Вести
Пендаровски се приклучи кон кампањата „Разбистри се“

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска соопшти дека се приклучува кон кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“ за одржливо користење и заштита на водите која ќе трае во текот на 2021 година. Тој на својот официјален фејсбук профил напиша дека се залага за бистро, чисто и јасно за незагадена природа, чиста вода за пиење и јасна поделба на надлежностите и преземање на одговорност со цел заштита на водите.
„Заедно да работиме за да придонесеме кон одржливо користење и заштита на водата и за ефикасен надзор врз искористувањето на природните ресурси, напиша Пендаровски на својот фејсбук-профил.
Претходно, организаторите на кампањата и герила, соопштија водата во Македонија не ја добива потребната заштита и не се користи рационално, а сите граѓани немаат пристап до здравствено исправна вода за пиење и санитарни услови.
„Одговорните институции немаат капацитет и опрема за спроведување на Законот за води и не се одвојуваат доволно пари од државниот буџет. Континуираното експлоатирање и уништување на водните ресурси се должи и на нискиот степен на казнивост на загадувачите“, велат организаторите на кампањата.
Покрај претседателот Пендаровски кон гелира акциите се приклучуваат голем број граѓански активисти, новинари, професори, невладини организации и медиуми, кои ја поддржаа кампањата „Разбистри сѐ“, кои објавуват апели за порационално користење на водата, спречување на загадувањето на реките, сузбивање на коруптивните практики при управувањето со природните ресурси, како и за поголема ефикасност на инспекциските органи. Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“ која ќе трае во текот на 2021 година, ќе се фокусира токму на овие проблеми и нејзината цел е да го зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики. Кампањата се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.
види ги сите денешни вести
САД, Јужна Кореја и Јапонија сакаат да дејствуваат посилно против заканите на Пјонгјанг

Соединетите држави, Јужна Кореја и Јапонија договорија нови иницијативи за да се спротивстават на кибер-заканата на Северна Кореја, вклучувајќи лансирање сателити и злоупотреба на криптовалути, изјави американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.
Советниците за национална безбедност на САД, Јужна Кореја и Јапонија се состанаа во саботата во Сеул, бидејќи Пјонгјанг предупреди дека ќе лансира нови шпионски сателити.
Саливан додаде дека оваа средба доаѓа како резултат по трилатералната средба во август, чиј домаќин беше американскиот претседател Џо Бајден и на кој лидерите на трите земји ветија дека ќе ја продлабочат безбедносната и економската соработка.
„Покренавме нови трилатерални иницијативи за да се спротивставиме на заканата од Северна Кореја, од сајбер криминал и перење криптовалути до тестирање на вселенски и балистички ракети“, им рече Саливан на новинарите.
Координираните напори на сојузниците ќе бидат насочени и кон можна економска закана, рече Саливан.
Администрацијата на Бајден одржа состанок во Кемп Дејвид со јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол и јапонскиот премиер Фумио Кишида за да покаже единство во лицето на зголемената кинеска моќ и нуклеарната закана на Северна Кореја.
Администрацијата на Бајден „побара од Конгресот да одобри продажба на гранати на Израел“

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот да одобри продажба на 45.000 гранати за израелски тенкови Меркава кои ќе се користат во нападот врз Хамас во Газа, според четири извори, меѓу кои и сегашен и поранешен американски функционер.
Потенцијалната продажба, вредна повеќе од 500 милиони долари, не е дел од барањето на Бајден од 110,5 милијарди долари, кое вклучува финансирање за Украина и Израел.
Барањето е под неформално разгледување во комисиите за надворешна политика на Сенатот и Претставничкиот дом, што им овозможува на членовите да ја одложат продажбата или да ги подигнат своите грижи со администрацијата во неформални дискусии.
Стејт департментот бара од двата одбори брзо да ја одобрат трансакцијата, тврдат актуелен американски функционер и Џош Пол, поранешен функционер на Стејт департментот, додека од друга страна има растечки критики за употребата на оружје од американско производство во конфликтот.
„Тоа беше испратено до одборите на почетокот на неделата и тие треба да имаат 20 дена да го разгледаат израелскиот случај. Стејт департментот врши притисок врз нив веднаш да го решат“, рече Пол, кој поднесе оставка од функцијата во Стејт департментот во октомври поради, како што рече, „ слепата поддршка на администрација за Израел.
Администрацијата, исто така, размислува да дозволи продажба на 13.000 од 45.000 гранати според вонредната одредба на Законот за контрола на извозот на оружје за да се заобиколат одборите, рекоа двајца американски официјални лица, додавајќи дека сè уште не е донесена конечна одлука.
Тој потег ќе му овозможи на Израел да се подготви со оглед на високата тензија во регионот, изјави еден од официјалните лица, пишува Ројтерс.
Портпаролот на Стејт департментот рече дека „нема да ги потврди или коментира предложените трансфери или продажби додека Конгресот не биде известен“.
Сенаторот Крис Ван Холен, демократ во Комитетот за надворешни работи, рече дека позицијата на Конгресот е клучна во големата продажба на оружје.
„Администрацијата не треба да размислува за заобиколување на веќе краткиот рок за разгледување од Конгресот, во овој или кој било друг трансфер на оружје“, рече тој.
Видеата покажуваат дека Израел редовно распоредува тенкови Меркава во нападите на Газа и јужната граница со Либан, каде што конфликтот трае од 7 октомври.
Царинската управа заплени 516 делови за камиони и едно АТВ возило

Вкупно 516 различни делови за камиони и едно АТВ возило се запленети од страна на царинските службеници на граничниот премин Богородица и на царинска испостава Струмица.
Обидот за нелегален внес на делови за камиони е откриен од страна на царинските службеници на влез на граничниот премин Богородица.
„Возачот на камионот, против кој е поднесена прекршочна постапка, се обидел да ги прошверцува деловите за камиони, криејќи ги во различни делови на возилото. За време на контролата, во внатрешноста на задните седишта, под и помеѓу седиштата, и во багажникот кај резервната гума се пронајдени вкупно 516 различни делови за камиони“, велат од Царинската управа.
Во друг случај на царинска испостава Струмица е запленето едно АТВ возило, кое е откриено од страна на царинските службеници при контрола на стока пријавена за увозно царинење.
Возилото кое не е опфатено со увозната декларација е задржано, а против увозникот е поведена прекршочна постапка.
Џафери: Функцијата премиер ќе ја извршувам со должна почит и одговорност

Актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери се заблагодари на номинацијата од ДУИ да биде премиер на техничката влада сто дена пред парламентарните избори што треба да се одржат следната година.
Тој вели дека ќе ја извршува функцијата со почит и одговорност.
„Ми претставува особена чест за доделената доверба од партиските органи и секако можам да кажам дека и оваа функција со должно почитување и соодветна одговорност ќе биде спроведена од моја страна како одговор од поддршката искажана од партиските органи, а пред сè од граѓаните на Република Северна Македонија“, изјави Џафери вечерта на 8 декември.
Одлуката на ДУИ, Џафери да биде премиер во техничката влада ја соопшти партискиот портпарол Бујар Османи по одржаниот состанок на Претседателството на интегративците попладнето на 8 декември.
Според договорот што беше постигнат на лидерската средба на 4 декември, парламентарните избори треба да се одржат на 8 мај 2024 година. Во ист ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, додека првиот круг за избор на шеф на државата треба да се одржи на 24 април.
Со вака договорените датуми, техничката влада што ќе ја предводи Џафери треба да стапи на должност на 28 јануари, а еден месец подоцна Собранието ќе ги распише изборите.
Во владиниот кабинет на Џафери со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација) предвидено е да биде застапена опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Кои ќе бидат кадрите на опозициската партија сè уште не е познато.
Договорот сто дена пред избори да има премиер Албанец предложен од ДУИ беше постигнат помеѓу претседателот на оваа партија Али Ахмети и поранешниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев по парламентарните избори 2020 година кога двете партии договорија коалиција за формирање влада. Наследникот на Заев во СДСМ и во Владата, актуелниот премиер Димитар Ковачевски, пак, неколку пати во својот досегашен мандат посочи дека ќе го испочитува договореното.
Белорускиот суд ги означи налозите на РСЕ на социјалните мрежи како екстремистички

На 7 декември, судот во градот Хомел во југоисточна Белорусија ги означи налозите на белорускиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) на Телеграм, Јутјуб, Икс (поранешен Твитер) и Тик-ток, како екстремистички.
Претходно белоруските власти на списокот на екстремисти го додадоа логото на „Свабода“, профилите на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, ВКонтак и Однокласник, како и на Тик-ток налозите на руските и украинските сервиси на РСЕ.
Веб-страницата на Свобода е блокирана во Белорусија од август 2020 година, кога избувнаа невидени протести поради официјалните резултати од претседателските избори на кои авторитарниот владетел Александар Лукашенко беше прогласен за победник.
Во исто време, Ихар Лосик, познат блогер и новинар на Радио Свабода, повеќе од три години е во затвор во Белорусија.
И додека неговата сопруга Дарја е исто така зад решетки, нивната четиригодишна ќерка Паулинка живее во нивниот роден град Барановиќ со баба ѝ и дедо ѝ.
Во декември 2021 година, Ихар Лосик беше осуден на 15 години затвор по неколку точки од обвинението, вклучително и „организирање масовни немири, поттикнување општествена омраза“ и неколку други обвиненија кои остануваат нејасни. Лосик тврди дека е невин и обвинувањата ги нарекува политички мотивирани.
Во ноември минатата година белоруското Министерство за внатрешни работи го додаде Лосик и новинарот Радио Свабода Алех Хружџиловиќ на листата на екстремисти.
Во екот на напорите за сузбивање на независните медиуми, опозициските политичари, активистите за човекови права и демократските институции, белоруските власти додадоа дури 244 лица на списокот, меѓу кои и овие двајца новинари од Радио Свабода, како што е локално познат сервисот на РСЕ.
Талат Џафери ќе биде премиер сто дена пред избори

Актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, ќе биде премиерот кој сто дена пред избори ќе ја предводи техничката влада.
Одлуката за тој да биде премиер ја донело Централното претседателство на Демократската унија за интеграции (ДУИ) на состанок одржан денеска (8 декември) во Тетово.
Актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими, пак, со одлука на партиското раководство, ќе биде шеф на изборниот штаб за изборите во 2024 година.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, соопшти и дека интегративците го овластиле лидерот Али Ахмети да ги продолжи разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарни избори.
Договорот сто дена пред избори да има премиер Албанец од ДУИ го постигнаа Али Ахмети и поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев заедно со договорот за коалицирање по парламентарните избори во 2020 година. Наследникот на Заев, Димитар Ковачевски, пак, досега неколку пати посочи дека ќе го почитува договореното.
Парламентарните избори следната година, според договорот на лидерската средба одржана на 4 декември, ќе се одржат на 8 мај. Истиот ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, откако првиот ќе се одржи на 24 април.
Ова значи дека техничката влада на чело со Џафери ќе стапи на должност на 28 јануари, а изборите ќе се распишат на 28 февруари.
Во техничката влада со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација) предвидено е да биде застапена опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Кои ќе бидат кадрите на опозициската партија сè уште не е познато.
Подготовките за изборите, освен ДУИ, ги започнаа и останатите политички партии. По лидерската средба на 4 декември, премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски соопшти дека неговата партија ден претходно одржала седница на Извршниот одбор и започнала иницијатива за формирање широк европски фронт. Исто така, започната е и постапка за избор на претседателски кандидат.
Ковачевски тогаш ги повика во фронтот да се приклучат сите партии, општествени чинители, невладини итн. Но, кога зборуваше за широка коалиција не беше прецизен во одговорот дали мисли на условно помалите партии или на ДУИ и Алијанса за Албанците, туку порача дека во „неа е отворен просторот за сите партии“.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак, на 5 декември одлучи да формира Републички изборен штаб со кој ќе раководи лидерот Христијан Мицкоски, а негова заменик ќе биде партискиот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски.
На 2 март 2024 година во Скопје, партијата ќе одржи изборна конвенција на која ќе го избере претседателскиот кандидат.
Опозициските партии од албанскиот блок, пак, најавија заеднички настап на изборите. Станува збор за Изет Меџити (Демократско движење), Билал Касами (Беса) и Африм Гаши (Алтернатива), кои се обединија во заеднички блок под називот Европски сојуз за промени.
Во Белград забранет собир за поддршка на Палестинците, се жалат организаторите

Иницијативата „Поддршка на народот на Палестина – Србија“ на 8 декември објави дека од безбедносни причини полицијата забранила собир за поддршка на Палестинците во Газа кој беше планиран за 10 декември во Белград.
Во соопштението на Иницијативата се наведува дека собирот бил закажан пред Владата на Србија, со планиран марш до амбасадите на Израел и САД.
Организаторите претходно најавија дека меѓу другото ќе побараат од српската Влада да ги прекине сите дипломатски и економски односи меѓу Србија и Израел.
„Ова би бил трет митинг за поддршка на народот на Палестина што се одржува во Белград“, се наведува во соопштението, во кое се нагласува дека на претходните собири немало насилство или вандализам.
Во соопштението се наведува дека Иницијативата поднела жалба на решението на полицијата.
Од српското Министерство за внатрешни работи не одговорија на прашањата на РСЕ за забраната на овој собир.
Милитантната група Хамас, прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, ја започна војната со Израел со извршување на смртоносни напади во јужен Израел на 7 октомври, при што борците на палестинската група убија речиси 1 200 луѓе и зедоа 240 заложници.
Израел одговори со напади врз Газа, а претставници на Хамас во оваа енкалва тврдат дека Израел убил повеќе од 17 177 луѓе во својата одмазда.
ЕУ ќе ги повика сите земји од Западен Балкан да воведат санкции кон Русија

На заеднички самит следната недела, Европската унија (ЕУ) јасно ќе побара од земјите од Западен Балкан целосно да се усогласат со политиката на санкции против Русија.
Во нацрт-декларацијата што треба да се усвои на крајот на самитот се наведува дека усогласувањето со политиките на ЕУ е јасен знак за стратешката ориентација на партнерите, сега повеќе од кога било, во контекст на руската агресивна војна против Украина и другите безбедносни предизвици.
Шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ на 13 декември ќе се сретнат со колеги од шесте земји од регионот на редовниот годишен самит ЕУ-Западен Балкан.
„Заедничката визија за иднината вклучува заеднички вредности и заедничка одговорност. Додека ја продлабочуваме нашата соработка со партнерите, ги повикуваме да направат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ, како и да се постапат во согласност со тоа“, се наведува во нацрт-декларацијата во која Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид.
Во декларацијата ќе се пофалат земјите од Западен Балкан кои веќе ја покажуваат својата стратешка определба со целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и ќе се охрабрат „оние кои сè уште не го сториле тоа“ да го следат нивниот пример.
„Исто така, охрабруваме и подобрување на спроведувањето на рестриктивните мерки и спречување на нивно заобиколување“, велат лидерите на ЕУ во завршната декларација.
Со овој документ треба да се согласат и учесниците на самитот од регионот.
Повик за Косово и Србија
Посебен дел во завршната декларација се однесува на процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Како што е наведено во нацртот, се нагласува дека ЕУ очекува Приштина и Белград да се ангажираат конструктивно со цел брз напредок во нормализацијата на односите. Се констатира дека тоа е клучно за безбедноста и стабилноста на целиот регион и за да се осигури дека двете страни можат да напредуваат на европскиот пат.
Двете страни ќе бидат повикани, без дополнителни одложувања или предуслови, целосно да го имплементираат Договорот за патот на нормализација и неговиот анекс за имплементација, договорени во февруари и март оваа година, како и сите претходни договори.
„Исто така, очекуваме страните да продолжат со континуираните напори за деескалација во согласност со барањата на ЕУ и да се воздржат од унилатерални и некоординирани дејствија кои би можеле да доведат до дополнителни тензии и насилство, како и од реторика која не води кон нормализација на односите“, ќе предупредат лидерите на ЕУ преку декларацијата што треба да биде усвоена на крајот од самитот.
Трајни решенија за билатерални спорови
Во завршната декларација ќе се нагласи потребата од посветеност на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ.
Во овој контекст, ЕУ ја нагласува важноста од постигнување дефинитивни и трајни решенија за билатералните спорови и прашања на партнерите кои се вкоренети од минатото, се наведува во нацрт-декларацијата, во која се повикуваат земјите од регионот да гарантираат правата и еднаквиот третман на малцинствата.
Реформи кои ќе го забрзаат пристапувањето во Унијата
Со оваа декларација, ЕУ повторно ќе ја потврди својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата и ќе ги повика земјите од регионот да го забрзаат процесот на пристапување, заснован на кредибилни реформи, фер и ригорозни условувања и на принципот на сопствените заслуги.
„Проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот“, се наведува во нацрт-декларацијата.
Во документот, исто така, се поздравува и определбата на земјите од регионот да ги почитуваат и да се посветат на клучните европски вредности и принципи. Нагласена е и потребата од одржливи и неповратни реформски достигнувања во областите на владеење на правото, функционирањето на демократските институции, економијата и реформата на јавната администрација.
ЕУ ќе ја потврди својата посветеност за забрзување и натамошно продлабочување на својот политички ангажман со Западен Балкан, меѓу другото, преку одржување на редовни самити ЕУ-Западен Балкан, учество на партнерите од Западен Балкан на настани на високо ниво на ЕУ и редовни дијалози за заедничките надворешни и безбедносни политики во мултилатерални форуми.
Дваесет и седум лидери од земјите на ЕУ и шест нивни колеги од Западен Балкан усвоија заедничка декларација во Тирана на 6 декември минатата година, со која се потврди целосната и недвосмислена посветеност на ЕУ за перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата.
Одржувањето редовни годишни самити меѓу ЕУ и земјите од регионот стана практика од 2020 година. ЕУ, исто така, редовно ги поканува претставниците на овие земји на различни состаноци на министерско ниво.
Русковска: Случајот со Вања и Панче не смее да добие политичка конотација

Поранешната обвинителка и шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска смета дека случајот со свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот велешки фризер Панче Жежовски, не смее да добие политичка конотација.
„Не мислам дека сето ова може да добие политичка конотација и не би смеело да добие, затоа што се работи за две грозоморни убиства, особено ако се има предвид дека едно од жртвите е 14-годишно дете“, изјави Русковска денеска (8 декември) по настанот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“.
Таа додава и дека истрагата допрва треба да утврди која е вистинската заднина на случајот.
Нејзините очекувања се и сето ова предвид да го имаат и турските власти кои се очекува да го екстрадираат првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо кој беше уапсен на 5 декември кај градот Баликесир.
„Сметам дека и колегите во Турција, односно судиите, кои ќе ги разгледуваат доказите и ќе одлучуваат по екстрадицијата, ќе го имаат сето ова предвид“, вели Русковска.
Барањето за екстрадиција на Палчо беше експресно подготвено и испратено вчера до турските власти.
Палевски во истрагата е осомничен за по две кривични дела грабнување и убиство, а како соизвршнители со него се гонат уште три лица кои се наоѓаат во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Во Шутка се наоѓа и таткото на Вања, кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.
Исчезнувањето на велешкиот фризер беше пријавено на 22 ноември, а на девојчето Вања на 27 ноември. Денот на грабнување, според првичните искази на осомничените, се смета и за денот кога таа била убиена.
Палевски државата ја напушти на 30 ноември патувајќи со неговиот адвокат кон Белград. Адвокатот, кој во изјава за медиумите кажа дека осомничениот му рекол дека треба да оди на преглед во Србија, беше задржан во полиција, но засега тој не е осомничен бидејќи обвинителството оценило дека во моментов не постојат законски основи за тоа и за барање мерки за негово обезбедување. Сепак, рекоа од обвинителството, проверките за неговата евентуална инволвираност ќе продолжат.
Во меѓувреме, вториот возач на Палевски, кој го возеше од Србија, преку Бугарија кон Турција, доби 30-дневен притвор. За него вчера скопското обвинителство соопшти дека отворило истрага за „помагање на сторител по извршено кривично дело“.
„Осомничениот, по претходна комуникација и договор со сторителот кој се наоѓал во Србија, со возило ’ланд ровер‘ со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице, се упатил кон Белград. Таму се сретнал со сторителот и заедно со возилото се упатиле кон границата на Србија со Бугарија – граничен премин ’Калотина‘. Границата ја поминале на 02.12.2023 година, па движејќи се низ територијата на Бугарија истиот ден пристигнале на границата со Турција, граничен премин ’Капитан Андреево‘, и влегле во Турција“, соопшти обвинителство на 7 декември.
Возачот го оставил Палевски во Турција, и преку Грција се вратил во земјава каде беше приведен при влез на граничниот премин ’Стар Дојран‘.
Обвинителка од Прилеп со семејството била мета на демнење и закани по живот

Обвинителка од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп заедно со нејзиното семејство била мета на закани и демнење на интернет поради што е поведена постапка против едно лице за три кривични дела.
Осомничениот се гони за полово вознемирување, загрозување на сигурноста и демнење.
„Во текот на ноември, осомничениот на својот Фејсбук профил во повеќе наврати поставувал текстуални објави и вклучувања во живо со кои се заканувал дека ќе нападне врз животот на основната јавна обвинителка на ОЈО Прилеп и членови на нејзиното најблиско семејство. Намерата му била да ја вознемири и да ја исплаши, а врз основа на пол, личен, семеен и општествен статус на оштетената како јавен обвинител“, велат од ОЈО Прилеп.
Осомничениот на социјалната мрежа објавувал приватни и семејни фотографии на обвинителката, директно праќал пораки со вознемирувачка содржина кај нејзината ќерка со што, смета обвинителството, предизвикал непријатност, навреденост и страв.
Станува збор за лице кое веќе е осудувано за загрозување на сигурноста, а против него последниот период се поднесени и повеќе кривични пријави.
Поради тоа обвинителството смета дека тој може да го повтори делото, но и да избега, па побарало, а прилепскиот суд прифатил и му одредил мерка притвор во траење од осум дена.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете