Достапни линкови

Вести

Српскиот патријарх Иринеј, кој има ковид, примен во болница

Српскиот патријарх Иринеј

Српскиот патријарх Иринеј е хоспитализиран во воената болница Карабурма, поради влошена здравствена состојба предизвикана од ковид-19, потврди Српската православна црква.

Српската православна црква потврди дека Патријархот на СПЦ бил пренесен во болница утрово поради „влошување на хроничната срцева слабост“.

Од СПЦ нагласуваат дека состојбата на Иринеј откако примил терапија се стабилизирала.

Српската православна црква додаде дека конзилум лекари специјалисти континуирано ја следа здравствената состојба на патријархот Иринеј.

види ги сите денешни вести

До крајот на август делта сојот ќе стане доминантен во Грција

плажа во Грција

Делта сојот на Ковид-19 се очекува да стане доминантен во Грција до крајот на август, поради што населението треба да се вакцинира, рече претседателот на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), Панајотис Аркуманеас.

Тој за телевизијата „Скај“ изјави дека 11 случаи на делта биле откриени во Атина, а таа варијанта е присутна и на Крит и Коринт.

„Веќе утврдивме дека има 11 случаи на делта сојот, а денес очекуваме податоци и за повеќе случаи. Оние кои не се вакцинирани се изложени на ризик“, рече Аркуманеас, додавајќи дека мутираниот тип на коронавирусот е заразен за 50 до 60 проценти повеќе, објави „Катимерини“.

Во Грција укинато задолжителното носење маски на отворено

Две третини од Грците ќе се вакцинираат против ковид-19

Грција одржува итен состанок на високо ниво за да утврди стратегија за запирање на ширењето на делта варијантата и се очекува да присуствуваат голем број високи здравствени функционери.

УЕФА го укина правилото „гол во гости“

илустрација, натпреварот меѓу Македонија и Украина на европското првенство 2021

Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска донесе одлука за укинување на правилото „гол во гости“ во сите клупски натпреварувања под нејзина ингеренција веќе во сезоната 2021/ 2022 година.

Правилото „гол во гости“ е составен дел од натпреварувањето на УЕФА од 1965 година, а последните години многу тренери бараат негово укинување.

Со укинувањето на ова правило од идната натпреварувачка кампања, доколку два тима постигнат идентичен број на голови во два меча, тогаш дуелот ќе оди во продолженија од двапати по 15 минути и пенали, ако е тоа потребно.

„Влијанието на тоа правило сега е спротивно на неговата првична цел, затоа што тој всушност ги одвраќа домашните тимови, особено во првите натпревари од напад, бидејќи тие се плашат од прием на гол што ќе им донесе голема предност на нивните противници“, рече претседателот на УЕФА Александар Чеферин.

Тој исто така истакна дека е фер да се каже дека предноста на домашниот терен повеќе не е важна како порано.

„Земајќи сè предвид, Извршниот одбор на УЕФА донесе правилна одлука, усвојувајќи став дека веќе не е соодветно „голот во гости“ да има поголема тежина од оној постигнат дома“, заклучи Чеферин.

ФФМ се соочува со казна од УЕФА поради можно кршење на здравствените протоколи од македонски фудбалери

УЕФА го одби барањето на Минхен да се осветли стадионот во боите на виножитото

Правилото „гол во гости“ за првпат е воведено во 1965 година во тогашниот Куп на победници на куповите, а целта била да се избегне двобој на неутрален терен и охрабрување на гостинските тимови да заиграат поофанзивно. УЕФА наведува дека статистиката од средината на 1970-тите до денес покажува дека предноста на домашниот терен постојано се намалува.

Кривокапиќ: Никогаш немало толку отровни стрели од Србија

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ изјави дека не е забележано во историјата на Црна Гора за толку краток временски период „некој да испраќа толку отровни стрели до премиерот, претседателот на Собранието, како сега од Србија и дека на тој начин се обидуваат да ги прогласат за предавници “. Тој додаде дека сака добрососедски односи со Србија.

„Што се однесува до нас, тоа го сторивме. Соработувавме на ниво на министри и буквално нема министер што не ја посетил Србија, освен премиерот, рече Кривокапиќ, додавајќи дека Црна Гора, а не Белград, е татковината на Србите кои живеат во Црна Гора.

Кривокапиќ рече дека големиот број туристи од Србија во Црна Гора е показател дека заострувањето на политичките односи нема да влијае на секојдневниот живот на граѓаните на двете земји.

Владата на Црна Гора на раб на паѓање по разрешување министер за коментари за Сребреница

Демократскиот фронт, најсилниот сојуз на владејачкото мнозинство, бара оставка од премиерот Кривокапиќ, а во претходните денови, лидерите на тој сојуз и Кривокапиќ разменија сериозни обвинувања.

Радев: Нема да кажеме да, додека Македонија ја краде нашата историја

Румен Радев

Забрзувањето на европската перспектива за Република Северна Македонија зависи само од ангажманот и резултатите во дијалогот со Бугарија, изјави бугарскиот претседател, Румен Радев, пред почетокот на Европскиот совет во Брисел. Тој истакна дека сите покажувале со прст кон Бугарија по блокадата во мај, но привремената влада вложила големи напори да ја објасни бугарската позиција, одржувајќи бројни состанови и разговори со лидерите на европските институции.

„Верувам дека разбраа дека обвинувањата против Бугарија се неосновани. Имаме јасна позиција да најдеме излез од овој проблем и дека се држиме до сигурни гаранции, до одржливи и неповратни резултати во билатералните односи. Време е да излеземе од семејната дипломатија пред камерите и да се фокусираме на прагматични решенија“, рече Радев.

(Не)соодветна стратегија во спорот со Бугарија

Софија останува на ставот- нема напредок за Скопје во ЕУ

Бугарскиот претседател е категоричен дека Софија се придржува до критериумите за членство и не можела да ја игнорира дискриминацијата на граѓаните во Северна Македонија, само поради нивното самоидентификување како Бугари, што е спротивно на европските вредности и принципи.

„Нема начин да се каже „да“ пред да видиме одржливи механизми за искоренување на искривената приказна и намерниот однос кон Бугарија – од учебници, музеи, споменици до медиумите и државната политика. Не можеме да кажеме да, сè додека не бидеме убедени дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет врз кражбата на бугарската историја“, рече Радев.

Тој додаде дека Бугарија останува отворена за брзи, ефективни билатерални разговори во интерес на граѓаните на двете земји.

Контрадикторни информации за инцидентот во Црното Море

Британскиот ХМС Дефендер во водите на Црното море

Москва и Лондон продолжуваат да даваат контрадикторни информации за инцидентот што се случи вчера во Црното Море.

Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека е повикана британската амбасадорка Дебора Бронер и дека ќе и биде врачен демарш заради инцидентот, што се случи претходниот ден.

Москва објави дека нејзиниот воен брод испукал предупредувачки истрели и дека воен авион фрлил бомби кон британскиот разурнувач ХМС Дефендер со цел да го принуди да го смени правецот на движење од областа во близина на кримскиот град Севастопол.

Британското Министерство за одбрана негираше дека воопшто имало истрели и дека ХМС Дефендер бил во руските води, нагласувајќи дека тој бил во украинските води на пат кон Грузија на источниот крај на Црното Море.

Русија го анектираше украинскиот регион Крим во март 2014 година, испраќајќи војници и одржувајќи референдум кој најмалку 100 држави го прогласија за нелегитимен откако украинскиот претседател Виктор Јанукович, беше симнат од власт по многуте јавни протести.

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб на прес-конференција при посетата на Сингапур повтори дека „немало истрели“ и дека британскиот брод „изведувал невин премин низ украинските територијални води“.

„Ние го сторивме тоа во согласност со меѓународното право, а руската карактеризација е предвидливо неточна“, рече тој.

Захарова британската верзија на настаните отворено ја нарече „гола лага“.

Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија е подготвена да ги разгледа сите можни одговори на, како што рече, „провокативни активности“, додека заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков ја засили својата реторика, заканувајќи се дека „ќе фрли бомби“ доколку се случат такви инциденти.

Според меѓународниот поморски закон, невиниот премин дозволува брод да помине низ територијалните води на друга држава, се додека тоа не влијае на безбедноста.

Зголемувајќи ги тензиите, Русија смета дека областите околу запленетиот брег на Крим се руски води. Западните земји го сметаат Крим за дел од Украина и го отфрлаат руското тврдење.

Заев: Нема дилема кога се употребува Северна Македонија, а кога македонско

Премиерот Зоран Заев во Собрание

Кога се претставува државата, а фудбалската репрезентација ја претставува државата, тогаш се употребува на Северна Македонија, додека македонско, македонска, Македонец, сите делови на придавката, нашиот идентитет, македонскиот јазик се употребуваат во сите други форми на дискусија, општење и соопштување на нашите ставови, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

На прашање од пратеничката Ане Лашкоска, од ВМРО-ДПМНЕ, за извинувањето дека направил грешка што напишал „македонска фудбалска репрезентација“, Заев посочи дека коректно е човек да се коригира кога нешто е спротивно на Преспанскиот договор.

Заев на Фејсбук - Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците

„Јас сум ги потпишал тој договор, сум го преговарал тој договор и апсолутно целосно го гарантира македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нашата македонска национална посебност. Апсолутно нема дилема кога се употребува на Северна Македонија, а кога македонско, Македонец, Македонка и така натаму“, изјави Заев.

Пред неколку дена премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа Твитер напиша: „Денеска од стадионот во Амстердам давам силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација“.

По ваквата објава портпаролката на грчката Влада, Аристотелија Пелони го предупреди премиерот дека го крши Преспанскиот договор кога го спомнува „македонскиот фудбалски тим“, без да ја користи придавката „северна“.

Се урна повеќекатница во Флорида

илустрација

Во областа Мајами-Дејд во Флорида, во тек е голема операција за спасување откако 12-катна зграда делумно се урнала во текот на ноќта меѓу средата и четвртокот, пренесува Би-Би-Си.

Сликите од Сурфсајд, северно од Мајами Бич, покажуваат огромен куп урнатини од станбена зграда. Американските медиуми јавуваат дека најмалку едно лице загинало, а неколку лица се повредени.

Десетици спасувачки единици се на самото место, а уривањето на зградата, како што се наведува, се случило околу 2 часот по локално време. Причината зошто се срушила зградата сè уште не е позната, пренесува Ројтерс.

Противпожарната служба соопшти дека испратиле 80 возила на местото на настанот. Во акцијата за спасување помага и полицијата. Според извештајот на ABC News, најмалку осум лица биле пренесени во болница, а едно момче било спасено. Сурфсајд се протега по должината на авенијата Колинс, северно од границата на градот Мајами Бич.

Рестрикција на вода во Дебар

Дебар, Македонија

Во Дебар денеска е воведена рестрикција на вода во траење од 3 часа. Директорот на јавното комунално претпријатие ,,Стандард“ Бурим Каба за Радио Слободна Европа, изјави дека рестрикцијата од 13 до 16 часот е воведена во центарот на градот, како и населбите Венец 1 и Венец 2 поради голема злоупотреба на водата за пиење во делови на градот .

Претпријатието ,,Стандард“ кое стопанисува со водоводот Росоки – Дебар објаснува дека злоупотребата на вода се однесува на наводнување на зелени површини во делови од градот , но јавна тајна е дека се наводнуваат и земјоделски површини особено во периферните населби на градот Дебар.

Денеска и утре Македонија во портоколова фаза

Рестрикцијата на вода што стартуваше денеска, можно е да се зголемува во наредните денови. Управата на ,,Стандард,, соопшти дека ќе се преземаат ригорозни мерки против сите оние кои наводнуваат зелени површини и ја злоупотребуваат водата за пиење за други цели. Исто така има информации дека има и голем број на нелегални приклучоци на водоводната мрежа.

Секое лето дебарчани се соочуваат со рестрикции кои во изминатите години достигнуваа и до 10 часови во текот на денот и покрај тоа што од изворите на вода во селото Росоки , кон Дебар во водоводот се слеваат над 100 литри во секунда.

Десет нови случаи на Ковид-19, тројца починале

илустрација

Во последните 24 часа од направени 2.302 тестирања, а регистрирани се десет нови случаи на Ковид-19, три лица починале, а 17 се оздравени информира Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Новите случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје и Куманово по два и во Тетово, Велес, Кавадарци, Охрид, Свети Николе и Крива Паланка по еден. Регистрирани се 17 оздравени пациенти и тројца починати лица. Сите пријавени починале во болнички услови.

Што се знаеме за Делта варијантата на Ковид-19

Досега во земјата се направени вкупно 863.994 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.655, бројката на оздравени пациенти е 149.933, на починати е 5.481, а бројот на активни случаи изнесува 241.

Спасовски: Од понеделник документи со новото уставно име

Лична карта

Се врши миграција на податоци на новиот надграден систем, по што од понеделник започнуваме повторно со подготовка на издавање на сите документи, кои што ќе бидат усогласени со Уставот, во делот на новото уставно име и со другите законски податоци, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

Спасовски посочи дека во ниту еден момент досега нема застој во издавањето на патни исправи, лични карти, возачки дозволи или било каков друг документ во државата.

„Што се однесува на дипломатските пасоши, старите обрасци, кои што ги имаме, затоа што не била направена добра проценка во одреден момент во МВР не се нарачани и бидејќи, имавме нарачани нови обрасци немаме доволно дипломатски пасоши. Меѓутоа, тоа не е проблем за граѓаните, тоа е проблем за функционерит“, изјави Спасовски.

Издавање лични документи и свидетелства - проблем или дезинформација?

Во делот на регистарски таблички, Спасовски потврди дека имало одреден проблем и одреден застој со јавната набавка, која се спроведувала и по забелешки од Бирото за јавни набавки била обезбедена конкурентност. Тој проблем со склучување на договорот, посочи Спасовски, е надминат и во понеделникот се стигнати 14 илјади таблици во магацините на МВР.

Изгаснат пожарот во Гевгелија, повреден пожарникар во Тетово

Пожар

Еден пожарникар е полесно повреден во Тетово при гаснење пожар во текот на вчерашниот ден, а противпожарната единица морала да интервенира на десетина места во периодот од 8 часот па се до 3 часот рано изутринава. Во тетовскиот крај вчера гореле најмалку три пожари.

Вчера имавме пожар кај Спортскиот центар во Тетово каде беше повреден пожарникарот. Освен таму на отворено имавме пожари во атар на Брвеница, Жеровјане на дива депонија во Челопек во куќа и плевна и на автопатот Тетово-Скопје на возило. Причини се високите температури и несериозноста на граѓаните кои палат на отворен простор“, информира Ука Алити, командант на тетовската пожарна.

Во СВР Тетово во текот на првите шест месеци од годинава, заклучно со денеска, 24 јуни бројот на пријавените пожари на ова подрачје изнесува 54 на отворен простор, во поле, шумски предели и други места. Според полициските податоци во два од нив загинале две лица.

Од полицијата потсетуваат дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

Во меѓувреме пожарот кој пред точно 24 часа избувна вчера попладне над браната „Топлик“ на ридест терен во подножјето на планината Кожуф е локализиран и ставен под контрола,, велат од противпожарната единица во Гевгелија. Во гаснењето на пожарот на терен учествувале шест пожарникари со две возила и екипа од пет шумски работници. Поради високата дневна температура и тивкиот ветар кој го распламтувал огнот, пожарникарите имале отежнати услови за локализирање на пожарот. Според првична проценка од шумските работници кои беа на терен, пожарот зафатил површина од околу пет хектари на кои пред 12 години биле засадени млади дрвца од бор, даб и габер.

ЕУ лидерите повикаа на „крај на репресијата“ во Белорусија

Илустрација

Европската унија денеска одобри санкции кои ќе се однесуваат на клучните сектори на белоруската економија како и на главните извори на приходи на режимот на авторитарен владетел Александар Лукашенко. Станува збор за санкции кои се однесуваат на белорускиот извоз на ѓубрива, тутунска индустрија, нафта и петрохемиски производи.

На денешниот Самит на 27 земји членки на Унијата, лидери на блокот ги повторија повиците за итно ослободување на сите политички затвореници и произволно притворени лица во Белорусија и побараа „крај на репресијата на граѓанското општество и независните медиуми“ во она што беше наречено како „последната диктатура во Европа“.

Власта на Лукашенко беше под голем меѓународен притисок откако започна таканаречената брутална акција против политичката опозиција и независните медиуми во пресрет на спорните избори во август 2020 година.

Демонстрантите тврдеа дека изборите биле наместени, додека ЕУ, САД и другите земји одбија да ги признаат официјалните резултати од гласањето со што Лукашенко не е прифатен како легитимен лидер на Белорусија.

Односите се влошија на 23 мај кога белоруските власти со помош на воен авион го принуди патничкиот авион на Рајанер кој леташе на линијата Атина-Вилнус да слета во Минск. Лидери на неколку европски земји овој чин го сметаа за „киднапирање“ . Откако слета авионот, кој беше пренасочен непосредно пред да го напушти белорускиот воздушен простор, органите на прогонот веднаш ги уапсија опозицискиот блогер Раман Пратасевич и неговата руска девојка.

„Со оглед на сериозноста на тој инцидент, и со оглед на ескалацијата на сериозните повреди на човековите права во Белорусија и насилната репресија на граѓанското општество, демократската опозиција и новинарите, како и на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, треба да се спроведат дополнителни насочени економски мерки “, соопштија лидерите на ЕУ.

Според заклучоците на Самитот, ЕУ ќе воведе понатамошни ограничувања кои ќе се однесуваат на трговијата со оружје, нафтени производи, и тутунски производи. Финансиските санкции ќе вклучуваат ограничувања на пристапот на белоруската влада до пазарите на капитал во ЕУ.

Европската унија, Соединетите држави, Велика Британија и Канада претходно спроведоа санкциите кон Белорусија во кои беа вклучени замрзнување на средствата и забрането патување кон нив за десетици функционери, пратеници и министри од администрацијата на Лукашенко и членовите на неговото семејство.

Вучиќ жали што Скопје и Тирана не почнаа преговори со ЕУ

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави денеска дека му е многу жал што ЕУ не им дала на Албанија и Северна Македонија датум за почеток на преговорите и дека не е фер кон тие земји и нивните граѓани.

„Тие ќе имаат искрен пријател во Србија и ќе ја подобриме соработката со нив и сакам да објавам дека ќе имаме важна во вторник видео конференција со премиерите Зоран Заев и Еди Рама. Верувам дека ќе донесеме конечни одлуки за заедничко дејствување против природни катастрофи и катастрофи и дека заеднички ќе обезбедиме што побрз проток на стоки, капитал, луѓе и услуги, и преку фитосанитарни и ветеринарни инспекции на граничните премини и други модалитети, “изјави Вучиќ.

Тој посочи дека системот на работни дозволи е од големо значење и дека оние кои добиле дозвола на територијата на една земја ќе имаат дозвола за секоја од земјите, што е од голема важност за забрзување на протокот на луѓе во регионот и обезбедуваат сè повеќе исчезнати работна сила за Србија.

Албанија нема да го укине полицискиот час

Албанскиот Комитетот на експерти за справување со пандемијата не
планира укинување на мерката за ограничено движење и покрај стабилната епидемиолошка состојба во Албанија. Скендер Братај, член на комитетот и директор на Националниот ургентен центар во Тирана изјави дека мерките ќе продолжат да се ослободуваат, но нема да бидат укинати целосно.

„Според одлуката на Комитетот полицискиот час од први јули се скратува за еден час, односно наместо во 23:00 ќе почнува на полноќ и ќе трае како и до сега до 6 часот. Во врска со барањето да се дозволи музика во угостителските објекти и по полноќ, а не како до сега до 22:00 часот, тоа не е поврзано само со опасниот вирус, туку со фактот дека локалите се во станбени области и музиката станува вознемирувачка за жителите во тие области, вели тој.

Тој додава дека од први јули ќе се дозволи одржување културни активности со присутност од 30 отсто од капацитетите.

Братај стравува дека мутацијата на делта коронавирусот можно е да се појави во Албанија, поради фактот што нема никакви ограничувања за влез во земјата за странците, но и поради најавата за масовно доаѓање на иселениците, кои, по традиција, летниот одмор го минуваат во родниот крај.

Според вчерашните податоци на министерството за здравство регистриран е само еден нов случај позитивен на Ковид-19, од направените 1.960 тестови, починати нема, активни на болеста се 87 лица а болнички се третираат само двајца пациенти.

Сенатори на средба со Бајден во Белата Куќа

Американските сенатори денеска ќе се сретнат со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа откако постигнаа договор за „рамка“ за нацрт-законот за финансирање на изградба и реконструкција на инфраструктурата. Неколку сенатори изјавија дека рамката е договорена по состанокот со претставници на Белата куќа, кој се одржа во вечерните часови на 23 јуни.

„Дојдовме до договор за план што го имаме и само ќе се обидеме да го финализираме “, рече сенаторот Џо Манчин од Вирџинија.

Донесувањето на законот за обнова на патиштата, мостовите и другите традиционални инфраструктури во САД е главен приоритет на Бајден. Тој неодамна изјави дека тоа ќе помогне во поттикнување на економскиот раст,во периодот кога земјата се избавува од економските последици од пандемијата со ковид-19.

Законот првично беше „тежок “ илјада милијарди долари наменети за традиционална инфраструктура и за грижа на центрите за згрижување деца, болници и грижа за стари лица. Сенаторите договорија рамка за која е за речиси три пати помала од првичниот предлог осум години за инфраструктура.

Белата куќа соопшти дека состанокот меѓу сенаторите и претставниците на Белата куќа бил продуктивен.

„Групата постигна напредок кон скицирање на потенцијален договор и претседателот ја покани групата да дојде во Белата куќа за да разговараат за тоа лично“, изјави портпаролот на Белата куќа.

Деталите од договорот се уште не се достапни за јавноста.

Американските разузнавачи загрижени за можен пад на авганистанската влада

Авганистанската влада може да „падне“ за шест месеци по завршувањето на повлекувањето на американските трупи од земјата, заклучиле минатата недела американските разузнавачки агенции, пишува „Волстрит журнал“.

Според весникот неодамнешните достигнувања на талибанците низ Авганистан ја поттикнале американската разузнавачка заедница да ги ревидира своите изгледи за тоа колку долго може да издржи владата во Кабул, поддржана од Западот, откако американските трупи ќе го завршат во целост повлекувањето.

Повикувајќи се на официјални лица, весникот пишува дека талибанците ја презеле контролата над десетици области од владините сили во последните неколку недели. Меѓународните воени сили предводени од САД полека се повлекуваат од Авганистан, а крајниот рок за тоа е 11 септември. Американската армија соопшти дека веќе има повлечено повеќе од половина од своите 3.500 војници од регионот.

Претходно неделава бунтовниците го зазедоа главниот граничен премин на Авганистан со Таџикистан и извршија офанзива врз северните градови Кундуз и Мазар-е Шариф.

Според весникот „Волстрит Журнал“ Белата куќа ја охрабруваат војската да го забави темпото на повлекување на војската.

Локалните избори ќе се распишат во средината на летово

Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери на крајот на јули или почетокот на август ќе ги распише локалните избори што треба да се одржат во втората половина на октомври изјави денеска на редовната средба со новинари.

Точниот датум за распишување на локалните избори зависи од информациите кога завршуваат мандатите на градоначалниците. Тој предупреди дека доколку изборите би се одржале на 17 октомври, тогаш изборната кампања би можела да се поклопи неколку дена со пописот на населението, што завршува на 30 септември.

„Кога ќе дојде време ќе пуштам писмо до ДИК во однос на роковите и мандатите“ изјави Џафери.

Џафери информираше дека до 1 јули би требало да се одржи седница за една од интерпелациите поднесени од опозицијата. Тој додаде дека по 1-ви јули во наредните десет дена нема да има пленарни седници затоа што тогаш започнува комисиската дебата за ребалансот на Буџетот.

Тој истакна дека со Собранието не се пристигнати предлозите за еколошката такса на горивата и за намалуање на ДДВ кај струјата и оти не знае кога би биле ставени на дневен ред на седница.

Со два авиона викендов пристигнуваат кинеските вакцини „Синовак“ во Скопје

Министерот за здравство, Венко Филипче

Во два авиона по 250 илјади дози в недела во Скопје ќе пристигнат кинеските вакцини против ковид-19 од фирмата „Синовак“, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој додаде дека утре се очекува и пратката од американската компанија „Фајзер “од 100 илјади вакцини кои доаѓаат во земјава преку ковакс механизмот. Тие во употреба ќе бидат пуштени на почетокот од идната недела.

„Верувам дека во понеделник и вторник ќе бидат пуштени во употреба“ изјави Филипче.

Вкупно се аплицирани 488.010 дози вакцини, а ревакцинирани се 206.163 граѓани. Вчера вкупно се вакцинирале 5.407 граѓани, додека прва доза вакцина вчера примиле 3.263 граѓани. Вкупниот број на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 458.040 граѓани.

Унгарскиот анти-ЛГБТ закон и односите со Русија клучни теми на Самитот на ЕУ

Лидерите на Европската Унија денеска на Самитот ќе дискутираат за новата стратегија за односите со Русија, за контроверзниот унгарски закон со кој се забранува „промоција на хомофобија“ на малолетници.

Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека унгарскиот закон „јасно ги дискриминира луѓето врз основа на сексуална ориентација. Таа додаде дека извршната власт на ЕУ размислува за какви правни активности да преземе поради прекршување на основните европски вредности.

Повеќе од половина од земјите во ЕУ вклучувајќи ги и Германија, Франција, Италија и Шпанија потпишаа заедничка декларација во која изразуваат „голема загриженост “ во врска со законот на Унгарија.

Лидерите на дводневниот самит ќе дискутираат и за предлогот на Франција и Германија за самит на Европската унија со рускиот претседател Владимир Путин во обид за подобрување на односите. Ваквиот Самит ќе следува по средбата на Путин со американскиот претседател Џо Бајден во Женева минатата недела.

Ставовите на ЕУ и Русија се спротивставени по однос на прашањата околу Украина и Белорусија, и се обвинуваат меѓусебно за ширење на дезинформации и загрозување на безбедноста и стабилноста во Источна Европа како и мешање во избори.

На дводневниот самит се очекува да ги објави деталите за економските санкции против Белорусија поради присилното пренасочување на авион на Рајанер по што белоруските власти приведоа опозициски активист кој беше патник во авионот.

Нов бран ковид-19 може да ја заврши порано туристичката сезона во Бугарија

Плажа на Сончев брег во Бугарија

Не е исклучен нов бран на заразени со ковид-19 во текот на летото доколку се влоши ситуацијата со вирусот, вели министерот за здравство на Бугарија, Стојчо Кацаров. Тој посочува дека бугарските граѓани не треба да бидат уверени дека Бугарија има ниски стапки на ширење на коронавирус. Коцаров вели дека нов бран може да ја врати Бугарија на својата пролетна позиција и да ја заврши туристичката сезона.

„Не постои целосна контрола врз ширењето на вирусот и инфекцијата. Ние веќе го регистриравме појавувањето на индискиот вид во Бугарија. Ако овој процес продолжи, не можеме да исклучиме бран, вклучително и во текот на летото. Единствениот начин да спречување на понатамошни бранови и проблеми е вакцинирањето“, вели Коцаров.

Тој посочува дека на здравствениот систем во Бугарија му треба подобра организација.


Во Грција укинато задолжителното носење маски на отворено

заштитен плексиглас на влезот на Акропол во Атина

Од денеска изутрината во Грција е укината мерката за задолжително носење маска на отворено. Препораката е маските, сепак, да се носат на места каде, иако се на отворено, има турканици. Во затворен простор препораката за задолжително носење и натаму важи. Од понеделник, 28 јуни, се укинува и полицискиот час, а на масите во угостителски објекти ќе биде дозволено да седат до 10 лица.

Две третини од Грците ќе се вакцинираат против ковид-19

„Подобрена е епидемиолошката слика во земјата“, изјави членката на Комитетот за инфективни болести и владин советник, Вана Папаевангелу, додавајќи дека сепак, се додека вирусот циркулира меѓу луѓето, нема простор за самозадоволство. Папаевангелу изјави дека колку подолго циркулира вирусот, толку се поголеми шансите за нови мутации.

Франција и Германија предлагаат самит на ЕУ со Путин

Франција и Германија предлагаат самит на Европската унија со рускиот претседател Владимир Путин

Франција и Германија предлагаат самит на Европската унија со рускиот претседател Владимир Путин во обид за подобрување на односите, јавува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори. Тоа би бил прв таков состанок од 2014 година и ќе следи по средбата на американскиот претседател Џо Бајден со Путин во Женева на почетокот на овој месец. Овој предлог, според оценките, ја одразува загриженоста во Париз и Берлин дека пристапот на ЕУ кон Русија во последните години е главно насочен кон санкции врз Москва. „Треба да разговараме за тоа како да се извлечеме од оваа негативна спирала ... но треба да напредуваме обединети“, изјави за Ројтерс еден висок дипломат на ЕУ, додавајќи дека некои балтички земји можеби нема да се согласат на самит.

Борел го претстави новиот пристап на ЕУ во односите со Русија

Не е јасно дали на евентуален таков самит ќе учествуваат сите 27 лидери на ЕУ или само шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Таквите самити беа прекинати откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година. Лидерите на ЕУ на дводневниот самит во Брисел ќе разговараат за новата стратегија за управување со влошените односи со Русија.

Блинкен: САД немаат подобар пријател од Германија

Германската канцеларка Ангела Меркел и државниот секретар на САД, Антониј Блинкен, одржаа заедничка прес-конференција во Берлин, 23 јуни 2021 година

Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен вчера во Берлин изјави дека Соединетите држави немаат „подобар пријател“ од Германија. „Сметам дека е фер да се каже дека САД немаат подобар партнер и подобар пријател во светот од Германија“, рече Блинкен на прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел. Новинската агенција Франс Прес проценува дека ваквата изјава отстапува од традиционалната позиција на Соединетите држави, кои Британија обично ја сметаат за најблизок партнер.


Џонсон - Односите меѓу Британија и САД се неуништиви

„Сè започнува со заеднички вредности и интереси, како и заедничко верување дека сите предизвици со кои се соочуваме влијаат врз животот на сите луѓе“, рече Блинкен, додавајќи дека сите се согласуваат дека ниту една земја не може да надмине сè самостојно. Блинкен е на европска турнеја за време на која, по Германија, ќе ги посети Франција и Италија.

Денеска и утре Македонија во портоколова фаза

Денеска и утре целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза, соопштија од Министерството за здравство по најава од Управата за хидрометеоролошки работи. Согласно Акцискиот план за превентирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, потребно е да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, како што се: ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Доаѓа топлотен бран, потребна е адаптација за екстремна клима

Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници, апелира Министерството за здравство. Исто така од Министерството за здравство апелираат до населението дека во целиот летен период потребно е да ги почитува општи мерки за заштита на здравјето, како што се во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри, укажува МЗ. На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Како да се издржи топлотниот бран?

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.

Во Брисел почнува самитот на Европската унија

Лидерите на Европската унија присуствуваат на состанокот на тркалезна маса на самитот на ЕУ во Брисел, 24 мај 2021 година

Лидерите на ЕУ денеска и утре ќе се состанат во Брисел за да разговараат за ковид-19, економското закрепнување, миграцијата и надворешните односи, вклучително и за односите со Турција и Русија. Самитот за С. Македонија претставува уште една теоретска можност за старт на преговорите во јуни. Во вторникот на Советот за општи работи на Унијата што се одржа во Луксембург Бугарија уште еднаш стави блокада на усвојувањето на преговарачката рамка за отпочнување на преговорите за пристапување на С. Македонија во ЕУ.

Сијарто: секогаш ќе се појави некое прашање заради кое не може да почнат преговорите со С. Македонија

На самитот, како што е најавено, ќе биде направен преглед на состојбата со пандемијата и вакцините. Во овој контекст, лидерите ќе се осврнат врз сите преостанати пречки поврзани со правото на слободно движење низ ЕУ. Во согласност со изјавата на членките на Европскиот совет од февруари 2021 година, Комисијата се очекува да даде извештај за научените лекции од пандемијата досега. Лидерите на ЕУ ќе ја разгледаат состојбата во спроведувањето на планот на ЕУ за закрепнување на Европа.

Анкара негира дека Ердоган ја навредил Урсула фон дер Лајен

Во врска со Турција лидерите ќе го разгледаат предлогот за давање 4,18 милијарди долари на Турција за да продолжи да биде домаќин на сириски бегалци до 2024 година. Ова е дел од поголемиот регионален план за поддршка на бегалците за да се спречи тие да стигнат до земјите членки на ЕУ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG