Вести
Денеска протест по изјавата на Заев дека „Бугарија не е фашизам“
По вчерашниот повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во 18 часот од СЦ „Борис Трајковски“ до Влада ќе се одржи протестен авто-марш, како реакција на вчерашното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое тој вели дека со „Бугарија имаме заедничка историја и дека Бугарија не е фашизам“.
Изјавите на Заев наидоа на остри критики во јавноста, а опозицијата побара негова неотповиклива оставка.
- Заев за БГНЕС: Имаме заедничка историја, Бугарија не е фашизам
- Мицкоски: Заев ја негира антифашистичката борба на граѓаните
„Протест сега, за да не биде предоцна! Ако нашите дедовци од 1941 до 1944 година се бореле против „администрација” како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави „терористи” и „престапници”, а не ослободители. Не“, рече Мицкоски.
види ги сите денешни вести
Израел одобри изградба на нови населби на Западниот Брег
Израелскиот кабинет за безбедност одобри изградба на 19 нови населби на окупираниот Западен Брег, потег за кој израелскиот министер за финансии рече дека има за цел да спречи формирање на палестинска држава.
Со оваа одлука вкупниот број на населби одобрени во изминатите три години се зголеми на 69, посочи крајнодесничарскиот министер кој го води израелското министерство за финансии, Безалел Смотрич.
Одлуката доаѓа неколку дена откако Обединетите нации соопштија дека проширувањето на израелските населби на Западниот Брег – кое се смета за нелегално според меѓународното право – достигна рекордно високо ниво од 2017 година.
„Предлогот на министерот за финансии Безалел Смотрич и министерот за одбрана Израел Кац за прогласување и формализирање на 19 нови населби во Јудеја и Самарија е одобрен од кабинетот“, се вели во соопштението, без да се прецизира кога е донесена одлуката.
Смотрич е гласен поборник за проширување на населбите.
„На терен, ние спречуваме создавање на палестинска терористичка држава. Ќе продолжиме да се развиваме, градиме и населуваме на земјата на нашите предци, со верба во праведноста на нашиот пат“, вели тој.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, неодамна го осуди она што го нарекува „непрекинато“ проширување на израелските населби на окупираниот Западен Брег.
Според изјавата на Гутереш претходно овој месец, ова „продолжува да ги поттикнува тензиите, да ги спречува Палестинците да пристапат до нивната земја и да ја загрозува одржливоста на целосно независна, демократска, неделива и суверена палестинска држава“.
Од почетокот на војната во Газа во 2023 година, повиците за палестинска држава се интензивираа, а неколку европски земји, Канада и Австралија неодамна презедоа иницијатива формално да ја признаат таквата држава, предизвикувајќи реакции и осуди од Израел.
Во извештајот на ОН за проширувањето на населбите се вели дека тоа го достигнало највисокото ниво од 2017 година, кога ОН почна да собира податоци за ова прашање.
„Овие случувања дополнително ја зацврстуваат нелегалната израелска окупација, го кршат меѓународното право и го поткопуваат правото на палестинскиот народ на самоопределување“, се вели во извештајот.
Со исклучок на Источен Ерусалим, кој Израел го окупираше и анектираше во 1967 година, повеќе од 500.000 Израелци живеат на Западниот Брег, заедно со околу 3 милиони Палестинци.
Канцеларијата на Смотрич соопшти дека 19-те новоодобрени населби се наоѓаат во области што ги опиша како „високо стратешки“, додавајќи дека две од нив – Ганим и Кадим во северниот дел на Западниот Брег – ќе бидат повторно воспоставени откако беа демонтирани пред две децении.
Пет од 19-те населби веќе постојат, но немаат правен статус според израелскиот закон, се вели во соопштението.
Иако сите израелски населби на палестинските територии се сметаат за нелегални според меѓународното право, некои изградени места исто така се сметаат за нелегални и според израелскиот закон.
Сепак, многу од нив подоцна се легализирани од израелските власти, што предизвикува стравувања од можна анексија на територијата.
Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Израел да не го анектира Западниот Брег.
„Израел би ја изгубил целата поддршка од Соединетите Држави ако тоа се случи“, рече Трамп во неодамнешното интервју за списанието „Тајм“.
Израел го окупираше Западниот Брег во 1967 година, а насилството таму значително се зголеми од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, која започна по нападите врз Израел од страна на Хамас – палестинска група прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.
Протести во Србија: Поддршка за студентите и професорите во Нови Пазар
Илјадници студенти и граѓани од цела Србија излегоа на протест на 21 декември во Нови Пазар, на југозападниот дел од земјата, за да дадат поддршка на академиците кои го блокираат универзитетот во овој град речиси една година.
Под слоганот „Или ние или тие“, студентите на Државниот универзитет во Нови Пазар (ДУНП) бараат смена на сегашното раководство на оваа високообразовна институција и воведување на принудна управа.
Дел од академците ја обвинија универзитетската администрација дека практично ги спречува да запишат нова година во своите студии и оценија дека ова е одмазда поради блокадите што ги одржуваат повеќе од една година, барајќи одговорност од власта предводена од Српската напредна партија (СНС) за смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Некои професори на ДУНП тврдат дека ги изгубиле своите работни места поради нивната поддршка за студентите и критиките кон администрацијата.
„Тука сме поради однесувањето на администрацијата на Универзитетот во Нови Пазар кон студентите и професорите, тие ги трпат последиците затоа што го кренаа гласот за правда и вистина. Го сметам овој град за мој дом, луѓето се гостопримливи, а цела Србија е во Нови Пазар. Нови Пазар денес е еден свет“, рече Сава Николиќ, студент од Ќурија, за Радио Слободна Европа (РСЕ).
На почетокот на протестот, собраните демонстранти со 17-минутен молк им оддадоа почит на загинатите во Нови Сад и на студентот Ернад Бакан од Нови Пазар, кој загина во Белград во март 2019 година кога беше удрен од автомобил на пешачки премин.
По собирот пред зградата на Државниот универзитет во Нови Пазар, тие одржа протестен марш низ улиците на градот. На собирот учествуваа и велосипедисти од неколку градови, од кои најдолгата рута, од 400 километри, ја помина група од Нови Сад.
Од 1 ноември 2024 година, во Србија почнаа масовни протести предводени од студентите, со кои се бара кривична одговорност од Владата на СНС за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад. Владата на СНС негира одговорност и ги отфрла критиките за корупција.
Во изјава за Радио Слободна Европа, ректоратот на Универзитетот ги отфрли обвинувањата дека на студентите им е одбиен упис и дека наставниот кадар е отпуштен поради политички несогласувања.
Жителите на Нови Пазар станаа еден од симболите на студентските протести во Србија кога марширајќи низ земјата ја ширеа пораката за единството во овој град кој е со мнозинско бошњачко население.
Универзитетот во Нови Пазар е единствениот во Србија кој е сè уште физички блокиран. Студентите од другите факултети ги кренаа блокадите на почетокот на есента.
Повеќе од една година, студентите во блокадата, од сите државни универзитети во земјата, бараат одговорност од власта за смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Иако властите ги отфрлија нивните барања, кои вклучуваат распишување предвремени избори и негираа одговорност за несреќата во Нови Сад, академиците рекоа дека својата борба за исполнување на барањата ја продолжуваат на други начини.
Забранет увоз на 22 тони киви од Србија поради ларви и инсекти
Во текот на неделава забранет е увоз на 22,3 тони киви од Србија поради утврдено присуство на ларви и инсекти, информираше Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на 21 декември.
Станува збор за киви кои биле наменети за индустриска преработка, но по проверка од инспектор за храна било утврдено дека тие не се безбедни за увоз и за понатамошна обработка.
„На увозникот му е издадено решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник“, соопштија од АХВ.
Една недела претходно, од Агенцијата соопштија дека спречиле и друг голем увоз на небезбедна храна. Меѓу неа, беа и 26 тони пилешки батаци од Бразил за кои имало ризик од птичји грип.
Како што пишуваше Радио Слободна Европа, во вакви ситуација не постојат санкции за фирмите што увезуваат.
„Оваа фирма не е казнета, затоа што е спречен увозот, на санкции подлежат само оние оператори со храна кои ќе пуштат во промет небезбедна храна“, објаснија тогаш од АХВ за РСЕ.
Според законот, казни од 600 па се до 6 илјади евра може да им се изрече само на фирми кои ставиле во промет небезбедна храна.
Скопје меѓу градовите со најзагаден воздух, откажани авионски летови
Главниот град на Северна Македонија, утрото на 21 декември е меѓу најзагадените градови во Европа и светот. Според податоците што ги објавува, покажуваат податоците на глобалниот сервис IQAir, кој повеќе од 60 години го мери квалитетот на амбиенталниот воздух.
Според мерење во живо, во 10:15 часот на 21 декември, Скопје беше втор најзагаден во Европа, по Краков во Полска, а на 25 место на светско ниво.
Поради густата магла во скопскиот регион, утрото повторно имаше одложувања на полетувања и слетувања на Меѓународниот аеродром Скопје. Според податоците на веб-страницата на скопскиот аеродром, има одложени слетувања, како што се тие од Измир и Истанбул, но и одложени полетувања, меѓу кои и кон Виена.
Од полноќ до 12 часот на 21 декември, биле откажани 20 лета, а еден бил пренасочен.
Од ТАВ Македонија, компанијата која управува со Меѓународниот аеродром Скопје, посочуваат дека согласно временската прогноза од метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во преостанатиот дел од денов, како и во текот на утрешниот ден.
„Сепак, со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција на намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија. За патниците и јавноста повторуваме - Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е отворен, без разлика на временските прилики. Нашиот персонал, со нашата аеродромска опрема и аеродромски системи се подготвени да ги услужат и авионите и патниците“, нагласуваат од ТАВ Македонија.
Слична беше ситуацијата и во текот на претходното деноноќие. Според информациите од компанијата, од полноќ на 20 декември, до 18 часот, беа откажани 16 летови, а 11 беа пренасочени. Кога се подобриле временските услови, само три авиони успеале да слетаат, а исто толку и да полетаат во попладневните часови.
Поради лошиот квалитет на воздухот, Институтот за јавно здравје изминатите денови излезе и со препораки за граѓаните да останат дома ако не мора да излегуваат, да избегнуваат спорт и други активности на отворено, да не отвораат прозорци кога воздухот е загаден, да користат прочистувач за воздух и да носат заштитна маска.
Маските кои ги препорачуваат од ИЈЗ нагласувајќи дека се со докажана ефикасност се N95 и FFP3, а добра алтернатива велат, може да бидат и KN95.
Зеленски вели дека САД предложиле директни разговори со Русија и со Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Вашингтон предложил директни преговори во кои ќе бидат вклучени американски, руски и украински преговарачи - потег што би можел да означи нова фаза во преговорите за завршување на војната во Украина.
„Соединетите Држави ни кажаа дека ќе имаат посебен состанок со руските претставници. Тие го предложија форматот Украина - САД - Русија, а бидејќи се присутни и претставници на Европа, можно е да се вклучи и Европа“, рече Зеленски на прес-конференција во Киев на 20 декември.
Немаше непосредна потврда од Соединетите Американски Држави(САД), од Русија или од европските земји за промена на форматот на преговорите.
Досега, американските претставници главно одржуваа одделни средби со руски и украински претставници, наместо сите три страни да бидат заедно на маса.
Два круга директни преговори во Турција, во мај и јуни, резултираа со договори за размена на затвореници, но без значителен напредок кон решение на конфликтот.
Изјавата на Зеленски доаѓа по уште една недела интензивна дипломатска и воена активност, додека целосната руска инвазија во Украина се приближува кон својата четврта година по почетокот на 24 февруари 2022.
Американските претставници имаа разговори со европски и украински претставници, самитот на Европската унија одобри заем од 106 милијарди долари за Киев, а рускиот претседател Владимир Путин на 19 декември одржа годишна прес-конференција во траење од четири и пол часа на која тврдеше дека Русија напредува на сите фронтови во Украина и не покажа знаци дека прави мировни отстапки.
Конгрес на ДУИ: Ахмети бара Национален договор за напредок
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) го одржа петтиот конгрес на партијата, од кој лидерот Али Ахмети испрати неколку барања: секоја нова Влада да се избира со двојно мнозинство (таканареченo Бадентерово мнозинство), истиот принцип да се применува и при носење одлуки во Уставниот суд, целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години и Национален договор за напредок.
Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство беше воведен со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, за при гласањето за системски закони да се заштитат правата на малцинствата. Тоа значи дека за одредени закони и одлуки не е доволно само просто мнозинство од сите пратеници, туку мора да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други).
Според Ахмети, доколку Владата се бира со двојно мнозинство, тоа ќе ѝ обезбеди „да ужива двоен легитимитет и да биде вистински репрезентативна за сите етникуми“.
Имплементација на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд „ќе го зачува интегритетот на законите што се одобрени со двојно мнозинство, ќе ја зголеми довербата на граѓаните во правдата и ќе спречи каква било форма на институционален мајоризација“, според претседателот на ДУИ.
Ахмети од партискиот конгрес во Скопје побара и продлабочување на децентрализацијата и финансиска независност на општините што би имало за цел „да го консолидира единството на државата“.
Според претседателот на ДУИ, на државата ѝ е потребен еден нов историски договор – национален договор.
„Нашите граѓани бараат повеќе, нашите деца заслужуваат повеќе, затоа дојде време за нов историски договор, договор не за опстанок, туку за напредок, национален договор за напредок. Националниот договор за напредок не е само политички, тој е обврска на сите заедници што живеат во нашата република и на експерти од соодветните области. Договорот е морална обврска, ветување кон нашите деца и визија за земја каде што соништата се остварливи, а достоинството е загарантирано“, рече тој.
Ахмети кажа дека ДУИ поддржува истрага за сите носители на јавни функции во последните 34 години: министри, пратеници, градоначалници, директори, судии, обвинители и припадници на полицијата, проверка на имотот и потеклото на имотот за секој јавен функционер, темелна истрага на процесот на приватизација и истрага за дејствувањето на државните безбедносни служби и нивните службеници од 1945 година до денес.
По петтиот конгрес на ДУИ, се очекуваат значајни промени во раководните структури на партијата.
Ахмети беше реизбран за лидер на партијата.
По парламентарните избори во Северна Македонија во мај 2024 година победи сега владејачките ВМРО-ДПМНЕ која формира влада со коалицијата Вреди, а ДУИ замина во опозиција.
ДУИ, предводена од Али Ахмети, беше формирана во 2002 година и околу две децении беше коалициски партнер на речиси сите главни партии во владите на Северна Македонија.
Одржувањето партиски конгреси е редовна пракса по избори. Последни избори во Северна Македонија беа локалните избори чиј прв круг се одржа на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.
На почетокот на декември, Конгрес одржа и ВМРО-ДПМНЕ, на кој лидерот и премиер Христијан Мицкоски беше реизбран да ја води партијата и во следните четири години.
Опозициската СДСМ исто така најави партиски Конгрес, што уште не е закажан. Партијата одржа состаноци на Централниот на Извршниот одбор при што беше сменето дел од раководството, но лидерот Венко Филипче најави дека ќе продолжи да ја води СДСМ.
Во јануари се очекува и основачки Конгрес на коалицијата Вреди, по најавите дека ќе прераснува во партија.
За 24 часа, втор дрон пронајден урнат во северозападна Турција
Дрон со непознато потекло е пронајден во Турција, помалку од еден ден откако друго беспилотно летало за кое има сомнежи дека е од руско потекло се урна во северозападниот дел на државата, јави агенцијата АФП, повикувајќи се на турски медиуми.
Според неколку независни телевизиски мрежи и весникот „Џумхуриет“, дронот е пронајден на празно поле во близина на градот Баликешир, околу три часа југозападно од Истанбул.
Сè уште нема реакција од турските власти, но телевизиските куќи „Халк ТВ“ и „Хабертурк“ објавија дека дронот е транспортиран во Анкара за анализа.
Инцидентот, трет од ваков вид од понеделникот, доаѓа откако Турција ги предупреди и Русија и Украина да не дозволат нивната тековна војна да се прелее на други места во регионот.
Властите го вперија прстот кон Русија за беспилотното летало откриено на 19 декември во близина на градот Измит, околу 30 километри јужно од Црното Море, каде во последните недели беа извршени напади врз бродови.
Според турското Министерство за внатрешни работи, кое отвори истрага, „се верува дека дронот е од типот Орлан-10 произведен во Русија, кој се користи за извидување и за надзор, според првичните наоди“.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, предупреди дека Црното Море може да стане „зона на конфронтација“ меѓу Русија и Украина, кои ги зафаќаат спротивните брегови на водената површина од Турција.
Од оваа есен, руски дронови нашправија упад во воздушниот простор и на повеќе еверопски држави, меѓу кои Полска, Романија, Естонија, кои се членки на НАТО и на Европската унија.
Пради тоа, на 12 септември објави обид за зајакнување на одбраната во своето таканаречено источно крило, започнувајќи „активност“, наречена Источна стража, која би распоредила дополнителна воена опрема од Велика Британија, Данска, Франција и Германија за да се одврати потенцијална руска агресија.
Маглата одложи неколку слетувања на скопскиот аеродром
Маглата го отежнува авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром во Скопје. Одложени неколку слетувања на авиони од Истанбул и Виена, според податоците од официјалната веб страница на аеродромот.
Одлежено е слетувањето на авион на авион од Истанбул кој се очекуваше во 12.30 часот и на три авиони од Виена кои требаше да слетаат во истото време, 12.30 часот.
Управата за хидрометеролошки работи (УХРМ) утрово најави дека времето во Скопје ќе биде променливо облачно и тивко, со појава на магла.
Според УХМР, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.
Магла со видливост до 50 метри има на патиштата Македонски Брод-Битола-Ресен-Охрид и Дебар, а од 100 до 200 метри на патот Скопје-Куманово-Сарамзалино-Велес-Неготино-Демир Капија, соопшти Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) во пладневниот извештај за состојбата на патиштата.
АМСМ укажува дека на одредени патни правци можна е појава на поситни одрони. Од АМСМ апелираат на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Во сила е законската обврска за задолжително носење зимска опрема во возилата.
Интензивни воздушни напади на САД врз екстремистичката група Исламска држава во Сирија
Силите на Соединетите Американски Држави(САД) спроведоа голема операција против екстремистичката група Исламска Држава (ИД) во Сирија, операција што американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша како „многу сериозна одмазда“ за нападот во кој загинаа тројца Американци - двајца војници и еден цивил.
Вашингтон објави дека напаѓач на ИД го извршил нападот на 13 декември во Палмира, кога беа ранети и тројца американски војници.
„Американските сили спроведоа воздушни напади во Сирија за да ги елиминираат борците на ИД, инфраструктурата и складиштата за оружје како директен одговор на нападот на 13 декември врз американските сили во Палмира, Сирија“, напиша американскиот министер за одбрана Пит Хегсет на мрежата Икс.
„Ова не е почеток на војна, ова е декларација за одмазда“, напиша тој, додавајќи: „Денес ги следевме и убивавме нашите непријатели. Многу од нив, и ќе продолжиме.“
Трамп напиша на својата социјална мрежа „Трут сошиал“ (Truth Social) дека американските сили „се одмаздуваат многу сериозно, како што ветив, против убиствените терористи кои се одговорни“ и дека оние кои ги напаѓаат Американците „ќе бидат погодени посилно од кога било порано“.
Централната команда на САД соопшти дека американските сили „започнале голем напад врз инфраструктурата и објектите за оружје на ИСИС во Сирија“.
Централната команда, исто така, соопшти дека биле погодени „повеќе од 70 цели на неколку локации во Сирија“.
Сириската опсерваторија за човекови права изјави за агенцијата АФП дека најмалку пет членови на ИСИС, вклучувајќи го и водачот на ќелијата, биле убиени во нападите на американските сили ноќта меѓу 19 и 20 декември.
Сириското Министерство за надворешни работи, иако не коментираше директно за нападот на САД, објави на Икс дека земјата е посветена на борбата против ИСИС „за да се осигури дека нема безбедни засолништа на сириска територија“.
Американците убиени во нападот во Палмира минатиот викенд беа Вилијам Хауард и Едгар Торес Товар, наредници на Националната гарда на Ајова како и Ајад Мансур Сакат, цивил од Мичиген кој работел како преведувач.
Нападот во Палмира беше прв инцидент од ваков вид по соборувањето на долгогодишниот сириски владетел Башар ал-Асад во декември минатата година, а портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи, Нуредин ал-Баба, рече дека сторителот бил член на безбедносните сили кој требало да биде отпуштен поради „неговите екстремистички исламистички идеи“.
Во 2014 година, ИД зазеде големи делови од сириската и ирачката територија. Американскиот персонал беше цел бидејќи ги поддржуваше меѓународните напори за пораз на ИД.
ИД е поразена, но сè уште е присутна во Сирија.
Забелешка: Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба во септември 2025 година, со која го смени името на Министерството за одбрана во Министерство за војна, како друг назив.
Руски претставник ќе се придружи на преговорите за Украина во Мајами
Рускиот претставник Кирил Дмитриев се упати кон Мајами, каде што е закажана уште една рунда разговори за решавање на војната во Украина, јави агенцијата АФП.
Украински и европски тимови беа исто така во сончевиот американски град за преговорите со посредство на Стив Виткоф, претставникот на Доналд Трамп и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер.
„На пат кон Мајами“, напиша Дмитриев во објава на мрежата Икс, додавајќи емотикон од гулаб и прикачувајќи кратко видео од утринско сонце што сјае низ облаците на плажа со палми.
„Додека военоподбуцнувачите продолжуваат да работат прекувремено за да го поткопаат мировниот план на САД за Украина, се сетив на ова видео од мојата претходна посета - светлина што се пробива низ облаците од бура“, напиша Дмитриев.
Вклучувањето на Русија и Европа во разговорите претставува чекор напред во однос на претходната фаза, кога Американците водеа одделни преговори со секоја страна на различни локации.
Сепак, малку е веројатно дека Дмитриев ќе одржи директни разговори со украинските и европските преговарачи, бидејќи односите меѓу двете страни остануваат исклучително затегнати, пренесува АФП.
Москва, која испрати војници во Украина во февруари 2022 година, тврди дека вклучувањето на Европа во разговорите само ќе го попречи процесот и има тенденција да ги прикаже лидерите на континентот како про-војнички настроени.
Разговорите овој викенд доаѓаат откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе продолжи со својата воена офанзива во Украина, поздравувајќи ги придобивките на Москва на бојното поле речиси четири години од неговата војна на годишната прес-конференција во петокот, на 19 декември.
Емисарите на Трамп инсистираа на план во кој САД би понудиле безбедносни гаранции за Украина, но веројатно ќе се очекува од Киев да предаде дел од територијата, перспектива на која се противат многу Украинци.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете