Достапни линкови

Пратенички прашања: Што биле Бугарите и каде се парите?


Пратеничката Рашела Мизрахи на собраниската говорница

Што биле Бугарите за време на Втората светска војна - администратори или окупатори? и Каде се парите? беа дел од темите за кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се интересираа на правата седница за пратенички прашања. Премиерот одговори дека Бугарија не била администратор, туку окупатор.

Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, покажа фотографии од членови од своето семејство, кои, како што рече, за време на Втората светска војна биле товарени во воз од бугарскиот фашистички окупатор, однесени во логор и таму убиени. Од нив жив останал само дедото на Мизрахи. Пратеничката од собраниската говорница за време на седницата резервирана за пратенички прашања покажа слики и од Страшо Пинџур, Мирче Ацев и од Благој Јанков-Мучето, сите стрелани од бугарската полиција за време на Втората светска војна. Мизрахи го праша премиерот Зоран Заев - Дали се уште стои зад ставот дека Бугарија за време на Втора светска војна била администратор, а не окупатор, како што рече во интервју за бугарската агенција БГНЕС, пред еден месец. Оти, како што рече, Мизрахи нејзиното семејство не било убиено со пенкало, од администрација.

„Одговорот е дека Бугарија не била администратор во Македонија, Бугарија биле окупатор, заради одлуката на тогашната власт и администрација во Бугарија, но која денеска не ни дава за право да негуваме непријателски чувства кон целиот бугарски народ и бугарска држава. Фашист ги убил сите овие за кои вие зборувате, но не може да обоите цела една нација дека е фашистичка“, рече Заев.

На што Мизрахи му одговори дека премиерот ги менува одговорите од ден на ден.

„Среќа што информациите на БГНЕС остануваат. Драго му е што сега тврдите дека Бугарите не биле администрација, туку биле фашистички окупатор. Но на Европа не и требаме лажни и не и требаме со превртлива реторика која треба да ги ублажи односите.

Заев во интервјуто за БГНЕС на крајот од ноември, рече дека „имало некогаш некоја администрација, во тој момент, на почетокот, а потоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и апсолутно е дал од антифашистичкиот фронт“.

Во однос на интервјуто за БГНЕС, Мизрахи праша и на кој јазик говори премиерот и дали можеби петричкиот дијалект е дел од македонскиот јазик, оти премиерот во интервјуто рече дека струмичани и петричани, зборуваат на ист дијалект.

Премиерот Заев рече дека зборува на македонски јазик и е Македонец.

За договорот со Бугарија праша и пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој се интересираше како од денешен аспект премиерот гледа на договорот и дали не го смета за грешка членот од договорот со кој се формира историската комисија меѓу двете земји, која, како што вели Николовски треба да решава за иднината на народите и државите, а тоа е недозволиво во балкански услови.

„Не мислам дека е грешка, туку е исклучително исправно за државата да склучува договори со кои се бараат решенија со што ќе го гарантира европскиот пат на нашиот народ што е стратешка определба на сите, но стратешки интерес е на нашиот народ кој е исклучително пријателски народ да гради пријателства и да избегнува секаков вид на кавги. Нашиот македонски идентитет и македонски јазик никогаш не биле на маса на преговори и разговори и никогаш нема да бидат“, рече Заев во одговор на прашање на пратеникот Александар Николовски.

Заев се надева дека историската комисија ќе најде начини да ги дефинираа предизвиците кои се поставени пред неа. Тој вели дека Комисијата има записници за 5 личности и 3 историски периоди, но жали што не успеале да ги заклучат и да ги објават порано и Бугарија да не прави, како што рече, вакви катастрофални грешки. И Николовски вели дека е за постигнување на договори, но прашањето е какви.

Каде се парите?

Освен договорот со Бугарија, и економијата беше дел од темите на кои се разговараше на седницата. Николовски праша каде се парите оти и со буџетот за следната година буџетската дупка е проектирана на 600 милиони евра, а за оваа година таа изнесува една милијарда евра. Николовски праша каде завршиле тие пари, оти како што вели, не завршиле во здравство, инфраструктура и капитални инвестиции.

Премиерот му одговори дека економијата е стабилна, државата финансиски ликвидна, наплатата на основните даноци е поголема.

„Не може да кажеме каде отидоа, за мене не е дупка, ова е директно помагање на нашиот народ, нашето стопанство, секако значаен ден е на здравствениот дел од кризата и секако на економскиот дел на кризата“, му одговори Заев на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Ова е прва седница на овој состав на парламентот резервирана за пратенички прашања, откако измина 100 дена од формирањето на Владата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја потсети власти дека претходно ветуваше дека седници за пратенички прашања ќе има секоја недела, а реагираа и на брзата постапка за носење на закони, за кои велат дека сегашната власт кога биле во опозиција сметале дека тоа не е дозволиво, но сега и тие носат закони по брза постапка.

Последните денови од годинава Собранието беше затрупано со стотици закони, меѓу кои законите за попис на населението, како и за откупот на делот на Макпетрол во АД ГА-МА за 33 милиони евра.

По новогодишните и божикните празници, Собранието ќе започне со работа на 11 јануари со седници што не се завршени, а нова седница ќе биде закажана за 18 јануари.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG