Достапни линкови

Вести

САД не планираат дополнителни чекори против Иран пред „дипломатските разговори“ предложени од ЕУ

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

САД не планираат дополнителни чекори против Иран во пресрет на предложените разговори за американското враќање во нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, соопшти портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Таа рече дека идејата за разговори меѓу Иран и шесте светски сили, кои го потпишаа договорот во 2015 година потекнала од ЕУ. Договорот го потпишаа Иран и САД, Велика Британија, Франција, Русија, Кина и Велика Британија.

„Европејците нè поканија и... тоа е едноставно покана за разговор, за дипломатски разговор“, изјави таа за медиумите во претседателскиот авион додека претседателот Џо Бајден патуваше за Мичиген.

ЕУ работи на организирањето неформален состанок со сите учесници, соопшти висок претставник на Унијата.

Бајден рече дека Вашингтон е подготвен повторно да соработува со меѓународните партнери кои ги потпишаа нуклеарниот договор со Иран. Бајден исто така рече дека неговата администрација ќе работи со Европа и со „другите партнери“ за решавање на „дестабилизирачките активности ширум Блискиот Исток“.

Петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија во 2015 година го потпишаа нуклеарниот договор со Иран кој предвидува ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции против Техеран.

Но, поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од договорот во 2018 и воведе остри санкции против Иран. Како одговор на тоа, Техеран сè повеќе го крши потпишаниот договор.

САД претходно оваа недела соопштија дека се подготвени да разговараат со Иран за двете земји да се вратат на придржување до обврските од договорот, кој има за цел да го спречи Техеран да развие нуклеарно оружје. Двете земји сепак не се согласуваат за тоа кој треба да го направи првиот чекор.

Иран смета дека САД треба прво да ги укинат санкциите, додека Вашингтон вели дека Техеран мора прво да почне да се придржува до договорот. Иран на 19 февруари соопшти дека „веднаш ќе се врати“ на договорот кога американските санкции ќе бидат укинати.

види ги сите денешни вести

Пукање во Бутел, еден убиен, еден ранет

Полиција, Северна Македонија

Во пукотница до која дошло вечерва околу 21.30 часот во скопската населба Бутел 1 едно лице загина, а едно е рането.

Според објавените информации во медиумите, на паркинг кај булеварите Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски Карпош, од автомобил во движење било пукано кон возило „голф“ во кое биле двајца мажи.

По пукотницата тие биле пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде еден од ранетите починал.

Полиција и медицински екипи вечерва се на терен во скопската населба Бутел.

Израел: "Ова е само почеток",Вашингтон се подготвува да испрати претставник во регионот

Пожар беснеше на изгрејсонце во Кан Јуниш по израелскиот воздушен напад врз цели во јужниот појас Газа. 12 мај 2021 година.

Израел соопшти дека денеска се убиени 12 припадници на вооруженото крило Хамас во Газа во артилериско бомбардирање, и дека палестинските милитанти истрелале ракети во Израел, додека Вашингтон соопшти дека ќе испрати претставник за да се обиде да ги смири најинтензивните непријателства меѓу двете страни во последните неколку години.

Медицински власти соопштија дека најмалку 56 лица се убиени во Газа од ескалацијата на насилството на 10 ти мај, меѓу кои и 14 палестински деца. Шест лица се убиени во Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека командантот на бригадата за градот Газа е меѓу постарите членови на исламистичката милитантна група кои биле убиени. „Ова е само почеток.'Ќе ги удриме како никогаш што не сонувале дека е можно“, рече тој.

Наскоро по објавата, имаше нов ракетен напад кон израелскиот град Ашдод, а израелските медиуми соопштија дека војската се подготвува за нови спасувања во областа Тел Авив.

Страв од војна поради ескалацијата на насилството меѓу израелската војска и Хамас

Хамас во изјавата ја потврди смртта на командантот и на „други водачи и воини“.

Водачот на Хамас Исмаил Ханије додаде дека „Конфронтацијата со непријателот е отворена.“

Во меѓувреме израелските борбени авиони исфрлија две бомби врз 14-катна зграда во градот Газа денеска и ја уништија.

Шпанија се залага С Македонија и Албанија заедно да ги почнат преговорите со ЕУ

Претседателот на Владта на Шпанија Педро Санчез

Шпанија е силен поддржувач на Северна Македонија и се залага за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа старт на преговорите за членство, изјави претседателот на Владта на Шпанија Педро Санчез на средбата во Мадрид со македонскиот премиер Зоран Заев.

Санчез нагласи и дека Шпанија е за почеток на пристапните преговорите и за Македонија и за Албанија во исто време.

Сијарто: Унгарија ја поддржува С. Македонија на патот кон Европа

Премиерите Заев и Санчез на средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се согласија дека средбата е важна и заради евроинтеграциските процеси на Северна Македонија имајќи ја предвид силната поддршка од Шпанија за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ и со тоа старт на преговорите.

Караџиќ ќе одлежи казната во Британија

Поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ

Поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, кој во моментов се наоѓа во затвор во Хаг, заради неговата осуда за сторени воени злосторства и геноцид, ќе го отслужи остатокот од казната во Велика Британија.

Караџиќ (75) беше осуден на 40 години затвор во 2016 година откако беше осуден за геноцид за масакрот во Сребреница во јули 1995 година врз 8.000 муслимански мажи и момчиња од страна на силите на босанските Срби.

Во 2019 година, судиите на ООН во Хаг ја продолжија затворската казна до доживотна казна затвор.

„Радован Караџиќ е едно од ретките лица кој е прогласен виновен за геноцид. Тој беше одговорен за масакрот врз мажи, жени и деца во геноцидот во Сребреница и помогна во процесуирање на опсадата на Сараево со напади врз цивили без каење“, кажа денеска британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб.

Тој додаде дека Велика Британија „треба да се гордее“ што ќе ја поддржа 30-годишната потрага по правда за поранешниот политички водач на босанските Срби.

Караџиќ исто така беше прогласен за виновен за воени злосторства и злосторства против човештвото за четиригодишната опсада на Сараево од страна на силите на босанските Срби и за надгледување на кампањата за етничко чистење што ги истера Хрватите и муслиманите од српските подрачја на Босна.

Сијарто: Унгарија ја поддржува С. Македонија на патот кон Европа

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто

Унгарија е безусловен и посветен поддржувач на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Дадовме безусловна поддршка и за вашето членство во НАТО, и сметаме дека вашето место е во Европската Унија, која не може да биде комплетна без државите од Западен Балкан, и тоа е од обостран интерес, како за ЕУ така и за вас, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, на заедничката прес-конференција со шефот на диломатијата Бујар Османи.

Сијарто рече дека во следниот период ќе направат се, со цел земјава што побрзо да стане членка на ЕУ.

"Се надевам дека сите земји-членки во предвид ќе го имаат интересот на ЕУ, а тој интерес е државите од Западен Балкан станат што побрзо членки на Унијата. Ако тоа зависи од нас тогаш вие ќе станете многу брзо членка на ЕУ, и еврокомесарот Вархеји и Владата на Унгарија сме посветени поддржувачи на вашите евроатлантска интеграција и се надеваме дека во иднина нема да има потреба за поставување на никакви методолошки прашања во овој процес", рече тој.

Сијарто денеска на Османи му предаде донација од шест илјади дози од вакцината АстраЗенека, што ќе биде наменета пред сѐ за припадниците на Граничната полиција во состав на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.

Во однос на евро-интегративниот пат на Македонија, Османи и Сијарто разменија мислења за внатрешните политички процеси поврзани со реформската агенда, но и за состаноците во Брисел каде на различни нивоа во ЕУ беше разгледувано европското досие на земјава.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека се уште верува дека постои можност да се влезе во посуштински разговори и со техничката Влада во Бугарија и најави дека идната недела очекува да има поголема дипломатска активност за да може да се одржи првата меѓуладфина конференција во јуни.

Претходно, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, кој денеска ја презеде функцијата од досегашната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева во рамки на техничката Влада на Бугарија, рече дека немаат надлежност да ја променат позицијата на Бугарија кон Северна Македонија.

Нови 150 случаи со корона вирус, 16 починати

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во последните 24 часа се направени 2.093 тестирања, а регистрирани се 150 нови случаи со Ковид-19 од кои најмногу во Скопје – 62 ,соопшти Министерството за здравство.

Регистрирани се 487 оздравени пациенти.

Пријавени се вкупно 16 починати пациенти од кои шест од Скопје (50г, 62г, 66г, 79г, 81г и 83г), и по едно лице од Куманово (54г), Велес (69г), Гостивар (70г), Штип (69г), Струмица (54г), Струга (83г), Кочани (65г), Гевгелија (72г), Радовиш (88г) и Богданци (78г). Од пријавените сите се починати во болнички услови. соопшти Министерството за здравство.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 154.372, бројката на оздравени пациенти е 139.266, на починати е 5.151, а бројот на активни случаи изнесува 9.955.

Обвинение за Плацеви на Водно, определен притвор и за Груевски

Поарнешниот премиер Никола Груевски

Кривичниот суд Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, (ОЈО ГОКК) за одредување мерка притвор, односно продолжување на притворот на Јордан Камчев, осомничен во случајот „Плацеви на Водно”.

Оваа одлука на Кривичен суд Скопје, следеше откако денеска ОЈО поднесе обвинение за овој случај.

Освен за осомничениот Камчев, судот му определи мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода и на првоосомничениот Никола Груевски. Мерки на претпазливост за како што известија од судот им биле определени и на осомничените Н.Ј. и Р.К.К.

Обвинителениот акт од ОЈО ГОКК за случајот „Плацеви на Водно” e поднесен против 6 лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 како и Противправно стекнување и прикривање имот од чл. 359-1 ст. 1 од КЗ за еден од обвинетите. Обвинението согласно АКМИС – системот е распределено на оценка на совет за оценка на обвинител акт за понатамошно постапување, соопштија од Кривичен суд.

Предмет на обвинението на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се однесува на купувањето и прекривањето на вистинскиот сопственик на трите парцели на Водно преку фирма од Белизе, како и уште еден плац во центарот на Скопје, два стана во главниот град и две парцели во Крушево

Во Обвинението поранешниот премиер Никола Груевски, се посочува како краен сопственик ,а е обвинет за делата перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и неговата мајка, Ратка Куновска Камчева се товарат за перење пари, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање за помагање при кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело.

Отворена градежната „пандорина кутија“ за Водно

Според соопштението што го објави Обвинителството, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 Груевски како лидер на партијата наместо да ги прикаже како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, 1,3 милиони евра (79 972 140 денари) ги прибавил за себе, а потоа ги пуштал во оптек и преку Белизе и ги купувал парцелите. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.

Дополнително од таму велат дека од месец октомври 2012 година до месец септември 2013 година Н.Г. парите ги пуштил во оптек, за што со умисла му помогнал обвинетиот С.М.

Надлежниот обвинител со Обвинителниот акт на судот му предложи предметниот недвижен имот трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите од 57м2 во вредност од 60.000 евра и 38 м2 во вредност од 41.000 евра, градежното земјиште со површина од 2729 м2, евидентирано во имотен лист за КО Центар 2 во вредност од 7.365.600,00 денари и двете градежни парцели за КО Норово – Крушево во вредност од 795.424.,00 денари.

Страв од војна поради ескалацијата на насилството меѓу израелската војска и Хамас

Пелстинско - изреалски конфликт

Меѓународната заедница бара да се стави крај на убиствениот конфликт меѓу палестинските милитанти во Појасот Газа и израелската војска поради загриженоста дека ескалацијата може да излезе од контрола.

„Ескалираме кон целосна војна“, рече денеска претставникот на ООН за мир на Блискиот исток, Тор Венесланд, додека генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, повика на „двојно удвојување на напорите за смирување на ситуацијата“.

Борбите меѓу Израелците и Палестинците ескалираа во текот на ноќта со израелските воздушни напади врз позициите на Хамас во Газа и со ракетни бранови од страна на милитантите врз Израел.

Повеќе од 1.000 ракети биле истрелани од палестински милитанти во Газа во текот на 38 часа, соопшти Израел.

Ескалираат борбите меѓу Израел и милитантите во Газа

Агенциите јавија дека над 40 Палестинци и најмалку шест Израелци се убиени од 10 ти мај, вклучително и 13 палестински деца,додека околу 500 лица биле повредени.

Според армијата на Израел од ракетите и минофрлачките гранати кои биле испукани од Газа, 850 паднале во Израел или биле пресретнати од неговиот систем за воздушна одбрана „Ironелезна купола“, а 200 паднале во Газа.

Насилството следеше по неколкунеделното зголемување на напнатоста предизвикана од конфронтации помеѓу израелската полиција и палестинските демонстранти во комплексот на џамијата Ал-Акса во источен Ерусалим.

Насилни протести се одржаа и на Западниот брег, како и во мешаните еврејско-арапски градови како Лод кој се наоѓа под вонредна состојба.

Унгарија донираше 6 илјади дози вакцини

Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто

Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто, денеска на граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје ја предаде донацијата од 6.000 дози вакцини против Ковид-19, како пријателски чин на Владата на Унгарија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој ја пречека делегацијата од Унгарија рече дека вакцините се наменети за имунизација на припадниците на Министерството за внатрешни работи, поточно за Граничната полиција, која согласно надлежностите и обврските е во поголема мерка изложена на предизвиците од актуелната глобална пандемија со Ковид-19

МЗ: Интересот за вакцинација расте

"Досега како Министерство, успеавме да организираме имунизација на над 1.500 наши припадници на полицијата, а со тој процес на имунизација ќе продолжиме и понатаму", изјави Спасовски.

Министерот Спасовски при преземањето на донацијата уште еднаш изрази благодарност до Владата на Унгарија и повика на масовна вакцинација.

Најниска оценка за независноста и непристрасноста на правосудството

Ефикасноста на судовите во справувањето со предметите е на задоволително ниво, транспарентноста нема позначајни подобрувања, во квалитетот е забележан мал прогрес а независноста и непристрасноста на правосудството и понатаму остануваат најниско оценета област, покажува Вториот национален извештај кој е заснован на резултатите од мерењето со Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството. Според извештајот, професионалниот развој и правична застапеност е областа која е оценета со највисока оцена.

Во однос на „Ефикасноста“, според Извештајот и покрај недоволниот број судски службеници за вршење документирање и правно истражување, ефикасноста на судовите во справувањето со предмети е на задоволително ниво. Значителен процент на судии и адвокати сметаат дека информатичката инфраструктура во судовите е несоодветна, спора, и несигурна. Споредено со перцепциите од 2018 година, во делот „Транспарентност и отчетност“ нема позначајни подобрувања.

Ова го нотираше министерот за правда, Бојан Маричиќ во своето обраќање на денешниот настан на кој беше презентиран Извештајот.

Претседателка на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Павлина Црвенковска истакна дека Извештајот ги рефлектира моменталните перформанси на правосудниот систем, ги идентификува потребите и слабостите, но, воедно укажува и на резултатите од досегашните имплементирани реформски иницијативи и активности.

Реформите во правосудството засега само на хартија

Амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава Рејчел Галовеј, посочи дека реформите во правосудството се навистина важни и нивните одлуки влијаат значително врз животот на луѓето а и на државата.

„Овие реформи се осмислени и веќе се во фаза на спроведување и ваквите истражувања и анализи кои што се спроведуваат ќе дадат голем придонес. Важно е денеска, по овие забелешки, да можеме детално да го продискутираме напредокот што е постигнат и предизвиците кои што претстојат“, рече Галовеј.

Таа истакна дека Обединетото Кралство ќе биде тука за поддршка, но ќе биде и критички настроен пријател, бидејќи сето она што ќе произлезе од ова ќе биде, според неа, од големо значење за понатамошното партнерство.

Пендаровски прво ќе го разгледа законот за дивоградби, па ќе одлучи за потпис

Претседателот Стево Пендаровски

Законот за дивоградби што вчера го изгласа Собранието денеска е доставен до претседателот на државата. Како што информираат од неговиот кабинет, претседателот ќе го разгледа, по што ќе донесе одлука дали ќе го потпише Указот.

„Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, денеска е доставен од Собранието на Република Северна Македонија. Претседателот Стево Пендаровски ќе го разгледа текстот на законот по што ќе донесе одлука и навремено ќе ја информира јавноста“, соопштуваат од Кабинетот на Пендаровски.

Претходно, Демократскиот сојуз побара од претседателот Пендаровски да не го потпишува законот, затоа што е спротивен на владеење на правото и ги штити оние кои граделе бесправно.

Во меѓувреме и Државната комисија за спречување на корупцијата размислува да поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за легализација на дивоградбите, кој вчера беше донесен во Собранието.Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека прво ќе го анализираат текстот на Законот, но според објавеното во медиумите, таа истакнува дека Законот нема никаква логика.

„Ако Законот за легализација на дивоградбите стапи во сила, тогаш можеме да ставиме крст на сите други закони, затоа сме на мислење да поднесеме иницијатива до Уставниот суд, па тие судии нека ценат“,изјави претседателката Билјана Ивановска за порталот мкд.мк

Од Владата пак велат дека со Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти ќе се реши урбанистичкото дивеење.

„За да се легализра во заштитно подрачје треба да се добие согласност од надлежниот орган, министерство или друга институција дека градбата не го загрозува тоа подрачје. Така што, невозможно ќе биде многу лесно да се легализира секој објект во тие подрачја. Законот е усогласен и со опозицијата, при што се прифатени и неколку нејзини амандмани во Собранието и вградени во него. Со законот се спречува урбаното дивеење со тоа што се зголемува цената за легализација со плус 50 отсто од основните комуналии со што се обесхрабруваат сите кои мислат да градат нелегално“, изјави денеска владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Власта со нови закони ја продолжува легализацијата на дивоградбите?

Коментирајќи ги реакциите за новиот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска изјави дека без согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање нема да може да се стави во правна рамка објект во заштитени подрачја.

Реакциите во јавноста се дека новиот Закон за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти што вчера го изгласа Собранието ќе донесе нови дивоградби и неуривање на постојните, но и амнестија од одговорност на оние што граделе незаконски.

Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.

Погребани жртвите во нападот во училиштето во Казан

Телата на деветте жртви од нападот во училиште во рускиот град Казан денеска се погребани, а истражителите се обидуваат да одговорат зошто тинејџерот пукал во училиштето вчера.

Денешниот ден е прогласен за ден на жалост во Татарстан. Во трагедијата беа повредени повеќе од 20 лица, од кои повеќето беа ученици во 175-та гимназија. Многу од жртвите потекнуваат од муслимански семејства.

Руската новинска агенција ТАСС го цитираше регионалниот комесар за детски права Ирина Волинец која вели дека мотивот за нападот останува непознат.

„Неговото училиште го опиша како мирен, пристоен и уредно облечен млад човек, обичен студент ... Гласините дека тој го сторил тоа поради кривично дело одмазда - изгледаат неосновани затоа што тој во ова училиште дошол четири години по дипломирањето “, изјави Волинец.

Напад во училиште во Татарстан, деветмина убиени

Неколку часа по нападот, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека претседателот Владимир Путин му наредил на началникот на руската национална гарда Виктор Золотов „да изготви нови прописи за видот на оружјето наменето за цивилна употреба и кое оружје може да го имаат граѓаните, вклучувајќи ги и видовите на мали оружја што ги користел вооружениот напаѓач при пукањето".

Во нападот на училиште во главниот град на Татарстан вчера беа убиени седум деца и двајца наставници. За нападот е осомничен поранешен ученик на училиштето, 19-годишниот Илназ Галиавиев, кој објавувал страшни пораки на социјалните мрежи пред нападот.

Тој влегол во гимназијата вооружен и со многу муниција во раните утрински часови и тешко го ранил чуварот. После тоа, тој се упатил во ходниците, пукајќи кон секоја личност што ја видел.

Техничката Влада на Бугарија ќе го задржи ветото за Македонија

Бугарскиот претседател Румен Радев со членовите на привремената Влада

Техничката влада на Бугарија отфрла каква било промена на позицијата на Бугарија во однос на ветото за почнување на преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Во ноември минатата година Бугарија го блокираше официјалниот почеток на пристапните преговори на Северна Македонија поради спорни прашања околу историјата и јазикот. Софија исто така го обвини Скопје за говор на омраза и неспроведување на билатерален договор за пријателство во 2017 година.

"Позицијата на рамката на Бугарија (по ова прашање) беше прифатена со консензус меѓу сите политички партии во бугарскиот парламент. Како привремена влада, немаме овластување да го промениме тоа", изјави денеска техничкиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев.

Техничката влада кој денеска ја презеде должноста, откако партиите не успеаја да се договорат за формирање нова коалициска влада по неубедливите избори во април, ќе ја води Бугарија до вторите предвремени парламентарни избори на 11 јули. Стоев додаде дека ќе ги вложи сите напори за продолжување на дијалогот со Северна Македонија.

"Оттука, сè е во рацете на официјалните лица во Северна Македонија. Тие многу добро ја знаат бугарската позиција и не треба да шпекулираат дека ќе има каква било промена во следните два или три месеци додека оваа привремена влада е на функција", рече Стоев.

Бугарската привремена влада стапува на должност

Заев: Европските лидери разбираат дека македонскиот идентитет не е за преговори

Софија сака Скопје да признае дека македонската нација и јазик имаат бугарски корени и да стави крај на антибугарската реторика. Ставот на македонската влада е дека за македонскиот идентитет и јазик не се преговара.

Завршни зборови за Тортура: Апсењето на Бошковски е политички реваншизам

Судење за случајот Тортура за апсењето на Љубе Бошкоски

Од сите изведени материјални и вербални докази се докажа дека обвинетите ги повредиле нормите на етичко и морално поведение и го сториле делото „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“, со основен мотив предизвикување на страдање поради поинаква политичка определба, популарно наречен политички реваншизам, изјави пред Судот во завршен збор за случајот „Тортура“ обвинителот Љубомир Лапе.

„Обвинетите во конкретниот случај со своите дејствија ги оствариле битните елементи на ова кривично дело. Сметам дека превагнувачки начин на извршување е политичката дискриминација, односно основниот мотив бил предизвикување на страдање поради поинаква политичка определба, популарно наречен политички реваншизам, поради што токму овој начин на извршување е предмет на ова обвинение, рече Лапе.

Тој посочи дека од видео снимката на МВР од апсењето на 6 јуни 2011 година, јасно се гледаат сите дејствија на обвинетите на чинот на апсење на Љубе Бошковски – од негово легнување на земја и приведување.

Судење за апсењето на Љубе Бошкоски: „Рекоа дека најверојатно ќе апсиме дилер“

„Прво прашање е зошто снимката од апсењето е сечена и заматена. Точниот одговор се наоѓа од разговорот на Гордана Јанкуловска и Иво Котевски дека има и некои понасилни елементи и дека тие не треба да се даваат“, рече Лапе во завршните зборови за овој предмет.

Случајот „Тортура“ го води судијката Александра Ристеска, а се однесува на аспењето на лидерот на „Обединети за Македонија“ и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски на 6 јуни 2011 година.

Прв обвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО, е осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“ помеѓу кои Ивица Анчевски, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани.

На инфективните оддели се лекуваат 649 ковид пациенти

На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 649 пациенти со Ковид-19. Има околу 900 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 17 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 258 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 391 пациент позитивен и суспектен на коронавирусот.

Нови 171 позитивни на коронавирус, 26 починати

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и изутрината до 8 часот имало 340 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка, се наведува во соопштението од министерството за здравство.

Советот на Европа бара од Грција да не ги враќа мигрантите од своите граници

илустрација

Советот на Европа ја повика Грција да стави крај на враќањето на барателите на азил од нејзините граници, практика што Атина ја негира.

Во писмото до грчките министри на 3-ти мај, објавено денеска комесарот за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ рече дека „имало бројни веродостојни обвинувања“ од 2017 година дека барателите на азил се враќаат во Турција илегално или се оставени да талкаат по морињата затоа што Атина едноставно ги одбила.

Според неа, Агенцијата за бегалци на ООН УНХЦР, исто така, собрала информации за неколку случаи на присилно враќање од јануари 2020 година.

„Ве повикувам да ја прекинете оваа практика и да обезбедите независна и ефикасна истрага за сите овие случаи, како и малтретирање од страна на припадници на безбедносните сили“, изјави Мијатовиќ и истакна дека и условите за живот во грчките пренатрупани кампови на островот се „под стандардите“.

УНХЦР со предупредување до Грција за привремениот камп во Лезбос

Грција одговори дека ги истражила сите обвинувања и утврдила дека „обвинувањата се главно неосновани“.

„Акциите на грчките власти на границите на море се изведуваат во целосна согласност со меѓународните обврски на Грција“, велат министрите во писмото, објавено на веб-страницата на Советот.

Во писмото се забележува дека Грција спасила илјадници луѓе од почетокот на мигрантската криза во 2015 година и дека припадниците на безбедносните служби мораат да ја завршат својата работа во неповолно опкружување со разни намерни дезинформации, кои главно доаѓаат од криумчарските мрежи.

Царовска: Протестите се уставно право, но реформата продолжува

Мила Царовска

Министерката за образование и наука Мила Царовска смета дека најавените протести и иницијатива за референдум за образовните реформи се уставно загарантирано право, но истакна дека реформата ќе продолжи со цел во фокусот на образованието да се стави ученикот и неговите потреби, затоа што таа не само што не е избрзана, туку можеби и задоцнета.

Царовска вели дека резултати од новата образовна концепција, може да се очекуваат по пет-шест години.

„Се се тоа уставно загарантирани права. Од иницијативата ги поставија барањата, ние како МОН имавме средба со нив им одговоривме на нивните барања, кои главно се однесуваат на тоа да се исклучи родовата еднаквост од образовниот систем. За тоа има закони кои се поминати во Собранието и гласани од сите политички партии, што значи дека има консензус за почитување на родовата рамноправност, што е и уставно загарантирано право и треба да биде дел од образовниот систем. Сметам дека одговорите што ги добија во иницијативата ќе ги разгледаат и ќе расправаат по нив, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на училиштето „11 Октомври“.

Борба против дигитализацијата или судир на идеологии?

Изјавата на Царовска следува откако иницијативата „Учебници и настава мора да има“ најави мирни протести, откако како што велат министерството немале слух за нивните барања. Дел од барањата на иницијативата се хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование, да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование за основците, етика на религиите да остане изборен предмет, да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден, да се аргументира кратењето на фондот на часови по одредени предмети и други.

Ахмадинеџад повторно кандидат на иранските претседателски избори

Махмуд Ахмадинеџад

Иранската државна телевизија денеска објави дека поранешниот претседател Махмуд Ахмадинеџад повторно ќе биде кандидат на изборите за оваа позиција во јуни.

Ахмадинеџад дојде во центарот за регистрација на Министерството за внатрешни работи придружуван од неговите приврзаници и ги пополни формуларите. Во претходните години, тој се обидуваше да го ублажи својот имиџ на тврдокорен политичар и ги критикуваше потезите на владата.

Претходно врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи на Ахмадинеџад, кој пак го негира холокаустот, му забрани да се кандидира за претседател во 2017 година, но тој сепак поднесе апликација. Изборниот совет потоа го дисквалификуваше.

Иран започна со регистрација на претседателските кандидати

Хамнеи сега вели дека нема да се спротивстави на номинирање на кој било кандидат, но изборниот совет сепак може да ја блокира кандидатурата на Ахмадинеџад. Кампањата и изборите се одвиваат во време на зголемени тензии меѓу Иран и Западот околу договорот за ограничување на иранската нуклеарна програма.

МЗ: Интересот за вакцинација расте

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје

Министерството за здравство соопшти дека заклучно со вчера биле вакцинирани 135.574 граѓани. Интересот за вакцинација се зголемува, а досега 318.793 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk , соопштуваат од министерството.

Прва доза вакцина вчера примиле 13.976 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.976 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 160.425 дози вакцини, а ревакцинирани се 24.851 граѓани. Со последните бројки 35 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk , а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.

На матичните лекари уште сертификатите за вакцинација им „недостасуваа“

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид, информираат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат

Потполковникот суспектен на јужноафриканскиот сој е хоспитализиран на Инфективната клиника

Македонскиот потполковник позитивен на Ковид-19 и суспектен на јужноафриканскиот сој

Рано утрово во земјава пристигна 55-годишниот македонски потполковник позитивен на Ковид-19 и суспектен на јужноафриканскиот сој, објави на социјалните мрежи министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

„Рано утрово нашиот потполковник пристигна од Централноафриканската Република во Скопје. Добро го поднесе летот и сместен е на Инфективната клиника. Директорката на Клиниката д-р Милена Стевановиќ не’ информираше дека потполковникот е во добра општа состојба и стабилен. Му посакувам брзо да оздрави. Благодарни сме на Инфективната клиника и на сите кои учествуваа во медицинската евакуација“, напиша Шекеринска на „Фејсбук“.

Владата ќе решава за олабавување на рестриктивните мерки од 12 мај

Заразениот војник бил транспортиран под посебни услови и протоколи и ќе биде во изолација, а целиот персонал на Клиниката за инфективни болести добил препораки строго да внимава и да се придржуваат кон протоколите за работа. Тој заедно со уште еден војник бил во мисијата на Европската Унија за обучувачи во Централноафриканската Република.

Владеењето на правото клучен за влез на Србија и Црна Гора во ЕУ

нова методологија на ЕУ за проширување со Србија и Црна Гора

Советот на министри на Европската унија донесе одлука да се примени новата методологија за проширување со Србија и Црна Гора, а високи претставници на Унијата истакнаа дека владеењето на правото ќе стане столбот на преговорите за членство за пристапување. Ова беше објавено по состанокот на шефовите на дипломатиите на Унијата, а Ана Паула Закаријас, државниот секретар за Европа на Португалија, земја која претседава со ЕУ, подвлече дека веројатно членството во ЕУ е главната движечка сила на трансформацијата на Западен Балкан и важна за заедничката безбедност и напредок.

Сервер: ЕУ неразумно ги одложи преговорите со С. Македонија и Албанија

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, посочи дека новата методологија, секако, треба да помогне во забрзувањето на преговорите за членство, а во изјавата на министерската сесија се вели дека земјите што преговараат мора да дадат опипливи резултати во спроведувањето на реформите. Ова првенствено се однесува на владеењето на правото, основните права и функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација, како и економската ефикасност на кандидатите за членство. „Изгледите за партнерот од Западен Балкан за полноправно членство во ЕУ врз основа на заслугите се политички, безбедносен и економски интерес на Европската унија“, истакнаа министрите за надворешни работи на Унијата.

Генералниот секретар на ОН Гутереш во Москва

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како што најави рускиот заменик амбасадор на ОН Дмитриј Полјански, денеска и утре ќе престојува во Москва. „Очекуваме многу плодни преговори со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Се надевам дека ќе има многу интензивна дипломатска програма за него“, додаде Полјански, не прецизирајќи дали е планирана средба со рускиот претседател Владимир Путин. Шефот на ОН ќе разговара за повеќе теми, од Украина до Сирија, како и за Либија, Авганистан, Мјанмар и други конфликти и кризи.

Украина - Некои НАТО членки се загрижени за провоцирање на Русија

Посетата на Гутереш е во време кога Русија - која има право на вето на Советот за безбедност на ОН е под зголемен меѓународен притисок поради обвинувања за сајбер напади, мешање на избори и други активности. Неколку десетици руски дипломати неодамна беа протерани од повеќе земји, а раздорот со Западот беше дополнително нагласен со новите економски санкции против Москва.

Словачка ја прекинува вакцинацијата со првата доза од АстраЗенека

илустрација

Словачките власти ја прекинаа вакцинацијата против коронавирус со вакцина АстраЗенека, за да го испитаат случајот со пациент кој починал од тромб по добивањето на вакцината. „Само луѓето кои чекаат втора доза од таа вакцина можат да се вакцинираат. Употребата на вакцината на оваа компанија за првата доза е суспендирана“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

АстраЗенека и Џонсон и Џонсон во Норвешка само врз волонтерска основа

Неколку други земји на Европската унија ја ограничија употребата на вакцината, откако откриле врска помеѓу вакцината и појавата на згрутчување на крвта. Данска целосно се откажа од таа вакцина, додека во некои делови на Бразил вакцинацијата на бремени жени е стопирана. Во Словачка, која има 5,4 милиони жители, 386.136 лица се заразени со коронавирусот, од кои 12.077 починале од почетокот на пандемијата.

Бугарската привремена влада стапува на должност

Стефан Јанев

Во Бугарија денеска стапува на должност привремената влада која до формирањето нова влада по изборите кои вчера ги закажа шефот на државата Румен Радев за 11 јули ќе ја води Стефан Јанев, близок советник за безбедност и одбрана на Радев. Најсиромашната земја-членка на Европската унија повторно се наоѓа пред избори откако изборите во април резултираа со распарчен парламент и со неуспех во формирањето нова влада. Не се очекуваат големи поместувања во политиката, со оглед на ограничените овластувања на привремената администрација, велат аналитичарите.

Назначена привремена Влада во Бугарија, премиер Стефан Јанев

61 годишниот Јанев беше заменик-премиер и министер за одбрана во претходната привремена влада. Тој ќе има задача да управува со пандемијата на коронавирусот и да обезбеди фер избори, рече Радев. Аналитичарите го оценија назначувањето на Јанев како знак дека Радев, гласен критичар на премиерот во заминување Бојко Борисов, сака да има поголемо влијание во раководењето со земјата, бидејќи тој очекува реизбор на есенските претседателски избори. Според Уставот на Бугарија, претседателот е главно церемонијален шеф на држава со ограничени овластувања, иако игра клучна улога во такви моменти кога партиите не се во можност да формираат влада со назначување привремена администрација.

Вечер без полициски час, од утре почнува на полноќ

Полициски час како мерка против ширењето на коронавирусот, Скопје март 2021

Од утре полицискиот час ќе почнува на полноќ и ќе трае до 4 часот, одлучи на вчерашната седница македонската Влада. Владата објави дека оваа одлука стапува на сила од денеска, но претходно беше најавено дека за верскиот празник Рамазан Бајрам на 12 спрема 13 мај, исто како и за Велигден од 1 за 2 мај, нема да има полициски час. Угостителските објекти ќе може да работат до 23:30 часот.

Филипче - На 14 мај втора пратка вакцини Астра Зенека

Од денеска, сите настани може да се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30% од капацитетот на затворениот простор. Од денеска можат да работат и фитнес центрите. Mинистерот за здравство Венко Филипче оцени дека новите мерки се „врз основа на стабилизацијата на епидемиолошката состојба во државата“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG