Достапни линкови

Во 600 училишта ќе има настава со физичко присуство, другите онлајн


Мила Царовска, министерка за образование.

Министерката за образование Мила Царовска вели дека не гледа причина зошто да немаме успешна учебна година. Новата школска година стартува утре, со еден месец задоцнување поради пандемијата со ковид-19. Министерката вели дека ќе има многу предизвици и дека е важно да има континуитет во наставата.

Царовска вели дека е потребна соработка заедно и со родителите и учениците и наставниците и градоначалниците, како и експертската јавност, со цел таа соработка да вроди со плод и на крајот да има успешна учебна година.

Осврнувајќи се на Националната платформа, министерката рече дека вчерашниот тест на Тимс системот се покажа успешен и учениците ќе почнат да ја следат наставата согласно планот. Часовите ќе се одвиваат онлајн онака како што е планирано.

Министерката се осврна и на, како што рече, едно од најгорливите прашања изминатите денови, а тоа е како децата кои немаат компјутери ќе ги следат предавањата, потенцирајќи дека на ниедно дете правото на образование нема да му биде ускратено.

Во околу 600 основни и средни училишта е дозволено да се организира настава со физичко присуство, од вкупно пристигнати 864 барања од страна на основачите, рече Царовска.

Во однос на барањата на средношколците за комбиниран модел на настава, Царовска нагласи дека веќе е зацртан планот за учебната 2020/2021 година и оти тука не станува збор за желби, туку за реална ситуација и препораки на здравствени експерти.

„Ако тие дозволат во даден момент, зошто не би ги отвориле училиштата? Училиштата се создадени за да има во нив ученици, но ајде да го следиме овој процес и да донесуваме одлуки што се разумни и да го штитиме јавното здравје“, порача Царовска.

XS
SM
MD
LG