Достапни линкови

Вести

Косовското специјално обвинителство предупреди дека Тачи сака да им го смали мандатот

Шефот на косовското Специјално обвинителство, Решат Малики.

Косовското Специјалното обвинителство соопшти дека косовскиот претседател Хашим Тачи се обидува да го „намали“ мандатот на Судот од Хаг, затоа што ги истражува наводите за воени злосторства извршени за време кога Косово се одвои од Србија.

Во јуни Обвинителството ги обвини Тачи и други ветерани на ОВК под сомнение дека се одговорни за сериозни злосторства, вклучувајќи и речиси 100 убиства, присилно исчезнување, тортура. Во изјава на Обвинителството објавена на интернет се наведува дека постои добра причина да веруваат дека претседателот на Косово делува како дел од една поголема стратегија за поткопување на судот. Станува збор за законски амандмани што ги предлага Тачи, а со кои косовските пратеници ќе имаат моќ да го продолжат мандатот на обвинителството за уште пет години.


Специјалното обвинителство во изјавата наведува дека нивниот мандат трае се додека не добија известување од Советот на Европската унија дека им завршил мандатот, а потегот на Тачи може да имплицира дека мандатот веќе е истечен.
Специјалното обвинителство има задача да ги истражат наводите дека припадници на Ослободителната војска на Косово(ОВК) сториле воени злосторства и злосторства против човештвото за вреем на војната во 1998-999, за стекнување на независност на Косово од Србија. КСК делува по косовски закони, но седиштето и е во Холандија, за да се заштитат сведоците од заплашување.

види ги сите денешни вести

Нови 1160 случаи на коронавирус, 30 лица починале

илустрација

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2864 тестирања, а регистрирани се 1160 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-472, Куманово-58, Дебар-2, Штип-43, Прилеп-78, Тетово-61, Струга-29, Велес-32, Битола-87, Охрид-47, Кавадарци-32, Гостивар-22, Гевгелија-1, Струмица-39, Крива Паланка-6, Радовиш-2, Крушево-2, Кочани-15, Пробиштип-10, Демир Хисар-10, Македонски Брод -10, Пехчево-1, Берово-9, Валандово-5, Виница-2, Делчево-12, Кратово-2, Свети Николе-17, Кичево-26, Ресен-17, Неготино-11.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 1094 оздравени пациенти. Починати се 30 лица, сите во болнички услови.

1314 пациенти во инфективните оддели во Скопје, се отвора нов ковид центар

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 58608, бројката на оздравени пациенти е 36064, на починати е 1630, а бројот на активни случаи изнесува 20914.

ВМРО-ДПМНЕ на протест со автомобили

ВМРО -ДПМНЕ протест

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржува протест со автомобили, за, како што соопшти партијата, „заштита на националните црвени линии кои се последниот бедем на македонскиот идентитет“. Протестот што партијата го најави како „сенароден и надпартиски“, се одвива под мотото „Протест сега, за да не биде предоцна“.

Колоната автомобили тргна од пред Спортскиот центар Борис Трајковски и се упати кон Владата, каде треба да заврши протестот.

Во повикот за протестот од опозициската партија апелираа граѓаните да се спротивстават на, како што велат, „пазарџиската и анационална политика на Зоран Заев и владата кои се подготвени да ги распродат националните интереси на Македонија“.

Мицкоски: Заев ја негира антифашистичката борба на граѓаните

„Целта е достоинствено и мирно да го изразиме граѓанскиот револт за намерата на владата на Заев да тргува со јазикот, народот, идентитетот и историјата на Македонија“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Франција побара од ЕУ санкции за Турција

Франција предлага по предупредувањето од октомври, Европската Унија следниот месец да воведе санкции против Турција. Париз наведува дека турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, не ги послушал предупредувањата на лидерите на ЕУ на 1 октомври, да се повлече од спорот за истражување гас во Медитеранот или да се соочи со последиците.

Франција не предложи детален план за санкции, но според дипломатите мерките ќе влијаат на турската економија, веројатно на бродската, банкарската и во енергетската сфера, пренесува „Ројтерс“.
Европскиот парламент се очекува денеска да побара санкции осудувајќи ја посетата на Ердоган на отцепените кипарски Турци на северот на Кипар на почетокот на овој месец.

Tурција продолжува со потрага по гас во спорниот дел на Средоземното Море

Франција е во конфликт со Турција и во врска со конфликтот во Нагорно-Карабах. Париз ја обвини Анкара за поттикнување на кризата на Кавказот. Турското Министерство за надворешни работи пак ја критикува ЕУ за дебатата за санкции велејќи дека таквата дискусија не е корисна.

Николовски: Ставовите на Заев се ставови на СДСМ, Црвенковски е историја

Љупчо Николовски

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на неговиот фејсбук статус објави дека искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ, а дека поранешниот партиски лидер и екс претседател на државата Бранко Црвенковски е историја. Како што наведува Николовски, ставовите се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, и се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори.

Црвенковски го замрзнува членството во СДСМ додека партијата не се огради од ставот на Заев

„Став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи. Знаат граѓаните што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата. Знаат граѓаните кој носи одлуки без разлика на политичката кариера, исклучиво водејќи се од интересот на целиот наш народ и татковината. Моќта на СДСМ произлегува од секој член на СДСМ и од високата свест за одговорност и државништво на секој член на СДСМ. СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја“, пишува во својот фејсбук статус Николовски.

Вучиќ: Србија се приближува кон катастрофално сценарио со Ковид-19

Александар Вучиќ, претседател на Србија

Најголем број жртви на новиот коронавирус е регистриран во Србија во изминатите 24 часа, а државата се приближува до катастрофално сценарио, предупреди српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Што се однесува до коронавирусот, денеска е најтешкиот ден за Србија, но следните неколку дена веројатно ќе бидат уште потешки. Во последните 24 часа, имаме 47 смртни случаи (од ефектите на коронавирусот), што е најголема бројка од почетокот на пандемијата. Состојбата во болниците е ужасно тешка за нас, затоа што ако треба да однесете 10.000 луѓе на ден, од кои 1.000 лица ќе бидат хоспитализирани, а немате ниту еден кревет, тогаш се ви е јасно во каква ситуација сме. Ако не бидеме одговорни, ќе ни се случи навистина катастрофално сценарио“, истакна Вучиќ.

Во Србија сите ќе мора да носат заштитни маски и на отворено

Шефот на српската држава потсети дека државата преговара за набавка на вакцина против ковид 19. Во изминатите 24 часа се регистрирани 7.606 новозаразени и 51 смртен случај. На респиратор се 243 луѓе.

Австралија отпушти десет војници кои убивале авганистански цивили

илустрација

Астралиските воени власти почнаа постапка за отпуштање најмалку 10 припадници на елитните одреди на специјалните единици вклучени во убиството на 39 авганистански цивили, пренесува „Ројтерс“.

Како што јавуваат локалните медиуми, припадниците на специјалните сили, кои учествувале во воените злосторства во Авганистан како сведоци или како директни учесници во злосторствата, примиле известување за откажување на договорот во Министерството за одбрана.

„Министерството за одбрана може да потврди дека почнало правна постапка против одреден број припадници на австралиските одбранбени сили во согласност со законот и нашата одбранбена политика“, се наведува во соопштението.

Морисон: Извештајот за убиствата во Авганистан е вознемирувачки

Минатата недела австралиските власти ги објавија деталите за истрагата за најмалку 39 инциденти и убиства од страна на 19 поранеши и актуелни припадници на нивните специјални единици во Авганистан, чиј идентитет не е обелоденет.

Собранието ја избра Добрила Кацарска за уставен судија

Добрила Кацарска

Со 61 глас за, Собранието на Република Северна Македонија попладнево ја избра Добрила Кацарска за судија на Уставниот суд.

Претресот за предлогот Кацарска да биде избрана за судија на Уставениот суд беше претходно завршен. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници се спротиставија на изборот на Кацарска и во неколку наврати обвинија дека овој предлог бил „награда од Зоран Заев за Кацарска и дека „ова е уште еден доказ“ оти продолжува мешањето на извршната во судската власт.“

Кацарска предложена за Уставен судија, ВМРО-ДПМНЕ вели тоа е „награда од мафијата

Кацарска е судијка во Основниот кривичен суд Скопје од 1986 година. Ги судела предметите „Тенк”, „Триста”, „Транспортер”, „Поткуп” и „Организиран напад на Собранието на 27 април 2017 година”. Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.

Германија ги продолжи мерките, Меркел повика на трпение

Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика граѓаните да останат трпеливи поради ограничувањата што се во сила за да се забави ширењето на корона вирусот, проценувајќи дека со вакцините ќе пристигне „светлото на крајот од тунелот“.

Во говорот пред германскиот Бундестаг, еден ден по договорот со федералните гувернери за продолжување на ограничувањата барем до 20 декември, Меркел рече дека е неопходно да се осигура дека болниците да не се пренатрупани.

„Борбата против пандемијата не се однесува на здравјето или економијата, здравството или образованието, здравството или културата, здравството или социјалните контакти, туку за сите овие работи заедно“, рече таа.

Коронавирусот урива рекорди во Европа, владите претставуваат нови мерки

На 2 ноември Германија ја забрани работата на угостителски објекти, културни институции и спортски сали, додека училиштата, продавниците и фризерски салони се отворени.

Тие мерки требаше да бидат во сила четири недели, но Меркел и гувернерите синоќа се согласија да ги продолжат до 20 декември. Целта е бројот на новоинфицирани лица во секој регион во земјата да биде под 50 на 100.000 жители на неделно ниво, а сега тој број е 140. Бројот на смртни случаи од последиците од корона вирусот денес се искачи на повеќе од 15 000, а бројот на заразени речиси милион, покажуваат последните податоци на државниот институт за контрола на болести Роберт Кох.

Иванов: Народот го виде правото лице на Заев

Ѓорге Иванов

Kога сте подготвени едно прашање да го решите по секоја цена, тогаш цената е највисока, вели поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов во врска со изјавите дадени од страна на премиерот Зоран Заев во интервју за бугарски медиум.

„Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува”, пишува поранешниот претседател во обраќање на социјалните мрежи.

Според него, невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.

Црвенковски го замрзнува членството во СДСМ додека партијата не се огради од ставот на Заев

„Вчера македонскиот народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен „искусен политичар“ вчера докажа дека сме сведоци на национално предавство. Длабоко сум убеден дека македонската нација (и оние што гласаа за него) ја согледаa предавничката улога на Заев и неговата клика“, вели Иванов и додава дека во секоја демократска земја, во секоја земја членка на НАТО и ЕУ, за вакви изјави, паѓа владата.

Каракачанов му честита на Заев: Заедничката историја е бугарска историја

Министерот Красимир Каракачанов и премиерот Бојко Борисов

Му честитам на Заев, тој собра храброст, поради што некои од неговите противници го критикуваат. Ако се продоложи вака, мислам дека следната година можеме да зборуваме за започнување на преговарачкиот процес, изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, осврнувајќи се на интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за БГНЕС.

Како што јави БГНЕС, коментирајќи го ставот на Заев за заедничка историја на двете земји, Каракачанов нагласи дека „историјата е заедничка, но мора да се разјасни чија е”.

„Таа е заедничка, но тоа е бугарска историја. Бугарија мора да го брани својот национален интерес“, рече Каракачанов.

Заев во вчерашното интервју за бугарската агенција БГНЕС изјави дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја со Бугарија“, што предизвика многубројни критики во македонската јавност, и кај опозицијата и кај дел од неговите сопартијци и кај историчарите.

Со ковид мерките обезбедуваме безбедни градинки, тврди Шахпаска

Јагода Шахпаска

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска оствари средба со директорите на детските градинки, на која се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во време на пандемија, важноста од строгото почитување на протоколот за превенција и заштита од ширење на вирусот како основен заштитен механизам и други прашања важни за непречено функционирање на детските градинки, соопшти Министерството.

„Воспитувањето и образованието на најмладите во општеството е работа која бара голема посветеност и вистинска грижа. Од страна на Министерството ја имате целосната поддршка во работата и продолжуваме заеднички да работиме на решавање на сите предизвици кои произлегуваат од секојдневието и обезбедување на безбеден престој на вработените и децата во градинките. Ако ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19, обезбедуваме безбедни градинки и за вработените и за децата“, рече министерката Шахпаска.

Црвенковски го замрзнува членството во СДСМ додека партијата не се огради од ставот на Заев

Архивска фотографија - Зоран Заев и Бранко Црвенковски

Поранешниот претседател на СДСМ и поранешен претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, вели дека ставовите и тезите искажани во интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Црвенковски, во изјава испратена до медиумите, вели дека е направена огромна и непоправлива штета и најавува дека ќе го замрзне членството во СДСМ додека партија не се огради од ваквите ставови.

Заев во интервјуто за БГНЕС вели дека „Бугарија не е фашизам, дека Југославија не разделила со Бугарија и дека имаме заедничка историја“.

„Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата“, вели Црвенковски во обраќањето до сопартијците, испратено до медиумите.


Црвенковски ги повикува членовите на СДСМ под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО, ниту на СДСМ во целина.

„Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, вели Црвенковски.

Грците на протест побараа бесплатно здравство за сите

Илустрација

Под слоганите „Мерки за заштита на здравјето и приходите“; „Бесплатно здравство за сите“; „Дајте пари за здравството“, денеска во Атина се одржаа неколку одвоени собири, организирани од различни федерации и здруженија што учествуваат во генералниот 24-часовен штрајк на Синдикатот на вработените во државниот сектор во Грција, јави МИА од Атина.

Протестите беа мирни, со учество на мал број лица, кои се трудеа да ги одржуваат превентивните мерки за заштита од коронавирусот и сите носеа маски. Во центарот на Атина, големо беше и присуството на полицијата, која од демонстрантите бараше да си заминат и да не одржуват протестен марш, со оглед на тоа дека земјата е во карантин и забранети се големи собири.

Стефоска: Вили Брант во Полска клекна на колена и побара прошка

Министерката за култура Ирена Стефоска

Убедена сум дека премиерот сака буквално да ја истурка земјата да оди напред, но и покрај сите негови напори тој не може да ѝ помогне на нашата сосетка Бугарија, бидејќи бугарското општество мора, како и секое друго, самото да се справува со темните страни од своето минато, изјави денеска министерката за култура Ирена Стефоска, во однос на вчерашното интервју на премиерот Зоран Заев, во кое тој рече дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја“.

Има многу примери, посочи Стефоска, која е историчарка, како тоа се случувало и како се работи на справување со минатото, како што пред педесет години германскиот канцелар Вили Брант при посетата на Полска клекна пред споменикот на хероите и на тој начин побара прошка и се извини за злосторствата на нацистите во Втората светска војна и така го отвори патот на процесот на простување.

„Од друга страна, во секоја национална историја има разни страни – темни и светли, и секој си е одговорен за соочување и справување со сопственото минато. Но, тоа не може да биде пречка, услов за нашите евроинтеграции“, изјави Стефоска и додаде дека „ако услов за нашите евроинетргации се историјата или идентитетски прашања, тогаш немаше да постои Европската Унија“.

Десетици новоосудени на доживотен затвор за пучот во Турција

Илустрација - Вооружен стражар пред истанбулскиот затворски комплекс „Алиага“

Судот во Турција осуди десетици обвинети, вклучително и армиски команданти и пилоти, на доживотен затвор, откако ги прогласи за виновни за вмешаност во крвавиот обид за воен удар во јули 2016 година против претседателот Реџеп Таип Ердоган. Тие беа осудени за злосторства, вклучувајќи убиство, обид за уривање на уставниот поредок и обид за атентат врз претседателот, објавија денеска новинските агенции од судницата во Анкара.

Вкупно 475 обвинети беа судени за последните три години, обвинети за пучот и напад на клучните згради на владата, вклучително и дел од парламентот, претседателската палата и полицискиот штаб во Анкара.

Повеќе од 250 лица беа убиени во неуспешниот пуч, за што Анкара ги обвини приврзаниците на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, и организацијата ФЕТО. 79-годишниот свештеник, кој негираше каква било улога во пучот, беше еден од шестмината обвинети на кои им се судеше во отсуство.

Строга вонредна состојба следеше по државниот удар, во кој беа видени повеќе од 100.000 луѓе, вклучително и владини претставници, судии и полицајци прочистени од своите работни места низ целата земја.

Димитров: За овој „вирус“ на идеали залудно се бара вакцина

Вицепремиерот Никола Димитров

Идејата на договорот беше историјата да им се остави на историчарите, за ние да се занимаваме со сегашноста и со иднината. Да ги решаваме билатералните прашања билатерално, без тие да бидат пречка на патот кон ЕУ, напиша денеска на фејсбук вицепремиерот Никола Димитров.

Бугарскиот новинар Љубчо Нешков, кој го интервјуираше премиерот Зоран Заев за БГНЕС, рече дека Димитров е поопасен од коронавирусот за Бугарија.

„Македонскиот јазик и самоопределување, државотворноста и идентитетот ниту можат да бидат пречка за интеграција со Унија, која почитува културни и јазични различности како темелна вредност, ниту можат да бидат пречка за вистинско пријателство, бидејќи тоа секогаш се базира на взаемна почит. Ова е мој принципиелен став, ова е битка не само за македонската суштина, туку и за сржта на европските вредности, од кои нема отстапување. Ова е бесмртниот ’вирус’ на идеали против кој залудно се бара ’вакцина’“, напиша Димитров.

1314 пациенти во инфективните оддели во Скопје, се отвора нов ковид центар

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се сретна со директорите на ковид центрите од комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје за да се разгледа состојбата со пополнетоста на капацитетите на клиниките и динаминиката на отворање на нови оддeленија за ковид пациенти, соопшти Министерството за здравство. Констатирано е дека во моментов Интерните клиники располагаат со околу 190 болнички кревети со довод на кислород и иако пополнетоста на капацитетите е висока, постојано се прават исписи на пациенти и слободни места има.

Според најавите, во текот на денешниот ден ќе се отвори и ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло во Скопје каде ќе можат да се сместат дополнително 50 болни. Остануваат на располагање и капацитетите во делот од хируршките клиники кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена.

„Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1314 и има колку 130 празни болнички кревети во ковид – центрите“, соопшти Министерството за здравство.

Царовска најави нов начин на финансиска поддршка за науката

Мила Царовска

Министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн-состанок со Роналд де Бруин, директор на Организацијата за европска соработка во науката и технологијата (COST), ја нагласи заложбата на Владата за суштинска промена на третманот на науката и зголемување на нивото на јавни вложување во научноистражувачка дејност.

„По долгогодишна маргинализација на науката и во услови на пандемија ја адресиравме потребата за планско финансирање на национални истражувачки проекти. Пандемијата потврди дека улогата на науката и технологијата во решавањето на предизвиците на современото живеење е круцијална и затоа буџетот за наука мора постојано да се зголемува“, рече Царовска.

Потребни се поголеми вложувања во науката бидејќи таа е основата за целокупниот развој и напредок на општеството.

„За таа цел, МОН воведува три нови начини на финансирање. Грантовото е достапно од годинава преку иновациските ваучери на ФИТР. Од идната година се воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научноистражувачка дејност“, вели Царовска.

Бугарија затвора барови, градинки, спортски сали... поради Ковид-19

Новите рестрикции во Бугарија во сила од утре

Бугарската влада објави повторно воведување на поостри ограничувања, вклучително и затворање на ресторани и училишта, во обид да се ограничи напливот на случаи со коронавируси кои го оптоваруваат здравствениот систем на земјата.

„Мерките стапуваат на сила на 27 ноември и ќе траат до 21 декември со цел „да им се овозможи на повеќе луѓе да останат здрави додека не дојдат вакцините“, изјави денеска Венцислав Мутафчиски, шеф на работната група за коронавирус.

Бугарскиот здравствен систем е совладан од наглиот пораст на бројот на пациенти поради недостиг на медицински персонал и зголемени инфекции меѓу лекари и медицински сестри. Земјата вчера регистрираше 4.382 нови инфекции, со што вкупниот број на случаи се искачи на 129.348. Повеќе од 6.300 луѓе беа во болници.

Според новите мерки, сите барови, кафулиња, ноќни клубови, трговски центри и спортски сали ќе бидат затворени. Рестораните ќе можат да продаваат само храна за носење. Универзитетите и училиштата целосно ќе се префрлат на учење на далечина, а градинките ќе се затворат. Театрите ќе останат отворени, но во 30 проценти од капацитетот, додека приватните собири ќе бидат ограничени на 15 лица.

И ноемвриските пензии ќе се исплаќаат етапно заради Ковид-19

Илустрација - Луѓе со заштитни маски пред банка во Скопје

Oд денеска почнува етапната исплата на ноемвриските пензии и ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот ковид-19, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата: Во четврток 26.11. 2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари; Во петок на 27.11.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; Во понеделник на 30.11.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари и во вторник на 01.12. 2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од четврток 26 ноември. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

Заев: Жалам за негативните емоции, но имам обврска да поттикнам решение

Зоран Заев

Жалам што моето интервју предизвика силни негативни емоции за кои сум свесен и ги разбирам, но имам обврска да ги поттикнам македонските граѓани за изнаоѓање решение, изјави денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање поврзано со интервјуто дадено за бугарската агенција БГНЕС, а во која вели дека „Бугарија не е фашизам, дека Југославија не разделила со Бугарија и дека со Бугарија имаме заедничка историја“.

По вчерашното интервју, јавноста бурно реагираше, дел од историчарите од историската комисија се оградија, а опозицијата побара оставка од премиерот и повика на протести.

За интервјуто за БГНЕС, Заев рече дека не знае дали ќе ги подобри позициите на Северна Македонија во омекнувањето на ставот на Бугарија во врска со одобрувањето на преговарачката рамка со Европската унија, но потенцираше дека во интервјуто се водел од желбата да помогне во евроинтегративните процеси, без да калкулира за својот политички рејтинг.

„Во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите. Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија.
АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Денеска посебно постојат македонски литературен и бугарски литературен јазик“, рече денеска Заев, при почнувањето на нова инвестиција во селото Гиновци.

Но, додаде, „давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст“.

„Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост. Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“, кажа Заев.

Денеска протест по изјавата на Заев дека „Бугарија не е фашизам“

ВМРО-ДПМНЕ

По вчерашниот повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во 18 часот од СЦ „Борис Трајковски“ до Влада ќе се одржи протестен авто-марш, како реакција на вчерашното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое тој вели дека со „Бугарија имаме заедничка историја и дека Бугарија не е фашизам“.

Изјавите на Заев наидоа на остри критики во јавноста, а опозицијата побара негова неотповиклива оставка.

„Протест сега, за да не биде предоцна! Ако нашите дедовци од 1941 до 1944 година се бореле против „администрација” како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави „терористи” и „престапници”, а не ослободители. Не“, рече Мицкоски.

Онлајн гласањето денеска пред пратениците

Илустрација - Архивска фотографија од конститутивна седница на Собранието на Република Северна Македонија

Предлог дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието, и покрај различните ставови на владејачкото мнозинство и опозицијата околу онлајн изјаснувањето на ковид позитивните и изолираните пратеници, по скратена постапка, денеска треба да се најде на дневен ред на 22. седница.

Со предлогот се предвидува пратеници со позитивен тест за Ковид-19 и со решение за изолација да можат да се изјаснуваат на пленарни седници и на седници на собраниските комисии, а го поднесе претседателот на Собранието Талат Џафери, а речиси ист предлог уште во октомври објави и СДСМ. Опозицијата е против овој предлог.

ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива не соопштија дали ќе присуствуваат на денешната седница, но по ставањето на седница на предлогот од страна на Џафери најавија дека нема да присуствуваат на координациите со него и на одредени седници на Собранието.

Експертите на СЗО сакаат да одат во Вухан за да го испитаат потеклото на ковид-19

Истражувачите предводени од Светската здравствена организација би сакале да се вратат на пазарот на храна во Вухан во Кина за да ги испитаат првичните случаи на ковид-19 што се појавија во градот и да истражат како најверојатно првиот вирус се проширил од лилјаците. Питер Бен Ембарек, експерт во СЗО, рече дека тимот би сакал повторно да интервјуира рани случаи на ковид-19 и да открие заразени работници кои можеби имаат „важни информации“ за тоа каде можеби се заразиле од коронавирусот.

СЗО: Последиците од пандемијата ќе траат со децении

„Нема докази дека вирусот бил направен од човекот“, рече тој, повторувајќи го ставот на СЗО и на повеќето научници. „Пред декември 2019 година навистина не знаеме што се случило, не знаеме како вирусот скокна од најверојатната природна средина во популацијата на лилјаци кај луѓето. И тоа е малку од историјата што треба да ја реконструираме“, изјави Бен Ембарек. СЗО има уверување од Кина дека меѓународното патување за истражување на потеклото на новиот коронавирус ќе се организира што е можно поскоро.

Американците патуваат за Денот на благодарноста и покрај ковид-19

Њујорк

Рекордните хоспитализации и зголемениот број на жртви не ги спречија Американците да патуваат за Денот на благодарноста, зголемувајќи ги стравувањата дека сегашното неконтролирано ширење е увертира за полош бран за Божиќ. Дневните смртни случаи во САД од ковид-19 надминаа 2.000 за прв пат од мај, а хоспитализациите достигнаа рекордни 87.000 во вторникот. Само во последните две недели земјата регистрираше 2,3 милиони нови инфекции.

Американските гласачи и коронавирусот

Сега се страхува дека бројките во наредниот период ќе се зголемуваат поради тоа што милиони Американци не ги почитуваа официјалните предупредувања и патуваа за Денот на благодарноста. Д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести, ги повика луѓето на Денот на благодарноста да се собираат во мали групи да носат маски и да одржуваат растојание особено во затворен простор. Избраниот претседател на САД Џо Бајден во обраќањето до нацијата пред Денот на благодарноста ги повика Американците да ги удвојат своите напори за борба против коронавирусот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG