Достапни линкови

Помпео -Хрватските граѓани наскоро во САД без визи


Помпео во Хрватска.

Хрватските граѓани наскоро ќе можат да патуваат во САД без визи, најави денеска во Дубровник американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Помпео за агенцијата Хина рече дека тоа ќе се случи „во следните месеци“ и изрази надеж дека договорот за безвизен режим со Хрватска ќе биде потпишан „многу скоро“.

Помпео оцени дека односите меѓу двете земји се силни и оти американската страна сака да биде сигурна дека „секогаш кога ќе се појави можност за американска компанија да инвестира во Хрватска или Хрватска во САД, ништо не стои на патот“.

Американскиот државен секретар забележа дека кинеските компании кои доаѓаат во овие простори се третираат поинаку од европските или американските, што, како што рече, не помага, туку ги обесхрабрува луѓето да го вложуваат својот капитал во Хрватска. Сепак, тој рече дека е оптимист и оти работите во таа област ќе се подобрат.

Тој рече дека овие теми веќе биле разгледани со хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман, a се сретна и со премиерот Андреј Пленковиќ.

Помпео е највисок функционер на САД, кој, по доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, пристигна во еднодневна посета на Хрватска.

XS
SM
MD
LG