Достапни линкови

Дезинфекцијата е нужна, но да се внимава на отровните материи


Дезинфекција во Тетово.
Дезинфекција во Тетово.

Пожарникарите и комуналните службеници од Тетово постојано дезинфицираат јавни објекти од кога почна пандемијата на коронавирус. Експертите велат дека тоа е нужно, но треба да се внимава на отровните материи од препаратите.

Од март кога започна пандемијата на ковид-19, градските јавни средини се подложни на дезинфекција како начин на намалување на ширење на вирусот. Иако постојано се извршува оваа превентивна дејност во Тетово, како и во сите градови, сепак најголемиот број позитивни случаи се во последните месеци од годината.

Тетовските пожарникари и вработените во комуналното претпријатие, кои се ангажирани за спроведување на дезинфекцијата на јавниот простор, објаснуваат дека без прекин се извршувале овие активности во текот на годината.

„Се работи, ние дезинфицираме. Најмногу ноќе излегуваме. Дезинфицираме објекти, школи, градинки. Сè зависи од нас, да не испадне некој пожар. Ова е друга работа. Но, константно работиме и со ова, дезинфекција. Нон стоп, значи, институциите, школите, црквите, џамиите, внатрешно и надворешно сме ги дезинфицирале и продолжуваме со дезинфекција. Каде што има потреба таму и одиме. За надвор користиме Бактосал, а за внатрешно мултисепт форте“, изјави Ука Алити, командант на тетовската пожарна.

Доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје, кој е специјалист по хигиена и здравствена екологија, вели дека со почетокот на пандемијата било целисходно да се дезинфицираат јавните површини. Но, сепак предупредува дека треба да се внимава со овие средства поради опасност по природната околина.

„Сега во зимскиот период кога имаме огромен број на заболени некаде целисходно е да се дезинфицираат јавните површини. Но, знаејќи дека најчесто се врши со хлорни препрати, а самиот хлор е отров кој делува и ја уништува и деградира животната средина, мислам дека поголем процент, некаде 55 проценти би била придобивката од дезинфекција на јавните површини отколку штетното дејство. Лично мислам дека подобро би било пред секоја јавна установа, да постои онаа дезинфекциона бариера“, истакна д-р Давидовски.

Со оглед на широко распространетата трансмисија на вирусот, и покрај дезинфекцијата на јавниот простор, докторот посочува дека придржувањето до личните превентивните мерки во голема мера ќе придонесе за поголема заштита на населението од ковид-19.

XS
SM
MD
LG