Достапни линкови

Милчо Манчевски со фотографии што ги отфрлаат границите во МСУ


Плакатот за фото изложбата „Таму“ на режисерот Милчо Манчевски во МСУ

„Таму“ е насловена изложбата на фотографии на Милчо Манчевски што од 1 октомври се одржува во Музеј на современа уметност – Скопје. Отворањето ќе биде следено и со промоција на третата фото книга на македонскиот режисер зад која како издавач застана Антолог.

По „Улица“ и „Пет капки сон“ македонскиот режисер Милчо Манчевски, помеѓу два филма и присуства на фестивали, еве го со третата фото изложба, односно книга. „Таму“ ја чинат 88 грижливо избрани колор фотографии, создавани во период од една декада по улиците во Индија, Виетнам, Русија, Тајван, на њујоршките булевари, на југот на САД – Тексас, во Куба, Турција и Црна Гора и во родната Македонија. Со претстојната поставка тој го надградува и го проширува досегашниот фотографски опус и повикува на средба во МСУ, која аналогно на претходните две кои тргнаа од Скопско кале и ги виде публиката во Њујорк, Шангај, Москва, Стокхолм, Софија... нема сомнение дека нема да ја следи востановената практика, па дури и во едно вакво време на пандемија и ограничености.

„Ги сликам оние моменти што улицата и луѓето ги нудат. Јас сум тука да им бидам на услуга, и да ги артикулирам визуелно. Мигот станува вечност поради уметничката обработка – композицијата, боите, тактилноста... Немам агенда, едноставно го земам фотоапаратот секој ден и шпартам по улиците, каде и да сум во светот. Фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш“, вели во соопштението до јавноста Манчевски.

Тој со „Таму“ го промовира новиот хештаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела, не се ниту кропирани, ниту манипулирани во пост-продукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.

Конор Мекгрејди, пак, ирски уметник и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, во предговорот за проектот „Таму“ пишува: Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува „Таму“. Бојата е клучен слој што дефинира во овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. Во „Таму“, бојата го дава ова визуелно закотвување и тече како поток низ овие слики. Таму ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, Таму може да биде каде било, и на крајот е секаде.

Од своја страна, Бојана Јанева-Шемова, кураторката на изложбата, забележува дека „уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции кои зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите кои ја градат композицијата и колоритот кој напати остава без здив“. Таа и со дополна дека „визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сѐ од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена со цел да пренесе поинакво чувство“. По ова и со заклучок дека „колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од „Таму“, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост“.

Инаку, книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект со кој е планирано да биде отворено шестото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“ што ќе се одвива во текот на месец октомври годинава. Издавачката куќа Антолог, наедно и организатор на манифестацијата, и Милчо Манчевски го работеле повеќе од две години. Книгата, дело за најпрефинетите сладокусци на фотографијата, спакувани во тврди корици и на хартија со внимателно избран квалитет е печатена во „Датапонс“, а самите фотографии во голем формат за изложбата се печатени во „ПиксПлус“.

„Го искомбиниравме перфекционизмот на Манчевски со највисоките стандарди на „Антолог“ за да создадеме една прекрасна приказна – моменти, фатени од најпрецизно око и објектив, без „кропирање“ и „фотошоп“, сплотени во остварување што ќе донесе нова свежина во светот на фотографијата и книгоиздателството. Од неодамна во нашиот издавачки опус е вклучена едицијата „Сталагмити-Сталактити“, со која отвораме ново поглавје на вклучување визуелни уметности, и неизмерно е задоволството што уште на самиот почеток на оваа едиција, како втора книга издаваме вакво вредно дело од нашиот најпознат режисер и автор“, велат од Антолог.

Кон ова само уште информацијата дека дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор обработката на Александар Петревски и Орце Поповски, а изложбата „Таму“ е поддржана од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2020.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG