Достапни линкови

Родителите на нива, децата во градинка, наместо дома со баби и дедовци


Отворена градинка во Новаци

Децата од руралните средини почнаа да одат во градинки, со што се менуваат навиките децата да ги чуваат баби и дедовци. Во руралната средина Новаци се отвори нова градинка, па сега додека родителите се на нива или чуваат стока, децата ќе бидат згрижени во градинка.

Прва нова државна градинка оваа година се отвори во Општина Новаци, рурална средина во срцето на Пелагонија, која по површина е една од најголемите во земјава, но најретко населена. Ова е земјоделски и сточарски крај каде што се менуваат навиките бабите и дедовците да ги чуваат децата додека родителите работат. Уште пред 16 години, во Новаци имаше Центар за ран детски развој, а новоотворената градинка за многу кратко време го исполни капацитетот, а има интерес и за упис на нови деца.

„Навиката да ги носат децата во градинка е стекната пред 16 години. На почеток имавме проблеми, зашто 90 проценти од семејствата се во заедница, живеат со баби и дедовци. Прво сметаа дека нема потреба од тоа, но со тек на време сфатија дека носењето на децата во градинка не значи нивна замена, туку одмена. Центарот за ран детски развој не работеше од март поради пандемијата. Секој ден се јавуваа родители да прашаат кога градинката ќе почне да работи. Капацитетот е 50 дечиња, а списокот за многу брзо време се пополни со 30 деца, колку што е максимумот што можеме да примиме со ковид протоколите“, рече в. д. директорката на градинката „Бамби“, Николина Лозановска.

Градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски, вели дека во градинката вложени се 9,5 милиони денари, од кои седум милиони од општинскиот буџет и Министерството за труд и социјална политика, а 2,5 милиони од проектот „Одржливо менаџирање на агроотпадот за загревање на рурални средини“, со што е обезбеден ефикасен и еколошки систем на греење.

„Тука секако го зедовме во предвид и брзото темпо на живеење и ангажираноста на родителите во битката за егзистенција, кои имаат сè помалку време да им се посветат на своите деца. Знаевме дека на жителите од општината им недостига предшколска установа зашто Центарот за ран детски развој не ги задоволуваше целосно потребите на нашите жители. Со ова докажавме дека сме лидер меѓу руралните општини во државата“, вели Кузманоски.

Родителите на работа, бабите дома, кој ги чува децата?

Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска се прават обиди на децата од рурални средини да им овозможат услови за квалитетен предучилиштен развој, како и во градските средини. За првпат е отворена градинка во Лозово, започнат е проект за изградба на градинка во Могила, Сарај, селска средина во Гостивар и на други места.

„Од септември минатата година успеавме да отвориме седум градинки, со што опфатот е зголемен за 665 деца. Во тек е изградбата на уште 15 градинки, со што опфатот на дечиња ќе се зголеми за дополнителни 1.900. Се стремиме кон европскиот просек, каде што опфатот на деца со градинки е до 90 проценти. Ние до 2024 година планираме 60 проценти од децата од предучилишна возраст да бидат сместени во градинки“, вели Шахпаска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG