Достапни линкови

Советот за безбедност на ОН повика да престанат борбите околу Нагорно-Карабах


Ерменски војници.

Советот за безбедност на ОН ги повика ерменските и азербејџанските сили „веднаш да престанат со борбите“ околу регионот Нагорно-Карабах по тридневните судири. Во изјавата која вчера едногласно ја одобри 15-члениот Совет се изразува поддршка на повикот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш страните да ги намалат тензиите и да се вратат на преговори. Советот изрази загриженост „поради извештаите за големи воени акции долж линијата на контакт“ и „најостро ја осуди употребата на сила“.

Изјавата доаѓа во ек на борбите кои предизвикуваат стравување од избивање нова тотална војна меѓу Ерменија и Азербејџан и оти тоа ќе ги вовлече и Турција и Русија во конфликтот. Ерменија тврди дека турски воен авион Ф-16 соборил еден од нивните воени авиони, што Анкара го негираше како „целосна невистина“.

Портпаролката на ерменското Министерство за одбрана на Фејсбук напиша дека нивниот авион Су-15 бил во ерменски воздушен простор кога бил соборен. Портпаролот на турското претседателство Фахретин Алтун го негираше тоа како „апсолутна невистина“ и додаде дека „Ерменија треба да се повлече од териториите кои ги окупирала, наместо да се служи со евтини пропагандни трикови“.

Азербејџанското Министерство за одбрана исто така негира дека турски авион соборил ерменски. Тие претходно соопштија дека ерменската војска го гранатирала азебејџанскиот регион Дашкесан, но Ереван ја оцени информацицјата како „апсолутно лажна“.

Доцна на 28 септември, борците во Нагорно-Карабах соопштија дека во борбите загинале 26 ерменски војници, со што вкупниот број жртви достигна 84. Азербејџан соопшти дека биле убиени 10 цивили, а околу 30 биле ранети.

Ова се најжестоки судири околу Нагорно-Карабах од 2016 година, што ја засили загриженоста за стабилноста на регионот, низ кој поминуваат цевководите кои пренесуваат нафта и гас за светските пазари. Судирите меѓу двете земји избија во 1988 година по барањата на етничките Ерменци за независност на регионот Нагорно-Карабах од Азербејџан и припојување кон Ерменија во моментот на распад на Советскиот Сојуз. Самата војна траеше од 1992 до 1994 година, кога беше договорен прекин на огнот со што беа окончани крвопролевањата кои однесоа 30 илјади животи. Над еден милион луѓе беа раселени. Етничките Азери ја напуштија Ерменија, Нагорно-Карабах и придружните територии, додека Ерменците ги напуштија своите домови во Азербејџан.

XS
SM
MD
LG