Достапни линкови

Вести

Протести во Молдавија за нови парламентарни избори

Учесници на протестите во Кишињев.

Илјадници демонстранти излегоа на улиците во Молдавија барајќи оставка од Владата и одржување на предвремени парламентарни избори. Демонстрантите се собраа на плоштадот пред зградата на парламентот во Кишињев извикувајќи пароли од типот „Ние сме народот!“

Протестот го свика новоизбраната претседателка Маја Санду, која се залага за поблиски врски со Европската унија, откако законодавците го усвоија предлог-законот за трансфер на контролата врз агенцијата за разузнавање на земјата од претседателот на парламентот.

Неколку илјади луѓе на 3 декември протестираа против одлуката, која беше донесена откако Санду го победи актуелниот претседател Игор Додон, поддржан од Русија, на претседателските избори минатиот месец.
Санду и нејзините приврзаници велат дека целта била да се намали претседателската функција пред таа да ја преземе и да се зајакне парламентот, каде про-московските социјалисти заедно со Додон имаат повеќе моќ од опозицијата

„Игор Додон не сака да го признае поразот“, им рече Санду на учесниците на протестите. „Тој сега сака да ја запали земјата, да предизвика хаос, да ја одведе Молдавија во меѓународна изолација!“

Уставниот суд се очекува официјално да ја потврди нејзината изборна победа на 10 декември, а нејзината инаугурација е закажана за две недели подоцна.

види ги сите денешни вести

Заев: Сакаме за четири години просечната плата да стаса до 34.000 денари

Зоран Заев

Имаме раст на просечната нето плата во ноември, наша цел се достоинствени плати и подобар животен стандард за граѓаните. Владата е посветена на покачување на платите до 34.000 денари во следните четири години, објави денеска премиерот Зоран Заев.

„Имаме раст на просечната нето плата од 7% во ноември 2020, во однос на истиот месец 2019 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2020 година, изнесувала 27.588 денари. Ваквото зголемување се должи на зголемувањата на платите во наведениот период во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита (11,2 %), Образование (9,5 %), Информации и комуникации (9,4%), Земјоделство, шумарство и рибарство (8,5%), Преработувачката индустрија (7,3%), како и во други бројни дејности“, напиша Заев на неговиот фејсбук профил.

Индија - Пожар во фабрика на најголемиот светски производител на вакцини

Фотографија од пожарот во Институтот за серуми во Пуна, Индија (СИИ)

Во производствен капацитет што му припаѓа на најголемиот светски производител на вакцини, Институтот за серуми во Индија (СИИ), денеска избувнал пожар. Службите за итни случаи биле повикани во фабрика на СИИ во Пуна по избувнањето пожар на петтиот кат. Менаџментот на компанијата изјави дека производството на вакцини против Ковид-19 не е засегнато.

Извршниот директор Суреш Јадхав потврди дека објектот се користи за производство на вакцината BCG, што се користи првенствено против туберкулоза. СИИ е најголемиот светски производител на вакцини и во моментот масовно ја произведува „ковишилд“, вакцината против Ковид-19 на „Астра зенека“. Јадхав потврди дека објектот во кој се произведува „ковишилд“ е далеку од пожарот.

Бројот на загинати во двата бомбашки напади во Багдад се искачи на 73

Фотографија од местото на бомбашките напади во Багдад

Бројот на загинати во двојниот самоубиствен бомбашки напад што денеска претпладне се случи во Багдад, Ирак, се искачи на најмалку 28. Бројот на повредени порасна на 73 лица. Нападот беше изведен денеска на раздвижена трговска улица со пазар во срцето на Багдад, соопшти ирачката војска.

Бригадниот генерал Хазем ал-Азави, директор на оперативната команда во Багдад, за Ирачката новинска агенција (ИНА) изјави дека „двојна експлозија” го погоди преполниот пазар во областа Баб ал-Шарџи во близина на плоштадот Тајаран.

Медицински извори за новинската агенција АФП изјавиле дека стравуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми. Министерството за здравство соопшти дека мобилизирало медицински лица во главниот град за да одговорат на смртоносниот напад.

Воениот портпарол Јахја Расул изјави дека двајца бомбаши-самоубијци го активирале експлозивот додека биле гонети од припадници на безбедносните сили. Новинарот на АФП од местото на настанот соопшти дека бомбашите нападнале огромен отворен пазар за половна облека на плоштадот Тајаран.

Британија кривично гони 6.500 луѓе поради насилство поврзано со Ковид-19

Илустрација - Полиција и граѓани на новогодишната ноќ во Лондон

Обвинителството во Велика Британија денеска соопшти дека од март до август минатата година, кога беше воведен карантин поради Ковид-19, кривично се гонети 6.5000 луѓе поради насилство и кршење на рестриктивните мерки, од кои поголем број случаи се за напади врз полицајци, пренесе новинската агенција Ројтерс.

Обвинителството објави дека 1.688 луѓе се обвинети поради напади врз полицајци и други претставници на итните служби. Во голем број случаи напаѓачите кашлале, плукале или ги гризнале полицајците, а и ги гаѓале со тешки предмети при приведувањето поради непочитување на правилата. Уште 1.200 луѓе се обвинети од почетокот на на април до крајот на септември за кршење на правилата за запирање на ширењето на Ковид-19.

МВР ќе поднесе пријави за 49 капачи за Водици од Охрид

Илустрацја

Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе им поднесе пријави на 49 лица кои го одбележаа празникот Водици со капење во Охридското Езеро, и покрај забраната на организирано прославување поради пандемијата со ковид-19.

Според МВР вчера кај месноста „Сараиште“ во Охрид, забележана била поголема група граѓани кои биле легитимирани од страна на полицијата.

„Поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „непостапување по здравствени прописи за време на епидемија“, полицајците ги провериле овие 49 лица и по целосно документирање, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава“, соопштија од МВР.

Ден претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека зборувале со Македонската православна црква и дека полицијата има посебен план за празникот Водици за да нема собири и дека секој кој ќе ги прекрши мерките ќе сноси последици.

Собранието го изгласа законот за попис

Собранието денеска, со 62 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, го усвои Законот за попис на населението и домаќинствата, кој треба да се одржи во април годинава. Расправата за законот заврши на 15 јануари, но тогаш немаше кворум за гласање, па денеска беше обезбеден кворум и пратениците го исгласаа законот.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешното гласање не беа во салата. Тие претходно најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за поништување на овој закон, доколку биде донесен.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека „треба да се олабавиме сите за пребројувањето на населението, зашто стекнатите граѓански права на малцинските народи остануваат и само може да се развиваат натаму“.

Завршни зборови на Фетаи за „Монструм“: Ништо помалку од доживотен затвор

Архивска фотографија од едно од минатите рочишта за случајот „Монструм“ - Обвинителите Фатиме фетаи и Гаврил Бубевски

Обвинителката Фатиме Фетаи, која го застапува случајот „Монструм” за петкратното убиство кај Смилковско езеро, денеска во завршните зборови му докажуваше на судот дека возилото „опел омега” било употребено за транспорт при извршување на петкратното убиството на Смилковското Езеро. Таа посочи дека возилото не било на МВР, како што тврдеше еден од сведоците во постапката. Обвинителката докажуваше и дека телата на убиените не биле донесени на Смилковското Езеро, како што беше тврдено во текот на постапката и јавноста.

„Се лиферуваа информации дека младите момчиња биле во блиски контакти со ќерката на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, па затоа се случил настанот“, рече Фетаи, која образложи дека „немало индиции, ниту се докажало дека убините се познавале со неа, ниту дека имале контакти, а најмалку дека поради тоа се лишени од живот“.

„Вишок е само тоа дека „на свиреп и подмолен начин“ било извршено убиство. Да се разбереме, овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор“, рече Фетаи во завршните зборови.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро настрадаа четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Денеска обвинителката Фетаи пред судот се откажа од гонење на обвинетиот Самир Љута, кој претходно беше осуден за кривично дело “тероризам”, бидејќи за него, како што рече, нема докази со кои би се потврдило дека тој сторил било какво кривично дело. За обвинетите Фејзи и Хаки Азири, обвинителката го преиначи делото и наместо за тероризам, тие се гонат за помагање при извршување на кривично дело.

Назначувањето на Бајден беше следено во цел свет, освен во Туркменистан

Илустрација - Фотографија од туркменистанскиот претседател Гурбангули Бердимухамедов и неговиот внук Керим на планинска прошетка, објавена на еден од официјалните државни интернет сајтови

Инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон беше следена во земјите низ целиот свет. Но, и не во Туркменистан. Државните медиуми и веб-страниците за вести кои се нарекуваат полуофицијални, во строго контролираната централноазиска држава не спомнаа ништо за вчерашниот настан во Вашингтон, јавуваат дописниците на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Оваа тишина е спротивна на претходните изјави на авторитарниот претседател на Туркмнистан, Гурбангули Бердимухамедов, за 46-от претседател на Соединетите американски држави.

Бердимухамедов на крајот на ноември му испрати писмо на Бајден со кое му ја честиташе изборната победа, велејќи дека тој е „убеден дека пријателството, меѓусебното разбирање и заинтересираното партнерство меѓу Туркменистан и САД ќе продолжат да се зајакнуваат во корист на народите обете земји “.

Владините критичари и групите за човекови права велат дека владата на Бердимухамедов ги потиснала медиумите и неистомислениците и направила измени во ограничувањата, откако тој дојде на власт по смртта на автократот Сапармурат Нијазов во 2006 година.

Мицкоски: Поддршка од Јанша за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ

Александар Николоски, Христијан Мицкоски и Јанез Јанша на средба во Љубљана, јануари 2021

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека на средбата со словенечкиот премиер Јанез Јанша била потенцирана недвосмислената поддршка која Македонија ја доби од Словенија во рамките на евроинтегративниот процес и недвосмислената поддршка за ВМРО-ДПМНЕ.

„Заклучивме дека во периодот кој следи уште повеќе ќе ги надополниме и интезивираме врските помеѓу двете сестрински партии ВМРО-ДПМНЕ и Словенечката Демократска Странка“, изјави Мицкоски по средбата со Јанша на која го придружуваше потпретседателот на партијата, Александар Николоски.

На средбата, како што истакна лидерот на опозициската партија, било разговарано за актуелните случувања во нашата земја со главен фокус на корупцијата и невладеењето на правото.

Според информациите од ВМРО-ДПМНЕ, оваа среба била дел од мини-дипломатска турнеја на која Мицкоски лобира за Македонија и во чии рамки завчера се сретна и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Обвинение за лицата кои во автобус на ЈСП се закануваа со ставање патници во киселина

Илустрација - Автобус на ЈСП Скопје

Скопското обвинителство денеска информираше дека поднело обвинение за двајцата насилници кои пред десетина дена во автобус на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) се закануваа дека ќе стават патници во киселина. Според обвинението, тие се товарат дека на 5 ноември 2020 година, околу 17.30 часот, во автобус „7“ на ЈСП, грубо ги навредиле и ја загрозиле сигурноста на возачот и на патниците во автобусот. Обвинети се за насилство.

„Обвинетите влегле во автобусот кај автобуската станица Рекорд без да носат заштитни маски, на што реагирале патниците предупредувајќи ги да носат заштита опрема. Тогаш обвинетите започнале грубо да ги навредуваат патниците и да ја загрозуваат нивната сигурност, велејќи им дека ќе ги убијат и ќе ги стават во киселина. Потоа му се обратиле и на возачот на автобусот со барање да запре и да ја отвори вратата за да излезат пред да стаса на следната автобуска постојка. Возачот не ја отворил вратата, по што обвинетите продолжиле со грубо навредување и загрозување на неговата сигурност, му се обраќале со висок тон и удирале по внатрешноста на возилото“, соопшти Обвинителството.

За 24 часа во Македонија 358 казни за неносење заштитна маска

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, регистрирани се 358 прекршоци по однос на мерката за носење лична заштита на лице, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

И во денешното соопштение од МВР се апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19. Казната за непочитување на мерката за задолжително носење маска изнесува 20 евра.

Најмалку седум мртви во два бомбашки напада на пазар во Багдад

Ирачките безбедносни сили го обезбедуваат местото каде беа изведени нападите

Два самоубиствени бомбашки напади го потресоа Багдад, убивајќи најмалку седум лица, а ранети над 25 други, јавија полициски службеници и државната телевизија. Официјалните лица соопштија дека две експлозии на 21 јануари погодија фреквентен пазар на плоштадот Тајаран, во центарот на ирачката престолнина. Државната телевизија објави дека станува збор за самоубиствен бомбашки напад. Многу од ранетите се во сериозна состојба и се чини дека штетата е голема. Официјалните лица зборуваа под услов на анонимност, во согласност со прописите.

Ниту една група не презеде веднаш одговорност за нападот. Во минатото се користеа самоубиствени напади од милитантни групи како што е Исламската држава.

По повеќегодишно смртоносно секташко насилство, самоубиствените бомбашки напади станаа релативно ретки во Багдад. Последниот ваков напад се случи во јуни 2019 година и загинаа неколку лица. Ирак ја прогласи ИД за поразена на крајот на 2017 година по тригодишна кампања, но групата продолжи да работи во пустински и планински области.

Предлог- законот за попис на гласање во Собранието

Собрание на Република Северна Македонија

Собранието денeска треба да одржи продолжение на 29-та седница, на кое се очекува да се гласа за Предлог- законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021, по скратена постапка.

Расправата за Предлог- законот во Собранието, со кој треба да се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари. Тогаш беше најавено дека за законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.

Освен владејачката коалиција, поддршка за законот најавија и од опозициските партии на Албанците- Алијансата за Албанците и Алтернатива, а против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе бара негово поништување преку собирање граѓански потписи.

Угостителските објекти од денеска работат до 21 часот

Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Рестораните и угостителските објекти од денеска ќе работат до 21 часот, со што престанува да важи одлуката што беше во сила во изминатиот месец за работа до 18 часот, по препораката на Комисијата за заразни болести за да се спречи групирање во празничниот период и ширење на вирусот Ковид-19.

Следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот, но, како што рече вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, секоја мерка што се носи мора да оди паралелно со примарната цел, а тоа е здравјето на граѓаните.

Независната угостителска комора, пак, чека покана за средба со Владата на која и дава рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија.

Бајден потпиша укази со кои се поништени некои одлуки на Трамп

Новиот претседател на САД Џо Бајден

Новиот американски претседател Џо Бајден потпиша укази со кои ја изрази намерата САД повторно да пристапат кон Париската спогодба за климата и во Светската здравствена организација (СЗО). Неколку часа по преземањето на должноста, Бајден во Овалниот кабинет на Белата Куќа потпиша неколку укази со намера веднаш да поништи повеќе важни одлуки на својот претходник Доналд Трамп.

Трамп во 2018 година донесе одлука за излегување на САД од Париската спогодба за клима, а во 2020 година и од СЗО.

Бајден потпиша и укази за запирање на изградбата на ѕид на границата со Мексико и за укинување на забраната за влез во САД за државјаните на некои земји со муслиманско мнозинско население, кои исто така беа одлуки на Трамп.

Новиот претседател потпиша указ за укинување на дозволата за нафтовод од Алберта во Канада до Тексас, чие завршување Трамп го одобри во 2017 година.

Бајден наложи и продолжување на мораториумот на отплатата на долговите, за да спречи исфрлување од становите на луѓе кои се во тешка економска ситуација поради пандемијата од коронавирусот.

Меѓу другото, новиот шеф на Белата Куќа нареди и задолжително носење маски во федералните објекти, како и формирање федерална канцеларија за координација на одговорот на пандемијата.

Во основните и средните училишта почнува второто полугодие

По тринеделен зимски распуст, основците и средношколците денеска се враќаат на настава- онлајн или во училишните клупи, за да го продолжат второто полугодие од учебната 2020/2021 година.

Според Министерството за образование и наука, комбинираниот модел бил успешно воспоставен во првото полугодие и затоа нема да се менува во вториот дел од учебната година.

Согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), првото полугодие оваа учебна година почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.

Времето променливо облачно и потопло

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер.

Претпладне во западните делови од земјава ќе има услови за повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.

Максималната температура ќе се движи од 3 степени во Маврово до 12 степени во Гевгелија.

Првите потези на Бајден

Џо Бајден, неговиот номиниран кабинет и неговиот преоден тим сигнализираа обемна листа на активности што 46-от претседател на Соединетите Држави планира да ги преземе во првите часови по инаугурацијата на 20 јануари.

Откако водеше кампања за спротивставување на четиригодишната агенда на Доналд Трамп и неговите републикански сојузници, долгогодишниот демократски сенатор и поранешен потпретседател се очекува да потпише повеќе од десетина извршни активности за започнување на брзо напуштање на политиката на неговиот претходник.

Големиот број потписи - во форма на извршни наредби, меморандуми и директиви се во функција на напуштање на некои од политиките на Трамп.

Тие меѓу другото се однесуваат на националниот одговор на пандемијата на ковид 19, енергетиката, животната средина, серија забрани за патувања насочени главно кон муслимански земји и напорите на Трамп за изградба на граничен ѕид меѓу САД и Мексико

Честитки од Заев и Пендаровски до Бајден

USA-BIDEN/INAUGURATION

Премиерот Зоран Заев им го честита стапувањето на должност на претседателот на САД, Џо Бајден и на потпретседателката, Камала Харис. Заев во својата објава на Фејсбук наведе дека им посакува мандат исполнет со успешни политики кои обединуваат и мандат, во кој е сигурен дека американската демократија ќе биде глобален пример што инспирира.

Бајден стана претседател на САД, Трамп замина од Вашингтон

"Претседателе Бајден, се радувам на времето пред нас во кое верувам дека ќе го продлабочиме сојузништвото меѓу Северна Македонија и САД, како и блиските врски и пријателството меѓу нашите меѓу нашите граѓани", напиша Заев на ФБ.

Светските лидери го честитаат стапувањето на должност на Бајден

Претседателот Стево Пендаровски на својот фејсбук профил во честитката до новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, наведе дека САД е нашиот стратешки партнер кој секогаш ја поддржува демократијата во земјава.

"Честитки до новиот американски претседател Џо Бајден. САД се наш стратешки партнер кои секогаш ја поддржувале демократијата во земјава и нашите евро-атлантски интеграции" , напиша на ФБ претседателот Пендаровски.

Неуспешен состанокот на средношколците и министерката Царовска - матурантите на бојкот

Мила Царовска

Состанокот на претставниците на Сојузот на средношколци и министерката за образование и наука, Мила Царовска, заврши неуспешно, па матурантите од утре започнуваат бојкот на наставата и нема да се вклучат на часовите сѐ додека не се прифати нивното барање за кратење на предметите за полагање.

„Министерката Царовска рече дека не може да се промени концептот за полагање на државна матура оваа година, а ние сметаме дека треба да се промени начинот на полагањето за оваа генерација поради пандемијата и начинот на одржување на часовите“, изјави претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.

Средношколците бараат наместо четири, да полагаат два предмети за државната матура - едниот да биде мајчин јазик, а другиот по избор на ученикот согласно неговите планови за понатамошното образование. Претходно денеска, министерката Царовска изјави дека матурантите од оваа година ќе полагаат четири предмети. За в година предвидена е промена на моделот на државната матура и веројатно ќе се полагаат по два предмети, како што сега бараат средношколците.

Светските лидери го честитаат стапувањето на должност на Бајден

Илустрација.

Европските лидери се надеваат на подобрување на односите со Соединетите држави откако Џо Бајден положи заклетва за нов претседател на нацијата.

Поранешниот претседател Доналд Трамп се судри со неговите европски колеги за прашања кои се движат од трговија до трошења во одбраната, а Бајден вети дека ќе ги поправи односите со европските сојузници

Џо Бајден стана 46 претседател на САД

Премиерот на Британија Борис Џонсон изјави дека со нетрпение очекува да соработува со Бајден и со неговата нова администрација, зајакнувајќи го партнерството меѓу двете земји " да работиме на нашите заеднички приоритети- справување со климатските промени, пандемијата и зајакнување на трансатлантска безбедност“ рече Џонсон по инаугурацијата на Бајден.

„Да изградиме нов пакт за посилна Европа, за посилна Америка и за подобар свет“, кажа Чарлс Мишел, претседател на Европскиот совет.

"Силно НАТО е добро и за Северна Америка и за Европа, бидејќи никој од нас не може сам да се справи со предизвиците со кои се соочуваме. Денес е почеток на ново поглавје и се радувам на нашата блиска соработка!" - твитна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Многу ми олесна што Џо Бајден е инаугуриран за претседател денеска и ќе се пресели во Белата куќа“, рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер додавајќи дека американските институции ја докажале својата сила пред „големите тестови“ и „непријателството“ за време на мандат на Трамп.

Пренесувањето на моќта на Бајден носи со себе „надеж дека меѓународната заедница може да работи заедно поблиску и подобро во иднина за решавање на големите проблеми на нашето време“, кажа портпаролот на француската влада Габриел Атал додавајќи дека најавите на Бајден повторно да се приклучат на Светската здравствена организација, што доведува до глобален одговор на пандемијата Ковид-19 и климатскиот договор во Париз се „исклучително важни“ по излегувањето на Трамп од нив.

„Нестрпливи сме да изградиме со претседателот Бајден силна, корисна и обновена врска“, рече Атал по состанокот на владата.

Портпаролот на Кремаљ Дмитриј Песков рече дека Русија ќе се залага за „добри односи со Соединетите држави“, но дали Вашингтон ќе работи кон истата цел, „ќе зависи од Бајден и неговиот тим“.

Иако односите меѓу САД и Русија останаа напнати за време на мандатот на Трамп, тој имаше пријателски лични односи со претседателот Владимир Путин. Трамп ретко го критикуваше Путин за кршење на човековите права или „малигни“ активности кои американските разузнавачки служби и ги припишуваа на Русија, како што се сајбер напади и мешање во избори, велејќи дека тие злосторства може да ги извршиле други држави.

Џо Бајден положи заклетва, стана 46 претседател на САД

US-POLITICS-INAUGURATION

Џо Бајден официјално положи заклетва и стана 46-ти претседател на Соединетите држави. Заклетвата ја положи пред претседателот на Врховниот суд , Џон Робертс. Бајден заклетвата ја положи врз Библијата.

На церемонијата во Вашингтон претходно и Камала Харис како прва жена и прва Афроамериканка ја положи заклетвата за потпретседателка на САД.

Со положување на заклетвата Бајден стана 46-от претседател на Соединетите држави кој ќе го преземе кормилото на длабоко поделената нација која е соочена и со големи кризи како што е пандемијата на коронавирусот.

Нови 72 заразени, починале 13 лица од коронавирус

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во последните 24 часа се направени 793 тестирања, а регистрирани се 72 нови случаи на Ковид-19, починати се 13 пациенти, оздравеле 1023, информира Министерството за здравство.

Од новодијагнозстицираните во: Скопје има 45, Куманово-4, Тетово-4, Гостивар-4, Штип-4, Кавадарци-3, Струга-4, Кичево-1, Свети Николе-1, Неготино-1, Дебар-1.

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 1023 оздравени пациенти.

Починати се 13 лица, четири пациенти од Скопје (74, 69, 93 и 87г), три од Прилеп (69, 76 и 57г), еден пациент од Велес (51г), еден од Неготино (80г), еден од Дебар (71г), еден од Радовиш (66г), еден од Македонски Брод (66г) и еден пациент од Кратово (76г).

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89 463, бројката на оздравени пациенти е 74 800, на починати е 2 739, а бројот на активни случаи изнесува 11 924.

Заев: Однесувањето на опозицијата за пописот е неразумно

Зоран Заев

На прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев денеска изјави дека СДСМ и другите коалициски партнери, вклучувајќи ја и ДУИ, остануваат целосно посветени на успешно спроведување на пописот.

Toј рече дека се надева дека многу скоро во Собранието ќе биде донесен Законот за попис, а однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризира како смешно, неодговорно и неразумно.

Симовски - Пописот треба да ја регистрира реалноста, а дали ќе се допадне некому не ме интересира

Тој дополни дека е убеден во што поскоро носење на законот за попис што е пред гласање во Собранието.

"Жалам само што се докажува неодговорноста на опозицијата што не се воведе онлајн работа на Парламентот, барем за оние пратеници кои се позиивни на Ковид-19 или се во самоизолација. И денеска видовме дека седницата се одлага. Убеден сум дека многу брзо може да се закаже оваа седница и час поскоро да заврши за да се донесе побрзо законот, затоа што после законот има голем број активности во делот на подготовка за спроведување", рече Заев.

Toj повтори дека со попишување по етничка припадност, со пописот ќе се регистрираат резиденти и нерезиденти жители.

"Ги попишуваме сите граѓани. Дефинитивно, меѓуграничната контрола дава можност во секој момент да знае државата, колку од граѓаните се надвор од државата повеќе од една година. Секогаш го имаме тој податок во базите. Граѓаните слободно ја изразуваат својата верска и етничка припадност", вели Заев, повторувајќи дека податоците од пописот се статистички податоци.

Според него, апелите за бојкотирање на пописот е туркање на граѓаните кон одговорност.

"Пописот насекаде во светот, во Европа така и кај нас е одговорност на граѓаните и тоа е регулирано во законот и следуваат казни за одбивање на попишување", рече Заев потенцирајќи дека државноста ја чуваат сите граѓани искажувајќи убедување дека нашиот народ целосно ќе ја исполни оваа обврска.

На новинарско прашање да ја коментира изјавата на пратеникот од ДУИ Арбр Адеми дека ДУИ нема да ги признае резултатите од пописот ако излезе дека Албанците во државава се под 20 отсто од вкупниот број на населението тој рече резултатите од пописот нема да влијаат на стекнатите права.

„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција. Стекнатите права на помалубројните народи се веќе стекнати и нив не смее никој да ги оспорува и назадува, без разлика на резултатите од статистичката операција“, рече Заев.

Силна експлозија во центарот на Мадрид

Експлозија во Мадрид

Најмалку две лица загинаа, а неколкумина се тешко повредени денеска во експлозија која одекна во зграда во центарот на Мадрид, изјави градоначалникот на шпанската престолнина.

„Според првичните информации експлозијата веројатно е предизвикана од истекување на гас во зградата“, изјави градоначалникот Хозе Луис Мартинез-Алмеида пред новинарите на местото на настанот.

Агенциите јавија дека од силината на ударот шест ката од зградата одлетале во воздух.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG