Достапни линкови

Големи влогови во Белорусија: Дали националниот штрајк ќе успее?


Работници на Белоруснефт кои беа отпуштени откако го поддржаа националниот штрајк

По 11 недели улични протести во Белорусија расте притисокот врз Александар Лукашенко, на власт од 1994 година, кој го игнорираше крајниот рок на опозицискиот лидер Свјатлана Циханускаја да се повлече. Таа повика на национален штрајк како уште еден удар врз власта. Дали ќе успее?

Белорусиja е зафатена со скоро секојдневни протести од претседателските избори во земјата на 9 август ,според кои, Лукашенко победил со огромна мнозинство и покрај обвиненијата од опозицијата, гласачите и западните влади дека изборите биле наместени.

Насилната акција од страна на властите резултираше со неколку смртни случаи, стотици повредени и повеќе од 10.000 апсења.

На 26 октомври, опозицијата го зголеми притисокот. Илјадници работници во државни фабрики и приватни фирми, ресторани, кафулиња и други установи - како и студенти низ источноевропската земја со 9,5 милиони жители, го послушаа повикот на опозицискиот лидер Свјатлана Циханускаја за национален штрајк откако Лукашенко го игнорираше барањето да си даде оставка, да ја запре операцијата против демонстрантите и да ги ослободи политичките затвореници до 25 октомври.

Водени топови и приведување демонстранти во Минск
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:33 0:00

Аналитичарите велат дека акцијата означува нова фаза во повеќемесечната политичка криза. Таа ќе ја тестира и способноста на Лукашенко да се одржи на власт и дали Циханускаја и нејзините сојузници ја имаат потребната поддршка за да успеат.

Граѓани во Белорусија даваат поддршка на повиците за генерален штрајк

„Штрајкот ги зголемува влоговите и за режимот и за опозицијата“, вели Најџел Гулд-Дејвис, поранешен британски амбасадор во Белорусија и постар соработник на Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон, додавајќи:

„Редовните масовни мирни протести го поткопаа легитимитетот на режимот. Генералниот штрајк ја загрозува неговата економска одржливост. Режимот разбира дека ова е закана“.

Вистински тајминг?

Повеќето од лидерите на опозицијата се уапсени или принудени да избегаат, вклучувајќи ја и Циханускаја. Таа замина за Литванија неколку дена по гласањето, поради закани кон неа и нејзиното семејство.

Западните влади изразија поддршка, а и Европската унија и Соединетите држави одбија да го признаат Лукашенко за легитимен лидер.

Туск: Oпозицијата во Белорусија е „близу до победата“

ЕУ објави замрзнување на средствата и забрана за визи на 40 белоруски официјални лица за нивната наводна улога во репресијата на демонстрантите и опозицијата, како и за измама за време на гласањето во август.

И на 12 октомври министрите за надворешни работи на ЕУ дадоа политичко зелено светло за новиот пакет санкции во кој ќе биде Лукашенко.

Александар Лукашенко, Минск, 27.10.2020.
Александар Лукашенко, Минск, 27.10.2020.

Еден ден подоцна, Циханускаја му постави ултиматум на Лукашенко, барајќи тој да се повлече од функцијата до 25 октомври или да се соочи со национален штрајк.

„Времето на одржување на акцијата може да и даде на опозицијата свежа енергија“, вели Хана Барабан, белоруски коментатор и аналитичар.

Додека бројните протести - особено во Минск - се зголемуваат за десетици илјади за време на викендите, тие имаат тенденција да бидат поскромни во текот на неделата, сугерирајќи му на Барабан дека можеби изгубиле малку пареа.

Белоруските власти го прогласија опозицискиот канал Телеграм за екстремистички

„По повеќе од 3 месеци последователни протести, Белорусите се изморија и бројот на луѓе на манифестациите започна да се намалува. Се чини дека властите исто така се навикнаа на протестите и чекаат движењето да заврши само од себе“, рече Барабан.

Повеќе од 100.000 луѓе излегоа на протест на 25 октомври, крајниот рок на опозицијата за повлекување на Лукашенко кој го игнорираше ултиматумот, а полицијата насилно реагираше, употребувајќи шок бомби и приведувајќи стотици луѓе.

Државата негира

Властите негираат дека штрајкувачката акција имала какво било влијание врз државната индустрија.

Министерот за индустрија Пјотр Пархомчик ги омаловажи штрајкувачките напори, обвинувајќи ја опозицијата за надувување на нејзината важност.

„Десет, 15, 20 луѓе се собраа, се фотографираа и кажаа дека фабриката не работи, дека работниците штрајкуваат, дека претпријатието не ги почитува своите обврски“, рече тој без да наведе конкретни докази.

Минск, национален штрајк
Минск, национален штрајк

И Лукашенко се исмејуваше, прашувајќи претходно „кој ќе ги храни децата?“ доколку штрајкуваат работниците во државните претпријатија.

И покрај тоа што негираше дека штрајкот има какво било влијание, белоруската полиција за немири беше зафатена со приведување штрајкувачи и симпатизери.

Протестен марш во Белорусија и покрај заканите од полицијата

Според белоруската група за човекови права Вјасна, повеќе од 320 лица биле приведени во Минск, Хродна, Брест, Махилиу, Лида и други белоруски градови.

Уметност на можното

Работниците од Хродна Азот, една од водечките белоруски хемиски компании, беа приведени додека сакаа да се приклучат на штрајкот, а полицијата апсеше уште во 7 часот наутро, соопшти Амнести Интернешнл.

„Режимот на Лукашенко го користи единствениот инструмент - силата, демонстрирајќи го неговиот целосен недостаток на флексибилност и неможност да најде нови начини за справување со демонстрантите“. - рече Барабан.

Полицaјци приведуваат студенти кои учествуваа во националенот штрајк во Минск, 26 октомври 2020 година
Полицaјци приведуваат студенти кои учествуваа во националенот штрајк во Минск, 26 октомври 2020 година

Потпирањето врз брутална сила е знак дека Лукашенко ослабува, тврди Андреј Шуман, белоруски политички аналитичар.

„Поентата е дека политиката е уметност на можното. И силен политичар е оној кој има голем број опции. Колку помалку опции, толку е послаб политичарот и е помалку способен да ја задржи својата моќ. Лукашенко сега ја губи моќта“, изјави Шуман.

Што ќе стори Русија?

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија „не може да ги игнорира штрајковите на претпријатијата во Белорусија и оти е важно прашањето за нивно сигурно функционирање“.

Ако штрајковите се приближат до парализирање на земјата, тоа би можело да биде дополнителен тест на руската поддршка за Лукашенко.

Од почетокот на кризата, Москва го поддржа со заем од 1,5 милијарди долари и зголемена безбедносна соработка, вклучително и повеќе воени вежби.

„Ако обемот на националниот штрајк расте во текот на следните недели, Путин може да ја изгуби преостанатата толеранција кон Лукашенко“, вели Барабан.

Конечен крај за Лукашенко?

И покрај затворањето или прогонството на нејзините главни водачи, опозицијата, предводена од Координативниот совет што Циханускаја го создаде, успева да се организира, во многу случаи потпирајќи се врз технологијата и Интернетот.

Белорускиот опозициски лидер Свјатлана Циханускаја
Белорускиот опозициски лидер Свјатлана Циханускаја

„Циханускаја оствари видео повици со скоро секоја активна социјална група: локални населби, работници, спортисти и други“, напиша Хана Лиубакова, соработник на тинк-тенктот Атлантски совет.

„Постои меѓусебна поврзаност и единство помеѓу овие политички чинители - и покрај тоа што се наоѓаат во различни земји, тие ги координираат и обединуваат нивните постапки “.

Додека штрајкот го зголеми притисокот врз Лукашенко, прибегнувањето кон овој метод исто така „ги зголемува влоговите за опозицијата“, смета Гулд-Дејвис.

„За генерален штрајк потребно е мнозинството луѓе да го поддржуваат секој ден, не само за време на викендите, и да ги прифатат економските тешкотии како резултат. За да успее, мора да создаде точка на пресврт каде што толку многу работници притискаат што создава социјално очекување и другите да го следат примерот - и толку многу работници штрајкуваат за да не може режимот да ги казни“, вели тој.

ЕУ со предупредување до Белорусија и Русија

На 21 октомври Циханускаја им вети на работниците финансиски надомест доколку нивните договори бидат раскинати поради штрајкот.

На 26 октомври, таа рече дека се собрани 7 милиони долари донации за финансиска поддршка на штрајкувачите.

„Провладинот митинг во Минск на 25 октомври, ја нагласи еродираната поддршка со која се соочува Лукашенко. Иако е прерано да се зборува за неизбежен крај на неговото владеење, часовникот отчукува. Кризата брзо го стеснува хоризонтот на можности за Лукашенко“, тврди Андреј Шуман, белоруски политички аналитичар, заклучувајќи:

„Неговите приврзаници го напуштаат; потешко му е да ги распореди силите и авторитетот со кои располага. Ако сето ова продолжи, мислам дека околу јануари-февруари најверојатно ќе зборуваме за промена на власта“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG