Достапни линкови

Вести

Путин: Пред честитките за Бајден чекаме крај на политичкиот конфликт во САД

Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нема скриен мотив во неговата одлука да не му честита на новоизбраниот претседател на Соединетите Држави, Џо Бајден, наведувајќи дека Кремљ „само чека на крај на внатрешниот политички конфликт“ во САД.

„Сакам да ве уверам дека нема позадина, не е важно дали некој ни се допаѓа или не, само чекаме крај на внатрешно-политичката конфронтација“, рече Путин во интервјуто кое денеска го пренесе руската државна телевизија.

Путин рече дека негирањето на честитките не ги менува американско-руските односи на кој било начин, зошто како што рече, односите се веќе расипани.

Обама во неговите мемоари со критики за Путин

Рускиот претседател е еден од ретките светски лидери кои сè уште не му честитале на новоизбраниот претседател на Соединетите Држави. На претходните избори во САД во 2016 година, Путин беше меѓу првите лидери кои му честитаа на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.

види ги сите денешни вести

Автомобил со политички пораки удри во оградата од кабинетот на Меркел

Возачот е приведен и се утврдува дали намерно удрил во заштитната ограда од зградата каде е кабинетот на германската канцеларка.

Автомобил со слогани испишани на страните влета во портата на канцеларијата на канцеларката Ангела Меркел во Берлин.

„Утврдуваме дали возачот намерно влетал во „портата на канцеларијата“, објави денеска на твитер берлинската полиција и додаде дека возачот бил приведен. Снимките од инцидентот споделени на социјалните мрежи покажаа дека полицајци прегледуваат автомобил пред портата со натписи „Стоп за глобализациската политика“ од едната страна и „Вие проклети убијци на деца и стари лица“ од друга.

Не беше јасно дали Меркел била во зградата за време на инцидентот. Таа денеска треба да одржи видео-конференција со премиерите на 16-те покраини на Германија, на која ќе разговара за одговорот на нацијата кон пандемијата на коронавирусот.

Репортерот на германската новинска агенција ДПА на местото на настанот пријавил дека на едно повредено лице му се дава брза помош. Металната порта на канцеларката и возилото се чинеше дека се само малку оштетени.

Европа е во состојба на готовност откако осомничени исламистички милитанти во последните неколку недели убија осум лица во Франција и Австрија.

Кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ, 13 нови општински претседатели

Илустрација - Седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје

Доцна синоќа Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донел одлука за избор на нови претседатели на општински комитети и за избор на ново претседателство на Унијата на ветерани, соопштија од партијата.

Според одлуката, нови претседатели на општински комитети се изберени во 13 општини. Овие кадровски промени беа најавени веднаш по парламентарните избори, а со цел, како што тогаш рече претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, „за јакнење на партискиот капацитет“.

На овој избор му претходеше јавен оглас од партијата за овие раководни позиции, а минатиот месец беше избрана и нова претседателка на Унијата на жени - Жаклина Пешевска.

Вакцинирањето против Ковид во ЕУ ќе почне пред крајот на годинава

Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, најави дека првите граѓани на Европа ќе бидат вакцинирани против Ковид-19 пред крајот на декември оваа година. Во својот говор пред Европскиот парламент, Лајен предупреди дека и покрај „светлото на крајот од тунелот“, не смее да има брзо олеснување на мерките воведени против ширење на вирусот.

“Ситуацијата со пандемијата и натаму е сериозна. Со речиси 3.000 смртни случаи на ден, Ковид-19 беше причина број еден за смрт во ЕУ минатата недела. Болниците се уште се под притисок, знам дека сопствениците на продавници и угостителите сакаат да се укинат ограничувањата, но не смееме да ги повторуваме истите грешки. Премногу брзо и премногу релаксирање ризикува трет бран по Божик”, рече Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека овој Божик во ЕУ ќе биде поинаков и потивок, но дека има и добри вести.

За 24 часа 39 нови пациенти во скопските ковид центри

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 39 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 486 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 15 приеми и тоа тројца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, петмина во ковид центарот на Клниката за Неврологија, тројца болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, еден на Клиниката за гастроентерохепатологија, двајца пациенти на Клиниката за очни болести и еден на Клиниката за нефрологија.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 9 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 15 приеми во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 27 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Бектеши: Две турски компании во трка за изградба на магистралниот гасовод

Крешник Бектеши

Министерот за економија, Крешник Бектеши, соопшти дека две турски компании влегле во конкуренција за изградба на магистралниот гасовод во Северна Македонија - “Акса Догалгас Дагити А.С.“ и „Палмет Енерџи Аноним Ширкети“.

„Врз основа на извештајот на Министерството за економија, вчера Владата донесе одлука со која овие две компании ќе бидат поканети да учествуваат во втората фаза на конкурентен дијалог. Тоа значи дека овие две компании ќе учествуваат во тендерската постапка до третата фаза која значи конечен избор на компанија со која ќе се воспостави јавно- приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Северна Македонија“, објави Бектеши на својот Фејсбук.

Германија планира да дозволи 10 луѓе да слават заедно Божиќ

илустрација

Шеснаесетте сојузни германски сојузни држави планираат да дозволат собири на најмногу 10 лица за време на Божиќ и Нова година, нудејќи извесно релаксирање на ограничувањата на коронавирусот за да можат семејствата и пријателите да слават заедно. Премиерите на државите денеска треба да разговараат за своите планови со канцеларката Ангела Меркел. Градоначалникот на Берлин, Мајкл Мулер, за телевизијата АРД изјави дека е уверен оти мерките ќе бидат донесени.

Карантинот ја зауздува пандемијата во Европа, САД во расчекор

Премиерите исто така рекоа дека постои широк договор за продолжување на националното „затворање“ до 20 декември за да се забави ширењето на пандемијата на ковид-19. Германија ги затвори баровите, рестораните и местата за забава на 2 ноември за еден месец. Училиштата и продавниците остануваат отворени додека приватните собири се ограничени на најмногу 10 лица од две домаќинства. Според новите планови, приватните собири би биле ограничени на најмногу пет лица до Божиќниот период. Покрај тоа, огнометот би бил забранет на јавни места на новогодишната ноќ за да се избегне собирање голем број луѓе.

Русија спречила напади на Исламска држава во московскиот регион

илустрација

Руската Федерална служба за безбедност соопшти дека растурила ќелија на екстремистичката група Исламска држава која планирала „акти на саботажа и терор“ во московскиот регион. Безбедносните службеници приведоа член на ќелијата, опишан како „граѓанин на централноазиска земја“, во регионот Владимир, источно од Москва, се вели во соопштението. За време на истрагата е запленета и домашна бомба.

Предизвиците по враќањето на терористички борци од странските боишта

„Другите цели на ќелијата беа регрутирање на нови членови во редовите на Исламската држава и финансиски поддршка на тероризмот“, се наведува во соопштението. Рускиот Врховен суд ја означи групата ИД како терористичка и ја забрани во декември 2014 година.

ЕУ за новиот француски закон: Овозможете им на новинарите да работат слободно

илустрација

Европската унија по повод францускиот нацрт закон за безбедност соопшти дека на новинарите треба да им се дозволи слободно и целосно безбедно да си ја вршат работата. Портпарол на Европската комисија изјави дека членките на ЕУ, „при донесување закони од областа на безбедноста, мора да го почитуваат принципот на пропорционалност“ помеѓу безбедноста и граѓанските слободи, пренесува бриселскиот портал Политико. „Во време на криза, поважно е од кога и да е новинарите да можат слободно и целосно безбедно да си ја вршат својата работа. Европската комисија ќе го провери конечниот текст на законот за да провери дали е во согласност со европското законодавство“, рече портпаролот на ЕК.

СЗО: Можен е трет бран ако владите не го спречат ширењето на вирусот

Контроверзниот предлог-закон, што пратениците на долниот дом на францускиот парламент најверојатно ќе го усвојат денеска, го дефинира како кривично дело објавување фотографии или снимки на полицајци. Француската влада вели дека новиот закон има за цел да ги заштити полицајците од повиците за насилство преку интернет, додека противниците стравуваат дека новата одредба ќе ги загрози новинарите и другите граѓани кои снимаат полицајци на должност, особено за време на насилни демонстрации. Високиот комесаријат за човекови права на ОН ја предупреди Франција дека новиот закон „може да доведе до значително кршење на човековите права и основните слободи, особено на правото на приватност и слобода на изразување“, пренесува Политико. Доколку законот стапи на сила, сторителите можат да бидат осудени на максимум една година затвор и парична казна од 45.000 евра.

ЕУ денеска ќе потпише договор за 160 милиони дози вакцини против ковид-19

Европската унија постигна договор со американската биотехнолошка фирма Модерна за снабдување до 160 милиони дози на нејзиниот кандидат за вакцини против ковид-19, изјави вчера претседателката на Европската комисија. Договорот ќе биде официјално одобрен од извршната власт на ЕУ во среда, рече Урсула фон дер Лајен. „Според резултатите од клиничките испитувања, оваа вакцина може да биде многу ефикасна против ковид-19“, рече таа, додавајќи: „Штом вакцината навистина се докаже како безбедна и ефикасна, секоја земја-членка ќе ја прими во исто време пропорционално“.


Вакцинација со Спутник V ќе чини помалку од 20 долари

Деталите за договорот, вклучително и сите опции за набавка во рамките на 160 милиони можни вкупни дози, ќе бидат објавени кога ќе биде потпишан во среда. Брисел претходно потпиша договори за стотици милиони дози на можни идни вакцини од „Џонсон и Џонсон“, „Санофи-ГСК“, „АстраЗенека“, „Фајзер-БионНТех“ и „КуреВак“.

Запленети 372.000 растенија канабис во Шпанија

илустрација

Шпанската цивилна гарда објави дека откривајќи мрежа на шверцери со дрога, запленила 372 000 растенија канабис, што е скоро третина од вообичаените годишни заплени во земјата. Акцијата, спроведена во текот на октомври и ноември, доведе до откривање на професионална мрежа за одгледување, собирање и продажба на канабис. Истрагата започната во мај годинава откри 52 насади со марихуана во Мадрид и други области со вкупно 372.000 растенија.

Полицијата пронашла мини лабораторија и стебла канабис во Визбегово, приведени три лица

Според Министерството за внатрешни работи, полицијата заплени скоро милион растенија канабис во просек секоја година, чие незаконско одгледување цвета во последно време, до степен Шпанија да стане главен производител во Европската унија. Уапсени се тројца членови на шверцерската мрежа, а тие се обвинети за изнајмување земјоделско земјиште и вработување на сопственици на тие имоти, уверувајќи ги дека станува збор за канабис за медицински цели.

Бајден: САД се подготвени да го водат светот, а не да се повлечат од него

Избраниот претседател Џо Бајден ја отстранува маската за лице при претставувањето на своите наименувани за клучните позии во национална безбедност

Соединетите држави се „подготвени да го водат светот“, рече избраниот американски претседател ЏоБајден денес во Вилмингтон, претставувајќи го дел од тимот на неговата идна влада. „Тоа е тим што го одразува фактот дека Америка се врати, подготвена да го води светот и да не се повлекува од него“, рече Бајден, алудирајќи на пресврт во надворешната политика. Тој ја повтори својата решеност да се бори против климатските промени воведувајќи го својот иден специјален пратеник за ова прашање Џон Кери.

Џон Кери го предводи тимот на Бајден во борбата против климатските промени

„Сакам да бидам јасен. Ниту за секунда не ги потценив тешкотиите во исполнувањето на моите смели обврски кон борбата против климатските промени. Но, во исто време, никој не треба да ја потценува за секунда мојата решеност да го сторам тоа", рече Бајден. Кери ја повика меѓународната заедница да биде поамбициозна во борбата против климатските промени, што е еден од приоритетите на Бајден.

Блинкен најверојатно нов државен секретар на САД

Идниот министер за надворешни работи Ентони Блинкен рече дека ќе се залага за меѓународна соработка во решавањето на светските проблеми. „Не можеме да ги решиме проблемите во светот сами, мора да работиме со други земји“, рече тој. Пред присутните се обрати и идната американска амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, која рече дека мултилатерализмот се врати во САД.

Владата го утврди текстот на Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање

Влада на Република Северна Македонија

Владата го утврди текстот на Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање. Како што соопшти владината прес-служба, целта на Законот за Агенција за разузнавање е да се направи јасна дистинкција меѓу АНБ чија надлежност се поклопува со надлежноста на Агенција за разузнавање, согласно постојниот закон. Во новиот закон за Агенцијата за разузнавање, јасно е дефинирана надлежноста на Агенцијата да собира, обработува, анализира, разменува, чува и штити податоци и информации од странство, кои се од значење за безбедноста, одбраната, надворешно – политичките интереси на Република Северна Македонија, стои во соопштението.

Мухамед Зекири е нов генерален секретар на Владата

На оваа седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување процес на кодификација на правото во земјава и го задолжи Генералниот секретаријат на Владата да спроведе постапка за јавна набавка на софтвер и софтверско решение со кој што ќе се изврши кодификација на правото во земјава.

Времето денеска: сончево со локална облачност

Наутро ќе биде студено и понекаде во котлините со појава на магла. Преку денот сончево со мала локална облачност и со слаб претежно северен ветер. Дневната температура ќе биде од 11 до 16 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде до 9 степени.

Починаа 15 лица од корона вирус, 1039 се новозаразени

Ковид-19 центар во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3143 тестирања, а регистрирани се 1039 нови случаи на ковид-19 од кои најмногу новозаразени има во Скопје-546.

Починати се 15 лица, шест пациенти од Прилеп (65, 65, 69, 69, 69 и 72г), пациент од Скопје (73г), од Дебар (60г), пациент од Велес (71г), пациент од Битола (64г), од Кавадарци (66г), од Демир Хисар (84г), од Свети Николе (56г), од Кичево (55г) и пациент од Ресен (84г). Сите пациенти се починати во болнички услови.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 998 оздравени пациенти

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 56164, бројката на оздравени пациенти е 33892, на починати е 1561, а бројот на активни случаи изнесува 20711.

Вонредна инспекција во болницата во Битола

Илустрација. Клиничката болница во Битола.

Министерот за здравство, Венко Филипче најави вонреден инспекциски надзор во болницата во Битола, откако на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледа дека додека пациент прима инфузија во истата просторија на други болнички кревети лежат двајца починати пациенти.

Министерот Филипче, денеска рече дека со инспекцијата ќе утврди фактичката состојба во дневната болница.

Претходно, докторката Билјана Гагачовска, директорка на Клиничката болница во Битола, во врска со настанот што се случил вчера во битолската дневна болница кажа дека го информирала Министерството за здравство дека еден од пациентите кој бил во лоша здравствена состојба примал инфузија, а на другите два креветат за време на интервенција, пациентите починале.

„Согласно лекарските овластувања регулирани во член 272 од Законот за здравствена заштита, став 1, преглед на умреното лице се врши, по правило, најрано 2 часа по настапувањето на смртта на местото на смртта, а најдоцна 12 часа по пријавувањето. Од таа причина телото на починатиот не можело да се пренесе во болничката мртвачница, објасни директорката Гагачовска.

Министерството за здравство повторно апелираше доколку членови на семејство на пациент и лично пациенти имаат каков било сомнеж за евентуален лекарски пропуст или за начинот на лекарски третман, да се обратат до ДСЗИ.

Мухамед Зекири е нов генерален секретар на Владата

Поранешниот пратеник и актуелен потпретседател на Владата Мухамед Зекири

Поранешниот пратеник и актуелен потпретседател на Владата Мухамед Зекири е назначен за нов генерален секретар на Владата. Одлуката била донесена на последната владина седница одржана денеска.

Зекири неодамна си поднесе оставка од пратеничката функција, а Собранието веќе ја констатираше оставката. Тој доаѓа на местото на досегашниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

Оставки на пратениците Зекири, Лукаревска, Бајрами и Дурловски

Мухамед Зекири од СДСМ, заедно со Сања Лукаревска која Владата ја именуваше за директорка на Управата за јавни приходи (УЈП),како и Игор Дурловски од ВМРО-ДПМНЕ и Бајрам Реџепи од ДУИ во последните денови од октомври си поднесоа оставки.

Тие не ја образложи својата оставката пред колегите пратеници.

Италија: 853 починати од корона вирус

Илустарција.Корона вирус.

Италија објави дека денеска има 853 смртни случаи поврзани со ковид 19, што претставува најголемо зголемување на починати во едно деноноќие од 28 март.

Министерството за здравство исто така регистрираше 23.232 новозаразени со коронавирус, за разлика од 22.930 претходниот ден.

Италија беше првата западна земја погодена од вирусот и забележа 51306 жртви на Ковид-19 од избувнувањето на болеста во февруари, и беше втора земја со најголем број на жртва во Европа по Британија.

Додека дневниот биланс на жртви во Италија е најголем во Европа во последните денови, приемот во болници и исполнетоста на интензивната нега се намали.

Бројот на луѓе во болница со Ковид-19 денеска изнесува 34.577, што е пад за 120 пациенти од претходниот ден.

Ковид-19: Во болниците има 1 290 пациенти

Ковид-19 центар во Скопје

Министерството за здравство информира дека бројката на хоспитализирани пациенти кои се позитивни или сомнителни на ковид-19, во земјава изнесува 1 290, а во моментов има околу 130 слободни кревети.

Најголемиот дел од пациентите се примени во болниците од внатрешноста – 814, додека останатите 476 се во Скопје.

295 војници за поддршка на полицијата во здравствените објекти

Најмногу пациенти во болниците надвор од Скопје во моментов има во Куманово – 118 и Охрид – 111, додека во Прилеп се хоспитализирани 104.

Во струмичката болница има 72 пациенти , во Битола 70, во Велес 65, во Штип 56, во Гостивар 49, во Тетово 46, во Кавадарци 44, во Струга 32, во Кочани 20, во Кичево 18, и во Гевгелија 9 пациенти кои се позитивни или сомнителни на ковид-19.

МЕПСО: Прекините на напојувањето во Скопскиот регион резултат на неможноста да се ангажираат хидроелектраните

Macedonia - MEPSO trasnformer, Stip, 23Mar2009

АД Мепсо денеска излезе со соопштение во кое информира дека прекините на напојувањето во Скопскиот регион се резултат на неможноста да се ангажираат системските резерви кои не им биле ставени на располагање од АД ЕСМ

До соопштението доаѓа откако претходно денеска делови од Скопје и Тетово нема струја поради дефект на 110 киловолтниот далекувод на МЕПСО.

"АД МЕПСО немаше можност да изврши благовремено растоварување на електропреносната мрежа и напонска поддрша со ангажирање на хидроелектраните со кои нормално секоја година се обезбедуваат системските резерви неопходни за за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем"се наведува во соопштението на компанијата.

Од таму информираат дека со максимален ангажман на стручните екипи на АД МЕПСО во 12:07 часот е вклучен далекуводот ТС Скопје 4 – ТС Скопје 3 со што се подобруваат напонските прилики во регионот и се нормализираат тековите на моќност.

Според информација од ЕВН Дистрибуција, регулационите преклопки на трансформаторите во ТС Запад и ТС Козле останале заглавени во положба за максимална регулација на напон, поради што операторите од ЕВН Дистрибуција не биле во можност да ги вклучат Пратени се екипи на ЕВН Дистрибуција рачно на лице место да ги ослободат регулационите преклопки во ТС Запад и ТС Козле. По интервенцијата, ТС Запад и ТС Козле постепено се обезбедени со напојување со електрична енергија од ЕВН Дистрибуција.

Вакцинација со Спутник V ќе чини помалку од 20 долари

Руската вакцина за коронавирус Спутник V

Финансиските поддржувачи и развивачи на руска вакцина за коронавирус Спутник V наведуваат дека вакцинирање на едно лице ќе чини „помалку од 20 американски долари“ на меѓународните пазари, а вакцината ќе биде бесплатна за руските граѓани.

Меѓународната пазарна цена за Спутник V, која беше претставена денеска, е поевтина од некои други западни конкуренти, како што е вакцината произведена од „Фајзер“, која чини повеќе од 18 долари за истрел. Сепак, руската вакцина е поскапа од онаа што ја произведува Астра, која во Европа ќе се продава по цена од околу 3 американски долари.

Развивачите на Спутник V објавија дека имаат капацитет да направат повеќе од милијарда дози почнувајќи од следната година, што е доволно за да вакцинираат над 500 милиони луѓе. Руското Министерство за здравство пак соопшти дека новите податоци за клиничко испитување покажуваат дека Спутник V е ефикасна од 91,4 проценти до над 95 проценти.

Русија беше првата земја што одобри нејзина вакцина за коронавирус за широко распространета употреба во јавноста, регистрирајќи го Спутник-V во август.

Бесими: Во предлог буџетот во фокусот се здравството и економијата

Министерот за финансии, Фатмир Бесими

Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска на првиот ден од расправата за Предлог-буџетото за 2021 пред комисијата за финсирање и буџет одговарајќи на реплика рече дека државата мора да го продава својот имот, бидејќи повеќе нема простор за големи задолжувања.

"Оние претпријатија кои ќе се понудат на продажба или како јавно-приватно партнерство сега претставуваат дополнителен товар за буџетот, а тоа значи помалку пари за развој. Формите како јавно-приватно партнерство и инвестициски фондови се нови начини на финансирање. Таков е и планот на Вархеи од 9 милијарди евра за Западен Балкан и привлекување на дополнителен финансиски капитал, рече Бесими од собраниската говорница, зборуавјќи за Предлог-буџетот за 2021.

Министерот кажа дека следната година растот и развојот нема да може да се финансира само преку задолжување.

Инаку Бесими образложувајќи го предлог буџетот рече дека тој треба да овозможи зајакнување на финансирањето на системот на здравствената заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, како и поддршка на економската стабилизација.

Од СДСМ велат дека со предложениот буџет во фокусот се ставени економијата и здравството.
„Предлог буџетот на 2021 година пред себе има три клучни цели Да обезбеди поддршка и унапредување на здравствениот сектор, пред се заштита на здравјето на сите граѓани. Да го поддржи економското заздравување, односно да се помогнат сите оние микро, мали, средни и големи компании, кои имаат потреба од помош во справување со последиците од пандемијата. И трето, да се одржат и унапредат основните функции на државата и да овозможиме ефикасно спроведување на потребните реформи“, рече Јован Митревски од СДСМ.

Опозицијата која достави 528 амандмани смета дека буџетот е расипнички, не е за граѓаните, туку за партиски потреби и цели.

Се опремува инфективното одделение во "Мала Богородица"

Илустрација. Ковид 19, станици за кислород.

Во тек е медицинско опремување на објектот на поранешната гинеколошка болница „Мала Богородица“, сегашен хотел „Ибис Стајлс“, што Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го отстапи за хоспитализација на пациенти со Ковид-19, информираат од болницата.

Од таму наведуваат дека се подготвува и документација за станица за кислород што ќе биде поставена надвор од објектот за опслужување со кислород на пациентите. Во тек се и преговорите за начинот на функционирање овој ковид-центар, согласно договорот меѓу Министерството за здравство и приватните клиники за меѓусебна соработка во борбата со Ковид-19.

Во моментот, како што посочуваат, се бара правно решение за издавање дозвола за функционирањето на установава како ковид-центар и се очекува во објектот првите пациенти да бидат примени од почетокот на идната недела.

Во ковид центрите 48 нови пациенти, покачен бројот на смртни случаи

Со ковид-центарот ќе менаџира Министерството за здравство, односно државата, кои ќе одлучуваат кои пациенти ќе се третираат тука и каква терапија ќе добиваат. Согласно договорот ќе се третираат и хоспитализираат пред се пациенти со полесна и умерена клиничка слика, а пациентите со потешки компликации ќе се третираат во ГОБ „8 Септември“

Царовска: Европски вредности со билингвални паралелки

Мила Царовска

Билингвалното образование се покажа досега како вистински репрезент на интеркултурализам, на учење за културата на францускиот народ, но и на пошироките европски вредности. Поддршката на ваков тип проекти е поддршка за прифаќање на глобални трендови и култури што се многу важни за развојот на новите генерации млади“, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, која денеска учествуваше на онлајн средба по повод билингвалните паралелки во државата, организиран од гимназијата „Орце Николов“ и Амбасадата на Франција.

Министерката истакна дека голем број ученици од овие паралелки, низ годините, го продолжиле своето образование во најпознатите академски центри на Франција и донеле нови практики и нов пристап во креирање општествени и образовни политики.

Царовска се заблагодари на Француската амбасада која поддржа низа проекти креирани од наставниците и учениците со кои создадоа франкофонска мрежа од активни млади лица и идеи за подобра иднина на сите. На вебинарот учествуваа и амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер и директорот на гимназијата „Орце Николов“ Митко Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ: Заев на Бугарија понудил банка, ХЕЦ, дел од Телеком...?

Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска рече дека на Бугарија „Заев ѝ ветил и една поголема банка“.

Сакаме да прашаме, а Заев мора веднаш да одговори, што содржи таа понуда што ја дала Владата на Заев до бугарската страна, праша денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по синоќешната изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека на Бугарија ѝ е дадена понуда за договор по ветото што го стави на преговарачката рамка со Европската унија.

„Во прашање се сериозни бизнис-ветувања од Зоран Заев кон бугарската страна, поголем пакет кој вклучува сериозен приватен и државен капитал, кој требало да биде продаден на бугарски фирми и бугарски бизнисмени. Тука би набројале една поголема банка, државниот удел на Република Македонија во 'Телеком', што ќе значи и целосно приватизирање, железнички транспорт, ТЕЦ 'Неготино', земјоделско земјиште, кое наводно и веќе било капарисано од одредени луѓе што треба да стане градежно, и уште многу други работи“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа за ТВ21 изјави дека Северна Македонија и Бугарија размениле понуди и документи и дека деновиве очекувале одговор од бугарската страна, но дека во овој момент не може да открие никакви детали од понуденото.

Москва: Американски разурнувач влезе во заливот Петар Велики

Илустрација - Архивска фотографија од разурнувачот „УСС Џон С. Мекејн“ во водите на Сингапур

Руското Министерство за одбрана соопшти дека разурнувач на американската морнарица ги напуштил руските води на далечниот исток на Русија, откако бил предупреден дека може да биде нападнат. Во изјавата од Министерството се вели дека „УСС Џон С. Мекејн“ влегол на 2 километри во руските територијални води во Заливот Петар Велики, во близина на источниот руски пристанишен град Владивосток, пред да се врати назад по добивањето предупредување од бродот „Адмирал Виноградов“.

„Противподморничкиот разурнувач 'Адмирал Виноградов' на Пацифичката флота користеше меѓународен канал за комуникација за да го предупреди странскиот брод дека ваквите дејствија се неприфатливи и дека насилникот може да се истера од територијалните води на земјата со маневар за напади. По издаденото предупредување и 'Адмирал Виноградов' го смени својот правец, а 'УСС Џон С. Мекејн' се врати во меѓународните води“, се вели во соопштението на Министерството.

Во изјавата на американската пацифичка флота не се наведени детали за инцидентот, но се вели дека американскиот брод „ги истакнал навигациските права и слободи“ во околината на Петар Велики Залив „оспорувајќи ги прекумерните морски побарувања на Русија“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG