Достапни линкови

Вести

Трамп го помилува екс советникот Флин

Мајкл Флин
Мајкл Флин

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, кој во 2017 година се изјасни за виновен за лажење на ФБИ за неговите контакти со Русите. Трамп го објави помилувањето преку твит на 25 ноември, еден ден откако медиумите објавија дека Трамп им рекол на соработниците дека планира да го вклучи Флин во серијата помилувања што ќе ги издаде во последните денови од неговото претседателствување. „Ми претставува голема чест да објавам дека на генералот Мајкл Флин му беше доделено целосно помилување. Честитки за Флин и неговото прекрасно семејство, знам дека сега ќе имате навистина фантастичен Ден на благодарноста! “, напиша Трамп.

Судот се откажа од гонење на поранешниот советник на Трамп

Тајните разговори на Флин со рускиот амбасадор во Вашингтон во декември 2016 година беа камен-темелник на истрагата за мешањето на Москва во претседателските избори во САД во 2016 година и дали имало некаква координација помеѓу кампањата на Трамп и руската влада на изборите. Трамп го отпушти Флин во февруари 2017 година, но претседателот тврди дека истрагата била политички „лов на вештерки“ и дека Флин бил „добар човек“. Флин, пензиониран генерал на Армијата и поранешен шеф на Агенцијата за одбрана за разузнавање, двапати се изјасни за виновен за лажење на ФБИ за интеракциите што ги имал со рускиот амбасадор во Соединетите држави за време на претседателската транзиција кон крајот на 2016 година и почетокот на 2017 година.

види ги сите денешни вести

Боки-13 бара повторување на постапката за случајот „Рекет“

Бојан Јовановски - Боки 13 во судница за случајот „Рекет“, 11 февруари 2020 година
Бојан Јовановски - Боки 13 во судница за случајот „Рекет“, 11 февруари 2020 година

Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 и еден од осудените во случајот Рекет и обвинет во предметот Меѓународен сојуз, денеска (19 април) пред Основниот кривичен суд Скопје поднесе барање за повторување на постапката за случајот „Рекет“ и побара фер, а не брза судска постапка за случајот „Меѓународен сојуз“.

„Меѓународен сојуз е укинат и се надевам и барам само фер судска постапка. Јас моментално сум лице кое е правосилно осудено, но кое доби прекин на издржување на затворската казна поради здраствени причини. Не сакам мојот изглед да биде злоупотребен и јавноста да зборува дека не ми е ништо, туку за моето лошо здравје јас имам целосна документација. Имам индикации дека најверојатно ќе треба да се прави уште некоја интервенција и вакво нешто не посакувам никому“, рече Јовановски.

Во изјава која е прва откако тој доби прекин на издржувањето на затворска казна за случајот „Рекет“ поради здраствени причини, тој меѓудругото рече и дека случајот „Рекет“ не е расчистен, иако за него има правосилна судска пресуда.

„Денеска официјално во Основниот кривичен суд е барање за повторување на кривичната постапка под името „Рекет“. Оваа одредба ја користиме врз основа на нови околности кои не беа земени во предвед во постапката. Рекет не е расчистен, јавноста мора да дознае што се случувало. Зоран Заев тврди дека знаел за Рекет во смисла дека го бранел законот. Заев беше човекот кој комуницираше дирекно со овие лица и беше човек од позиција на моќ кој можел да влијае, тој е се само не човек кој го бранел законот. Заев изврши влијание за Јордан Камчев да го добие пасошот назад и за тоа имам докази. А за парите од „Рекет“, Русковска и Камчев знаат каде се. Русковска со овој предмет си направи себепромоција. Таа прво тврдеше дека парите се во мојот дом, па потоа сум ги потрошил на мојата телевизија 1 ТВ, за на крај да каже дека се потрошени на гардеробата која сум ја носел, а ми беше запленета. Тоа се три различни изјави. Русковска зборуваше онака како ќе и се погодеше денот, а не со аргументи“, рече Јовановски пред судот.

Јовановски за „Рекет“ е осуден на затвор од 9 години. Поранешната специјална обвинителка Јанева е осудена на 7 годишна затворска казна. Третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина за предметот и беше осуден на 3 години затвор.

Јанева и Јовановски беа спроведени во затворот Идризово на 23 јуни 2021 година на издржување на затворската казна, откако Апелациониот суд ги одби жалбите на обвинетите во случајот Рекет и на Јавниот обвинител и ја потврди провостепената пресуда во целост.

Во ноември лани, Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за прекин на издржувањето на казната затвор за Јовановски, со образложение дека здравјето му е влошено и дека во затворот не може да биде соодветно лекуван.

На почетокот на месецот пак, Апелацискиот суд ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“ според која Јовановски беше осуден на деветгодишна затворска казна, за кривични дела поврзани со измама и перење пари преку невладината организација. Второбвинетата во овој предмет заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Ерцеговиќ доби 4 години казна затвор. Меѓу обвинетите беше и поранешната пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски, која се гонеше за помагање во делото измама, но Судот ја ослободи од обвинението, бидејќи јавниот обвинител не прикажал доволно докази дека таа сторила кривично дело.

Две лица уапсени во Полска за напад на соработник на Навални во Литванија

Леонид Волков, руски опозициски активист
Леонид Волков, руски опозициски активист

Две лица се уапсени во Полска под сомнение дека го нападнале рускиот опозициски активист Леонид Волков, сојузник на починатиот опозициски лидер Алексеј Навални, изјави во петокот литванскиот претседател Гитанас Наузеда.

Поранешниот шеф на кабинетот на Навални беше нападнат во март пред неговиот дом во главниот град на Литванија, Вилнус, каде што живее во егзил.

Напаѓачот му скршил едно стакло од автомобилот, му ги испрскал очите со солзавец и го удрил со чекан, соопшти тогаш полицијата.

Литванскиот претседател и се заблагодари на Полска за нејзината соработка во апсењето на осомничените, иако немаше коментар од полските власти.

Волков, кој ја напушти Русија во 2019 година плашејќи се за својата лична безбедност, се здоби со скршеница на раката во март, откако беше погоден со чекан за месо.

Нападот се случи на помалку од еден месец по смртта на Навални под сомнителни околности во затвор на рускиот Арктик.

Разузнавачките служби на Литванија тогаш објавија дека нападот „веројатно“ е операција „организирана и изведена од Русија, чија цел била да се запре реализацијата на проектите на руската опозиција“.

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

илустрација, лого на ОБСЕ
илустрација, лого на ОБСЕ

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против уставниот поредок на Босна и Херцеговина, се вели во заедничката изјава за печатот на претседавачот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Јан Борг и генералната секретарка Хелга Мари-Шмид, откако Собранието на РС предвреме го усвои Изборниот закон за ентитетот, утрото на 19 април.

Во текстот на Законот е дефинирано дека ентитетската изборна комисија ја презема правната улога на Државната централна изборна комисија на БиХ во организирањето на локалните избори во Република Српска, но и општите избори за претседател и потпретседатели на РС и ентитетскиот парламент.

Од крајот на војната во 1995 година, ентитетите во БиХ никогаш немале јурисдикција за спроведување на изборите во земјата, ниту пак ентитетската јурисдикција над изборите е спомната во Уставот на БиХ.

„Реториката и акциите кои предизвикуваат поделби ја загрозуваат стабилноста и се штетни за демократските права на граѓаните. ОБСЕ го повикува Народното собрание на Република Српска да го повлече Изборниот закон и ги повикува сите политички лидери во Босна и Херцеговина да работат конструктивно на ниво на државните институции“, се вели во соопштението.

Се додава дека ОБСЕ ја потврдува својата силна поддршка за Дејтонскиот мировен договор и Уставот на Босна и Херцеговина.

Нацрт-изборниот закон на РС беше усвоен на крајот на март, по што претставниците на Меѓународната заедница ја оценија работата на усвојувањето на овој закон како „директен напад врз државната структура на БиХ“.

И Централната изборна комисија претходно објави дека тие се единствените одговорни за одржување на изборите во Босна и Херцеговина.

Сите избори од донесувањето на Изборниот закон на БиХ во 2001 година до денес беа организирани од ЦИК, а изборите пред тоа беа организирани од Привремената изборна комисија, формирана со Дејтонскиот договор.

Локалните избори во БиХ, на кои се избираат градоначалници, шефови на општини и локални парламенти, се уште не се закажани, но законот предвидува тие да се одржат на 6 октомври.

Властите на РС ја започнаа процедурата за донесување на овој закон откако високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит, кој не е признат од властите во РС, наметна технички измени во изборниот закон на БиХ, шест месеци пред локалните избори закажани за октомври.

Меѓу другото, измените вклучуваат професионализација на избирачките одбори и биометриска идентификација на гласачите, како и други измени за намалување на можноста за изборни манипулации.

Избрани 12 поротници за судењето против Трамп

Доналд Трамп
Доналд Трамп

Судот во Њујорк назначи 12 поротници кои треба да ја донесат конечната пресуда во врска со обвинението против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за наводно фалсификување деловни документи во случајот со тајни плаќања на порно актерката Сторми Даниелс, пред судот во Менхетен.

Меѓу 12-те поротници има седум мажи и пет жени, според Си-Би-Ес Њуз. Изборот на поротата ќе продолжи денеска, бидејќи до почетокот на судењето треба да се изберат уште шест резервни поротници.

„Имаме порота“, рече судијата Хуан Мерчан откако новите поротници се заколнаа дека ќе носат одлуки „праведно и непристрасно“.

Мерчан посочи дека судот е на добар пат да го започне судењето со воведни зборови од понеделник, 22 април.

Обвинението поднесено од обвинителот Алвин Брег го обвинува Трамп за фалсификување деловни извештаи со цел да се прикрие исплатата за порноѕвездата Сторми Даниелс непосредно пред изборите во 2016 година.

Обвинителството најави дека ќе се фокусира на финсиските средства што Трамп му го дал на својот поранешен соработник Мајкл Коен, кој тврди и дал 130 000 долари на Даниелс, со цел да ја замолчат за нејзината наводна афера со Трамп.

Според Обвинителството, тоа бил обид за незаконско влијание врз изборите во 2016 година. Ваквите исплати во САД не се нелегални, но според обвинителите Трамп направил кривично дело со неправилното евидентирање на надоместокот за Коен како правни трошоци. Трамп е обвинет за вкупно 34 кривични дела за фалсификување деловни книги од прв степен.

МААЕ: Нема штета на нуклеарните постројки во Иран

Меѓународна агенција за атомска енергија
Меѓународна агенција за атомска енергија

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека нема штета на иранските нуклеарни постројки, откако Израел изврши одмазнички напади.

„Продолжуваме да ја следиме ситуацијата и ги повикуваме двете страни на екстремна воздржаност. Нуклеарните објекти никогаш не треба да бидат цел во воени конфликти“, се вели во соопштението на МААЕ на платформата X.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Потоа Израел предупреди дека ќесе одмазди за нападот со стотици проектили и беспилотни летала, од кои најголемиот дел без пресретнати од противвоздушната одбрана.

Инаку, нападот на Иран врз Израел беше одмазда за нападот врз иранскакиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа неколку високи офицери.

Иран за нападот во Сирија го обвини Израел, а Тел Авив ниту потврди, ниту демантираше дека стои зад нападот.

Најмалку осум лица убиени во руските напади врз областа Дњепропетровск

Последици од рускиот напад врз Днипро, 19 април 2024 година
Последици од рускиот напад врз Днипро, 19 април 2024 година

Најмалку осум лица загинаа, а 21 се повредени во голем руски ракетен напад врз областа Дњепропетровск во централна Украина, соопштија локалните власти во петокот наутро.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во нападот биле оштетени неколку ката од станбена зграда, како и железничката станица во главниот град на регионот Днепар.

„Русија мора да одговара за својот терор и секој проектил, секој Шахед мора да биде соборен. Светот може да го гарантира тоа, а нашите партнери ги имаат потребните капацитети“, рече Зеленски.

Државната украинска железничка компанија Укрзализница објави дека нападот на Русија бил намерно насочен кон нејзината инфраструктура во регионот, наведувајќи дека нејзините работници се повредени.

Компанијата ја затвори станицата во Днипро и ги пренасочи возовите што минуваат низ тој град.

Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека најмалку осум лица загинале во нападот, две во Днепар и шест во областа Синелниковски во регионот, каде што биле оштетени десетици куќи.

Украинската армија соопшти дека уништила руски стратешки бомбардер Ту-22 по ракетни и беспилотни напади врз украинските градови.

„За прв пат, противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство, во соработка со Одбранбените разузнавачки служби на Украина, го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел Ту-22М3, кој носи крстосувачки ракети Кх-22 што руските терористи ги користеа за напаѓајте мирни украински градови“, рече командантот Никола Олешчук на Телеграм.

Во Индија почнаа парламентарните избори кои ќе траат до 1 јуни

илустрација
илустрација

Во Индија денеска (19 април) почнаа парламентарните избори, каде право на глас имаат 968 милиони Индијци, што е повеќе од вкупното население на САД, Европската Унија и Русија заедно.

Изборите за 543 членови на Долниот дом на парламентот ќе се одржат во седум фази до 1 јуни на повеќе од еден милион избирачки места низ земјата. Гласачките ливчиња ќе се пребројуваат на 4 јуни, а резултатите ќе бидат објавени истиот ден.

Победата на премиерот Нарендра Моди на изборите изгледа речиси сигурна. Седумдесет и тригодишниот Моди е сè уште многу популарен по два мандати на власт, за време на кои Индија ја зголеми дипломатската моќ и економската положба.

Анкетата спроведена во 2023 година покажа дека Моди е прифатлив кандидат за речиси 80 отсто од Индијците. На изборите во 2014 и 2019 година, тој веќе и донесе две убедливи победи на хинду националистичката партија Бхаратија Џаната.

Ослободен заменик директорот на косовската полиција кој беше уапсен во Србија

Заменик-директорот на косовската полиција Дејан Јанковиќ
Заменик-директорот на косовската полиција Дејан Јанковиќ

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово синоќа (18 април) соопшти дека заменик-директорот на косовската полиција Дејан Јанковиќ е ослободен од српските власти, откако во средата беше уапсен на границата меѓу Косово и Србија.

Јанковиќ од средата се наоѓаше во притвор во Рашка, југозападна Србија, откако претходно истиот ден беше приведен на граничниот премин Јариње меѓу Косово и Србија.

Во синоќешното соопштение на косовското МНР се вели дека тој е на пат за Косово.

„МНР ја информира јавноста дека претставникот на канцеларијата на Република Косово во Србија, амбасадорот Јетиш Јашари, потврди дека заменик директорот на косовската полиција Дејан Јанковиќ штотуку е ослободен и е на пат за Косово. Во иднина ќе бидете известени за повеќе детали“, се вели во соопштението објавено на Фејсбук страницата на МНР.

Шефицата на косовската дипломатија, Доника Гервала апсењето на Јанковиќ го нарече „очајнички чин на одмазда од Србија по масовното гласање на Парламентарното собрание на Советот на Европа“ за прием на Косово во таа организација.

Косовските власти го осудија приведувањето на заменик директорот на полицијата, барајќи негово итно ослободување и одговор од меѓународната заедница.

Актот на српските власти го осудија и претставници на западните дипломатски претставништва и на ЕУ во Приштина, меѓу кои и германскиот амбасадор, Јорн Роде, кој рече дека ваквото однесување на Белград е „неприфатливо за држава која цели кон членство во ЕУ“.

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во ОН

Седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации, април 2024
Седница на Советот за безбедност на Обединетите Нации, април 2024

Соединетите Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите Нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа.

ЗНАМ со митинг во Куманово, а Левица во Велес на првиот ден од кампањата

Илустрација
Илустрација

Партиски активности, средби со граѓани, митинзи и собири низ градовите во Северна Македонија го одбележаа првиот ден од кампањата за парламентарните избори.

Партијата ЗНАМ, чиј претседател е кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој воедно е и претседателски кандидат, вечерва (18 април) стартуваше со митинг во Куманово.

„На овие избори катастрофално ќе изгуби раководството на СДСМ, а притоа ВМРО нема да добие, ќе добие ЗНАМ. Исто како на локалните и ќе го повториме тоа сите заедно“, рече Димитриевски.

Тој и носителите на листите во шесте изборните единици на настанот ја презентираа програмата „Проглас за достоинствена Македонија“. Корупцијата ја посочија како најголем проблем во државата и ветија нејзино искоренување.

Носителот во „двојката“ во која влегува и Куманово, Даниел Стојчевски, меѓу ветувањата ги посочи: зголемување на казни за злоупотреба на службена положба; незастарувања на дела за криминал и корупција; избор на квалитетни и искусни судии; укинување на доживотниот мандат на судиите; нотарите и извршителите да станат државни службеници; зголемување на платите во правосудството итн.

Останатите носители на листите зборуваа и за проекти од економијата, екологијата, развојот на земјоделството, образованието, здравство…

Левица, пак, одржа собир во Велес, каде меѓу говорниците беа партискиот лидер Димитар Апасиев кој е и носител во „единицата“, носителот во „тројката“ во која спаѓа и Велес – Борислав Крмов, како и претседателската кандидатка Билјана Ванковска.

Апасиев во говорот порача дека „оваа е буквално последниот историски воз да се престроиме геополитички со цел да си ја зачуваме државата“.

„Крајно време е да направие Македонска платформа и јасно да кажеме ‘не преговараме за унитароста’. Нема да дозволиме оџи и попови да ни ја креираат јавната политика и на секое ќоше да никнуваат само цркви и џамии. Не преговараме за идентитетот, не може историски комисии да ни кажуваат дека нашиот јазик постои од 194 и некоја година и дека Гоце Делчев е Бугарин и дека нашите АСНОМ-ски корени всушност не постојат“, рече Апасиев.

Во кампањата за парламентарните избори Левица настапува под слоганот „Неподмитливите во Собранието“, а меѓу ветувањата во нејзината програма кои ги истакнаа на првиот ден од кампањата се државни социјални станоци за лицата во социјален ризик и ограничување на цените за становите, како и зголемување на минималната пензија на две третини од минималната плата и отворање пензионерски домови во државна сопственост.

Коалицијата „Храбро за Македонија“, пак, во која се ГРОМ, Интегра и ПЦЕР, својата кампања ја започна од скопската населба Ченто. Претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски даде ветувања за зголемување на сите пензии што се под 25.000 денари и ниски даноци.

Владејачкиот СДСМ вечерва (18 април) одржа повеќе митинзи во различни градови од шесте изборни единици. ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја стартуваше со централен митинг во Охрид.

ДУИ симулираше собраниска седница на која се гласаат уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот и за избор на претседател на државата во Собранието. Албанската опозициска коалиција „Вреди“ на прес-конференција во Скопје ги претстави носителите на листите во шесте изборни единици, а вечерва одржа и митинг во Струга.

Кампањата за парламентарните избори ќе трае до 6 мај. Гласањето ќе биде на 8 мај.

За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што според таканаречениот Донтов модел се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.

Во трка за освојување пратенички мандати на овие избори се кандидати од 17 различни листи поднесени од партии и коалиции.

Паралелно, во тек е и претседателската кампања. Првиот круг од гласањето на претседателските избори ќе се одржи на 24 април. Во трка се седум кандидати за шеф на државата. Доколку никој од нив не освои 50 отсто плус еден глас, двајцата кои ќе добијат најмногу гласови ќе се пласираат во вториот круг за кого гласањето ќе биде истиот ден со парламентарните избори – 8 мај.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG