Достапни линкови

Пораст на заразени од коронавирус, Европа ги заострува мерките


Илустративна фотографија - тестирање во Сараево за Ковид-19.

Поради новите бранови на инфицирани од коронавирусот во Европа, земјите ги заоструваат мерките за спречување на ширењето на заразата. Бројот на инфекции расте и во балканските земји.

Властите од Шпанија до Британија спроведоа нови строги мерки во услови на зголемени инфекции. Париз и осум други француски градови воведоа полициски час од 21 часот до 6 часот наутро.

Бројот на потврдени случаи се зголемува и во Германија, која пријави 5.587 нови случаи на 17 октомври, со вкупен број на досега регистрирани кој достигна 361.974.

Чешките власти соопштија дека на 17 октомври се регистрирани 8.713 нови случаи на заразени од коронавирус, а вкупната бројка се искачи на 168.827 од почетокот на епидемијата.

Во регионот на Балканскиот Полусотров деновиве исто така во повеќе земји има зголемување на бројките на позитивни на Ковид-19.

Македонското Министерство за здравство денеска соопшти дека заштитната маска, одржувањето на физичката дистанца и миењето раце во моментов се клучни и единствени мерки против заразата, во услови кога во земјата вчера беа регистрирани рекордни 594 случаи за едно деноноќие.

„Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм дека мора доследно и во целост да ги почитуваме мерките за заштита“, велат од Министерството за здравство.

Во оваа насока здравствените власти најавија измени на Законот за заштита од заразни болести за да биде овозможено воведување на нови мерки.

Тие посочија дека веќе следнава недела македонското Собрание со амандмани ќе направи интервенција во Законот.

Во Хрватска се забележани 819 новозаразени, со што вкупниот број на активни случаи сега е 5.164, за 320 повеќе во однос на претходниот ден. Во истиот период починале осум луѓе.

Според податоците на здравствените институции во Босна и Херцеговина, кај 556 тестирани лица е потврдено присуство на коронавирусот, а починале три лица. Нови случаи се регистрирани во сите кантони на Федерацијата БиХ.

Коронавирусот (SARS-CoV-2) се појави во Кина на крајот на 2019 година, а потоа се прошири во сите делови на светот. Вирусот предизвикува зголемена телесна температура, воспаление на бели дробови, а може да доведе и до смрт.

XS
SM
MD
LG