Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Филипче, СДСМ повика на почитување на мерките


Луѓе со маски во Скопје. Илустрација.

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека во земјата за една недела има 2000 заболени, колку што министерот за здравство Венко Филипче тврдел дека ќе има за цела пандемија. Од опозицискта партија притоа порачуваат дека наместо Филипче да поднесе одговорност за катастрофални промашувања тој префрла одговорност.

„Сите се навикнаа дека секогаш некој друг е виновен за неспособноста на министерот за смрт и зараза Венко Филипче, само тој не, а тој е најголемиот виновник за сите несреќи што и се случуваат на Македонија од март до денес. А тие несреќи се 20.000 заразени и 775 починати“, соопштуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат на Филипче дека треба да собере храброст и да поднесе оставка, а не се уште да ја манипулира јавноста. Според партијата, премиерот Зоран Заев и Филипче имале 6 месеци да ги зголемат капацитетите на јавното здравство и тоа не го направиле.

Од СДСМ соопштија дека почитувањето на мерките и протоколите се најдобриот начин за заштита од коронавирусот, а оние кои ќе ги прекршуваат ќе се соочат со санкции. Здравствениот систем, според партијата, и сега во есенскиот бран на коронавирусот и со растот на бројот на инфицирани е подготвен да се бори и ќе се бори со вирусот.

„Состојбата со коронавирусот е многу сериозна, а во која насока ќе одиме и колку брзо ќе се стабилизира и овој удар на вирусот зависи од однесувањето на граѓаните и почитувањето на сите мерки и препораки.Носењето заштитна маска, одржувањето физичко рстојание од два метри и честото миење и дезинфекција на рацете се клучни во борбата со коронавирусот“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека Владата на барање на инспекцискиот совет усвоила измени на Законот за заштита на население од заразни болести. Со измените сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид протоколите.

За неносење заштитна маска, полицијата во текот на изминатото деноноќие на територијата на целата држава регистрирала 733 прекршоци. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата заради справување со ковид-19.

XS
SM
MD
LG