Достапни линкови

Дневно-политичките муабети се опиум за широката маса


Јовица Јанковиќ, студент.

Додека вестите се полни со Каракачанов (кој без сомнеж и срам собира политички поени на наша сметка), имаме околу 400 илјади сограѓани кои се на работ на сиромаштија и дополнителни 17 илјади наши Македонци кои изгубиле работно место во текот на оваа пандемија, пишува студентот Јовица Јанковиќ.

Прво, да дефинираме што се тоа дневно-политички муабети. Тие се површински разговори и непродуктивни дебати кои се остварени од луѓето без никаква цел, дискусии во кои никој не го слуша другиот и секогаш има лош завршеток, а најлошото е што нема никаква поука од истите. Најчесто тоа се пијаните караници на слава, или разговори остварени помеѓу „бабуши“ кои не само што се геополитичари, туку и знаат економија, медицина, спорт и знаат точно што има во вакцините. Иако ги критикувам, сепак дневно-политичките муабети можат да ја запознаат јавноста, барем малку со која било тема, но ништо подлабоко од тоа.

Сега се поставува прашањето: Зошто ги мразам дневно-политичките муабети? Секогаш кога сум излезен со пријатели пробувам да ја избегнам темата политика, без разлика на тоа која тема ќе ја дискутираме.

Како млад човек и активист кој уште од втора година средно ги изучува општествените и хуманистичките науки, првин ми беше природно да дискутирам и редовно да се приклучувам во овие дебати, мислејќи дека така ќе се дојде до позитивно влијание во околината. Длабоко се излажав.

Но, не е дека ова само доаѓа од горенаведените. Секојдневно гледаме тв дебати каде има полно таканаречени (самодекларирани) експерти кои имаат за цел да пласираат лажни вести и да ги трујат граѓаните со неважни информации, наместо да дискутираат на важни теми и области, каде објективно ќе ги запознаат слушателите со проблемите и решенијата. Тие се тие дискусии каде сите можат да научат нешто ново и можеби ќе изградат став или пак ќе променат мислење на некоја тема, на органичен и објективен начин.

Една вечер, случајно дојдов до една мисла. Додека ние (народот) се занимаваме и нервираме со дневно-политички теми на кои секој може да не манипулира, ние ги запоставуваме вистинските проблеми, важните проблеми со кои нашите граѓани мака мачат на дневна база.

Поради пандемијата која веќе трае една година, природно стана сите да го поминуваме поголемиот дел од слободното време на социјалните мрежи каде има огромна содржина од лажни вести или, пак, глупости кои на нас не ни требаат! Секој ден гледаме разни манипулирантски наслови од страна на квази-медиуми кои само постојат на фејсбук, но успеваат да ни ја наполнат главата и да го напаѓаат нашето критичко размислување.

Додека ние се занимаваме со која политичка партија кажала вака, кој кажал така или напишал онака, што се случува со текстилните работници кои се слабо платени и третирани како предмет? Области како образование, економија, животна средина, здравство, наука, јавна администрација, владеење на право, внатрешни и надворешни работи - кои на мене штотуку ми текнаа при пишувањето на оваа колумна, на пример во овие полиња (и многу останати) се потребни значајни реформи.

Додека вестите се полни со Каракачанов (кој без сомнеж и срам собира политички поени на наша сметка), имаме околу 400 илјади сограѓани кои се на работ на сиромаштија и дополнителни 17 илјади наши Македонци кои изгубиле работно место во текот на оваа пандемија!

Туризмот се соочува со проблеми, образованието е целосно онлајн, малите и средните претпријатија се борат за опстанок, ние се занимаваме со Захариева која пробува да освои политички поени во очаен обид да си ја спаси функцијата.
Зборувај ми за реформи во економија, како до заштитени работнички права, како до чист воздух, до функционален образовен систем кој ќе ни ја воспитува младината, култура (театар, музика), наука, владеење на правото, чесно правосудство и како истото да се одржи. Сакам да слушнам издржани аргументи од страна на луѓе со огромно искуство и се ценети од својата област, како и млади кои целат да бидат како тие што ги наведов во претходната реченица.

Огромна почит до медиумите кои професионално си ја вршат работата и некако опстојуваат при напливот на измислени страни кои немаат ни „п“ од професионалност и кон сите останати граѓани кои секогаш сакаат да бидат објективни, љубопитни и со желба да ги подобрат работите во нашата единствена држава Македонија, поради тоа што нема друга алтернатива.

XS
SM
MD
LG