Достапни линкови

Двојно повеќе места од кандидати во средните училишта во Битола


Ученици пред гимназијата Јосип Броз Тито во Битола
Ученици пред гимназијата Јосип Броз Тито во Битола

Околу 800 ученици годинава завршуваа основно образование во Битола, а во средните училишта има 1600 места. Гимназиите и медицинското училиште беа пополнети во првиот рок.

Во Битола има 797 завршени основци, а според конкурсот од Министерството за образование за упис распишани се повеќе од двојно слободни места во средните училишта, дури 1861. Во битолските средни училишта се запишуваат и завршени основци од Могила каде има 57, Новаци 29 и од други околни општини. Но, и тоа не е доволно да се исполни целата квота.

И оваа година најголем интерес за упис средношколците покажаа за гимназиските паралелки, смерот за медицинска сестра и за компјутерска техника и автоматика.

Уште првиот ден од првиот уписен рок во гимназијата „Јосип Броз Тито“ учениците кои се пријавија за упис ја исполнија квотата со распишани слободни места за прва година. Во оваа Гимназија, која со години важи за елитна, уште првиот ден се пријавија 207 ученици, а според конкурсот објавени беа 204 слободни места.

„Горната гимназија е средно училиште со квалитет и секогаш го биел добар глас. Тука за повеќето предмети се добива повеќе знаење.“

„Мислам дека тука ќе добијам најмногу знаење и има квалитетни професори.“

„Ми одат јазици, а таму има јазичен смер“, велат учениците.

Во оваа Гимназија најголем беше интересот за упис во природно-математичкиот смер, комбинација Б.

„Согласно објавениот конкурс, во Гимназијата треба да се запишат вкупно 204 ученици во шест паралелки во три наставни подрачја и тоа природно-математички, општествено-хуманистички и јазично-уметнички. Интересот е голем и уште во текот на првиот уписен рок пополнета е бројката“, рече Фани Наумовска, директорка на гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Во ова училиште постои билингвална паралелка по македонско-француски јазик, а за македонско–англиски од годинава се отвара во другата битолска гимназија „Таки Даскало“.

„Оваа паралелка ќе овозможи повеќе совладување на англискиот јазик, кој знаеме дека денес е јазик на комуникација на светот. Во стручното образование, покрај досегашните струки, од оваа учебна година отвораме и нова струка за козметички техничар за нега и убавина. Сите струки кои ги нудиме во училиштето даваат можност за отворање на сопствен бизнис“, рече Бети Наумовска, директорка на „Таки Даскало“.

Во Средното медицинско училиште на првиот упис се пријавиле 253 деветтоодделенци, а примени се 142 ученика. Најголем интересот покажаа за медицински сестри, каде се пополнети сите места. За оваа насока се пријавиле 102 ученици, сите со одличен успех, а примени се 68. Слободни места има на смеровите за гинеколошко-акушерска сестра, фармацевтски и забен, физиотерапевтски техничар и техничар за очна оптика.

Навалица за упис имаше и во Техничкото училиште на насоката за компјутерска техника и автоматика.

„Традиционално за оваа струка интересот е најголем, пополнети се сите предвидени 102 места во три паралелки. За оваа струка нема да има втор упис. Останати се неколку слободни места за електротехничар за електроника, телекомуникации и електротехничар енергетичар. За нив ќе следува и втор уписен рок, како и за машинската струка каде има слободни места. Паралелката за техничари за индустриска мехатроника има само 10 пријавени ученици. По првиот упис во Средното техничко училиште имаат останато уште 175 слободни места, а беа објавени 365“, рече директорот Владе Роме.

Слободни места по првиот уписен рок имаше и во Средното економско, како и во Земјоделското училиште.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG