Достапни линкови

Владата прифати- се забрануваат гостувања на ди-џеи и пејачи, помалку луѓе на една маса


Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче

Владата на вечерашната седница ги прифати предложените мерки на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири, потврди министерот за здравство Венко Филипче.

„Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и ди-џеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица“, посочи Филипче во изјава за ТВ 21.

Пртетходно, Филипче изјави дека ова се апсолутно оправадни мерки и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат. Тој посочи дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале, како есенски бран по завршување на годишните одмори.

„Имаме зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20 години, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години од 50 проценти и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години“ изјави Филипче.

Инаку, во последните 24 часа се направени 1350 тестирања, а регистрирани се 191 нови случаи на ковид-19 инфомира Министерството за здравство. По градови најмногу заболени има во Скопје 96, а потоа следуваат Тетово и Кочани со по 15 и Прилеп со 13 новозаболени. Другите градови имаат по едноцифрена бројка новозаболени. Во болнички услови починати се три лица, од Скопје, од Кичево и од Струга. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 77 оздравени пациенти.

Вчера во Македонија беше регистриран рекорден број заболени, 243 нови случаи на ковид-19, а завчера исто така бројката беше висока 225 нови случаи на ковид-19. Инаку, со денешните резултати, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18790, бројката на оздравени пациенти е 15341, на починати е 756, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2693.

XS
SM
MD
LG