Достапни линкови

Вести

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб ветер претежно од северозападен правец. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Дневната температура ќе биде од 13 до 22 степена. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде до 18 степени.

види ги сите денешни вести

Водата во селските водоводи во Дебар и Центар Жупа и во пандемија не се хлорира

Селска чешма во село Мелничани, Центар Жупа.

Во општините Дебар и Центар Жупа и во состојба на пандемија водата во селските водоводи не се хлорира. Неопходни се брзи мерки со цел проблемот да се надмине . Оваа го изјави за Радио Слободна Европа раководителот на единицата на Заводот за јавно здравје во Дебар , епидемилологот Ментор Мела, јавува нашиот дописник од Дебар, Кенан Мимидиновски.

Мела нагласува дека проблемот со нехлорирањето на водата во овие водоводи е присутен повеќе од три декади, но додава дека тоа се случува и сега кога сме во состојба на пандемија.

„Во 17 селски населби во двете општини од најзападниот регион на Македонија, водата во селските водоводи не се хлорира. Оваа го покажуваат анализите и притоа се издаваат и решенија кои се доставуваат до надлежните институции“, вели Мела и додава дека хлорирањето и понатаму изостанува.

Од друга страна во селските Месни заедници велат дека тие немаат средства за хлорирање на водата. Исто така, според нив, тие немаат ниту средства за одржување на водоводите бидејќи Месните заедници пред неколку години со закон немаат свои жиро сметки. Тие се свесни дека водата не е исправна за пиење, но, велат за среќа, кај населението досега нема некои поголеми проблеми во однос на здравјето.

Епидемиологот Ментор Мела пак потенцира дека во летниот период кај помал дел од населението во руралните средини има појава на одредени заразни заболувања, кои до сега се лекувани без некои поголеми проблеми.

„Добро е тоа што во една ваква состојба населението има развиено имунитет и е отпорно на квалитетот на водата“, вели дебарскиот епидемиолог.

Почина академик Момир Поленаковиќ

Академик Момир Поленаковиќ

На 81-годишна возраст денеска почина академик Момир Харалампие Поленаковиќ, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

По повод неговата смрт, Македонската академија на науките и уметностите и Медицинскиот факултет при УКИМ ќе одржат комеморативна седница преку видеоконференциска врска.

Академик Момир Харалампие Поленаковиќ е роден на 26 април 1939 година во Скопје. Медицински факултет завршил во Скопје во 1963 година, кога бил прогласен и награден како најдобар студент – првенец на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Специјализација по интерна медицина завршил во 1969 година. Во 1977 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Клиничко-имунолошка процена на патолошките настанувања во бубрежните гломерули“. За редовен професор е избран во 1988 година. Работел на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а во периодот од 1990 до 1997 година бил директор на Клиниката за нефрологија. Од 2005 година, во пензија, неуморно продолжил да работи во областа на медицината и со своите трудови и научноистражувачката работа да придонесува во оваа област.

Од МАНУ потсетуваат дека Поленаковиќ нашите сознанија и достигнувања ги соопштувал во земјава и во странство во над 550 отпечатени научни и стручни трудови, од кои над 200 труда се на „Pub Med“, како и во 250 апстракти со кои учествувал на научно-стручните состаноци во земјата и во светот. Редактирал и издал пет книги со реферати од конгреси и научни состаноци. Автор е на книгата со наслов „Исхрана кај болните со бубрежна инсуфициенција и на дијализа“, публикувана во 1997 г., како и коавтор (со академик И. Дејанов и П. Дејанов) на книгата со наслов „Инфекции, хемостатски нарушувања и антибиотичка терапија кај болни на хемодијализа“, објавена во 2004 г., уредник на книгата со наслов „Renal Failure – The Facts“, InTech, 2012.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите беше избран на 26 јуни 1997 година, а во периодот 2004 – 2007 година беше нејзин потпретседател. Во периодот 2011 – 2017 год., Поленаковиќ беше раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ на МАНУ.

Нови 722 случаи на заразени со ковид 19

Регистрирани се нови 722 случаи на заразени со ковид 19 од направени 3.701 тестирања, односно 19 отсто од тестираните се позитивни на коронавирусот, соопшти Министерството за здравство повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје.

Во Скопје се регистриран 375 нови случаи, Прилеп – 44, Кавадарци – 35, Гевгелија – 29, Битола – 25, Гостивар – 23, Тетово – 22, Куманово – 20, Охрид – 16, Штип – 15, Крива Паланка – 14, Неготино – 13, Велес – 11, Струмица, Струга и Кочани – по 10, Богданци – 9, Кичево, Свети Николе, Ресен, Радовиш, Берово и Крушево – по 5, Валандово – 3, Делчево, Пробиштип и Демир Капија – по 2, Кратово и Демир Хисар – по 1.

Регистрирани се 186 оздравени пациенти. Пријавени се вкупно 9 починати лица. Починати се по 4 пациенти од Скопје (81г,75г,74г,73г) и по 1 пациент од Пробиштип (88г), Струмица (88г), Кичево (72г), Куманово (70г), и Битола (61г). Сите пациенти се починати во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 540.725 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 106.832, бројката на оздравени пациенти е 94.461, на починати е 3.185, а бројот на активни случаи изнесува 9.186.

Во последните денови е забележан раст на бројот на новозаразени. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека 70 проценти од новите случаи го имаат таканаречениот британски сој, кој е позаразен. Филипче вели дека засега нема потреба од построги ограничувања на движењето на граѓаните со цел запирање на ширењето на вирусот, но следната недела ќе се знае дали ќе има нови рестриктивни мерки.

СДСМ - Идејата за национално помирување не е упатена до Мицкоски

Седиштето на СДСМ во Скопје

„Идејата за заедничка дејствување за напредокот на државата е визионерство и шанса за демократизација и промени во самите политичките партии, а најмногу во ВМРО-ДПМНЕ“, наведуваат во соопштение од владејачката партија.

Во соопштението на СДСМ се наведува дека Зоран Заев, на почетокот на нов четиригодишен мандат како Премиер, само неколку дена после изгласана доверба во Парламентот, подава рака за дебата за национално помирување. Од партијата велат дека Заев ја ужива довербата од граѓаните.

СДСМ соопштува дека идејата за национално помирување не е упатена до Мицкоски, туку, како што наведуваат, до чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги врзува желбата за просперитет на државата и до сите оние кои ја препознаваат големината и визијата на новиот политички концепт за ресетирање на македонското општество и отстранување на сите аномалии кои како тег го успоруваат развојот и подобрата иднина на земјата.

Премиерот Зоран Заев денеска и понуди на опозицијата заедно да прават Влада, на што од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека се подготвени да разговараат за експертска влада, но да ја предводи заеднички прифатлива натпартиска личност.

Коалициониот партнер во Владата, ДУИ, пак, вели дека ова се некои настани кои произлегуват од дневна политика и дека нема некои дијалози или слично за создавање некое партнерство за коалиција.

Авион на „Ер Франс“ принудно слета во Софија, откако патник се обидел да влезе во пилотската кабина

Илустрација, авион на софискиот аеродром

Авион на „Ер Франс“ кој летал од Париз до Њу Делхи принудно слета во Бугарија, откако патник се обидел да влезе во пилотската кабина. На аеродромот во Софија е уапсен Индиец, кој се обидел да влезе во пилотската кабина, но бил неутрализиран уште во авионот. Мотивите за неговото однесување се уште не се познати, јави дописникот на МИА од Софија.

Обвинителката на Софија, Илијана Кирилова изјави дека патникот уште на почеток од летот се однесувал агресивно, се расправал со другите патници во авионот и нападнал член на екипажот, поради што авионот принудно слета во Софија.

На уапсениот патник му е одреден 72-часовен притвор и е известена Амбасадата на Индија во Софија.
Од Националната истражна служба на Бугарија рекоа дека не може ниту да потврдат, ниту категорично да отфрлат дали случајот е поврзан со тероризам.

Претседателот на Авганистан отворен за нови избори

Претседателот на Авганистан Ашраф Гани

Претседателот на Авганистан Ашраф Гани рече дека отворен за одржување нови избори како начин за трансфер на власта, но инсистира дека секоја нова влада треба да произлезе преку демократски процес.

Се чини дека денешните коментари на Гани на почетокот на собраниската седница се обид за поттик на мировните договори со талибанците.
„Трансферот на власта преку избори е принцип за кој не може да се преговара“, рече тој.

„Ние сме подготвени да разговараме за одржување на слободни, фер и инклузивни избори под покровителство на меѓународната заедница. Можеме да разговараме и за датумот на изборите и да најдеме решение“, рече Гани.

Неговите коментари дојдоа неколку дена по информациите дека специјалниот американски пратеник за Авганистан, Залмај Хализад, за време на неговата посета на Кабул оваа недела, предложил нов формат за политичката иднина на земјата.

Хализад сега е во Катар, каде што претставници на авганистанската влада и на талибанците одржуваат мировни разговори од септември.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден почна со ревизија на стратегијата за Авганистан. Тоа го вклучува и договорот со талибанците од пред една година, кој овозможи почнување на мировните разговори. Според договорот, американските сили треба да се повлечат од земјата до мај, но заострувањето на борбите во изминатите месеци ја зголеми загриженоста дека брзото повлекување може да предизвика поголемо крвопролевање и хаос.

Папата се сретна со Големиот Ајатолах Али ал-Систани

Големиот Ајатолах Али ал-Систани и Папата Франциск

Папата Франциск се сретна со еден од највисоките шиитски свештеници во светот, историска средба со што се одржа за време на првата посета на еден католички лидер на Ирак.

Денешната средба со Големиот Ајатолах Али ал-Систани се случи во градот Наџаф, каде што Папата испрати порака за мирен соживот меѓу муслиманите и христијанското малцинство во Ирак.

Посетата беше пренесувана на ирачката телевизија, а жителите ја поздравија средбата меѓу двајцата верски лидери. Ал-Систани е почитувана личност во доминантно шиитскиот Ирак, како и меѓу шиитите ширум светот.

По средбата зад затворени врати, Ал-Систани издаде соопштение во кое вели дека ирачките христијани треба да живеат во мир и да ги уживаат истите права со останатите Ирачани.

Ватикан во меѓувреме соопшти дека Папата Франциск му се заблагодарил на Ал-Систани и на шиитите за „кревање на гласот во одбрана на најслабите и најпрогонуваните“.

Ирачките христијани, меѓу кои православни, халдејски католици и други, некогаш претставуваа значително малцинство во Ирак, а нивната бројка се проценуваше на околу 1,4 милиони луѓе, но тој број почна да опаѓа по американската инвазија од 2003 година, кога во повоените превирања сунитските милиции често ги напаѓаа христијаните.

Кога милитантите на Исламската држава го освоија Северен Ирак во 2014 година, многумина христијани избегаа од земјата. Проценките се дека сега во земјата има помалку од 300 илјади, многумина раселени од своите домови.

Други доминантно муслимански земји кои ги посети Папата Франциск се Турција, Јордан, Азербејџан и палестинските територии.

По средбата со Ал-Систани, Папата Франциск треба да го посети античкиот град Ур во јужен Ирак, родното место на Аврам, кој се смета за татко на јудаизмот, христијанството и исламот.

ВМРО-ДПМНЕ е „за“ експертска влада на чело со натпартиска личност

Зградата на ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да разговараат за експертска влада, но да ја предводи заеднички прифатлива натпартиска личност. Од опозициската партија му одговорија на понудата на премиерот Зоран Заев заедно да прават Влада.

„Партијата е подготвена да разговара за експертска Влада доколку ја предводи човек којшто би бил заеднички прифатлив, натпартиска личност што може да ја води државата напред до локалните избори, а потоа да се организираат предвремени парламентарни и локални избори“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев претходно во интервју за Слободен печат рече дека администрацијата треба да се департизира, а тоа, според него, е можно ако двете страни се внатре. Тој рече дека треба да се здружи народот, оти премногу е поделен.

„Заев денес со неговата изјава за широка влада потврди дека на Македонија и е потребна нова и поинаква Влада. Заев денеска потврди дека неговата влада и мнозинството се неефикасни и немаат капацитет да се носат со проблемите. Заев не е способен да ја менаџира Република Македонија“, посочуваат до ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот вели дека отвора можност да дебатираат за заедничка власт, кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш, но, како што вели, за соработка треба да има и човек од другата страна за да се разговара.

Опозициските партии обвинуваат дека владата не е способна да набави вакцини

Вакцинација на медицински лица во Скопје.

Од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата Алтернатива – Алијанса на Aлбанците денеска реагираа дека Владата не е способна да набави вакцини.

На прес-конфернеција Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со набавката на вакцини се случува дебакл и фијаско.

„За една година, за една цела година колку што имаа можност да нарачаат и да набават вакцини, тие само добија една кутија милостина со просење, и ништо повеќе“, рече тој.

Ѓорчев набројуваше кои сè земји добиле огромни количини вакцини, а во Македонија се уште нема. Според него одговорноста зошто нема вакцини ја плаќаат граѓаните со животи. Затоа побара од премиерот Зоран Заев и од министерот за здравство Венко Филипче да си поднесат оставка.

И Коалацијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, исто така, обвини дека Владата не е способна да обезбеди вакцини против ковид за граѓаните.

И од Коалацијата наведуваат дека другите земји обезбедиле вакцини, но, како наведуваат, граѓаните на Северна Македонија уште еднаш слушнаа само празни зборови и ветувања. Според Алијансата и Алтернатива бесконечното пролонгирање на имунизацијата на населението, покрај тоа што директно ги загрозува животите на граѓаните, ги намалува и надежите за постепено отворање на државата и домашната економија.

Од СДСМ преку соопштение реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ залудно се обидува да профитира сеејќи страв и паника кај граѓаните со пресовите за вакцините. Од владејачката партија велат дека наредната недела започнува вакцинацијата.

Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари годинава и досега се вакцинирани околу 3.500 здравствени работници со вакцината на „Фајзер“. Македонија од Србија доби 8000 дози од фајзеровата вакцина. Тоа засега се единствените дози.

Утре во земјава треба по ДХЛ да стигнат првите количини од руската вакцина Спутник V, кои се наменети за три илјади граѓани. Вакцинацијата со тие вакцини многу веројатно треба за започне во среда, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Има слободни кревети за ковид-пациентите

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 795 и има околу 342 празни болнички кревети во ковид центрите, соопштуваат од Министерството за здравство (МЗ).

Во Скопје се лекуваат 303 лица сомнителни и потврдени за ковид-19, а во ковид центрите во болниците низ земјава во изминативе 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 492 пациенти.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, најмногу ковид –пациенти се хоспитализирани во болниците во Прилеп- 84, во Куманово 74, во Кавадарци 57 и во болницата во Охрид 56 пациенти со корона.

Во овие градови во изминатите денови има пораст на заразени со ковид. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека според анализите, голем број од новите случаи се должат на т.н. британскиот вирус, над 70 проценти, посебно во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид.

Инаку, како што се посочува во соопштението на МЗ, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството информира дека има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Пакистанскиот премиер доби доверба од парламентот

Човек гледа телевизиско обраќање на пакистанскиот премир Ирман Кан

Пакистанскиот премиер доби доверба од парламентот во услови на бојкот од опозициските пратеници. Денешното гласање за доверба на премиерот Имран Кан дојде само неколку дена откако пратеник од неговата партија изгуби на изборите и со тоа партијата остана без мнозинство во парламентот.

На гласањето, Хан доби 178 гласови од пратениците, шест повеќе од потребното во Долниот дом на Парламентот. Тој побара гласање за доверба откако партискиот кандидат Абдул Хафиз Шеик изгуби од опозицискиот противкандидат на изборите за место во Сенатот на 3 март. По гласањето, Кан ги обвини опозициските пратеници за корупција.

Партијата на Кан победи на парламентарните избори во 2018 година. Таа победа беше засенета од обвинувањата дека бил поддржан од военото раководство, а во неговиот мандат се забележува зголемена цензура и задушување на критиката.

Пакистанските генерали со децении владееја со земјата и се обвинети дека манипулираат со изборите и со администрацијата за да ги блокираат демократските лидери.
Кан се сретна со двајца моќни воени претставници оваа недела по губењето на изборите за Сенатот.

Опозициската коалиција Пакистанско демократско движење најави дека ќе го бојкотира гласањето за доверба во Парламентот, зашто не ја сметаат владата на Кан за „претставник на народот“.

Заев и нуди на опозицијата заедно да прават Влада

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Премиерот Зоран Заев сака да отвори дебата со опозицијата за заедничка Влада. Тој во интервју за Слободен печат вели дека нудат соработка од секој можен аспект, но, како што вели, треба да има и човек од другата страна за да се разговара.

„Сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицкоски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема нека го тргнат и Заев само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот“, изјави Заев.

Тој вели дека администрацијата треба да се департизира, а тоа, според него, е можно ако двете страни се внатре.

Заев вели дека идејата за заедничка власт со опозицијата не е исто што и техничка Влада. Тој вели дека со Груевски можел да најде решение, но не и со Мицкоски.

„Не знам што друго да направам! Еве сега го отворам и ова, иако имам мандат до 2024, но и во вакви околности отворам можност да дебатираме. Кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш, рече Заев.

На 3 март Заев експресно побара и доби доверба на Владата. Потегот уследи по честите изјави на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Заев нема мнозинство. Потоа лидерот на ВМРО-ДППНЕ, Христијан Мицкоски, кој е во изолација оти има ковид-19, рече дека партијата ќе го постави прашањето за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници кои ќе се потпишат.

Вучиќ - Сите се заинтересирани за кинеските вакцини, но Србија не може да ги извезува

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседателот, Александар Вучиќ, денеска посочи дека сите се заинтересирани за кинеската вакцина, но дека Србија не може да ги извезува.

На прес конференцијата со кинескиот амбасадор Чен Бо, на прашањето до каде може да посредува или да им помага на земјите од регионот во набавка на вакцините, Вучиќ изјави дека Кинезите донесуваат одлука каде се извезуваат вакцините.

„Сите се заинтересирани, но ние не можеме да ги извезуваме. Ние можеме да ги користиме само кај нас – објасни тој, додавајќи дека колку што знае, постои договор за испораки и во други земји во регионот, како Црна Гора и Северна Македонија“, рече Вучиќ.

Тој синоќа на белградскиот аеродром дочека уште 500.000 дози вакцини на кинескиот Синофарм.

Македонија очекува 200.000 дози од кинеската вакцина од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште нема потврда кога, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Засега во земјава се врши вакцинација со 8000 дози од вакцината на Фајзер, кои земјава ги доби од Србија. Утре се очекува во Македонија да пристигнат руските вакцини „ Спутник V“, а вакцинација со овие вакцини да почне во среда.

САД предупредија за нов компјутерски напад поврзан со Кина

Американската влада предупредува на нов голем компјутерски напад врз серверите на Мајкрософт, поврзан со Кина.

Американската Агенција за компјутерска и инфраструктурна безбедност денеска издаде итно предупредување, повикувајќи ги компаниите и владините агенции итно да го апдејтираат критичниот софтвер.

Предупредувањето дојде неколку часа откако портпаролката на Белата куќа Џен Пскаки оцени дека има „активна закана“ од хакерски напад.

„Сите што работат со овие сервери, владата, приватниот сектор, академијата, треба да реагираат сега да ги закрпат“, рече таа.

Претходно, советникот за национална безбедност во Белата куќа Џејк Саливан рече дека владата ги следи извештаите дека американски „тинк тенкови“, како и „субјекти од одбранбената индустрија“ можеби се компромитирани.

Мајкрософт оваа недела предупреди на опасноста и посочи дека зад неа стојат кинески хакери.

Овој аларм за голем напад врз американската компјутерска инфраструктура доаѓа неколку месеци откако владата откри „невиден продор“ во американските владини агенции.

За нападот беа обвинети руските разузнавачки агенции, а администрацијата на претседателот Џо Бајден навестија дека спремаат голем одговор против Русија.

Филипче - За построги ковид- мерки ќе се знае следната недела

Министерот за здравство Венко Филипче

Засега нема потреба од воведување на полициски час во ниту еден град со цел спречување на ковид, рече министерот за здравство Венко Филипче. Засега во ниту еден град не се исполнети условите за ограничување на движењето, но ако се одлучи дека тоа може да има ефект, во предвид доаѓаат и такви мерки, рече министерот. По зголемениот број на случаи на новозаразени со ковид-19 во изминатите денови Неготино и Гевгелија побараа да се воведе полициски час во нивните општини. За тоа дали ќе следат построги мерки ќе се знае следната недела.

„Ситуацијата се следи, моментно болничките капацитети не се загрозени и секаде има слободни кревети. Досега се одржани повеќе состаноци со Комисијата за заразни болести, анализата за трендот на ковид-бројките ќе заврши следната недела кога ќе биде соопштен и ставот по ова прашање“, рече министерот за здравство.

Министерот за здравство денеска беше во посета на Општина Сарај, каде се гради нова поликлиника.

Министерот информира дека според анализите, голем број од новите случаи се должат на т.н. британскиот вирус, над 70 проценти, посебно во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид.

Вакцините-толку блиску, а сепак далеку

Здравствените власти уверуваат дека со почитување на мерките за заштита и со вакцинација ќе се сузбие пандемијата со ковид-19. Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари годинава и досега се вакцинирани околу 3.500 здравствени работници со вакцината на „Фајзер“.

Ресорниот министер Венко Филипче уверува дека сме подготвени за масовна вакцинација на населението. Вакциналните пунтови насекаде низ земјава се подготвени, има едуцирани доктори и сестри за работа со вакцините и смета дека процесот треба добро да се одвива. Информира дека досега околу 120.000 граѓани се пријавени за вакцинација и најави дека се планира кампања за таа цел.

Како што најави премиерот Зоран Заев, в недела во земјава треба по ДХЛ да стигнат првите количини од руската вакцина Спутник V, кои се наменети за три илјади граѓани.
Тоа го потврди и министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека првите количини од руската вакцина Спутник ќе стигнат в недела со специјален транспорт, преку компанијата „ДХЛ“, во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите. Вакцинацијата со тие вакцини многу веројатно треба за започне во среда, рече Филипче.

Во автобуска несреќа во Полска загинаа шест Украинци

Илустрација, празна автобуска станица во Варшава, Полска.

Најмалку шест луѓе починале, а 41 се повредени, откако автобус паднал во ров во Полска. Со автобусот се превезувале десетици Украинци, соопштија украинските власти.

Несреќата се случила рано утрово во близина на Јарослав, град во југоисточна Полска во близина на границата со Украина.

Приватната полска телевизија ТНВ24 соопшти дека автобусот има украинска регистарска табличка, а со него патувале 57 украински државјани, меѓу кои и двајца возачи.


Портпарол на украинското Министерство за надворешни работи, Олех Николенко, рече дека во несреќата загинале шест украински државјани.

Засега не е соопштена непосредната причина за несреќата.

Полска е главна дестинација за украинските работници, во услови на силен економски раст во Полска.

Мета - Тој што нема да гласа, после нема право да се жали

Албанскиот претседател Илир Мета

Претседателот на Албанија Илир Мета денеска ги повика албанските граѓани да гласаат на изборите на 25 април. Преку видео запис на Фејсбук, Мета повика дека граѓанинот кој нема да гласа, нема морално право да се жали на последиците од управувањето или непочитувањето на неговиот глас.

„Многу е важно албанските граѓани да бидат свесни дека во демократскиот систем, моќта на секој граѓанин е неговиот глас. Ова е моќ што тој мора да ја покаже и во која мора да има верба“, рече Мета.

Парламентарните избори во Албанија треба да се одржат на 25 април.

Жените во руралните средини силно погодени од пандемијата

Дури 84 отсто од жените во руралните средини велат дека ковид- пандемијата имала негативен ефект врз нивниот живот и врз економската сигурност на семејното земјоделско стопанство, а 92 процента не користеле поддршка за надминување на последиците од кризата, покажува последното истражување на Рурална коалиција спроведено во периодот јануари – март 2021 година.

Рурална коалиција смета дека една од причините за ваквите бројки е што руралните жени не се препознаени од системот, односно се невработени, а сепак работат од 9 до 11 часа на нива или на фарма.

Според истражувањето, од 160 испитаници, мажи и жени од руралните средини, само 28 отсто се изјасниле дека се регистрирани како индивидуални земјоделци, од кои што само 15 се жени.

Рурална Коалиција во соработка со партнерските организации организираат промотивна кампања насловена „Од жена за жена“, по повод 8 Март за да испратат силна порака дека на жените од руралните средини им е потребно економско зајакнување.

Секретарот за одбрана на САД - С. Македонија е наш ценет пријател и сојузник

„Северна Македонија е ценет пријател и сојузник и очекувам да ја продлабочиме нашата соработка во следните години“, напиша секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин во писмото што го испрати до министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Тој во писмото ја честита претстојната годишнина од приемот на С. Македонија во НАТО.

„Соединетите Држави високо го ценат придонесот на Северна Македонија во мисиите на НАТО во Авганистан, Ирак и Косово“, вели Остин.

Тој во писмото оддава признание за досегашната соработка и очекува продлабочување на соработката и оваа година преку активности како што е и американското учество на вежбата „Одлучен удар 21“ чиј домаќин ќе биде нашата земја.

Секретарот за одбрана на САД високо ја оценува иницијативата Криволак да се развива во полигон за поголеми и посложени вежби од кои ќе имаат бенефит и домашните армиски сили, но и сојузниците, САД и НАТО.

Временска прогноза - Облачно со силен ветер

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд, наутро во западните, а потоа и во северните делови, а на планините снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, понекаде со брзина од над 70 километри на час. Ветерот ќе биде најизразен долж пошироко Повардарие и на повисоките места. Максималната температураќе достигне од 9 до 17 степени.

Во Скопје ќе биде претежно облачно од изутрина со силен ветер проследен со повремен дожд. Максималната температура ќе достигне 11 степени.

Сенатот ја почна расправата за предлог мерките на Бајден

Американскиот сенат денеска ја отвора дебатата за пакетот мерки за помош на економијата во време на пандемија на претседателот Џо Бајден. Пакетот е во вредност од еден билион и 900 милијарди долари. Расправата ќе се води околу аргументите на амандманите за начинот на трошењето на парите. Предлог законот има за цел да помогне во справувањето со економските последици од здравствената криза предизвикана од ковид-19.

Одобрен пакетот на Бајден за борба против коронавирусот, на ред е Сенатот

Предвидени се надоместоци за невраотеност и мораториум на извршување на банкарски гаранции со иселување на милиони луѓе кои не можат да си ги платат кредитите за домување или киријата. Бајден изјави дека пакетот ќе им помогне на Американците кои се борат со економските последици од здравствената криза. Републиканците тврдат дека пакетот е прекумерен и дека вклучува поотики кои не се повразни со пандемијата.

Гевгелија, по Неготино ќе бара воведување на полициски час

Архивска фотографија, полициски час во Скопје, 7 јуни 2020

Гевгелискиот кризен штаб бара да се воведе полициски час во градот од 21,30 часот до 5 часот наутро поради растот на новозаболени од ковид-19. Во нивното барање до Главниот координативен штаб на Македонија за воведување на полициски час на територијата на општината на неопределено времесе наведува дека е потребно да се вратат претходните рестриктивни мерки и примена на мерките за заштита од ширење на ковид-19.

Покрај ова се бара, за територијата на Општината, да се преиспита зголемувањето на пополнетоста на автобусите на 75 отсто и таа да се врати на 50 отсто, како што беше претходно.

Од денеска, како што посочуваат од Кризниот штаб, се забрануваат групирања на јавни површини во Општината, во туристичките места Смрдлива вода и Негорски бањи како и во планинските села Конско, Серменин и Ума.

Неготино ќе бара полициски час во општината за спречување на ширењето на ковид-19

Во изминативе два дена во Општина Гевгелија беа регистрирани 77 лица позитивни на Ковид-19.

Бугарскиот парламент не дозволи купување на руска вакцина

Бугарскиот Парламент донесе одлука со која се одбива барањето за купување на руска вакцина против ковид-19. Пратениците два часа расправале околу геополитиката и дали руската вакцина „Спутник V“ е најдобра или не.

Собранието и нареди на бугарската Влада за сите активности околу вакцинацијата да се консултира со Европската комисија, за да истражи дали може да се купат вакцини кои што добиле одобрување за употреба во земјите што не се членки на ЕУ.

Бугарската социјалистичка партија денеска на последниот работен ден во Собранието пред изборите, вети дека ќе обезбеди секакви вакцини откако ќе победи на парламентарните избори во Бугарија.

„Владата купи 13 милиони вакцини за 250 милиони евра. Вакцини нема. Бугарската Влада одобри план за вакцинација по групи што треба прво да се вакцинираат, а потоа самата го откажа планот. Владата постави зелени коридори, луѓето се построија и потоа ги вратија бидејќи вакцини нема“, додаде лидерката на најголемата опозициска партија,Корнелија Нинова.

„Сите оние кои почнаа да се вакцинираат со руската вакцина се префрлија на кинеските поради недостаток на залихи“, рече како одговор кон неа пратеникот од владеачката партија ГЕРБ, Христо Гаџев.

Според него, и унгарскиот премиер Виктор Орбан се вакцинираше со кинеска вакцина, бидејќи по првиот увоз на руски вакцини, испораките биле запрени.

Литванија одби да ја екстрадира во Белорусија опозициската лидерка

Белоруските власти бараа од Литванија да им ја испорача опозициската лидерка Свјетлана Циханускаја која живее во оваа балтичка земја, откако таа пребега поради стравување за безбедноста по спорите претседателски избори во Белорусија. Спорните претседателски избори предизвикаа масовни протести кои беа задушени од авторитарниот лидер Александар Лукашенко.

Од Канцеларијата на јавниот обвинител во Белорусија соопштија дека барањето за екстрадиција е поднесеното поради обвинение за „злосторства извршени против јавниот ред и мир, јавната безбедност и државата.

Литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис изјави дека тоа барање ќе биде игнорирано.

„ Литанија беше, е и ќе биде заштитник на сите претставници на демократски сили кои ќе побараат азил поради прогонот од режимот во земјата од која доаѓаат“, изјави тој.

Тој додаде дека сите кои добиле азил во Литванија може да се чувствуваат безбедно, односно дека нема да бидат предадени на режимите кои ги прогонувале поради нивната борба за демократија, слободна на говор или религија. Одговорот за Белорусија е дека нема да биде разгледано нивното барање.

Циханускаја: Штета што Русија „застана на страната на диктаторот“

Цихануаскаја учествуваше во изборите во август минатата година како кандидат на местото на нејзиниот сопруг која беше затворен по обидот да се кандидира. Таа и нејзините приврзаници тврдат дека на победила на спорните претседателски избори.

Американски санкции за украински тајкун

Украинскиот тајкун и поранешен функционер Ихор Коломојски, архивска фотографија



Американскиот Стејт Департмент денеска соопшти дека на листата за санкции е додаден и украинскиот тајкун и поранешен функционер Ихор Коломојски кој е обвинет за вмешаност во корупција.

„Овој потег се заснова на дејства за време на неговото извршување на фукнција, но сакам да ја посочам и загриженоста поради неговите тековни дејства и напори за да ги поткопа демократските процеси и институции во Украина, кои претставуваат сериозни закани за иднината на државата, изјави државниот секретар Ентони Блинкен.

ФБИ со рација во американски компании на украински тајкуни

Покрај олигархот на листата се додадени неговите деца и сопругата Ирина Коломојска со што им е забранет влез во САД. Во објаснувањето за новите санкции е наведено дека Коломојски за време на извршувањето на функцијата гувернер на регионот Днипропетровск од 2014 до 2015 година бил вклучен во коруптивни дела што го поткопуваат владеењето на правото и довербата во демократските институции.

„Таквите акти вклучувале и користење на политичко влијание и службената моќ за негова лична корист“ се вели во објаснувањето.

Украински тајкун во битка за зголемување на медиумската моќ

Коломојски е еден од највлијателните тајкуни во Украина. Неговите медиуми се заслужни што Волидимир Зеленски победи на претседателските избори во 2019 година, како и тоа дека ужива поддршка и лојалност од десетина парламентарци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG