и дека САД ќе продолжат да бидат стратешки партнер во активностите за модернизирање на македонската Армија.

Заев: Шилегов ми е фаворит за Скопје, ама не сум го прашал за нов мандат

Зоран Заев и Петре Шилегов

За Шилегов имам пофални зборови, за мене е фаворит, иако се уште не сум го прашал дали ќе се кандидира на претстојните локални избори, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање дали тој и СДСМ ќе поддржат кандидатура на актуелниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, за уште еден мандат.

„Присуствував на неколку проекти, бидејќи сметам дека треба да се промовираат истите и тоа не само таму кадешто Владата финансира, туку и таму каде градоначалниците сами делуваат. За Шилегов имам пофални зборови, за мене е фаворит, иако се уште не сум го прашал дали ќе се кандидира на претстојните локални избори“, рече Заев денеска, по презентацијата на проектот за „Универзална сала“ во Скопје.

Како што минатата недела соопшти претседателот на Собранието, Талат Џафери, локалните избори во Македонија треба да се одржат на 3-ти, 10-ти или 17-ти октомври. Според процедурата, 20 дена претходно тој треба да ги распише изборите, а тоа е во јули, а најдоцна на 1 август, во зависност од датумот што ќе го договорат политичките партии.

Судењето за „Титаник“ одложено, судијата Ставрев во изолација

Архивска фотографија од едно од претходните рошишта за случајот „Титаник“

За денеска најавеното рочиште за предметот „Титаник“ е одложено за 17 март поради изолација на членот на Судечкиот совет, Огнен Ставрев, кој имал контакти со лица позитивни на Ковид-19, информираше Судот.

Судењето за овој случај го води судијата Осман Шабани, додека обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

ССМ: Не смее да има јаз меѓу платите на мажите и жените

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Социјалниот дијалог треба да се прошири и на прашањето на родовиот јаз при исплата на платите, а преку почитување на колективните договори може да се дојде до поефикасно решение за надминување на таквата разлика, смета Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Во денешното соопштение од ССМ се наведува дека јазот на платите според род не е во согласност со Конвенцијата С-100 на МОТ за еднакви плаќања, како и со Уставот и законите за работни односи, за антидискриминација и за еднакви можности на мажите и жените.

„Жените се порамномерно распоредени, но забележителна е малата застапеност кај законодавците, функционерите и на раководните позиции, а кога жените наоѓаат вработување нивната плата е пониска од платата на мажите, додека јазот на платите е најзастапен кај нискоквалификуваните жени“, наведува ССМ во соопштението.

Една од причините за таквата состојба, според ССМ, е ниската стапка на синдикално организирање кај женскиот дел од популацијата, нешто што, како што посочуваат, мора да се промени во наредниот период.

Експерти за човекови права на ОН ќе објават наоди за случајот Навални

Алексеј  Навални

Истражителите за човекови права на Обединетите нации денеска ќе ги објават своите наоди за случајот со критичарот на Кремљ Алексеј Навални. Опозицискиот политичар беше уапсен во Москва во јануари по враќањето од Германија по третманот за труење со, како што велат многу западни земји, боев нервен отров.

Навални го загуби статусот „затвореник на совеста“, но кои го имаат?

Агнес Каламард, експерт во ОН и Ајрин Кан, експерт за слобода на мислење и изразување во ОН, ќе ги објават своите наоди за нивната истрага на прес-конференција во Женева, се вели во соопштението на ОН.

Во Федерацијата БиХ се слави Денот на независноста, во РС не

Сараево и оваа година е празнично украсена по повод 1 март - Денот на независноста на Босна и Херцеговина, Сараево, 28.02.2021.

Федерацијата БиХ денеска го слави Денот на независноста на БиХ, но не се слави во Република Српска затоа што се смета дека на референдум за иднината на БиХ што се одржа на тој ден во 1992 година, бил вовед во четиригодишна војна. Лидерот на Партијата за демократска акција Бакир Изетбеговиќ, по повод Денот на независноста на БиХ, изјави дека во изминатите три децении Босна и Херцеговина помина долг и тежок пат, и дека најважен беше 1 март 1992 година, кога „граѓаните одлучија да живеат во суверена и независна БиХ, држава на еднакви граѓани и народи“. „Ние мора да ја градиме иднината на Босна и Херцеговина како суверена, стабилна и просперитетна држава, членка на Европската унија и на НАТО“, рече Изетбеговиќ.

Во аферата „Икона“, обвинителството на БиХ ќе ги испита сите членови на Претседателството

Од друга страна, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, како и други српски политичари од Република Српска, повторија дека 1 март не може да биде празник во РС, ниту пак ќе се слави. Тие сметаат дека референдумот од 1 март 1992 година беше нелегален бидејќи на него учествуваа главно Бошњаци и Хрвати и со големо мнозинство ја поддржуваа независноста на БиХ од Југославија, додека претставниците на српскиот народ во БиХ претходно организираа плебисцит на кој мнозинството Срби гласаа за останување во Југославија. Дури 26 години по потпишувањето на Дејтонскиот договор, со кој заврши војната, БиХ нема закон за празници, но постојат закони за ентитетите; Двата ентитета слават само меѓународни празници во исто време.

Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација ЕУ-Албанија

Западен Балкан и ЕУ

Албанија ќе го одржи својот редовен состанок за стабилизација и асоцијација со Европската Унија на први март, додека за Северна Македонија состанокот е одложен. Ова ќе биде единаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација за Албанија, клучен форум за земјите кандидати за членство каде се разговара за реформскиот напредокот. Како што јавија од прес службата на Советот на ЕУ, денешниот состанокот ќе се фокусира врз стратегијата за зачленување во ЕУ и исполнување на критериумите за пристап во Унијата, политичките, економските и финансиските.

Коп - Да не се прави драма од секоја пречка на патот кон ЕУ

Северна Македонија требаше да ја одржи редовната седница на овој Совет на крајот на февруари, но состанокот е одложен без прецизен датум. Се очекува да биде поизвесна агендата по изборите во Бугарија, која го кочи процесот за почеток на преговори со Скопје. Пред неколку недели, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оцени дека ова одлагање не го смета за притисок од страна на ЕУ врз Скопје да попушти пред барањата на Софија

Лајчак денеска започнува тридневна посета на Косово

Мирослав Лајчак, специјален пратеник на Европската унија за дијалог Белград-Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Белград, 15 октомври 2020 година.

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог Белград-Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак денеска започнува тридневна посета на Косово. По посетата на Косово, тој ќе ја посети Србија на 3 и 4 март, додека ќе ја посети Црна Гора на 4 и 5 март. За време на престојот во Приштина, Лајчак ќе се состане со претставници на косовските институции и политички партии, како и со претставници на Европската унија.

ЕУ е убедена дека се можни нормални односи меѓу Косово и Србија

Во минатата недела вршителот на должноста министер за надворешни работи на Косово, Мелиза Харадинај-Стубла, побара од специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, да започне во неговата канцеларија да употребува мапа на која Косово е независно. До ова дојде откако во медиумите се појави слика на Лајчак пред мапа на која се гледа Косово како дел од Србија. Лајчак одговори дека мапата во неговата канцеларија била погрешно протолкувана од оние кои тврдат дека Косово е прикажано како дел од Србија.

Орбан се заканува со излез на Фидес од конзервативната ЕПП во Европскиот парламент

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе ја повлече својата партија Фидес од Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент доколку конзервативниот блок ги одобри новите внатрешни правила оваа недела. Орбан го постави ултиматумот во писмо до Манфред Вебер, германскиот политичар кој го предводи конзервативниот блок ЕПП, најголемата фракција во Европскиот парламент. Парламентарната група на ЕПП, во која членуваат конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел, веќе со години се бори со Фидес кој е суспендиран од ЕПП од 2018 година, но сепак има 11 пратеници во групата на ЕПП во Европскиот парламент.

ЕУ го зголеми притисокот врз Унгарија за законот за невладини организации

ЕУ долго време го обвинува Орбан за поткопување на демократските слободи, медиумите, невладините организации и владеењето на правото. Во минатата недела ЕПП предложи измени со кои ќе се овозможи суспендирање или исклучување на групата Фидес од блокот ЕПП. Правилата се очекува да бидат одобрени со мнозинство гласови на 3 март. Во писмото до Вебер, Орбан напиша: „Ако Фидес не е добредојден, тогаш не се чувствуваме должни да останеме во групата“.

Трамп навести дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година

Доналд Трамп т на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Орландо, Флорида, 28.02.2021.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се врати на политичката сцена на 28 февруари, првпат откако ја напушти функцијата, обидувајќи се да го зацврсти својот статус како неопходен лидер на Републиканската партија. Во својот прв голем говор откако претседателот Џо Бајден стапи на должноста во јануари, Трамп навести можна кандидатура за претседател повторно во 2024 година и ги демантира гласините дека планира да формира трета партија.

Бајден ја избриша забраната за влез на имигранти издадена од Трамп

„Јас ќе продолжам да се борам на вашата страна. Не стартуваме нови партии“, рече Трамп во говорот на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Орландо, Флорида. „Ние ја имаме Републиканската партија. Ќе биде силна и обединета како никогаш порано“. Трамп продолжи да одбива дека загуби на изборите на 3 ноември и го критикуваше Бајден за низа прашања, велејќи дека земјата „отиде од Америка прва во Америка последна“.

Почнува пописот за лица кои се во странство

Државен завод за статистика

Денеска почнува пописот на лицата кои се наоѓаат во странство. Попишувањето во странство ќе трае од 1 до 15 март, а исто така од денеска е овозможено и само попишување на македонските државјани кои престојуваат во странство поради работа или други лични причини подолго од 12 месеци. Само попишувањето на оваа категорија ќе трае од 1 до 21 април.

ВМРО-ДПМНЕ се пофали со собраните потписи против пописот, СДСМ вели нема одложување

Како што информираа директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и министерот за надворешни работи, од 1 до 15 март ќе се попишуваат: вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив во странство; македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство; воени претставници на Армијата во странство граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства/домаќинствата што престојуваат во странство со наведените лица; сите лица – државјани на Република Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој.

Влада: Пописот дефинитивно ќе се спроведе во април


Покрај овие категории чие попишување ќе се прави со логистика од МНР, во првата половина од март ќе се попишуваат лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, додека заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе се попишат бездомниците.

Времето денеска: претежно сончево и свежо

Претпладне ќе биде сончево и свежо, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието засилен северен ветер. Дневната температура ќе биде од 8 до 16 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 14 степени.

Пристигнаа вакцините во Молдавија од Романија

Илустрација, вакцините од Астра Зенека

Молдавија денеска ја прими првата пратка на вакцини против ковид-19 од АстраЗенека. Пратката од ја испрати Романија со што и се овозможи на една од најсиромашните европски земји да ја започне вакцинацијата следната недела. Молдавија ја поздрави донацијата потребни за нејзините 3,5 милиони жители, која доаѓа во ек на „борба“ за пристап до вакцините.

Во декември романскиот претседател Клаус Јоханис вети дека од нивните вакцини ќе одвојат 200 илјади дози за Молдавија. Тоа го изјави при неговата средба со прозападната претседателка на земјата Маја Санду. Тоа беше првата посета на романскиот претседател на Молдавија во последниве шест години, што претставува затоплување на односите меѓу соседите.

Бурни реакции по предлог планот на Георгиевски за односите со Бугарија

Архивска фотографија, поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевскки

Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук понуди план за излез од спорот со Бугарија. Според неговиот план составен од пет точки потребно е да и се дадат гаранции на Бугарија дека Македонија нема апсирации кој Пиринскиот дел. Тој предлага промена на стратегијата за историјата и конечно, како што вели, решавање на проблемот со јазилот. Неговиот предлог акциски план предизвика серија од политички реакции.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот Зоран Заев преку Љубчо Георгиевски пушта пробен балон.
„Зоран Заев вчера преку Љубчо Георгиевски пушти пробен балон во јавноста, и порача дека македонскиот јазик не постоел во кореспонденцијата на патриотските револуционерни организации директно негирајќи ја посебноста на македонскиот јазик, како и посебноста на македонската нација. Заев сака да ги одроди револуционерите и сите македонски дејци и од нив да направи Бугари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие обвинуваат и дека преку Георгиевски, сака испраќа порака дека ќе се откаже од македонското малцинство во Бугарија.

Захариева: Лага е дека Бугарија го оспорува македонскиот идентитет

Од друга страна, пак, СДСМ се изјасни дека нивните ставови се различни од оние на Георгиевски. Тие тврдат дека де отворени за дијалог, но за идентитетот не се преговара.

„Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Нити се разговарало, нити во иднина ќе се разговра на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со којшто ние апсолутно немаме никакви допирни точки“, изјави пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска.

Содржината на акцискиот план со Бугарија засега непозната

Реакција пристигна и од Бугарија. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ги пофали предлозите на Георгиевски, посочувајќи дека за него тие се добар почеток.

Авансот за кинеските вакцини вратен, опозицијата вели „во право бевме“

Првата вакцина против ковид-19 ја прими д-р прим. Добринка Наунова Јовановска од Клиниката за Инфективни болести

Министерството за здравство го повлекло авансот што бил уплатен за набавка на вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Но, како што велат оттаму, договорот за набавката не е откажан. Во изјава за новинската агенција МИА од Министерството за здравство велат дека уплатата била повлечена на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата.
„Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината „Синофарм“, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на НР Кина. Разговорите се во заврша фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот „Синофарм“ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја,“ наведуваат од Министерството за здравство.

Власта не знае кога ќе стигнат вакцините, опозицијата обвинува вратен бил авансот


На ова од ВМРО-ДПМНЕ со писмено соопштение посочија дека нивните информации биле точни.
„Филипче и покрај тоа што ги потврди тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите лаги. Филипче вели разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја. Но, кој е најкусиот можен рок никој не знае, не знае ни самиот Филипче,“ се вели во писменото соопштение.

Според досегашните најави на Министерството за здравство од кинескиот производител во земјава треба да пристигнат 200 илјади вакцини. Покрај најавените 833 илјади вакцини кои се очекува да пристигнат преку системот Ковакс, во тек се разговори за набавка и на 100 илјади дози од руската Спутник V, како и вакцини од Фајзер.

Талибанци убиле семејство на новинар

Илустрација, архивска фотографија, Кабул, Авганистан

Авганистанската независна комисија за заштита на човекови права соопшти дека талибански командат убил тројца членови на семество на новинар кој претходно бил убиен во провинцијата Гор.

Новинарот Бизмилах Адел Аимак, главен уредник на приватно радио во провинцијата Гор, беше застрелан од непознатаи напаѓачи на 1-ви јануари. На 25 февруари вооружени лица ја нападнале куќата на таткото на Аимак во периферијата на градот Фироз Кох.

Покрај трите смртни случаи вооружените лица при нападот биле ранети и четири други лица. Ниту една група не презеде одговорност за нападот.

Нови 305 случаи со ковид-19 и 11 починати

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминатото деноноќие се регистрирани нови 305 случаи на заболени со ковид-19 и 11 починати од компликации настанати од короновирусот. Во последниве 24 часа биле направени вкупно 2 533 тестови. Најголем број на новозаразени се евидентирани во Скопје, вкупно 153, потоа во Кавадарци 30 и Куманово 22.

Во изминативе 24 часа починале вкупно 11 луѓе од кои најмладиот имал 57 години додека најстариот 85 години. Вкупната бројка на ковид - дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 102.787, бројката на оздравени пациенти е 91.233, на починати е 3.137, а бројот на активни случаи изнесува 8.417.

Израел размислува за одговор кон Иран

Израелски високи функционери од одбраната и политички претставници ќе се состанат со цел разговори околу одговор на нападот врз израелски брод. Израелскиот министер за одбрана Бени Гантц вчера изјави дека негова првична проценка е оти зад нападот стои Иран.

МВ Хелиос Рај е носач на возила кој патувал кон од саудиското пристаниште Дамам кон Сингапур кога се случила експлозија.

„Локацијата на бродот во близина на Иран го покренува сомнежот дека Техеран е одговорен за експлозијата, но сепак мора да се провери. Во моментов тоа е моја првична проценка со оглед на близината, но и на контекстот,“ изјави Ганц за израелска телевизија.
Претходно Иран го обвини Израел за убиство на нуклеарен научник во ноември и вети дека ќе возврати. Експлозијата не предизвика жртви, но остави две дупли со дијаметар од 1,5 метри од страна на бродот, додаде Ганц.

Ирачкиот амбасадор повикан на разговор во турското МНР

Илустрација

Турција го повика иранскиот амбасадор Мохамед Фаразманд во Анката на разговор и притоа побара поддршка во борбата против „тероризмот“ во период кога ескалира спорот за турското присуство во Ирак. Новинската агенција Анадолу објави дека турското министерство за надворешни работи му соопштило на иранскиот амбадор дека Анкара очекува од Иран да застане на нејзина страна во „борбата против тероризмот“ , а не спротивставување.

Претходно, турскиот министер за одбрана Хулуси Акар изјави дека 48 членови на Курдската работничка партија биле убиени во северен Ирак за време на антитерористичката операција на турските вооружени сили.


Реакцијата на Анкара доаѓа откако иранскиот амбасадор во Ирак, Ираџ Масаџеди, за курдската новинска агенција изјави дека Техеран е против турската интервенција во Ирак и ја повика таа земја да ги повлече своите трупи од земјата и да ги почитува меѓународните граници.

Партиска преписка: Кој се сретнал со Мијалков, Заев или Мицкоски ?

Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Владејачката партија СДСМ во писмено соопштение до медиумите посочува дека во последните неколку недели, високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Христијан Мицкоски, Александар Николовски, Влатко Ѓорчев, често биле во хотелот Мериот.


„Дали во Мериот имало и други средби, со Сашо Мијалков на пример, најповикан е да одговори Христијан Мицкоски. Јасно е дека спрегата Мериот-Белата палата се уште раководи со ВМРО-ДПМНЕ“ се вели во соопштението.

Мијалков спроведен во затворот во Шуто Оризари

Спасовски-Mијалков не бил во Белград

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак возвраќаат дека единствена средба за која знаат е таа на Заев со Мијалков. На таа средба Заев му ветил слобода на Мијалков во замена за креирање на проблеми во ВМРО-ДПМНЕ, велат оттаму.

„СДСМ не треба да заборави дека Сашо Мијалков е таму каде што е заради притисокот на ВМРО, народот и меѓународната заедница. Да се прашуваше Зоран Заев, Сашо Мијалков се уште ќе беше на слобода и сега заедно ќе правеа вештачки кризи во ВМРО-ДПМНЕ, за да ја спасат фотелјата на Заев и да ја купат слободата на Мијалков“ изјави Стефан Васев од ВМРО-ДПМНЕ.

Германија со нови ограничувања за движење

Илустрација, архивска фотографија

Германија соопшти дека патниците кои доаѓаат од североисточниот дел од Франција ќе се соочат со дополнителни ограничувања затоа што таму се евидентирани голем број на активни случаи на коронавирусот. Ограничувањата за патување стапуваат на сила на 2 март.

Германската агенција за контрола на заразни болести соопшти дека ја додава таа област во листата на ограничувања поради појавата на новите варијанти на коронавирусот. На таа листа се и Чешка, Португалија и Велика Британија. Патниците од тие области мораше до сега да направат ковид тест за да можат да влезат во Германија.

Постојат само неколку исклучоци кои се однесуваат на возачите на камиони и одредени работилници. Таквите ограничувања беа критикувани од ЕК поради непропорционалност и несогласување со рамковниот договор ширум ЕУ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG