Вести
СДСМ на прв онлајн конгрес
Социјалдемократскиот сојуз денеска во 13 часот ќе го одржи 25. Конгрес, коj првпат ќе биде дигитатен и ќе користи современи дигитални платформи и алатки.
Партијата на овој чекор се решила заради заштита на здравјето на граѓаните, делегатите и медиумските работници.
Како што најавија од владејачката партија, Конгресот ќе го отвори и ќе го води претседателот на СДСМ, Зоран Заев, а ќе се однесува на анализа на изборните резултати.
Состанокот ќе има отворен и работен дел со пренос во живо. По завршувањето на конгресот, претседателот на партијата, Зоран Заев, ќе одржи прес-конференција на која ќе ги претстави донесените одлуки.
види ги сите денешни вести
Ирански студенти протестираат против владата трет ден по ред
Иранските студенти одржаа антивладини протести на неколку универзитети во понеделник, 23 февруари, трет ден по ред, според видеа објавени на интернет и потврдени од Радио Слободна Европа (РСЕ).
Новите протести се први откако властите убија илјадници луѓе при задушување на демонстрациите против иранските свештенички власти минатиот месец.
Протестите се одржуваат додека Иран се подготвува за можна воена акција од страна на Соединетите Американски Држави (САД).
Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран да не користи повеќе насилство против демонстрантите и се закани дека ќе ја нападне Исламска Република поради нејзиното одбивање да се откаже од својата нуклеарна програма.
Десетици студенти организираа протести на најмалку четири универзитети во главниот град Техеран, вклучувајќи го универзитетот Ал-Захра, универзитетот во Техеран, технолошкиот универзитет Шариф и технолошкиот универзитет Амиркабир.
Видеа на социјалните мрежи покажаа студентки на Универзитетот Ал-Захра како скандираат „Ова е година на крв. Сајед Али ќе биде соборен“, алудирајќи на врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи.
Друго видео покажа студентки на универзитетот во Техеран како скандираат „Жени, живот, слобода“, осврнувајќи се на протестите од 2022 година предизвикани од смртта во притвор на млада жена обвинета за кршење на законот за хиџаб.
Новите демонстрации се совпаднаа со почетокот на новиот универзитетски семестар и со стотиците церемонии одржани низ целата земја минатата недела во спомен на жртвите убиени за време на задушувањето на масовните протести во јануари.
Најмалку 7.000 луѓе беа убиени за време на протестите што избувнаа кон крајот на декември 2025 година, според групите за човекови права, иако се верува дека вистинскиот број на жртви е многу поголем.
Повеќето од убиствата наводно се случиле помеѓу 8 и 10 јануари, кулминација на задушувањето на протестите.
Овие протести беа меѓу најголемите во Иран од Исламската револуција во 1979 година.
Обновените протести во Техеран доаѓаат во време кога САД продолжуваат да се закануваат дека ќе го нападнат Иран поради неговата спорна нуклеарна програма и покрај неколкуте рунди индиректни разговори.
Во најголемиот протест во главниот град по смртоносното задушување на демонстрациите минатиот месец, иранските студенти кои извикуваа антивладини слогани се судрија со безбедносните сили пред технолошкиот универзитет „Шариф“ во саботата. Слични собири беа пријавени и на други универзитети.
Студентите пред технолошкиот универзитет „Амир Кабир“ во неделата се судрија со членови на „Басиџ“, доброволна паравоена сила која одигра значајна улога во задушувањето на минатите демонстрации. Според видеата на социјалните медиуми, студентите извикуваа антивладини слогани.
Универзитетите во Техеран честопати беа сцена на студентски протести што се одржаа по револуцијата во 1979 година и резултираа со брутална репресија од страна на безбедносните сили.
ЕУ не успеа да го усвои 20-тиот пакет санкции против Русија на четвртата годишнина од војната во Украина
Европската унија(ЕУ) не успеа да го усвои 20-тиот пакет санкции против Русија, кој требаше да биде воведен на четвртата годишнина од војната во Украина.
Унгарија го блокираше усвојувањето на одлуката.
„За жал, не постигнавме договор за 20-тиот пакет санкции. Ова е чекор назад и порака што не сакавме да ја испратиме денес. Сите разбираат дека дипломатијата е пожелна алатка, но по една година разговори сè уште немаме прекин на огнот. Не е Украина пречка за мирот, туку Русија“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, на крајот од министерскиот состанок на 23 февруари.
Усвојувањето на најновиот пакет санкции против Русија не беше сигурно бидејќи амбасадорите на земјите-членки на ЕУ не постигнаа договор во текот на викендот.
ЕУ сакаше усвојувањето на 20-тиот пакет санкции како одговор на руската агресија врз Украина да се совпадне со четвртата годишнина од почетокот на војната, која се одбележува на 24 февруари.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ќе бидат во Киев, главниот град на Украина, за годишнината.
Според дипломатски извори, камен на сопнување е предлогот за целосна забрана на поморските услуги за руските танкери за нафта, кој, доколку биде усвоен, би го укинал ограничувањето на цените што го воспостави Групата 7 на крајот од 2022 година.
Унгарија претставува посебен проблем бидејќи усвојувањето на санкциите бара од Украина да го поправи нафтоводот „Дружба“, оштетен во рускиот напад и да продолжи да испорачува нафта во Унгарија.
Блокирањето на пакетот санкции веќе го најави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Блокирањето на пакетот санкции веќе го најави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Унгарија, исто така, блокираше заем од 90 милијарди евра што ЕУ го одобри токму поради проблеми со испораките на нафта.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, минатиот викенд објави дека на Украина не може да ѝ бидат доделени никакви заеми од ЕУ, ниту пак ќе бидат усвоени санкции додека не продолжат испораките на нафта во Унгарија.
Иако Европската Унија воведе забрана за увоз на руска нафта преку цевковод поради војната во Украина, Унгарија и Словачка обезбедија исклучоци од тие санкции со користење на цевководот „Дружба“, кој транспортира руска нафта до централна Европа преку Украина.
Сепак, испораките од овој гасовод беа прекинати на 27 јануари. Киев тврди дека руски дрон е одговорен за оштетувањето на енергетската инфраструктура.
И Унгарија и Словачка ја обвинија Украина за бавното рестартирање на протокот на нафта, а словачкиот премиер Роберт Фицо дури го обвини Киев дека го прави тоа за да изврши притисок врз Унгарија да го отфрли ветото за идното членство на Украина во Европската Унија.
На 18 февруари, двете земји исто така изјавија дека го запираат извозот на дизел во Украина сè додека протокот на нафта не се рестартира.
Европската комисија оттогаш контактираше со Киев во врска со ситуацијата, а Унгарија официјално побара од Хрватска да пумпа руска нафта наместо тоа, користејќи ја својата цевководна мрежа.
Хрватска објави дека ќе го исполни барањето, под услов тоа да е компатибилно со законите за санкции на ЕУ и САД.
Украински „Нафтогас“ ја обезбеди првата испорака на течен природен гас од САД преку Германија
Украинската државна компанија за нафта и гас „Нафтогас“ ја обезбеди испораката на американски течен природен гас (ЛНГ) преку терминал во Германија, соопшти компанијата, јави Ројтерс.
Гасот ќе се набавува од САД и ќе се испорачува во Германија од „ТоталЕнерџис“, соопшти „Нафтогас“.
Откако ќе биде регасифициран од „Дојче РеГас“, потоа ќе се испорачува преку цевководи низ Полска до Украина, соопштија од компанијата.
„Ова ново партнерство отвора нова сигурна рута за увоз за Украина за тековната година“, изјави извршниот директор Сергеј Коретски.
Во јануари 2026, новиот министер за енергетика на Украина им нареди на државните компании да го зголемат увозот од странство, посочувајќи ги проблемите што ја мачат електричната мрежа по систематската кампања за бомбардирање од страна на Русија.
„Државните компании, првенствено „Украински железници“ и „Нафтогас“, мора итно да обезбедат набавка на увезена електрична енергија за време на грејната сезона 2025/26 година, во износ од најмалку 50 отсто од вкупната потрошувачка“, изјави тогаш министерот за енергетика, Денис Шмигал.
Тој не кажа колку електрична енергија Украина моментално произведува или увезува, информации што властите ги кријат поради чувствителноста на случувањата во војната.
Во текот на зимата, руски напади предизвикуваа постојани прекини на електричната енергија погодувајќи ги украинските енергетски објекти, чија цел, според Украина, е дел од поширока кампања на Москва со цел да ги лиши цивилите од греење за време на ниските зимски температури.
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска, 23 февруари имало дојави за поставени експлозивни направи, но по преземените мерки од страна на полицијата, било утврдено дека се работи за лажни дојави.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Ова не е прв пат да има лажни дојави во училиштата во земјава. Во истиот период лани полицијата евидентираше над 240 дојави за поставени бомби во училиштата низ земјава и за сите беше утврдено дека се лажни.
Министерството за образование тогаш формираше и меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата, а министерката Весна Јаневска ги повика раководствата на училиштата дојавите да ги пријавуваат во МВР и да ги следат протоколите на полицијата. Таа апелираше до наставниците и директорите на училиштата за комуникација да ги користат исклучиво службените електронски адреси креирани од МОН.
Српските адвокати ја прекинаа работата поради измените на правосудните закони
Адвокатите во Србија ја прекинуват работата во следните три дена во знак на протест поради неодамнешните измени на правосудните закони.
Во одлуката што беше објавена на веб-страницата на Адвокатската комора на Србија на 11 февруари, Комората ги повика надлежните органи да преземат „мерки во рамките на нивната надлежност и да го стават надвор од сила усвоениот сет измени на правосудните закони“.
Исто така, се наведува дека стапувањето во сила на горенаведените измени на законот претставува „закана за основните човекови права и слободи на сите граѓани на Србија“ и дека е „неприфатливо“ измените да бидат усвоени без јавна дискусија и учество на претставници на професијата.
За време на тридневната суспензија, адвокатите нема да дејствуваат пред судови, обвинителства, државни органи или во постапки пред јавни извршители и нотари, освен во итни и законски предвидени случаи.
Раководството на комората наведува дека сегашната тридневна суспензија е изгласана на 11 февруари на седницата на Управниот одбор, додека некои адвокати ја оспоруваат таа одлука и најавуваат дека нема да ја почитуваат.
Измените на законот стапија во сила на 7 февруари, а ги предложи пратеникот на владејачката Српска напредна партија, Угљеша Мрдиќ.
Без јавна дискусија и без консултации со обвинителите, судиите, Венецијанската комисија и ЕУ, во јануари, Собранието на Србија усвои измени во судските закони, што дел од стручната јавност ги опишува како напад врз независноста на судството и обвинителството.
И покрај предупредувањата од Европската Унија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги потпиша измените, што во Брисел беше оценето како „сериозен чекор назад“ на европскиот пат на Србија.
Промените се критикувани од Високиот совет на обвинителството, Високиот совет на судството, Адвокатската комора на Србија и голем број професионални организации кои предупредија дека ваквите законски измени можат да ја загрозат независноста на судството и обвинителството од извршната власт.
Адвокатите во Војводина на 10 февруари направија еднодневен прекин на работата поради усвојувањето на овој сет закони, а низ цела Србија беа одржани низа протести по истиот повод.
Од друга страна, српскиот министер за правда Ненад Вујиќ изјави дека Србија е подготвена да влезе во „процесот на корекција“ на новите судски закони само доколку Венецијанската комисија има суштински забелешки.
Насилството низ Мексико се шири по убиството на нарко-босот Ел Менча
Откако мексиканската војска го уби Немесио Рубен Осегуеро Сервантес, познат како Ел Менчо, водачот на картелот „Нова генерација Халиско“ (CJNG), низ целата земја избувна бран насилство.
Ел Менчо почина на 22 февруари за време на операција во градот Тапалпа во државата Халиско, каде што беше ранет во конфликт со војската и почина за време на транспортот до Мексико Сити.
За време на истата операција, беа убиени уште четири члена на картелот, а неколку членови на мексиканските безбедносни сили беа ранети, додека беа запленети тешко оружје и оклопни возила.
Мексиканските власти потврдија дека во операцијата користеле и разузнавачки информации од Соединетите Држави. По објавувањето на веста за неговата смрт, картелот започна широки одмазди.
Во најмалку десет држави, беа запалени возила, беа поставени блокади на патиштата и беа пријавени вооружени напади во неколку градови, вклучувајќи ги Гвадалахара и Пуерто Ваљарта.
Во Халиско беше прогласена вонредна „црвена состојба“, јавниот превоз беше суспендиран, часовите и масовните настани беа откажани, а на населението му беше советувано да остане дома. Според безбедносните служби, 25 лица беа уапсени, додека голем број продавници и банкарски филијали беа оштетени или запалени во нападите.
Поради ескалацијата на насилството, неколку меѓународни авиокомпании, вклучувајќи ги Ер Канада, Јунајтед ерлајнс и Американ ерлајнс, ги откажаа летовите до Халиско.
Туристите во Пуерто Ваљарта ја опишаа ситуацијата како „воена зона“.
Американските власти издадоа предупредување до своите граѓани да се евакуираат на безбедно место во неколку федерални држави, вклучувајќи ги Халиско, Тамаулипас, Мичоакан, Гереро и Нуево Леон.
Со години, Ел Менчо се сметаше за еден од најбараните криминалци во светот, а САД нудеа 15 милиони долари за информации што доведоа до негово апсење.
Пакистан започна нови напади во Авганистан поради зголемените тензии
Талибанските владетели во Авганистан изјавија дека подготвуваат „соодветен и пресметан одговор“ на пакистанските воздушни напади во кои загинаа најмалку 18 лица во провинциите Нангархар и Пактика.
Авганистанските власти изјавија дека „десетици луѓе“ се повредени во нападите во текот на ноќта на 22 февруари, „вклучувајќи жени и деца“.
Пакистан соопшти дека започнал напади врз седум места на милитантите во Авганистан како „одмазднички одговор“ на неодамнешните самоубиствени напади за кои рече дека биле извршени од екстремисти со седиште во Авганистан.
Додека тензиите ескалираа меѓу двата јужноазиски соседа, Исламабад соопшти дека има „убедливи докази“ дека неодамнешните напади во Пакистан биле извршени од екстремисти од Техрик-е Талибан (ТТП) со седиште во Авганистан, кои наводно дејствувале по инструкции од „нивното раководство и раководители со седиште во Авганистан“.
Пакистанското министерство соопшти дека во нападите цел на екстремистичката група Исламска држава (ИД), заедно со ТТП, позната и како пакистански талибанци. Не даде веднаш детали за нападите, ниту ги опиша доказите што, според него, ги собрале неговите разузнавачки агенции.
Тврдењата од двете страни не можеа веднаш да се потврдат.
Обновеното насилство доаѓа откако неколку дена претходно се појавија надежи за смирување на тензиите, кога Кабул ослободи тројца пакистански војници во потег со посредство на Саудиска Арабија по месеци гранични судири во оддалечените региони.
Едно село тагува
Во округот Бихсуд во покраината Нангархар, 18 членови на едно семејство беа убиени во нападите, според властите и локалните жители.
Незакат, 35-годишен земјоделец во Бихсуд, кој даде само едно име, за Радио Азади на РСЕ/РЛ изјави дека по нападот се пронајдени тела на 13 членови на неговото семејство, додека уште петмина се водат како исчезнати.
„Беше полноќ кога се случи нападот. Бев во мојата соба, а сопругата беше со мене. Кога излегов, ја изнесов тетка ми надвор и го слушнав синот како ми вика да го однесам и него. Беше повреден“, рече тој.
Додека жителите им се придружуваа на спасувачките екипи во потрагата по тела под урнатините, тие за Радио Азади изјавија дека најмладиот од загинатите имал една година, а најстариот 80 години.
„Дојдовме и извлековме четири лица од урнатините кои за жал беа мртви. Подоцна, повикавме сквотер да ги извлече другите тела“, рече Раз Вали, очевидец на инцидентот.
„Луѓето овде се обични луѓе. Жителите на ова село се наши роднини. Кога се случи бомбардирањето, едно лице кое преживеа викаше за помош“, рече соседот на Незакат, Амин Гул Амин, 37.
Локалната полиција соопшти дека бомбардирањето започнало околу полноќ и погодило три области во регионот.
Самоубиствени напади во Пакистан
Најмалку четири самоубиствени напади се извршени во последните недели. Три беа во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва во Пакистан, а еден беше во главниот град Исламабад, при што загинаа десетици цивили и припадници на безбедносните сили.
Исламабад тврди дека екстремистичките талибански лидери на Авганистан не презеле „суштински мерки“ против милитантите на ТТП и покрај повторените барања.
Го повика Кабул да спречи користење на нејзината територија за напади врз Пакистан од страна на терористичките групи.
Авганистан ги негира обвинувањата на Пакистан дека ги засолнува пакистанските талибанци, кои се огранок на авганистанските талибанци, но се чини дека дејствуваат одделно.
Тензиите ескалираа меѓу двете земји откако Пакистан спроведе воздушни напади врз Кабул во октомври 2025 година, а потоа следуваа дополнителни напади врз авганистанска територија.
Десетици војници од двете страни беа убиени во артилериски судири и тежок оган минатата година пред да се договори прекин на огнот преку посредништво на Катар.
Недостаток на долгорочно решение
Сепак, неколку рунди разговори со посредство на Катар и Турција, насочени кон ублажување на тензиите по должината на границата, не успеаја да донесат долгорочен пробив.
Меѓу најсериозните напади беше самоубиствениот бомбашки напад на 6 февруари во шиитска џамија во Исламабад, во кој загинаа најмалку 32 лица додека ја следеа петочната молитва.
Исламската држава ја презеде одговорноста за тој напад, кој беше најсмртоносниот терористички напад од 2008 година во пакистанскиот главен град.
Борбите по должината на границата од 2.600 километри доведоа до затворање на неколку клучни гранични премини и го нарушија трговијата и движењето.
Талибанските владетели во Авганистан не се признати од поголемиот дел од светската заедница како легитимна влада во земјата и се обвинети за обемни злоупотреби на човековите права, особено врз жените и девојчињата.
Украина тврди дека нова ракета со долг дострел погодила фабрика за оружје во Русија
Во украински воздушен напад врз руски регион на околу 1.900 километри од границата биле повредени најмалку 11 лица, а украинската војска тврди дека цел на нападот била фабрика за оружје со нова крстосувачка ракета со долг дострел.
Официјални лица во централниот регион Удмуртија изјавија дека некои од повредените биле хоспитализирани во нападот, во кој како што велат дека биле вклучени украински беспилотни летала насочени кон неименуван објект.
Сепак, украинската војска изјави дека објектот бил фабриката Воткинск, голем комплекс каде што се произведуваат неколку големи руски системи за оружје, вклучувајќи ракети Јарс, Искандер и Орешник.
Видео објавено на неколку канали на Телеграм, исто така, наводно прикажува оган и чад во фабриката Воткинск.
Во објава на Телеграм, војската исто така тврдеше дека фабриката била погодена со нова крстосувачка ракета со долг дострел наречена Фламинго. Ракетата, која првпат почна да се појавува минатата година, ја развива украинската компанија Фајр Поинт.
Главниот дизајнер на компанијата објави видео на 20 февруари на кое се прикажува лансирање на ракетата со натпис:
„Еве кратко видео. Без контекст. Контекст подоцна.“
Воените експерти се претпазливи во врска со способностите на Фламинго, но украинските претставници, кои ги молеа западните сојузници за крстосувачки ракети како Томахавк и Сторм Шедоус, се надеваат дека ќе го зголемат производството на домашното оружје за да ја зголемат својата способност да погодуваат цели длабоко во Русија.
Во меѓувреме, Русија го нападна украинскиот град Одеса на Црното Море преку ноќ, погодувајќи електран, додека лансираше десетици беспилотни летала и ракети кон цели низ целата земја. Најмалку две лица беа повредени во баражот.
Руски дрон удри во училишна зграда, додека друг дрон се удри во трафостаница за производство на електрична енергија, според приватната енергетска компанија ДТЕК.
Службениците изјавија дека најмалку две лица се повредени.
Во североисточниот град Суми, руските напади погодија станбен кварт, при што беа повредени една постара жена и две деца, соопштија полициски службеници.
Нападите во текот на ноќта се случија два дена откако последната рунда мировни преговори со посредство на САД заврши во Женева без никаков пробив за прекин на руската инвазија, која го достигнува својот четиригодишен белег на 24 февруари.
Русија не покажа подготвеност да отстапи од своите тврдокорни барања, кои вклучуваат повлекување на Украина од источните територии што моментално ги држи и блокирање на барањето на Киев за обврзувачки безбедносни гаранции.
Во услови на невообичаено ниски зимски температури, Русија постојано ги погодува електроенергетските и грејните објекти во Киев и низ целата земја, оставајќи милиони Украинци да се борат да се стоплат и да продолжат со своите животи.
Градоначалникот на Киев изјави дека стотици илјади луѓе го напуштиле градот, додека службите за итни случаи се борат да ги поправат оштетените објекти.
Мицкоски обвинува земји-членки на ЕУ за булинг кон Северна Македонија, Филипче вели дека единствениот булинг го врши ВМРО-ДПМНЕ
Северна Македонија е жртва на булинг во процесот на евроинтеграција, тоа треба јасно и гласно да си го признаеме, а и сè повеќе политичари во Брисел тоа го признаваат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во воведното обраќање на Конференцијата „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“, која втор ден во Скопје се одржува во организација на Паневропската Унија на Македонија.
„Македонија е жртва на класичен булинг од земји-членки кои одвнатре го уценуваат нејзиното интегрирање во ЕУ. И тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку според тоа дали ќе го смениме Уставот, името, знамето, банкнотите и така натаму“, рече премиерот.
Тој посочи дека европската интеграција на земјата е можеби единствен случај во Европа, бидеќи процесот во самата Европска унија не се цени според системот на напредок, односно според тоа како се совладуваат предизвиците, туку се темели на билатерални прашања и самото тоа го нарушува кредибилитетот на ЕУ.
„Само за нас, како земја-кандидат, не важи мерит-базираниот пристап. За нас важи билатерализација на пристапниот процес. Спорот меѓу Хрватска и Словенија беше билатерален спор кој се реши во рамки на неколку месеци, откако тогаш Европскиот совет јасно кажа дека откако Хрватска ќе ги заврши преговорите ќе стане дел од ЕУ, а потоа на рамноправна основа, ќе има арбитражен спор во рамки на кој ќе се бара решение за билатералниот спор меѓу двете земји – Словенија и Хрватска“, посочи Мицкоски и додаде дека тоа за нас не важеше и сè уште не важи.
Мицкоски посочи дека во моментов треба да се обрне внимание на иницијативата, за која сè повеќе се зборува во политичките кругови во Брисел, а тоа е т.н. прва и втора лига земји-членки, односно т.н. градуална или постепена интеграција.
„Затоа треба многу добро да размислиме, во однос на тоа што сега се заговара за прва и втора лига членки на ЕУ, односно за градуална или постепена интеграција, со многу заштитни механизми и како регион да донесеме одлука што мислиме и како мислиме да постапиме. Бидејќи и сега имаме земја што ја нарекуваат „фронтранер“. Се сеќавам дека и нас нè убедуваа дека сме фронтранер, само ако можеме да создадеме нова ентитетска структура на Балканот која ќе се нарекува „Северномакедонци“, па тогаш птиците ќе пеат и сè ќе биде убаво. Но реалноста е сосема поинаква и затоа треба да сме свесни за сите предизвици со кои ќе се соочуваме во годините што следат“, додаде Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на обраќањето на премиерот Мицкоски на конференцијата посветена на европската иднина на Западен Балкан. Според него, ваквиот наратив на Мицкоски значи „намерна политика на изолација и антиевропска кампања што која се спроведува од страна на актуелната власт“.
Како што напиша Филипче на „Фејсбук“, она што премиерот го нарекува „булинг“ и концепт на „прва и втора лига“ во ЕУ е всушност директна последица на неисполнетите реформи кои Унијата ги бара од Северна Македонија во правосудството, слободата на медиумите и борбата против корупцијата.
„ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност“, напиша Филипче.
Обвинителството им забрани на две фирми да вршат ископ кај струшките извори за вода во Шум
Основното јавно обвинителство Струга предложи определување мерки на претпазливост - забрани на две фирми од Велешта да ги посетуваат парцелите во селото Шум каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Како што се наведува во соопштението, преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнале работни машини на две компании од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите.
Поради сомненија за кривичните дела за незаконска експлоатација на минерални суровини и загадување на водата за пиење, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш доставил предлог за забрани на фирмите да ги посетуваат парцелите.
„ОЈО Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење“, се додава во соопштението.
На 13 февруари, ОЈО Струга оформи предмет по информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот, со цел да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Водата од струшкиот водовод од неделата е забранета за секаква употреба поради многу висока заматеност во изворот Шум и низ сите мерни места низ градот. Мострите земени на 9 февруари покажале 28,56 проценти матност, соопштија од Институтот за јавно здравје во Охрид.
Oд струшкото јавно претпријатие „Водовод и Канализација“ известија дека водата во градот Струга и околината не е чиста и до наредното известување не треба да се користи за пиење или други потреби.