Достапни линкови

Нобелова награда за откривање на хепатит Ц


Добитниците на Нобеловата награда за медицина 2020 година.

Американците Харви Џ. Алтер и Чарлс М. Рајс и британскиот научник Мајкл Хоутон се добитници на Нобеловата награда за медицина или физиологија за откривање на вирусот хепатит Ц.

Шефот на Нобеловиот комитет Томас Перлман ги објави победниците денеска во Стокхолм, велејќи дека тројцата научници „имаат дадено значителен придонес во борбата против хепатитисот кој се пренесува преку крв, што е главен глобален здравствен проблем кој предизвикува цироза и канцер на црн дроб кај луѓе ширум светот.

„Откривањето на вирусот хепатит Ц ја откри причината за преостанатите случаи на хроничен хепатитис и овозможи можни тестови на крвта и нови лекови кои спасија милиони животи“, рече Перлман.

Наградата за медицина е со особено значење оваа година поради пандемијата на коронавирусот, што ја истакна важноста за медицински истражувања за општествата и економиите ширум светот.

Според проценките на Светската здравствена организација (СЗО), има повеќе од 70 милиони случаи на хепатитис ширум светот и 400.000 смртни случаи секоја година. Болеста е хронична и главна причина за воспаление и рак на црниот дроб.

Триото ја подели наградата од десет милиони шведски круни, што е околу 1.1 милиони долари.

Добитниците на Нобеловата награда за физика ќе бидат објавени на 6 октомври, по што ќе следи наградата за хемија на 7 октомври, за литература на 8 октомври и Нобеловата награда за мир на 9 октомври.

Наградата за економија ќе ја затвори сезоната за Нобеловите награди на 12 октомври.

XS
SM
MD
LG