Достапни линкови

Вести

Приведени 14 луѓе за терористичкиот напад во Виена, Европол бара помош и од БиХ

Австриски полицајци по нападот во Виена во кој загинаа четири лица

Австриските власти соопштија дека привеле 14 луѓе поврзани, со како што го нарече австрискиот канцелар Себастиан Курц, одвратниот терористички напад во Виена.

Државната агенција за истрага и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА), пак, од Европол примила список со имиња на личности за кои се врши потрага во врска со терористичкиот напад во Виена кој се случи во понеделникот вечерта а во кој се убиени четворица, а повеќе од 20 се повредени.

Македонското министерство за надворешни работи претходно соопшти дека тројца луѓе поврзани со синоќешниот терористички напад во Виена, имаат двојно државјанство, освен австриско имаат и македонско. Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека нападите ги извршил 20-годишникот Кујтим Фејзулаи кој има двојно државјанство на Австрија и на Северна Македонија. Освен Фејзулаи, според доставениот список до МВР, македонско државјанство, покрај австриското имаат и А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија).

види ги сите денешни вести

Нови 984 случаи на корона, оздравени 631, а починати 24 пациенти

Илустрација

Во последните 24 часа се направени 2995 тестирања, а регистрирани се 984 нови случаи на ковид-19. Починати се 24 лица, дванаесет пациенти од Скопје, тројца од Битола, двајца од Куманово, по еден пациент од Струга, Велес, Струмица, како и Крива Паланка, Кочани, Кичево и Охрид. Пациентите се починати во болнички услови. Институтот за јавно здравје денеска регистрира 631 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 347.080 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 67311, бројката на оздравени пациенти е 42872, на починати е 1901, а бројот на активни случаи изнесува 22538.

Усвоен законот за помош од 6000 денари на ранливата категорија граѓани

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје.

Собранието денеска го усвои Законот за финансиска поддршка на ранливата категорија граѓани. По неговото објавување во Службен весник, треба надлежните институции да утврдат листа на тоа кои луѓе ќе може да ги добијат картичка со 6000 денари за купување домашни производи и да се утврди од кои фирми ќе може да се користат производи и услуги. За оваа мерка се предвидени да се потрошат 27 милиони евра, а мерката да ја користат околу 270 илјади луѓе.

Властите го најавија четвртиот сет економски мерки во јуни пред изборите, а новата влада го усвои пакетот помош на крај на септември. Парите за реализација на пакетот се обезбедени со ребалансот на буџетот.
Корисници на оваа помош ќе бидат луѓе со ниски примања, кои во периодот од јануари до август немаат повеќе од 120 илјади нето приходи.

Во групата спаѓаат пензионери кои имаат пензии до 15 илјади денари, пасивни баратели на работа, стари лица кои користат право на социјална сигурност, млади од 16 до 29 години кои биле испуштени во евиденцијата со претходните мерки, потоа самохрани родители кои имаат ниски примања, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници кои вршат самостојна дејност или се ангажирани преку авторски или друг вид на договор.

Во болница се лекуваат 881 пациент позитивни и суспектни на корона

Илустрација

Министерството за здравство соопшти денеска дека во изминатите 24 часа во ковид- центрите во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 881 пациент позитивен и суспектен на коронавирусот.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 81 пациент позитивен и суспектен на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 65 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 44 пациенти, во Велес се лекуваат 65 болни, а во Куманово 111 пациенти позитивни и суспектни на ковид- 19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирани 105 пациенти, во Прилеп 126, во ковид- центарот во Гостивар 61, а во Струга 39 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 71 пациент, во Кочани 24, во Кичево 20, Кавадарци 46, во Гевгелија 17 лица, а во Дебар девет позитивни и суспектни на коронавирусот.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1326 и има околу 160 празни болнички кревети во ковид- центрите.

Протести во Ерменија за оставка на премиерот

Протестите во Ереван.

Илјадници демонстранти кои се собраа во главниот град на Ерменија повотрно го повикаа премиерот Никол Пашинијан да поднесе оставка во врска со контроверзниот договор за примирје што го потпиша со Азербејџан за да се стави крај на борбите за отцепениот регион Нагорно Карабах. Демонстрантите на плоштадот Слобода во центарот на Ереван извикуваа „Никол предавник“ и „Ерменија без Никол“ и ги вееја знамињата на Ерменија и Нагорно Карабах.

Пашинијан го објави договорот со посредство на Москва на 10 ноември, со кој се стави крај на повеќе од шест недели војна околу спорниот регион Нагорно Карабах. Според договорот, Азербејџан ја врати контролата врз делови од Нагорно Карабах и сите околни територии.

Договорот се смета за голем пораз за етничките ерменски сили, поддржани од Ереван, кои го контролираат Нагорно-Карабах од прекинот на огнот во 1994 година, со кој заврши војната.

Во обраќањето до нацијата на 12 ноември, Пашинијан призна дека документот што го потпишал е „лош за нив“, но рече дека тоа е единствената опција на Ерменија и дека се обезбедува опстанок на Карабах.

Нагорно-Карабах е признат како дел од Азербејџан, но етничките Ерменци кои го сочинуваат поголемиот дел од населението го отфрлаат владеењето на Азербејџан.

Се поставува модуларната болница во Гевгелија

Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта.

Министерството за здравство соопшти дека во Гевгелија денеска започнало поставувањето на модуларната болница, а во текот на следната недела монтажа на објектите ќе започне и во Струмица, Куманово, Струга и Кичево.

„Генерално, активностите во сите општини течат согласно утврдениот план и динамика. Општината Битола и јавните претпријатија го уредуваат просторот и го подготвуваат теренот за поставување на три модуларни болници со капацитет од 100 болнички кревети и три тријажни центри. Во моментов, во Битола се бетонираат бетонските подлоги за поставување на модуларните болници“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека се работи истовремено на сите 16 локации каде треба да постават модуларни болници.

„Крајните рокови за пуштање во употреба на сите модуларни ковид центри истекуваат за три месеци. Но, како ќе завршува монтажата, така ќе пристига и потребната опрема и инвентар за целосно опремување, што ќе значи и сукцесивно пуштање во употреба. Секој регионален ковид центар ќе има приемен и тријажен оддел, целосно опремена лабараторија, целосно опремени болнички соби и сите други помошни простории за персонал и пациенти“, прецизираат од Министерството за здравство.

Каракачанов: Бугарите беа сојузници на Хитлер, но не треба да ги нарекувате фашисти

Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов

Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов изјави денеска дека историски факт е оти бугарската власт и цар биле сојузници на Германија и Хитлер, но тоа не значи дека Бугарите треба да бидат нарекувани фашисти. Тој се вклучи онлајн на радио Канал 77 во моментот додека гостин во студиото беше и македонскиот премиер Зоран Заев.

„Сојузници беа и властите на Италија, и на хрватската држава, па не ги нарекувате фашисти“, рече Каракачанов.

Тој се осврна и на масакрот во Ваташа, кој според него не се случил бидејќи населението било македонско, туку поради војувањето на државата и комунистите.

„Јас сум одел во Ваташа три пати. Првиот пат во 94 година. Сум прочитал повеќе документи за Ваташа од вашите колеги. Случки како Ваташа има и во Јастребино во централна Бугарија каде бугарската полиција убива 12-13 деца и ги убива не затоа што се Македонци, туку тоа е граѓанска војна. Државата против комунистите, не е против Македонците. Тоа е затоа што комунистите војуваат со државата, и државата против комунистите, а не против етнички Македонци или други. Ваташа е трагичен случај од нашата заедничка историја“, смета Каракачанов.

Заев истакна дека често разговара со Каракачанов за добрата иднина помеѓу Бугарија и Македонија, помеѓу двата народи и оти тој верува дека двете страни прават се тоа да го постигнат.

„Каракачанов но и премиерот Борисов се за пријателство, сакаат двата народа да бидат пријатели, еве господинот Каракачанов нема проблем да зборува за македонскиот народ, да зборува за јазикот, но истовремено јас ги разбирам и потребите на Бугарите и на владата во Бугарија дека треба да се утврдат историски факти и низ духот на пријателството на основа на тие историски факти да ја градиме иднината“, изјави Заев.

Трамп ги повлекува американските војници од Сомалија

Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди повлекување на повеќето американски воени лица од Сомалија на само неколку недели пред крајот на неговото владеење. Одлуката објавена од Пентагон доаѓа по неодамнешните најави дека американските трупи ќе бидат извлечени од Ирак и Авганистан до средината на јануари. Таквите чекори ја одразуваат желбата на Трамп да го исполни ветувањето во кампањата за да ги оттргне американските сили од, како што тој ги нарече, бесконечни војни.

САД имаат околу 700 војници во Сомалија. Пентагон соопшти дека дел од персоналот што ќе се повлече од Сомалија ќе биде прераспределен во соседните земји, особено Кенија и Џијабути, за да се дозволат прекугранични операции против екстремистички групи заедно со партнерските сили.

Откако ја презеде функцијата на 20 јануари, новоизбраниот претседател Џо Бајден може да го смени повлекувањето на Трамп или да направи други прилагодувања за да ги одрази неговите приоритети за борба против тероризмот.

Помпео: Насилството во Авганистан е неприфатливо високо

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео изјави дека насилството во Авганистан е неприфатливо високо во услови на одложени мировни разговори меѓу авганистанската влада и талибанците. Тој рече дека Вашингтон ги замолил завојуваните страни да се повлечат, додавајќи дека се надева оти двете страни ќе можат да започнат да решаваат некои од приоритетните прашања, вклучително и националното примирје.

Авганистанската влада и талибанските преговарачи пред некој ден постигнаа договор во Доха за да продолжат со разговори со цел да се стави крај на 19-годишна војна. Помпео истакна дека се сретнал со преговарачките тимови за време на посетата на Доха на 21 ноември.

„Јас им објаснив дека нивото на насилство не може да продолжи додека траат овие преговори и тоа нема да функционира“, рече Помпео.

Претходно оваа недела, специјалниот претставник на САД за помирување во Авганистан Залмај Калилзад изјави дека се враќа во регионот за да обезбеди меѓународна поддршка за мировните разговори. Преговорите требаше да започнат на 10 март, но тие беа одложени поради споровите, главно околу ослободувањата на затворениците и правилата и процедурите за разговорите во услови на континуирано насилство.

Заев: За идентитетот и достоинството не се преговара

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев изјави дека секогаш ќе биде страната која прави пријателски чекори кои отвораат перспективи за меѓусебните односи со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија.

„Но никогаш за сметка на тоа нема да ги доведеме нашите идентитет и достоинство за кои никогаш нема да се преговара, а тоа е нашиот идентитет како Македонци кои говорат македонски јазик, рече премиерот Заев во интервју за радиото Канал 77.

Тој уште еднаш порача дека ги разбира граѓаните и нивните реакции, ама лидерите се тука за да решаваат тешки прашања. Заев порача дека прави пријателски чекори кои отвораат перспективи, односно европските перспективи и иднина.

Тој порача и дека како Македонци што зборуваат македонски сме членка на НАТО, а ќе станеме и членка на ЕУ, а патриотизам, како што наведе Заев, е да не бидеш заглавен во минатото и со тоа да се загрозува сегашноста, којашто не може да ја отвори иднината.

„Патриотизам во политиката е да обезбедиш двајца грчки премиери да потврдуваат постоење македонски јазик и македонски народ. Што бранат лидерите на опозицијата овие денови со протестите што ги организираат? Нели го изгубивме идентитетот со договорот од Преспа, како што велеа тие? Тешко, невозможно е да се постигне консензус со луѓе што лажат дека Холандија и Данска го блокираат усвојувањето на преговарачката рамка. Деманти стигнаа од највисоките политички институции на овие земји. Да лажете не е патриотизам“, рече Заев во интервјуто.

Според него, со Бугарија постојано се отворени каналите за комуникација и интензивно се разговара за прашањата што се актуелизираа и што се поставуваат како пречка за согласноста за усвојување на преговарачката рамка за Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тој додава дека се разговара за говорот на омраза и патоказот за имплементацијата на Договорот меѓу двете земји.

Русија ја започна вакцинацијата против ковид-19

Наставник прима од вакцината против ковид-19 во Русија.

Москва започна со дистрибуцијата на вакцината Спутник V преку 70 клиники низ градот со што започна и имунизацијата на руското население против ковид-19. Руските власти соопштија дека вакцината најпрво ќе им биде достапна на здравствените работници, наставниците и социјалните работници, бидејќи тие имаат најголем ризик од изложеност на вирусот.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјави дека во текот на првите пет часа, 5.000 луѓе се пријавиле за вакцинација.

Владата наведе дека вакцината ќе биде бесплатна за сите руски граѓани и дека инокулацијата ќе биде доброволна. Вакцината Спутник V се администрира во две инјекции, а втората доза се очекува да се даде 21 ден по првата.

Руската влада даде одобрување за Спутник V на почетокот на август, но овој потег предизвика значителни критики од експертите, бидејќи во тоа време вакцината беше тестирана само на неколку десетици луѓе.

Лидерите на Британија и ЕУ на разговори за Брегзит

Брегзит. Илустрација.

Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние и неговиот британски колега Дејвид Фрост објавија на Твитер дека Џонсон и фон дер Лајен ќе се консултираат.

„По една недела интензивни преговори во Лондон, двајцата главни преговарачи денес се согласија дека не се исполнети условите за договор, поради значителните разлики во рамноправните услови, управувањето и риболовот“, се вели во заедничкото соопштение на Твитер.

Во соопштението се наведува дека главните преговарачи одлучиле да ги „паузираат“ разговорите со цел да ги информираат политичките лидери, кои ќе одлучат дали може да се надминат значителните разлики.

Барние и Фрост ги продолжија разговорите лице в лице на 28 ноември со цел да постигнат договор што ќе ги опфаќа трговските услови, како и областите како што се риболов, државна помош, решавање спорови, полициска и судска соработка и аранжмани за социјално осигурување.

Протести на ВМРО-ДПМНЕ пред Влада

Протест на ВМРО-ДПМНЕ. Скопје 1 декември 2020.

Од ВМРО-ДПМНЕ и за денеска најавија протести пред Владата во 13:00 часот.

„ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот повторно излегува на улица. Излегува на улица затоа што Заев повторно излажа дека не преговарал за името, идентитетот, јазикот, историјата. Заев изјави дека е постигнат напредок во преговорите меѓу комисиите, претставниците на комисиите изјавија дека нема напредок што значи дека Заев лаже“, наведуваат од партијата.

Опозициската партија почна да организира протести од минатата недела, по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС кое поттикна лавина реакции. Во него Заев, меѓу другото рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците и дека Југославија не разделувала.

Бугарски интелектуалци: На прашањата за историјата да не им се дава непотребна тежина

Средба на македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија.

Бугарски интелектуалци бараат Бугарија да даде зелено светло за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ до крajот на годината во рамки на германското претседателство во отворено писмо по иницијатива на Бугарската заедница за либерална демократија упатено до премиерот Бојко Борисов, министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија, како и до канцеларијата на ЕУ во нивната земја.

Тие наведуваат дека треба да се развијат нови приоритети, пристапи и иницијативи во билатералните односи со Македонија, а билатералните прашања треба да се решат во духот и според стандардите на современото меѓународно право.

„Веруваме дека во ваква рамка за преговори нема место за услови за да се принуди едната страна да ги усвои нереалните барања на другата страна, како што се целосно или делумно одрекување од самоопределување на својот народ или правото на граѓаните за самоидентификација. Несоодветно е да се очекува дека во кој било процес на преговори, кој било менаџерски тим во светот да преземе самоубиствени активности, донесувајќи политичка одлука за самоидентификација на своите граѓани и тврдејќи дека од дадена година целото население како целина преминало од една во друга етничка група“, се наведува во писмото.

Според нив, треба да се усвои патоказ со кој ќе се дефинираат активностите и временскиот рок за спroведување на Договорот за добрососедство и пријателство.

„Осигурете се дека на прашањата и активностите поврзани со историјата не им се дава непотребна тежина или им е дозволено да доминираат во спроведувањето на Договорот, како што е случај во моментов, туку се ограничени на еден од специфичните аспекти на соработката во областите на културата и образованието. Дискусиите за прашања од историјата треба да се базираат на современи пристапи за историографија и разновидност на експертско учество“, се вели во писмото.

Тие посочуваат дека ја поддржуваат идејата за именувањето на транспортната инфраструктура меѓу двете држави (Коридорот 8) по Гоце Делчев за да се симболизира историската и денешната меѓусебна поврзаност на луѓето од двете страни на границата. На писмото, објавено од страна на Бугарската заедница за либерална демократија, досега се потпишани 30 бугарските интелектуалци.

Бајден го повика Конгресот да ја усвои помошта за ковид-19

Избраниот претседател на САД, Џо Бајден

Избраниот претседател на САД, Џо Бајден изјави дека извештајот за невработеноста во земјата покажува дека економското закрепнување е во застој и го повика Конгресот да донесе закон за справување со последиците од коронавирусот.

„Ако не дејствуваме сега, иднината ќе биде многу мрачна. На Американците им треба помош и им треба сега“, рече Бајден.

Откако владиниот извештај покажа забавување на пазарот на труд во ноември, Бајден порача дека го поддржува пакетот од околу 908 милијарди американски долари за справување со последиците од ковид-19 за кој се дискутира во Конгресот.

Според него, пакетот што сега се разгледува е „само почеток“, а со него ќе се обезбеди финансиска помош за бизниси, невработени лица, училишта и даватели на здравствени услуги.

Бајден за време на кампањата рече дека ставањето крај на пандемијата ќе биде неговиот најголем приоритет како претседател.

Сончево време со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во југоисточните делови ќе биде претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од три до осум, а максималната ќе достигне од осум до 14 степени.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност, во утринските часови со појава на слаба магла. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 11 степени.

Нови 1100 случаи на ковид 19, триесет лица починале

илустрација

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2824 тестирања, а регистрирани се 1100 нови случаи на ковид-19.

Најмногу од нив се во Скопје-439, Куманово-56, Дебар-5, Штип-42, Прилеп-52, Тетово-58, Струга-29, Велес-27, Битола-73, Охрид-32, Кавадарци-51, Гостивар-68, Гевгелија-5, Струмица-33, Крива Паланка-15, Радовиш-5, Крушево-2, Кочани-23, Пробиштип-3, Демир Хисар-3, Македонски Брод-4, Пехчево-1, Берово-1, Валандово-1, Виница-2, Делчево-3, Кратово-2, Свети Николе-17, Кичево-16, Ресен-10, Неготино-22.

Филипче - Обезбедени се 833 илјади вакцини против ковид-19

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 585 оздравени пациенти. Починати се 30 лица, сите во болнички услови.

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 66330, бројката на оздравени пациенти е 42241, на починати е 1877, а бројот на активни случаи изнесува 22212.

ЕУ го усогласи буџетот за 2021, се чека Полска и Унгарија да го повлечат ветото

илустрација

Владите на Европската унија (ЕУ) и на Европскиот парламент (ЕП) денеска се договорија за годишниот буџет на Унијата за 2021 година, но за тој да стапи на сила, Полска и Унгарија ќе мора да го укинат ветото за долгорочниот буџет на ЕУ за периодот од 2021-2027 година.

Буџетот за 2021 година за сите 27 земји на ЕУ веќе е креиран на границите на приходите и трошоците утврдени со новиот седумгодишен буџет на ЕУ, кои Варшава и Будимпешта не сакаат да ги прифатат бидејќи пристапот до парите на ЕУ е поврзан со почитување на владеењето на правото. Двете земји се под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, така што постои ризик да останат без милијарди евра.

Унгарија и Полска заеднички против ЕУ

Доколку се стави вето на буџетската рамка од 2021 до 2027 година, годишниот финансиски план за следната година нема правна основа.

„Буџетот за 2021 година може да биде на сила кога ќе се укине блокадата врз целиот буџет и кризниот фонд. Без тоа се очекува драстично намалување на финансиите на ЕУ од почетокот на следната година“, истакна германскиот амбасадор во ЕУ, Мајкл Клаус, осврнувајќи се на преминување на ЕУ кон привремено финансирање, кое последен пат беше искористено во 1989 година.

Доколку Полска и Унгарија не го повлечат ветото на седумгодишната буџетска рамка до следниот самит на лидерите на ЕУ на 10 декември, ЕУ следната година ќе се префрли на аранжман за привремено финансирање и секој месец ќе смее да потроши само дванаесеттина од тоа што го потрошила за одредена област во 2020 година.

Мицкоски: Заев лаже, комисијата призна дека се преговара за идентитетот

Христијан Мицкоски

Од изјавите на историчарите од комисиите дознаваме дека бугарската страна се противи за терминот Македонски кој што го означува нашиот идентитет, додека Зоран Заев упорно не убедува дека не преговара за идентитетот и историјата, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешната средба на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.

Тој вели дека бугарската страна кажала дека за придавката „македонски“ се разговара на повисоко ниво што, како што вели Мицкоски, во превод би значело дека Заев тргува.

„Та нели се беше во главата на вморвците? Поддршка за нашите историчари да опстојат на вистината. Лажеше додека се колнеше во најмилото и продаваше, лаже и денес. Заев е проблемот, а народот е одговорот“, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржува протести во главниот град и други градови низ земјата. Протестот е под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“.

Здравко Кривокапиќ е нов премиер на Црна Гора

Здравко Кривокапиќ

Со гласовите на 41 пратеник, од вкупно 81 присутни, црногорскиот парламент ја избра Владата на Црна Гора, предводена од Здравко Кривокапиќ.

Новата црногорска влада е прва што по три децении не е формирана од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Џукановиќ, која беше поразена на изборите на 30 август оваа година.

На истите избори, новоизбраниот премиер, како непартиска личност, беше лидер на најсилната од трите коалиции што ја освоија власта, која во најголем дел е составена од просрпскиот демократски фронт.

Парламентот на Црна Гора избира нова влада

Пред да ја положи заклетвата новоизбраниот премиер Кривокапиќ, соопшти дека неговата Влада ќе трае четири години и ќе претставува спроведување на директна демократија.

„Сите треба да изградиме подобра иднина, граѓаните да се чувствуваат подобро и Црна Гора да се трансформира во секоја смисла. Оваа влада ќе биде слуга само на граѓаните. Ова е Влада на жртвите, бидејќи тоа е единствениот начин да се започне со општото добро. Сите министри се жртви и за сите. Се наоѓаме во ситуација кога секој ден е драгоцен“, рече Кривокапиќ пред гласањето.

Данското МНР демантира дека го поддржува ветото за С.Македонија

Министерство за надворешни работи на Данска ги демантира вестите дека го поддржува ветото на Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, посочуваат од данското Министерство за надворешни работи.

„Информациите објавени во бугарските медиуми кои укажуваат на тоа дека Данска се приклучила кон ветото на Бугарија за пристапните преговорите на Северна Македонија во ЕУ не се точни. Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската Комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Северна Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки“, наведуваат од данското МНР, објави sdk.mk

Од Министерството, како што се посочува во веста, потенцирале дека Данска, дополнително, ја поддржува европската перспектива на сите земји на Западен Балкан.

Холандската амбасада во Скопје демaнтира дека Холандија го поддржува ветото за С. Македонија

Претходно денеска и Холандската амбасада во Скопје ја демантираше веста која претпладнево ја објави бугарскиот весник „24 Часа“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори од Брисел, дека Данска и Холандија го поддржуваат ветото на Бугарија.

Ниту чекор напред по средбата на македонско-бугарската комисија

Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија

Денешната средба на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања заврши без никаков резултат и нема ниту минјатурен чекор поместување. Ова беше кажано на прес конференцијата на двајцата копретседатели во Комисијата, Драган Георгиев и Ангел Димитров по денешната онлајн средба на комисијата.

„Голем дел од состанокот поминавме на непотпишаните записи од деветиот и десеттиот состанок. Главен проблем за бугарската страна е употребата на придавката македонски, колегите имаат различно толкување на Преспанскиот договор и според бугарските колеги употребата на придавката е лимитирана целосно, без оглед како е запишана и се толкува од наша страна“, изјави Георгиев.

Бучковски во Софија, Комисијата онлајн за Делчев

Неговиот бугарски колега Димитров изјави дека резултатите од денешниот состанок се нула. Димитров соопшти дека и на оваа средба не бил потпишан записникот и дека тоа ја става под сомнеж работата на Комисијата и покажува дека нема желба да се дојде дпо согласност. Тој обвини дека позицијата на македонските историчари е дел од една политика која почнала од минатата година.

„Овој резултат нула покажува уште нешто. Ние сме многу далеку од завршување на работата околу учебниците кои го третираат средниот век. Денес точката поврзана со Цар Самоил заврши целосно без резултат, особено што се отстапи од веќе подготвен заеднички текст од страна на две влади. Се движиме како желка. Ако рабодиме следната година треба да знаеме што се очекува од нас со потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство“, рече Димитров.

Според двајцата копретседатели постојат и спротиставени гледишта и во однос на тоа како треба да бидат напишани препораките до двете влади. Сепак според нив денешната средба покажала дека постојат уште многу прашања за кои треба да се разговара и дека само преку дијалог и со волја, има простор за договор.

Филипче - Обезбедени се 833 илјади вакцини против ковид-19

Веќе се обезбедени 833.000 ваквини против ковид-19 за 400.000 граѓани преку Ковакс механизмот на СЗО, Глобалната алијанса за имунизација.Вакцините ќе ги добиваме согласно планот за дистрибуција кој Ковакс ќе го одреди, рече министерот за здравство Венко Филипче. Властите доставиле барања за директни договори до компаниите „Астра Зенека“ и „Фајзер“ за нивните вакцини. Целта е 60 до 70 отсто од населението да се вакцинира бидејќи експертите сметаат дека е тоа доволен процент на вакцинирано население за да се стекне имунитет, рече Филипче по состанокот со Координативното тело за вакцини за Ковид-19.

Третиот механизам,посочи министерот, го понудија дел од земјите членки на ЕУ и од нивните билатерални договори со дел од компаниите беа договорени 400 милиони дози за граѓаните членки на ЕУ од кои 100 милиони беа наменети за земјите во Европа кои не се членки на ЕУ.

„Иницијална понуда добивме од Полска, Грција и за тоа веќе аплициравме за 800.000 дополнителни дози од тие 100 милиони кои ќе бидат на располагање“, рече Филипче.

Потенцира дека вакцинацијата ќе се врши во вакциналните пунктови и болниците, ќе се спроведе брз процес на тренинг за вакцинирање согласно спецификите на вакцините и сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени.

Вакцинацијата на специфични групи здравствени работници, нагласи, ќе се врши во јавните здравствени установи каде тие работат.

Приоритет ќе биде да се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во ковид-центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни, делот на здравствени работници кои работат на земањето брисеви, граѓаните на возраст над 65 години и пациентите со хронични заболувања, во делот на хронични белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот „МојТермин“, вработените во критичната инфраструктура и во транспортот.

Еден мртов, седум повредени во експлозија на бомба во Пакистан

илустрација

Најмалку едно лице загина, а седум се повредени кога експлодирала бомба крај патот на автобуска постојка во пакистанскиот град Равалпинди, соопшти полицијата.

Според првичните информации бомбата била поставена под моторна рикша, но во соопштението на полицијата од Равалпинди се наведува дека експлодирала направа поставена покрај патот.

Во експлозија загинаа тројца пакистански војници

Во Равалпинди се наоѓаат седиштето на пакистанската војска и канцеларијата на шпионските агенции во земјата, а градот е оддалечен околу 15 километри од главниот град Исламабад. Засега никој не ја презеде одговорноста за експлозијата.

Спасовски: Санкции за оние кои мислат на профит пред здравјето на луѓето

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Сериозни санкции ќе има за оние кои мислат на профит пред заштитата на здравјето согласно мерките за ковид-19, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој искажа благодарност до мнозинството граѓаните кои ги почитуваат мерките. Според него станува збор за 90 проценти од граѓаните во државата кои почитуваат мерки и 10 проценти кои што мислат дека најмногу тие знааат и само тие го прават тоа што треба да се прави.

„За тие има санкции. Секојдневно не само што затвораме и растураме семејни веселби, туку поднесуваме кривични пријави и за тие ќе има одговорност, нема да има толеранција. Секаде дали во Тетово, Куманово, Скопје, источна Македонија секаде каде што има такви состојби, рече Спасовски.
Непочитувањето на мерките за заштита од ковид-19 ќе резултира со сериозни санкции, порача првиот човек на полицијата.

„ Има состојба каде граѓаните не можат да разберат, тие сопственици на ресторани не можат да разберат дека здравјето и животот се поважни отколку да земете профит од таа веселба и за тоа ќе има сериозни санкции“, рече Спасовски.

Османи: Имаме поддршка од сите членки на ЕУ, останува прашањето со Бугарија

Бујар Османи

Имаме недвојбена поддршка не само од Холандија, туку од сите земји членки на ЕУ. Останува прашањето со Република Бугарија, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите во некои медиуми дека и Холандија и Данска се против почнување на преговори на земјава со Унијата.

Османи рече дека денеска имало реакција и од Холандската амбасада во Скопје, кои ги демантираат овие работи.

Прашан за работата на историските комисии меѓу Бугарија и Северна Македонија, Османи рече дека денеска е вториот ден, но за повеќе информации треба да се почека крајот на состанокот.


Во однос на работата на специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски, Османи рече дека предлогот за негово назначување било на МНР, во координација со премиерот, а со цел да се додадат дополнителни механизми во враќање на довербата и создавање на предвидливост во имплементација на Договорот, во услови кога немаме амбасадор во Софија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG