Достапни линкови

Вести

Трамп и Бајден на одделни телевизиски настапи

Претседателот на САД, Доналд Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп и неговиот предизвикувач на изборите на 3 ноември, поранешниот потпретседател Џо Бајден, одговораа на прашања во одделни интервјуа, откако беше откажана нивната дебата. Трамп одговараше на прашања еден час од Мајами, во Флорида, додека Бајден беше во Филаделфија, Пенсилванија. Трамп, кој ретко носи маска цитираше студија која вели дека луѓето што носат маски „цело време фаќаат ковид-19“, коментар што не одговара на советите на американските здравствени власти за носење маски.

Трамп им се врати на митинзите: Се чувствувам моќно

Трамп исто така за прв пат рече дека ќе ги почитува резултатите од фер избори, но повторно фрли сомнеж дали тие ќе бидат фер. Бајден го отвори настанот критикувајќи го постапувањето на Трамп со пандемијата на коронавирусот. Тој рече дека е „одговорност на претседателот да води“ и дека Трамп не го сторил тоа. Тој рече дека Трамп премногу се фокусирал врз реакцијата на берзата, а истовремено го минимизирал начинот на ширење на вирусот.

види ги сите денешни вести

Нови 1.069 позитивни на коронавирус, 29 починати

Ковид-19 центар во Скопје.

Здравствените власти вечерва објавија дека се регистрирани 1.069 нови случаи позитивни на коронавирус од направени 3.012 тестирања, со што вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се искачи на 62.945. Починати се 29 пациенти во изминатото деноноќие, сите во болнички услови, а вкупната бројка на смртни случаи од Ковид-19 во земјава е 1.792 лица.

Во моментов во земјава има 20.965 активни случаи на коронавирус, од кои најмногу се во главниот град Скопје, соопшти Министерството за здравство.

Од новите позитивни на Ковид-19 најмногу се во Скопје 489, а потоа следуваат Прилеп со 81, Куманово 60, Тетово 36, Велес 36 и Битола 37, Гостивар и Штип по 42...

Денеска Институот за јавно здравје регистрира 1.242 оздравени пациенти.

Досега во Северна Македонија направени се вкупно 335.298 тестирања на Ковид-19. Излекувани се 40.188 лица од почетокот на пандемијата во февруари оваа година.

Борел - Решението за Србија и Косово во рамки на ЕУ

Архива - Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел порача дека решението за нормализација на односите меѓу Косово и Србија треба да се бара во европски рамки.

„Драго ни е што САД се подготвени да помогнат, но ЕУ е таа која го води и одговара за овој процес. Само ЕУ може да даде важна понуда за луѓето таму, а тоа е европска перспектива. Во рамки на европската перспектива мора да се решава овој проблем“, изјави Борел.

Шефот на европската дипломатија, кој пред точно една година ја презема функцијата, нагласи дека се гордее на фактот што на почетокот од неговиот мандат повторно се започнати преговори меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ.

Тој оцени дека во регионот на Западен Балкан и натаму постојат поделби и „длабоки рани“ од минатото, но дека на земјите од регионот не може да им се негира нивната европска перспектива.

Борел исто така додаде дека Западен Балкан, како нејзино најблиско соседство, е една од најважните одговорности на Европа, предупредувајќи дека ако ЕУ не може да ги реши проблемите во регионот, „како тогаш можеме да бидеме геополитички играч во светот.“

Кина успешно слета летало на Месечината

Знамиња на кинеската комунистичка партија по патот што води кон кулата од каде е лансирана ракетата.

Во историска мисија за собирање на примероци од прашина од површината на Месечината, Кина денеска успешно слета влеселнско летало на Месечината, јавија кинеските државни медиуми, пренесува Ројтерс.

Кина ја лансираше својата сонда „Chang’e-5“ на 24 ноември. Мисијата, именувана по митската кинеска божица на Месечината, има за цел да собере материјал од нејзината површина за да можат научниците да дознаат повеќе за потеклото на Месечината.

За време на мисијата, ќе бидат направени обиди да се соберат два килограми примероци од област која претходно не била посетена, а која се наоѓа во рамнината позната како „Океанска бура.“

Доколку мисијата биде успешна, Кина ќе стане трета држава којашто има собрано примероци од Месечината, по САД и поранешниот СССР.

Кинеската државна телевизија соопшти дека собирањето на примероците ќе започне во следните два дена.

„BioNTech“ и „Pfizer“ поднесоа барање за одобрување на вакцини во ЕУ

Вакцина против Ковид-19.

Германската фармацевстка компанија „BioNTech“ и нивниот американски партнер „Pfizer“ соопштија дека поднеле барање за регулаторно одобрување на нивната вакцина против Ковид-19 во Европската унија, еден ден откако американската компанија „Moderna“ соопшти дека преземале слични чекори.

Во денешна изјава „Pfizer“и „BioNTech“ соопштија дека поднеле барање до Европската агенција за лекови (ЕМА) за „условно одобрување и ставање во промет“ на нивната вакцина по тестирањата кои покажале дека е 95 отсто ефикасна во борбата болеста која ја предизвикува коронавирусот.

Од „BioNTech“ соопштија дека доколку биде одобрена нивната вакцина, која моментално е именувана „BNT16b200“, може да биде пуштена во промет во Европа „до крајот на 2020 година.“

Претходно оваа компанија поднесе барање за итно одобрување во САД и Велика Британија.

„Вакцината можеме да ја испорачаме неколку часови по одобрувањето“, изјави Сирек Потинг – од одделот за операции и финансии на „BioNTech“.

„Подготвуваме залихи и се што имаме сега може да биде распоредено во рок од неколку часови“, додаде Потинг, пренесува Ројтерс.

Европската агенција за лекови соопшти дека ќе се состане на 29 декември за да одлучи дали има доволно податоци за безбедноста на вакцината за нејзино одобрување.

Европската комисија соопшти дека конечното одобрување за вакцината ќе го даде неколку дена по препораките на ЕМА.

„Pfizer“и „BioNTech“ на 18 ноември ги објавија конечните резултати од своите истражувања, според кои нивната вакцина е 95 проценти ефикасна и без големи безбедносни проблеми.

Бучковски именуван за специјален претставник за Бугарија

Владо Бучковски - поранешен премиер на Македонија.

Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Владо Бучковски е именуван за специјален претставник за Бугарија, соопшти владината прес-служба.

„Именувањето е со мандат од една година, а целта да се назначи специјален претставник е да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство“, соопшти Владата.

Потегот доаѓа во услови кога почетокот на преговори на Македонија со Европската унија го блокира Бугарија, тврдејќи дека Македонија ја краде бугарската историја.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство и пријателство, но Бугарија тврди дека македонската страна не го почитува договореното, како формулациите за историјата и јазикот.

Бугарија исто така смета дека има застој во работата на заедничката историска комисија, но и дека Македонија дава поддршка на претензиите за признавање на македонско малцинство во Бугарија и говор на омраза и пречки за бугарскиот бизнис во Македонија.

Македонските власти, пак, велат дека не се преговара за јазикот и идентитетот.

Со реакции на именувањето на Бучковски излегоа од опозициксата ВМРО-ДПМНЕ, која денеска организираше протест, каде демонстрантите упатија барања до премиерот Зоран Заев „да не ја продава државата и историјата.“

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека именувањето на Бучковски за специјален претставник за Бугарија е „очаен обид да се најде жртва кому ќе му се препише поразот на политиките на премиерот во заминување Зоран Заев“, наведуваат од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија во соопштението наведува премиерот Заев намесето да со „замајување на јавноста со стари и истрошени кадри“, треба да одговори за што точно „тајно преговара со бугарслата влада овој викенд и дали се тргува со историјата, јазикот, македонското малцинство и идентитетот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата со предлог за продолжување на кризната состојба за шест месеци

лустрација - Клиника за инфективни болести во Скопје.

Владата ќе достави предлог до Собранието за продолжување на кризната состојба во земјава за уште шест месеци, односно до јуни следната година, соопшти Владата.

„Со оваа предлог-одлука се предлага на Собранието на Република Северна Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 30 јуни 2021 година“, се вели во соопштението.

Владата на седница на 20 ноември прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија заради заштита на јавното здравје од пандемијата на Ковид-19, откако претходно такво нешто препорача и Советот за безбедност.

Владата на денешната седница го прифатила предлогот на Групата за процена Центрот за управување со кризи (ЦУК), кризната состојба да биде продолжена за дополнителни шест месеци.

Инаку, по прогласувањето на 30-дневната вонредна состојба минатиот месец, Главниот штаб за управување со кризи ја усвои првата нацрт-верзија на Акцискиот план за превенција која содржи 17 точки.

Беше разгледана потребата од учество на Армијата во справувањето со кризата, а од 30 ноември одреден број на доктори и медицински сестри кои работеле за војската се приклучија кон здравствениот персонал од јавните здравствени установи во борбата против пандемијата.

Во поддршка на обезбедување на ред и мир, по прогласувањето на кризната состојба, распоредени се и припадници на Армијата во ковид центрите низ државата.

Возач со џип влетал во пешачка зона во германски Трир, 2 мртви

Илустрација

Најмалку две лица загинаа денеска, а неколку други се повредени, кога ги удри автомобил во пешачка зона во градот Трир, во западна Германија, соопшти полицијата, јави новинската агенција Ројтерс.

"Уапсивме едно лице. Две лица починаа, според прелиминарните индикации. Ве молиме, продолжете да го избегнувате централното градско подрачје", објави полицијата на Твитер.

Локалниот весник „Триришер Фолксфрунд“ цитираше очевидец дека темно-сив џип „рејнџ ровер“ се движел со голема брзина и од ударот луѓето биле фрлени во воздух. Весникот пишува и дека центарот на градот бил затворен, а хеликоптери кружат над градот, пренесе Ројтерс.

ВМРО-ДПМНЕ: Оставка од Заев - СДСМ: Нема иднина со блокирана партија

Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата: Против распродажбата на се што е македонско

Мора да се стави крај на распродажбата на се што е македонско од страна на Зоран Заев, рече денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николски, во обраќањето на протестот пред Владата во Скопје, организиран поради, како што велат, изјавите напремиерот Зоран Заев и „разнебитувањето на Македонија“.

Денешниот протест и блокадите на Владата и Министерството за надворешни работи се дел од протестите што ги најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ по интервјуто на премиерот Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое рче дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја'.

„Еве веќе недела дена, Македонците, граѓаните на Македонија, од сите краеви на Македонија го креваат гласот против најголемото национално предавство кое и се случува на Македонија“, рече Николоски на денешниот протест и побара итна оставка од премиерот и Владата.

Протести секојдневно се одржуваат во сите поголеми градови во државата.

По денешниот протест реагираше владејачката СДСМ од каде велат дека Христијан Мицкоски и неговата партија блокадите на ВМРО-ДПМНЕ се блокади на народот и на државните интереси, нарекувајќи ја опозициската партија „ДПМНЕ-Блокирана“, алудирајќи на информациите за блокирање на сметката на партијата поради, наводно, „неплатени сметки за позлатени рамки за слики, нарачани од партијата“.

КСС: Недела ден за одмор, а за тие што ќе работат поголема дневница

Илустрација - Угостителски објекти во Скопје

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), во врска со предлогот за прогласување на недела за неработен ден, предлага недела да биде ден за одмор, а секоја работа во недела да се пресметува како прекувремена работа и да се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто.

„Сегашното Законско решение само треба да се дополни и тоа: Во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50%, а во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота“, стои во соопштението од КСС.

Со ваква измена, велат од КСС, се задоволуваат потребите на работниците.

„Сето друго сметаме дека е чист популизам. Од една страна трговците лицитираат и лобираат, од друга страна ќе се направи хаос во Законот за работни односи, доколку се опишува кои дејности треба да работат, а кои не. Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се кратат работни места“, се вели во соопштението од КСС.

Предлогот за недела да биде неработен ден, што дојде од синдикатите, а Владата го прифати, наиде на различен прием кај работодавците. Најгласни беа угостителите и туристичките агенции кои не се сложија со предлогот, туку предложија да се работи и во недела, а на вработените да им се даде друг слободен ден.

Османи: Рецептот за Западен Балкан е ЕУ

Бујар Османи

Кога зборуваме за европската иднина на Северна Македонија – најпрво мислиме на младите генерации кои имаат право на подобар живот и пристојни услови да останат да творат во својата земја. Европската индина е единствен рецепт за превенција од ретроградните политички тенденции на Балканот – единствениот одговор на предизвиците за помирување и градење на просперитет и стабилност, изјави денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на неформалниот состанок за Советот на Европската Унија (ЕУ) за општи работи – ГАК.

Учеството на Османи на состанокот на ГАК се случува во време на вето од Бугарија за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, кое, според дипломати од Унијата, ќе биде ставено и на министерскиот совет на ЕУ на 8 декември, иако денеска германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека продолжуваат напорите за почеток на преговорите со Скопје до крајот на годината.

Во своето излагање Османи истакна дека иднината на Европа не може да се замисли без интеграцијата на регионот во ЕУ, посочувајќи дека процесот на проширување треба да биде силно вклучен во дебатата за иднината на Европа. Тој се осврна на силната стратешка определеност на Република Северна Македонија за својата европска иднина, придонесувајќи притоа позитивно и кон европските перспективи на целиот регион.

Со ГАК претседаваше германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, а покрај редовното учество на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, беа поканети и министрите за надворешни работи од земјите на Западен Бaлкан.

Во скопските ковид центри има 489 пациенти, за 4 дена дадени 7.500 решенија за изолација

Илустрација - Ковид центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје хоспитализирани се 56 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 489 луѓе сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство. Голем дел од нив се на кислородна поддршка, велат од Министерството и додаваат дека во последното деноночие дома се пуштени 27 оздравени пациенти.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40 тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, стои во соопштението.

Во врска со најновите состојби со пандемијата денеска информираше и директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова-Бухова, која рече дека минатиот месец, откако стапија на сила измените и дополнувањата на Законот за заштита на наслението од заразни болести, Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) издал околу 40.000 решенија на лица позитивни на вирусот ковид-19 и на лица контакти со позитивни.

„Само во последните четери дена доставени се 7.500 решенија за изолација“, информираше Сотирова-Бухова.

Врховниот суд ја укина казната за Атанбаев, ќе има ново судење

Алмазбек Атамбаев

Врховниот суд на Киргистан ја укина осудителната пресуда и затворската казна за поранешниот претседател Алмазбек Атамбаев, кои му беа изречени во јуни. Тој беше осуден поради неговата вмешаност во нелегалното ослободување на озлогласениот кринимален шеф Азиз Батукаев во 2013 година.

Адвокатот на Атамбаев изјави дека Врховниот суд донесе одлука да го врати случајто на повторно судење, но не се познати причините за таквата одлука. Претходно во август, Градскиот суд во Бишкек ја потврди пресудата од јулу со која Атамбаев беше осуден на 11 години и два месеци затвор. Атамбаев негираше дека е виновен.

Азиз Батукаев по неочекуваното ослободување во 2013 ја напушти земјата. Тој беше осуден за неколку познати злосторства, меѓу нив и , убиства на киргистански пратеник и службеник во Министерството за внатрешни работи.

Атамбаев беше уапсен на почетокот на август минатата година откако и се предаде на полицијата по дводневен судир меѓу безбедносните сили и неговите приврзаници, при што имаше и жртви.

ЕСЕ: Транспарентноста на тендерите во јавното здравство намалена

Клинички центар, Скопје

Намалена е транспарентност во објавувањето информации за спроведените постапки за јавни набавки во здравствени институции, покажува мониторингот на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), кое во периодот од 2016 до 2019 година континуирано го следеше процесот на јавни набавки во 62 здравствени институции.

Институциите за овие четири години, соопштија од ЕСЕ, склучиле повеќе од 18.000 договори за набавка на стоки и услуги и за извршување работи, за кои потрошиле над 300 милиони евра.

Во 2019 година најголемо намалување според обемот на објавени информации за спроведените постапки за јавни набавки се регистрирани кај Министерството за здравство, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, општите и клиничките болници, центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје. Дополнително, анализата нотира дека од година во година се намалува конкурентноста односно сè помал број компании учествуваат на тендерите и го добиваат бизнисот што само по себе создава поголеми можности за корупција и злоупотреби, посочуваат од ЕСЕ.

„Народните пари што се трошат за јавни набавки се зголемуваат, но не и квалитетот на здравствените услуги кои ги добиваат пациентите. Недостигаат лекови и медицинска опрема, постојат долги листи на чекање кои се всушност и болно секојдневие за пациентите“, вели Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ.

Истражувањето покажува дека најголем дел од договорите за јавни набавки се случуваат во првиот и четвртиот квартал од годината, што говори дека јавните здравствени институции немаат годишен план за набавки или пак не се придржуваат до него, стои во соопштението од ЕСЕ.

Се воведува редовна авиолинија Скопје-Киев

Меѓународен аеродром Скопје

Од 6 декември се воведува редовна авиолинија на релацијата Скопје-Киев, соопшти Амбасадата на Украина во Скопје. Првпат се воспоставуваат летови меѓу Украина и Северна Македонија, а ќе ги реализира авиокомпанијата WINDROSE. Летови ќе има секој четврток и недела.

„Постоење на директните летови ќе придонесе за интензивирање на билатералната соработка – зајакнување на бизнис врските, развој на туризмот во двете земји, подобро запознавање на граѓаните на Северна Македонија со Украина и на Украинците со Република Северна Македонија“, стои во соопштението, објавено на Фејсбук страницата на Амбасадата на Украина.

Луис Хамилтон e позитивен на ковид- 19

Луис Хамилтон

Светскиот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон e позитивен на ковид- 19 и ќе ја пропушти трката во Бахреин викендов, објави денеска неговиот тим. Хамилтон минатата недела беше тестиран три пати и секогаш резултатот беше негативен. Последниот тест беше направен на 29 ноември. Но на 30 ноември му се појавиле лесни симптоми, по што повторно бил тестиран и излегол позитивен. И повторниот тест е позитивен.

Триесет и петгодишниот Хамилтон е во изолација во согласност со здравствените протоколи во Бахреин.

Како последица на ковид-19 почина Енвер Малиќи, заменик-градоначалникот на Град Скопје

Енвер Малиќи.

Заменик-градоначалникот на Скопје Енвер Малиќи почина од компликации предизвикани од вирусот ковид-19.
Енвер Малиќи беше избран за член на Советот на Град Скопје на локалните избори што се одржаа на 15 октомври 2017 година, од советничката листа на Демократската унија за интеграција. Во декември 2017 година беше избран за заменик градоначалник на Скопје.

Малиќи беше долгогодишен стопанственик на компанијата „ГЕМАК Трејд“, како и на хотелот „Парк Хотел и Спа“.

ВМРО–ДПМНЕ со блокада пред Владата и МНР ќе бара оставка од Заев

Зградата на Министерство за надворешни работи

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска најави протест со блокада пред зградите на Владата и на Министерството за надворешни работи, почнувајќи од 12:30 часот завршувајќи во 14:00 часот, соопшти опозициската партија. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Зоран Заев и тој јавно да каже за што тајно се преговарало овој викенд во Софија.

„Заев продолжи за најважните работи да молчи и преговорите за идентитетот, јазикот историјата ги крие од јавноста“, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ повикува денеска граѓаните масовно без разлика на политичката припадност, без разлика на верската и етничката припадност да се приклучат на протестите.

Научниот советник на Трамп, Скот Атлас ја напушта Белата куќа

Скот Атлас

Научниот советник на претседателот Доналд Трамп, д-р Скот Атлас, кој беше скептичен во однос на мерките за контрола на ширењето на коронавирусот, го напушта своето место во Белата куќа. Неврорадиологот од Универзитетот Стенфорд кој немал официјално искуство во јавно здравје или заразни болести Атлас и се приклучи на Белата куќа пред неколку месеци, каде што се судри со врвни владини научници, вклучувајќи ги Антонио Фаучи и Дебора Бирк, бидејќи се спротивставуваше на посилните напори да се запре пандемијата на ковид-19 во која починаа повеќе од 267.000 Американци. Атлас е познат по својот скептицизам во врска со ефективноста на маските во спречување на вируси, спротивно на ставовите на владините експерти и консензусот на научната заедница.

Трамп: Американците се „уморни“ од ковид-19

Само пред неколку недели, на Твитер, реагирајќи на најновите ограничувања што беа воведени во Мичиген поради вирусот, тој ги повика луѓето да „застанат“ против државната политика. Универзитет Стенфорд се огради од своите ставови со изјава во која се наведува дека Атлас „изразил ставови што не биле во согласност со одговорот на универзитетот за пандемијата“. „Ние поддржуваме употреба на маски, социјално дистанцирање и спроведување на надзор и дијагностичко тестирање“, соопшти Стенфорд.

Русија ги отфрли барањата за повлекување на своите сили од Трансдњестар

Маја Санду

Кремљ ги отфрли повиците на идната претседателка на Молдавија, Маја Санду, за повлекување на руските трупи од сепаратистичкиот регион Трансдњестар, велејќи дека ваквиот потег може да доведе до „сериозна дестабилизација“. Санду, која е за поблиски врски со Европската унија, вети балансирани врски со Западот и Русија откако уверливо го победи прорускиот актуелен претседател Игор Додон во вториот круг на претседателските избори во Молдавија пред две недели.

Остануваат или заминуваат? Руски мировници во постсоветскиот простор

Но, поранешната економистка на Светска банка на 30 ноември повика на заминување на руските трупи во Трансњестер во корист на цивилните набљудувачи под покровителство на ОБСЕ, додавајќи дека сака дијалог со Москва. „Ние сме независна земја што не сака странски трупи да останат на нејзината територија“, рече таа. Како одговор, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков рече дека Русија очекува властите во Кишињев да останат „конструктивни“. Русија игра „многу важна улога“ во Трансдњестар и „промената на некои статус кво состојби“ може да доведе до „сериозна дестабилизација“, им рече Песков на новинарите. Трансдњестар прогласи независност од тогашна Советска Молдавија во 1990 година.

Санду вети рамнотежа во релациите со Западот и Русија

Молдавските сили и сепаратистите од Трансдњестар, поддржани од Москва водеа кратка војна во 1992 година поради стравувањата дека Молдавија ќе побара обединување со соседна Романија. Конфликтот заврши со договор за прекин на огнот, откако руските трупи во регионот интервенираа на страната на сепаратистите. Околу 1.400 руски трупи остануваат во Трансдњестар чувајќи ги складиштата за оружје од времето на Советскиот период. Независноста на Трансдњестар не е призната од ниту една земја, но Москва неофицијално го поддржува сепаратистичкиот режим.

Турција воведе полициски час преку неделата и целосна блокада за викендот

Реџеп Таип Ердоган

Турција од денеска воведе полициски час преку неделата и целосна блокада за време на викендите за борба против ширењето на коронавирусот, откако смртните случаи достигнаа рекордно ниво. „На граѓаните нема да им биде дозволено да го напуштаат домот помеѓу 21 часот и 5 часот наутро во работните денови и воопшто за време на викендите“, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган. Некои сектори, вклучувајќи ги синџирите на снабдување и производството, ќе бидат ослободени од мерките. „Ние внимателно преземаме чекори за да не ја претвориме здравствената криза во целосна економска и социјална криза“, додаде Ердоган.

Турција седум дена по ред бележи црни рекорди со коронавирусот

Турција во понеделникот забележа 31.219 случаи, покажаа податоците од Министерството за здравство, ставајќи ја четврта на глобално ниво со најголем број на нови случаи на ден. Пред неа се САД, Индија и Бразил - сите земји со далеку поголемо население од Турција. Турција потпиша договор за купување на 50 милиони дози вакцина за ковид-19 од кинеската Синовац Биотек.

СЗО: за прв пат опаѓање на бројот на заразени со ковид-19

Тедрос Аданом Гебрејезус

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејезус го поздрави првиот неделен пад на глобалните случаи на ковид-19 од септември, наведувајќи го влијанието на мерките главно во Европа. Но, тој предупреди дека бројот на смртни случаи сè уште се зголемува низ целиот свет и оти случаите сè уште растат надвор од Европа. „Ова не е време за самозадоволство, особено со приближувањето на сезоната на празници во многу култури и земји“, рече тој, повикувјќи ги луѓето да бидат внимателни за време на празничната сезона.

Експертите на СЗО сакаат да одат во Вухан за да го испитаат потеклото на ковид-19

Бидејќи неколку европски земји го суспендираа пристапот до скијачките патеки за да го запрат ширењето на пандемијата на коронавирусот, шефот за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, рече дека ризикот од инфицирање при скијање е минимален. Тој рече дека наместо да насочуваат кон некој специфичен спорт како скијање или пешачење, владите треба да размислат како најдобро да се намали контактот помеѓу луѓето за да се спречи ширењето на ковид-19.

Бајден и официјално ќе го претстави неговиот економски тим

Џенет Јелен

Избраниот претседател на САД Џо Бајден се очекува денеска официјално да ги претстави новите членови на неговиот економски тим. Тој вчера именуваше неколку во овој тим, вклучувајќи ја и поранешната претседателка на Федералните резерви Џенет Јелен која треба да биде секретар за финансии. Советниците, од кои неколку ќе треба да бидат одобрени од американскиот Сенат, доаѓаат од либерални истражувачки организации и работеле во претходните демократски администрации.

Бајден претстави нов тим за комуникации во Белата куќа, составен целосно од жени

Нивната цел ќе биде да постават политики што можат да им помогнат на луѓето и деловните субјекти да заздрават од штетата направена од пандемијата на коронавирусот од која во САД починаа повеќе од 266.000 луѓе и затвори милиони работни места. „Овој тим изгледа како Америка и носи сериозност на целта, највисок степен на компетентност и непоколебливо верување во ветувањето за Америка“, изјави Бајден, додавајќи: „Тие ќе бидат подготвени на првиот ден да започнат со работа за сите Американци.

Дали фирмите за лобирање поврзани со Трамп ќе бидат затворени?

74-годишната Јелен беше шеф на американската централна банка од 2014 до 2018 година и служеше како претседател на Советот на економски советници на претседателот Бил Клинтон. Републиканскиот претседател Доналд Трамп одбива да го признае поразот на изборите на 3 ноември. Трамп без да обезбеди докази рече дека гласањето било измама.

НАТО ќе им помага на земјите од Западен Балкан кои не сакаат да му се приклучат

Седиштето на НАТО во Брисел, Белгија

Министрите за надворешни работи на НАТО денеска и утре на видео состанок ќе разговараат за клучните прашања за Алијансата, вклучително и за континуираното зајакнување на руската војска, подемот на Кина, мисијата во Авганистан и Западен Балкан и Косово. Според документот, агендата ќе вклучува и како Северноатлантскиот сојуз да стане уште посилен за да се соочи со предизвиците во следната деценија и пошироко.

НАТО наскоро ќе реши дали ќе се повлече од Авганистан

Во агендата се наведува дека НАТО ја гледа иднината на Западен Балкан во евро-атлантската соработка и интеграција за оние што сакаат да го сторат тоа и е решена да им помогне на земјите од регионот да спроведат реформи за доброто на своите граѓани, без оглед дали сакаат да влезат во Алијансата или не. Ова, како што се наведува, не е лесен пат и бара вистинска посветеност и вистински напредок во реформите и помирувањето, но, како што се додава, може да се направи, како што покажа Северна Македонија.

Првиот македонски контингент мировници во КФОР замина кон Косово

Затоа од сите лидери во регионот се бара да покажат посветеност на реформите и помирувањето. Во врска со Косово, рамковната агенда на состанокот наведува дека „НАТО е целосно посветен на безбедноста на Косово“, дека КФОР редовно ја оценува својата мисија на Косово и дека сите сојузници се согласуваат дека треба да ја задржи сегашната сила од 3.500 војници. НАТО, исто така, наводно силно го поддржува продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ.

ВМРО ДПМНЕ и денеска на протест против политиките на Владата

Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски преку обраќање на Фејсбук синоќа ги повика граѓаните масовно, без разлика на политичката верската и етничката припадност да им се приклучат на денешните протести кои, како што рече, ќе биле натпартиски, обединувачки и гласно да проговорат против погрешните политики на Владата на СДСМ предводена од премиерот Зоран Заев. Тој упати извинување до граѓаните за евентуалниот сообраќаен метеж, потенцирајќи дека мора да се преземе нешто веднаш, оти, како што истакна, грешките што сега би ги направиле Владата и Зоран Заев не би можеле да ги поправат идните генерации.

Опозицијата со над 3000 амандмани ги блокира измените на Деловникот кои треба да овозможат онлајн седници

ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа протести со колони возила низ улиците на 11 градови во државата против, како што велат од партијата, криминалот, корупцијата, неправдите, тргувањето со македонскиот идентитет, држава, минато и иднина. Се протестираше во Крива Паланка, Кратово, Свети Николе, Неготино, Струмица, Гевгелија, Струга, Крушево, Кичево, Македонски Брод и Гостивар и се бараше оставка од премиерот Зоран Заев.

Меркел: Се бориме за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија

Ангела Меркел

Северна Македонија се уште има шанси да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ оваа година, во текот на германското претседавање со ЕУ, изјави канцеларката Ангела Меркел на видео-конференција со парламентарците од Европа. Сепак, како што објави Дојче Веле, таа рече дека се уште постои потреба од преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија. „Се соочуваме со потешкотии да овозможиме одржување на меѓувладината конференција со Северна Македонија“, рече Меркел.

Патоказ со Бугарија - замка или решение?

Одговарајќи на прашање на пратениците, Меркел рече дека се надева оти Северна Македонија годинава ќе ги започне преговорите, додека Албанија ќе мора да почека. „Во случајот на Албанија, прашањето е малку поинакво. И покрај напредокот, не можам да ветам дека тоа ќе се случи оваа година, но многу наскоро“, рече канцеларката на виртуелниот состанок со парламентарните комитети на земјите членки на ЕУ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG