Достапни линкови

Главниот град на Нагорно-Карабах под артилериски оган


Главниот град на отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах денеска се најде под артилериски оган, со што се прекина и така разнишаниот прекин на огнот, склучен пред пет дена.
Обновените напади дополнително ги уништуваат надежите за прекин на борбите кои се разгореа пред две недели.

Постојат стравувања дека повеќедеценискиот конфликт меѓу Азербејџан и Ерменија околу планинскиот регион Нагорно-Карабах може да се прошири и во него да се вклучат и сојузниците Турција и Русија.
Министерот за надворешни работи на Ерменија, Зохраб Мнацаканиан на Твитер напиша дека Азербејџан го прекинува спроведувањето на прекинот на огнот.

Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека азербејџанските сили „го обновиле интензивниот артилериски оган“ кон линијата која ги дели азербејџанската од ерменската страна во во северо-источен и југо-источен Карабах.

Во меѓувреме, службата за итни случаи на де факто раководството на Нагорно Карабах на Фејсбук напиша дека азербејџанските сили нападнале „цивилни цели“ во Степанакерт, главниот град на регионот.

Степанакерт е постојано бомбардиран откако избувнаа борби меѓу азербејџанските и ерменските сили кон крајот на минатиот месец. Во судирите загинаа стотици луѓе, меѓу кои и цивили.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на 15 октомври рече дека верува оти конечно може да се реши конфликтот по скоро 30 години разговори, но предупреди дека неговата армија ќе ги преземе сите региони околу енклавата доколку Ерменија продолжи да „дејствува негативно“.

XS
SM
MD
LG