Достапни линкови

Вести

Илјадници Белоруси демонстрираа против Лукашенко, неколку стотици се уапсени

Минск, 22.11.2020.

Илјадници Белоруси организираа нови демонстрации против Александар Лукашенко, барајќи негова оставка. Групата за заштита на човековите права Вјасна соопшти дека полицијата уапсила повеќе стотици демонстранти и дека тие претепале многу други учесници на протестот. Демонстрантите првично вчера се собраа во различни делови на Минск за да ја отежнат работата на полицијата, но се соочија со репресија кога се обидоа да се обединат во центарот на главниот град. Полицијата употреби шок бомби за да ги растера демонстрантите и започна да апси.

Македонија се придружува на санкциите на ЕУ кон Белорусија


Демонстрантите извикуваа „Да живее Белорусија“ и вееа црвено-бели знамиња на опозицијата. Голем број полицајци се распоредени на улиците во Минск, со оклопни возила и водени топови. Белорусите на социјалните мрежи пишуваат дека повторно имало судири меѓу граѓаните и полицијата во дворовите на зградите. Лидерот на опозицијата Свјатлана Циханускаја, која се засолни во Литванија веднаш по изборите за да избегне апсење, го поздрави вчерашниот протест како нов чекор кон „слободна и праведна Белорусија“.

Илјадници луѓе се збогуваа со убиениот белоруски антивладин активист

Белорусија е погодена од политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати на гласањето, според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите биле украдени. И покрај напорите на властите да ги задушат демонстрациите со апсење и потиснување на демонстрантите и активистите, масовните протести не стивнуваат дури и по три и пол месеци. Од почетокот на демонстрациите во август, најмалку четири лица починаа или во знак на протест или по апсењето. Повеќе од 19.000 демонстранти беа уапсени, од кои илјадници беа претепани. 66 годишниот Лукашенко кој управува со Белорусија со цврста рака од јули 1994 година, со репресија на опозицијата и независните медиуми, ги обвинува западните земји за поттикнување протести.

види ги сите денешни вести

Уште еден приведен за предизвикување пожар

Пожар во близина на Пехчево.

Министерството за внатрешни работи информира дека денеска полицајци од Ресен го привеле К.С. од с.Лева Река, ресенско поради постоење основи на сомнение дека го предизвика пожарот во Лева Река, во кој беше опожарена нискостеблеста шума, кој во 17.40 часот е ставен под контрола. Тој е приведен во полициска станица и се работи на расчистување на случајот.

Вчера беше приведен Л.А. од Албанија, со илегален престој во државата, поради постоење основи на сомнение дека подметнал пожар над гостиварско Пожаране, а полицијата во координација со Јавен обвинител постапува и во врска со осомниченото лице за пожарот во Старо Нагоричане и двете осомничени лица за пожарот кој на 03.08.2021 беше пријавен пред село Блаце кон Катланово.

Ангелов- пожарот кај Охис под контрола, нема опасност за граѓаните

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов со градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски пред фабриката Охис каде што изби пожар,05.08.2021

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека пожарот кај скопската фабрика Охис е целосно под контрола.

„Охис е обезбеден, пожарот е целосно под контрола и безмалку изгаснат, нема опасност за граѓаните ниту од експлозија, ниту од отровни гасови, ниту од ширење на пожарот“, напиша Ангелов.

Инаку пожарот кај скопската фабрика изби попладнево, а за сообраќај беше затворен и булеварот Борис Трајковски.

На попладневната прес конференција во Центарот за управување со кризи надлежните информираа дека во скопско се активни 18 пожари од кои три се најкритични, во Кучково кон Горно Свиларе, меѓу Добри Дол и Ракотинци во Сопиште, како и во Горно Блаце. Причина за ваквата алармантна ситуација, како што рекоа, се високите температури и силниот ветер кој го отежнува гасењето.

Околу 200 луѓе од оган го бранат делчевското село Тработивиште

Пожарот во делчевско

Пожарот кој од утрово беснее кај маалата Балабанци и Куријачко Маало е се поблиску до селото Тработивиште. Сите ангажирани сили во моментов се сконцентрирани на влезот на селото и го бранат од огнената стихија која е пресечена пред рибникот Желевица.

На терен се околу 200 лица, вклучително и противпожарни единици од регионот и Бугарија, армиски припадници и припадници на „Тигрите“ кои дојдоа напомош во гасењето на пожарот. Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски истакна дека се работи за апокалиптична ситуација која засега е под контрола да не се прошири стихијата кон самото село.

„Направивме една брза акција, меѓутоа ситуацијата беше вон контрола бидејќи ова е една хаотична апокалиптична ситуација, јас би се изразил на тој начин, којашто се надвисна над селото Тработивиште. Гасевме во текот на целиот ден и со противпожарните единици и со хеликоптери, меѓутоа заради огромниот обем на оваа огнена стихија што се случи немавме можност да го изгаснеме огнот“, изјави Трајковски.

Била воспоставена одредена контрола над селото Тработивиште за огнот да не влезе во селото и за да не дојде до жртви или материјални штети на имотите на луѓето.

„Ова е огромна стихија која ја гледаме само во научно- фантастичните филмови“, рече делчевскиот градоначалник.

Претходно, како што посочи, во пожарот кај Балабанци и Курјачко Маало изгореа две вили и две куќи и една плевна во Курјачко Маало, но за среќа нема човечки жртви.

„Во село Нов Истевник и во Мало Балабанци има четири куќи изгорено, две викендички и две куќи. Има опасност и за други куќи, меѓутоа сега засега е стабилизирано. Доколку почне повторно да се разгорува огнот, секако дека ризикот повторно постои“, рече Трајковски.

На пат кон селото Вирче се и неколку единици од Австрија кои прават појас за пожарот не се прошири во понатамошните села Град, Тамер и останатите кои се во близина на Делчево.

Гори кај фабриката Охис, активни 18 пожари во Скопје

Пожарот во Делчевско – Пехчевскиот регион се уште е најкритичен

Во Скопје моментно се активни 18 пожари од кои три се најкритични, во Кучково кон Горно Свиларе, меѓу Добри Дол и Ракотинци во Сопиште, како и во Горно Блаце. Како што соопштија денеска на прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и неговите соработници, за само неполн час се пријавени нови седум пожари. Причина за ваквата алармантна ситуација се високите температури и силниот ветер кој го отежнува гасењето. На терен моментно се околу 300 војници од Армијата, а максимално се ангажирани и сите материјални ресурси.

Според Горан Стојановски од ЦУК, за 20 до 30 минути, со едно јавување, се обезбедува помош по барање на Противпожарна единица или општина. Но, се дејствува по приоритети при што клучни се човечките животи и објектите, а нивите и нискостеблестите шуми се во втор план.

„Отсега определуваме приоритети. Очекуваме дополнително засилување на ветерот и отежнувачки околности во справувањето со пожарите, но не губиме надеж, остануваме на терен со сите расположливи сили. Можеме дополнително да обезбедиме уште 500 војници. Материјалните ресурси се максимално ангажирани“, истакна Стојановски.

За пожарот кај скопската фабрика Охис засега надлежните немаа многу детали затоа што како што рекоа пожарникарските екипи се на терен, работат и не може веднаш да дадат информации. Она што е познато е дека за сообраќај е затворен булеварот Борис Трајковски кој поминува кај фабриката.

Најновите податоци велат дека и натаму најризични се Делчевско – Пехчевскиот регион, Кумановско и Прилепско. Ангелов апелираше граѓаните да се евакуираат ако случајно се најдат на место на пожар.

„Состојбата се менува од минута во минута, а сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесоа за брзо ширење на постоечките пожари и појава на нови жаришта“, рече директорот на ЦУК.

Бајден им понуди на жителите на Хонгконг безбедно времено сместување во САД

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска понуди привремено безбедно сместување за жителите на Хонгконг кои се во Соединетите Американски Држави, а кои стравуваат за својата безбедност поради политичките превирања дома. Бајден рече дека потегот ја признава „значајната ерозија“ на правата и слободите во Хонгконг од кинеската влада.

Во потпишаниот меморандум, Бајден го упати Министерството за внатрешна безбедност да спроведе „одложување на отстранување“ до 18 месеци за жителите на Хонгконг, кои се во моментов во САД.

Американскиот претседател ги наведе „политички мотивираните апсења“ на повеќе од сто опозициски политичари, активисти и демонстранти под обвиненија според законот за национална безбедност меѓу кои и наводно отцепување, субверзија и терористички активности. Огромното мнозинство жители на Хонгконг кои се во моментов во САД се очекува да може да конкурираат во оваа програма.

Пожарот од Пехчево се наближува до Бугарија

Екипи на Пожарна Скопје им помагаат на своите колеги во Пехчево и Делчево каде што има пожари.

Пожарот кај Пехчево се наближува до границата со Бугарија, јавува бугарската агенција БГНЕС. Како што се наведува оганот е на два километри од границата, а чадот се чувствувал до бугарските градови Благоевград, Симитли и дури до Сандански. Од општината Симитли, како што јавува агенцијата, излегле со соопштение до жителите на високопланинските села да бидат внимателни и да се обидат да се симнат во градот.

Во меѓувреме бугарскиот службен премиер Стефан Јанев на сослушувањето во парламентот рече дека ако состојбата со пожарите продолжува да се влошува во Бугарија ќе побараат помош со авиони од други земји. Тој прецизираше дека во моментов државата ума само еден хеликоптер за гаснење пожари.

АХВ во инспекција, можно повлекување на некои сладоледи од маркетите

Агенцијата за храна и ветеринарство врши инспекција кај двата увозника за македонскиот пазар на сладоледите „сникерс“ и „твикс“ на производителот „Дукатос“ по што ќе се одлучи дали ќе бидат повлечени од продажба.

Овие два вида сладоледи, како и овошниот јогурт со рибизла на „Дукатос“ веќе не може да се купат во Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Повлечени се од маркетите по сомнежот дека во нив има остатоци од пестицидот етилен оксид.

“Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, во вторникот попладне добивме нотификација за увезени небезбедни кондиторски производи кои во својот состав содржат адитив со наод на етилен оксид. Станува збор за адитивот locust bean gum“, велат од АХВ за МИА.

Сладоледите „сникерс“ и „твикс“ и овошниот јогурт со рибизла на „Дукатос“ најпрво беа повлечени во Хрватска, а потоа и во БиХ и Србија. Според српскиот министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ, некои земји, како Белгија, не ги сметаат ваквите производи за штетни и ги пуштаат во промет.

Доколку се утврди дека спорните производи се исправни, тие ќе бидат вратени на пазарот, велат од Агенцијата за храна на Црна Гора. Во спротивно, производите ќе бидат уништени за што јавноста ќе биде информирана.

Пожар во скопските села Ракотинци и Кучково

Противпожарна служба

Пожар ги зафати скопските села Ракотинци и Кучково, потврдија за МИА од Центарот за за управување со кризи. За пожарите се известени припадниците на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. Во моментов се преговара за исклучување на струјата со ЕВН со цел да не се предизвикаат дополнителни искри и ширење од пожарот, јавува државната агенција. Од таму, повикувајќи се на извори од Центарот за управување со кризи велат дека пожарот од Ракотинци се движел кон Сопиште.

Неколку дена Македонија е погодена од пожари кои се засилени од високите температури и топлиот ветар. Денеска критично е во делчевските села Нов Истевник и Стар Истевник од каде што се евакуира населението.
Не престануваат пламените јазици и во пехчевско.

Според последните информации на МИА инволвирани во гаснењето на пожарот огнената стихија се приближува до самото село Црник откако денеска околу пладне успеа да го „префрли“ појасот кај манастирот „Св.Петка“ во близина на патот Делчево-Пехчево.

„Пожарот потоа се приближи до месноста Ранол Дол и областа Шишорка кон селото Црник. Месното население веднаш се организираше во гаснењето на пожарот“, велат жители на селото.

Како што додадоа ,пламените јазици се огромни, пожарот неконтролирано се шири и потребна е интервенција од воздух.

Критични пожарите во делчевско- Нов Истевник и Стар Истевник се евакуираат

Пожар во маалото Пајсак во делчевското село Нов Истевник

Жителите од критичните реони во село Нов Истевник и Стар Истевник зафатени со големиот пожар да се евакуираат во градската средина. Поради алармантната состојба на теренот, неконтролираното ширење на пожарот и силниот ветар, а за да не се загрозат човечки животи, градоначалникот на Општина Делчево потенцира дека е неопходна евакуација на жителите од селото Нов Истевник заедно со сите селски маала: Пасјак, Балабанци, Курачко Маало, како и на жителите од селото Стар Истевник.

„Апелирам жителите да бидат крајно внимателни и да не се движат во критичните реони. Поради неконтролираното ширење на пожарот се предупредуваат и жителите на с. Тработивиште да бидат крајно внимателни и да ја следат состојбата со цел брза реакција доколку пожарот земе посилен замав во атарот на селото“, рече Трајковски.

Жителите од споменатите маала моментно спасуваат што може да се спаси од пожарот кој веќе е навлезен и во селото Стар Истевник. Како што информира Васил Маневски жител на село Тработивиште зафатена е и месноста Браниград, а пожарот неконтролирано се движи кон село Тработивиште.

На терен се и хеликоптери кои учествуваат во гаснењето на пожарок како и преку сто луѓе кои даваат теренска поддршка за гаснење на најголемата огнена стихија која како што велат жителите досега не е запаметена во делчевско.

Претходно денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска информираше дека 400 припадници на Армијата ги гаснат пожарите кај селата Истевник, Робово и Умлена.

„Армиските хеликоптери таму исфрлија 56 тони вода, а вкупно досега со над 100 лета исфрлени се 200 тони вода на сите кризни подрачја зафатени од пожари, секаде каде што ЦУК побара реакција. Армијата безрезервно се ангажира во справувањето со пожарите од терен и од воздух“, објави Шекеринска на својот профил на Фејсбук.

Нови 219 случаи на ковид, четворица починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 4.713 тестирања, а регистрирани се 219 нови случаи на ковид19. Од нив во Скопје и Тетово – по 65, Куманово – 20, Гостивар – 19, Струмица – 7, Кичево – 6, Битола, Струга, Берово и Виница – по 4, Прилеп и Кочани – по 3, Велес, Кавадарци, Штип, Радовиш и Дебар – по 2, Охрид, Ресен, Македонска Каменица, Македонски Брод и Пехчево – по 1.

Пријавени се четири починати лица, сите во болнички услови, а регистрирани сe 30 оздравени пациенти. Со ова вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.926 бројката на оздравени пациенти е 150.470, на починати е 5.501, а бројот на активни случаи изнесува 955. Најмногу од нив се во Тетово-285, а потоа следува Скопје со 275 и Куманово со 90 активни случаи.

ЕУ ќе испрати помош и опрема за справување со пожарите

Пожар во близина на Пехчево. Илустрација.

Еврокомесарот за хуманитарна помош и кризен менаџмент Јанез Ленарчиќ објави денеска дека ЕУ ќе испрати опрема и помош за справување со пожарите во Северна Македонија.

„ЕУ испраќа дополнителни противпожарни капацитети во Грција и Северна Македонија за поддршка на одговорот на локалните власти. Помошта доаѓа од Шведска, Франција, Австрија, Бугарија и од програмата Коперникус на ЕУ“, напиша Ленарчиќ на Твитер.

Помош за гасење на пожарите во земјава веќе испратија Бугарија и Словенија, како и Србија со четири хеликоптери кои веќе се ангажирани во гасењето на огнената стихија.

Владата на денешната 95-та седница донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија во траење од 30 дена. Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Белоруската олимпијка среќна дека е на безбедно во Полска

Кристина Тимановскаја

Белоруската спринтерка, Кристина Тимановскаја чиј апел за меѓународна помош со цел да избегне принудно враќање дома од Олимписките игри во Токио изјави дека е „среќна што е на безбедно“ во Полска три дена од обидот на националниот тим да ја врати дома откако ги критикуваше своите тренери. Дваесет и четиригодишната Тимановскаја пристигна во Варшава во текот на ноќта под полска дипломатска заштита пред очекуваното барање за азил. Таа рече дека и е благодарна на Полска за помошта и дека се уште се надева дека еден ден ќе се врати во „слободната“ Белорусија.

„Не ја изневерив, тоа е мојата татковина“, рече таа на прес -конференција.

Таа се бори со репатријација од страна на белоруските официјални претставници, бидејќи тие наводно се обиделе да ја натераат да влезе во авион и да го напушти Токио, каде што требаше да се натпреварува.

Во Варшава, Тимановскаја рече дека баба и ја советувала да не се враќа во Белорусија, бидејќи таму се емитуваат негативни извештаи за медиумите по нејзиното одбивање да го напушти Токио. Таа истакна и дека нејзиниот сопруг бил на пат да и се придружи.

Белорускиот сосед од ЕУ, Полска на брачниот пар им издаде хуманитарни визи и се обврза дека ќе ја обезбеди нивната безбедност. Тимановскаја порача дека сега сака да им помогне на Белорусите кои се во слични ситуации.

Израел се закани со воена акција против Иран

Министерот за одбрана на Израел, Бени Ганц

Министерот за одбрана на Израел, Бени Ганц денеска ка неговата земја е подготвена да „преземе воени дејствија против Иран“. Израел, САД и Велика Британија го обвинија Иран за вмешаност во нападот на 29 јули во Оманскиот залив на танкерот кој е управуван од компанија во израелска сопственост. Но, ниту една земја не обезбеди докази за своите тврдења.

Иран негираше каква било вмешаност во нападот, за кој американските и другите официјални претставници рекоа дека бил извршен со беспилотно летало. Во нападот загинаа еден британски и еден романски член на екипажот.

„Ние сме во момент кога треба да преземеме воена акција против Иран. Светот треба да преземе акција против Иран сега“, рече Ганц.

Тензиите се зголемија во Персискиот Залив и Оманскиот Залив откако САД повторно воведоа санкции против Иран по повлекувањето од нуклеарниот договор од 2015 година. Израел се противи на сегашните меѓународни напори за заживување на тој договор.

Израелски воени авиони нападнаа цели во јужен Либан во текот на ноќта меѓу 4 и 5 август во првото воздушно бомбардирање на Израел врз либанска територија од 2006 година.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, повторувајќи ги коментарите од Британија, на 2 август рече дека ќе има колективен одговор на нападот на танкерот. Техеран соопшти дека брзо ќе одговори на секоја закана за неговата безбедност.

Словенечките пожарникари се во Берово ќе се распоредуваат во регионот

Пожар во близина на Пехчево.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска информира дека словенечките пожарникари пристигнале и се во Берово од каде ќе бидат распоредени да помогнат во гасењето на пожарите во регионот. Помошта од Словенија од 16 противпожарни возила и 46 пожарникари се реализира по телефонски разговор меѓу Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

„Се надевам дека ќе ги скротите огновите што е можно поскоро“, и напишал министерот Тонин на министерката Шекеринска, информирајќи ја за брзата реакција на сојузничката земја, соопштија вчера од Министерството за одбранакога беше најавена помошта.

Шекеринска на Фејсбук напиша дека се зголемува ангажманот на Армијата во регионот на Делчево и Пехчево. Таа додаде дека 400 припадници на Армијата во моментов го гаснат пожарот во кај селата Истевник, Робово и Умлена.

„Армиските хеликоптери таму исфрлија 56 тони вода, а вкупно досега со над 100 лета исфрлени се 200 тони вода на сите кризни подрачја зафатени од пожари, секаде каде што ЦУК побара реакција. Армијата безрезервно се ангажира во справувањето со пожарите од терен и од воздух“, објави министерката Шекеринска.

Хеликоптери од Србија веќе се во Македонија и помагаат во гаснењето на пожарите, а помош беше најавена и од Бугарија.

ЦУК информира дека голем дел од пожарите во државата се уште се активни. Пожарот кај селото Девич во охридскиот регион е ставен под контрола, а во Пехчево уште е активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик.

Во Тетово широко распространета трансмисија на Ковид-19

Дезинфекција на јавна институција во Тетово за спречување на ширење на коронавирусот. Архивска фотографија.

Раководителката на епидемиолошката служба при тетовскиот Центар за јавно здравје, доктор Сузана Субашиќ изјави денеска дека за само еден месец од регион со спорадични случаи Тетово е во фаза на широко распространета трансмисија на Ковид-19.

„На 6 јули имаше вкупно шест случаи на домашно лекување, а сега во градот Тетово имаме околу 220 случаи на домашно лекување. Имаме по 30, 40 и вчера дури 60 позитивни случаи што се должи на непочитување на мерките и протоколи, а инфицираните ни се од семејно прослави настани и нивни контакти“, објаснува епидемиологот д-р Сузана Субашиќ, раководител на епидемиолошката служба.

Според неа, ако населението не се вакцинира и ако не ги почитува мерките, препораките и протоколите состојбата може уште повеќе да се влошува.

„Генерално новите случаи не се вакцинирани. Ако имаме од овие 220 лица на домашно лекување само десетина вакцинирани. Дали асимптоматски или симптоматски се невакцинирани. Високата бројка во градот Тетово се должи како резултат на тоа што ние имаме многу лица дојдени од западните земји кои после престојот во државата се тестираат за да можат да заминат во земјите каде што работат. Голем дел од нив се млади лица и се асимптоматски но сепак инфицирани со Ковид-19“, објаснува д-р Субашиќ.

Таа апелира да се вакцинираат луѓето, но, и понатаму да ги почтиуваат мерките за спречување на ширење на коронавирусот бидејќи има лица кои и по втор пат се болни. Во Клиничка болница денес веќе има 32 лица на болничко лекување, што значи шест повеќе од вчерашните 26. Во вакционалниот пункт согласно пресекот од 27 јули во Тетово досега околу 21 илјади луѓе примиле две дози вакцини, а една доза имаат добиено над 5000 граѓани.

Либан предупреди на „агресивните намери“ на изралеските напади

Либанскиот претседател Мишел Аун

Либанскиот претседател Мишел Аун денеска го обвини Израел за ескалација на воените дејствија со „агресивни намери“ откако израелските авиони извршија воздушни напади во текот на ноќта. Аун исто така ги нарече нападите директна закана за безбедноста и стабилноста на јужен Либан кои ги прекршиле резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Израел соопшти дека одговорил со артилериски оган, а потоа неговите авиони ги погодиле местата за лансирање ракети, откако беа истрелани две ракети кон израелска територија на 4 август. Никој не презема одговорност за ракетите, истрелани од јужна либанска територија, каде герилците на Хезболах, поддржани од Иран, имаат значителна моќ.

Граничната област претежно е тивка од војната на Израел во 2006 година против Хезболах. Новите размени доаѓаат со новата владина коалиција во Израел и кревкиот прекин на огнот, стар неколку месеци, со палестинската милитантна група Хамас во Газа.

Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц ја обвини палестинската фракција за лансирање на ракетите.

„Ова беше [израелски] напад со цел да испрати порака. Јасно е дека можеме да направиме многу повеќе, и се надеваме дека нема да дојдеме до тоа“, рече Ганц.

Тензиите меѓу Израел и Иран исто така се зголемуваат додека светските сили се обидуваат да го оживеат нуклеарниот договор со Израел и во услови кога нападите врз бродовите во морињата околу Иран го зголемуваат меѓународниот притисок врз Техеран, за што некои од Западот го обвинуваат за инцидентите.

Поради пожар во прекин сообраќајот Делчево-Пехчево

Пожар во Пехчево

Сообраќајот во правец од Делчево кон Пехчево повторно е во прекин поради пожарот во регионот. Пожарот се прошири кон патот и зафати дел од блиската шума во атарот на селото Црник.

„Забраната за движење важи од 11 часот на повеќе локации имаме наши екипи кои го упатуваат населението кон алтернатнивниот патен правец преку селото Бигла“, информираат од полицијата во Делчево.

Во меѓувреме на терен пристигнаа и противпожарните возила од Словенија кои веднаш се вклучени во гаснењето на пожарот кај селата Робово и Умлена каде хеликоптерите се повлекоа за да наполнат гориво, а гаснењето продолжува теренски. Во атарот на овие две села ситуацијата е стабилна, но се уште пожарот е активен и продолжува неговото гаснење.

Владата на денешната 95-та седница донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија во траење од 30 дена. Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Во Грција трет ден пожари, спасено местото на древните Олимписки игри

Пожари во Грција. Архивска фотографија.

Грчките власти од вчера наредија нова евакуација на островот Евбоја, во близина на Атина додека земјата три дена се бори со огнената стихија. Пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот во близина на местото на древните Олимписки игри, во западниот дел на Пелопонез.

Од вторникот на островот Евбоја, во неспоредна близина на Атина, се евакуирани неколку села. Околу 85 лица успеале да се качат на чамец од плажата, додека борови дрва гореле и облаци од чад се кревале високо во воздухот. Властите вчера евакуираа повеќе лица од Евбоја, откакло предупредувањето за пожарот пристигнало од црковните камбанарии. Повеќе од 170 пожарникари и шест авиони го гаснат пожарот во оваа област. Две села во регионот на Пелопонез завчера беа евакуирани, бидејќи во близина на археолошкиот локалитет на античките Олимписки игри беснее пожар.

„По борбата со пожарот во текот на целата ноќ, се чини, пожарникарите успеаја да го спасат овој локалитет, а античкото богатство е надвор од опасност“, изјави министерката за култура Лина Мендони.

Локацијата од која олимпискиот пламен го почнува своето патување до градот домаќин на модерните Олимписки игри, е една од најпопуларните грчки туристички атракции.

Авганистанските власти со воздушни напади против талибанците

Патрола на авганистанските специјални сили во Лашкар Гах

Авганистанските воздухопловни сили денеска ги продолжија воздушните напади против позициите на Талибанците во јужен Авганистан, додека милитантите остварија дополнителен напредок на северот на земјата.
Во соопштението на Министерството за одбрана се вели дека воздушни напади биле извршени низ целата земја, вклучително и во јужната провинција Хелманд, каде владините сили се борат за контрола на главниот град на провинцијата, Лашкар Гах.

Девет од 10 -те области во тој град паднаа во рацете на милитантите. Жителите на Лашкар Гах објавија силен бомбашки напад во близина на владината радио и телевизија, која е под контрола на Талибанците.Пред да започне контранападот во Лашкар Гах, армијата ги повика 200.000 жители на градот да се евакуираат.

Во северниот дел на Авганистан, талибанците ја презедоа контролата врз поголемиот дел од провинцискиот главен град Сар-е Пол, изјави водачот на провинцискиот совет Мохамад Нур Рахмани.

Жестоки борби се случија и околу Херат, во близина на западната граница со Иран и Кандахар на југ. Талибанците спроведуваат сеопфатна офанзива од почетокот на мај, кога меѓународните сили предводени од САД го засилија конечното повлекување од земјата што треба да заврши до крајот на овој месец.

Обединетите нации соопштија вчера дека добиле извештаи за зголемена смрт на цивили и оштетување на критичната инфраструктура во Хелманд и Кандахар.

„Болниците и здравствените работници се преоптоварени со бројот на ранети луѓе. Можеме да ви кажеме дека сме длабоко загрижени за безбедноста и заштитата на луѓето во Лашкар Гах, на југ, каде десетици илјади луѓе би можеле да бидат заробени од борбите“, рече портпаролот на ОН Стефан Дујарик на брифинг со новинарите.

ОН, исто така, ги повикаа донаторите да го финансираат Планот за хуманитарен одговор за Авганистан, за кој Дујарик рече дека досега добил помалку од половина од потребните 1,3 милијарди долари.

„Ние, заедно со нашите хуманитарни партнери во Авганистан, ги проценуваме потребите и реагираме на југ, како што дозволува пристапот“, рече тој.

Европската унија денеска повика на „итен, сеопфатен и траен прекин на огнот“ и ги осуди нападите на талибанските милитанти.

Владата прогласи 30 дневна кризна состојба поради пожарите

Пожар во близина на Пехчево

Владата на денешната 95-та седница донесе Одлука за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија во траење од 30 дена. Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

„Одлуката за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати институции, заради зголемената појава на пожари и спречување на нивно ширење“, се наведува во соопштението на Владата.

За Одлуката, како што наведуваат од Владата, ќе се извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието.

Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе заклучоци, односно на Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба, главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување, а наделжните институции и единиците на локалната самоуправа да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба.

Владата воедно го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на земјата.

Во Законот за управување со кризи кризната состојба е дефинирана како состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Одлуката за нејзино прогласување не може да трае подолго од 30 дена.

Доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.

Новиот претседател на Иран положи заклетва пред Парламентот

Новиот ирански претседател Ебрахим Раиси.

Новиот ирански претседател Ебрахим Раиси положи заклетва пред парламентот на 5 август, со што го заврши инаугуративниот процес во два чекори, додека Техеран се соочува со економија погодена од санкциите на САД, растечка здравствена криза и тешки преговори за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година со светските сили.

Поранешниот шеф на правосудството, Раиси беше критикуван од Западот за човековите права и беше под санкции на САД делумно поради неговата вмешаност во масовното погубување на илјадници политички затвореници, како и поради неговиот мандат во судството.

Контроверзниот поранешен обвинител беше поддржан од иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Хамнеи, што го означи почетокот на преминот од претседателството на релативно умерениот Хасан Рохани, чие историско достигнување беше нуклеарниот договор со светските сили што ги укина повеќето санкции во замена за ограничување на нуклеарната програма на Техеран.

Санкциите на САД беа повторно воведени откако тогашниот претседател Доналд Трамп се повлече од договорот во 2018 година, што дополнително ја повреди економијата на Иран. Справувањето со економските проблеми во земјата се очекува да биде на врвот на агендата на Раиси заедно со преговорите насочени кон заживување на нуклеарниот договор.

Шест рунди нуклеарни преговори меѓу Иран и светските сили беа одржани во Виена помеѓу април и јуни во обид да се оживее договорот. Последната рунда заврши на 20 јуни, без датум одреден за друг.
Раиси по победата на изборите рече дека ги поддржува разговорите за заживување на договорот. Русија, една од потписниците на договорот, го испрати спикерот на Думата, Вјачеслав Володин, на свечената заклетва во Техеран.

Иранските медиуми објавија дека неколку странски претставници биле поканети на церемонијата на 5 август, вклучувајќи го ирачкиот претседател и претседатели на парламентот од Нигер, Сирија, Таџикистан, Танзанија и Узбекистан.

По свечената заклетва, Раиси треба да го достави својот предлог кабинет. Во своето обраќање по инаугурацијата Раиси рече дека неговата влада ќе преземе чекори за укинување на „тиранските“ санкции воведени од САД.

Вакцинирани вкупо 519.106 граѓани

Вакцинација. Ковид-19.

Министерството за здравство информира дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 519.106 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.905 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.984 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 932.603 дози вакцини, а ревакцинирани се 409.186 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, како што се посочува, барем една доза вакцина имаат примено 65 отсто од населението над 70 години, 62 проценти од лицата над 65 години, 57 отсто од оние над 60 години, како и 47 проценти од граѓаните над 50-годишна возраст.

„ Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата“, информираат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.

Светската здравствена организација повикува на мораториум на давање трета доза на вакцините против ковид-19 барем до крајот на септември, изјави нејзиниот шеф Тедрос Аданом Гебрејезус. Овој потег треба да овозможи да се вакцинираат најмалку 10% од населението во секоја земја, рече Тедрос.

Активни пожари во битолскиот, струмичкиот, кумановскиот и штипскиот регион

Пожар во Македонски брод. Илустрација.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека активни пожари има во битолскиот, струмичкиот, кумановскиот и штипскиот регион. Во нивното гаснење од раните утрински часови учествуваат пожарникарите, припадници на Армијата, а на одредени места дел од екипата од Бугарија, како и месното население.

Активни пожари, согласно состојбата до 8 часот утринава, има во битолскиот регион. Поточно, на територијата на ЕЛС Прилеп има два активни пожари на отворен простор и тоа во атарот на селата Дрен-Смолане каде гори сува трева и шума и е во близина на објекти.
Пожар кој започна на 2 август во атарот на селото Топлица се проширил во атарите на селата Ракле и Никодин. Гори сува трева, а во повисокиот дел и густа шума.

Од ЦУК информираа дека на двата пожари од раните утрински часови во гаснење учествуваат девет пожарникари со 4ПП возила и 28 припадници на АРМ и вработени од „Црн бор“ – Прилеп.

Во однос на струмичкиот регион, таму утрово на пожарот кај Погана се излезени 2 ПП возила од ТППЕ Валандово со седум пожарникари, 14 од ШС Саланџак-Валандово, 30 припадници на АРСМ, ДЗС Валандово 7, ЕВН со седум вработени, една цистерна за вода и едно теренско возило, од РЕК Битола и здружение од Битола девет луѓе исто така се излезени 13 вработени од ПШС Кожув.

Во кумановскиот регион активен е пожарот во селото Мургаш. Гори сува трева и истиот може да се прошири према куќите.За пожарот се известени ТППЕ Куманово, ДЗС Куманово и општина Куманово. Во моментот активни пожари има во селата Довозенце, Горно Јачинце и Градиште, а информациите се добиени од ТППЕ Куманово чии екипи сеуште се на терен.

Во Општина Кратово пожарот во селото Коњух е се уште активен на непристапен терен. На терен се ТППЕ Кратово со едно возило, три пожарникари и четворица вработени од Шумското стопанство.
Во штипски регион, пожарот на потегот село Костин дол – Ново село од нокеска е повторно активен. На терен се екипи од ТППЕ-Кочани, ШС Осогово, Водостопанство и МЗШВ.

Пожарот кој Стар Истевник се уште е активен. Од раните утрински часови на терен се распоредени екипи на АРСМ, ЦУК, ДЗС, НШ, ЈП, дел од екипата од Бугарија како и месно население. Само од АРСМ има 200 луѓе. Противпожарна екипа од Кочани.

Информација од Раководителот на РЦУК Делчево од лице место, е дека на теренот се распоредени екипи на НШ, ГП, КП, АРСМ, во многу голем број месно население и доброволци. На теренот видливоста е многу намалена и има многу дим, што го отежнува гасненењето на пожарот.

Владата во меѓувреме на денешната седница го разгледува предлогот за донесување на одлука за прогласување на кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена.

Пет хеликоптери го гасат пожарот кај Пехчево

Пожар во близина на Пехчево

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информира дека пет хеликоптери веќе го гаснат пожарот во пехчевско. Тие полетале, како што наведува Ангелов, откако претходно рано утрово беше направено извидување на теренот со еден армиски хеликоптер.

„Петте хеликоптери почнаа со гаснење. Поради безбедносни причини и протоколи нема да се вклучам во живо“, напиша Ангелов на Фејсбук.

Ангелов вчера најави дека денеска рано наутро петте хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар во реонот на општина Пехчево сè додека тоа го дозволува температурата на воздухот. Хеликоптерите од кои два македонски и три српски, вчера попладнето се упатиле кон локацијата зафатена со пожарот, но поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување.

Пожарот во Горно Јачинце, кумановско сè уште е активен, информираа денеска надлежните од територијалната противпожарна единица Куманово. Останатите два жаришта кои се наоѓаат кај Довезенце и Јачинце – Мургаш се ставени под контрола.

„Трите активни жаришта ги гасевме до три часот утрово. Двата се целосно угаснати, но остана противпожарна патрола од месно население која дежура. Последното жариште е локализирано, ставено под контрола и имаме уште една екипа таму“, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Минатиот месец беше трет најтопол јули во светот забележан досега

Минатиот месец беше еден од најжешките јули во светот, забележан само зад 2019 и 2016 година, со невообичаено високи температури од Финска до Соединетите држави, соопштија денеска научници на ЕУ. Тоа е најновата пресвртница во долгорочниот тренд на затоплување, според која последните седум години беа рангирани како најжешките во светот досега, бидејќи емисиите на стакленички гасови ја менуваат климата на планетата.
„Кога ги гледаме глобалните температури, има промени од година во година, па дури и од месец во месец“, вели Фреја Вамборг, виш научник во Службата за климатски промени Коперник на Европската унија, додавајќи: „Но, на крајот, основната работа што ја гледаме е трендот на затоплување на глобално ниво, и во повеќето региони во светот“.

Нека заврне: гневот расте поради големата суша во Централна Азија

Записите на Коперник датираат од 1950 година, но се вкрстуваат со други сетови на податоци кои потекнуваат од средината на 19 век. Повеќе региони беа опфатени со екстремни временски настани минатиот месец - во согласност со консензусот на научниците дека глобалното затоплување ги прави топлинските бранови поверојатни и пожестоки и дека потопла планета ќе доведе до пообилни врнежи. Рекордните горештини во Соединетите држави и Канада, кои започнаа во јуни, усмртија стотици луѓе и разгореа големи пожари. Во Кина, Белгија и Германија, екстремните врнежи предизвикаа смртоносни поплави. Тропскиот север на Австралија ја забележа највисоката дневна максимална температура минатиот месец, додека температурите над Северна Африка беа повисоки од нормалните.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG