Вести
Захариева- нашите услови ги пративме до владата во Скопје пред една година

Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева на денешната собраниска седница во бугарскиот парламент рече дека нивните услови за одобрување на преговарачката рамка со Република Северна Македонија ги доставиле на владата во Скопје како писмен документ пред една година.
Како што пренесува Бугарската национална телевизија (БНР) таа денеска одговарајќи на пратенички прашања рече и дека најсуштинскиот проблем е неисполнувањето на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, осврнувајќи се на мандатот на заедничката комисија за историски и образовни прашања, говорот на омразата и како што кажа едностраната обврска на Република Северна Македонија да се обврзе дека нема да има никакви претензии дека во Бугарија има македонско малцинство. Захариева вели дека во преговарачката рамка на Скопје со унијата, Софија побарала неколку јасни работи.
„На прво место добрососедските односи се хоризонтален критериум по Мастрихт. Патоказот преку кој треба да се набљудува исполнувањето на договорот, а кога зборувам за искористувањето на формулацијата за јазикот, треба да се искористи формулацијата од Догововорот од 2017 година и во Декларацијата од 1999 година. Продолжуваме да водиме преговори зошто ние сме две соседни држави“, рече Захариева.
Официјална Софија неделава ја блокира преговарачката рамка за зачленување на земјава во Европската унија со што се оневозможи првата меѓувладина конференција да се одржи во декември за време на германското претседателство со Унијата, како што претходно беше најавувано. Ден по блокадата на средби со бугарските власти во име на македонската влада отпатува посебниот претсавник за ова прашање, поранешниот македонски премиер Владо Бучковски.
види ги сите денешни вести
Дачиќ: Задачата на КФОР не е да ги спречува вработените да влегуваат во општините на северот на Косово

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во својот коментар за ситуацијата во северно Косово рече дека задачата на КФОР е „да го оневозможи едностраниот чин на Приштина, а не да ги спречува вработените да влегуваат во зградите“.
„Сега ги чуваат градоначалниците под изговор дека го чуваат мирот. Изгледа ги чуваат од сопствениците на зградите, Србите, од оние што работат таму, што се вработени таму. Тие не можат да бидат градоначалници во српските општини кои не беа избрани од Србите“, изјави Дачиќ за јавниот сервис на РТС на 29 мај.
Тој посочи дека вооружените сили на Србија се во состојба на готовност.
Српските власти одлучија вооружените сили да останат на највисоко ниво на готовност до понатамошно известување, поради ситуацијата на северот на Косово.
Изјавата на Дачиќ доаѓа откако локалните Срби од овие општини се собраа на 29 мај за уште еднаш да се спротивстават на новите градоначалници, избрани на локалните избори на 23 април.
Имено, косовската полиција им помогна на градоначалниците Албанци на општините на северот на Косово - Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде мнозинството од населението се Срби, да влезат во нивните општински простории на 26 мај.
Меѓународната заедница ја осуди одлуката на Владата на Косово да ги принуди градоначалниците да влезат во општинските згради и ги повика властите на воздржаност.
НАТО ги повика и институциите на Косово итно да ја деескалираат ситуацијата на северот.
Нова серија воздушни напади врз Киев, нема повредени

Киев одби уште еден бран воздушни напади во текот на ноќта на руските сили, изјавија официјални лица на 29 мај, еден ден откако украинската престолнина беше под, како што го опишаа властите „најголемиот“ напад со беспилотни летала врз градот од почетокот на војната.
„Поминаа само 18 часа од најголемиот напад на [беспилотни летала] врз Киев, а непријателот повторно го нападна главниот град“, соопшти градската воена администрација, додавајќи дека тоа е 15-ти воздушен напад врз Киев од почетокот на мај.
Одбранбените системи на Украина собориле повеќе од 40 беспилотни летала и крстаречки ракети, соопштија воените власти.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека ова е „уште една тешка ноќ“ за градот, но додаде дека нема жртви и разурнувања како последица на последните воздушни напади.
„Благодарение на професионалноста на нашите бранители, како резултат на воздушниот напад на варварите врз Киев, немаше оштетување или уништување на инфраструктурата и други објекти или станбени згради“, напиша Кличко на Телеграм. „Нема повредени и загинати.
Најмалку две лица загинаа, а три други беа ранети во нападот на Киев претходниот ден, во кој беа оштетени и неколку згради.
Ердоган прогласи победа во вториот круг од изборите во Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа во неделата на историскиот втор круг гласање што претставуваше најголем предизвик за неговото 20-годишно владеење, пренесува АФП.
Речиси целосните резултати покажаа дека тој води пред опозицискиот ривал Кемал Киличдароглу за четири процентни поени.
„Ние ќе управуваме со земјата во наредните пет години“, им рече Ердоган на своите поддржувачи од автобус во неговиот роден кварт во Истанбул. „Со божја волја, ќе ја заслужиме вашата доверба“, додаде Ердоган.
Главните градови во Турција избувнаа во радост додека зборуваше Ердоган.
Сообраќајот на култниот плоштад Таксим во Истанбул е запрен и огромни толпи се собраа пред неговата претседателска палата во Анкара.
Опозицискиот лидер вети дека ќе даде изјава подоцна во недела.
На жестокиот втор круг на изборите одѕивот на гласачите беше над 80 отсто.
Во неофицијалните резултати со преброени повеќе од 90 отсто од гласачките ливчиња, државната новинска агенција Анадолу објави дека Ердоган има 52,3 отсто, а неговиот противкандидат Киличдароглу 47,7 отсто од гласовите.
Во меѓувреме, ривалската новинската агенција АНКА, блиска до опозицијата, објави резултати од 51,5 отсто за Ердоган, а за Киличдароглу 48,5 отсто.
Официјалните конечни изборни резултати се уште не се објавени од турската изборна комисија.
Некои лидери веќе му честитаа на актуелниот претседател на Турција.
Катарскиот емир Тамим Бин Хамад напиша на Твитер:
„Драг мој брат, ти ја честитам победата и ти посакувам успех во новиот мандат.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, исто така, се огласи на Твитер за да ја поздрави „несомнената“ победа на неговиот сојузник.
Повеќе од 64 милиони гласачи можеа да гласаат на претседателските избори. Излезноста беше за четири отсто помала од пред две недели во првиот круг од претседателските избори, според агенцијата Анадолија, што би била околу 84 до 85 отсто.
Столтенберг - Приштина мора да деескалира

Приштина мора да деескалира и да не презема еднострани, дестабилизирачки чекори, изјави на 28 мај генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по разговорот со Жозеп Борел, високиот комесар за надворешна политика на Европската унија. .
Столтенберг на Твитер порача дека НАТО, односно КФОР ќе продолжи да одржува безбедна средина. Тој рече и дека Приштина и Белград сега мора да се приклучат на дијалогот што го води ЕУ, како единствен начин за мир и нормализација.
Ветон Елшани од косовската полиција за Радио Слободна Европа изјави дека состојбата на северот денеска е стабилна и дека полицајците се уште престојуваат во близина на зградите на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Во овие општини живее мнозинството од српското население, а на 26 мај се обиде да го спречи градоначалникот да влезе во неговиот кабинет. Тие ги бојкотираа локалните избори на 23 април на кои излегоа 3,47 отсто од гласачите, а сега не прифаќаат градоначалници од редовите на албанската заедница.
Но, градоначалниците сепак дадоа заклетва на 26 мај, а еден ден подоцна, со помош на косовската полиција, влегоа во општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Тоа предизвика незадоволство кај локалното српско население и во еден момент дојде до конфликт со полицијата.
Полицијата употреби шок бомби и солзавец за да ги растера демонстрантите, додека локалните Срби фрлаа камења кон полицијата.
Соединетите Американски Држави побараа од Владата на Косово да се воздржи од „други активности кои би можеле да ги зголемат тензиите и да промовираат насилство“.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен предупреди дека овие акции ќе имаат последици во билатералните односи меѓу САД и Косово.
Постапките на Косово ги осудија и Европската унија, земјите од Квинте (САД, Велика Британија, Италија и Франција), додека НАТО побара од двете страни да ги решат споровите преку дијалог.
Официјална Приштина ја брани оваа одлука и тврди дека секоја друга опција би била неисполнување на уставните обврски.
Србија ја подигна борбената готовност на своите сили на највисоко ниво, по немирите на северот на Косово.
Русија тврди дека спречила напад со дронови врз нафтена рафинерија

Руските системи за противвоздушна одбрана уништија неколку беспилотни летала додека се приближуваа до рафинеријата за нафта Илски во регионот Краснодар, соопштија официјални лица.
Овој руски регион се наоѓа во близина на Црното Море.
„Неколку беспилотни летала се обидоа да се приближат до територијата на нафтената рафинерија Илски во Краснодарската територија“, соопштија регионалните власти за вонредни состојби во објава на Телеграма
„Сите овие беспилотни летала се уништени, а рафинериската инфраструктура не е оштетена.“
Руските власти не кажаа кој го извршил нападот, а Ројтерс не може самостојно да ги потврди руските тврдења.
Еден ден претходно Москва објави дека Украина нападнала нафтовод на руска територија.
Киев речиси никогаш јавно не ја презема одговорност за нападите во Русија или на териториите под руска контрола во Украина.
Рафинеријата Илски, лоцирана во близина на пристаништето Новорисиск на Црното Море, има производствен капацитет од 6,6 милиони тони годишно. Оваа рафинерија овој месец беше цел на неколку напади.
Пригожин - функциоенри на Кремљ забрануваат државните медиуми да известуваат за Вагнер

Најмоќниот руски платеник на 28 мај изјави дека е убеден дека високи функционери на Кремљ забраниле известување за него на државните медиуми, предупредувајќи дека таквиот погрешен пристап ќе доведе до реакција од рускиот народ за неколку месеци.
Евгениј Пригожин, основачот на платеничката група Вагнер, е највпечатливиот член на кругот на претседателот Владимир Путин кој се здоби со широка слава во 15-месечната војна во Украина.
Пригожин го презеде украинскиот град Бахмут претходно овој месец, но неговата улога во победата беше омаловажена на државната телевизија.
Запрашан за она што изгледа како забрана за негово покривање на државните медиуми, Пригожин употреби низа руски поговорки за да се потсмева на одговорните: „Она што е забрането е секогаш послатко“.
„Вагнер не е парче лизгав сапун што бирократите се навикнаа да го туркаат насекаде; Вагнер е шило, шило што не можете да го скриете“, рече Пригожин. „Апсолутно сум убеден дека тие го забранија (покривањето).“
„Тоа што бирократите на високо ниво, токму тие кули на Кремљ, се обидуваат да им ги затворат устите на сите за да не зборуваат за Вагнер, само ќе му дадат уште едно подбутнување на народот.“
Таквиот пристап, рече тој, ќе предизвика реакција кај рускиот народ.
„Долгорочно - долгорочно е два или три месеци - тие ќе добијат шлаканица од народот затоа што се обиделе да им ги затворат устите и ушите на сите“, рече Пригожин.
Прв комерцијален лет на кинескиот патнички авион C919

Патничкиот авион со тесно тело C919 развиен и произведен во Кина успешно на 28 мај го заврши својот прв комерцијален лет од Шангај до Пекинг, потврдувајќи го официјалниот влез на кинескиот авион на пазарот на цивилна авијација.
Летот MU9191 на China Eastern Airline полета од меѓународниот аеродром во Шангај со 128 патници, пишува BBC.
Летот траел нешто помалку од три часа, а по слетувањето на меѓународниот аеродром во Пекинг, авионот и патниците биле пречекани со млаз водени топови.
C919 е првиот кинески млазен авион развиен во согласност со меѓународните воздухопловни стандарди и има независни права на интелектуална сопственост.
Проектот беше лансиран во 2007 година, а беше развиен во проектните канцеларии на комерцијалната авиокомпанија China, Ltd. (COMAC).
Првиот C919 излезе од производната линија во Шангај во ноември 2015 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг го поздрави проектот како триумф на кинеската иновација.
Кинеските медиуми објавија дека авионот C9191 е симбол на индустриската сила и националната гордост на Кина.
Украина бара од Германија проектили со долг дострел „Таурус“

Украина побара од Германија да ѝ достави крстосувачки ракети Таурус, оружје кое се лансира од воздух со дострел од околу 500 километри, изјави портпаролот на Министерството за одбрана во Берлин.
Германија го доби барањето пред неколку дена, рече портпаролот
на 27 мај, потврдувајќи го извештајот на Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Таа одби да даде дополнителни детали или да каже колку е веројатно Германија да ги испорача ракетите на Украина.
Доколку ги испорача ракетите, Германија ќе ги следи стапките на Британија, која претходно во мај стана првата земја што јавно му обезбеди на Киев крстосувачки ракети со долг дострел.
Соединетите Американски Држави досега одбиваа да ѝ снабдат на Украина ракети од армискиот тактички ракетен систем (ATACMS) со дострел од 297 километри поради загриженоста дека Украина би можела да ги искористи за да нападне внатре во меѓународно признатите граници на Русија.
Украина со месеци бараше ваков вид оружје, но поддршката од западните сојузници се фокусираше на оружје со помал дострел.
Таурус е направен од европскиот производител на ракети МБДА и има слични карактеристики на британскиот Storm Shadow.
Може да се користи за гаѓање цели со висока вредност, војници или депонии за гориво длабоко зад фронтот и има способност да уништува зацврстени цели како што се бункери закопани длабоко под земја.
Мирна состојба во општините на северот на Косово

Косовската полиција соопшти дека состојбата е мирна во општините на северот на Косово, населени со мнозинско српско население.
Ветон Елшани од косовската полиција за Радио Слободна Европа изјави дека состојбата на север е стабилна и дека полицајците се уште престојуваат во близина на зградите на општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Тој додаде дека во текот на ноќта немало никакви инциденти.
Во овие општини живее мнозинско српско население, а на 26 мај се обииоа да го спречат градоначалникот да влезе во неговиот кабинет.
Тие ги бојкотираа и локалните избори на 23 април и сега не прифаќаат градоначалници од редовите на албанската заедница.
Но, градоначалниците сепак дадоа заклетва на 26 мај, а еден ден подоцна, со помош на косовската полиција, влегоа во општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Тоа предизвика незадоволство кај локалното српско население и во еден момент тензиите се зголемија и дојде до судир со полицијата.
Полицијата употреби шок бомби и солзавец за да ги растера демонстрантите, додека локалните Срби фрлаа камења кон полицијата.
Пукање имаше и во Звечан. За време на судирите изгореа неколку полициски автомобили, додека петмина полицајци беа повредени.
Властите во Косово ја бранеа својата одлука да им дозволат на новите градоначалници на северот да влезат во нивните канцеларии.
Меѓутоа, меѓународниот фактор го опиша како „присилен влез“, осудувајќи ги постапките на Приштина.
Досега во овие згради функционираа привремените општински власти кои работат во српскиот систем.
Втор круг претседателски избори во Турција

Над 64 милиони гласачи во Турција в недела на 28 мај повторно излегуваат на претседателски избори.
Првиот круг од изборите се одржа на 14 мај, кога ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите. Двајцата главни кандидати, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган и главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу денеска одат во вториот круг од изборите.
Гласањето за турската дијаспора заврши и во Анкара веќе пристигнаа милион и пол гласови од странство.
Претседателот Ердоган водеше во првиот круг со два и пол милиони гласови пред опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, кој е поддржан од шест партии.
Резултатите ја покажаа целата нестабилност на предизборните прогнози. Иако на Киличдароглу најмногу му се даваше предност, се покажа дека Ердоган за малку не стана нов/стар претседател и дека неговата партија, заедно со ултранационалистичката партија МХП, остана најсилна во турскиот парламент.
Во меѓувреме, меѓу двата изборни круга, третиот претседателски кандидат во тоа време, Синан Оган, најави дека ќе го поддржи Ердоган, што му дава предност на долгогодишниот турски лидер во сегашните прогнози.
Додека Ердоган нуди стабилност, силен лидер за силна Турција, со слоганот „Вистинскиот човек во вистинско време“, Киличдароглу радикално ја промени својата стратегија меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори.
Пред првиот круг вети дека ќе ги отвори рајските порти, а по 14 мај, вели, ако победи, ќе ги затвори портите на пеколот. Тој вели дека е најголемиот националист во Турција.
Турција се справува со висока инфлација, девалвација на лирата, последици од земјотреси и милиони бегалци, повеќе од 3,5 милиони само од Сирија.
На 14 мај актуелниот турски претседател освои 49,5 отсто, а Кличдароглу речиси 45 отсто од гласовите.
Претседателските избори ќе одлучат не само кој ја води Турција, туку и како ќе се управува и каде ќе се движи нејзината економија во услови на длабока криза за трошоците на животот.
Бајден и Мекарти постигнаа договор за зголемување на лимитот на јавниот долг на САД

Претседателот на САД Џо Бајден и лидерот на републиканското конгресно мнозинство Кевин Мекарти постигнаа начелен договор за зголемување на лимитот на јавниот долг од 31.400 милијарди долари.
Договорот беше објавен без прослава, што отсликува колку тешки биле разговорите и дека договорот допрва треба да помине низ Претставничкиот дом и Сенатот, пишува Ројтерс.
„Само што го завршив телефонскиот разговор со претседателот. По неколку месеци кога тој губеше време и одбиваше да преговара, денеска постигнавме начелен договор достоен за американскиот народ“, рече Мекарти доцна навечер во саботата.
„Договорот е важен чекор напред, но е и компромис. Тоа значи дека нема секој да го добие она што го сака. Тоа е одговорност на владеењето“, рече Бајден.
Со договорот на две години ќе се зголеми законскиот лимит на јавниот долг, кој сега изнесува 31.400 милијарди долари.
Сè уште треба да се разработат некои детали, но Мекарти очекува законот да биде напишан во недела, за да може да се гласа во среда.
Тој за новинарите изјави дека договорот вклучува историско намалување на јавната потрошувачка и додаде дека нема да има нови даноци и нови владини програми.
Доколку Бајден и Мекарти не постигнаа договор за зголемување на плафонот на долгот, САД можеа да се најдат во ситуација кога доцнат или не можат да ги исполнат финансиските обврски, без разлика дали се однесуваат на платите, пензиите или бенефиции.
Според економистите, ова невидено сценарио би било синоним за голема рецесија и колапс на пазарот во САД, со можна „зараза“ која би се проширила на глобалната економија.
Бајден, Мекарти и нивните тимови мораа многу внимателно да бараат компромис, за да го поминат низ поделениот Конгрес.
Републиканците на Мекарти имаат мнозинство во Претставничкиот дом (222-213), а демократите на Бајден го контролираат Сенатот со тесна разлика (51-49).
Најтешко ќе биде да се задоволи десното крило на Републиканската партија, кое сака остри кратења на јавната потрошувачка, и левото крило на Демократската партија, кое би го намалило долгот со повисоки даноци за богатите и компаниите.
Масовен руски напад со дронови врз главниот град на Украина

Русија изврши нов масовен напад со беспилотни летала врз украинскиот главен град Киев, при што загина најмалку едно лице, соопштија локалните власти.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека еден маж загинал кога остатоци од дрон паднале во близина на бензинска пумпа, а една жена била повредена.
Севкупно, Русија лансираше 54 таканаречени беспилотни летала камикази кон украинските цели, од кои 52 беа соборени, објави украинското воздухопловство.
Само во Киев беа соборени повеќе од 40 дронови, соопштија официјални лица, пишува Би-би-си.
Оваа информација не е независно потврдена.
Русија, која ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година, ги засили своите напади врз Киев во последните недели, настојувајќи да ја совлада одбраната на главниот град.
Рано во неделата, предупредувањата за воздушни напади беа активирани во 12 региони на Украина, од Волин на северозапад до Дњепропетровск на југоисток.
Во објава на социјалните мрежи, Кличко ги повика жителите на Киев да „останат во засолништа“, предупредувајќи на бранови напади со беспилотни летала и „тешка ноќ пред нас“.
Тој рече дека најмалку две високи згради во различни области на главниот град биле запалени откако биле погодени од фрагменти од дрон.
Киевските власти, исто така, известија дека магацините во јужниот кварт Холосиевски се запалени. Ангажирани се работници за итна помош.
Последниот напад доаѓа додека жителите на градот го одбележуваат годишниот Ден на Киев - популарен празник во мирни времиња.
Имаше извештаи и за експлозии во градот Житомир, западно од Киев.
Алармот подоцна беше укинат во главниот град и низ целата земја.
Во своите неодамнешни напади, Русија користеше таканаречени беспилотни летала камикази, како и опсег на крстаречки и балистички ракети.
Нападите се случија пред општо очекуваната украинска контраофанзива.
Во саботата, еден од највисоките украински безбедносни функционери изјави за Би-Би-Си дека земјата е подготвена да започне таква операција.
Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, изјави дека офанзивата за враќање на територијата од окупациските сили на претседателот Владимир Путин би можела да започне „утре, задутре или за една недела“.
Украина со месеци планира контраофанзива. Но, таа сакаше што е можно повеќе време да ги обучи војниците и да добие воена опрема од западните сојузници.
Во меѓувреме, руските сили подготвуваат одбрана во окупираните региони на југоисточна Украина.
Нестабилно време, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец, а попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Наместа ќе има краткотрајно невреме со силен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната од 18 до 28 степени Целзиусови.
Во Скопје претпладне ќе биде променливо облачно со слаб до умерен северен ветер.
Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде 13, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно и топло време, во попладневните часови ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Наместа процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со поинтензивен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
На протестот „против насилството“во Белград, демонстрантите го опколија РТС

Десетици илјади граѓани го опколија јавниот сервис на Радио и телевизија на Србија (РТС) во центарот на Белград, на нов протест под слоганот „Србија против насилството“.
Според новинарите од терен, на протестот се слушаат повици за оставки од функционери.
На протестот повика дел од опозицијата, критикувајќи ја реакцијата на власта по двете масовни убиства што се случија на почетокот на мај во Србија, во кои беа убиени 18 лица.
Поради големиот број насобрани луѓе, поместена е заштитната ограда околу зградата на Собранието, за учесниците на протестот да можат да се пробијат до зградата на РТС.
Организаторите во своите изјави повикаа на мирна прошетка.
Насобраните граѓани повремено извикуваат „Оставка“ и „Вучиќ си оди“.
Целта на одење до зградата на јавниот медиумски сервис, како што претходно најавија организаторите, е да РТС известува за протестите и за упатените барања. Јавниот сервис ја започна својата централна информативна програма вечерта на 27 мај со прилог од протестот.
Меѓу барањата се и разрешување на министерката за полиција Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин.
Тие бараат и замена на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го прекршуваат кодексот и одземање на националните фреквенции од телевизиите Пинк и Хепи.
Како одговор на убиствата, државата покрена акција за одземање оружје од граѓаните, а беше зголемена и безбедноста околу училиштата.
Министерот за образование Бранко Ружиќ поднесе оставка.
Властите по барање на опозицијата свикаа посебна седница на Собранието на која се расправаше за безбедносната состојба, а на барање на демонстрантите беше најавено укинување на реалното шоу кое промовира насилство.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги критикуваше протестите, нарекувајќи ги политизација на трагедијата. Но, рече и дека е отворен за дијалог со опозицијата.
Тој ги одби и бараните замени на функционери.
На 3 мај 13-годишен ученик уби осум ученици и еден чувар и рани шест ученици и еден наставник. Едно повредено девојче подоцна почина и таа е десеттата жртва.
Напаѓачот беше сместен на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци во Белград.
Еден ден подоцна, на 4 мај, во селата Мало Орашје и Дубона во близина на Белград, 21-годишен напаѓач уби осум, а рани 14 лица. Напаѓачот е уапсен и го признал делото.
Мицкоски прифаќа средба со Ковачевски, но бара и разговори за „што по неуспехот на уставните измени“

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски е подготвен да разговара со премиерот Ковачевски кога станува збор за националните и државни интерси, но тој бара да разговараат и за тоа што ќе се прави во периодот по неуспехот на уставните измени.
„Доколку постои желба за национално единство и слушање на гласот на мнозинството, прифаќаме лидерска средба на која треба меѓудругото да се види што ќе се прави во периодот по неуспехот на тие уставните измени и иднината на граѓаните која треба да се обезбеди“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа откако претходно премиерот Димитар Ковачевски рече дека во наредните дестина дена ќе го покани на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која би разговарале за носење на одуки за интеграцијата на Северна Македонија и за усогласување на ставовите за односите со соседните земји.
„Јас планирам и да го поканам во текот на наредните 10 дена на средба на која што ќе разговараме за две теми. Првата тема ќе биде носењето на одлуки потребни за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и второ, усогласување на ставови за односи со сите соседни држави на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Владата од понеделник ќе ја разгледува Предлог - иницијативата за уставни измени изработена од страна на Работната група, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, откако вчера ова тело ја усвои Предлог иницијативата и ја достави до Владата.
Работната група на 26 мај ја усвои Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Предлогот ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.
Во работната група за уставните измени не членуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои се противат на ваквите измени.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете