Достапни линкови

Вести

Ковид статистика - 476 нови случаи, девет починати, 407 оздравени

Илустрација - Граѓанин со заштитна маска

Регистрирани се 476 нови случаи на заразени со ковид-19 од направени 2863 тестирања, соопшти Министерството за здравство (МЗ). Од Министерството информира дека во последните 24 часа починати се девет лица, а оздравени 407 пациенти.

Од починатите девет пациенти, четири пациенти се од Скопје (53г, 67г, 68г, 74г) и по еден смртен случај од Прилеп (68г), Велес (75г), Охрид (72г), Струмица (81г), Кочани (63г). Сите се починати во болнички услови.

Од новозаразените 476, најмногу се од Скопје 221, по што следат Прилеп и Кавадарци со по 31, Охрид – 24, Велес – 23, Куманово – 20, Тетово – 12, Битола – 11, Делчево – 9, Струмица, Кочани, Гевгелија, Неготино и Ресен – по 8, Крива Паланка – 7, Гостивар и Кичево – по 6, Штип, Струга, Пробиштип и Крушево – по 5, Радовиш, Берово, Виница, Валандово, Демир Хисар и Кратово – по 2, Македонски Брод, Дебар и Дојран – по 1.


Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 95.347, бројката на оздравени пациенти е 85.846, на починати е 2.955, а бројот на активни случаи изнесува 6.546.

види ги сите денешни вести

Руските вакцини пристигнуваат попладне

Првата пратка од руските вакцини против ковид -19 треба да пристигне во земјава попладне. Пратката вакцини кои Министерството за здравство ги купи од рускиот производител „Спутник V“ ќе биде доставена со специјален транспорт преку компанијата „ДХЛ“. Вакцините ќе ги пречекаат министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин на меѓународниот аеродром Скопје.

Вакцините, кои се наменети за три илјади граѓани, се во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите.

„Ова е вакцина која што за разлика од Фајзеровата се чува на температура од – 18 до -20 степени, за што нашата инфраструктура е спремна. По преземањето ќе се смести во нашите фрижидери, ќе се организира процесот на вакцинацијата во пунктовите во Здравствениот дом во Скопје“, изјави министерот Филипче.

Од кинеската вакцина, пак, се очекуваат 200.000 дози од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште нема потврда кога. Од „Спутник V“ се очекуваат 200.000 дози или со оние од „Астра Зенека“ вкупно 2.200.000 вакцини треба да стигнат во земјава. Вакцинацијата со руската вакцина веројатно ќе почне в среда, најави министерот Филипче.

Засега вакцинацијата се врши со вакцини од Фајзер што Србија и ги достави на Македонија. Станува збор за 8000 дози наменети за вакцинација на медицинските лица.

Во земјава бројот на пациенти заразени со ковид-19 и натаму е во пораст. Бројот на активни случаи изнесува 9186.

Почувствуван земјотрес во Дебар, Гостивар и Маврово

Илустрација

Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала синоќа во 22:43 часот е почувствуван во Дебар, Гостивар и Маврово, соопшти денеска Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,9 степени, од епицентралното подрачје Гостивар-Тетово, со епицентар на 60 километри југозападно од Скопје.

Временска прогноза – Постудено време, од среда пообилни врнежи од дожд

Скопје

Времето во земјава ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне од 8 до 13 степени.

Во Скопје ќе биде претежно сончево со слаб до умерен југоисточен ветер. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.

Од понеделник ќе преовладува променливо облачно време со услови за повремен локален дожд. Пообилни врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег се очекуваат во среда.

Мицкоски - Сметот мора да се измете, ама најпрвин од сопствениот двор

Христијан Мицкоски

„Ќе бидете победени, тоа ви го ветувам. Македонската пролет доаѓа!“, напиша на Фејсбук претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако денеска премиерот Зоран Заев и понуди на опозицијата заедно да прават Влада, на што од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се подготвени да разговараат за експертска влада, но да ја предводи заеднички прифатлива натпартиска.

Заев рече дека сака да отвори дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата, но како што рече да има човек со кога да разговара.

„Со господинот Мицкоски не се разговара“, рече Заев.

Потоа од СДСМ соопштија дека идејата за национално помирување не е упатена до Мицкоски, туку, како што наведуваат, до чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги врзува желбата за просперитет на државата и до сите оние кои ја препознаваат големината и визијата на новиот политички концепт за ресетирање на македонското општество.

Мицкоски, кој е заразен со ковид-19, и според пишувањето се наоѓа на лекување во Инфективната клиника, за тоа дека не бил добар соговорник и дека со него немало договор, пишува дека за тоа се согласува со Заев.

„Јас немам концесија и не должам никому ништо. Има начин да се спасите од мене, да не се разбудам утре или денот потоа и тогаш можеби ќе ви биде полесно да пронајдете соодветен соговорник. Но, тој филм нема да го гледате“, пишува Мицкоски.
Тој додава дека освен што се бори со болеста, има енергија, мотив и волја и за борба со власта.

„Не чека многу работа… Сметот мора да се измете, ама најпрвин од сопствениот двор! Ако власта мисли дека има најмали шанси за пакт со криминал и криминалци, тоа нема да се случи“, пишува Мицкоски.

Понудата на Заев доаѓа на само неколку дена откако на негово барање Собранието гласаше за доверба на Владата. Мицкоски неколкупати досега побара оставка од Владата и предвремени парламентарни избори, но Заев тоа го одби.

Водата во селските водоводи во Дебар и Центар Жупа и во пандемија не се хлорира

Селска чешма во село Мелничани, Центар Жупа.

Во општините Дебар и Центар Жупа и во состојба на пандемија водата во селските водоводи не се хлорира. Неопходни се брзи мерки со цел проблемот да се надмине . Оваа го изјави за Радио Слободна Европа раководителот на единицата на Заводот за јавно здравје во Дебар , епидемилологот Ментор Мела, јавува нашиот дописник од Дебар, Кенан Мимидиновски.

Мела нагласува дека проблемот со нехлорирањето на водата во овие водоводи е присутен повеќе од три декади, но додава дека тоа се случува и сега кога сме во состојба на пандемија.

„Во 17 селски населби во двете општини од најзападниот регион на Македонија, водата во селските водоводи не се хлорира. Оваа го покажуваат анализите и притоа се издаваат и решенија кои се доставуваат до надлежните институции“, вели Мела и додава дека хлорирањето и понатаму изостанува.

Од друга страна во селските Месни заедници велат дека тие немаат средства за хлорирање на водата. Исто така, според нив, тие немаат ниту средства за одржување на водоводите бидејќи Месните заедници пред неколку години со закон немаат свои жиро сметки. Тие се свесни дека водата не е исправна за пиење, но, велат за среќа, кај населението досега нема некои поголеми проблеми во однос на здравјето.

Епидемиологот Ментор Мела пак потенцира дека во летниот период кај помал дел од населението во руралните средини има појава на одредени заразни заболувања, кои до сега се лекувани без некои поголеми проблеми.

„Добро е тоа што во една ваква состојба населението има развиено имунитет и е отпорно на квалитетот на водата“, вели дебарскиот епидемиолог.

Почина академик Момир Поленаковиќ

Академик Момир Поленаковиќ

На 81-годишна возраст денеска почина академик Момир Харалампие Поленаковиќ, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

По повод неговата смрт, Македонската академија на науките и уметностите и Медицинскиот факултет при УКИМ ќе одржат комеморативна седница преку видеоконференциска врска.

Академик Момир Харалампие Поленаковиќ е роден на 26 април 1939 година во Скопје. Медицински факултет завршил во Скопје во 1963 година, кога бил прогласен и награден како најдобар студент – првенец на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Специјализација по интерна медицина завршил во 1969 година. Во 1977 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Клиничко-имунолошка процена на патолошките настанувања во бубрежните гломерули“. За редовен професор е избран во 1988 година. Работел на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а во периодот од 1990 до 1997 година бил директор на Клиниката за нефрологија. Од 2005 година, во пензија, неуморно продолжил да работи во областа на медицината и со своите трудови и научноистражувачката работа да придонесува во оваа област.

Од МАНУ потсетуваат дека Поленаковиќ нашите сознанија и достигнувања ги соопштувал во земјава и во странство во над 550 отпечатени научни и стручни трудови, од кои над 200 труда се на „Pub Med“, како и во 250 апстракти со кои учествувал на научно-стручните состаноци во земјата и во светот. Редактирал и издал пет книги со реферати од конгреси и научни состаноци. Автор е на книгата со наслов „Исхрана кај болните со бубрежна инсуфициенција и на дијализа“, публикувана во 1997 г., како и коавтор (со академик И. Дејанов и П. Дејанов) на книгата со наслов „Инфекции, хемостатски нарушувања и антибиотичка терапија кај болни на хемодијализа“, објавена во 2004 г., уредник на книгата со наслов „Renal Failure – The Facts“, InTech, 2012.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите беше избран на 26 јуни 1997 година, а во периодот 2004 – 2007 година беше нејзин потпретседател. Во периодот 2011 – 2017 год., Поленаковиќ беше раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ на МАНУ.

Нови 722 случаи на заразени со ковид 19

Регистрирани се нови 722 случаи на заразени со ковид 19 од направени 3.701 тестирања, односно 19 отсто од тестираните се позитивни на коронавирусот, соопшти Министерството за здравство повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје.

Во Скопје се регистриран 375 нови случаи, Прилеп – 44, Кавадарци – 35, Гевгелија – 29, Битола – 25, Гостивар – 23, Тетово – 22, Куманово – 20, Охрид – 16, Штип – 15, Крива Паланка – 14, Неготино – 13, Велес – 11, Струмица, Струга и Кочани – по 10, Богданци – 9, Кичево, Свети Николе, Ресен, Радовиш, Берово и Крушево – по 5, Валандово – 3, Делчево, Пробиштип и Демир Капија – по 2, Кратово и Демир Хисар – по 1.

Регистрирани се 186 оздравени пациенти. Пријавени се вкупно 9 починати лица. Починати се по 4 пациенти од Скопје (81г,75г,74г,73г) и по 1 пациент од Пробиштип (88г), Струмица (88г), Кичево (72г), Куманово (70г), и Битола (61г). Сите пациенти се починати во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 540.725 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 106.832, бројката на оздравени пациенти е 94.461, на починати е 3.185, а бројот на активни случаи изнесува 9.186.

Во последните денови е забележан раст на бројот на новозаразени. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека 70 проценти од новите случаи го имаат таканаречениот британски сој, кој е позаразен. Филипче вели дека засега нема потреба од построги ограничувања на движењето на граѓаните со цел запирање на ширењето на вирусот, но следната недела ќе се знае дали ќе има нови рестриктивни мерки.

СДСМ - Идејата за национално помирување не е упатена до Мицкоски

Седиштето на СДСМ во Скопје

„Идејата за заедничка дејствување за напредокот на државата е визионерство и шанса за демократизација и промени во самите политичките партии, а најмногу во ВМРО-ДПМНЕ“, наведуваат во соопштение од владејачката партија.

Во соопштението на СДСМ се наведува дека Зоран Заев, на почетокот на нов четиригодишен мандат како Премиер, само неколку дена после изгласана доверба во Парламентот, подава рака за дебата за национално помирување. Од партијата велат дека Заев ја ужива довербата од граѓаните.

СДСМ соопштува дека идејата за национално помирување не е упатена до Мицкоски, туку, како што наведуваат, до чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги врзува желбата за просперитет на државата и до сите оние кои ја препознаваат големината и визијата на новиот политички концепт за ресетирање на македонското општество и отстранување на сите аномалии кои како тег го успоруваат развојот и подобрата иднина на земјата.

Премиерот Зоран Заев денеска и понуди на опозицијата заедно да прават Влада, на што од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се подготвени да разговараат за експертска влада, но да ја предводи заеднички прифатлива натпартиска личност.

Коалициониот партнер во Владата, ДУИ, пак, вели дека ова се некои настани кои произлегуват од дневна политика и дека нема некои дијалози или слично за создавање некое партнерство за коалиција.

Авион на „Ер Франс“ принудно слета во Софија, откако патник се обидел да влезе во пилотската кабина

Илустрација, авион на софискиот аеродром

Авион на „Ер Франс“ кој летал од Париз до Њу Делхи принудно слета во Бугарија, откако патник се обидел да влезе во пилотската кабина. На аеродромот во Софија е уапсен Индиец, кој се обидел да влезе во пилотската кабина, но бил неутрализиран уште во авионот. Мотивите за неговото однесување се уште не се познати, јави дописникот на МИА од Софија.

Обвинителката на Софија, Илијана Кирилова изјави дека патникот уште на почеток од летот се однесувал агресивно, се расправал со другите патници во авионот и нападнал член на екипажот, поради што авионот принудно слета во Софија.

На уапсениот патник му е одреден 72-часовен притвор и е известена Амбасадата на Индија во Софија.
Од Националната истражна служба на Бугарија рекоа дека не може ниту да потврдат, ниту категорично да отфрлат дали случајот е поврзан со тероризам.

Претседателот на Авганистан отворен за нови избори

Претседателот на Авганистан Ашраф Гани

Претседателот на Авганистан Ашраф Гани рече дека отворен за одржување нови избори како начин за трансфер на власта, но инсистира дека секоја нова влада треба да произлезе преку демократски процес.

Се чини дека денешните коментари на Гани на почетокот на собраниската седница се обид за поттик на мировните договори со талибанците.
„Трансферот на власта преку избори е принцип за кој не може да се преговара“, рече тој.

„Ние сме подготвени да разговараме за одржување на слободни, фер и инклузивни избори под покровителство на меѓународната заедница. Можеме да разговараме и за датумот на изборите и да најдеме решение“, рече Гани.

Неговите коментари дојдоа неколку дена по информациите дека специјалниот американски пратеник за Авганистан, Залмај Хализад, за време на неговата посета на Кабул оваа недела, предложил нов формат за политичката иднина на земјата.

Хализад сега е во Катар, каде што претставници на авганистанската влада и на талибанците одржуваат мировни разговори од септември.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден почна со ревизија на стратегијата за Авганистан. Тоа го вклучува и договорот со талибанците од пред една година, кој овозможи почнување на мировните разговори. Според договорот, американските сили треба да се повлечат од земјата до мај, но заострувањето на борбите во изминатите месеци ја зголеми загриженоста дека брзото повлекување може да предизвика поголемо крвопролевање и хаос.

Папата се сретна со Големиот Ајатолах Али ал-Систани

Големиот Ајатолах Али ал-Систани и Папата Франциск

Папата Франциск се сретна со еден од највисоките шиитски свештеници во светот, историска средба со што се одржа за време на првата посета на еден католички лидер на Ирак.

Денешната средба со Големиот Ајатолах Али ал-Систани се случи во градот Наџаф, каде што Папата испрати порака за мирен соживот меѓу муслиманите и христијанското малцинство во Ирак.

Посетата беше пренесувана на ирачката телевизија, а жителите ја поздравија средбата меѓу двајцата верски лидери. Ал-Систани е почитувана личност во доминантно шиитскиот Ирак, како и меѓу шиитите ширум светот.

По средбата зад затворени врати, Ал-Систани издаде соопштение во кое вели дека ирачките христијани треба да живеат во мир и да ги уживаат истите права со останатите Ирачани.

Ватикан во меѓувреме соопшти дека Папата Франциск му се заблагодарил на Ал-Систани и на шиитите за „кревање на гласот во одбрана на најслабите и најпрогонуваните“.

Ирачките христијани, меѓу кои православни, халдејски католици и други, некогаш претставуваа значително малцинство во Ирак, а нивната бројка се проценуваше на околу 1,4 милиони луѓе, но тој број почна да опаѓа по американската инвазија од 2003 година, кога во повоените превирања сунитските милиции често ги напаѓаа христијаните.

Кога милитантите на Исламската држава го освоија Северен Ирак во 2014 година, многумина христијани избегаа од земјата. Проценките се дека сега во земјата има помалку од 300 илјади, многумина раселени од своите домови.

Други доминантно муслимански земји кои ги посети Папата Франциск се Турција, Јордан, Азербејџан и палестинските територии.

По средбата со Ал-Систани, Папата Франциск треба да го посети античкиот град Ур во јужен Ирак, родното место на Аврам, кој се смета за татко на јудаизмот, христијанството и исламот.

ВМРО-ДПМНЕ е „за“ експертска влада на чело со натпартиска личност

Зградата на ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да разговараат за експертска влада, но да ја предводи заеднички прифатлива натпартиска личност. Од опозициската партија му одговорија на понудата на премиерот Зоран Заев заедно да прават Влада.

„Партијата е подготвена да разговара за експертска Влада доколку ја предводи човек којшто би бил заеднички прифатлив, натпартиска личност што може да ја води државата напред до локалните избори, а потоа да се организираат предвремени парламентарни и локални избори“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев претходно во интервју за Слободен печат рече дека администрацијата треба да се департизира, а тоа, според него, е можно ако двете страни се внатре. Тој рече дека треба да се здружи народот, оти премногу е поделен.

„Заев денес со неговата изјава за широка влада потврди дека на Македонија и е потребна нова и поинаква Влада. Заев денеска потврди дека неговата влада и мнозинството се неефикасни и немаат капацитет да се носат со проблемите. Заев не е способен да ја менаџира Република Македонија“, посочуваат до ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот вели дека отвора можност да дебатираат за заедничка власт, кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш, но, како што вели, за соработка треба да има и човек од другата страна за да се разговара.

Опозициските партии обвинуваат дека владата не е способна да набави вакцини

Вакцинација на медицински лица во Скопје.

Од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата Алтернатива – Алијанса на Aлбанците денеска реагираа дека Владата не е способна да набави вакцини.

На прес-конфернеција Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со набавката на вакцини се случува дебакл и фијаско.

„За една година, за една цела година колку што имаа можност да нарачаат и да набават вакцини, тие само добија една кутија милостина со просење, и ништо повеќе“, рече тој.

Ѓорчев набројуваше кои сè земји добиле огромни количини вакцини, а во Македонија се уште нема. Според него одговорноста зошто нема вакцини ја плаќаат граѓаните со животи. Затоа побара од премиерот Зоран Заев и од министерот за здравство Венко Филипче да си поднесат оставка.

И Коалацијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, исто така, обвини дека Владата не е способна да обезбеди вакцини против ковид за граѓаните.

И од Коалацијата наведуваат дека другите земји обезбедиле вакцини, но, како наведуваат, граѓаните на Северна Македонија уште еднаш слушнаа само празни зборови и ветувања. Според Алијансата и Алтернатива бесконечното пролонгирање на имунизацијата на населението, покрај тоа што директно ги загрозува животите на граѓаните, ги намалува и надежите за постепено отворање на државата и домашната економија.

Од СДСМ преку соопштение реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ залудно се обидува да профитира сеејќи страв и паника кај граѓаните со пресовите за вакцините. Од владејачката партија велат дека наредната недела започнува вакцинацијата.

Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари годинава и досега се вакцинирани околу 3.500 здравствени работници со вакцината на „Фајзер“. Македонија од Србија доби 8000 дози од фајзеровата вакцина. Тоа засега се единствените дози.

Утре во земјава треба по ДХЛ да стигнат првите количини од руската вакцина Спутник V, кои се наменети за три илјади граѓани. Вакцинацијата со тие вакцини многу веројатно треба за започне во среда, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Има слободни кревети за ковид-пациентите

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 795 и има околу 342 празни болнички кревети во ковид центрите, соопштуваат од Министерството за здравство (МЗ).

Во Скопје се лекуваат 303 лица сомнителни и потврдени за ковид-19, а во ковид центрите во болниците низ земјава во изминативе 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 492 пациенти.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, најмногу ковид –пациенти се хоспитализирани во болниците во Прилеп- 84, во Куманово 74, во Кавадарци 57 и во болницата во Охрид 56 пациенти со корона.

Во овие градови во изминатите денови има пораст на заразени со ковид. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека според анализите, голем број од новите случаи се должат на т.н. британскиот вирус, над 70 проценти, посебно во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид.

Инаку, како што се посочува во соопштението на МЗ, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството информира дека има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Пакистанскиот премиер доби доверба од парламентот

Човек гледа телевизиско обраќање на пакистанскиот премир Ирман Кан

Пакистанскиот премиер доби доверба од парламентот во услови на бојкот од опозициските пратеници. Денешното гласање за доверба на премиерот Имран Кан дојде само неколку дена откако пратеник од неговата партија изгуби на изборите и со тоа партијата остана без мнозинство во парламентот.

На гласањето, Хан доби 178 гласови од пратениците, шест повеќе од потребното во Долниот дом на Парламентот. Тој побара гласање за доверба откако партискиот кандидат Абдул Хафиз Шеик изгуби од опозицискиот противкандидат на изборите за место во Сенатот на 3 март. По гласањето, Кан ги обвини опозициските пратеници за корупција.

Партијата на Кан победи на парламентарните избори во 2018 година. Таа победа беше засенета од обвинувањата дека бил поддржан од военото раководство, а во неговиот мандат се забележува зголемена цензура и задушување на критиката.

Пакистанските генерали со децении владееја со земјата и се обвинети дека манипулираат со изборите и со администрацијата за да ги блокираат демократските лидери.
Кан се сретна со двајца моќни воени претставници оваа недела по губењето на изборите за Сенатот.

Опозициската коалиција Пакистанско демократско движење најави дека ќе го бојкотира гласањето за доверба во Парламентот, зашто не ја сметаат владата на Кан за „претставник на народот“.

Заев и нуди на опозицијата заедно да прават Влада

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Премиерот Зоран Заев сака да отвори дебата со опозицијата за заедничка Влада. Тој во интервју за Слободен печат вели дека нудат соработка од секој можен аспект, но, како што вели, треба да има и човек од другата страна за да се разговара.

„Сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицкоски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема нека го тргнат и Заев само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот“, изјави Заев.

Тој вели дека администрацијата треба да се департизира, а тоа, според него, е можно ако двете страни се внатре.

Заев вели дека идејата за заедничка власт со опозицијата не е исто што и техничка Влада. Тој вели дека со Груевски можел да најде решение, но не и со Мицкоски.

„Не знам што друго да направам! Еве сега го отворам и ова, иако имам мандат до 2024, но и во вакви околности отворам можност да дебатираме. Кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш, рече Заев.

На 3 март Заев експресно побара и доби доверба на Владата. Потегот уследи по честите изјави на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Заев нема мнозинство. Потоа лидерот на ВМРО-ДППНЕ, Христијан Мицкоски, кој е во изолација оти има ковид-19, рече дека партијата ќе го постави прашањето за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници кои ќе се потпишат.

Вучиќ - Сите се заинтересирани за кинеските вакцини, но Србија не може да ги извезува

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседателот, Александар Вучиќ, денеска посочи дека сите се заинтересирани за кинеската вакцина, но дека Србија не може да ги извезува.

На прес конференцијата со кинескиот амбасадор Чен Бо, на прашањето до каде може да посредува или да им помага на земјите од регионот во набавка на вакцините, Вучиќ изјави дека Кинезите донесуваат одлука каде се извезуваат вакцините.

„Сите се заинтересирани, но ние не можеме да ги извезуваме. Ние можеме да ги користиме само кај нас – објасни тој, додавајќи дека колку што знае, постои договор за испораки и во други земји во регионот, како Црна Гора и Северна Македонија“, рече Вучиќ.

Тој синоќа на белградскиот аеродром дочека уште 500.000 дози вакцини на кинескиот Синофарм.

Македонија очекува 200.000 дози од кинеската вакцина од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште нема потврда кога, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Засега во земјава се врши вакцинација со 8000 дози од вакцината на Фајзер, кои земјава ги доби од Србија. Утре се очекува во Македонија да пристигнат руските вакцини „ Спутник V“, а вакцинација со овие вакцини да почне во среда.

САД предупредија за нов компјутерски напад поврзан со Кина

Американската влада предупредува на нов голем компјутерски напад врз серверите на Мајкрософт, поврзан со Кина.

Американската Агенција за компјутерска и инфраструктурна безбедност денеска издаде итно предупредување, повикувајќи ги компаниите и владините агенции итно да го апдејтираат критичниот софтвер.

Предупредувањето дојде неколку часа откако портпаролката на Белата куќа Џен Пскаки оцени дека има „активна закана“ од хакерски напад.

„Сите што работат со овие сервери, владата, приватниот сектор, академијата, треба да реагираат сега да ги закрпат“, рече таа.

Претходно, советникот за национална безбедност во Белата куќа Џејк Саливан рече дека владата ги следи извештаите дека американски „тинк тенкови“, како и „субјекти од одбранбената индустрија“ можеби се компромитирани.

Мајкрософт оваа недела предупреди на опасноста и посочи дека зад неа стојат кинески хакери.

Овој аларм за голем напад врз американската компјутерска инфраструктура доаѓа неколку месеци откако владата откри „невиден продор“ во американските владини агенции.

За нападот беа обвинети руските разузнавачки агенции, а администрацијата на претседателот Џо Бајден навестија дека спремаат голем одговор против Русија.

Филипче - За построги ковид- мерки ќе се знае следната недела

Министерот за здравство Венко Филипче

Засега нема потреба од воведување на полициски час во ниту еден град со цел спречување на ковид, рече министерот за здравство Венко Филипче. Засега во ниту еден град не се исполнети условите за ограничување на движењето, но ако се одлучи дека тоа може да има ефект, во предвид доаѓаат и такви мерки, рече министерот. По зголемениот број на случаи на новозаразени со ковид-19 во изминатите денови Неготино и Гевгелија побараа да се воведе полициски час во нивните општини. За тоа дали ќе следат построги мерки ќе се знае следната недела.

„Ситуацијата се следи, моментно болничките капацитети не се загрозени и секаде има слободни кревети. Досега се одржани повеќе состаноци со Комисијата за заразни болести, анализата за трендот на ковид-бројките ќе заврши следната недела кога ќе биде соопштен и ставот по ова прашање“, рече министерот за здравство.

Министерот за здравство денеска беше во посета на Општина Сарај, каде се гради нова поликлиника.

Министерот информира дека според анализите, голем број од новите случаи се должат на т.н. британскиот вирус, над 70 проценти, посебно во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид.

Вакцините-толку блиску, а сепак далеку

Здравствените власти уверуваат дека со почитување на мерките за заштита и со вакцинација ќе се сузбие пандемијата со ковид-19. Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари годинава и досега се вакцинирани околу 3.500 здравствени работници со вакцината на „Фајзер“.

Ресорниот министер Венко Филипче уверува дека сме подготвени за масовна вакцинација на населението. Вакциналните пунтови насекаде низ земјава се подготвени, има едуцирани доктори и сестри за работа со вакцините и смета дека процесот треба добро да се одвива. Информира дека досега околу 120.000 граѓани се пријавени за вакцинација и најави дека се планира кампања за таа цел.

Како што најави премиерот Зоран Заев, в недела во земјава треба по ДХЛ да стигнат првите количини од руската вакцина Спутник V, кои се наменети за три илјади граѓани.
Тоа го потврди и министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека првите количини од руската вакцина Спутник ќе стигнат в недела со специјален транспорт, преку компанијата „ДХЛ“, во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите. Вакцинацијата со тие вакцини многу веројатно треба за започне во среда, рече Филипче.

Во автобуска несреќа во Полска загинаа шест Украинци

Илустрација, празна автобуска станица во Варшава, Полска.

Најмалку шест луѓе починале, а 41 се повредени, откако автобус паднал во ров во Полска. Со автобусот се превезувале десетици Украинци, соопштија украинските власти.

Несреќата се случила рано утрово во близина на Јарослав, град во југоисточна Полска во близина на границата со Украина.

Приватната полска телевизија ТНВ24 соопшти дека автобусот има украинска регистарска табличка, а со него патувале 57 украински државјани, меѓу кои и двајца возачи.


Портпарол на украинското Министерство за надворешни работи, Олех Николенко, рече дека во несреќата загинале шест украински државјани.

Засега не е соопштена непосредната причина за несреќата.

Полска е главна дестинација за украинските работници, во услови на силен економски раст во Полска.

Мета - Тој што нема да гласа, после нема право да се жали

Албанскиот претседател Илир Мета

Претседателот на Албанија Илир Мета денеска ги повика албанските граѓани да гласаат на изборите на 25 април. Преку видео запис на Фејсбук, Мета повика дека граѓанинот кој нема да гласа, нема морално право да се жали на последиците од управувањето или непочитувањето на неговиот глас.

„Многу е важно албанските граѓани да бидат свесни дека во демократскиот систем, моќта на секој граѓанин е неговиот глас. Ова е моќ што тој мора да ја покаже и во која мора да има верба“, рече Мета.

Парламентарните избори во Албанија треба да се одржат на 25 април.

Жените во руралните средини силно погодени од пандемијата

Дури 84 отсто од жените во руралните средини велат дека ковид- пандемијата имала негативен ефект врз нивниот живот и врз економската сигурност на семејното земјоделско стопанство, а 92 процента не користеле поддршка за надминување на последиците од кризата, покажува последното истражување на Рурална коалиција спроведено во периодот јануари – март 2021 година.

Рурална коалиција смета дека една од причините за ваквите бројки е што руралните жени не се препознаени од системот, односно се невработени, а сепак работат од 9 до 11 часа на нива или на фарма.

Според истражувањето, од 160 испитаници, мажи и жени од руралните средини, само 28 отсто се изјасниле дека се регистрирани како индивидуални земјоделци, од кои што само 15 се жени.

Рурална Коалиција во соработка со партнерските организации организираат промотивна кампања насловена „Од жена за жена“, по повод 8 Март за да испратат силна порака дека на жените од руралните средини им е потребно економско зајакнување.

Секретарот за одбрана на САД - С. Македонија е наш ценет пријател и сојузник

„Северна Македонија е ценет пријател и сојузник и очекувам да ја продлабочиме нашата соработка во следните години“, напиша секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин во писмото што го испрати до министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Тој во писмото ја честита претстојната годишнина од приемот на С. Македонија во НАТО.

„Соединетите Држави високо го ценат придонесот на Северна Македонија во мисиите на НАТО во Авганистан, Ирак и Косово“, вели Остин.

Тој во писмото оддава признание за досегашната соработка и очекува продлабочување на соработката и оваа година преку активности како што е и американското учество на вежбата „Одлучен удар 21“ чиј домаќин ќе биде нашата земја.

Секретарот за одбрана на САД високо ја оценува иницијативата Криволак да се развива во полигон за поголеми и посложени вежби од кои ќе имаат бенефит и домашните армиски сили, но и сојузниците, САД и НАТО.

Временска прогноза - Облачно со силен ветер

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд, наутро во западните, а потоа и во северните делови, а на планините снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, понекаде со брзина од над 70 километри на час. Ветерот ќе биде најизразен долж пошироко Повардарие и на повисоките места. Максималната температураќе достигне од 9 до 17 степени.

Во Скопје ќе биде претежно облачно од изутрина со силен ветер проследен со повремен дожд. Максималната температура ќе достигне 11 степени.

Сенатот ја почна расправата за предлог мерките на Бајден

Американскиот сенат денеска ја отвора дебатата за пакетот мерки за помош на економијата во време на пандемија на претседателот Џо Бајден. Пакетот е во вредност од еден билион и 900 милијарди долари. Расправата ќе се води околу аргументите на амандманите за начинот на трошењето на парите. Предлог законот има за цел да помогне во справувањето со економските последици од здравствената криза предизвикана од ковид-19.

Одобрен пакетот на Бајден за борба против коронавирусот, на ред е Сенатот

Предвидени се надоместоци за невраотеност и мораториум на извршување на банкарски гаранции со иселување на милиони луѓе кои не можат да си ги платат кредитите за домување или киријата. Бајден изјави дека пакетот ќе им помогне на Американците кои се борат со економските последици од здравствената криза. Републиканците тврдат дека пакетот е прекумерен и дека вклучува поотики кои не се повразни со пандемијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG