Достапни линкови

Изборниот испит во државната матура дополнет со два предмети


Илустрација - полагање државна матура во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ во мај, 2014 година
Илустрација - полагање државна матура во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ во мај, 2014 година

Државниот испитен центар се подготвува за државната матура од учебната 2020/2021 година, иако од Сојузот на средношколци не се согласуваат со ставот на Министерството за образование и наука дека треба да се полага државна матура.

До крајот на месецов, матурантите треба да пријават проектна задача во рамки на државната матура. Додека до крајот на годинава матурантите треба да се пријават каква матура ќе полагаат, односно дали државна матура, за оние кои планираат да се запишат на факултет, училишна матура, за оние кои нема да продолжат во високо образование и завршен испит, за матурантите од стручното образование кои нема да полагаат државна матура.

Јунската сесија за полагање на испитите е од 29 мај до 14 јуни. Првиот екстерен испит е задолжителен – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литертаура, и ќе се полага на 29 мај 2021. Вториот екстерен испит е избор помеѓу странски јазик и математика. Полагањето на странскиот јазик (англиски, француски, германски или руски) е закажано за 5 јуни, а за 14 јуни е тестот за тие што ќе изберат математика. На 11 јуни, пак, ќе се полага третиот екстерен испит за кој матурантите може да избираат меѓу 10 предмети (естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис и првпат за оваа државна матура – информатика и географија).

Државниот испитен центар (ДИЦ) минатата недела формирал комисии кои ќе ги изготват прашањата за испитите од новите два изборни предмета. За да биде во листата на матурски испити, потребно е одреден предмет да се слуша најмалку две години со одреден фонд часови. Информатиката е воведена и затоа што е барана од учениците, бидејќи многу од нив во изминатите години се заинтересирани за факултетите од областа на информатичките технологии.

Директорката на ДИЦ, Елизабета Наумовска за МИА изјави дека за испитниот материјал за екстерните испити од државната матура ќе се земат предвид скратените наставни програми што Бирото за развој на образованието ги направи поради тоа што учебната година почна еден месец подоцна.

„Државниот испитен центар побара во прашањата за матурскиот испит да има помалку детали од лекциите, особено од оние за трета година од пролетниот период кога почна пандемијата. Матурантите што ќе полагаат државна матура тогаш беа трета година во второ полугодие. При изготвување на испитните прашања да се води сметка дека од трета година во второ полугодие имаа пропусти во знаењето – некои реализираа настава како што треба, меѓутоа некои ученици не. Да им олесниме на учениците и да не им даваме простор да реагираат, зашто сфаќаме во какви услови мораа да работат. Но, за оваа учебна година, сметам дека онлајн-наставата се одвива подобро и од очекуваното“, истакна Наумовска.

На почетокот од месецов средношколските претставници се изјаснија дека се против државна матура за матурантите од учебната 2020/2021 година. Средношколското претставничко тело во Македонија тогаш донесе одлука, односно Декларација со која бараат да биде откажана државната матура за учебната 2020/2021 година. Наведоа дека одлуката ја донеле водејќи се од принципот на осигурување на квалитетот на наставата од далечина што е суштински дел во средното образование годинава, како и состојбата на менталното здравје на средношколците и стресот од несигурностите со пандемијата на КОВИД-19.

„Државната матура нема да биде ефективно тестирање за матурантите во оваа учебна година. Лошата состојба на наставата од далечина од март до јуни 2020 година, дополнета со скратените наставни програми поради пролонгираниот почеток на оваа учебна година, само ја отежнуваат можноста на средношколците адекватно да се подготват за матурските испити“, истакнуваат од Сојузот на средношколци, дополнувајќи дека одлуката е во консултација со средношколците ширум земјата во сите градови каде Сојузот функционира.

Сојузот на средношколци го поздрави реформирањето на проекната задача. Конкретно, се воведоа дополнителни четири нови форми на проектната задача, и тоа младинска иницијатива, дигитални едукативни и социјални платформи, видеоматеријали и уметничка или сценска изведба.

„Реформата ја прави проектната задача многу поинтересна и го ослободува креативниот потенцијал на секој поединечен матурант. Предлагаме проектната задача да остане дел од државната матура и во оваа учебна година“, истакнуваат од Сојузот на средношколци.

Државната матура во македонскиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Првпат годинава не беше реализирана поради пандемијата. Владата и МОН пролетта одлучија за генерацијата 2019/2020 да нема матурски испит и им овозможија на матурантите да се запишат на факултет со уверение за завршено средно образование.

XS
SM
MD
LG