Достапни линкови

Вести

Американската Модерна: Нашата вакцина е речиси 95% ефикасна

Американската фармацевтска компанија Модерна


Американската фармацевтска компанија Модерна денеска објави дека нејзината експериментална вакцина против Ковид-19 е речиси 95 проценти делотворна.

Модерна ги објави резултати од клиничкото испитување спроведено со над 30 000 учесници, откако американската фармацевтска компанија Пфајзер минатата недела објави дека нивната вакцина е ефикасна 90 проценти.

Ако со вакцината се почне во јануари, резултати видливи налето

„Нашата студија во фаза 3 ни ја даде првата клиничка валидација дека нашата вакцина може да ја спречи болеста КОВИД-19“, рече извршниот директор на Модерна, Стефан Бансел.

„Модерна“ објави дека планира да ја пријави вакцината за одобрување во следните неколку недели и наведе дека се очекува да има приближно 20 милиони дози подготвени за испраќање во САД до крајот на годината.

Клиничкото испитување на кое се темели тврдењето за скоро 95 процентна ефикасност е спроведено на 30 000 испитаници. Субјектите примиле две дози од вакцината, во период од четири недели, при што половина од испитаниците примиле плацебо инјекција.

Мал дел од луѓето доживеале симптоми како што се замор, болки во мускулите и зглобовите или црвенило на местото на инјектирање, но овие несакани ефекти траеле кратко.

види ги сите денешни вести

Радев бара мерки за заштита за Бугарите во Македонија

Бугарскиот претседател Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска побарал од специјалните служби да се се преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од земјата, кои се изложени на напади поради нивната национална самосвест.

Поводот на средбата на Радев со шефовите на бугарските специјални служби било писмото до неговиот кабинет од Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола и од други граѓани на Северна Македонија кои се соочувале со, како што се наведува во соопштението, зачестени појави на повреда на нивните права поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.

На средбата, според соопштението, бил разгледан и случајот во Струмица, со нападнатите граѓани кои се определуваат како Бугари.

Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов и специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски разговарале за актуелната соработка меѓу двете земји. Најголем акцент на средбата бил ставен на врските во областа на медиумите, образованието, културата, здравствената заштита и инфраструктурните проекти.

Ерменскиот премиер прифаќа предвремени избори под одредени услови

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан денеска рече дека е подготвен да одржи предвремени парламентарни избори под услов опозицијата да се согласи на одредени услови. Политичките тензии во Ерменија се високи, при што приврзаниците на Пашинијан и опозицијата организираат масовни митинзи на одделни места во главниот град. Пашинијан се соочува со тековната политичка криза откако армијата побара тој да се повлече од функцијата минатата недела, потег за кој рече дека е обид за пуч.

„Ако парламентарната опозиција се согласи на предвремени избори, ние ќе се согласиме на предвремени избори“, им рече Пашинијан на илјадниците приврзаници собрани на централниот плоштад во Ереван.

Тој исто така предложи одржување референдум во октомври за усвојување на нов устав со кој ќе се прошират претседателските овластувања за да се избегнат идните кризи.

Пашинијан се соочи со сè поголеми протести и повици од опозицијата за оставка по шестнеделниот конфликт меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили во регионот на Нагорно Карабах минатата година. Многу Ерменци договорот го сметаат за понижувачки.

Група украински дипломати осомничени за шверц на злато и девизи

Украинското знаме и злато. Илустрација.

Украинската Служба за безбедност оопшти дека спречила синџир сочинет од поранешни и сегашни украински дипломати кои се осомничени за криумчарење стока вредна стотици илјади долари, вклучително злато и девизи.

Дипломатите, чиј идентитет не е обелоденет, го користеле системот на дипломатска пошта и дипломатските документи за шверц на акцизна стока до и од Европската унија. Според соопштението, групата дипломати нелегално префрлала девизи, злато и производи од тутун преку граница.

Службата за безбедност заедно со истражителите на Државниот завод за истраги запреле камион со дипломатски регистарски ознаки на царинската точка долж украинско-полската граница. Во камионот се пронајдени 140.000 долари, 67 200 евра, 11.600 полски злоти (3.060 долари), 16 килограми злато во вредност од околу 530.000 долари, тутун во вредност од 53.000 долари.

Во соопштението се додава дека е покрената истрага за аферата и дека осомничените, чиј број не е соопштен, не се официјално обвинети.

Заев: Заложбите за нулта дискриминација ги остваруваме и преку ново законско решение

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев по повод одбележувањето на Денот на нулта дискриминација на Фејсбук порача дека Владата преку новиот закон ќе овозможи услови за развој на сите граѓани.

„Заложбите за нулта дискриминација, градење, еднакво, праведно и правично општество ги остваруваме и преку ново законско решение со кое граѓаните добиваат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува услови за развој за сите“, напиша тој.

Според него, во новиот текст на законот за првпат сексуалната ориентација и родовиот идентитет се воведуваат како основи за дискриминација. Со Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој како што наведува, е целосно усогласен со правото на ЕУ и меѓународните стандарди и со позитивно мислење од Венецијанската комисија, како и од граѓанските организации, се обезбедува ефикасна регулатива која воведува принципи на еднаквост и ефикасна заштитата од секаков вид на дискриминација.

Тој додава и дека законот го зајакнал и капацитетот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ги проширил нејзините надлежности во делот на превенција и го фокусирал нивното внимание на активна грижа и заштитата на граѓаните од сите форми на дискриминација.

Една декада од првото издание на македонскиот весник „Илинден“ во Албанија

Во Албанија точно пред една декада беше испечатен првиот број од македонскиот весник „Илинден“. Главниот уредник на весникот Никола Ѓурѓај за Радио Слободна Европа изјави дека весникот досега има испечатено 45 изданија, а почнувајќи од март 2017 година весникот има и електронско издание.

Ѓурѓај нагласува дека весник станал достапен за целокупната јавност. Тој вели дека мисијата на весникот била и останува поттикнување и одржување во континуитет на македонскиот јазик и идентитет во Албанија.

„И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и на Македонија, како и од Македонците ширум светот“, рече тој.

Ѓурѓај додава дека весникот дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија.

Експерти на ОН бараат меѓународна истрага за Навални

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални

Експерти за човекови права на ОН побараа меѓународна истрага за труењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, велејќи дека доказите укажуваат на „многу веројатната вмешаност“ на претставници на руската влада.

Во заедничката изјава Агнес Каламард, специјален известувач на ОН за вонсудски и произволни егзекуции и Ајрин Кан, специјален известувач за слобода на мислење и изразување, побараа итно ослободување на Навални од затвор.

„Со оглед на несоодветниот одговор на домашните власти, употребата на забрането хемиско оружје и очигледна шема на обиди за убиства, сметаме дека треба итно да се спроведе меѓународна истрага за да се утврдат фактите и да се разјаснат сите околностите во врска со труењето на Навални “, рекоа тие.

44-годишниот Навални, најголемиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен на 17 јануари откако се врати во Русија од Германија каде се лекуваше од труење со нервен агенс. Навални изјави дека неговото труење е нарачано од Путин, што беше негирано од Кремљ.

Рама: Лидерите на Северна Македонија и Бугарија да најдат начин сами да се договорат

Албанскиот премиер Еди Рама

Албанскиот премиерот Еди Рама денеска на прес-конференција во Брисел изјави дека кога дознал дека идентитетските прашања се покренати во процесот на преговори за Северна Македонија, тој бил „ужаснат“.

„Ова е најлошата можна дискусија кога е потребен консензус за постигнување на следниот чекор, затоа што е комплицирано, затоа што е емотивно и се надеваме дека мудрите лидери на Северна Македонија и Бугарија, ќе го решат ова сами и се надевам дека нема да чекаат некое волшебно стапче од Берлин, Лондон или од каде било, затоа што тоа нема да се случи. Треба да најдат начин сами да се договорат“, рече Рама кој учествуваше на редовниот годишен Совет за стабилизација и асоцијација со Албанија.

Според него, минатото треба да им се остави на академиците, граѓанското општество и експертите и за тоа нема место во дневната политика. Тој изрази надеж дека нема да дојде до одвојување на Северна Македонија и Албанија, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

„Минатото е процес кој може да ја зароби Северна Македонија, не дај Боже, за којзнае колку време, но ако треба да ве чекаме и да бидеме трпеливи, ќе ве чекаме како наши соседи и ќе трпиме“, изјави Рама.

Редовниот состанок за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија, кој требаше да се одржи на крајот на февруари, беше одложен. Еврокомесарот Оливер Вархеји порача дека тоа нема никаква поврзаност со Бугарија и дека и состанокот со Албанија требало да се одржи во ноември.

Вархеји, порача дека Албанија ги исполнува сите ветувања и заложби и покрај вонредните услови во кои се наоѓа, пандемијата од ковид-19 и земјотресот што ја погоди земјата претходно.

Поранешниот француски претседател Саркози осуден за корупција

Никола Саркози

Францускиот суд му изрече тригодишна казна на поранешниот претседател Никола Саркози, откако го прогласи за виновен за корупција и за тргување со влијание. Пресудата вклучува една година затвор и уште две години условна казна. Пензионираниот политичар, кој го негираше обвинението има рок од 10 дена да се жали на пресудата.

Обвинителството тврдеше дека 66-годишниот поранешен претседател се обидел да го поткупи судијата Жилберт Азиберт нудејќи му престижна работа во Монако, за возврат да добие информации во врска со истрагата за финансирањето на неговата изборна кампања.

Претходникот на Саркози, Жак Ширак, беше прогласен за виновен во 2011 година за злоупотреба на народни пари како градоначалник на Париз и доби двегодишна затворска казна.

Нови 234 случаи на корона, 7 починати и 274 оздравени пациенти

Тестирање за ковид-19

Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во последните 24 часа се направени 1.208 тестирања, а регистрирани се 234 нови случаи со ковид-19. Пријавени се вкупно седум починати пациенти во болнички услови од кои по двајца од Скопје и од Крушево и по еден пациент од Тетово, Прилеп и Пробиштип. Регистрирани се 274 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 523.726 тестирања на ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 103.020, бројот на оздравени пациенти е 91.507, на починати е 3.144, а на активни случаи изнесува 8.369.

Симовски: Пописот е во интерес на граѓаните

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска изјави дека по пописот најважно е да има доволно точни, навремени и квалитетни информации, што ќе придонесе за развој и во моментот најмалку се размислува за санкции.

„Најголемата санкција за сите нас е да немаме доволен фонд на информации, еве 20 години речиси немаме попис поголема санкција од тоа има ли за сите нас. Значи јас ги охрабрувам не е проблемот некој да се казни, проблемот е да ги собереме податоците, бидејќи тие се потреби за сите граѓани во оваа држава, ако сакаме развој на оваа земја, а тој развој се прави исклучиво ако имате информации, денеска најскапата работа во светот е информацијата, навремена, точна и квалитетна информација. Ако сакаме квалитетни информации, а врз основа на тоа и квалитетен развој треба сите да учествуваме во пописот и да се попишеме. Последната работа на којашто јас размислувам во овој момент се санкциите“, рече Симовски, кој со министерот за правда Бојан Маричиќ и директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, ја посетија Казнено-поправната установа Куманово во К’шање, каде што почна пописот на осудените лица.

Според него, има два типа санкции. Оние кои одбиваат или ќе дадат погрешни податоци, како што наведе тој, ќе се казнат парично од 200 до 300 евра , а оние кои учествуваат во операцијата и ги злоупотребат податоците ќе одговараат кривично, што е прецизно утврдено со Законот за попис.

„Јас се надевам дека никој нема да има потреба да подлежи на овие санкции, туку дека сите ќе сфатиме дека оваа операција е во интерес на нас, на граѓаните на оваа држава и дека ќе ја поддржиме и максимално ќе бидеме сериозни во тој дел“, рече Симовски.

Тој додаде дека нема проблеми со апликацијата и иселениците можат да се попишуваат. Симовски информираше и дека вчера завршил и рокот за теренските попишувачи на кои се пријавиле осум илјади лица.

Љубчо Георгиевски по реакциите за акцискиот план: Кукавици, викнете ме на дуел

Статус на Љубчо Георгиевски на Фејсбук по реакциите за неговиот предлог-акциски план за решавање на спорот со Бугарија

Чудна работа, плукачи колку сакаш. А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А, со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па, еве ви кукавици, отворена понуда за дуел, напиша денеска на Фејсбук поранешниот премиер и aктуелен лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, откако предизвика бурни политички реакции со неговиот предлог-акциски план кој пред два дена го предложи за надминување на спорот со Бугарија.

Георгиевски во саботата понуди план за решавање на спорот со Бугарија, а според тој план, составен од пет точки, потребно е да ѝ се дадат гаранции на Бугарија дека земјава нема апсирации кон Источна Македонија, а предложи и промена на стратегијата за историјата и конечно, како што вели, решавање на проблемот со јазикот.

На неговиот предлог реагираа ид од власта и од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ, изјавија дека „акцискиот план на Георгиевски е пробен балон кој премиерот Зоран Заев го пушта преку неговиот коалициски партнер“. Премиерот Заев, пак, денеска изјави дека се слушнал со Георгиевски и дека лидерот на ВМРО-НП му кажал дека е тоа негов став, а Заев му рекол „дека тоа не е став ни на нивната коалиција, ниту на Владата“.

Вчера од Бугарија пристигнаа честитки за „храброста на Георгиевски“.

Реакции за изјавата на Коцарев за Катедрата по македонски јазик, тој вели - тоа е мој став

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев

Претседателот на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), Љупчо Коцарев, по денешните реакции на неговата вчерашна изјава за укинување на Катедрата за македонски јазик, денеска изјави дека изнесените мислења биле само негов личен став и дека му е драго дека „немало намери за такво нешто“.

Неговата денешна изјава следува по писмото од Катедрата за македонски јазик при скопскиот Филилошки факултет во која се вели дека станува збор за „целосни невистини и манипулации дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност“.

На изјавата на Коцарев денеска реагираше и премиерот Зоран Заев, кој рече дека „не само што не му паѓа на памет на некој да ја укине катедрата за македонски јазик туку и се користи 100 годишнината на Блаже Конески за дополнителна афирмација на македонскиот јазик“.

Претходно, рaководителката на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, на социјалните мрежи напиша: „Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, сакам да укажам дека станува збор за чисти измислици“.

Вчера претседателот на МАНУ изјави: „Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, што го знаат подобро поупатените од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам“.

ЕУ месецов ќе предложи дигитален пасош за вакцини

Урсула фон дер Лајен

Европската комисија во март ќе претстави предлог за креирање пасош за дигитална вакцинација во рамките на Европската унија, рече денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, пренесува Ројтерс.

Пасошот треба да им овозможи на Европејците да патуваат послободно за време на летните одмори. Ваквиот дигитален пасош ќе обезбеди доказ дека лицето е вакцинирано, резултати од тестови за оние кои сè уште не биле вакцинирани и информации за оздравеите од ковид-19.

„За тоа како ќе изгледа дигиталниот пасош, ќе ја претставиме правната рамка во март“, рече фон дер Лајен на видео-конференција со германските конзервативни пратеници.

Направен посебен безбедносен план за Сашо Мијалков во Шутка

Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, денеска информираше дека за притвореникот Сашо Мијалков, кој се наоѓа во истражниот затвор Скопје до правосилноста на пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“, има направено посебен безбедносен план за да не дојде до каков било инцидент.

„Апсолутно ве уверувам дека во овој момент можеме да му ја гарантираме безбедноста и на Мијалков и на сите осудени и притворени лица. Изготвен е безбедносен план конкретно за притворениот Сашо Мијалков, за негово движење, конкретно за шетањето и се запазени сите безбедносни протоколи и стандардни оперативни процедури за да не дојде до каков било инцидент“, изјави денеска Спасовски, кој денеска, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, извршија увид во текот на попишувањето во Казнено-поправната установа К’шање, Кумановско.

Спасовски додаде дека Мијалков е во притвор во затворот „Скопје“ во скопско Шуто Оризари, но каде ќе ја издржува затворската казна зависи од судијата за извршување санкции.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузвање, Сашо Мијалков, минатата недела беше првостепено осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, односно за незаконското масовно прислушување на над 20 илјади граѓани во Македонија.

Заев: Разговарав со Георгиевски, предлогот е негов став, не на Владата

Архивска фотографија од Љубчо Георгиевски на предизборен митинг на ВМРО-Народна партија

Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а мислењето на нашиот коалициски партнер Љубчо Георгиевски е негово лично мислење, изјави денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи ги ставовите на коалицискиот партнер Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-НП, кој викендов на социјалните мрежи изнесе „план за решавање на спорот со Бугарија, што предизвика бројни реакции во јавноста.

Заев рече дека уште вчера разговарал со Георгиевски, при што „тој му потврдил дека тоа е негов личен став“, а премиерот му рекол дека „тоа не може да биде став ниту на Владата, ниту на коалицијата, заради тоа ставовите на Владата по тоа прашање се јасни“.

По бугарското вето лани во декември, дипломатската реторика меѓу Скопје и Софија е заострена. Официјална Софија бара Македонија да признае бугарски корени, а македонската Влада тврди дека нејзините црвени линии се току идентитетот, јазикот и националноста.

Денеска премиерот Заев не сакаше подетално да каже до каде се разговорите со Бугарија околу блокадата на преговарачката рамка на Македонија и Европската унија. Тој само рече оти верува дека ќе се најде решение.

„Сега не би давал длабински коментари, бидејќи сега во Бугарија има избори. А по изборите штом ќе се формира владата во Бугарија ние ќе продолжиме уште посуштински да навлеземе во преговорите, бидејќи сакаме час поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат и да ја одржиме првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

Ерменија - Упад во Владата, се бара оставка од премиерот

Фотографија од денешниот упад на демонстрантите во зградата на Ерменската влада

Ерменија падна подлабоко во политички превирања кога група ерменски демонстранти кои бараа оставка од премиерот Никол Пашинијан упаднаа во зградата на владата во главниот град Ереван. Десетици демонстранти скандираа „премиерот да се повлече од власта“ додека ја нападнаа зградата на 1 март, предупредувајќи дека нема зграда во земјата во која Пашинијан може да се скрие.

Засега нема извештаи за повредени или апсења. Пашинијан се соочи со сè поголеми протести и повици од опозицијата за оставка по шестнеделниот конфликт меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили во регионот на Нагорно Карабах минатата година. Многу Ерменци договорот го сметаат за понижувачка загуба.

Минатата недела, незадоволството се прелеа во војската откако Пашинијан го разреши Тиран Хачатријан, првиот заменик началник на генералштабот, кој ја исмејуваше анализата на премиерот за руското оружје користено во војната против Азербејџан. Како одговор, неколку десетици високи воени офицери потпишаа писмо во кое ги обвинуваат Пашинијан и неговата влада дека ја довеле земјата „на работ на колапс“ и велат дека „повеќе нема да може да донесува соодветни одлуки во оваа критична ситуација за ерменскиот народ“. Пашинијан рече дека овој потег претставува „обид за воен удар“ и веднаш го отпушти началникот на Генералштабот на армијата. Претседателот Армен Саркисијан, сепак, одби да го потпише наредбата, по што некои членови на сојузот„ Мој чекор “на Пашинијан повикаа на импичмент на претседателот.

Сајкоски: Имаме 100.000 потписи против „политички попис“

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски

ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните за само 8 дена собра 100.000 потписи против политички попис во Македонија, соопшти денеска генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски.

„И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена 100.000 граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел. Граѓаните одлучија, не сакаат политички попис, сакаат попис како статистичка операција, што точно ќе може да ја насочи Република Македонија во која насока да се развива“, изјави Сајкоски на денешната партиска прес-конференција.

Сега, како што рече Сајкоски, ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници, поддржана од над 100.000 граѓани, ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на законот за попис.

Пописот на населението почна денеска со првата фаза во која се попишува дијаспората, изелениците, бездомниците и затворениците. Во Македонија пописот е закажан за во април. Опозицијата тврди дека власта сака да направи политичка наместо статистичка операција и затоа бара поништување на новодонесениот закон за попис. Власта, пак, тврди дека се е според правилата на Евростат и според методологијата на Европската унија.

Заев објаснуваше за кинеските вакцини и за повлечениот аванс

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува овие денови да има информација од Кина кога ќе почне утоварот на вакцините за Македонија и објаснуваше зошто е повлечен авансот за вакцините од Синофарм. Според него, никаде во светот никој не може со точност да каже кога кој тип на вакцина ќе пристигне, а за авансот за кинеските вакцини рече дека е повлечен затоа што се чекала потврда од Министерството за надворешни работи на Кина.

„Авансот е пуштен како дел од процедурата. Парите се тука, на истата сметка на Министерството за здравство. Денеска очекувам позитивна информација за постапката што е започната. Денови се во прашање кога ќе може да се потврди утовар за да дојдат вакцините во Северна Македонија“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на проектот за реконструкција на Универзалната сала во Скопје.

Заев додаде дека има и втора постапка за набавка на уште 200 илјади дози од кинеската вакцина, а, како што соопшти, формализирани се и документите за набавка на руската вакцина „Спутник“.

Во Македонија до сега се вакцинираат само здравствените работници кои се во првите редови во борбата со пандемијата, а кои примаат вакцини од Фајзер, кои Србија ѝ ги отстапи на Македонија по набавна цена.

Американска донација за македонската армија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и американската амбасадорка Кејт Брнс на предавањето на американската донација во Скопје

Американска донација од 1269 автоматски пушки М-4, во вредност од 1,2 милион американски долари, денеска ѝ беше предадена на нашата Армија, за поддршка на развојот на лесната пешадиска баталјонска група.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која ја прими донацијата од амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнс, во касарната во Ѓорче Петров, истакна дека станува збор за дел од поголем проект што го финансира владата на САД која ја помага модернизација и опремувањето на нашите армиски сили.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнс изјави дека со оваа донација се докажува ширината на американската соработка и дека САД ќе продолжат да бидат стратешки партнер во активностите за модернизирање на македонската Армија.

Заев: Шилегов ми е фаворит за Скопје, ама не сум го прашал за нов мандат

Зоран Заев и Петре Шилегов

За Шилегов имам пофални зборови, за мене е фаворит, иако се уште не сум го прашал дали ќе се кандидира на претстојните локални избори, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на новинарско прашање дали тој и СДСМ ќе поддржат кандидатура на актуелниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, за уште еден мандат.

„Присуствував на неколку проекти, бидејќи сметам дека треба да се промовираат истите и тоа не само таму кадешто Владата финансира, туку и таму каде градоначалниците сами делуваат. За Шилегов имам пофални зборови, за мене е фаворит, иако се уште не сум го прашал дали ќе се кандидира на претстојните локални избори“, рече Заев денеска, по презентацијата на проектот за „Универзална сала“ во Скопје.

Како што минатата недела соопшти претседателот на Собранието, Талат Џафери, локалните избори во Македонија треба да се одржат на 3-ти, 10-ти или 17-ти октомври. Според процедурата, 20 дена претходно тој треба да ги распише изборите, а тоа е во јули, а најдоцна на 1 август, во зависност од датумот што ќе го договорат политичките партии.

Судењето за „Титаник“ одложено, судијата Ставрев во изолација

Архивска фотографија од едно од претходните рошишта за случајот „Титаник“

За денеска најавеното рочиште за предметот „Титаник“ е одложено за 17 март поради изолација на членот на Судечкиот совет, Огнен Ставрев, кој имал контакти со лица позитивни на Ковид-19, информираше Судот.

Судењето за овој случај го води судијата Осман Шабани, додека обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

ССМ: Не смее да има јаз меѓу платите на мажите и жените

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Социјалниот дијалог треба да се прошири и на прашањето на родовиот јаз при исплата на платите, а преку почитување на колективните договори може да се дојде до поефикасно решение за надминување на таквата разлика, смета Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Во денешното соопштение од ССМ се наведува дека јазот на платите според род не е во согласност со Конвенцијата С-100 на МОТ за еднакви плаќања, како и со Уставот и законите за работни односи, за антидискриминација и за еднакви можности на мажите и жените.

„Жените се порамномерно распоредени, но забележителна е малата застапеност кај законодавците, функционерите и на раководните позиции, а кога жените наоѓаат вработување нивната плата е пониска од платата на мажите, додека јазот на платите е најзастапен кај нискоквалификуваните жени“, наведува ССМ во соопштението.

Една од причините за таквата состојба, според ССМ, е ниската стапка на синдикално организирање кај женскиот дел од популацијата, нешто што, како што посочуваат, мора да се промени во наредниот период.

Експерти за човекови права на ОН ќе објават наоди за случајот Навални

Алексеј  Навални

Истражителите за човекови права на Обединетите нации денеска ќе ги објават своите наоди за случајот со критичарот на Кремљ Алексеј Навални. Опозицискиот политичар беше уапсен во Москва во јануари по враќањето од Германија по третманот за труење со, како што велат многу западни земји, боев нервен отров.

Навални го загуби статусот „затвореник на совеста“, но кои го имаат?

Агнес Каламард, експерт во ОН и Ајрин Кан, експерт за слобода на мислење и изразување во ОН, ќе ги објават своите наоди за нивната истрага на прес-конференција во Женева, се вели во соопштението на ОН.

Во Федерацијата БиХ се слави Денот на независноста, во РС не

Сараево и оваа година е празнично украсена по повод 1 март - Денот на независноста на Босна и Херцеговина, Сараево, 28.02.2021.

Федерацијата БиХ денеска го слави Денот на независноста на БиХ, но не се слави во Република Српска затоа што се смета дека на референдум за иднината на БиХ што се одржа на тој ден во 1992 година, бил вовед во четиригодишна војна. Лидерот на Партијата за демократска акција Бакир Изетбеговиќ, по повод Денот на независноста на БиХ, изјави дека во изминатите три децении Босна и Херцеговина помина долг и тежок пат, и дека најважен беше 1 март 1992 година, кога „граѓаните одлучија да живеат во суверена и независна БиХ, држава на еднакви граѓани и народи“. „Ние мора да ја градиме иднината на Босна и Херцеговина како суверена, стабилна и просперитетна држава, членка на Европската унија и на НАТО“, рече Изетбеговиќ.

Во аферата „Икона“, обвинителството на БиХ ќе ги испита сите членови на Претседателството

Од друга страна, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, како и други српски политичари од Република Српска, повторија дека 1 март не може да биде празник во РС, ниту пак ќе се слави. Тие сметаат дека референдумот од 1 март 1992 година беше нелегален бидејќи на него учествуваа главно Бошњаци и Хрвати и со големо мнозинство ја поддржуваа независноста на БиХ од Југославија, додека претставниците на српскиот народ во БиХ претходно организираа плебисцит на кој мнозинството Срби гласаа за останување во Југославија. Дури 26 години по потпишувањето на Дејтонскиот договор, со кој заврши војната, БиХ нема закон за празници, но постојат закони за ентитетите; Двата ентитета слават само меѓународни празници во исто време.

Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација ЕУ-Албанија

Западен Балкан и ЕУ

Албанија ќе го одржи својот редовен состанок за стабилизација и асоцијација со Европската Унија на први март, додека за Северна Македонија состанокот е одложен. Ова ќе биде единаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација за Албанија, клучен форум за земјите кандидати за членство каде се разговара за реформскиот напредокот. Како што јавија од прес службата на Советот на ЕУ, денешниот состанокот ќе се фокусира врз стратегијата за зачленување во ЕУ и исполнување на критериумите за пристап во Унијата, политичките, економските и финансиските.

Коп - Да не се прави драма од секоја пречка на патот кон ЕУ

Северна Македонија требаше да ја одржи редовната седница на овој Совет на крајот на февруари, но состанокот е одложен без прецизен датум. Се очекува да биде поизвесна агендата по изборите во Бугарија, која го кочи процесот за почеток на преговори со Скопје. Пред неколку недели, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оцени дека ова одлагање не го смета за притисок од страна на ЕУ врз Скопје да попушти пред барањата на Софија

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG