Достапни линкови

Вести

ЕУЛЕКС ги претресува домовите на Тачи, Весели и Селими

Хашкото обвинителство најави подетални информации за претресот во домовите на обвинетите косовски функционери во оставка

Специјалното хашко обвинителство денеска соопшти дека од утрово се во тек се операции на Специјалното обвинителство на Косово, со поддршка на косовската полиција и мисијата на Европската мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) и дека наскоро ќе бидат објавени детали.

Припадници на ЕУЛЕКС вршат претрес во седиштето на Демократската партија на Косово (ДПК) и семејните куќи на претседателот во оставка на Косово, Хашим Тачи, поранешниот претседател на ДПК, Кадри Весели и шефот на парламентарната група на движењето Самоопределување Реџеп Селими.

На сите пред Специјалното обвинителство во Хаг им е потврдено обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото. Тачи вчера поднесе оставка на функцијата претседател, откако Специјалниот суд го потврди неговото обвинение.

По доброволното предавање и апсењето во седиштето на ЕУЛЕКС, Тачи, Весели и Селими вчера беа префрлени во притворската единица на Специјалниот суд во Хаг.

види ги сите денешни вести

МВР и Интерпол: На Тик-Ток се шират повици за малолетничко самоповредување

Илустрација - Зградата на Министерството за внатрешни работи во Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска апелираше до граѓаните, особено до родителите, како што велат, да обрнат внимание на активностите на своите деца на социјалните мрежи. Оваа реакција на МВР следува по предупредувањето од Интерпол за појава на видеа со повици за самоповредување, објавени на мрежата Тик-Ток.

„Од страна на Интерпол е добиена информација дека на профили на социјалната мрежа „Тик Ток” во Русија и Израел се забележани повици за самоповредување на малолетни лица“, наведува МВР во денешното соопштение.

Спорeд Министерството, досега вакви повици нема од профили на наша територија ниту од околните држави, но полицијата апелира „на будност и надзорза да се избегнат било какви несакани случувања“. Според објавите на медиумите од регионот, истата информација Интерпол ја доставил и до надлежните служби и во другите држави од регионот.

Мицкоски: Заев искористи што имам ковид и си купи денови

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека премиерот Зоран Заев вчера ја искористил неговата изолација бидејќи е ковид позитивен и со гласањето за доверба на Владата во Собранието само си купил броени денови за неговата Владата.

Како што вели Мицкоски, во изјава за „Дојче Веле“, „Заев продолжил да прави мафијашко византиство“. Опозицискиот лидер додава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го постави прашањето за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници кои ќе се потпишат.

Вчера попладне, премиерот Зоран Заев, во Собранието усно побара да се гласа доверба на неговата Влада. На истата собраниска седница, со 62 гласа „за“, ниту еден против и ниту еден воздржан, Собранието ѝ изгласа доверба на неговата Влада. Пратениците од опозицијата не беа присутни во собраниската сала во моментот на гласање.

Илјадници странци „живеат“ кај Трајчо Трајков во Средец, најмногу се Македонци со бугарски пасош

Илустрација - Пасош на Република Бугарија

Илјада страници со 45.752 имиња содржи документацијата за најнаселениот дел во Бугарија, објави денеска бугарската агенција БГНЕС. Тоа е населбата Средец во Софија. Сите овие илјадници странци имаат истата адреса - улица Леге број 6 во главниот град Софија, каде се наоѓа администрацијата на Средец, потврдил за БГНЕС градоначалникот на областа, Трајчо Трајков.

Како што објавува БГНЕС, „огромниот број од тие луѓе на списокот се со имиња и презимиња кои имаат македонски завршеток, а кои го добиле бугарското државјанство врз основа на докажано бугарско потекло“.

Градоначалникот на областа Средец, Трајков, за БГНЕС објаснува дека тоа е така бидејќи, според законот, оние граѓани кои се стекнале со бугарско државјанство и живеат во странство, добиле постојана адреса, како што вели, „кај него во зградата на окружната администрација“, во случајот Средец. Според последните податоци, тие жители на таа адреса се веќе над 82 илјади.

Градоначалникот Трајков ова го соопштил во пресрет на парламентарните избори во Бугарија и додава дека често ги гледа тие луѓе како користат административни услуги во областа, но дека нивните гласачки ливчиња „веројатно ќе останат недопрени, како што се случувало и досега“.

Според процедурата за добивање бугарско државјанство и пасош, барателот мора да пријави адреса во Бугарија. Според податоците на бугарското министерство за правда, од 2010 до 2020 година околу 66.000 Македонци добиле бугарско државјанство.

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор партијата Алтернатива за Германија

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор целата опозициска партија Алтернатива за Германија

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор целата опозициска партија Алтернатива за Германија поради сомневања дека работи од позиции на екстремната десница, објавија германските медиумите. Лидерите на оваа партија го критикуваа потегот, велејќи дека неговата цел е да ги ослабне изгледите на сега најсилната опозициска партија во Бундестагот, на парламентарните избори на 26 септември. Притоа се обвинува Германското сојузно биро за заштита на уставот дека намерно им давало на медиумите информации за ставање под надзор на целата партија со цел да влијаат на промена на јавното мислење.

Лавров на средба со членови на десничарската Алтернатива за Германија

„Не случајно оваа информација протече во медиумите во годината на парламентарните избори и само два дена пред важните избори во двете германски покраини“, наведоа тие. На изборите во 2017 година, Алтернатива за Германија влезе во Бундестагот за прв пат, освојувајќи го третото место, на бранот незадоволство на граѓаните од приемот на повеќе од милион баратели на азил. Во моментов е најсилна од четирите опозициски партии во парламентот и има претставници во собранијата на сите 16 провинции. Според последните анкети, оваа партија може да смета на поддршка од девет до 11 проценти од гласачите, додека на изборите во 2017 година освои 12,6 проценти од гласовите.

Австрија и Данска на разговори со Израел за вакцините против ковид-19

Австрија и Данска сакаат да соработуваат со Израел за производство вакцини против ковид-19

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, како што најави, денеска ќе го посети Израел заедно со данскиот премиер Мете Фредериксен за да разговара со премиерот Бенјамин Нетанјаху за можна соработката во производството на вакцини. Курц деновиве изјави дека неговата земја и Данска повеќе нема да се потпираат исклучиво врз Европската унија за вакцини против коронавирусот и ќе соработуваат со Израел во производството на вакцини од втора генерација за понатамошни мутации на коронарен вирус и дека ќе истражуваат опции за долгорочен третман.

СЗО: нереално да се очекува пандемијата да запре до крајот на годината

ЕУ се соочи со критики за бавното воведување на вакцинација, додека Израел имунизираше голем дел од своите граѓани. Курц смета дека Европската агенција за лекови е премногу бавна во одобрувањето на вакцините и посочи на недостатоците во испораките на фармацевтските компании. „Ние мора да се подготвиме за понатамошни мутации и повеќе не треба да бидеме зависни од ЕУ во производството на вакцини од втора генерација“, рече австрискиот канцелар. Во Австрија досега се вакцинирани нешто помалку од 5,5 проценти од населението.

Во САД откриен можен заговор за денешен напад врз Капитол

разузнавачки информации за можен заговор од страна на милитантна група за напад врз Капитол на 4 март 2021.

Полициските сили кои го чуваат американскиот Капитол вчера соопштија дека добиле разузнавачки информации што укажуваат на можен заговор од страна на милитантна група за напад врз Капитол на 4 март. Во соопштението на американската полиција во Капитол не се именува организацијата, но се нарекува „идентификувана милитантна група“. Властите соопштија дека десничарските екстремисти биле дел од толпата приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп, која упадна во Капитол на 6 јануари, прекинувајќи го официјалното конгресно сертифицирање за изборната победа на претседателот Џо Бајден.

Трамп навести дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година

Денеска е датумот кога некои десничарски теоретичари на заговор тврдат дека Трамп, поразен од Бајден на изборите на 3 ноември, ќе положи заклетва за втор мандат на функцијата. Министерството за правда на САД обвини повеќе од 300 лица за учество во опсадата во Капитол во која беа убиени пет лица, вклучително и полицаец. Во полициското соопштение се истакнува дека одделот веќе извршил „значајни надградби за безбедноста“ во Капитол, дом на Претставничкиот дом и Сенатот на САД. Нема индикации дека Сенатот или Претставничкиот дом ќе ги променат своите законодавни активности за денеска. Скоро еден век, американските претседатели беа инаугурирани на 20 јануари, вклучувајќи го и Бајден, кој положи заклетва на територијата на Капитол. Претходно, 4 март беше датум на заклетва.

ЕУ предлага компаниите да известуваат за родовиот јаз во платите

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел

Компаниите кои вработуваат најмалку 250 лица во Европската унија ќе треба да започнат со обезбедување на податоци за разликите во платите според полот, откако е утврдено дека пандемијата на ковид-19 повеќе ги погодила жените отколку мажите. Жените во просек заработуваат 14% помалку во ЕУ, што значи дека два месеци работат бесплатно секоја година во споредба со мажите. Европската комисија, како што е најавено денеска ќе предложи законодавство за зајакнување на транспарентноста на платите, за да се намали таквиот јаз во платите.

Платформа за родова еднаквост до ОЈО: Да се расчисти „Јавна соба“

Тоа ќе им даде на работниците кои аплицираат за работа и оние кои се веќе во работен однос право да бараат информации за очекуваната плата и за тоа како нивната индивидуална плата се споредува со онаа на другите. Предвидени се и казни за компаниите кои го кршат правото на еднаква награда.

Најмалку 38 убиени во протестите во Мјанмар

Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар

Најмалку 38 лица беа убиени во Мјанмар во насилни акции за разбивање на протестите против новоинсталираната воена хунта. Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар, додавајќи дека повеќе од 50 лица починале во изминатиот месец. Многу повеќе се ранети. Сведоците и видеата покажаа дека полицијата употребила солзавец, гумени куршуми и боева муниција за да ги растера демонстрантите во неколку градови. Мјанмар минува низ секојдневни протести откако војската на 1 февруари стави крај на деценискиот експеримент на нацијата со демократијата.

Жестоки судири на демонстранти со полиција по пучот во Мјанмар

Лидерите на државен удар ја соборија избраната влада и го притворија де факто лидерот на земјата, Аунг Сан Су Ќи и другите членови на нејзината партија. Стотици луѓе се уапсени, вклучително и најмалку шест новинари. Пучот предизвика меѓународни критики и притисок, вклучително и западни санкции кон водачите на хунтата. Британија повика на состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации на 5 март, на кој ќе се разговара за Мјанмар. Соединетите држави соопштија дека размислуваат за натамошно постапување против хунтата, додека Европската унија соопшти дека стрелањето врз невооружени цивили претставува јасно кршење на меѓународното право.

Вучиќ: Белград е подготвен за компромиси, признавањето на Косово не е тоа

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Приштина-Белград, Мирослав Лајчак со претседателот на Србија Александар Вучиќ во Белград, 3 март 2021 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека Белград е подготвен на „вистински“ компромиси во дијалогот со Приштина, наведувајќи дека признавањето на Косово не може да биде компромисно решение. „Ако кажете дека компромисно решение е признавање, кажете ми што е компромисот. Ако некој рече дека границите се такви како што ги поставуваме, тогаш не гледам желба за компромис“, рече Вучиќ по состанокот со специјалниот ЕУ пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак.

Курти: дијалогот со Белград не е ни прв ни втор приоритет

Тој оцени дека во Приштина има „големи очекувања“ од новата американска администрација во однос на притисокот врз Србија да го признае Косово. „Тие очекуваат дека Србите ќе мора да дадат сè под притисок и тоа нема да се случи. Ако не се подготвени за компромис и ако мислат дека нечие тепање ќе создаде држава за нив, и дека Србите ќе се согласат на тоа, тогаш тоа е сметка без гостилничар“, рече Вучиќ на прес-конференцијата. Според него, Србија ќе се соочи со „сериозни притисоци“ во претстојниот период. Говорејќи на заедничката прес-конференција, Лајчак рече дека разговорите во Брисел се клучни за напредокот на двете страни на европскиот пат, дека статусот кво не е одржлив за ниту еден од нив, како и дека членките на ЕУ очекуваат Белград и Приштина да спроведат сè што е договорено во последниве години десет години.

Времето денеска: сончево со слаб ветер

Ќе биде сончево и релативно топло. Ќе дува слаб до умерен во западните делови западен, а во источните југоисточен ветер. Дневната температура ќе биде од 10 до 20 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 17 степени.

Досега евидентирани 18236 лица преку апликацијата за самопопишување

Апостол Симовски, директор на Заводот за статистика

Преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани 18 236 лица, објави Државниот завод за статистика на својата веб страница.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.

До апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.

Бугарската Скејлфокус уверува дека системот за попишување е безбеден

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa во понеделникот со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, кој ќе започне на 1 април.

Курти: Имам мнозинство за формирање Влада

Албин Курти

Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, планира да ја формира новата влада на Косово исклучиво со поддршка на пратеници од несрпските малцински заедници, што ја исклучува можноста за формирање коалиција со албанските партии и Српската листа.

На Косово се одржаа предвремени парламентарни избори на 14 февруари и според првичните резултати Самоопределување извојува убедлива победа, но сè уште не е познато дали има мнозинство за формирање влада, односно 61 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Косово.

Во изјава за новинарите во Тирана, Курти рече дека верува оти ќе има поддршка од повеќе од 61 пратеник за формирање влада.

„Сигурно ќе имаме поддршка од пратениците од египетската заедница пратениците од бошњачката заедница и други. Ни требаат 61, ќе имаме повеќе од 61 глас. Нема да ни требаат компромиси со стариот режим затоа што луѓето сакаат да се променат, а ние немаме намера да ја кршиме нивната волја, рече Курти.

Самоопределување се враќа на власт во Косово?

Според сегашните податоци на Централната Изборна Комисија, Движењето Самоопределување освои 47,85 проценти од гласовите, Демократската партија на Косово 17,41 процент, Демократската лига на Косово 13,08 проценти и Сојузот за иднината на Косово 7,43 проценти од гласовите.

Во 2020 година, кога беше премиер на Косово, Курти одби да ја вклучи Српската листа во владејачката коалиција, но сепак им додели две министерства, колку што и припаѓаат на српската заедница според Уставот на Косово.

Османи до Захариева: Да ги надминеме предизвиците

Бујар Османи и Екатерина Захариева

Во честитката која министерот за надворешни работи Бујар Османи упати честитка до неговата бугарска колешка Екатерина Захариева по повод 3 Март – Националниот празник на Република Бугарија, Османи посочува дека „Република Северна Македонија останува цврсто посветена на имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка коа важна алка во зајакнувањето на довербата меѓу нашите граѓани“.

Османи нагласува дека патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ, дополнително ќе ги зацврсти билатералните релации.

По Радев, и Захариева за Бугарите во Македонија: Реагираме за секој случај

„Поддршката од Република Бугарија за евроатлантската перспектива на Република Северна Македонија значи сигурна потпора за нашите највисоки стратешки приоритети и претставува потврда за пријателството меѓу нашите граѓани. Уверен сум дека само преку континуирана примена на досегашниот пристап заеднички ќе успееме да ги надминеме сите предизвици и ќе обезбедиме сестран прогрес за нашите граѓани, пишува шефот на дипломатијата Османи во честитката до Захариева.

Во земјава засега не е потврден јужноафрикански вид на коронавирус

Од министерството за здравство информираат дека според анализите што денеска се направени во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на брисот од пациентот кој пред неколку дена се вратил од Занзибар детектирано е присуство на британскиот вид на коронавирусот, а не на јужноафриканскиот. Од министерството нагласуваат дека во текот на утрешниот ден ќе биде извршена анализа и на вториот пациент од Занзибар.

Сомнежите дека јужноафриканскиот вид на корона вирусот кој се смета за многу позаразен, се појавија откако стигна веста дека двајца сопружници од Битола, кои се вратиле од патување во Занзибар, се ковид-позитивни. Според информациите, тие пред 5 дена се вратиле од Африка, а во моментов и двајцата се на болничко лекување.

Нови 807 ковид позитивни и петмина починати во Македонија

Претходно, Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за заразни бoлести ќе предложи задолжителен домашен карантин од 14 дена за лицата што доаѓаат од сите африкански земји.

Заев побара пратениците да и гласаат доверба на Владата

Премиерот Зоран Заев во Собрание

Премиерот Зоран Заев попладнево во Собранието усно побара од пратениците да гласаат за доверба на Владата.

„Ова е моментот кога треба да видиме колку може да ѝ се верува на опозицијата која постојано тврди дека ќе ја урне Владата и ќе формира нови мнозинство. Со лажни вести и блокади се создава политичка несигурност. Нема да го дозволам тоa,“ рече Заев од собраниската седница.

Според член 217 од собранискиот Деловник, Собранието гласа за (не)доверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Во случај кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа, откако претходно, претседателот на Собранието го известува за тоа претседателот на државата.

Од претседателскиот кабинет за РСЕ потврдуваат дека спикерот Џафери усно го информирал шефот на државата Пендаровски.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реагираше што премиерот се повикал на членот 217 со што се оневозможува тридневна расправа по ова прашање.

„Многу ми е жал што не се повикавте на член 214 од Деловникот и да ни дадете можност во тридневна расправа да образложиме зошто не заслужувате доверба. Доблесно е да се повикате на тој член“, рече Мицевски.

Претседателот на Владата и пред гласањето, како што е наведено во член 217 од Деловникот, има право да му се обрати на Собранието. Во Собранието денеска се сите 62 пратеници од мнозинството. Во моментов пратениците се на пауза откако претседателот на Собранието даде пауза од еден час.

Вилијам Барнс е новиот шеф на ЦИА

Вилијам Барнс

Комитетот за разузнавачки прашања при американскиот Сенат едногласно потврди дека поранешниот дипломат Вилијам Барнс ќе биде новиот директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), изјави сенаторот Марк Ворнер, претседател на комитетот.

Ворнер истакна дека едногласната потврда на ветеранот во дипломатијата Барнс, кандидат на претседателот Џозеф Бајден за директор на ЦИА, сведочи за неговите „несомнени квалификации за таа позиција, долгогодишното искуство во националните безбедносни прашања и посветеноста кон јавните служби, која е за пофалба”, пренесе Ројтерс.

За време на сослушувањето пред комитетот, Барнс изјави дека на „сè покомплексната и поконкурентна” меѓународна сцена, „предаторскиот” став на кинеската Влада претставува „најголем геополитички предизвик”.

Нови 807 ковид позитивни и петмина починати во Македонија

Илустрација - Ковид-19 амбуланта во Скопје

Во последните 24 часа се направени 3.312 тестирања, а регистрирани се 807 нови случаи на ковид-19, информираше денеска Министерството за здравство (МЗ). Новозаразените се регистрирани во: Скопје 359, Куманово и Охрид по 38, Кавадарци, Струмица и Неготино по 36, Гевгелија 35, Тетово и Прилеп по 34, Гостивар 29, Битола 25, Велес 24, Крива Паланка 12, Кочани и Крушево по 11, Ресен 6, Струга, Кичево и Валандово по 5, Пробиштип и Богданци по 4, Штип, Дебар, Берово и Демир Хисар по 3, Делчево и Радовиш по 2, и Свети Николе, Виница, Кратово и Демир Капија по 1.

Според соопштението од МЗ, регистрирани се 314 оздравени пациенти, а пријавени се пет починати лица - четворица од Скопје, на возраст од 65 до 80 години и еден пациент од Штип, на 81-годишна возраст. Сите пациенти се починати во болнички услови.

Поглаварот на СПЦ во изолација по контакт со ковид позитивен

Владиката Порфириј

Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, е во превентивна изолација поради контакт со лице заразено со ковид-19, објави Српската православна црква (СПЦ) на 3 март. Патријархот бил во контакт со свештеник за кој се потврдило дека лесна и асимптоматска форма на коронавирусот, се наведува во соопштението на Српската православна црква.

По совет на лекар, Порфириј ќе биде превентивно изолиран во наредните денови.

Патријархот на Српската православна црква, Порфириј, беше востоличен на 19 февруари на свечена литургија во Соборниот храм во Белград. Поранешниот митрополит во Загреб и jубjана, Порфирије 46, е поглавар на Српската православна црква. Покрај митрополитот Порфириј, во потесниот избор влегоа и епископот Башки Иринеј и епископот Бања Лука, Јефрем.

Тој го презеде местото патријарх два и пол месеци откако патријархот Иринеј почина како резултат на инфекција со коронавирусот.

Симовски: На сите пописи од 1948 наваму има код за бугарска етничка припадност

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

Од 1948 година па наваму, во сите пописи, имало код за бугарска етничка припадност. Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму. Кој како ќе се произнесе е исклучиво негово право и ние не смееме да влијаеме, изјави за МИА, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Изјавата на Симовски следува откако денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи напиша на Фејсбук дека претставниците на бугарските здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница.

Симовски појаснува дека полето во кое се впишува етничката припадност во формуларите за попис е празно. Во електронската апликација откако ќе се впишат првите три букви на припадноста, се појавува поле за избор на етничка припадност од кодната листа на сите етнички припадности кои досега се регистрирани на сите пописи кај нас. Тој нагласи дека во пописот, кој официјално ќе почне на 1 април, а ќе трае до 21 април, секој слободно може да се изјасни за својата етничка припадност.

Сите овие реакции следуваат по состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои тој побарал мерки за заштита на Бугарите во Македонија, по наводни жалби од битолското здружени „Иавн Михајлов“ дека во Македонија имсе кршат правата на Бугарите за национално самоопределување. На тоа реагираа македонските власти дека нема кршење на ничии права, а потегот на Радев го оценија како мешање во туѓа земја.

Субвенции за „етнички вработувања“ само за долго невработени

Владиниот портпарол Душко Арсовски

Владиниот портпарол, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информираше дека во Оперативниот план на Агенцијата за вработување за 2021 ќе има и програма за субвенционирање на вработувања по етнички критериум во приватните компании, но само за лица кои се долго време надвор од работниот процес.

„Субвенции или поддршка ќе добиваат оние компании кои што ќе вработуваат лица според одредени критериуми кои што ќе се најдат на таа листа и на тој начин ќе биде направен изборот. Целта и фокусот се сите граѓани кои што се засегнати со оваа мерка а се подолго време надвор од работен процес, без разлика на етничка, религиозна, полова, расна или друга разлика, рече Арсовски.

Ова е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година што Владата го прифатила на 50-тата седница.

Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради КОВИД-19, односно од 11 март 2020 година.Во Оперативниот план на Агенцијата за вработување ќе бидат предвидени 1, 516 милијарда денари и ќе бидат опфатени 10.279 лица.

Партијата на Орбан ја напушти групата на народните партии во ЕП

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарската партија Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, ја напушти групата европски народни партии во Европскиот парламент (ЕП). Одлуката донесе кратко откако членовите на Европската народна партија (ЕПП) со големо мнозинство гласаа за промена на деловникот, дозволувајќи исклучување на политичките партии кои се дел од групата, отворајќи го патот за протерување на партијата Фидес.

Европската народна партија е најголемата политичка група во Европскиот парламент. На состанокот на оваа политичка група, што се одржа во среда, на 3 март, 148 пратеници гласаа за имињата, што претставува над 80 проценти од членовите. За да се направат промените, беше потребно двотретинско мнозинство.

Во писмото испратено до шефот на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер, унгарскиот премиер Орбан оцени дека гласањето во средата е „непријателски потег против Фидес и нашите гласачи“.

ВМРО-ДПМНЕ поднела предлог закон за поништување на Законот за попис

Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ

Сите факти и аргументи ни говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис и затоа како пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Собранието поднесовме Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка, информираше денеска Иванка Василевска, пратеничка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, Владата не сакала да дебатира за пописот туку „од редовна и статистичка операција направила политичка операција за пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови“.

„Нашите издржани забелешки и секојдневни укажувања за недостатоците и аномалиите на овој закон беа и се’уште се: Злоупотреба на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата, недостиг на консензус од сите политички партии, проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот, нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората и погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради КОВИД кризата го одложија пописот за една година“, изјави денеска пратеничката Василевска.

Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ не е против попис на населението, туку, како што рече, против „фингиран и наместен попис“.

Од Владата и од владејачкиот СДСМ неколку пати потенцираа дека обвинувањата на опозицијата во врска со пописот се неосновани и дека попис ќе има.

Првата фаза од пописот почна пред неколку дена и преку посебна интернет апликација веќе се одвива првата фаза со самопопишување на македонските државјани во странство.

Бугарија барала да види како некои лица се изјасниле на попис, но не добила

Апостол Симовски

Директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, денеска информираше дека „Бугарија, но и други земји претходно барале формулари за поединци за да видат како се изјаснувале на одреден попис, но дека такви податоци не смеат да се даваат“.

„Никој не може да добие формулар од некој како се изјаснил, тие податоци не смеат да се даваат јавно и тоа важи за сите земји во светот. Не е само Бугарија, и други го барале тоа од нас, за да им доставиме како се изјасниле во пописот, но никој не добил ниту пак ние имаме право да даваме ваков податок“, рече денеска Симовски, одговарајќи на новинарско прашање.

Ваквиот одговор на Симовски следи откако претходно битолското здружение „Иван Михајлов“ побара да им се даде бугарски пасош на оние македонски граѓани кои на пописот ќе се изјаснат како Бугари. Неколку дена подоцна, бугарскиот претседател Румен Радев побара помош од шефовите на безбедносните бугарски служби за заштита на Бугарите во Македонија, на кои, наводно, им биле скратувани правата во Македонија. За македонските власти тоа е „мешање во туѓа држава“.

Тој рече дека досега во дијаспората се регистрирале и попишале околу 18.000 граѓани и дека бројката за него е одлична.

Тој информираше и дека бугарската фирма која ја изработила апликацијата за самопопишување на македонските државјани во странство „не може да има пристап до базата на податоци“.

„Базите се наши и никој друг нема пристап, ниту фирмата која ја направила апликацијата. Во базата може да влезе само претходно проверено лице со сертификат, дури ни јас не можам да влезам во базите“, додаде Симовски.

„Меѓународен сојуз“ - Обвинителството изнесува докази, Боки 13 бара изземање на Русковска

Обвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13 на едно од рочишатата за „Меѓународен сојуз“

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз” со изведување на материјални докази, предложени од Обвинителството. Обвинителството презентираше материјални докази од Управата за финансиско разузнавање, за банкарските сметки и реализираните трансакции на обвинетите во периодот на интерес за случајот, како и документи од Управата за јавни приходи и Централен регистар за здружението „Меѓународен сојуз”.

За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и поранешната пратеничка и висока функционерка на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Според обвинението, Јовановски е обвинет за измама и перење пари, Ременски за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измама и перење пари, а Миле Јовановски за помагање во перење пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Одбраната реагираше на начинот на изведувањето на денеска презентираните докази, како и дека некои од нив немаат сметки во некои од посочените банки или во однос на направените трансакции.

На почетокот на рочиштето, обвинетиот Бојан Јовановски побара изземање на обвинителката Вилма Русковска и побара републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да каже кој е застапник на обвинението, бидејќи, како што рече Јовановски, Русковска не се појавува на секое рочиште, туку „од рочиште на рочиште се менуваат обвинителите“.

Земјотрес во Грција од 6,2 степени, почувствуван и во Македонија

Илустрација

Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала ја погоди денеска Грција, а потресот беше почувствуван и во Македонија.

Според податоците објавени на веб-страницата emsc-csem.org, земјотресот се случил во 10 часот и 16 минути по локално време, односно во 11 и 16 часот по македонско време. Потресот бил на длабочина од 10 километри, со епицентар на 23 километри од градот Лариса.

Претходно утрово имало два послаби земјотреси во Грција, со јачина од 2,8 и 2,6 степени според Рихтер.

Последен посилен земјотрес кој ја погоди Грција беше оној во октомври лани, кога беше зафатен островот Самос, каде загинаа двајца тинејџери и беше предизвикана голема материјална штета. Епицентарот на тој земјотрес беше во близина на турскиот град Измир, каде, пак, имаше над 30 човечки жртви и беа разурнати стотици објекти.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG