Вести
Предизборен молк во Косово, утре се гласа
Косовските граѓани со право на глас ќе можат утре да гласаат на вонредните парламентарни избори, додека изборниот молк за политичките субјекти кои се натпреваруваат на овие избори почна синоќа на полноќ и ќе трае до затворањето на гласачките места, утре во 19 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Официјалната кампања за овие, осми по ред, повеќепартиски избори во повоено Косово, започна на трети февруари, а за следење на изборниот процес се акредитирани околу 20 илјади набљудувачи, кои доаѓаат од политички субјекти, медиуми, амбасади, невладини организации и други организации. На годинешните општи избори учествуваат 28 политички субјекти и нема ниту еден независен кандидат.За 120 места во косовскиот Парламент се натпреваруваат 1.068 кандидати.
Право на глас, според конечниот список на гласачи што го објави ЦИК, имаат 1.794.862 лица, што е за 143.006 помалку во споредба со последниот изборен процес во земјата – вонредните парламентарни избори од 6 октомври 2019 година. Намалувањето на бројот на лица со право на глас се должи пред се на бришењето од гласачкиот список на над 122 илјади граѓани кои поседуваат единствено лични документи издадени од УНМИК, а во меѓувреме починале и нешто повеќе од 11 илјади лица.
Овие вонредни парламентарни избори во Косово ќе се одржат откако во ноември минатата година Уставниот суд го оспори легитимитетот на Владата на Авдулах Хоти, затоа што за нејзиниот избор гласал еден пратеник кој немал право да биде член на законодавниот дом поради правосилна казна со затвор во последните три години. Гласот на спорниот пратеник, кој беше од партиите на помалите етнички заедници, беше 61-от глас за кабинетот на Хоти, а со неговото поништување се изгуби и мнозинството за изгласување на Владата.
види ги сите денешни вести
Граѓани повторно протестираа против цементарница „Усје“
Со транспаренти „Профит за Усје, болести за нас“, „Дишеме отров“ и „Воздухот не е луксуз, туку наше право“, граѓани и еколошки активисти денеска протестираа пред Владата, барајќи затворање на цементарницата „Усје“ поради загадувањето на воздухот.
Учесниците на протестот порачаа дека економскиот профит не смее да биде над здравјето на граѓаните и оти институциите имаат обврска да понудат конкретни решенија за заштита на животната средина. Тие обвинија дека надлежните го штитат интересот на компанијата, наместо здравјето на жителите на Скопје.
„Институциите го признаваат проблемот, но не нудат решение. Наместо да нè штитат нас, го штитат профитот. Ни ги трујат децата“, порача еден од активистите, по што насобраните извикуваа „Стоп за Усје“.
Протестот продолжи со марш кон Собранието, каде учесниците ги повикуваа минувачите да им се придружат, а потоа и пред зградата на Министерството за животна средина и просторно планирање. Дел од пораките беа насочени и кон мерењето на загадувањето, при што активистите оценија дека не се прикажува реалната состојба со квалитетот на воздухот.
Во врска со протестот, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање од Тетово, изјави дека секој граѓанин има право јавно да го изрази своето незадоволство.
„Ние како Влада правиме сè за граѓаните да имаат здрава и чиста животна средина. Тоа што со децении ништо не е направено, немам што да кажам“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата презела конкретни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот преку изградба на когенеративни централи, системи за далечинско греење и набавка на електрични автобуси, кои нема да бидат наменети само за Скопје.
Од утре почнува санкционирањето преку системот „Безбеден град“ во Скопје, Куманово и Тетово
Од утре на територијата на Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, започнува санкционирањето на сообраќајните прекршоци преку проектот „Безбеден град“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во првата фаза, системот автоматски ќе детектира и санкционира четири типични сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање, пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло и управување на возило со истечен рок на важност на сообраќајната дозвола.
Од МВР посочуваат дека „Безбеден град“ претставува значајна инвестиција во безбедноста на граѓаните и во унапредувањето на сообраќајната култура.
„Системот ќе придонесе за спасување човечки животи, подобро регулирање на сообраќајот и санкционирање на сите оние кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, на сопствена и на штета на другите учесници во сообраќајот. Камерите се поставени на критични сообраќајни точки каде што често се случуваат прекршоци“, наведуваат од Министерството.
Од МВР упатија апел до граѓаните доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
Иран сигнализира подготвеност за нуклеарни разговори со САД, повлекува црвени линии за ракетите
Иранскиот министер за надворешни работи сигнализираше подготвеност за продолжување на нуклеарните разговори со САД, додека повторно повлече цврсти црвени линии околу ракетната програма и одбранбените капацитети на Техеран, додека регионалните напори за посредување се забрзуваат поради ескалацијата на заканите од претседателот на САД Доналд Трамп.
Зборувајќи на 30 јануари во Истанбул, министерот за надворешни работи Абас Аракчи рече дека Техеран ќе биде подготвен повторно да влезе во преговори со Вашингтон доколку разговорите се водат како што тој опиша врз „фер и правична“ основа.
На заедничката прес-конференција со својот турски колега, Аракчи рече дека Иран е отворен за мерки за „градење доверба“ поврзани со неговата нуклеарна програма, но нагласи дека воената позиција на Иран не е предмет на преговори.
„Одбранбените капацитети и ракетите на Иран никогаш нема да бидат предмет на никакви преговори“, рече тој, додавајќи дека во моментов не се планирани директни разговори меѓу Техеран и Вашингтон.
Коментарите доаѓаат во време кога дипломатската активност низ регионот се интензивира за да се спречи директна конфронтација меѓу САД и Иран.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во телефонски разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, ги понуди услугите на Анкара како „олеснувач“ меѓу Иран и САД. Според турското претседателство, Ердоган рекол дека Анкара е подготвена да помогне во намалувањето на тензиите и решавањето на споровите, понуда по која подоцна на 30 јануари се одржа лична средба меѓу Ердоган и Аракчи.
Претседателството на Иран соопшти дека Пезешкијан му рекол на Ердоган дека сите успешни преговори ќе зависат од напуштањето на „военоподбуцнувачките и заканувачките акции во регионот“.
Сепак, аналитичарите велат дека ставот на Техеран одразува долгогодишна ригидност, а не значајна промена.
Али Ваез, директор на проектот за Иран во Меѓународната кризна група, тврди дека преговарачката позиција на Иран останала непроменета од почетокот на 2025 година, и покрај зголемениот притисок.
„Исламската република не е ниту способна ниту подготвена да научи како да се справи со Доналд Трамп“, изјави Ваез за Радио Фарда на РСЕ/РЛ, забележувајќи дека другите земји - од членки на НАТО до регионални држави - го прилагодиле својот пристап кон конфронтацискиот стил на преговори на Трамп за да ги унапредат своите интереси.
Трамп, од своја страна, ги зголеми влоговите. На 29 јануари, тој рече дека Иран мора да ја запре својата нуклеарна програма и да престане да „убива демонстранти“, тврдејќи дека тие барања веќе им биле пренесени на иранските власти. Два дена претходно, тој објави дека „масовна армада“ се движи кон Иран, предупредувајќи дека може да дејствува „брзо и бесно“ доколку е потребно, изразувајќи надеж за „фер договор“ што ќе го остави Иран без нуклеарно оружје.
Германскиот политички аналитичар Мехран Барати гледа дека Вашингтон спроведува долгорочна стратегија насочена кон ослабување на Исламската република, наместо кон задавање на еден единствен одлучувачки удар.
„Соединетите Американски Држави сакаат да одат напред чекор по чекор и да го ослабнат естаблишментот“, изјави Барати за Радио Фарда, тврдејќи дека постојаниот воен притисок, финансиското следење на државните средства во странство и координираната дипломатска акција укажуваат на обид за наметнување промени одвнатре во системот.
Барати е скептичен дека турското посредништво или слични регионални иницијативи можат да спречат ескалација. Тој тврдеше дека регионалните актери се водени првенствено од сопствените интереси, вклучувајќи страв од бегалски текови и нестабилност, а не од довербата дека Техеран ќе го промени своето однесување.
„Секој влезе во оваа работа со своја посебна цел“, рече тој. „Не мислам дека е можно да се спречи уште една конфронтација.“
Ваез слично предупредува дека двете страни се во ќош. Методот на Трамп, вели тој, е да примени максимален притисок, а потоа да се задоволи со помалку, додека прогласува победа. Сепак, „нема добра опција достапна за Соединетите Држави, ниту пак добра опција достапна за Исламската Република.“ Засега, додаде тој, тоа ги остава двете страни заглавени во ќор-сокак.
Јавниот долг на крајот на 2025 под 60 проценти од БДП
Јавниот долг на државата заклучно со 31 декември 2025 година изнесува 59,6 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), објави денеска Министерството за финансии.
Според официјалните податоци, вкупниот јавен долг на крајот на минатата година достигнал 10.064,1 милиони евра (околу 10 милијарди евра), од кои 4.493,9 милиони евра се надворешен, а 4.570,2 милиони евра внатрешен јавен долг.
Државниот долг изнесува 5.382,5 милиони евра, односно 51,8 проценти од БДП, што претставува намалување од 1,2 процентни поени во однос на претходната година, според институцијата.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска оцени дека ваквото ниво на јавниот долг е јасен показател за стабилни јавни финансии и спроведување на фискална консолидација, како и почитување на Мастришките критериуми, според кои јавниот долг не треба да надмине 60 проценти од БДП.
„Нашите проекции согласно Стратегијата за управување со јавниот долг беа дека тој ќе се движи нешто над 60 проценти, но со посветена работа, внимателно планирање и строга контрола на расходите успеавме да постигнеме подобар резултат од очекуваниот“, изјави Димитриеска Кочоска.
Таа појасни дека пониското ниво на јавниот долг се должи пред сè на внимателното трошење на средствата од централниот буџет, како и на контролираното и фазно повлекување на кредитните средства од страна на јавните претпријатија и акционерските друштва. Значајна улога, како што посочи, имаат Секторот за буџети и Секторот за меѓународни финансии во рамки на Министерството за финансии, кои континуирано ги следат финансиските состојби и реализацијата на кредитите.
Во однос на очекувањата за движењето на јавниот долг во текот на годинава, министерката истакна дека не очекува тој да ја надмине границата од 60 проценти од БДП, но дека тоа ќе зависи од реализацијата на приходите.
„Планиравме реални даночни приходи, а очекувам и можност за нивно надминување, особено со оглед на целосната примена на системот Е-фактура“, изјави Димитриеска Кочоска.
Советот на Европа го затвора постмониторинг-дијалогот со Северна Македонија
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на својата јануарска сесија изгласа Резолуција за затворање на постмониторинг-дијалогот со Република Северна Македонија.
Со ова Собранието одлучи да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Во текстот на Резолуцијата, подготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска, се наведува напредокот на земјата во владеењето на правото, заштитата на човековите права, демократијата, соработката со телата на Советот на Европа - а се признава и политичката посветеност за исполнување на обврските преземени уште во 2000-та година.
Собраниската прес-служба соопшти дека мониторинг комисијата има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите-членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите - членки се обврзале.
Значењето на мониторинг процесот, како што се наведува во соопштението, е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија.
„Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и заради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава“, соопшти собраниската прес-служба.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека „ова е историски ден, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста“.
„Тоа значи дека Македонија веќе не е опфатена со постмониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, оние земји што ги сметаат за фронтранери во регионот, Црна Гора или Албанија, сè се уште во мониторинг или се во постмониторинг. А само пред три-четири месеци земја членка на Европската Унија, како Бугарија, излезе од тој постмониторинг, сега и ние излегуваме - изјави Мицкоски.
Според опозицискиот СДСМ, пак, укинувањето на комисијата за постмониторинг дијалог од страна на ПССЕ не е никаков успех на коалицијата ВМРО-ЗНАМ, туку чекор врз основа на реформи почнати во претходниот период.
„Да не бил периодот на владата на СДСМ, а да останеле на власт Никола Груевски и Сашо Мијалков, со својот авторитарен пристап, веројатно би довеле до продолжување на работата на комисијата на уште 25 години поради кршење на демократските стандарди, корупција и притисок врз институциите. Денес, нивниот ученик, Мицкоски, продолжува таму каде што тие застанале, со силна анти-ЕУ кампања која е во полн ек и која ги загрозува интеграциите“, соопштија од СДСМ.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера(29.01) објави дека оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеење на правото, заштита на човековите права и односите со соседните земји.
Превозниците од Србија и Босна и Херцеговина ја прекинаа блокадата на границите
Превозниците од Србија и Босна и Херцеговина(БиХ) на 30 јануари објавија дека ја прекинуваат блокадата на граничните премини со шенген - зоната за товарни возила, што ја почнаа во знак на протест против построгите процедури за влез во зоната.
Превозниците од Србија објавија дека во 15 часот ја прекинуваат блокадата на товарните терминали на граничните премини со шенген - зоната.
Конзорциумот „Логистика“, кој ги обединува камионските превозници од БиХ, за Радио Слободна Европа потврди дека превозниците од Босна и Херцеговина исто така ја прекинале блокадата на граничните премини за товарен сообраќај со земјите од Европската Унија(ЕУ).
Нивните колеги во Црна Гора и Северна Македонија го направија тоа еден ден претходно, на 29 јануари, додека се чека одлуката на превозникот од Босна и Херцеговина.
Возачите на камиони од Србија соопштија дека ги прекинуваат блокадите по пет дена бидејќи Европската комисија „јасно за прв пат објави дека професионалните возачи се посебна категорија работници на кои им е потребен подолг престој на територијата на Европската Унија од 90 дена“.
На 30 јануари, Европската комисија објави дека работи на решавање на проблемот со професионалните возачи на камиони од земјите од Западен Балкан во земјите од шенген - зоната по воведувањето на дигитален систем за гранична контрола.
Претставници на ЕУ и амбасадори на шест земји од регионот одржаа состанок на заинтересираните страни пред два дена во врска со блокирањето на границите на вработените во меѓународниот транспорт, додека следниот состанок е планиран за следната недела.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламбер, изјави дека на состанокот се поканети надлежните министри од Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово.
Тој не сакаше да зборува за можен рок за решавање на проблемот.
„Во таа прилика, ќе се испита евентуалното воведување нови специфични правила за продолжени кратки престои на ниво на ЕУ“, рече Ламбер.
Превозниците од земјите од Западен Балкан почнаа да ги блокираат граничните премини на 26 јануари.
Тие протестираа поради построгата постапка за влез во шенген зоната, наведувајќи дека тоа им го скратува времето на престој во земјите од ЕУ.
Тие бараат дозволениот престој да се продолжи од три на четири месеци во рок од шест месеци.
Претходно објавија дека блокадата ќе трае седум дена доколку не се постигне договор.
Претседателот на српската Стопанска комора, Марко Чадеж, на почетокот на блокадата изјави дека директната дневна штета врз економиите на Западен Балкан е околу 100 милиони евра.
Oбвиненија против 13 полициски службеници за „тешки дела против општата сигурност“ по пожарот во Кочани
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против 13 полициски службеници кои спроведувале акциска контрола во дискотеката „Пулс“ во Кочани вечерта на 16 март 2025 година кога избувна пожарот во кој загинаа 63 лица и повеќе од 200 беа повредени.
Со обвинението се опфатени четворица началници и девет полицајци, информираше предметната јавна обвинителка Ивана Алексова Трајчева на брифинг на 30 јануари.
Тие се обвинети дека како соизвршители сториле кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ со тоа што на критичната ноќ на 16 март 2025 година не презеле соодветни мерки за заштита за присутните лица, ниту мерки за спречување на активирање на пиротехничка опрема на сцената, иако употребата на пиротехника не била пријавена во полициската станица - Кочани.
За сите обвинети лица, како што појаснуваат од Обвинителството, остануваат во сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката.
Покрај ова, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен и обвинителен предлог против девет полициски службеници обвинети за „злоупотреба на службена положба и овластување“.
„Обвинетите не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за вршење на угостителска дејност на кабарето „Пулс" во Кочани и овозможиле истото да добие лиценца во 2022 и 2023 година, а со намера да прибават имотна корист за правното лице во вкупен поголем износ од 284.576,00 денари за 2022 година и имотна корист за неформалниот сопственик на клубот, во вкупен поголем износ од 335.916,00 денари бруто плата“, рекоа од Обвинителството.
Дополнително, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен и Обвинителен предлог против тројца полициски службеници, кои внеле неточни податоци за правното и за одговорното лице и дозволиле да бидат поведени прекршочни постапки против неактивно правно лице и физичко лице со намера да прибават имотна корист.
Истражната постапка е запрена за седум полициски службеници, за кои е утврдено дека биле надлежни да вршат проверки исклучиво за условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност во сообракајот, но не и за услови за противпожарна заштита и услови за вршење на угостителска дејност кои не спаѓаат во нивна надлежност.
На обвинителна клупа за пожарот во „Пулс“ веќе се 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што ја обезбедувала дискотеката и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Презентирајќи го обвинението за „Пулс“, кочанскиот обвинител Борче Јанев рече дека „катастрофата што се случи не настана само од пропусти на една човечка рака“. Овој настан, како што рече Јанев, не е несреќа или случајна игра на судбината туку „се работи за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања“.
Зеленски: Украина е подготвена на ограничен прекин на огнот со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина би била подготвена да ги запре нападите врз руски цели како дел од ограничен прекин на огнот, под услов Русија да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура.
„Ако Русија не пука врз нашите енергетски објекти, тогаш ние нема да ги нападнеме нивните“, изјави Зеленски.
Сепак, тој рече дека такви гаранции сè уште не се добиени од Москва. Според Зеленски, предлогот за ограничен прекин на огнот го изнесе Вашингтон. Тој рече дека немало директен контакт меѓу Киев и Москва по ова прашање.
Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток рече дека го замолил рускиот претседател Владимир Путин да ги запре воздушните напади една недела за време на очекуваниот период на силен студ во Украина.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не пука во Киев и различните градови една недела и тој се согласи да го стори тоа. И тој го направи тоа“, рече Трамп за Путин.
Коментарите на Трамп следеа по извештаите на добро информирани руски воени блогови дека Москва во четврток наутро издала наредба за запирање на нападите врз цивилната инфраструктура.
Украинските воздухопловни сили во петок наутро соопштија дека Русија лансирала 111 беспилотни летала врз земјата преку ноќ, од кои 80 биле соборени.
Немаше непосредни извештаи за напади врз енергетски објекти. Последното предупредување за воздушен напад за Киев, кој неодамна беше под силно руско бомбардирање што ги прекина електричната енергија и греењето, беше издадено во среда.
Зеленски рече дека понатамошни разговори со посредство на Вашингтон меѓу руските и украинските делегации во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати, се очекуваат во недела, иако предупреди дека датумот и местото на одржување сè уште може да се променат.
Трамп смета дека е опасно Велика Британија да соработува со Кина
Американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди Лондон и Отава за ставот на Вашингтон за односите со Пекинг.
„Многу е опасно за Велика Британија да соработува со Кина“, изјави Трамп во одговор на новинарско прашање.
Претседателот на САД реагираше на договорите за зголемување на бизнисот и инвестициите меѓу Обединетото Кралство и Кина, кои беа објавени на средбата на британскиот премиер со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг.
Како одговор на коментарот на Трамп, Даунинг стрит соопшти дека Вашингтон е свесен за посетата и нејзините цели.
По забелешката за Велика Британија, Трамп продолжи да зборува за Канада и изрази слично мислење.
„Не ѝ оди добро. Тие се многу лоши и не можете да гледате на Кина како решение“, додаде тој.
Порано оваа недела, Трамп се закани дека ќе воведе царини за Канада ако ги спроведе економските договори постигнати со Кина за време на неодамнешната посета на премиерот Марк Карни на Пекинг.
Коментарите на шефот на американската држава дојдоа откако Стармер по разговорите со Си во четврток изјави дека односите меѓу Велика Британија и Кина се силни и силни.
„Сега сме во продуктивна комуникација и постигнавме напредок бидејќи Велика Британија има многу да понуди“, изјави Стармер на бизнис форум во Пекинг.
Новите договори меѓу двете страни се однесуваат на безвизен режим и пониски тарифи за виски, како и инвестиција од 10,9 милијарди фунти на Астра Зенека за изградба на производствени капацитети во Кина, објави Би-Би-Си.
Според Министерството за бизнис и трговија, САД беа најголемиот трговски партнер на Велика Британија во 2025 година, додека Кина беше четврта.
Стармер пристигна во Шангај во петок, 30 јануари на неговата последна станица во официјална посета на Кина пред да се упати кон Токио, каде што ќе се сретне со јапонската премиерка Сане Такачи.
Пратениците од опозицијата го критикуваа премиерот за неговото патување во Кина, прва посета на британски лидер на таа земја од 2018 година. Поради, како што рекоа, ризикот за националната безбедност на Велика Британија.
Порано во јануари, британската влада беше критикувана за одобрување на плановите за нова кинеска амбасада во центарот на Лондон.
Министерот за безбедност Ден Џарвис рече дека разузнавачките служби се клучни во процесот на донесување одлуки и дека е задоволен што ризиците се соодветно управувани.
Трамп: Путин се согласи да не напаѓа украински градови една недела поради студот
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во четврток изјави дека го замолил рускиот претседател Владимир Путин една недела да не „пука во Киев и разни градови“ поради студеното време додека руските сили продолжуваат да напаѓаат украински региони.
„Никогаш не виделе толку студено време. И јас лично го замолив претседателот Путин да не пука во Киев и разни градови една недела. И тој се согласи да го стори тоа“, рече Трамп.
„Многу луѓе рекоа: ’Не губете време за повик, нема да го добиете тоа‘. Но, тој го направи тоа“, додаде тој на состанокот во Белата куќа.
Иако Кремљ не го потврди еднонеделното прекинување на нападите врз Киев или други градови, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави изјавата на Трамп, велејќи дека Киев ги цени напорите што помагаат во „заштитата на животите“.
Тој додаде дека прашањето било дискутирано за време на трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати за завршување на четиригодишната војна што се одржаа минатиот викенд, во кои учествуваа и американски преговарачи.
„Ви благодарам, претседателе Трамп! Нашите тимови разговараа за ова во ОАЕ. Очекуваме договорите да бидат спроведени. Чекорите за деескалација придонесуваат за вистински напредок кон завршување на војната“, напиша Зеленски на мрежата Икс.
Температурите низ Украина паднаа на минус 20 степени Целзиусови во јануари, што ја направи зимата неподнослива за милиони Украинци кои страдаат од невидени прекини на електричната енергија и греењето предизвикани од руските воздушни напади кои сериозно ја оштетија инфраструктурата низ целата земја.
Службите за итни случаи на земјата предупредија дека поголем пад на температурите се очекува од 1 февруари и ќе ги погоди речиси сите украински региони, а мало ублажување на студот ќе има на 4 февруари.
Властите во Киев во четврток соопштија дека повеќе од 400 станбени згради се без греење и оти општинските служби работат „деноноќно“ за да го вратат греењето на жителите.
Прекини на електричната енергија беа пријавени и во главните украински региони Днепропетровск, Донецк и Запорожје.
Во четвртокот, Русија изврши повеќекратни напади при што загинаа најмалку шест лица низ цела Украина, вклучително и во поголемите градови Херсон и Кривуј Рог.
Во украинскиот регион Донецк, кој е разорен од војна, а во голема мера е окупиран од руските сили, работник во гасна компанија беше убиен од беспилотно летало додека бил „на пат да ги обнови испораките на гас“, напиша украинскиот министер за енергетика Денис Шмигал на Телеграм.
Властите во другите украински региони ги предупредија жителите дека руските воени сили би можеле да продолжат да ја напаѓаат инфраструктурата на земјата, и покрај сите разговори за запирање на нападите врз енергетските објекти.
„Нашиот непријател е таков што би можел да го искористи ова и да се обиде да ја нападне критичната инфраструктура на нашите градови“, напиша градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, на Телеграм.
Нова рунда разговори меѓу украинските и руските преговарачи треба да започне во Абу Даби на 1 февруари.
Во текот на разговорите изминатата недела немаше знаци за забавување на војната на фронтот, ниту пак индикации дека Кремљ се повлекува од своите долгогодишни максималистички барања.
Запрашан за разговорите во четврток, помошникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков, рече дека територијалното прашање не е единственото што го попречува потенцијалниот договор за завршување на најголемата војна на европскиот континент од Втората светска војна.