Достапни линкови

Идеологијата им продава на младите теснограда слика за светот


Автор на колумната - Радован М. Спиридонов, студент на Филозофски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје

Опасноста од радикализација на младите е токму во таа лажна свест за светот како нивните омилени мислители од левицата или десницата ги нудат сите потребни објаснувања за светот, пишува во младинскатa колумна,  студентот Радован М. Спиридонов.

Човекот и светот се целина, па така младиот човек постојано тежнее да го осознае и разбере светот околу себе. Стануваме возрасни токму кога ќе почнеме со нашите умови да ги обмислуваме големите животни и општествени прашања и изнаоѓаме решенија за кои мислиме дека се исправни. Со оглед на неверојатната сложеност на современиот глобализиран свет, каде што поединецот е оставен сам на себе, не треба да нè изненади што многумина млади запаѓаат во потполна лична, вредносна и идејна дезориентација. Ваквите „егзистенцијални кризи“ се чинат како уште еден чекор кон полнолетството, но всушност се опасни води каде што младите можат да бидат опседнати и радикализирани од идеолошка демагогија на левицата и десницата.

Доколку го тргнеме наивниот политички идеализам, ќе видиме дека идеологиите и на левицата и на десницата се само лажлив начин на поврзување со светот. Им нудат на младите искривена слика дека го разбираат општеството, продавајќи им илузија за нивниот идентитет, така што им задаваат „месијанска“ цел во која тие се праведните. Идеологијата им продава на младите теснограда и упростена слика за светот, при што не ги подучува младите на сопствено промислување за светот, туку на верување во свети вистини кои никако не смеат да бидат доведени под сомнеж.

Идеолозите на левицата и десница ги пласираат своите убедувања токму како научни вистини и морални апсолути. Ги користат интернет-платформите и појавата на т.н. ехо-комори. Интернет-корисниците кога навлегуваат во своите ехо-комори, бараат само податоци кои ги поткрепуваат нивните гледишта и воопшто не се изложуваат на поинакви ставови. Ваквата состојба во која верувањата се засилуваат или зајакнуваат со комуникација и повторување во затворениот систем е идеална за преобраќање на што повеќе луѓе кон нивната исправна „вера“.

Кога повеќето луѓе ќе го слушнат зборот „идеологија“, помислуваат на голем збир на социо-политички убедувања кои обично завршуваат со „изм“ - комунизам, либерализам, конзервативизам итн. Сепак, вистинската идеологијата е серија дискурси кои наметнуваат лажни идеи врз луѓето. Кога луѓето ги прифаќаат овие лажни идеи, тие развиваат лажна свест за светот, за тоа како тој работи и за нивното место во него.

Опасноста од радикализација на младите е токму во таа лажна свест за светот како нивните омилени мислители од левицата или десницата ги нудат сите потребни објаснувања за светот. Кога младиот човек станува опседнат од идеологијата, тој го затвора својот ум за критичко промислување на неговите ставови, изложување на себеси кон нови гледишта или толерантност кон туѓите погледи. Во крајности, ваквите ставови водат кон радикализација и девијантни однесувања, а не само кон затворен ум.

Но, дали постои противотров за овој сè по изразен феномен? Дали на младите можеме да им понудиме поинакво разбирање на светот од оној на левичарските и десичарските демагози? Како да ги извлечеме младите од ехо-коморите на интернетот? Одговорот се крие во наведувањето на младите кон филозофијата.

Филозофската мисла се обидува објективно да го осознае светот и да го сфати местото на човекот во него, а оттаму се раѓа и мудроста. Доколку младите ги наведеме на филозофско образование, преку запознавање со фасцинантните мислители кои низ вековите промислувале за животните предизвици на секој човек, тогаш тие би биле отпорни на еднострани и лекомислени демагогии.

Филозофијата не нуди лесни одговори, ниту пак е едногласна. Филозофското живеење и разбирање на светот гради личности со карактер налик оној на Сократ. Сократ живеел според мотото: Спознај се себеси! Одбивал да прифати еднострани објаснувања или, пак, да го покори својот ум на традиционалната мудрост на своето време. Ги испитувал и своето и туѓото знаење и ги наведувал луѓето на разговор, заедно да ги откријат патиштата кон вистината. Во ваквите дијалози тој инсистирал дека не знае ништо и постојано барал да дојде до јасни сознанија, кои не секогаш се едноставни.

Идеолошките демагози се немоќни пред млади луѓе кои го водат животот според Сократовиот идеал. Тој верувал дека само со силата на човековиот ум и љубовта кон мудроста можеме да ги надминеме лажните претстави за светот и да живееме поисполнети животи. Идеолошката демагогија нè спречува да живееме посреќен живот. Да си го промениме ставот кон луѓе кои повеќе го сакаат животот и се подготвени да го прифатат филозофското живеење на постојано преиспитување место да станеме слепи следбеници на некоја идеолошка демагогија. Не ни требаат уште радикални левичари или десничари, туку слободомислечки генерации!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG