Достапни линкови

МОН: 80 отсто од учениците следат онлајн настава


Илустрација

Од почетокот на учебната година бројот на учениците коишто следат онлајн настава е зголемен за околу 10 отсто, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).

„За неполна недела околу 80 отсто од учениците во средните и основните училишта успешно се приклучија кон онлајн наставата, а овој процент од стартот на годината постојано се зголемува. Останатите, ученици и наставници во основно и средно образование, пријавиле дека имаат тешкотии при вклучувањето во онлајн наставата, а како најчеста причина ги посочуваат лошата интернет-конекција или немањето уреди“, се наведува во соопштението.

Наставата во Северна Македонија почна со комбиниран метод поради пандемијата, но дел од средношколците и дел од родителите на некои основци протестираат и ја бојкотираат онлајн наставата барајќи децата да одат во училиште.

Од МОН велат дека се во координација со градоначалниците, локалните самоуправи и директорите на училиштата и се работи на надминување на овие предизвици, а апелираат и да не се бојкотира онлајн наставата.

МОН информира и дека над 98% од учениците од 1-3 одделение следат настава со физичко присуство во училиштата, а нешто помалку од 2 проценти учат од далечина. За учениците коишто немаат уреди за онлајн учење, а сепак треба да учат на далечина, се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку Националната радио-телевизија. Исто така, наставниците имаат обврска да им печатат материјали и редовно да им ги доставуваат, но и да бидат во постојана комуникација со нив и нивните семејства, за да го следат совладувањето на наставниот материјал.

XS
SM
MD
LG