Достапни линкови

Големиот Шарло на „Скопје филм фестивал класик“ во март во Кинотека


„Свиркачи“ на Порумбоју, два критички набиени филма во рамките на „Вечери на женски права“, промоција на ДВД изданието со пет дигитално реставрирани македонски играни класични дела, „Скопје филм фестивал класик“ со Чарли Чаплин во фокусот е сржта на мартовската програма на Кинотека.

По сеуште незавршениот февруарски филмски поход, Кинотека во распостилањето на мартовска програма влегува со „свиркање“. Во среда на 4 март, во 20 часот, ќе биде прикажан „Свиркачи“ (La Gomera / The Whistlers) на исклучително талентираниот романски автор и режисер Корнелиу Порумбоју, кој како што е забележано „уште еднаш ја докажува тезата дека добра идеја за филмска сторија може да обедини неколку јазици, продуцентски куќи од неколку европски земји, а заплетот да се изгради околу вештината да се комуницира со измислен јазик со помош на свиркање, со сите граматички и морфолошки карактеристики“.

Кон ова само уште дека минатата 2019 година филмот беше во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Веднаш потоа а во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената 8- ми март, две вечери од програмата на Кинотеката се посветени токму на нивната борба за рамноправност. Во рамките на манифестацијата „Вечери на женски права“ ќе бидат прикажани два филмски наслови кои ја преиспитуваат денешната положба на жената: „Куќа на малата ѕвезда“ - документарен филм на хрватската режисерка Слаѓана Лучиќ, и „Отворена врата“ („Derë e Hapur / Open Door“), игран филм во режија на Флоренц Папас (Florenc Papas). Ова дело премиерно беше прикажано во официјалната конкуренција на Сараевскиот филмски фестивал, а беше учесник и во програмата „Перспективи на европскиот филм“ на 40-от Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Режисерката Папас е актуелен програмски уредник на интернационалниот филмски фестивал во Тирана.

Конечно и двата филма се со силен критички набој, без разлика на различната документарна и играна структура, во пресметката со општествените клишеа наметнати на жената.

На 12 март во Кинотека ќе се случи и промоцијата на ДВД изданието на пет дигитално реставрирани македонски играни филмови: „Македонскиот дел од пеколот“ во режија на неодамна починатиот Ватрослав Мимица, „Три Ани“ на Бранко Бауер, „Жед“ на Димитрие Османли, „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски и ХАЈ-ФАЈ на Владимир Блажевски. Овие пет домашни наслови, како што велат филмолозите од оваа институција, „се своевидни сведоци на растежот на македонската кинематографија во период од речиси четири децении, а љубителите на филмот ќе имаат можност уште еднаш да ги погледнат но овој пат во дигитално реставрирано руво“.

- Обично до сега беа реставрирани според автори. Па така беа Кирил Ценевски, Љубиша Георгиевски, Столе Попов, пред се* Браќата Манаки и Милчо Манчевски а овој пат Архивот на Кинотека се раководеше според потребата да бидат зачувани овие наслови според степенот на нивната загрозеност и затоа тука ги имаме „Три Ани“ на Бауер од 1959 година, потоа „Македонскиот дел од пеколот“ од Мимица, „Жед“ на Рули Османли, „Татко“ на Коле Ангеловски и „ХАЈ ФАЈ“ на Блажевски од 1987 година. Значи, се работи за еден распон од цели 38 години во македонската кинематографија, но и тој е прилично добро да се види како пресек на нашата кинематографија, вели Стојан Синадинов.

Неда Арнериќ и Петре Прличко во „Македонскиот дел од пеколот“

Од друга страна, на 23 март ќе започне условно земено второто издание на „Скопје филм фестивал класик“ во чиј фокус овојпат ќе биде чегендарниот Чарли Чаплин.

Ова подразбира дека гледачите до крајот на март ќе имаат уникатна можност да погледнат 10 реставрирани филмови со „малиот“ скитник на големиот Шарло на ДЦП формат, како и 4 кратки играни филмови на 35 мм од архивската збирка на Кинотека. Остварувања како „Циркус“ од 1928 година, ремек-делото „Големиот диктатор“ од 1940, не помалку значајниот „Светлините на велеградот“ од 1931, „Господин Верду“ од 1947, „Крал во Њујорк“ од 1957, „Златната треска“ од 1925 ... и други.

Изборот на овие филмови од опусот на Чарли Чаплин, а тој навистина е огромен, е битен за нашите гледајќи бидејќи тој е најдобриот увид во ерата на немиот филм. Тоа е ера што практично го изгради Холивуд, но и американската кинематографија. Станува збор за незаборавни и неповторливи дела. Еден од последните филмови, хронолошки гледано, а филмовите се во распон од 1916 па се до 1959 година, е оној во кој е и неповторливата средба на Чарли Чаплин и неговиот најголем „ривал“ од тој период Бастер Китон. Но, бидејќи звучниот филм го потиснува немиот филм тие се тука како пријатели и соработници, појаснува Синадинов.

Кон ова само уште и информацијата дека во март во Кинотека ќе биде прикажан новиот адут на македонската документаристика „Гребнатинки на душата“ на Александар Манасиев, филм кој е фокусиран на веројатно најбогатата колекција на македонско музичко наследство кое внимателно се чува, дигитализира и архивира во домот на семејството Ендендајк во Суст, Холандија.

И, кога сме веќе кај документарните дела во рамките на документаризмот и експерименталната филмска форма во текот на идниот месец во Кинотека се присутни и неколку други интересни наслови. Така, ќе бидат прикажани и „Каде си Жоао Жилберто?“ (Where are you Joao Gilberto?) на Жорж Гашо, филм кој е портрет на еден највлијателните бразилски музичари и основоположникот на правецот боса нова, и „Писма до Пол Морисеј“ (Letters to Paul Morrissey) во режија на Арманд Ровира и Саида Бензал (Armand Rovira, Saida Benzal) кој се обидува да одговори на прашањето околу улогата на „таткото на треш културата“ и соработник на поп-арт кралот Енди Ворхол и бендот ВЕЛВЕТ АНДЕГРАУНД во обликувањето на светската андерграунд сцена од 1970-те и 1980-те на минатиот век.

Конечно, ќе продолжи и прикажувањето на бисерите од манифестацијата Денови на турскиот филм, филм по избор на Гете институт за март е „Во диско филинг“ (Ich fühl mich Disco / I Feel Like Disco) чии потписници се Аксел Раниш и Рене Римкус, а низ целата месечна програма се присутни и филмски наслови од поновата европска и светска кинематографија како составен дел на арт-кино профилот на Кинотека.


  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG