Достапни линкови

Вести

Во болниците има 985 ковид-пациенти, слободни 320 кревети

Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 573 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а има околу 320 празни кревети. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 985.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, како што соопшти, Министерството за здравство сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

Од министерството посочуваат и дека се во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

види ги сите денешни вести

Серија есплозии во Екваторијална Гвинеја - 15 мртви, 500 повредени

Фотографија од местото на експлозиите објавена од локалната ТВГЕ, пренесена од Ројтерс

Најмалку 15 лица загинаа, а околу 500 беа повредени во серијата експлозии во Екваторијална Гвинеја што се случија во неделата во близина на воената касарна во главниот град Бата. Експлозиите биле предизвикани од „небрежност“ при складирање на динамит во касарната, изјави претседателот Теодоро Обианг Нгуема, пренесува Би-Би-Си.

Државната телевизија емитуваше снимки од луѓе кои трагаа по преживеани во урнатините, а сликите на социјалните мрежи покажаа огромни издувања на чад и направена штета. Претседателот Теодоро Обианг Нгуема рече дека експлозијата „ги оштети скоро сите куќи и згради во Бата“ и повика на меѓународна помош. Тој додаде дека инцидентот може да се случи откако нивите околу бараките беа запалени од земјоделците.

Во серија твитови, Министерството за здравство побара здравствените работници доброволно да одат во регионалната болница Бата. Беше побарано и дарување крв заради големиот број жртви. Некои локални болници се преполни со примени пациенти, објави ТВГЕ, која емитуваше и слики на ранети како лежат на подот во преполна болница.

Судење за апсењето на Љубе Бошкоски: „Рекоа дека најверојатно ќе апсиме дилер“

Архивска фотографија од едно од претходните рочишта од судењето за случајот Тортура, за апсењето на Љубе Бошкоски

Во Кривичниот суд во Скопје, со сослушување на обвинетите Ивица Анчевски И Петар Милошевски, денеска продолжи судењето за случајот „Тортура“, кое се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.

Според кажаното пред Судот, обвинетиот Анчески за акцијата за приведување на Бошкоски „разбрал на 6 јули 2011 година, односно наредба добил од тогашниот началник на СВР Скопје. Обвинетиот Петар Милошевски, пред Судот изјави дека на 6 јуни 2011 година добил наредба од негов претпоставен во најбрз можен рок се појави позади Министерството за економија.

„Раководителот ни објаснуваше дека ќе се одвива акција каде ќе биде уапсено лице кое има обезбедување и дека најверојатно се работи за дилер на дрога“, изјави во судницата обвинетиот Милошевски.

Судењето за случајот „Тортура“, почна во март 2018 година против поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шестмина припадници на единицата „Алфа“ во МВР, а се однесува на начинот на апсење на Љубе Бошкоски. Во овој случај обвинетите поранешниот командант на полициските Алфи, Ивица Анчески, петмина други припадници на единицата, како и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, кој во притвор го чека издржувањето на затворската казна за преметот Таргет-Тврдина.

УНИЦЕФ: Стотина милиони деца ќе бидат принудени на брак до 2030

Илустрација

Во услови на ковид пандемија, десет милиони деца може да стапат во брак до 2030 година, предупреди денеска УНИЦЕФ, од каде додаваат дека уште стотина милиони девојчиња може да бидат принудени на брак до крајот на деценијата. Браковите на девојчиња на возраст под 18 години се резултат на повеќе фактори поврзани со кризата поради Ковид 19, пред сè затворање на училишта, влошување на економските услови, нарушувања во јавните услуги и смрт на родителите, предупредува Фондот за деца на ОН, објави УНИЦЕФ на својата интернет страница.

„Ковид-19 ја влоши веќе тешката состојба за милиони девојчиња … Но, можеме и мора да ставиме крај на малолетничките бракови“, истакна извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе, во изјава објавена денеска.

Пандемијата на тој начин се заканува да го запре напредокот постигнат во изминатата деценија во која стапката на бракови на малолетни девојчиња се намали од 25 на 20 проценти, што значи дека 25 милиони вакви бракови не биле склучени.

„Мораме да преземеме итни чекори за да ги намалиме последиците (од пандемијата) врз девојчињата и нивните семејства. Со повторно отворање на училиштата, обезбедување пристап до социјална заштита и услуги и спроведување на законите и соодветните политики, можеме да помогнеме да се спречи уништувањето на нивното детство“, вели Форе.

Податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека 650 милиони девојчиња во светот се венчале пред да наполнат 18 години. Половина од ваквите бракови се случиле во Бангладеш, Бразил, Етиопија, Индија и Нигерија. Стапката на брак на малолетни момчиња е шест пати помала од онаа на девојчињата.

Од 1 јули без роаминг во Западен Балкан

Илустрација

Од 1 јули ќе се укине роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, што значи дека трошоците за роаминг услугите меѓу земјите ќе бидат по цени како да сме дома. За не цели четири месеци од сега, Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ, ќе започнат со имплементација на договорот од Вториот дигитален самит од 2019 – та година, со кој граѓаните добија поефтин роаминг за телефонските разговори, СМС пораки и користењето интернет.

Првата фаза од спроведувањето на договорот започна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена за 80 проценти, додека втората фаза, односно целосно укинување на роамингот е најавенo за 1 јули 2021 година. Европската унија побара укинување на роамингот во телекомуникациските тарифи за земјите од Западен Балкан, како форма на олеснување на комуникацијата на граѓаните.

ССМ: Мора да се направи многу повеќе за правата на жената

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Поради пандемијата предизвикана од Ковид-19, минатата година, жените работнички биле изложени на работа во специфични услови, на незаконско намалување на платите, отпуштања и притисоци и вознемирување на работното место, соопшти денеска од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Од Синдикатот апелираат до Владата да ја ратификува Конвенцијата C-190 на Меѓународната организација на трудот за спречување насилство и вознемирување во светот на работата која ги заштитува работниците и другите лица во светот на работата.

„Работодавачите и Владата треба да прават повеќе за да го спречат насилството и вознемирувањето на жените на работа, дома или било каде“, велат од ССМ.

Синдикатот потсетува дека мал е и бројот на жени на раководни позиции, дека помалку се платени жените и оти јазот на платите е најзастапен кај нискоквалификуваните жени. Затоа, сметаат дека е потребно е да се обезбеди рамноправно учество на жените во економскиот, социјалниот, политичкиот и културниот живот.

Предложен полициски час од 22 до 5 часот поради пандемијата

Илустрација - Полиција контролира дали се почитува мерката за носење заштитни маски за лице, Скопје декември 2020

По предлог на Комисијата за заразни болести, министeрот за здравство, Венко Филипче, денеска на Главниот координативен кризен штаб предложи воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава. Комисијата дополнително ќе се произнесе од кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае истиот, соопшти денеска Министерството за здравство.

Министерот образложи дека овој предлогот на Комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање.

Според соопштението од Министерството, анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени, но и зголемен број хоспитализирани. Од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект. Владата на утрешната седница ќе треба да се произнесе по предлогот на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, стои во соопштението.

Папата ја заврши историската посета на Ирак

Папата Франциск ги благословува луѓето додека пристигнува со возилото на стадионот Франсо Харири во Ербил, 7 март 2021 година

Папата Франциск ја заврши својата историска посета на Ирак. Поглаварот на Римокатоличката црква вчера одржа миса пред илјадници верници во градот Ербил, под силно обезбедување. 84 годишниот Франциск беше донесен на мисата со специјално возило, „папамобил“, додека верниците беа на тревникот и на трибините на стадионот. За време на тридневната посета, папата Франциско разговараше со еден од највисоките ирачки шиитски функционери, ајатолахот Али ал-Систани.

Папата ги посети деловите од Ирак што беа под контрола на Исламската држава

Пред посетата, папата рече дека оди на аџилак на мирот, по повеќе години војна и тероризам. Тој инсистираше на ова патување и покрај зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот во Ирак и грижите за неговата безбедност.

Словенија ги отвора средните училишта

Словенечката влада одлучи да ги релаксира ограничувањата во наставниот процес

Средношколците во Словенија денеска се враќаат на училиште, а ќе започне и масовна вакцинација на вработените во училиштата и градинките, одлучи словенечката влада, наведувајќи дека средношколците, ќе учат една недела во училиште, а една од дома. Учениците од основните училишта ќе продолжат да работат со часови во живо, при што учениците од шесто до деветто одделение ќе мора да носат маски цело време додека се на училиште, изјави министерката за образование Симона Кустец. Масовната вакцинација на педагошките работници и воспитувачи со АстраЗенека исто така ќе започне денеска, соопшти словенечката влада, наведувајќи дека нивната вакцинација е важна за безбедно функционирање на училиштата и градинките. Прво, оние наставници постари од 50 години ќе бидат вакцинирани, но по вакцинирањето, тие, како и другите, ќе треба да се тестираат за коронавирус секоја недела.

Поради мутациите на вирусот во Словенија може да се очекува и трет бран на епидемијата

Владата одлучи дополнително да ги релаксира ограничувањата во наставниот процес поради големиот притисок во јавноста и предупредувањата на педагозите за негативните последици за помладата генерација, во психолошка и педагошка смисла.

Принцот Хари и Меган за спорот со Бакингемската палата

британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган

Во интервју за Опра Винфри, што се емитуваше синоќа на американската телевизија, британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган, војвотката од Сасекс, ги опишаа болните разговори во Бакингемската палата за бојата на кожата на нивниот син, губењето на кралската безбедност и силниот притисок што ја натера Меган во еден момент да размислува за самоубиство. Разговорот со Опра Винфри беше првото интервју што го дадоа откако ги напуштија кралските должности и содржи голем број откритија што веројатно ќе одекнаат од двете страни на Атлантикот. Хари му рече на Винфри дека се чувствувал „заробен“ додека го водел кралскиот живот и дека се изненадил кога минатата година дозна дека неговото семејство ги прекинало неговите финансиски средства, како и безбедноста.

Илјадници луѓе во Виндзор за Кралската свадба

Меган, нејзината мајка е Афроамериканка, а нејзиниот татко е бел) изјави дека додека била бремена и го очекувала својот син Арчи, палатата изразила „загриженост и разговори за тоа колку ќе му биде темна кожата кога ќе се роди“. Редок позитивен момент во интервјуто беше кога Хари и Меган и открија на јавноста дека нивното второ дете ќе биде девојче. Како одговор на прашањето на Опра Винфри, Хари изјави дека немаше да го напушти животот во кралското семејство да не беше неговата сопруга, актерка. Тој изјави дека нивната врска ги открива ограничувањата на животот во кралското семејство.

Пленарна седница на Европскиот парламент

Европскиот парламент во Стразбур

Денеска почнува редовна пленарна седница на Европскиот парламент на која ќе се расправа и гласа за она што е сработено во Комитетите на парламентот и во политичките групи. За ова сесија се предвидени голем број закони и резолуции што треба да бидат усвоени.

Партијата на Орбан ја напушти групата на народните партии во ЕП

Европратениците се состануваат еднаш месечно во Стразбур на четиридневна сесија од понеделник до четврток. Покрај овие 12 годишни сесии во Стразбур, Парламентот може да се состане и на дополнителни дводневни пленарни сесии во Брисел до шест пати годишно.

Швајцарците гласаа за забрана за носење превез што го покрива лицето

Швајцарците изгласаа забрана за носење бурка

Швајцарците вчера со тесно мнозинство изгласаа забрана за носење бурка, односно покривање на лицето, што некои го сметаат за сигнал против радикалниот ислам, додека други ја оценуваат иницијативата како ксенофобична. За текстот, предложен од популистичката партија УДЦ, гласаа 51,21 процент од граѓаните, објави владата за резултатите од вчерашниот референдум.

Холандија забрани носење на бурка и хиџаб во државни институции


Во текстот експлицитно не се споменува бурка, туку носење превез што го покрива лицето. Така Швајцарија им се придружи на Франција, Австрија, Бугарија, Белгија и Данска, кои воведоа слични мерки. Отсега натаму, ќе биде забрането целосно покривање на лицето во јавноста во Швајцарија, а тоа важи и за демонстрантите кои носат капи што го покриваат лицето, освен очите. Исклучок ќе бидат местата за богослужба.

ЕМА е против прерано одобрување на Спутник V во ЕУ

руската вакцина Спутник V

Висок официјален претставник на Европската агенција за лекови (ЕМА) ги предупреди членките на Европската унија да се воздржат од давање на национално одобрување за руската вакцина Спутник V против ковид-19 сè додека Агенцијата не заврши со прегледот на нејзината безбедност. „Потребни ни се документи што можеме да ги разгледаме. Исто така, во моментов немаме податоци ... за вакцинирани лица“, изјави шефицата на управниот одбор на ЕМА, Криста Виртумер-Хоче, додавајќи: „затоа итно би советувала да не се дава национално овластување за итни случаи. Можеме да го имаме Спутник V на пазарот овде во иднина кога ќе бидат разгледани соодветните податоци“.

Пристигна првата пратка од руските вакцини

Регулаторот на лековите во Европа на 4 март соопшти дека започнал преглед на вакцината Спутник V, клучен чекор кон одобрување за употреба во 27 земји на Европската унија. Рецензирани резултати од испитувањата во доцната фаза објавени минатиот месец во медицинското списание „Лансет“ покажаа дека режимот со две дози на Спутник V е 91,6 проценти ефикасен против симптоматскиот ковид-19, приближно исто како и водечки вакцини развиени од запад.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во работна посета на Рим и Ватикан

Бујар Османи

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, од денеска ќе биде во работна посета на Италија и Ватикан. Во рамки на посетата на Италија, Османи ќе оствари средба со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Луиџи Ди Мајо, а во агендата е предвиден и состанок со членовите на Комисијата за надворешни работи при Долниот Дом на Парламентот, предводени од претседателот на Комисијата, Пиеро Фасино. На средбите, како што соопшти МНР, се очекува да бидат отворени прашањата поврзани со билатералните односи, иднината на процесот на проширување на Европската унија, и во тој контекст, поддршката од страна на Италија за почеток на преговорите на Македонија. Во Ватикан,
Османи ќе оствари средба со ватиканскиот секретар за односи со државите, монсињор Пол Ричард Галагер.

Ако треба ќе ги спомнеме Бугарите и во Уставот, вели Османи


Во рамките на посетата на Италијанската република, Османи ќе се сретне и со претставници на здруженијата на нашата дијаспора, активни во Италија, со кои ќе размена информации за темите од нивен интерес, за нивните потреби, но и идеи. Во фокусот на овие средби ќе биде и пописот на нашите граѓани во странство, и начините за анимирање на што е можно поголем дел од дијаспората во овој процес.

Меѓународен ден на жената - „Еднаква иднина во светот со ковид-19“

илустрација

„Жените во лидерство: Постигнување еднаква иднина во светот со ковид-19“ е темата на годинашното одбележување темата за Меѓународниот ден на жената, 8 март поставена од Обединетите нации. Темата ги слави огромните напори на жените и девојките ширум светот во обликувањето на порамноправна иднина и закрепнување од пандемијата ковид-19. Исто така е усогласена со приоритетната тема на 65-та седница на Комисијата за статусот на жените, „Целосно и ефективно учество на жените во донесување одлуки во јавниот живот, како и елиминирање на насилството, за постигнување на родова еднаквост и зајакнување на сите жени и девојки во сите области на животот, еднаква плата, еднакво споделување на неплатена грижа и домашна работа, да се стави крај на сите форми на насилство врз жените и девојчиња и здравствени услуги кои одговараат на нивните потреби.

ССМ: Не смее да има јаз меѓу платите на мажите и жените


Жените стојат на првите редови на кризата со ковид-19, како здравствени работници, негувателки, организатори на заедницата и како едни од и најефикасните лидери во борбата против пандемијата. Жените лидери и организациите на жените ги демонстрираа своите вештини, знаење и мрежи за ефикасно водење во напорите за одговор и обновување од ковид-19, наведуваат ОН по повод денешниот Меѓународен ден на жената.

Времето денеска: претпладне сончево, попладне можен дожд

Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаба магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и на места ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Дневната температура ќе биде од 4 до 15 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 12 степени.

Нови 333 случаи на ковид-19, 268 оздравени и 10 починати

Регистрирани се 333 нови случаи на ковид-19 од направени 2.259 тестирања, соопшти Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Во Скопје има 182 нови случаи, Кавадарци – 22, Куманово и Охрид – по 20, Тетово – 15, Битола – 11, Прилеп – 9, Неготино – 8, Велес и Ресен – по 7, Гостивар – 6, Гевгелија – 4, Струмица – 3, Струга, Кичево, Свети Николе, Крива Паланка и Кратово – по 2, Штип, Кочани, Дебар, Радовиш, Берово, Виница, Богданци, Демир Хисар и Македонски Брод – по 1.

Регистрирани се 268 оздравени пациенти. Пријавени се вкупно 10 починати лица. Починати се по 3 пациенти од Скопје (85г,70г,70г) 2 пациенти од Кавадарци (90г, 59г) и по 1 пациент од Штип (47г), Велес (59г), Кочани (79г), Куманово (82г), и Охрид (68г). Девет пациенти се починати во болнички услови, еден пациент во домашни услови.

Досега во земјата се направени вкупно 543.254 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 107.163, бројката на оздравени пациенти е 94.729, на починати е 3.195, а бројот на активни случаи изнесува 9.239.

Во земјава во последните три недели расте бројот на новозаразени, пред се поради таканаречениот британски сој на вирусот кој е позаразен, велат здравствените власти.

МВР заплени над пола тон марихуана во две акции

Запленетата дрога.

Полицијата запленила околу 500 килограми марихуана и привела три лица, откако вчера во две оддели акции на југот од земјата се пресечени канали за меѓународен транспорт на дрога, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Со една од акциите е пресечен меѓународен канал за транспорт на марихуана од Косово преку Северна Македонија и Грција за Турција. Во оваа акција се запленети најмалку 424 килограми марихуана и е приведено едно лице од Скопје на возраст од 47 години.

„Запленетата марихуана на нарко-пазарот во Турција се проценува дека би достигнала цена од над милион евра, соопшти денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

На граничниот премин Богородица била запленета дрогата во камион со скопски регистарски таблички регистриран на правно лице. Во приколката на камионот меѓу отпадната хартија што легално се пренесувала имало пакети дрога.

Во друга акција, пак, во близина на границата со Грција е пресечен канал за транспорт на дрога од нашата земја во Грција и запленети се околу 93 килограми марихуана. За овој случај приведени се двајца луѓе на возраст од 24 и 28 години.

Во врска со истрагата, постапува и полицијата на Грција со цел расчистување на случајот со овој канал за трговија со наркотици, посочи Ангеловски.

Иран ќе се врати на нуклеарниот договор ако САД ги тргнат санкциите

Иранскиот претседател Хасан Рохани.

Иран е подготвен да преземе чекори со кои ќе ги исполни мерките согласно нуклеарниот договор склучен со светските сили во 2015, веднаш штом САД ги укинат економските санкции кон земјата.

„Штом САД ќе ги укинат нелегалните санкции и ќе се откажат од политиката на закани и притисоци, Иран ќе ги исполни своите обврски“, рече денеска иранскиот претседател Хасан Рохани на средбата со ирскиот министер за надворешни работи Симон Ковени, за време на дипломатските напори за заживување на историскиот нуклеарен договор.

Ирска не учествуваше во договорот, но Даблин има улога на олеснувач во спроведувањето на нуклеарниот договор.

Рохани ги критикуваше европските потписнички на договорот - Велика Британија, Франција и Германија, за, како што рече, непостапување по нивните обврски од договорот. Според него Иран е единствената страна што платила цена за тоа.

Американскиот претседател Џо Бајден сигнализираше дека е подготвен да го оживее договорот, но инсистира на тоа Иран најпрво да се врати на обврските кои произлегуваат од договорот.

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, еднострано го повлече Вашингтон од договор што имаше за цел да ја ограничи нуклеарната програма на Иран во замена за ослободување од санкциите. По повлекувањето во 2018 година, САД повторно воведоа санкциите кон Иран. А, како одговор на тоа Иран почна да прави отстапки од договореното.

Пристигна првата пратка од руските вакцини

Министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин.

Пратка од 3000 вакцини од рускиот производител „Спутник Ве“, пристигна денеска на скопскиот аеродром. Тоа е правата пратка од руските вакцини што пристигна во државата. На аеродромот пратката ја дочекаа министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин.

Пратката пристигна со редовен лет на „Ер Србија“ од Белград , а е преземена преку службата на ДХЛ од Москва во Белград каде стигнале и одредени количини за Србија, заедно со овие 3000 за нас.

Вакцините се чуваат на температура од – 18 до -20 степени, а ќе се чуваат во фрижидерите во пунктот во „Јане Сандански“. Вакцинацијата со овие вакцини најверојатно ќе почне в среда во пунктовите во Здравствениот дом – Скопје, рече министерот. Согласно националниот план, први вакцина ќе примат најстарите граѓани со хронични болести и луѓето сместени во старечките домови, рече тој.

Во упатството на вакцината на „Спутник Ве“ има препорака за претпазливост само кај трудници и доилки. Не е наведена никаква друга контраиндикација, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Според Филипче, од кинеската вакцина се очекуваат 200.000 дози од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште не е точно потврдено кога. Од руската вакцина исто така треба да пристигнат вкупно 200 илјади дози, а заедно со вакцините на АстраЗенека земјава треба да има 2,2 милиони дози од вакцините против ковид-19. Досега, пак, преку системот за пријавување за вакцинирање се пријавиле 120 илјади граѓани дека сакаат да се вакцинираат.

Рускиот амбасадор рече дека вакцината ќе придонесе за спасување човечки животи и за враќање на македонската економија на траекторијата на раст.

„Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на македонските граѓани со кои уживаме во вековните традиции на пријателство и споделуваме заеднички вредности“, рече рускиот амбасадор.

Вакцинацијата во земјата почна на 17 февруари со 8000 вакцини на Фајзер, кои земјава ги доби од Србија. Тие се наменети за медицинскиот персонал од ковид-центрите.

Заев најави кадровски промени во раководството на СДСМ

Зоран Заев

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев најави кадровски промени во раководството кои ќе следат по изборите за претседател на партијата, на кои кандидиран е само тој.

Заев вели дека за првпат ќе има внатрепартиски избори на кои секој член ќе може да гласа за нов претседател на СДСМ, и, според Заев, тоа е врвна демократска вредност.

По изборите ќе има Конгрес на партијата некаде во мај и Заев очекува тогаш да има ново политичко освежување. Тој вели дека ќе охрабруваат различни мислења.

„СДСМ е партија во која владее демократијата но сакаме да дадеме шанса за уште поголема присутност на различни мислења, за дополнително да ја зајакнеме демократијата. Многу важен елемент е да ги отвориме вратите и за сите оние кои не мора да имаат книшка од СДСМ, но веруваат во социјалдемократските вредности и проевропските политики“, посочи Заев во интервју за Слободен печат.

Заев вели дека демократизација на партиите е важен процес кој придонесува за демократизација на целото општество.

Изборите за претседател на СДСМ се закажани за 21 март. СДСМ соопшти дека ќе може да гласаат над 80 000 членови со право на глас.

Пандемијата ја намали популарноста на партијата на Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел.

По критиките поради справувањето со пандемијата на коронавирус, поддршката на јавноста за конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел падна на 32 отсто, што е помалку од нивниот резултат на последните парламентарни избори, покажува денеска објавената анкета.

Со падот од два процентни поени за една недела, поддршката на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзиниот баварски сојузник Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), достигна најниско ниво во последната година, покажува анкетата на весникот Билд.

Владата е мета на критики поради бавноста на вакцинацијата, пропустите во дистрибуцијата на ковид-тестови за населението и заморот на јавноста од рестриктивните мерки за сузбивање на епидемијата.

Германските конзервативци достигнаа поддршка од речиси 40 отсто на својот врв за време на првиот бран на пандемијата во пролетта минатата година, кога Германија изгледаше како добар пример во Европа во борбата против ковид-19.

Од слабеењето на поддршката на конзервативците профитираат две движења многу критични кон рестрикциите за населението поради пандемијата: националистичката АфД, која има 10 отсто поддршка, и либералната партија ФДП со 9 отсто, покажува анкетата.

Ваквите податоци се лоша вест за канцеларката, една недела пред регионалните избори во две сојузни држави: Баден-Виртемберг и Рајнската област - Пфалц, кои ќе послужат како тест, пред се во пресрет на парламентарните избори во Германија кон крајот на септември.

Резултатот од 32,9 отсто од гласовите кои двете сестрински партии ЦДУ/ЦСУ го постигнаа на изборите во 2017 година веќе се смета за слаб, иако Меркел повторно беше избрана за канцелар, по четврти пат.

Во ковид-центрите се лекуваат 825 пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјава се лекуваат вкупно 825 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Од нив 500 во внатрешноста, а 325 се лекуваат во главниот град, соопшти Министерството за здравство.

Според извештаите на болниците во внатрешноста, најмногу пациенти со ковид има во болницата во Прилеп-84, во Куманово 71 и во Охрид 60 пациенти.

Има околу 300 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, соопштуваат од Министерството за здравство.

Во последните три неделни почна да се зголемува бројот на новозаразени, а со тоа и на хоспитализирани пациенти. Во земјава сега има повеќе од 9000 активни случаи.

Досега се попишале над 32 илјади иселеници

Досега се попишале 32.753 лица од дијаспората, соопштија од Државниот завод за статистика. Пописот за иселениците стартуваше на почетокот на месецов, преку онлајн апликација на Заводот за статистика. Од таму преку соопштение известуваат дека бројот на попишани расте секој ден. Иселениците можат да се самопопишат до 21 април.

„Државниот завод за статистика секојдневно го следи процесот и е во постојана комуникација со македонските иселеници. Проблемот со ненавременото добивање на повратна порака за влез во апликацијата е надминат и апликацијата беспрекорно
функционира. Самопопишувањето за едно лице трае само 10 минути и воопшто не е сложено. Ги охрабруваме и мотивираме иселениците да одвојат кусо време и да се самопопишат“, се наведува во соопштението од Државен завод за статистика.

Иселениците кои нема да се потпишат онлајн, тоа за нив ќе може да го стори некој близок од семејството кога ќе почне и теренскиот попис кој ќе започне на 1 април и ќе трае до 21 истиот месец.

Папата ги посети деловите од Ирак што беа под контрола на Исламската држава

Молитва на Папата Франциск во дворот на црквата Ал-Тахера во Мосул

Папата Франциск се помоли за ирачките воени жртви пред векови старата црква во градот Мосул во северен Ирак, каде што милитантите на Исламската држава ја опустошија една од најстарите христијански заедници пред поразот на оваа џихадистичка организација пред три години.

Верниците денеска се собраа во дворот на црквата Ал-Тахера, една од најстарите од најмалку 14 цркви во провинцијата Нинива, кои беа уништени од Исламската држава.

Папата, кој има 84 години, ги замоли христијаните во Ирак и на Блискиот Исток, да останат во своите татковини, велејќи дека „трагичниот“ егзодус на христијаните прави огромна штета „не само врз засегнатите поединци и заедници, туку и врз општеството кое го напуштаат“.

За Ватикан, континуираното присуство на христијани во Ирак е од витално значење за одржување во живот на верските заедници кои постојат таму уште од времето на Исус Христос.

Нападите од Исламската држава, која го окупираше Мосул од 2014 до 2017 година, принуди стотици илјади христијани од северен Ирак да избегаат.
Папата денеска слета на аеродромот во регионалната курдската престолнина Ербил, на последниот ден од неговата историска четиридневна посета на Ирак. Тој одржа куса средба со регионалниот претседател Нечирван Барзани и неговиот братучед, премиерот Масрур Барзани.

Папата требаше да ја посети најголемата црква во Ирак, која беше делумно уништена од Исламската држава во блискиот Каракош, каде што христијаните се вратија по поразот на џихадистите. Тој ја заврши посетата со миса на стадионот во Ербил, каде што се очекуваа 10 илјади присутни.

Папата вчера се сретна со еден од највисоките шиитски свештеници, Големиот ајатолах Али ал-Систани во светиот град Наџаф, од каде што испратија пораки за мирен соживот меѓу христијанското малцинство и муслиманите.

Ова е прва посета на еден папа на Ирак.

Ирачките христијани, меѓу кои православни, халдејски католици и други, некогаш претставуваа значително малцинство во Ирак, а нивната бројка се проценуваше на околу 1,4 милиони луѓе, но тој број почна да опаѓа по американската инвазија од 2003 година, кога во повоените превирања сунитските милиции често ги напаѓаа христијаните.

Филипче апелира опозицијата да не ја кочи изградбата на Клинички Центар

Возила на брза помош во постоечкиот Клинички центар Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја повикува опозицијата во Собранието да ги повлече 2.000 амандмани со кои е блокиран Законот за изградба на нов Универзитетски Клинички Центар.

Како што соопшти Министерството за здравство, во повеќе наврати досега и за време на собраниските комисии и на седниците за пратенички прашања Филипче и Владата и понудија на опозицијата собраниска комисија којашто ќе ја водат опозициски пратеници и ќе го контролираат процесот на градење, изведба и секој аспект од проектот за Клинички центар.

„Доколку опозицијата не ги прифати овие предлози ќе биде јасно дека воопшто не станува збор за нивна недоверба или желба за унапредување на проектот, туку едноставно стратегија за блокади и некоструктивност која веќе предолго трае“, смета Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да го поддржат, како што велат, контроверзниот закон за Клинички Центар. Според партијата зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем е приоритет за сите, но тоа не треба да се изведе со нетранспарентен процес и закон од само 9 членови, кој не обезбедува никакви детали за тоа што ќе се добие на крајот од проектот.

Нов клинички центар e партиско ветување пред секои избори.

Процесот за изградба на Клинички центар во Ѓорче Петров почна пред две години, втората фаза се одолговлечи поради ковид кризата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG