Достапни линкови

Заев: Ако дојде до блокада од Бугарија, тогаш ќе го кажам одговорот


Премиерот Зоран Заев

Откако сум премиер, досега никогаш не сме размислувале за план Б. Опцијата е планот А. Низ трпение, меѓусебно почитување и разбирање да се изнајдат решенија. Тие решенија не мора да се најдат денеска, изјави денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за состанокот на Мешовитата експертска комисија која одржува состанок во Скопје.

„Вчера имаа позитивен ден, ќе објават на прес-конференција за тоа до каде се работите. Ние сме меѓусебно историски поврзани како регион и таа врска од минатото треба да нѐ направи пријатели, а не да нѐ разделува. Претстои период на објавување позитивни информации“, рече Заев.

Денеска во Скопје втор ден се одржува средбата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања од која нема детали. Најголемото несогласување околу Гоце Делчев остана во јавните изјави на членовите на комисијата и пред оваа средба, па бугарските членови тврдат дека тој е Бугарин, а македонските дека комисијата не треба да ја утврдува неговата национална припадност туку прашањето да се реши со мултиперспективност.

Премиерот Заев денеска не одговори што ако Бугарија ја блокира првата меѓувладина седница на Северна Македонија и Европската унија, како симболичен почеток на преговорите за членство.

„Ако дојде до тоа, тогаш ќе го дадам одговорот. Да го немаше Гоце, требаше да го измислиме, за да биде мост меѓу двата народи“, рече Заев на заедничката прес-конференција со скопскиот градоначалник Петре Шилегов и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, по обиколката на претоварна станица во Скопје.

XS
SM
MD
LG